БАЈ ГАЊО

Додека работам кабинетот постепено ми се претвора во некој вид остава за книги, речници, хартии, писма, весници (некои велат “креативен неред”, кумановци: “Фали само од попа уво”). Кога ќе ја завршам работата и треба да почнам нешто ново, задолжително пристапувам кон “суредување”. Тоа ретко кога значи само враќање на нештата на нивното вообичаено место. Ќе ми дојде под рака книга, да речеме, и туку ќе фатам да ја вртам, да ја разгледувам, да читам.
Овој пат тоа ми се случи со книгата на г. Ставре Џиков (со посвета!) “Македонија во комунистичкиот триаголник” (Скопје 1993). Ме заинтригира фактот дека рецензент на книгава бил токму мојот некогашен пријател и екс-министер за култура, др Димитар Димитров. Во 1993 година тој бил високо свесен Македонец кога можел да аминува книга во која буквално стои (стр. 12): “На политичката сцена на Македонија ќе се појави ВМРО на Тодор Александров кој ќе биде експонент на најреакционерните кругови на бугарскиот двор и воените кругови.” Некоја година подоцна, по своето “преображение”, токму сликата на истиот тој Александров Димитар ја беше обесил како икона на не сосема незабележливо место во својот дом (!?). Изгледа никогаш нема да сфатам што му стана на човеков та на стари години толку тешко, толку непоправливо си ги извалка името и честа пред Македонија и Македонците? Притоа ми паѓа на ум уште нешто: кога ја рецензирал оваа книга Димитар не можел а да не го види мотото што авторот го позајмил од Стојан Киселиновски: “Ако ја предадеш татковината и гробот те проколнува”!
И туку одненадеж, како гром од ведро небо, по формирањето на старо-новата македонска влада, низ Скопје се пронесе глас дека токму грешниот екс-министер за култура ќе бил именуван за амбасадор на Република Македонија во Софија. Беше тоа еден понеделник, ден кога од формирањето на Лигата за демократија до денес се состанува нејзиниот Извршен одбор. На него, нормално, се коментираше и оваа новост, доколку повеќе што споменатиот џентлмен се беше прославил со своите метанија пред браќата Бугари среде Софија. Некој предложи Лигата да излезе со соопштение со кое ќе ѝ укаже на владата на националната неприфатливост на оваа номинација. Повеќето сметаа дека др Димитров може да биде амбасадор на Македонија во која и да е земја (Русија, на пример), но никако не и во Бугарија. Тоа би бил прв случај во историјата на дипломатијата една земја да испраќа за амбасадор човек што го дели националното чувство на земјата домаќин. Еден духовит џентлмен инсистираше во соопштението да се каже дека др Димитров може да биде почесен конзул на Република Бугарија во Македонија, но никако не и наш амбасадор во Софија.
Со оглед на тоа што лидерот дури и во мошне либералната Лига за демократија има (непишано) овластување да одлучи по слободна оценка дали е на место или не да се излезе во јавноста со определен став, решив да не ги послушам моите партиски пријатели, да не одиме со соопштение за нешто што е сепак само глас. Моите аргументи против едно вакво соопштение беа дека нашиот премиер не е толку неинтелигентен за да не сфати дека со вакво именување и национално најнеписмениот меѓу нас ќе види оти претседателот на владата стои врз исти позиции како и неговиот бивш министер. Само глупав човек, по Пировата победа на претседателскиот кандидат (добиена со помош на оние што, според првобитниот партиски занес, требаше да завршат во гасни комори), би можел да направи ваков гест на политичко самоубиство пред важните локални избори: премиерот (при ваква одлука) ќе мора добро да размисли дали македонскиот народ ќе му прости доколку во Софија испрати човек што застапува став според кој Македонците се однародени Бугари! И, што е уште поважно, човек што (како и досега) ќе работи против интересите на македонскиот народ! Необјавувањето соопштение се должеше и на фактот дека др Димитров веќе беше “паднат борец”, а кумановци тешко иронизираат на сметка на оние што се јуначат врз паднатите (“на мртвога Германца нож извадија! “).
Деновиве, меѓутоа, во медиумите се намножија информации од неформални, неидентификувани извори (СИТЕЛ, УТРИНСКИ ВЕСНИК, ДНЕВНИК) дека проблематичната номинација на тазе печениот Болгарин е повеќе или помалу свршена работа. Ако тоа и навистина се случи г. Георгиевски јавно ќе го обзнани она што и до сега тешко успеваше да го сокрие. Досега барем, свесен за тоа дека бугарските тези “не држат вода” меѓу македонските луѓе, премиерот не се изјаснуваше по тоа болно прашање. Во неговата партија, меѓутоа, имаше и сѐ уште има луѓе што не ги мирисаат многу своите лошо престорени ѓоа-Бугари. Со ова што деновиве им се случува на младите национални неоромантичари во ДПБНЕ, кои, на времето, се обидоа јавно да проговорат против пробугарската ареа во својата партија (ЧАКАМ ТЕ ДА ДОЈДЕШ), како и со софрата што им се мести на осведочените борци за бугарската кауза (др Димитров & комп.) г. Георгиевски полека но сигурно си ги открива картите.
Негова работа! На времето (почнувајќи со г. Гошев, а завршувајќи со г. Црвенковски) се обидував - заради доброто на Македонија, а и заради доброто на Лигата за демократија, признавам - да им давам совети на екс-комунистите. Залудо! Власта отсекогаш и на секаде имала атрофирано сетило за слух. Поради неприфаќањето на најважниот од тие совети (пропорционалниот наместо мнозинскиот изборен модел) старите властодршци паднаа на ова дереџе, а лишени од пари и директорска покрепа, в иднина ќе паѓаат уште подолу! Сега се други на власт! Бетер! Илјада пати бетер од поранешните и јас навистина немам намера да им солам памет и да ги учам што да прават и како да прават. Нека си кршат глава! Како што тргнале, нема далеку да втасаат.
Сепак, не знам дали е случајно што за ова кратко време на ДПБНЕ-овско владеење се намножија политичките вицови на сметка на Љубчо & компанија, во кои постојано се повторува алузијата на некои психијатриски феномени (вицот со кошулата со копчиња, оној на тема “и лудиот бега од пијаниот”, итн. итн.). Белки работите навистина не втасале до таму. Зашто, нашиот народ вели: “Кога Господ некого сака да го казни, првин му го зема умот! “
Сме читале за сите белосветски перипетии на знамениот Бај Гањо. Сепак, неговото именување за амбасадор во Софија очигледно ја надминува творечката фантазија на бесмртниот бугарски автор. И така, ако ова сѐ уште хипотетично именување и не е подобно за партиски протести, душа си дало за колумна. Или барем мене така ми се чини. Како што ми се чини дека авторите на ЧАКАМ ТЕ ДА ДОЈДЕШ (и нивните едномисленици) еднаш секако ќе сфатат оти ДПБНЕ не е партија за одбрана на македонските работи. А тоа веќе, за жал, не е само нивна работа!

