Showing posts with label gjorgi marjanovic. Show all posts
Showing posts with label gjorgi marjanovic. Show all posts

Интервју за Граѓански


-Позната е вашата изјава дека сакате да ја видите Македонија како пристојно место за живеење. По повеќе од две децении, Ви се исполни ли тој сон?  

- Не сосема. Но, она што уште повеќе сега ме загрижува е фактот што Македонија како да не е посакувано место за живеење. Цифрата од 40% или повеќе македонци кои се отселиле во последниве години јасно зборува за тоа. Ова, а не само „белата смрт“ што ни се заканува,  би требало многу повеќе да ја загрижува власта. Оттаму, се плашам да не дојдеме до состојбата Македонија да стане место за умирање – нашите „привремено вработени во странство“ да се враќаат дома, затоа што, главно, поради носталгијата, Македонија да им биде место за умирање. 



-Првата партија во Македонија, вашата Лига за демократија се заложи за структурни предуслови на граѓанското општество: поделба на власта и заемна контрола на нејзините одделни сегменти, рамнотежа на моќта - “check and balances”, слободен пазар, еднаквост на сите пред законот. Можете ли денес да кажете дека мисијата на Лигата успеала? 

-. Лигата воопшто не успеа во својата мисија, дури и самата Лига беше самоиницијативно распуштена. Тие што ја распуштија се префрлија во ВМР0-ДПМНЕ. Ние другите преминавме во ЛДП. Инаку, точно е дека Лигата се залагаше за поделба на власта и заемна контрола на одделните нејзини сегменти, но тоа воопшто не се спроведе во стварноста: случајот од Собранието на 24 декември минатата година покажа колку биле илузорни нашите залагања. Видовме како се празни салата од опозиционерите на општ скандал за Македонија (тоа не беше направено со почитување на различните сегменти на власта). Само овој пример покажува колку во Македонија не постои рамнотежа на моќта. А обидете се да ја проверите веродостојноста на правилото „сите еднакви пред законот“ , па ќе видите дека тоа е само убава желба на законодавецот. По оној проколнат 24 декември многумина во Македонија мислиме дека оваа власт е полоша од претходната, во која сепак вледееше поголем степен на демократија.  



-Со Уставот е создадена правна основа Македонија да се гради според граѓански концепт. Зошто тој граѓански концепт е суспендиран од концептот на тврда партиска држава, чиј еднокомнанден систем не покажува слух за поинакви мислења и плурализам карактеристични за демократско цивилно општество?

 – Јас не би можел да Ви кажам зошто граѓанскиот концепт е суспендиран од концептот на тврда партиска власт. За тоа треба да го прашате народот. Но, очигледен факт е дека Груевски и компанијата, кои, впрочем, ги избра народот, со својот нагласен популизам успеа да создаде тврда партиска држава. Фактот што партиската книшка е главната влезница при вработувањето, особено при висок процент на невработеност, најмногу придонесе народот да стане послушник. Но зошто и интелигенцијата стана послушник? Многу разочарува состојбата за која ме информираат дека на многу факултети, за кои имав обичај да кажам дека таму се наоѓа „кремот на интелигенцијата“, замреле секакви дебати и луѓето се претвориле во гласачки машини. Од друга страна, можеби се разочарани од фактот што до власта не добираат пораките што и‘ ги упатуваат еминентните стручнаци, некои и меѓународно признаени, па едноставно се повлекуваат во себе, како што, впрочем и јас поради болеста се повлеков во себе, и не реагираат. Жалосно е што во овој период не се создаде критична маса која би можела да поттикне промени. Поединците – критичари на власта за жал не можат да предизвикаат значителни промени.



-Пред неколку години тврдевте дека е апсурдно да се трошат државни пари за да се рекламира  плаќањето на ДДВ, бидејќи „со реклама или без неа, државата ти го зема она што мора да го платиш“. Како сега ви изгледа таа „капка“ во однос на рекламно-пропагандното море во кое пливаме денес? 

– И денес сметам дека залудно се трошат државните односно народни пари, главно за промоција на ДПМНЕ. Мислам дека добивме многу недомаќинска влада која се расфрла со пари и троши за нешта што во ова време на сиромаштија не се од најголем приоритет. А она, со плаќањето на ДДВ, рекламата не се покажа наполно успешна. Најдисциплинирани се само малите трговци (секогаш ми е драго кога за купен весник од 15 ден. или за купен ѓеврек ќе добијам фискална сметка), како и супермаркетите, што не е случај со оние големи трговии (а сигурно и самите знаете кои се) во кои не се добиваат фискални сметки.



-Го преведувавте Пруст, ги напишавtе најчитаниte колумни во дневниот печат, добро го знаете значењето, моќта и богатството на зборот. Колку е осиромашен јавниот дискурс од нормални зборови, неоптоварена дебата и цврсти аргументи, ако во јавната комуникација денес најспомнувани зборови се штаб, Партија, војници, комитет...

- Тоа ми беше навистина најголемата животна желба – да го преведам и да и‘ го подарам на Македонија Прустовото „Во потрага по изгубеното време“ на македонски јазик. Сметав дека тоа ќе биде мојот скромен прилог во борбата на докажување на нашиот македонски идентитет и јазик. Но за жал, министерството кое го финансираше печатењето на 11-те тома од овој голем циклус, го беше одбило финансирањето на последните два тома. Објаснување – недостиг од финансиски сретства. Чудно! кога гледам на што се‘ се трошат парите, да се прекине излегувањето на ова капитално дело на самиот негов крај, е повеќе од чудно. Дотолку повеќе што се работеше за многу мали износи (ако ви речам дека за труд од речиси една година јас добивав хонорар од околу 1.000 ЕУ) а и трошоците околу печатењето сигурно не беа поголеми. Еднаш се обидов да се јавам кај денешната министерка за култура и бев мошне изненаден што таа немаше разбирање за ова. Деновиве, како и многумина, бев вчудоневиден кога дознав дека муралот на Борко Лазески бил неосигурен, а директорот на поштата ладнокрвно „не‘ утеши“ дека штетите од пожарот се минимални. Се прашувам, дали на вакви високи функции треба и понатаму да се најдат личности што воопшто не водат сметка за културното наследство што оваа мала земја им го остава на идните поколенија.

 Вие тврдите дека јас сум ги напишал најчитани колумни во печатот. Но, според нивната актуелност и важност воопшто не заостануваат ниту колумните на Ефтим Клетников, ниту оние, секојдневните, на Ерол Ризаов од „Утрински весник“ што со задоволство ги читам. А тоа што во јавната комуникација најчесто се зборува за штаб, партија, војници и комитет не е воопшто чудно. Па ние повторно, мора тоа да си го признаеме, станавме еднопартиска држава. А тоа е нејзиниот речник.  Во мојот говор јас тие зборови не ги користам.



-Како професор по кривично право, како денес ја оценувате состојбата во судството?


- Како професор по кривично право јас повеќе од вас сум огорчен од грдата состојба во судството. Постојано се чудам каде „се изгубија“ моите одлични студенти, од кои толку многу барав на испитите. Нив ги нема меѓу новите членови во судските совети, меѓу новите судии по судовите. Мошне жална состојба што и тука завладеа партијата на власт. Некои од нив понекогаш ќе ги сретнам единствено за време на моите прошетки покрај Вардар и ќе ги прокоментираме новите избори....Жално е што не се води сметка ниту за важнот правило во судството дека „обвинетиот е невин се‘ дури не се докаже спротивното“. Може да наведам многу примери во кои јавноста спектакуларно се известува дека се пронајдени извршителите на некое кривично дело, за подоцна да дознаеме дека немало цврсти докази за нивното злосторство. Потем, практиката со некои случаи со „заштитените сведоци“ кај нас е единствена во светската судска практика. Но и тука, по обичај, не се земаат предвид реакциите на професорите по Кривична постапка дека истата била нарушена.


Своевремено поднесовте кривична пријава против Слободан Милошевиќ. Од тогаш до денес никој не се осмелил да тужи властодржец. Се подобрија политичарите или се исплашија кривичарите?

 – Да, тоа беше времето кога повеќе верував дека работите може и да се променат, па затоа и го правев тоа. Се покажа и дека бев во право. Иако бевме еднопартиска, социјалистичка Република, успеав да поминам и неказнет дури и по моето залагање за бришење на членот 133 од КЗ. Ме прашувате за политичарите. За жал, тие не се подобри од поранешните, и не само кај нас, туку насекаде во светот. Речиси постојано дознаваме за некоја афера на некој висок политичар, за некој корумпиран висок службеник во јавната администрација. Но кај нас, се‘ уште не сме дознале ништо за нив. Можеби поради тоа што главните министерства (за внатрешни работи и за правда) се во рацете на луѓето од власта, па оттаму тие се‘ уште се позаштитени, но до кога? Е, тоа не се знае. Што се однесува до мене, јас и денес би тужел некој политичар што би ми „згазил на нога“. Но за среќа, поради мојата здравствена состојба, престанав да ја критикувам власта, престанав да гледам вести на ТВ за да не се вознемирувам и водам спокоен пензионерски живот. Ми преостанаа уште многу непрочитани книги...



-Рековте, секој народ добива власт каква што заслужува. Со што ја заслуживме ние оваа власт? 

– Каков ни е народот, таква ни е и власта. Тие работи одат едно со друго. Очигледно не заслужуваме ништо подобро. Но, бидејќи сме библиска земја, белки Господ ќе не награди еден ден со подобра влада. Да бидеме трпеливи, оти друго не ни преостанува. А Македонецот, по својот генетски код, покажа дека е мошне трпелив. Но да се надеваме дека не ќе се исполни и она народното „Викај ме и грне, само не крши ме“.

БЕЗ НАСЛОВ, НО СО ПОВОД


Пред три-четири недели еден наш новинар ме замоли писмено да одговорам на неколку прашања за тоа дали Македонија имала правна основа за развој на т.н. цивилно општество и каква е евентуално таа основа? Прашањата ми ги донесоа на факултет и јас во текот на идните два дена одговорив на нив. Што се случило во меѓувреме, не знам. Знам само дека момчето не се појави да си ги побара одговорите, а јас не сакав да го барам или да му ги испраќам по пошта. Ми се чини дека некои од тие одговори може да го интересираат читателот.

