Сместени на мало, убаво парче од планетата Земја, сардисани од сите страни со народи што н$ обожаваат, верно, притиснати однатре со економски тешкотии, корупција и апашлак на сите страни, ние сепак не знаеме што е тоа вистинска несреќа. Кога гледаме телевизија, читаме весници или слушаме радио, си мислиме дека нема понесреќна земја од нашава. И понесреќно родени луѓе од нас. А не е така. Каде и да мрдне човек, дури и по сита та пресита Европа, ќе го има речиси истово чувство.
Пред неколку години поминав неколку месеци со семејството во Германија. Една вечер, жена ми просто ми нареди: “Те молам, исклучи го тој телевизор. Има ли во оваа земја нешто друго освен афери!” Кога Германците ќе ме прашаа што најмалу ми се допаѓа во нивната земја, а јас ќе им речев “социјалните разлики”, тие само слатко ќе се насмееја и ќе ми речеа: “Треба да појдете во Франција за да видите што се тоа разлики!” Бев и во Франција (поради Стразбур, впрочем, таму најчесто и одам) - иста песна. Во Париз í го раскажав ова на мојата дамнешна познаничка од едно летување на Мљет, госпоѓа де Шавањак. Таа, со речиси иста насмевка (како онаа на Германците), ми рече: “Овдека разликите се уште и подносливи. Во Англија се ужасни...!” Во Лондон не ги прашав ништо Англичаните. Многу е веројатно дека ќе ми покажеа кон Америка и ќе речеа: “А да видите само како е таму...” Така излезе дека македонскиот народ е прав кога вели: “Секоја планина, своја тежина.” За оние што се подолу од нас и да не зборуваме.
Си мислам на ова и, туку, се присетувам на онаа вистина дека “пеколот се другите!” Насекаде, освен во Македонија. Само кај нас е обратно: пеколот, тоа сме ние! Зошто е тоа така, не би умеел да кажам. Ние сме, да речеме, единствениот народ на веков што се плаши од среќа. Кога во некој круг (семеен, пријателски) ќе се создаде убава, весела атмосфера, кога ќе се изнасмееме до солзи, речиси беа исклучок ќе се најде некој да подрече: “Волку смеење не е на арно!” Она што кај сите народи е надворешен, видлив симптом на среќата, кај нас е навестување на злото, на несреќата.
Најголемиот дел од оние што ме читаат, на пример, не веруваат во искреноста на мојот оптимизам, во моето верување во “подобра иднина” за овој народ. Кога ќе им речам: “Имајте верба, Господ ги чува будалите”, а сетне во шега ќе додадам: “... а побудали од нас - здравје!”, луѓето во ова гледаат цинизам, иронија, кој како. А јас искрено верувам во народната мудрост.
Сега, да речеме, е актуелна прикаската за нашата пропаст. Де овие ја продадоа државата, де оние ја запустија земјата. А никој не се прашува: како можеше без среќа (што е само друг израз за Божја помош) да се добереме до сопствена држава, а да не пролееме (ние, оваа генерација) ниту капка крв? Кутрите Курди (повеќе од дваесетина милиони) гинат со илјадници секоја година, а држава, ете, немаат. И, како што стојат работите, уште долго нема изгледи ни да ја добијат.
Па тоа одење в туѓина! Во комунизмот речиси бевме заборавиле што е тоа печалбарство, а денес сме уплашени за опстанокот на нацијата поради силното иселување, особено на младите, образованите. Верно, и за плашење е. Особено ако се има предвид дека “никој не бега од арно”. Од арно не се бега, ама за подобро - уште како! Но, дали е ова само наш проблем? Та нели три Ирски избегале во минатото во Америка. Та не знам колку Полски, не знам колку Ермении. Денес една третина од Албанија се преселила во Грција. Па ниедна од тие држави не пропаднала.
Еве јас, на пример, сум запнал на македонската литература да í го подарам Прустовиот циклус “Во потрага по загубеното време”. Работната норма ми е една страница дневно. Некогаш не стигнувам ни толку. И така, цела година! Толку ми треба за да преведам една книга (а ги има рамно 13!). Има ли некоја будалетинка што ќе помисли дека тоа го правам за пари (ако ми поверува дека хонорарот за таа едногодишна работа е 40.000 денари)? И има ли некој што ќе се сомнева во мојата верба во опстанокот на Македонците? Чуму толкав труд ако овој народ треба да исчезне?
За жал, дојдоа некои чудни времиња кога телевизијата е таа што ни ги крои и чувствата и верувањата. Отвори телевизор и ќе се изнагледаш на сите зла што катаден н$ унесреќуваат. Имав еден пријател, социолог од Нови Сад, сега веќе покојниот Неца Јованов. Не купуваше весници, не слушаше радио, не гледаше телевизија. Тоа, ева, не го спаси од смртта. И никого нема. Но, барем времето што му беше пишано да го проживее, си го исполни со она што му правеше задоволство: да чита книги што самиот ги одбираше, да слуша музика за која имаше уво, да се дружи со луѓе што ги сакаше...
Можеби би биле посреќен народ кога би го следеле примерот на Неца. (Пре)прочитајте го, да речеме, Живко Чинго, Петре М. Андреевски, Влада Урошевиќ, Слободан Мицковиќ, никако не пропуштајте да го прочитате (и да дознаете каде е) “Папокот на светот”, одете на изложби, одете на концерти (Симон Трпчевски сега поретко ќе имаме привилегија да го слушаме: веќе не е само наш), но тука е “чета мала, али одабрана” на благородните Романови, едно чудо млади виолинисти, челисти, флејтисти. Кој би рекол дека дури и тапанарите (?!) на Мојца Седеу можат да ви приредат невиден концерт што се памети. Притоа, не мора да се грижите за своите финансии: никаде на светот добрата книга, убавата музика (културата, накусо) не е поевтина одошто кај нас, сиромашните Македонци.
Ова е мој (божиќен!) рецепт за среќа и оптимизам. Се разбира, под услов тоа да ве влече. Па и ако не ве влече, обидете се. Без тоа (пред с$) не се може во Европа. А сите сме запнале: таму, па таму!
Ѓорѓи Марјановиќ
No comments:
Post a Comment