Ѓорѓи Марјановиќ

ПРИЗНАНИЕ

Човек понекогаш знае да се возбуди од нешто, а да не биде свесен за причината на својата возбуда. Ако тоа се случи ноќе, во дејство обично стапува несоницата. Нема нервоза ни забрзан пулс ниту пак покачен крвен притисок, човек е навидум прибран, мирен, само - никако да заспие! И бидејќи со нешто мора да се занимава, туку ќе фати да си мисли де за ова де за она. Мислата скока од предмет на предмет, а тоа уште повеќе го оддалечува од сонот. Ова ми се случува од време на време, па и минатата ноќ.
Си легнав релативно рано (околу два часот по полноќ) и убаво, мирно спиев до четирите, кога се разбудив, станав да се напијам вода и го чув Марко (магарето на соседот) како збеснато тропа со копитата по лимените ѕидови на својата подвижна куќичка со која го возат по градот и со него, вапсан како зебра, ги сликаат дечињата. Сиромавот е, велат, жив ѓавол: така мојот досетлив сосед заработува по некоја паричка за да се прехрани и да преживее. Арно ама ноќе на Марко изгледа воопшто не му е удобно во тесниот метален затвор, па по цела ноќ тропа ли тропа кутриот без да има кој да му помогне. Да сме Англија соседов до сега секако ќе го глобеа за престапот измачување животни. Ама ние не сме Англија, туку Балкан бавча, Македонија, а во неа никој не се грижи ни за луѓето, а камоли за животните.
Пред некој ден минувам преку Камениот мост по едно кучешки луто време, студот апе за носот, за образите, за ушите, а некакви Ѓупци среде мостот (врз едно лито картонче) оставиле бебе не постаро од две години за да пита за нив. Лежи кутрото неподвижно, чиниш бедно повиена кукличка. Луѓето минуваат, вртат глава или им пцујат се по список на бездушните родители. Понекој и ќе фрли некаква паричка. Да сме правна држава, како што не сме, г. Ставре Џиков секако би ги викнал на рапорт скопските обвинители да ги распраша чуле ли тие некогаш за чл. 201 ст. 2 КЗ, кој со затвор од три месеци до три години ги казнува родителите што од користољубие го наведуваат своето дете на питање. Но, како што досега повеќе пати се осведочивме, г. Џиков очигледно има поважни работи одошто да се грижи за примената на Кривичниот законик, било да е во прашање Џафери & компанија, Циле Национале или питачите (дотолку повеќе што последниве се Роми, а човеков мора да дава свој придонес кон “релаксираните меѓуетнички односи”).
Вакви мисли фатија да ми се вртат по главата и сонот сосема ми избега. Нејсе, не ми е прв пат. Дури отпосле, обидувајќи си протолкувам на што се должи мојата несоница, ми текна дека за тоа може да биде виновна госпоѓа Винка Саздова (од ЗУМПРЕС), која се зафати со објавувањето на “Комбре”, првата книга од циклусот “Во потрага по загубеното време” од Пруст, врз чиишто коректури деновиве манијачки работам (читајќи го веќе трет пат преломениот текст и постојано откривајќи ситни печатни грешки). Тоа ќе да е! Појавата на Пруст на македонски ме восхитува, но - изгледа - и длабоко ме вознемирува. Неверојатно сложен, многуслоен автор, еден расипнички богат јазик, еден свет и еден начин на живеење што на овие простори не постоел. И сето тоа, пренесено на македонски, сепак е не само течно, разбирливо, туку и звучи како поезија во проза. Ова, меѓутоа, е пријатен немир, немир што човека го тера буден да сонува, да мечтае (притоа нема големо значење што има шеесет години!) И да го моли Господа да му го чува умот за да втаса да ја доврши големата работа за која се фатил (делото има тринаесет густо исполнети томови, а јас сум на средината од вториот).
И среде оваа убава, по малу декадентна атмосфера, одненадеж се јавува познат глас (мојот кумашин и соборец во Лигата за демократија) кој триумфално ми соопштува дека му јавиле оти на некакваси многу популарна приватна радио станица мојава страничка во ДНЕВНИК слушателите ја прогласиле за најчитана во 1999 година. Не знам зошто туку одеднаш почувствував како треперам од нервоза. Молчев и ги слушав славопојките на кумашинот: свечено доделување на признанијата во Универзалната сала; ќе имало и ТВ-пренос за цела Македонија; прекрасна реклама и за нашата Лига за демократија. Е, тука веќе ми препукна, го прекинав и му се изназборев небаре тој има лична вина за мојот бес: таков вид циркус може да прават алтернативните демократи, но не и ние од Лигата; “признанието” воопшто не ми годи, туку, напротив, ме исполнува со бес против читателите што своето едномислеништво, своето прифаќање на моите идеи, не умеат поинаку да го изразат освен со учество во анкети; каква фајда може да има од сето тоа Лигата за демократија - ако луѓето не ги инспирирале за нешто поумно тие текстови, како може да се очекува таков ефект да постигне еден јавен циркус во Универзалната сала, со или без телевизија, сеедно; чуму им се на овие луѓе нашите усилби ова парче земја да го направиме асолна европска правна држава, пристојно место за живеење, а не бојно поле на мафиози од секаков сој. Спрема Пруст може да се однесуваат како спрема чиста литература, зашто тој е тоа, но не и спрема мојата ангажирана “проза” ... итн. итн. Затоа, мене признанија од вакви луѓе не ми требаат. Ми е гајле за нивните ситни одушевувања кога немаат граѓанска доблест политички да се определат за она со што интимно се согласуваат.
Во еден момент со чудење се свестив: она што не му успеа на “човекот од Бардовци” (кој во НОВА МАКЕДОНИЈА напиша половина страница гадости на моја сметка, а јас во ниеден момент не почувствував ни бес ни потреба да одговорам) неверојатно ефектно му успеа на некој друг и тоа со средство пред кое човек останува без збор: одамна никој не ме повредил толку длабоко, толку болно, не ме погодил во почувствително место од оној што дошол на идејата да ми го додели ова признание.
Она што посебно боли во врска со оваа работа е сознанието дека е во прашање безочен фалсификат: има објективизирани критериуми за мерење на популарноста. Според нив, популарни колумнисти се Циле Национале, да речеме, Љубен Пауновски, Никола Поповски. Што пишуваат тие - не знам, зашто, по неколку обиди да ги читам, кренав раце. Но, на другите читатели на весници нивните идеи очигледно им се допаѓаат и тие масовно ги поддржуваат. Тоа не е случај со моите.
Затоа, многу пати си мислам има ли смисла да се учествува во оваа ујдурма. Сепак, нема ден да не се јави по некој нов симпатизер, по некој нов член. Не тече, ама капе. Кумановци велат: “Капка капе, вир се вири!”, а жена ми: “Не смееш да ги изневериш луѓето!” И нема! Тоа никако! Но, признанија од друг вид не фермам и не прифаќам! Затоа, овдека (на “инкриминиранава страница”) од тоа јасно и гласно се оградувам. Универзалната сала ќе причека на мене и на Лигата за демократија!