Без оглед на сите можни недоумици, што главно произлегуваат од дефиницијата на поимот “граѓанско или цивилно општество” (societas civilis), Република Македонија, според замислата на творците на нејзиниот устав, има правна основа да се изградува според граѓанскиот концепт. Тука е пред сé, прокламираната еднаквост на луѓето пред законот. Потем, во оваа земја, без оглед на сé, мора да се толерира (и се толерира) поинаквото мислење како придобивка на цивилизацијата. Кај нас, да речеме, веќе нема ни трага од фамозниот “вербален деликт”. Македонија ја прележа и болеста наречена “идеологија”: таа е колку лаичка (секуларна), толку и дезидеологизирана земја. Власта се формира преку избори и може преку нив да биде санкционирана од страна на граѓаните, ако не ги задоволува нивните очекувања.

Ова се вообичаени правни основи за развој на цивилното општество. Друга работа е дали Македонија и de facto во секој поглед се изградува како цивилно општество и како правна држава. Не е доволно војничкиот еднопартиски комунизам да се замени со партиски плурализам, а државната/општествената сопственост со приватна, па веднаш да се добие цивилно општество. Војниците, уште долго по демобилизирањето, во мислите живеат во касарните. Така е и со повеќето “војници на Партијата”, како што се викаа самите себеси оние најревносните, кои до вчера беа божем-комунисти, а денес се сé и сешто: од социјалдемократи, либерали до најцрни национал-социјалисти.

Може, меѓутоа, да се тврди дека корените на граѓанскиот концепт кај нас се мошне кревки. Ова станува очигледно врз еден едноставен пример: на македонската политичка сцена најмалу успех имаа токму автентичните застапници на овој концепт: Лигата за демократија, да речеме. Оваа партија прва (кај нас!) се заложи за структурните предуслови на граѓанското општество: поделба на власта и заемна контрола на одделните нејзини сегменти, рамнотежа на моќта (Англосаксонците би рекле “check and balancies”), слободен пазар, еднаквост на сите пред законот итн. итн.

Идеиве им беа прифатливи на многу луѓе во земјата. Многумина ги фалеа, но (како во изреката “Фали го селото, живеј в град”) малу кој гласаше за неа, а буквално никому и не му падна на памет финансиски да ја помогне или да ги афирмира нејзините ставови во медиумите (како особено значајни лостови на цивилното општество).

Напротив, иако малубројна (според еден опскурен автор од органот на ССРНМ: “еден пајтон луѓе”), Лигата за демократија и нејзините луѓе секогаш беа дочекувани на нож од страна на правоверните бранители на стариот поредок (што во секој случај е симптоматична постапка: чуму толкава врева заради еден пајтон луѓе?!). Така, на некој начин информирањето за идеите на цивилното општество (и за нивниот застапник од пајтонот) како да станува критериум за оценка на вистинската позиција на еден медиум, без оглед на тоа што самиот тврди за себе.

Од друга страна, некои од писанијата против Лигата за демократија и нејзините луѓе на страниците на органот на ССРНМ ќе останат како сведоштво за приземноста на духот на оние што денес го создаваат јавното мислење, а за студентите по новинарство како поука како не смее да се пишува во сериозен информатор.

Кога сме веќе кај медиумите, си земам слобода да укажам на една симптоматична подробност! Д-р Васил Тупурковски, како што е познато, сé уште не направил партија. Засега само ја најавува, со тоа што на програмата ќе треба да се чека уште долго. Ако добро разбрав, таа ќе биде објавена на два месеци пред изборите (!?). Фактот дека Демократската алтернатива нема “политичка легитимација” (попис на идеи за кои луѓето би се определувале), воопшто не пречела тие, според зборовите на идниот претседател, (на невидено!) масовно да í пристапуваат. Нејсе!

Кога, пред некое време, д-р Тупурковски се појави на една приватна телевизија во Битола, органот на ССРНМ му посвети една четвртина од својата огромна страница. Од тоа писание дознавме, меѓу другото, дека Циле им понудил соработка на “сите партии во Македонија” (!?). Колку ова е точно, не знам, но знам дека мириса на желба за обнова на некогашниот Народен фронт (од кој подоцна настана ССРНМ). Не е нормално една нормална партија да биде готова да соработува со секого (и против оние што јавно носат карти на “Голема Албанија”?). Јасно е, меѓутоа, дека силите што сонуваат за старите добри времиња поитаа да му спрострат црвен тепих на наследникот на Претседателот.

Истата недела г. Александар Тортевски, имаше исто толку долго интервју на една друга битолска приватна телевизија, а споменатиот орган го удостои со една полуреченица колклу да им каже на своите класно свесни читатели дека неговото “присуство на битолската политичка сцена било, всушност, јавна поддршка на кандидатурата на ВМРО-ДПМНЕ”.

Па и беше! Тоа не го кријат ни Лигата за демократија, ниту пак нејзиниот лидер: тие не само што немаат намера да го повампируваат благопочинатиот ССРНМ, туку, напротив, програмски се определени да ја помогнат единствената автентична македонска опозициона партија за да може еден ден, меѓу другото, да се преиспита и законитоста на сегашниве приватизации (па и таа на органот на ССРНМ).

И покрај сите суштествени разлики помеѓу Лигата за демократија и ВМРО-ДПМНЕ, двете партии се целосно согласни во потребата конечно да се изврши демократски преврат во Македонија. Тоа може да го стори голема партија, а Лигата само да помогне во тоа. (Се надевам дека Претседателот на републиката нема пак да ме вика на разговор и да ме убедува дека со ова Лигата за демократија многу ќе загубела од својот рејтинг.)

Не треба многу памет за да се сфати дека прикажаното информирање е далеку од непристрасно, независно, високопрофесионално новинарство (имам впечаток дека во тој поглед работите стојат уште полошо одошто во времето на едноумието. Тогаш барем soysuz-креатурите не смееја јавно да ждригаат!).

А пропос, кога веќе ги спомнав алузиите на органот на ССРНМ на сметка на Лигата за демократија, ред е да ги споменам (како илустрација за еден одамна познат метод на лични дисквалификации) и тие на сметка на нејзиниот лидер: “новопечен колумнист и талентиран адвокат, кому што игрите на среќа му биле омилена тема”. Последново, мора да признам, ми е сосема нејасно! Настрана фактот дека тие квалификативи очигледно немаат врска ни со неговата партија ниту пак со нејзината програма!

Г. Тортевски пишува и во ДНЕВНИК и не ретко знае духовито да погоди во нерв. Од друга страна, тој не се слика во друштво на водители на игри за среќа, што му ја разгалуваат душата на македонскиот народ со “ЏОКЕР вреден милион денари”, ниту пак станот за одмор во Пештани го добил на БИНГО. Просто, си го купил на најстаромоден начин! Да се шири таму на туѓо, веројатно би им бил симпатичен...

Ѓорѓи Марјановиќ

СДСМ - И СЕ Е МОЖНО!


Перипетиите со Педагошкиот факултет живо ме потсетија на една практика од времето на едноумието, за која инаку сведочам и во мојата автобиографска сотија СТРУЧЕН ТРУД (што неколку книжарници во Скопје и наоколу безнадежно се обидуваат да ја продаваат во испостената земја Македонија): кога главешините на единствената партија ќе сакаа да се отарасат од некој непожелен либерал, анархо-либерал и сл., ќе го повикаа во Градскиот комитет секретарот на соодветната (задолжителна) ОО СКМ и ќе му речеа: вака и вака, или ќе го решите проблемот со тој и тој или ние ќе ја распуштиме вашата основна организација! (Само оние што живееле во најдобриот од сите можни поредоци на светот знаеја каква ужасна перспектива беше тоа: еден факултет, еден институт и слично да остане без авангардата на пролетаријатот!) Притоа на повиканиот никогаш не му даваа ништо црно на бело: тоа требаше да се реши во духот на нашиот самоуправен социјализам (со човечко лице).

Секретарот ќе појдеше на факултетот или на институтот или сл., и исто толку неформално ќе им го кажеше на членовите на секретаријатот она што му го беа рекле во Комитетот. Секој од нив ќе им го кажеше тоа (во четири очи) на оние што му беа блиски и така на следниот состанок имаше критична маса за одлука во духот на сугестијата.

Ако отпосле се покажеше дека одлуката била утка (недемократска или кој знае каква), виновни беа само и единствено самоуправувачите. Впрочем, оние од комитетот формално и не постоеја: иди па докажи дека така ти рекле. А и да докажеш (Бог да чува!), пак нигде не пишува дека тоа за тебе било задолжително.

Јуношите од денес владејачкиот СДСМ, ги немаат, се разбира, хипотеките на едноумната партија, туку само нејзините пари, нејзините згради, нејзината инфраструктура и, што е најважно, нејзиниот неуништив дух! Од друга страна, сега е плурализам, сега нема ОО-и, ОК-и, ГК-и, УК-и, ЦК-и и новото време си бара нови решенија: ќе треба ли да се реши прашањето на некојси таму проблематичен декан, со неговите луѓе, со неговите студенти, со неговата администрација едноставно ќе се формира нов факултет, а на стариот (кому што, според законот, не смее да му фали ни влакно од главата), како на ненужен просто нема да му се даваат пари. Впрочем, и чуму му се, кога нема ни професори, ни асистенти, ни студенти, ни студентски прашања, ни хигиеничари (да не речам чистачки).

Така, на СДСМ-овците (и на нивните чесни коалициони партнери) никој жив не може да им префрли дека укинале еден факултет, член на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, дека грешиле душа по однос на автономијата на Универзитетот. Кој сака да види како тешко навистина се укинува еден факултет треба само да ги прелиста старите (подврзани) примероци на нашите дневни весници во врска Факултетот за безбедност: таму има рокови, правна сигурност за вработените, таму се решава судбината на наставниот кадар, на асистентите, таму се решаваат безброј материјални прашања. Таму постапката на укинување ќе потрае до 21 столетие!

Во одлуката на владата за формирање нов Педагошки факултет разбирливо нема ништо од тоа. Таа не е деструктивна. Таа е креативна! Таа само создава нешто ново, уверена дека старото ќе си одумре само од себе, како растение што не го вадите.