Ѓорѓи Марјановиќ

ВИРУС


Мојот пријател др Тома Чакулев, од поодамна на гости во САД, пред некое време ми испрати е-маил во кој ме поттикнува во колумнава да напишам нешто поконкретно на тема “правна држава”. Иако лично не сметам дека колумните се погодни трибини за краток курс по правна филозофија, трагичните промашувања на власта во Арачиново ме потсетија на неговиот апел!
Еднаш имав чест на моите залагања за правна држава во СФРЈ, мошне презрително (без воопшто да ми го спомне името), да одговори еден од тогашните први полицајци, сега веќе покојниот Стане Доланц. Се случи тоа кога еден војник на Партијата (денес генерал на капитализмот!) го донесе во Скопје за да го промовира во почесен професор на Факултетот за безбедност. Елем, во едно интервју туку човеков истресе од ракав дека тоа барање било тропање на отворена врата: имаме закони, судови, полиција и затвори, што ќе рече: готова правна држава! За жал, и ден-денес многумина вака си ја претставуваат правната држава. Според оваа логика, Сталиновиот СССР и Хитлерова Германија би биле правна држава par excellence. Вицот е во тоа што во една правна држава заедничкиот живот на луѓето се одвива во сообразност со правото, а не според каприците на тековните носители на власта. (Англосаксонскиот еквивалент за “правна држава” - Rule of Law - може да послужи и како дефиниција на овој поим: тоа е “владеење на правото”). Носителите на власта се менуваат, а тоа сепак не се одразува посуштествено врз одвивањето на животот.
Се сеќавате ли на духовитата англиска серија “Да, министре”? Таму, министрите се менуваа, но шефот на администрацијата, сер Џефри со своите службеници, остануваше секогаш ист. Во Англија не може да се случи судбината на висок службеник во владината администрација да зависи од волјата на моментниот министер (како што, да речеме, екс-министерот за култура ја испрати на биро за трудот госпоѓа Олгица Трајковска, неговиот помошник, иако само некој месец пред тоа ми беше рекол дека таа е вистински “оган”: најдоброто што го наследил во ресорот). Кај нас промените за кои гласаше народот главно се огледаат во замена на затечените службеници со проверени ВМРО-овци. Она што во правните држави (за разлика од нас!) постојано виси на конец не е службеникот, туку судбината на носителите на јавните функции (премиерите, министрите, партиските челници). Тие, преку оставки, а не ретко и судски, одговараат за сите тешки промашувања до кои дошло под нивното владеење. Ќе потсетам на некои антологиски примери за ваква одговорност!
На времето, еден од најголемите државници на СР Германија и добитник на Нобеловата награда за мир, социјалдемократот Вили Брант си поднесе оставка само затоа што беше откриено дека неговиот личен секретар бил шпион на тогашната Државна безбедност на ДДР. Ама шпиони имало и ќе има секогаш, човеков никако не може да биде виновен што таков еден му се пикнал во кабинетот. Не помага! Чувството дека е лично одговорен за изборот на секретарот му наложи на популарниот Вили да се повлече. И - достоен за почит - тој се повлече. Мала паралела: може ли некој да замисли г. Љупчо Георгиевски да поднесе оставка како човек лично одговорен за именувањето на некои министри кои самите открија дека се во служба на “болгарската кауза” во Македонија? Тешко!
Пред некое време, во Белгија избега од затвор еден осуден педофил. На слобода остана сѐ на сѐ два часа, колку што ѝ требаше на полицијата да го фати. И мислите дека министерот за внатрешни работи доби пофалби за ефикасниот лов на бегалецот? Не, тој и министерот за правда мораа да си поднесат оставки! Кај нас (колку да се види каде сме), пред некое време, од затворот во Идризово не избега, туку (по грешка?!) беше пуштен еден убиец, што никогаш не го пронајдоа и не го вратија во затворот. Мислите дека на тогашниот министер за правда, др Владо Камбовски, му падна макар и на крај памет да си поднесе оставка? Ајде, ви се молам! Таква работа може да побара само некој циркузант од Лигата за демократија.
Пред некој ден загинаа тројца чувари на редот (двајца од нив мои студенти). Македонската полиција веднаш се пофали со белгиски успех: лиши од слобода осум жители на Арачиново, нежно ги држеше 24 часа (на една приватна телевизија имав прилика да ги видам нивните скршени глави и подуени очи како последици од таа нежност), а потоа ги пушти како ништо да не се случило. Грешка! Дали некој може да си замисли госпоѓа Доста Димовска барем да понуди оставка поради загубата на трите млади животи и премлатувањето на недолжните граѓани. Ајде, ви се молам! Таа не е министер од редовите на Лигата за демократија!
Некој ќе рече дека претерувам: каков грев има госпоѓа Димовска, кога таа е на чело на МВР од пред две недели! Е, па, одговорноста на министерот во една правна држава е начело без исклучок. Да ги потсетам оние што подзаборавиле (односно да им кажам на оние што тоа не го забележале): пред некоја година имаше тешка железничка несреќа во Јапонија. Министерот за сообраќај веднаш поднесе оставка. И никој ни таму ни надвор не рече: “Ама чекајте луѓе, каква вина има тој човек кога на функцијата дојде пред неполни два дена!” Не, такви прашања во една правна држава не се поставуваат.Такви прашања може да се чујат само во Балкан бавча! А ако некој се обиде да потсети дека нашиот устав си поставил за цел Македонија да се изградува како правна држава, секако ќе се најде не еден што ќе му рече дека хартијата (на Балканот!) трпи сѐ.
И после, нашите правдољубиви новинари ќе офкаат и ќе лелекаат зошто Европа не нѐ награди за кооперативноста на Косово ставајќи нѐ на списокот на кандидати за Европската Унија? Барем јас, не еднаш сум кажал на ова место што мислам за моралноста на Европа спрема Македонија, па верувам дека никој не ќе може да каже дека сега ја вртам политиката ако кажам: не се улави да нѐ стават! Вакви какви што сме, со власт со толку ниски стандарди за правна држава, ние сме вирус на убиствена болест. Не се луди белки обмислено да се заразат.
А вирус сме и по нешто друго! Чувте ли оној пат што рече PDSh-овскиот претседателски кандидат: прикаската за Голема Албанија била глупост, на неговите соплеменици тоа им било малу, ним им била потребна Обединета Европа! Каква искреност! Голема Албанија е залаче за најдоходовниот од сите бизниси - трговијата со дрога (а неа главно ја водат неговите соплеменици!)! На тој бизнис му треба голем пазар - пребогатата Европа! Затоа, во Европа ќе влеземе малу морген! Она што со ваква држава може да се очекува е само гетото наречено “Западен Балкан” или, со жаргонот на медицинарите - долгогодишен карантин! Забележувате, нели, дека (ако се изземе Хрватска) заеднички именител за сите други земји членки на оваа регионална убавина е бројното вирусоносно население сочинето од обесправени “робови и граѓани од втор ред”, а најуспешни нарко-дилери.

Ѓорѓи Марјановиќ

ЗА ‘РТЕЊЕТО НА КОМПИРОТ


Кога некој спаѓа во категоријата на “буфови” (луѓе свикнати на ноќна работа), па обично си легнува два-три часа по полноќ, за него осумте часот изутрина се речиси “рани зори”. Ова го кажувам за да знае читателот зошто еден ден (пред вториот круг на претседателските избори) бев мошне изнервиран кога една непозната дама ме разбуди од најслаткиот сон (во 8,30). Уште повеќе, меѓутоа, ме избезуми нејзиниот повик “на помош”: Македонија била во опасност, а јас (претставете си!) сум бил единствениот способен да ја спаси од пропаста. Јас и инаку (и во нормално време) не ги сакам ласкавците, но ми се виде дека дамава ептен ја претера работата со моите спасителски способности. Во што е таа опасност, прашав, а таа, како од ракав истресе: ВМРО и Џафери! И разврза прикаска, според која, една нејзина пријателка, службеник во општината Гази Баба (жена, демек, на која секако мора да ѝ се верува), ѝ раскажала дека ВМРО-овците само во оваа општина по список однеле 3.000 неподигнати избирачки книшки. Македонија има сто и кусур општини, помножено со по три илјади... Луѓе, кражба! На помош! Спасувај Марјановиќу!
Мила моја мајко, што ми се спиеше (таа ноќ легнав во четирите часот), а дамата никако да престане. Да ѝ речам дека во Македонија има општини и со по илјада жители, та изборната математика не ѝ чини, залудо, само ќе долиев масло врз огнот. А не можев просто да речам: “Ви се молам, оставете ме да се доспијам! Очиве ми се затвораат! “ И туку, ми текна: “Проштевајте, госпоѓо! Вие, инаку, сте член на Лигата за демократија?” Како што и очекував, одговорот беше брз и мошне енергичен: дамата била интелектуалка и партиите не ја интересирале!
Види мајката! Мојата партија не ја интересирала, а сепак бара од мене да ја спасувам Македонија (сам, без никој жив со мене, небаре ја имам в џеб Аладиновата лампа), па тоа е невидено и нечуено! Видов нема друго чаре, та ѝ реков: “Ве молам, госпоѓо да ја спуштите слушалката за да не ме натерате да бидам непристоен и да прекинам јас!” И дамата ја спушти.
Оваа епизода деновиве постојано ми се врати во мислите. Кај и да мрднам (на факултет, во Градскиот Трговски Центар, на концерт, на Водно) наидувам на сосема непознати луѓе што ме запираат со горе-долу исти апели, прашања или категорички тврдења: “Што да се прави? Ова е крајот на Македонија! Ова е почеток на крајот!” И сѐ во тој стил. Или, просто, си имаат некоја мака, некој ваков или онаков проблем, и туку ќе фатат да ми пишуваат писма, да ми испраќаат фотокопии, да бараат видување, разговор, консултација, совет. (Така, еднаш, придружувана со оној Стоиле, што подоцна го снема од нашата политичка сцена, дојде на консултација и сегашната министерка за внатрешни работи.)
Многу бргу открив дека прашањето “Дали сте член на Лигата за демократија?” најефикасно ме ослободува од натрапниците (патриотите, загрозените граѓани, македонските страдалници од сите фарби, од луѓето со нерешливи лични или професионални проблеми). И се сетив на едно место каде што Енгелс (во предговорот или поговорот на “Германската селанска војна”, што на времето ја бев превел од германски, но, поради “случајот Марјановиќ”, не успеав да ја објавам дури ни во “Комунист”) вели дека малограѓаните (па и нашиве македонски), најчесто стојат надвор од социјалните судири, гледајќи сеир, меркајќи кој ќе победи, па, кога тоа ќе се случи, вртоглаво му се фрлаат во прегратки на победникот, а потем крчмите трештат од нивното самофаленичарство! Тогаш се поголеми католици од Папата! Така беше во 1945 (кога одненадеж се намножија комунистите), така се случи неодамна кога се накотија ВМРО-овците! Со оглед на тоа што во демократијата социјалните битки се водат на политичката арена, малограѓанското стоење на страна најчесто значи стоење на страна од партиите, а особено надвор од единствената “спасителка на Македонија” - Лигата за демократија!
И, колку што важи она “каков народ - таква власт”, не помалу важи и една нова: “каков народ - такви медиуми”! Нашите слободни и неслободни медиуми веќе решија дека во Македонија не постои ништо надвор од двата македонски противпоставени блока + партиите на оние со име што новокомпонираната пристојност не дозволува јавно да се изговара. За еден политички “аналитичар” секако е полесно да размислува кога има само црно и бело. И, бидејќи кај нас политичкото го импрегнира сето друго, нашите бистри новинари главно ги интересира само она што доаѓа од тие две кујни, никако не и она што во секоја нормална европска земја е вистинска медиумска посластица: можноста да откријат и (за доброто на демократијата!) да употребат една политичка афера!
Еден (измислен, па со самото тоа и неверојатен) пример: некој од Лигата за демократија му кажува на еден новинар дека тој и тој партиски лидер (до вчера на власт!) од некоја приватна фирма добил за партијата паричен прилог во висина од два милиони марки! И мислите дека новинарот ќе фати да трага по вистината, да собира (и да обелоденува) докази за тој алиш-вериш? Бог да чува! Ова не е бедна Германија, каде што против Хелмут Кол ќе се води кривична постапка за смрдени два милиони марки! Во богата та пребогата Македонија никој не се сакалдисува и кога некому ќе му се откачи признание дека зел не два, туку четириесет милиони марки! И тоа не е прилог за партијата, туку за него лично, згора на тоа и за мошне смрдена работа: да “лобира” кај својата влада неговата земја да признае некоја проблематична индустриска сила желна за признанија. Знаете исто така што се случи кога Лигата за демократија (се разбира, кој друг) поднесе кривична пријава против нашиот несуден усреќител: за министерот за правда тоа беше циркус, а за Републичкиот јавен обвинител очигледно багателна работа (“дело од мало значење”?!). Има човекот поважни работи одошто да испитува ноторни факти (дали едикојси пред 600 луѓе во еден и пред уште толку луѓе во друг град навистина јавно ја признал бруката за која пишуваше владината НОВА МАКЕДОНИЈА).
И оди сега та прави партија во Македонија ако немаш пари од провизија или ако не си екс-министер, екс-парламентарен спикер! Но, јас не сум само јогин, туку и есперантист (гледам како на Дар-Мар му се слошува!), а од Заменхоф наваму есперантистите упорно го повторуваат неговиот стих “Ec’ guto malgranda konstante frapante traboras la rokon granitan!” (“дури и капка вода постојано удирајќи пробива гранитна карпа”). Значи - знам што правам! Македонскиот народ е како компирот - про’ртува кога ќе му дојде времето за ’ртење! Времето на Лигата за демократија очигледно сî уште не дошло! Но, ќе дојде! И компирот ќе про’рти! Не се случило да не про’рти! Освен ако во меѓувреме не скапе!