Па сепак, мене оваа одлука некако и премногу ми мириса на оној министер за наука што на времето (пред да стане министер за образование) самиот изјавуваше дека ништо не разбира од образование. Сега гледам дека жената зборувала вистина. Дека, на времето (презафатена со проблемите на синдикатот во самоуправното социјалистичко општество), никогаш и не научила што е тоа факултет, Универзитет, а особено, што е тоа автономија на Универзитетот.

Што е најстрашно во оваа мачна приказна, владата (составена од едно чудо универзитетски професори и министер за образование кој е универзитетски наставник) пројавува крајно презрение спрема човечкиот интегритет на универзитетските професори и асистенти: знаејќи дека живеачката (голото преживување) е на прво место, таа воопшто не се сомнева дека новиот факултет може да го состави од персоналот на стариот. Напротив, сигурна е дека тие понижени и навредени луѓе ќе ја подвиткаат опашката и ќе се глават да работат на тој нов Педагошки факултет.

Ако пак професорите, асистентите и помошниот персонал неочекувано решат да покажат дека се сепак луѓе а не паричка за поткусурување, дека не сакаат да одат на владиниот, новиот, паралелен Педагошки факултет во секое време ќе може да се состави со припадниците од онаа етничка група што само ние во Македонија не смееме да ја викаме онака како што чувме дека ја нарекува г. Фатос Нано (без, за чудо, тоа воопшто да звучи навредливо!). А тие ќе бидат послушни, зашто го добиле она што отсекогаш го сакале: високообразовна институција на својот преубав мајчин јазик.

Во тоа може да се верува! Зашто во неа тие ќе си ги решаваат работите како што сакаат: ќе си прават наставни планови и програми во кои нема да има ништо за митскиот народ што го измислила Коминтерната, ќе си ја прошируваат дејноста на се нови и нови подрачја, а потем по потреба, кога факултетот ќе им стане преголем, ќе предложат да се подели на неколку нови: факултет за физика, факултет за хемија, итн. итн. и додека да се свртиш околу себе, Македонија го добила она што тие отсекогаш го барале. Притоа, на секоја прослава на Денот на Знамето ќе си пуштаат плочи со химната на нашиот западен сосед, ќе си го изразуваат својот идентитет со неговото знаме, итн. итн. (А ако некој и се реши да ги учи на лојалност спрема македонската државата, чиишто граѓани се, тука е мадам Рен & комп. да им ги заштити повредените малцински права). Митскиот македонски народ само чисто технички ќе ја плаќа егзистенцијата на нивните политичко-научно-наставни институции. И тоа - не особено долго: само додека да се оствари бесата дадена во Тетово, дека денес или утре, со добро или со сила, тој народ (да не речам кој) од Албанија, Косово и Македонија ќе живее во една држава.

Така, новиот владин Педагошки факултет е можеби само пробен балон за тоа како да се реши деликатното прашање на американско-албанскиот Little River University? Кој знае? Со СДСМ - се е можно!

КОГА ЌЕ СЕ РАСПАДНЕ ГРЦИЈА?


Пред некое време една позната грчка националистка, по име Леонидас Самарас, фати да „грача” дека наскоро ќе се распаднела Македонија. Нему од првиот момент на постоење на Македонија не му беше ујгун што постои оваа земја, па се обидуваше самиот да ја распадне. Многу е поточно да се тврди дека ќе се распадне Грција. Кога точно ќе се распадне, не е толку важно. Во секој случај, главно, се распаѓаат вештачки составените држави, кои немаат внатрешна кохезија: се распадна Советскиот сојуз, се распадна Југославија. На добар пат е да се распадне и Грција.
Грците првин не се еднороден народ. Тие се собраа во една држава настојувајќи сè што не е грчко, да стане грчко. Така, некаде во бр. 9 /1992 година во „Демократски форум,” објавивме една статија во превод од еден грчки новинар по име Елиас Петропулос под наслов „Богумилски гробови во Грција”, во која тој педантно расправа за тоа како по победата на грчките „социјалисти” на чело со Папандреу, владее крајно опасна клима на шовинизам и морализам, што се пројавува на илјада и еден начин. Така, на грчкиот ТВ канал прикажувале серии емисии насочени против Евреите; на странските нудисти се гледало како врз грозни перверзници. Елиас Петропулос испратил писмо до големата „социјалистка” Мелина Меркури предлагајќи таа да издаде марки во сеќавање на 50.000 жртви на еврејската заедница. Мелина Меркури не одговорила! „Грчките социјалисти” ги мразат Евреите (грчки поздрав до г. Саркози, големиот љубител на Грција!). Грчките социјалисти не ги сакаат ни Словените, не повеќе од Турците. Елијас Петропулос и’ напишал писмо на Мелина Меркури во врска со селото Веви (македонското име за ова село е Баница) во кое се наоѓале повеќе богумилски гробови. Работејќи врз својата книга “Graves of Greece”, (Париз, 1979), ги беше обиколил гробовите во Веви и нашол неколку стекци и надгробни плочи во некој вид порозен камен, во мошне лоша состојба, запуштени и искршени на повеќе парчиња.
Направив, вели Петропулос, повеќе скици на тие гробови и си отидов. Уште при таа прва средба сватив дека најстарите гробови во современа Грција се во Веви и фатив да наслутувам дека се тие богумилски. Во 1974 се вратив во Веви и ги снимив тие интересни гробови. Во една моја статија објавена во весникот „Солун” барав грчката влада да ги заштити тие гробови, единствени по својот вид. Потоа барав од власта да повика странски стручњаци да го дадат својот суд за нивната вредност и значење. Грците, меѓутоа, не веруваа дека во Грција може да има словенски урнатини. Во Грција не можеш да најдеш ниеден универзитетски наставник што се занимава со подрачјето на славјанската наука или туркологијата. Врз проблемите на богумилите работеа Србите, Бугарите и Чесите. Под такви услови, и Грците се начисто дека нивното сегашно потекло е малечко.
Во една нова статија во германскиот весник Frankfurter Allgemeine Sontag-zeitung од 2008 година, водачот на леринското „Виножито”, Павлос Воскопулос, навестува дека нема веќе да го крие ни својот идентитет. Тој сака, како и неговите претци, да се нарекува Филипов, што некогаш му било одземено. Сега постои Суд за човекови права во Стразбург и тој оваа ситна „поправка” може мошне лесно да ја направи.
Така Самарас може колку да сака да проповеда дека неговата националистичка Грција била побројна и помоќна и многу поразвиена од другите. Овој механички судир на народи во Грција сам од себе ќе доведе до распаѓање. А кога тоа ќе се случи не е важно. Рускиот академик Игор Панарин претполага, на пример, дека до 2010 година ќе се распадне и САД: економската и моралната криза, на пример, ќе доведе до нивно распаѓање и до нова граѓанска војна. Кога 1976 година францускиот научник Емануел Тод го предвиди распаѓањето на СССР никој со ништо не можел да му приговори, но ни сега нам. Маленкоста на земјата воопшто не е причина за распад. Лихтенштајн и Монако се малечки, но воопшто не им паѓа на памет да се распаднат! Така стојат работите и со Грција! Таа е помоќна од соседните земји, но тоа ништо не значи дека не е неуништива. Во неа има два милиони Албанци, повеќе од два милиони Македонци, над два милиони Власи. А тоа е сосема доволно за распаѓање!