Ѓорѓи Марјановиќ

АЛИСА ВО ЗЕМЈАТА НА ЧУДАТА



Нешто пред распадот на СФРЈ во Македонија беше мошне актуелна аферата со осумте суспендирани млади полицајци (“осумтемина величенствени”, како што ги нарекуваа во печатот). Мене полицијата отсекогаш ме интересирала исто колку и ланскиот снег, така што навистина не знам што беше гревот на овие млади луѓе, поради кој ги беше суспендирал тогашниот министер за внатрешни работи. Повеќето од нив беа мои студенти и тоа, пред сѐ, беше причината што го послушав мојот тогашен пријател Димитар Димитров и, еден ден, појдов да поразговарам за нивниот случај со министерот Јован Трпеноски. Со г. Трпеновски, инаку, одржував срдечни (дури пријателски) односи уште пред да стане министер - беше мој колега и постдипломец на курсот по кривично право (оттаму и малу исколчената форма на нашето комуницирање: министерот мене ми се обраќаше на Вие, а јас нему на ти!). Појдов, значи, и му реков што сум чул за аферата: дека наводно младите полицајци ги суспендирал под силен политички притисок и дека за тоа длабоко жали. Реакцијата на министерот беше енергична: “Одлуката е, вели, моја, и воопшто не жалам што ја донесов, а кога ќе Ви ги кажам причините и Вие ќе се согласите! “. Еве во што била работата: полицијата, според него, не можела да функционира со двајца газди - од една страна, министерот, од друга страна, партијата!
Се разбира дека бев согласен со овој резон и тоа не го криев, ниту пак имаше потреба од тоа. “Ако е така, реков, а верувам дека е, ти советувам уште денес да донесеш две решенија: едното, со кое ќе ги повлечеш суспензиите, и другото, со кое ќе ги распуштиш четиринаесетте основни организации на СКМ во полицијата”. Министерот се насмеа, тропна весело по масичката пред нас и рече дека сум бил мошне радикален и дека тој тоа едноставно не може да го стори. Потоа, свртувајјќи го шеговито разговорот на друга тема, ме праша дали ќе му го оставам министерското место доколку на изборите победи (штотуку основаната) Лига за демократија. “Во принцип да, одговорив, но само доколку сега станеш член на Лигата!”
И така Јово не ги врати веднаш суспендираните, но не ги распушти ни многубројните основни организации на СКМ и, се разбира, згреши (како и секој што не ги слуша советите на Лигата за демократија, впрочем): не минаа ни два месеца, а Анте Марковиќ донесе одлука за деполитизација на полицијата и г. Трпеновски мораше да постапи така. Да го стореше тоа кога му го советував, ќе се прибавеше имиџ на демократ и - веројатно - ќе си го зачуваше министерското место! Деполитизацијата на полицијата ќе се врзуваше за неговото име. Вака, тоа беше сторено по наредба одозгора и тој беше само извршител, а не јунак. Деновиве, кога сериозно ја обновуваме Лигата за демократија, еве, уште еднаш (јавно!) го повикувам мојот пријател Јово Трпеноски да нѝ се приклучи и конечно да прејдеме обајцата на ти. Притоа, ова не е гола куртоазија! Министерувајќи, г. Трпеновски покажа едно својство што е на висока цена во Лигата за демократија: како министер за внатрешни работи ниту еден единствен пат не нареди употреба на сила против народот! А тоа, ќе признаете, не е ситна работа!