Горги Марјановиќ

СРАМНИЧЕ

Некои пријатели (и добронамерни читатели) сериозно ми замерија што во моето СОЧИНЕНИЕ не сум му одговорил на несудениот македонски амбасадор во Унгарија во врска со епизодата со “ценкањето” околу сликата. И натаму мислам дека за тоа немаше (и нема) потреба: ако целата приказна е авторска фикција на кандидат-амбасадорот, јасно е како бел ден дека и таа епизода е плод од истата творечката фантазија. Па сепак, епизодата со сликата ми даде идеја (денес, еден ден пред заминувањето во Стразбур) да си ја напишам “домашната работа” за ДНЕВНИК, за да не мора редакцијата после да им се извинува на читателите.
Имам неколку добри слики од македонски автори. Некои ми се подароци од самите автори (еден прекрасен цртеж од Благоја Николовски, неколку графики што како новогодишни честитки ми ги испраќаше од Белград Илија Костов), некои се подароци по повод некои мои важни успеси (докторирањето, да речеме), ниту една единствена слика не ми е од подарок од родители или од блиски на моите студенти. За да бидам сосема искрен, еднаш (без да знам) сум бил во опасност да добијам и ваков подарок!
Еден ден еден пријател ме замоли да примам некоја дама. Сакала да поразговара со мене. Беше тоа спроти јунската сесија и се знае за што се разговара со професорите. Сепак, знаел - не знаел, не можев да одбијам да разговарам. Формата налагаше да се видиме. И, еве ти ја, дојде. Како што си мислев: вака и вака, вели, кај вас треба да полага едно момче. (“Знаете татко му е полковник на КОС!”, значајно нагласи, небаре се работеше за принцот од Велс или за грофот од Париз.) Детето вредно учи, но, знаете како е, не би било лошо малу да го окуражите. Се разбира, толку можев да сторам. Толку секогаш правам.
Момчето (Српче, со “штуцовани бркови”) кривичното право не го беше ни пипнало, така што (за да положи) требаше многу повеќе од куражење. И, се разбира, падна. Падна и следниот пат и така неколку пати. Кога најсетне се свести дека ништо не помага освен да седне и да учи, така и направи. И положи! Дури и со добра оценка.
Не мина многу време, а јас кај мојот пријател (оној што ме молеше да ја примам) видов неголема, но убава слика од сопругот на дамата. Машала, му реков, ти пораснаа акциите. Веќе купуваш слики и од познати скапџии. Пријателот театрално офна: “А, бе, професоре, ми рече, за тебе беше подготвена четири пати поголема слика од оваа, а ти го бутна детето.”
Инаку, во кабинетот на Правниот факултет имам една бизарна графика (“Мала промена”) од Илија Костов. Бизарна велам зашто на графиката фигурира некакво суштество за кое не би можел да се заколнам дали е стаорец или нилски коњ. Но, што да се прави, така слика Илија, маџирмаалец, неколку години помлад од мене, што живее и работи во Белград.
Ме беа поканиле на некаков собир на правници во Сојузното собрание и притоа добив дневници за кои не можев ни да сонувам. Една квечерина појдов да го посетам во неговото ателје мојот драг маџирмаалец, графичарот Илија Костов (на Косанчиќев венац 11). Жена му и тој очигледно се подготвуваа да вечераат: на една бела простирка на масата имаше конзерва сардели, кромитче и лепче. Се испоизнапоздравувавме, се распрашавме за јуначкото здравје, а потем замолив да видам што работи во последно време. Ме бендиса графиката што ја спомнав и прашав колку би чинела. Илија рече една сума, а јас, кога се свестив колкави дневници добив дента, воопшто не се двоумев да си ја купам. И така ми остана спомен од Илија и од советувањето во Сојузното собрание.
Поминаа години, еден ден се сретнав со една важна дама (директор на една од најзначајните државни галерии во Скопје) и збор по збор, туку фатив да # зборувам за Илија. Вака и вака, велам, човекот е одличен графичар, страда без средства во Белград, а во Македонија речиси никој и не знае за него. Како би било да му организираш изложба во твојата куќа. Дамата изненадено ме погледна и речиси навредено ми одговори дека таа е директор на... (да не речам на што), а тоа не било социјална установа. Одговорот го почувствував како шлаканица. Помина една година. Уште бевме во Југославија, а во Белград се одржуваше традиционалното графичко биенале. Еден ден, пресреќен, прочитав во ПОЛИТИКА Илија Костов (во силна меѓународна конкуренција) ја добил главната награда на биеналето. Наградата, инаку, носеше ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност покрај Сава и репрезентативна колор-монографија за творештвото на победникот.
Пак случајно налетав на важната дама и не можев да истрпам да не ја пецнам: “Прочита ли? Нашиот социјален случај го добил Златниот клуч на Белград, а ти не сакаше да му организираш ни една изложба”. “Ах, Ѓорѓи, воздивна со досада дамата, кој знае според какви критериуми се делат наградите на тоа биенале...” Овој пат нејзината реакција не ме погоди, туку ме шашардиса! Македончето во Белград немаше практично што да јаде, а оваа важна госпоѓа се сомнева дека Србите од кој знае какви причини решиле да прескокнат едно чудо свои и странски сликари и да му ја доделат наградата на Илија. Кумановци би рекле: “Да се крстиш с’с леву руку!”
И така Илија беше и остана непознат во Македонија. Го знаат во Европа, но не и дома. Југославија се распадна, а ние со Илија веќе не се видовме ниту се чувме. Можеби новото младо лудо (убаво) директорче на Музејот на современата уметост ќе ги прочита овие редови и ќе стори нешто да се исправи неправдата спрема Илија. А дека е неправда, не сакам ни да расправам. Би рекол дури: чист резил! Туку здравје, не ни е ни прв ниту пак ќе ни биде последен резил. Во резили барем не сме во оскудица!
И за другите слики што ги имам би можел да раскажам по една приказна, но ниедна не е таква што да се срамам поради неа. Само, голема фајда од тоа! Ни некои други не се срамат, иако би имале и зошто и одошто. Изгледа просто немаат орган за срам. Тоа на македонски се вика “срамниче”? Не (ѕирнав во Речникот), срамниче било нешто друго. Нејсе, има врска со срамот, а убаво е за наслов.

ЗАЛОЖНИЦИ

Од поодамна се колебам да напишам некој збор на тема “заложници” и никако тоа да го сторам. Можеби затоа што не е сосема јасно кој сè е, всушност, заложник во Македонија. На споменувањето на овој збор, меѓутоа, поголемиот дел од нас мисли на драмата со “војничињата” (според дедовскиот жаргон на г. Кљусев). И ден денес на многумина не им е јасно што навистина се случило со војнициве.
Официјалната верзија вели дека нив ги фатиле некаквиси косоварски терористи, па побарале, заради нивното пуштање на слобода, да се пушти од притвор извесен Хасани, што таму се нашол поради мошне прозаично кривично дело (обид за убиство). Нашата владата, загрижена за доброто на своите војници, најде начин ова да му го соопшти на истражниот судија и човеков, за да не си ја оптоварува совеста со четирите млади животи, брзо и ефикасно го пушти притвореникот, а војничињата веднаш потем се најдоа на слобода. После излезе дека именуваниот Хасани се појави пред судот за да си ги земе назад парите од гаранцијата и да се брани од слобода. Излезе дури дека човеков нема врска со какви и да е заложници.
Ако тој нема врска со “драмолетката” на г. Кљусев и комп., се поставува прашањето: за кого тогаш македонската држава ги менувала војничињата. И дали воопшто имало некаква трампа. Дополнителна енигма е од кај му се 200.000 ГМ на Хасани (наводно - обичен работник што чека пензија). Злите јазици трвдат дека функционерите и активистите на PPDSh се препотувале цел еден ден во настојување да ги соберат парите. Ако е тоа точно, тој “обичен работник” и не е толку обичен: тој е многу важен за PPDSh, штом таа коалициона партија со сомнителна легитимност морала да плукне во рацете и да собира пари за гаранцијата. Ако е точен наводот на приштинскиот весник KOHA DITORE, Хасани не е важен само за PPDSh, туку и за косоварите, штом Џафери лично го префрлил на Косово, каде што му бил приреден величенствен пречек и народна веселба со пукање и заедничко сликање за весници. А пак, ако сево ова е точно, тогаш (според теоријата и практиката на кривичното право) PPDSh испаѓа соучесник во грабнувањето на војниците и нивната трампа за Хасани.
Па сепак, иако во јавното обвинителство на Македонија работат луѓе што учеле и полагале кривично право, никому од нив очигледно не му паѓа на памет да фати барем да истражува има ли (и, евентуално, каква) врска помеѓу грабнувањето на војниците и нивната трампа со косоварските терористи. А ако PPDSh соработува со косоварските теористи, тогаш и таа партија е криминална структура. А ако е криминална структура тогаш последно место на кое треба да се најде е - македонската влада. Ако пак е таму, тоа значи дека сепак не е криминална структура и не е соработник со косоварските теористи. А можеби трампа воопшто и немало.
Хасани вели дека не знае ништо за некаква трампа. А во објавеното (строго доверливо) писмо на скопскиот јавен обвинител до истражниот судија стои црно на бело дека токму за тој Хасани се киднапирани тие четворица војници. Владата, од своја страна, дури се пофали со својата трампа, што спречила дополнителни трошоци за мртовечки ковчези и погребни свечености.
И така, клопчето се мрси, се мрси, што, на крајот од краиштата, никој не знае дури ни толку - имало ли воопшто киднапирање, имало ли трампа, ако имало - за кого се трампени војниците (Хасани вели не било за него, писмото на скопскиот јавен обвинител тврди - токму за него). Ви личи ли сево ова на нешто? Постарите ќе се сетат на убавиот замрсен филм чијшто наслов стана синоним за заплеткана приказна со онолку вистини колку што има субјекти во неа: “Рашомон” (оттаму - рашомонијада). Мислам дека е време некој да му сугерира на Милчо Манчевски да се зафати со размрсување на она што македонските власти очигледно не може да го сторат.
Деновиве прикаската со македонските заложници добива нов заплет: војниците, очигледно неблагодарни што владата ги спаси од ковчезите и сè што оди со тоа, бараат надомест на штета за време на киднапирањето и заложништвото.
До мене првин допре приказната за ставот на еден мој драг пријател (и поранешен претседател на Лигата за демократија), кој, наводно, на некоја телевизија не само што им го оспорил правото на надомест на штета, туку побарал и нивна дисциплинска одговорност поради тоа што дозволиле да бидат фатени. Ако точно ми пренеле, ова би било некаква јапонска војничка доктрина: за да одбегне какво и да е заробување, македонскиот војник мора да загине. А, ако загине, ковчег не му гине. Па, нели одбегнувањето на ковчезите е вистинската добродетел на владата во случајов.
Но, ако и не сум согласен со мојот пријател и сопартиец дека војниците може да бидат казнети затоа што биле фатени (не знам некоја армија во светот да ги казнува своите војници и офицери што биле заробени од непријателот), наполно сум согласен со него дека немаат никакво право на надомест на штета. Впрочем, и самиот сум бил војник и сум полагал заклетва. Во неа велевме дека сме готови, ако притреба (не дај Боже!) и животот да го положиме на олтарот на Татковината. И сега, ако ниедна држава на светот не им плаќа надомест на семејствата на загинатите војници (што ќе рече: за најголемата, непоправливата штета што може да се претрпи), по која логика да се обештетуваат оние што претрпеле далеку, далеку побеззначајна и лесно надоместлива штета. Тоа во логиката е нарекува “аргументум а маиоре ад минус”: она што важи за потежок, мора да важи и за полесен случај. Ако државата не е обврзана да плати отштета за смртта на војникот, не е должна да плаќа ни за неговото телесно повредување, заробување, киднапирање и сл. Па белки тоа можел некој да им го каже на нашите “војничиња”. Белки толку можеле да сфатат и самите, без кој и да е да им каже. А тие сепак бараат надомест.
Прво што ми паѓа на памет е: бараат можеби затоа што им ветиле надомест што се согласиле да изигруваат заложници. Ми беше сомнително што толку долго време јавноста не им ги знаеше ни имињата, ниту можеше да им ги види лицата на киднапираните. Уште тогаш си мислев дека Кљусев веројатно бара доброволци. Ако АРМ им исплати каква и да е надомест (а како да прочитав некаде дека Министерството за одбрана им ветува дека ќе ги обештети), ќе имаме доказ над доказите дека доброволци и навистина биле пронајдени.
РЅ: На г. Милчо Манчевски не му барам надомест за авторство на идејата за “Македонскиот Рашомон” (ако реши да го снима). Но, би бил почестен да ме спомне на шпицата.

МАКЕДОНСКИ ТАБИЕТИ

Се чини, во природата на луѓето е побргу да го забораваат доброто одошто лошото што некој им го сторил. Така, еден од нашите велепочитувани министри, на времето, како младо момче, со моја препорака за прв пат го виде белиот убав свет: го пратив на Семинарот за американски студии во дворецот Леополдскрон, раскошната некогашна летна резиденција на салцбуршките кнезови-надбискупи (што може да се види на банкнотата од 1000 австриски шилинзи). А кога лани ме стрефи (не сосема наивен) мозочен удар, па со недели лежев во одделот за интензивна нега на Нервната клиника, мојот некогашен миленик и штитеник не се сети дури ни по телефон да се распраша за моето јуначко здравје. Беше министер (и тоа од најважните во земјата), а на министри, изгледа, не им личи да се распрашуваат за здравјето на своите поданици. Сакам да имам разбирање за неговата заборавност, но, за чудо, не можам. Го “оправдува” само тоа што така постапија и другите мои колеги, сега министри.
Нејсе, да ги оставиме на страна министрите. Некој рекол дека власта ги расипува луѓето и тоа очигледно не е далеку од вистината. Особено ако се расипливи по природа! Да проговориме за еден поинаков вид луѓе, за оние за кои велиме дека се достојни за почит! Еден таков, Суданец по националност, а муслиман по вера, што на времето дипломираше на Економскиот факултет во Скопје, се одзва на нашата покана за свадбата на мојот првороден син и по тој повод долета, што би рекле, дури од крајот на светот, од Обединетите Арапски Емирати! Тогаш од него чув (за мене) чудна приказна за македонските табиети!
Како пријател на оваа земја (во која помина десет од најубавите години на својот живот) сакал да помогне да се отвори некаква “линија” за стопанска соработка на Македонија со богатите и пребогати Емирати. Разговарал со повеќе важни луѓе од една позната скопска фирма во која работел некое време по дипломирањето. За негово големо чудо, во фирмата на пропаѓање сите биле за, но зделка никако да направат. Најпосле, еден од поважните босови го зел на страна и му рекол: вака и вака, ти, братко, ќе ме поканиш мене таму во Емиратите, па да седнеме на мира и да видиме што може да се стори. Така и сторил мојот пријател: напишал покана, човекот седнал во авион, та одлетал во Арабија. Таму го пречекале како што дал Господ, го одвезле во престолнината, го сместиле во богата господска вила, го хранеле, го поеле и притоа, како што бидува, разговарале и за бизнис. Што здоговориле, не знам, само знам дека сопскиот директор една недела подоцна побарал од мојот пријател седмодневна сметка за престој во хотелот Шератон, во кој, инаку, воопшто не припарил. И ја добил. Оставам сами да се досетите што сторил со неа во Скопје...
За малу да заборавам: фирмата е веќе пропадната или е - да не излажам не сакајќи - пред затворање. Што (од раскажаново) не е ни чудо! На оваа епизода се сетив кога еден ден се обидов и самиот (пусти будала!) да í помагам на Македонија!
Имам еден внук по женина линија, што пред десетина години остана сирак без двата родители, па, како таков (башка одличен ученик) доби државна стипендија за Народна Република Кина. Појде и за рекордно време дипломираше на Пекиншкиот универзитет, оддел за кинески јазик и литература. Таму ретко кој знаеше за тоа како студира момчево, но сите го забележуваа како одличен играч на дипломатските тениски турнири. По природата на работите во социјализмот, на тениските терени резервирани за дипломатската и номенклатурна елита се запознал и фатил да се дружи со млади луѓе како него, што пет-шест години подоцна втасале високо на врвот од кинеската партиско-стопанска хиерархија.
Елем, нашиот внук (кој, патем речено, и се ожени во Пекинг, а денес има и убаво синче со македонско име, а кинеска фаца) едно време работеше како преведувач за кинески јазик во Извршниот Совет на Македонија, односно во Сојузниот извршен совет.Кога нí се растури заедничката татковина, виделе - не виделе, та одлетале во бел свет. Првин во Хонг Конг, кај роднините на жена му, потем во Пекинг, каде што наскоро основал просперитетна канадско-кинеска трговска компанија. Прво што помислив беше: а зошто не македонско-кинеска, по ѓаволите. Со неговите познанства во врвовите на кинескиот естаблишмент тоа секако би била барем исто толку добра и просперитетна фирма од полза за Македонија што се дави во стопански проблеми.

ПРАВНА ДРЖАВА НА БАЛКАНСКИ НАЧИН

Во највисокиот закон на оваа земја пишува црно на бело дека една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото. Кога пред десетина години во еден текст се бев заложил за правна држава (што е исто со владеење на правото) во нашата некогашна заедничка татковина, двете Претседателства (се сеќава ли некој на нив?) дадоа заедничка изјава во која тоа и слични барања ги означија како контрареволуција. Деновиве, сосема случајно, дознав како се остварува мојот дамнешен идеал во оваа земја, нешто што би го нарекол правна држава на балкански начин.
Едно младо момче (електро-инженер, што во жална Македонија се занимава со производство ... ајде да не откривам многу, зашто луѓето се уплашенидека и ова може да им наштети) ми се обрати за совет: нивната фирма е претпријатие за професионално оспособување и вработување на инвалиди и, како таква, е ослободена од данок на добивка. Има закон, има решение. Арно ама, и државата Македонија има потреба од пари. А парите ги имаат приватниците, а тие, како што е познато, се заколнати непријатели на социјал-демократијата (читај: социјализмот) на младинците од С(К)М. И така, вели приказната, Бранко му рекол на Бошко: државната каса е празна, а Бошко (не знам кој е тој, а, искрено зборувајќи, не ме ни интересира) веднаш се фрлил во акција и остварил завидни резултати наплатувајќи данок од оние што тоа го одбегнуваат. Меѓу жртвите од неговата рација се нашла и фирмата на младиот инженер. Нема врска што се на списокот на фирми ослободени од данок на подрачјето на град Скопје, решение си е решение, плати па жали се! Ако си во право, ќе ти ги вратиме парите!
Проблемот ми изгледаше банално едноставен, но, со оглед на тоа што законот во Македонија не им дозволува на универзитетските даскали да даваат правна помош, му се јавив на едно друго момче (адвокат и мој некогашен студент) и му го раскажав по телефон случајот молејќи го да и помогне професионално на фирмата на младиот инженер.
Излезе дека проблемот (како појава) му е познат и нему. Веќе имал такви предмети. Вели: нека дојдат утре кај мене во канцеларија, па ќе најдеме некое чаре. Зошто чаре, велам јас, та нели има закон, а по законот тие што даваат работа на инвалиди се ослободени од данок. Момчето длабоко воздивна чудејќи се на мојата неукост и наивност, а потоа искрено ми рече:
- Слушајте професоре! Тие луѓе ќе мора под итно да си регистрираат нова фирма, со иста дејност, зашто ако решението биде потврдено во втора инстанција (а ќе биде, зашто за тоа бил надлежен оној Бошко што го спомнавме погоре), младинците од С(К)М, како што велите вие, веднаш ќе им ја блокираат сметката и тие парите ќе мора да ги платат. Потоа ние ќе поведеме управен спор, што ќе трае едно година и пол и, како и многу пати досега, ќе го добиеме. Тогаш управата за јавни прифоди на Скопје кога ќе има пари навистина ќе им го врати неосновано платеното, но без какви и да е камати за нивните пари што во меѓувреме ги вртела и оплодувала. Затоа велам: нека дојдат да побараме чаре.
Тогаш ми текна дека го познавам новиот министер за финансии (неодамна се сретнавме на промоцијата на една книга и срдечно си поприкажавме. Не е како неговиот претходник, што сите пријатели кои не останаа во неговата партија ги запиша за свои лични душмани. Мене, изгледа, посебно!). Би можел да му се јавам и да го запознам со појавата. Не му барам протекција, туку му укажувам на појава, за која, да го прашаат јавно на МРТВ-ата, секако ќе рече дека не му била позната. А можеби и навистина не му е!
Моите посетители се насмејаа. Па, професоре, ние имаме една сестринска фирма (многу поголема од нашата), што го имаше истиот проблем и требаше да плати стотина илјади дојчмарки данок. Му се јавиле на министерот и тој на едно книжуле (своерачно) му пратил абер на Бошко да не го задева човекот, зашто неговата фирма била ослободена од данок. И Бошко, се разбира, не го задева(л). А кога ние се повикавме на тој случај, некој во управата за приходи се насмеа и, кревајќи ги рамениците, ни рече дека покрај сувото горело и сировото. И ден-денес не знаеме што сакаше со тоа да каже.
Останав со прстот в уста (како што велеше еден неоромантичарски пратеник од првото слободно избрано Собрание на Македонија). Навистина чудни се патиштата на правната држава на брдовитиот Балкан. Се прашувам само што си го трошам времето јас учејќи ги студентите на европски принципи на правната држава.

НЕ ЈАДЕТЕ АТИНСКИ СЛАДОЛЕДИ! ГОЈАТ!