Со неа, за жал, никако не може да се пофали еден друг бивш министер за внатрешни работи, мој некогашен студент и миленик (често духовит колумнист на страниците на овој ист весник).Кога еднаш, испровоциран од јавното полициско насилство, му се јавив по телефон за да му укажам дека е неразбирливо што “неговите” толку многу и толку јавно тепаат токму под неговото министерување, Љубомир ноншалантно одврати: “Нека вежбаат! “ Подоцна, пак под негова команда, полицајците вежбаа и во Ѓорче Петров и на Бит Пазар! Резултатите од нивните вежбовни активности се познати: Уставниот суд им даде за право на ѓорчепетровци, а на Бит Пазар, ако не се лажам имаше и неколку новопретставени (да не речам грубо: убиени!).
Кога сум веќе кај бившите министри за внатрешни работи наеднаш се сетив дека еден од “осумтемина величенствени”, пак г. Павле Трајанов, лошо помина и со д-р Данаилов Фрчковски (со кого одвај некако си ги поправив односите на неодамнешниот ручек што деканот на Правниот факултет во Скопје традиционално го приредува по повод Новата година!): и тој го стави човеков на мраз само затоа што јавно кажа нешто што го знаеја и птичките на гранките - дека во земјава има организиран криминал, кој досегнал до највисоки места во владата (ако не се лажам). Но, за разлика од Јово Трпеновски, кој никогаш и со ништо не ги навреди суспендираните полицајци, мојот софистициран колега отиде толку далеку што не му го споменуваше ни името на “замрзнатиот” г. Трајанов, туку зборуваше за него како за “дотичниот чиновник” (србизмот е негов!). Сетне, кога г. Црвенковски, во својство на премиер, го призна постоењето на “октоподот”, јас пак јавно побарав тој да го врати човекот на старото (помошничко) место! Само, кога пак власта послушала нешто што доаѓало од Лигата за демократија? Никогаш! Резултат од тоа пропуштање на Црвенковски беше појавата на г. Трајанов на чело на министерството за внатрешни работи во претходната влада.
Сево ова ми мина низ сеќавањето деновиве кога нашиот премиер донесе одлука со која практично ја враќа полицијата на дереџето од СКМ: на местото од еден професионалец пар еџцелленце става една дама што за полицијата знае исто колку и Алиса за земјата на чудата. Да се разбереме, немам ништо лично против споменатата гопоѓа, но, и мене (како и на големиот Јохан Волфганг фон Гете) ми се мачи од стари почетници! Она од што уште повеќе ми се мачи се мотивите поради кои е направен овој пресврт: на секој што се сеќава на почетоците на плурализмот (и грабањето на ДПМНЕ по министерството за внатрешни работи) му е јасно како бел ден дека со тоа оваа партија го остварува својот сон да ги контролира контролорите на мирот и поредокот во земјата. За да има одврзани раце во упадите по фирмите и апсењето на директорите, што во последно време стана малу презачестена практика.
Само, да внимаваат благонадежните ни управители! И без вакви мајстории Македонија е за никаде во очите на старата дама, на која толку сака да ѝ се приближи. Мајсторииве веројатно ќе му помогнат на ДПМНЕ да се отараси (можеби и со полно право) од еден грст политички душмани и матни деловни креатури, но, со постапките како онаа во Велес, особено со нежниот однос спрема “рекетарите” со камери и микрофони (Кумановци би рекле: “Господи, дај ги памет или извади им га и оној малце што га имав!”), нема теорија да ни ги зголемат шансите да влеземе во Европа. Тоа сигурно!
Инаку, колку што ме разжести оваа дунстерска смена, толку ме исполни со задоволство достојниот за почит став на г. Трајанов по никоја цена да не прифати да влезе во членство на благонадежната ни партија на власт за да стане уште еден војник на партијата.