Едно време, кога Југот ни беше отворен и јас не ретко одев да се брчкам во водите на топлото (ни) море, некои тамошни жители ми раскажаа една поучна приказна за нивната нарав. Лагите, велеа тие, како нешто без што луѓето никаде на светот не можат, ги создал (како и се друго) Господ. Ги подврзал во илјада вреќи, та фатил да им ги дели на народите: некој добил една вреќа, друг - две или три, трет - дури десетина. И се така и ниеден народ не останал без таа Божја дарба. Па сепак, и покрај немерливоста на Божјата правда, на крај му останале стотици неподелени вреќи со лаги. И бидејќи нему не му требале, не знаејќи што да прави со нив, зел та ги фрлил врз една каменита ненаселена земја да не прават зијан. Арно ама, едно време и во тој камењарник се населил и се намножил некаков народец и вреќите (очигледно) не останале ненајдени. Тој народ е денес нашиот јужен сосед и ете зошто е ненадмашен во онаа дарба со која (и не сакајќи) толку богато го обдарил Господ. Така раскажуваат Атињаните за себе и за својата природа а јас само го пренесувам раскажаното. Ни додавам ниту одземам.
По сите оние работи што ни се случуваат последниве пет години со нив, многу често мислам на нивната приказна. Ако решив јавно да ја раскажам, тоа е затоа што ми се чини дека со нив не ќе може поинаку да излеземе на крај, освен да фатиме да учиме од нивната ука и наука, та да ги толчиме, што би рекле Кумановци, “с’с њини камења по њину главу”. Ова не би требало да ни биде особено тешко, зашто и ние во оваа земја имаме мошне даровити младинци, собрани во некакви сојузи за Македонија, кадри за се, па и за лаги и прелаги.
А сега, еве и што сакав со овој увод!
Оној пат кога Север ни беше затворен поради “неоправданите и со ништо незаслужени санкции” спрема горниот добрососед, а долниот реши да не затвори со сопствено ембарго, не ме мрзеше да појдам (самоиницијативно) на разговор на највисоко рамниште во земјава и да прашам зошто македонската граница функционира на принцип на полупропустлива мембрана та пред неа запира се што е наменето за Македонија, а без мака минува се што оди кај јужниот добрососед. Во вакви ситуации, велев (повторувајќи некои уроци по меѓународно јавно право), сосема е легитимно нашата земја да и го прави истото тоа на својата драга јужна сосетка. И никој жив на светот не ќе може да ни забележи дека правиме нешто недопуштено, нешто невидено и нечуено на веков. И редев примери за она што го знаев, за она што некаде, некогаш сум го прочитал та фатив пена на устата зборувајќи, иако тоа (зборувањето) ми е, да речеме, занает. Редев и примери од мојата сопствена животна практика, подвлекувајќи дека има само еден начин другите да се натераат да те почитуваат - да им ги покажеш забите, кога треба!
Ме сослушаа со пословично добронамерното внимание (на кое, чувме, не можат да му одолеат ни најзакоравените француски сенатори) и ми одговорија дека е се така како што велам, дека меѓународното право, верно, познава таков принцип, но дека Македонија, со ваква постапка, иако наполно легитимна, би ги загубила сите симпатии што во моментот ги ужива среде меѓународната заедница. Морам да признам дека останав без текст: еден силеџија од најодвратен вид ме малтретира, ме понижува на јавно место, а јас не се бранам за да не ги загубам симпатиите на сеирџиите што сето тоа го гледаат без да мрднат со прст за да ми помогнат. А на тоа се сведуваа симпатии на меѓународната заедница, ако не сте заборавиле.
По природа сум упорен човек, па го замолив мојот соговорник да ми каже во што се отелотворуваат симпатиите на таа меѓународна заедница, за чиишто симпатии сме толку животно заинтересирани. Колку милиони долари компензација на штетите ни одобрија, колку ни ги олеснија економските тешкотии, колку...
Не се сеќавам што ми беше одговорено, но секако немаше тоа да го заборавам да беше нешто што вредеше да се запамети. Видов дека мојот соговорник свири на сосема други жици. Дека едноставно не комуницираме и не можеме да комуницираме. И престанав да се надевам дека ќе ме разбере (иако обајцата несомнено зборувавме стандарден македонски јазик).
Што е посебно тажно, жално та дури бедно, ни неговиот (и мојот) народ не се однесува(ше) поинаку. Секојдневно налетувам на автомобили на кои некој ја изгребал кратенката РМ опкружена со маслинови гранчиња. Не ретко возам зад автомобили со скината (меѓународна!) налепница МК. Луѓето раскажуваат дека пограничничните службеници на долниот добрососед не дозволуваат да влезете во нивната државичка додека самите не си ги испокршите ноктите гребејќи ја налепницата. (Пусти будали! Дали навистина веруваат дека Република Македонија ќе ја снема од лицето на светот ако од неколку коли се одлепи соодветната налепница?!) Па сепак, сето тоа и мал милион други ситни понижувања не им пречат на луѓето од оваа земја масовно да јуришаат на Југ и да им ги полнат џепобите на нашите добрососеди.
И бидејќи е тоа така, и бидејќи овој народ (и неговото водство) се поголеми христијани од самиот Христос, јас решив да воведам сопствени мерки на реторзија спрема нашите добрососеди. Кога зборувам за Јужниот, на пример, секогаш велам (Република) Атина, а за неговите жители само и исклучиво - Атињани. И така ќе правам се додека тие не викаат нас онака како што не викаат. Бугарите, верно, не викаат Македонија и Македонци, но, за чудо, тврдат дека јазикот не смеел да ни се вика македонски, туку “официјален”. Некои читатели на ДНЕВНИК веќе забележаа дека јас, зборувајќи за нивниот идиом, велам “официјален јазик на нашиот источен добрососед”. За источниот сосед ќе зборувам како за “Поранешна Социјалистичка Народна Република Албанија”.
И воопшто, за секоја земја што не нарекува со “привремената референција за внатрешна употреба” ќе изнајдам начин да ја именувам со исто толку инвентивна референција. Ако речам “Поранешна Римска провинција Галија, Германија или Британија” не се сомневам дека ќе погодите на кого мислам. А на Клинтон веќе му пишав како на Претседател на “Поранешната Британска Колонија Соединетите Американски Држави”. И ми лекна на душата. Ако сакате така и самите да се чувствувате, следете ме!
И не јадете атински сладоледи! Гојат!

Др Ѓорѓи Марјановиќ

ТАЗИ ДУПКА НЕ Е ДУПКА!


Пред повеќе години, кога социјализмот изгледаше цврст како карпа, а Америте, се чини, одгледуваа некакви надежи (меѓу другото и) во мене и во моите способности да припомогнам во неговото уривање, учествував (по покана) на една тринеделна летна сесија за правото и правните институции од Семинарот за американски студии во преубавиот “царски и кралски град” Салцбург
Главна ѕвезда меѓу предавачите беше г. Warren Burger, поранешниот Chief Justice (ние би рекле: Претседател) на Врховниот суд на Америка, пријатен народски човек што (благодарение на својот ум) се беше искачил толку високо во американскиот естаблишмент што немаше причина да биде ни големџија, а ниту пак лажно скромен. Еден ден, меѓутоа, во едно предавање, сепак му се откачи мала пројава на суета: се пофали со американскиот устав, кој, иако неверојатно краток, во текот на двесте години бил извор на енормно голема збирка судски одлуки, објавени во неколку (четири?) стотини дебели томови.
Овој факт ми заличи на онаа анегдота за еден католички теолог, што објавил 24 големи книги коментар на една единствена реченица од Светото писмо, па запрашав што е, всушност, американскиот устав - она кратко сочиенение што ни беше поделено како фотокопија од 18 странички или тие стотици томови објавени судски одлуки. Г. Бергер се насмевна загадочно и рече кратко: “Тоа е добро прашање!”, но не одговори на него.
Кога тоа се случи не можев ни да сонувам дека слични (иако сепак малу поинакви) прашања ќе поставувам и во врска со уставот на мојата земја. Така, кога, од пред некое време (во врска со не/уставноста на иницијативата за референдум за предвремени избори!), нашите велеучени доктори-министри фатија јавно да пелтечат, обидувајќи се да не убедат дека во уставот на Република Македонија не е напишано она што го читаме во него, а што таму тие лично го напишале (како во бугарскиот виц “Тази дупка не е дупка!”), се сетив за Наполеоновиот рецепт за добар устав (и за неговото оживотворување во Америка): тој да биде краток и - нејасен.
Македонскиот устав во многу работи се доближува до овој наполеоновско-американски идеал, па сепак, во него има и чисти “промашувања”: има пасажи што никого не го оставаат во недоумица. На пример, оној во кој уставописците запишале кратко и јасно: “Притворот може да трае по одлука на суд најдолго 90 дена од денот на притворувањето.” Да го видам сега тој мајчин толкувач што ќе најде начин да каже дека во Уставот и не пишува баш онака како што читаме и дека тој (притвор) може да трае онолку колку што и треба на истрагата!
Овој (неизмислен) проблем од поодамна ги мачи нашите судови, но, се чини, уште повеќе нашите министри. Зли јазици кажуваат дека тие (а особено уставописците) пред некое време седум дена и седум ноќи му се молеле на Господа да ги просветли и подучи како да најдат чаре за кашата што самите ја беа замесиле. Велат, седмата ноќ Тој им се јавил насоне и им рекол на чист официјален јазик на нашиот источен добрососед: “Тази дупка не е дупка!” и тие веднаш ја разбрале работата, а осмиот ден рано изутрина во Законот за кривичната постапка (ЗКП) клале: “Затвор заради судење”.
И така, (со Божја помош!) се нашло фантастично законодавно чаре: сега притворот може комотно да си трае само 90 дена од денот на притворувањето, но затоа пак “Траењето на затворот заради судење (ќе) мора да биде сведено на најкратко нужно време.” Каква швапска прецизност!
Колку изнесува тоа “најкратко нужно време” веројатно сепак ќе може да насети оној скопски оџа (што на страниците на Express M и претскажува светла и простеритетна иднина на Македонија). Кажано со жаргон на правниците, тоа е questio facti (фактичко прашање, што ќе се решава од случај до случај, во зависност од потребите на нашата трома реалсоцијалистичка судска машинерија). Така, и волкот сит (Уставот негибнат) и овците на број (судијата ќе си го држи “затвореникот заради судење” колку што му треба за да ја сврши работата). Има ли ова чудо од досетливост некаква врска со уставната заложба во Република Македонија да се воспостави и изгради Reihstaat (правна држава!) како темелен систем на власта? Се разбира има! Кумановци би рекле: “Прошло покрај правну државу!”
Инаку, ако сакате да дознаете од кои причини се определува “затворот заради судење”, како изгледа постапката за неговото определување и каков е третманот за “затворениците заради судење” ќе треба да ги простудирате соодветните партии од ЗКП за притворот, каде што прецизно е речено што можеме да им правиме на притворените лица за да “пропеат”.
Некој од читателите на ДНЕВНИК (и тоа не од најлошите, најспорите во мислење) ќе праша, дали е можно, утре, кога опозицијата ќе го постави прашањето за почитување на Уставот и за уставно гарантираните права и слободи на човекот и граѓанинот, судиите да не го забележат ова законодавно чириба-чирибу? Не ми останува ништо друго освен да мислам дека уставописците пак ќе му се молат на Господа да ги замае уставните судии та да не го видат она што може да го види и просечен студент по право: дека уставописните министри си играат мајтап со Уставот и дека со нив (и ним сличните мангупи во нашите редови) Македонија правна држава не бидува!