Ѓорѓи Марјановиќ

КУТРИОТ ДОН ХОЗЕ

Не го познавам дон Хозе Мануел Пинто де Тешеира, немам за него ни лични симпатии ниту пак антипатии, но деновиве, кога сиот бес на нашите медиуми е насочен против него (и неговото интервју за УТРИНСКИ ВЕСНИК), чувствувам потреба да го бранам. Неговите напаѓачи очигледно постапуваат во духот на онаа македонска: “не можеш по магарето, удри по самарот”! Исчудувајќи се врз изјавите на дон Хозе (признавам: збркани, противречни, лишени од најелементарна логика), неговите критичари забораваат на работата што ја врши: тој е амбасадор на Европската унија и само ex officio се обидува да ги рационализира постапките на своите газди! Не очекува некој белки човеков да заборави на својата кариера, на своето семејство и на неговата благосостојба и јавно да признае дека политиката на Европа (која македонскиот народ од 1903 наваму на галено си ја вика “Блудница Вавилонска”) е оросписка, што ќе рече: секогаш и во секој момент раководена од нејзините интереси, а не од начелни или (Бог да чува!) морални ставови. Слушајте го катаден “оригиналниот” Љубен Пауновски и мислете на дон Хозе: она што првиот го зборува за да ни ги објасни постапките на нашата релаксирачка коалиција, дон Хозе го прави за оние што го плаќаат!
За да не ми забележи некој дека зборувам на памет, ќе потсетам на некои факти (и тоа не на сите и не заради нас - ние приказната добро ја знаеме - туку за да го потсетиме дон Хозе и неговото одбрано вавилонско друштво).
Затечена во небрано од она што се случи на просторите од поранешна Југославија, Европската заедница реши прашањето да го стави во рацете на арбитражната комисија на г. Бадентер. Таа требаше да одговори што да се прави со државичките кои настанаа од СФРЈ. (За оние што не знаат: “арбитража” е избран суд, кој треба да реши определено спорно прашање, а оној што се определува за него однапред се согласува да ја почитува неговата пресуда!) Бадентеровата комисија (чијшто член, меѓу другите, беше и г. Херцог, претседател на Уставниот суд на Германија, подоцна и нејзин претседател) пресече: само Словенија и Македонија ги исполнуваат строгите правнодржавни барања за да бидат признаени како суверени држави. Европа, меѓутоа, во духот на атрибутот што македонскиот народ í го дава од Илинден наваму (да не речам: оросписки!) реши да ги признае Словенија и Хрватска, но не и Македонија (!).”Признание” par excellence за земјичката што се добра до сувереност без да испука еден единствен куршум! И после кутриот дон Хозе мора да пелтечи за европски принципи, за морал и демократска процедура! Дрн-дрн! Европа на овие простори очигледно сместува диви, крволочни племиња (“троглодити”), кои не умеат ништо друго освен меѓусебно да се гложат и убиваат. Македонија не се вклопи во вавилонските стереотипи и тоа беше доволен изговор да биде казнета.
Потем, во македонската Одисеја по европските Сцили и Харибди, таа (пак без своја вина!) се најде на дневен ред на истото друштво во Лисабон. Оттаму произлезе едно чудо на категоричките императиви на длабокиот европски ум - знаменитата “Лисабонска декларација”: главатарите на Заедницата (и строги учители по демократија!) обзнанија дека немаме право дури ни да се викаме “Македонија”. После, откако веројатно се допрашаа кај луѓето што предаваат меѓународното јавно право на нивните универзитети, тој став го подзаборавија, а за нас го смислија евокативниот акроним FYROM (запишан и во акредитивите на дон Хозе). Да речеше некој од нас за Англија, Франција или Германија (другите да не ги редам) “Former Roman Province of Britania, Galia or Germania”, овие исти луѓе ќе го сметаа за тежок будала. Кога тие вака нe' означуваат нас, тоа е знак на голем ум, широко срце и висок морал! Најдете ми некој дон Хозе што ова може да го објасни, а да не му се чудиме на умот! Само, кој сме пак ние да го учиме на логика цветот на слободата и демократијата? Quod licet Iovi, non licet bovi!
Потоа следеше едно време, што дон Хозе не го знае (зашто не беше тука), кога сите европски службени посетители на Македонија се довиваа како што знаеја и умееја во настојувањето да í се обратат на земјава без притоа да í го спомнат името. Македонците (со ретки исклучоци на некои воспалени еврољупци како мене) стрпливо ги поднесуваа тие омисивни навреди. Европејците забораваа(т) дека Македонија е стара, прастара и неверојатно стрплива земја. Една од ретките што се држи за она “Викај ме и грне, само не крши ме!”. Земја што умее да чека! (И верно, не мина многу време, а ние дочекавме тие исти посетители, кога им затребавме на Косово, да заборават на грчката чувствителност и да фатат да нî викаат онака како што отсекогаш сме се викале.)
После ни удрија една типично балканска контра: Грција (убедена дека без неа и Солун северната “државичка” не ќе може да преживее ни две недели), нí ја затвори јужната граница. Ни пиле да прелета од кај нив накај нас! Правдољубива Европа две и пол години ја тераше Грција пред суд, молејќи Бога да не ја дотера. И не ја дотера! На крајот излезе дека ние сме си биле виновни! (Како она јагне што му ја матело водата на волкот, иако било низводно од него!)
Е, после дојдоа изборите од 1994 година. Опозицијата се отепа докажувајќи дека СДСМ ги фалсификувал. Дамата од Вавилон ни порача дека биле “слободни и фер”. (Некоја награда за тие “слободни и фер” избори не добивме, а, знаејќи со кого имаме работа, и не очекувавме). На следните, егземпларно коректни избори Македонија се реши за промени: сјава Курто, та се качи Мурто! Европјаните беа одушевени колку бргу учиме демократија. Како умееме етнички да се релаксираме. (Награда пак не добивме!) И така сî до претседателските избори од 1999 година, кога, одненадеж, излезе дека ич не чиниме! Викај до небото дека македонската (90-процентна!) европејштина ја подгазија и ја извалкаа токму галеничињата на вавилонската госпоѓа (оние ужасни 10%)! Нема кој да те чуе. Просто затоа што не сака да те чуе! Но затоа пак (преку дон Хозе!) нí порачуваат дека ние, всушност, и не сме имале консолидиран систем на демократија (како што тврдиме), дека работите не биле добро направени (сиц!), а дека тие имале право и обврска да ја коментираат процедурата во нашата земја! Изборите биле невидено лоши и ние затоа ќе бидеме казнети со магарешката клупа наречена Западен Балкан. Од друга страна, иако изборите биле за никаде, ние сепак требало да го признаеме лошо избраниот претседател (!?).Зошто? Затоа што човекот í се допаѓа на Европа. Се отепа златната честитајќи му ја валканата победа! Еда логика! Еда морал! И сега ние му се лутиме на кутриот дон Хозе! Ајде ви се молам! Човекот не е толку глупав колку што изгледа кога го вели она што му рекле да го каже. Како ни Љубен Пауновски, впрочем.

Ѓорѓи Марјановиќ

GOD BLESS MACEDONIA!