Др Ѓорѓи Марјановиќ

СИРОМАЈОТ ОД УМ ЈЕТ СИРОМАВ

Имам еден умен пријател, кој еднаш духовито иронизираше на сметка на синтагмата, што често ја повторуваат нашите (неграмотни) политичари и медиуми, дека сме биле “мала, а мирољубива земја”: “Види, мајката! Мала, а сепак мирољубива!?” се мајтапеше тој, небаре можеше да биде и поинаку. Оној што знае што зборува тешко може да очекува агресивност од една Андора или Сан Марино. Само, споменатите (наши) не се од тој сој луѓе.
Јас, да речеме, со години очекувам тие да фатат (по аналогија!) да застапуваат една друга филозофија: дека сме “сиромашна и скромна земја”! Залудо! Тоа е последната работа што може да им падне на памет на нашите сo лева рака) прекрстени комунистички раководители. Како и сите новаци, тие се оперирани од скромност.
Притоа не мислам само на некои наши наполно неразбирливи апсурди: Атина (пет пати поголема и десет пати побогата од Македонија) за преговорите со “Другата Страна” го користи својот амбасадор во Обединетите нации. Ние таму имаме (скапо платен) амбасадор, а преговорите, за чудо, ги води еден друг (исто толку скапо платен) амбасадор, комушто за секоја рунда дополнително мора да му се плати патот до Њу Јорк и назад. На страна прашањето за вкусот и дипломатската деликатност, зашто гестот јасно зборува за (не)довербата што именувачот на амбасадори ја има во способноста на професор др Денко Малески достојно да не застапува во тие преговори!
Мислам на некои други попрозаични релации: некаде прочитав дека Данска ли, Холандија ли (некоја од тие арогантни скандинавски земји) имала еден единствен службен мерцедес, што се користел само кога земјата очекувала посета од странски државник на највисоко рамниште. За другите потреби служеле помали, поскромни (и поевтини!) автомобили. Се сомневам дека некој во нашата власт воопшто знае колку мерцедеси има во сиромашна Македонија. Што е мошне нескандинавски, во тие мерцедеси не ретко воопшто и не се возат министри и странски државници (без оглед на рамништето).
Така, една вечер, забележувајќи автомобил со полициски сигнални светилки на кровот, запрев да протестирам нешто кај сообраќајците.Тие се поднасмејаа и љубезно ми објаснија дека тоа што го барам е во надлежност на градската патрола, а тие биле републичка! Некоја вечер подоцна, не забележувајќи дека се работи за истата кола, ја повторив грешката. Луѓето ме препознаа, се насмеаја и (пак љубезно) повторија дека се тие од министерството, а не градска патрола. Тогаш се сетив дека и минатиот пат автомобилот беше ист - убав, голем, син мерцедес! Сум поминал повеќе од две години во богата и пребогата Германија, а не сум видел сообраќајна (Bundes- или Landes-)патрола да вози ништо друго освен Volkswagen (во превод, за оние што не знаат, тоа е “народна кола”). Мерцедесот пак се смета за статусен симбол на солидната средна класа!
На времето, македонската полиција, купувајќи ги скапите Липицанери, сакаше да остави впечаток дека и се за службени потреби (барем по нив да заличи на њујоршката!). Некои наши не многу бистри медиумски главчиња, меѓутоа, слабодобитно ја поздравија покупката со зборовите: “Конечно влегуваме во Европа!”. И, бидејќи Њу Јорк не е во Европа (башка што таа нема такви каубојски обичаи во контрола на јавниот ред и мир), се сетив на една мошне популарна и отмена забава на богатите Англичани - на коњските трки во Аскот (или Ескт, ако сакате изговорот да ви мириса на англиски).Коњите очигледно требаше да служат за натпреварувачки цели, да бидат никулец на некој македонски Аскот. Видела жабата како се кове ат, та и таа кренала крак!
Пред некое време посетив еден пријател, сликар, и, со големо жалење забележав дека ја нема “мојата слика” (така ја викав сликата со едно изгубено, исплашено бело куче, по која го запознав и го засакав сликарот). Пријателот ми објасни дека неа, и уште две-три други слики, ги купил еден министер (оној што ги нервира Атињатите со своите вратоврски со точки и кошули со риги!) и добро ги платил! Малу ме тешеше мислата дека “мојата слика” стасала во министерски кабинет, а не помалу и тоа дека мојот сиромашен пријател добил добри пари за неа (и за другире слики). Подоцна министерот имаше некакви фрки и мораше (доста неславно) да го напушти својот дотогашен ресор. За чудо, кога подоцна повторно се појави “на малиот екран” (за време на некаков телевизиски кадросан прием) ми се причини дека на ѕидот од неговиот нов кабинет ја забележав “мојата слика”. Се сомневам дека некој кај нас воопшто знае колку слики (и од кого се!) има владата на сиромашна Македонија. И што бидува со нив кога некој ќе престане да министерува.
Сега слушам (но не верувам!) дека во владата на Република Македонија се реновираат министерските кабинети. Прикаската вели оти буџетот на министрите за оваа цел не е ограничен (некој од нив потрошил цели 70.000 ДМ). Еден министер (маж!) наводно заповедал во тоалетот да му вградат, ни повеќе ни помалу, туку - биде! (Кумановци би рекле: “Да виду, да не верују!”) Си мислам, па си мислам: “А и зашто да не верују?” И пак се потсетив на Марко Цепенков, та го ставив во насловот.

Др Ѓорѓи Марјановиќ

И СО ЦРНИОТ ЃАВОЛ, АКО ТРЕБА!

Повеќепартизмот во Македонија се јави во вид на едно чудо минијатурни групи, што понекогаш не беа дури ни едномисленички, а себеси сепак се нарекуваа партии. Имавме и социјалдемократски, и христијанско-демократски, и народни, и работнички, и просветно-работнички, и селански (земјоделски), и републикански, и монархистички, и југословенски, и турски, и српски, и ромски, па дури и партии за човекови права. (Се чудев само, како тоа не добивме и некоја бугарска партија! Да речеме: СК - Движење за Бугарија. Или Демократска партија на Бугарите во Македонија!).
Некои од овие партии ги основаа луѓе што и во стариот режим застапуваа некакви откачени, опозициони ставови, други настанаа по директива на дотогаш единствената партија (и нејзиниот ангел чувар: државната безбедност!) за да и се парира на вистинската опозиција и да се предупреди опасноста од пропаѓање на комунизмот (слично на она во Полска, ДДР, Чехословачка, Унгарија). Трети беа плод на амбициите на некои (неостварени!) анонимуси, кои конечно добија прилика јавно да проговорат, дури и кога немаа што да кажат, да даваат изјави и соопштенија, да се сликаат за весници и телевизија. Четврти и не беа партии, зашто зад нивните наумничави, не ретко и душевно растроени основачи, не стоеше никој. Кога нивните водачи почнаа да одат голи по европските престолнини и тамошните домаќини конечно водоа со кого имаат работа.
Не многу долго по основањето, во првата вистинска опозициона партија, некогашната Лига за демократија, се дојде до сознанието за потребата од обединување на опозицијата. На еден состанок на Извршниот одбор на долго и на широко се зборуваше за потребата од коалиција (и со црниот ѓавол, ако треба, само да се соборат комунистите!). За волја на вистината, и во Лигата имаше противници на оваа идеја (ѓаволот, наводно, бил и премногу црн!).
Било како било, ден-два по тој важен состанок, Претседателот на Лигата беше почестен со покана за разговор на највисоко ниво, каде што, без многу дипломатија, му беше речено дека се знае (веќе!) за идејата за обединување на опозицијата и се изрази чудење од готовноста на една толку угледна граѓанска партија да оди во коалиција со најгрдите националисти во земјата, дека тоа за неа ќе значело загуба на имиџот, итн. итн. Поканетиот, кој никогаш не боледувал од особена скромност, се повика (ни повеќе ни помалу!) на сер Винстон Черчил, аристократот што на времето направи сојуз со Сталин. На слични негодувања и исчудувања во неговата земја ли, однадвор ли, тој одговори со убавата англиска смисла за сарказам: “За да го сотрам Хитлер, ќе одам во сојуз и со црниот ѓавол!”
На поканетиот му беше ставено на знаење дека има суштествена разлика помеѓу Хитлер и комунизмот итн. итн. Во функција на минирање на можната коалиција, на состанокот паднаа и некои други (научно-фантастични) понуди, што беа очигледно неразумни како за оној што ги правеше, така и за оној комушто му беа наменети. Било како било, беше јасно дека власта (со полно право, впрочем) се плаши од евентуалниот сојуз на опозицијата и се обидува да стори што може за да го оневозможи.
Од коалицијата (па ни со “црниот ѓавол”) не бидна ништо, а малу подоцна, во настојување да ги поддржи усилбите на основачот на Демократската партија и да им даде пример на другите македонски лилипутански опозициони партии, Лигата за демократија реши едноставно да се втопи во таа голема партија. Колку беше тоа добро, колку лошо, прашање е за дискусија. Намерите, мотивите на тоа обединување беа чисти како солза. Заминувајќи на студиски престој за Германија, три-четири месеци пред изборите 1994, авторот на овие редови му остави аманет на водството на својата (нова?) партија: ако сакате некој успех на изборите, да правите коалиција (пак, ако треба, и со црниот ѓавол)!
За жал, нешто поради лидерската суета, нешто поради гореопишаниот метод на државната кујна, која секому му ласкаше дека може и сам да победи, доста поради политички недораснатите медиумски измеќари и опозицијата излезе на изборите меѓусебно раскарана, разединета, македонскиот народ би рекол: за никаде! Со таква опозиција (и со поткрепа на високоморалниот меѓународен фактор, комушто во Македонија му требаше партија со двотретинско мнозинство за да се извршат нужните промени на македонскиот устав, на македонското знаме, а по можност, и на македонското име), и најтешките повреди на процедурата можеа да се прогласат за “слободни и фер” избори. Опозицијата конечно се обедини, но само за да ги напушти изборите!
Сега сме пред општинските избори 1996. Насекаде во светот локалните избори се проба пред парламентарните. А нашата опозиција си останува таква, каква што си беше од првиот ден на плурализмот! Разединета, самобендисана, убедена дека и таква може да направи нешто против С(К)М. Не сум многу убеден дека таа конечно ќе ја прочита власта и ќе седне разумно да разговара меѓу себе. И тоа, не да разговара за вечна љубов, вечно сојузништво, туку за една прозаична работа: како да ги тргнеме од вратот овие што половина век не водат кон - никаде! Како да ги иставиме од власта, па макар утредента се разделиле за никогаш веќе да не се видиме. Се ми се чини дека е поверојатно некој да го прифати за свој сојузник тројанскиот коњ (ѓоа-либералите!). Барем, нема да се зачудам ако биде така.
Еднаш, во предвечерјето на слободата, го предупредив македонскиот народ добро да размисли за кого ќе гласа, зашто, за прв пат во својата историја, ќе има власт каква што заслужува. Сега во предвечерјето на локалните избори им го велам истото на македонските партии: или ќе се обедините (макар и само за да не се напаѓате меѓусебно) или ќе ве нема! Ни во парламентот ни во Македонија! А и да преживеете, нема да бидете ништо повеќе од она што беше едно време Лигата за демократија: pot à fleurs!