Македонија го доби она што го заслужува (или поточно: она што го сакаше Ороспијата од Вавилон и Стејт департментот)! Habeamus papam! Господ нека ни е на помош!
Таборот на благонадежната ни партија на власт (односно нејзиниот врв) добро знае колку гласови добиле легално, а колку во стилот што СДСМ го практикуваше пред да ја загуби власта, па затоа и нема голема причина за радост. Затоа и јас (како лидер на моќната Лига за демократија) се воздржувам од честитки! Разочарувањето на гласачите е големо (и евидентно!). Особено кај многумина од оние што ДПМНЕ ги привлече со својата нагласена национална реторика. Сега, кога претседателот им е избран само и единствено со заслуга на војниците на PDSh нивното разочарување е уште поголемо. Тие добро ја знаат онаа “мудрост” на скопските улици: ако некому му седнеш в скут, ќе мора малу и да се движиш лево-десно, напред-назад со задниот дел од телото (да не речам: “да мешаш”, како што вели оригиналот на изреката). Тоа допрва ја чека благонадежната ни партија на власт! Тоа понижувачко “мешање” додатно ќе го зголемува нерасположението на македонските гласачи и ќе го редуцира нејзиното гласачко тело на идните избори.
Туку, тоа не е ниту мој проблем, ниту проблем на Лигата за демократија. Старите властодршци никогаш не послушаа барем нешто од она што им го кажувавме или што го пишувавме (за нивно и наше добро). Па, еве до кај дотераа! На новите властодршци не ни паѓа на памет да им даваме совети! Тие на последните избори покажаа дека не се луѓе од збор, а ние од Лигата за демократија не забораваме лесно. Пример, нашето излегување од Демократската партија во моментот кога таа се реши за брак со квази-либералите на Стојан Андов. Некој можеби ќе рече дека сме претенциозни, но - такви сме! Мошне избирливи, кога е во прашање друштвото!
Веселбата во таборот на PDSh секако е голема. Па сепак, не чувствувам потреба да им честитам: се покажа дека Македонецот бргу се учи на арно (на демократија), но не и нашите “(со)животни” сопатници (чиешто име не смеам да го напишам без да ги навредам). Тие кутри луѓе, уште пред да се доберат до слободата, дефинитивно ја загубија. И тоа не од нас, туку од своите! Имено, кога се знае дека предноста на г. Петковски беше шеесетина илјади гласови, дека ќе беше невиден успех таа предност во “третиот” круг да се зголеми на осумдесет илјади, и за полуписмен човек е јасно дека на PDSh немаше да му биде тешко и на нај”шведски” избори да обезбеди деведесетина илјади гласови, нужни за победата на нивниот сојузник. Зошто тогаш онаква манифестација на груба сила, каква што не видовме ни во вториот круг? Од две причини: прво, за да покаже PDSh кој е газда во Западна Македонија и второ (не помалу важно) со бројот на добиените гласови да “докаже” дека во вториот (поништен) круг немало фалсификат. Значи, за да си го измие образот!
PDSh, меѓутоа, страшно се мами ако мисли дека е газда во Западна Македонија. Како што, на времето, и Сали Бериша, гадно се измами кога поверува дека тој е газда во Република Албанија. Во моментот кога им го порача тоа на Американците, со предупредување да не се мешаат во внатрешните работи на неговата земја, одненадеж (речиси без причина?!) против него нарасна исто толкаво незадоволство, колку што пред тоа беше големо задоволството од него, и тој мораше да си замине од власта со подвиткана опашка. Тоа го чека и Џафери ако се обиде да стори нешто на своја рака, спротивно на виталните интереси на Америка.
А, знаете ли, што е витален интерес на САД на Балканот? Никогаш нема да ви текне, ако не сте го чуле предупредувањето на Стејт Департментот до Слободан Милошевиќ: да не си игра со главата и да ја задева Македонија, зашто “секој напад врз Македонија ќе се смета за напад врз виталните интереси на САД”! Така рекоа на почетокот од косовската криза и Милошевиќ тоа очигледно никогаш не го заборави! Македонија е од витален интерес за САД! Да ме убие човек не знам зошто е тоа така! Впрочем, зошто САД денес í “советуваат” на Црна Гора да не излегува од југословенската федерација, а утредента по фамозниот македонски референдум (уште беше Џорџ Буш претседател) поитаа да му стават на знаење на Милошевиќ дека северната граница на Македонија ја сметаат за неповредлива или недопирлива (не се сеќавам како точно беше кажано). За секој што умее политички да размислува е јасно како бел ден дека ним (од некои научно-фантастични причини?) им требаме. Ете, затоа велам дека вистинскиот газда на Западна Македонија, а уште помалу на цела Македонија, сепак не е г. Џафери (Господ нека му е нека му е на помош и нему во сето она низ што наскоро ќе мора да мине!).
Газда е Новиот светски поредок! Ороспијата од Вавилон и Стејт Департментот! Не мислеше некој, белки, дека може да биде поинаку?
Но, по обичај: во секое зло и добро! Иако лично гласав за г. Тито Петковски, сепак, кога добро ќе размислам, и добро е што Америте му удриле мерак на безгрешниот отец Борис! Откако сî мина како што мина, фати да ме фаќа страв од помислата уште еднаш шеф на државата да ми биде - Тито! Тие Титовци се многу долговечни! Кога ќе ти стане еднаш претседател, сметај дека кон крајот на вториот мандат ќе донесат уставен закон со кој ќе го прогласат за доживотен претседател. А и стар сум веќе не само да трчам, туку и само да пречекувам и испраќам - штафети!
Башка, што ми се допаѓаат новите (американски!) манири: химна со рака на срце, говор со благослов на крајот (“Господ нека ја благослови Македонија!”) и - национален доход од дваесетина илјади долари per capita!

Ѓорѓи Марјановиќ

РЅ (за Стејт департментот!): ако видите, случајно, дека спрегата Георгиевски-Џафери (Циле, претпоставувам, отпаѓа) не ви ги носи очекуваните плодови, обрнете внимание на Лигата за демократија! Ние сме исто толку Македонци (што ќе рече: кроток народ!), релативно подобро образовани од другите и знаеме да ги вршиме работите! Ќе треба само да научиме да не јадеме многу трици! Јас пак, како претседател на Лигата за демократија, свечено ви ветувам дека нема веќе да го користам евокативниот акроним FOBRICUSA (Former British Colony United States of America: Поранешна Британска Колонија САД), доколку вие ми ветите дека ќе запре срамотната практика нас да нî означуваат како FYROM.