Др Ѓорѓи Марјановиќ

КОЛКУМИНА ОД БИСТИТЕ БИЛЕ ЖРТВИ НА СВОИТЕ?

Малу-малу, па туку некаде (во Велес, што се уште е Титов, или во Куманово, што никогаш не било негово) непознати лица ќе ја превртат бистата на некој паднат борец и ќе ја фрлат во коритото на Вардар ли, Средорек ли, кај што им е најблиску. Тоа, се разбира, веднаш го бележат нашите слободни независни медиуми (со кои се гордееме во регионов и пошироко!), барајќи од органите за прогон енергична потрага по непознатите сторители. Многубројните ќелии на боречката организација наводно веднаш го свикуваат своето престарено, изнемоштено членство и издаваат соопштенија во кои енергично и со индигнација протестираат против овие “вандалски”, “профашистички” акти, а не ретко се закануваат дека се готови пак, како некогаш (кога имале дваесетина години), да се стават на браникот на татковината нападната од “неофашистите”. Ни партиските гласила на здравите леви сили не остануваат покусо. И тие креваат глас и бараат одговорност за “сторителите”.
Мојот татко, кумановскиот учител Часлав Марјановиќ, е паднат борец, запишан на една од многубројните плочи на спомен-костурницата во Куманово (заедно со вујко ми Јордан Арсовски) и јас сум, ако не последниот човек, тоа секако еден од последните луѓе во оваа земја што би ги оправдувал актите на непознатите уривачи на бисти и спомен обележја. Па сепак, кога ги читам овие протести (најчесто не на изнемоштените борци, туку на нивните претседателства, најчесто не на новинарите, туку на нивните глодури, најчесто не на членовите на одделни партии, туку на нивната платена бирократија) ми се крева утробата од тоа безмерно, невидено и нечуено лицемерие. Како не им е срамота да врескаат до небеса против “непознатите сторители”, а притоа да не кажат ни збор за “познатите”. Да не одам многу далеку!
Неодамна, благодарение на подземните шепотења, беше откриена масовната гробница на нивните жртви во велешко. Нешто не се сеќавам некој велешки или не знам чиј борец (за раководствата на нивните организации и да не зборуваме) да се јави и да каже: “Тоа го сторивме ние! Јас, моите другари, моите соборци! И се каеме! Тоа ни е ноќен кошмар! Тоа ни ја загорчува староста!” Не се јави никој и (дај Боже да грешам!) нема да се јави.
Нешто пред тоа дознавме дека нашите “прославени борци” умееле да кренат рака и да убијат трудна жена само за да и го спасат образот на Партијата (читај: на нејзините истакнати кадри). А кога еден познат сторител на ваков еден тежок злостор (за кој денес се добива затвор најмалу десет години или доживотна робија - в. чл. 123 ст.2 т.5 КЗ), инаку универзитетски професор во пензија и, се разбира, и ден-денес (ако е жив!) член на боречката организација, го прашаа преку весник дали тоа навистина било можно, тој, без око да му трепне, одговори: “Да, можно е! Такво беше времето!” Не се сеќавам некој од неговите некогашни соборци да се јави и да побара (со индигнација!) оваа индивидуа да го напушти Сојузот на борците, како морално недостојна да биде во неговите редови. Не се јави никој и (дај Боже да грешам!) нема да се јави.
Зашто, јасно е: ако се јави, макар и само во еден случај, може да почне да се одмотува клопчето од стари гревови, па да дознаеме работи што и така веќе ги насетуваме - дека и многумина од оние на бистите биле токму нивни жртви!
Да потсетам дека тие исти борци владееја со оваа земја речиси половина век, а никогаш не спроведоа истрага за околностите под кои загина Рацин. Има повеќе од гласови дека основоположникот на современата македонска литература го суредиле членовите на боречката организација, а не клетите душмани. А таа боречка организација молчи!
Еднаш, пред повеќе години, во клубот на писателите присуствував на една средба со историјата: др Блаже Ристевски (секоја чест!) успеа да организира разговор со двајца од убијците на Рацин. Едниот (оној што пукал во поетот) дури се расплака, тврдејќи дека пукал не сакајќи. Упорно повторуваше дека има многу работи (забележано? Не би можел да се заколнам дека рече така!) да каже за околностите под кои се случила таа загадочна смрт. Иако читам многу, не сум сретнал дека тој некаде објавил макар и најкус запис за она што го знае. Ниту пак нашите слободни, независни медиуми кога и да е професионално (или непрофесионално, сеедно) и пристапија на оваа тема. Не, тие за ова молчат, зашто вистината очигледно е мачна за некогашната (и сегашната) владејачка партија.
Дури и нешто повеќе! По гореспоменатата средба (во Клубот на писателите) многу пати зажалив што состанокот не беше озвучен, зашто веќе и самиот тој разговор беше (или се чинеше дека може да биде) почеток на едно истражување на таа мачна тема. Кога еден ден, некој ми кажа дека старата добра УДБА потајно го снимала целиот разговорот, а лентата била преслушувана и на седница на ЦК на некаква си Партија ли, Сојуз ли... Најчудното (или најприродното!) во таа прикаска е што, наводно, шефот на една елитна мекомакедонска татковинска партија (што некогаш имаше седиште над местото на разговорот), откако ја преслушал лентата изразил мислење (или желба?) таа да биде уништена. Продолжението на прикаската никогаш не го чув. Што стана со лентата? Што било со Рацина? Тоа е многу поважно за историјата на Македонија од некоја биста што поради немоќниот бес на некој современ гемиџија ќе заврши во коритото на Вардар или Средорек.
А пропос, се почесто слушам гласови за тоа дека уште еден страдалник со урната биста (кумановскиот композитор Панче Пешев!) загинал од раката на своите соборци. Ако некој нешто знае, а нема храброст јавно да проговори на оваа тема, нека ми пише (макар и анонимно!). Адресата ми е: (се уште комунистичка!) “Јужноморавски бригади 72-б 91000 Скопје”.

Др Ѓорѓи Марјановиќ

ОРОСПИЈАТА ОД ТРУБАРЕВО


Некаде пред земјотресот, едно лудо младо приправниче од Општинскиот суд Скопје II налета на ороспијата од Трубарево: беше поднела тужба за навреда против некој што и рекол дека е таква. Приправничето, штотуку испилено (уште тогаш сакаше да соли памет!), ја викна во својата канцеларија и фати да ја убедува да не се резили млада, влечкајќи се по судови, а таа пак да лелека како животот и бил тежок, како не само што ја навредувале, туку не ретко кревале и рака врз неа. И (неочекувано за младото учено приправниче) го крена здолништето та фати да му ги покажува модринките од тепање. Во тој момент влезе судијата и - “ги фати на дело”!
Фала Богу, беше разбран човек, та воопшто не се посомнева во одбраната на приправничето: “Залудо си го губите времето, колега! Таа жена има по четири-пет вакви тужби месечно и добро заработува со нив.” Лудото, младо наскоро разбра и како: ќе и рече ли некој во селото дека е ороспија, таа него веднаш на суд! Кога судијата ќе го прашаше тужениот, точно ли е тоа, овој, неук во правото, наивно ќе речеше: “Да бе, господин судија! Тоа сите го знаат. Нам, на селаните, ни бара пет илјади. Вам, господин човек, ќе ви даде и за илјада...” Потоа, држ натаму - држ наваму, и дамата, по десетина минути натегање со тужениот, “со тешко срце” ќе се согласеше да ја повлече тужбата, ако и плати “чест навреда”. (Така велеше!) И ќе си излезеше од судот со 10.000 кеш (за споредба: една приправничка месечна плата тогаш беше 35.000 динари!), а ни тужениот не си одеше без ништо: сега знаеше еден важен урок од правото: ороспија не ороспија, немаш право така да и кажеш. Инаку, ќе ти страда џебот!
Не знам зошто, туку ороспијата од Трубарево беше првата работа што ми падна на памет кога прочитав во ДНЕВНИК дека нашиот министер за внатрешни работи им се извинил на новинарите. Не оти некој не знае дека има еден куп новинари што работат за полицијата. Само, никој нема право тоа јавно да го каже (а најмалу министерот!). Тоа е работата! Дотолку повеќе што живее(в)ме во систем кој се темели врз соработка на “свесните граѓани” со сините ангели-чувари. Затоа, министерот, народски речено, беше плукнал во изворот од кој пиеше.
Патем речено, на времето слична работа му се беше “откачила” и на неговиот претходник, кој беше рекол дека знае кои професори од неговата куќа биле тастери на полицијата за време на комунизмот. Кога при една средба со него му кажав дека на факултетот се крена голема врева околу оваа изјава, тој, со својата фамозна (медицинарите би рекле: конгенитална!) смисла за цинизам рече: “Да, да, згрешив! Требаше да ги кажам имињата!” Но, не ги кажа, и не мораше ни да им се извинува. А тие знаеја дека тој знае, па си молчеа. Сега тоа е заборавена работа, па од нив државата (како од “свесни граѓани”) и натаму ќе може да ги регрутира своите врвни експерти за внатрешна и надворешна употреба.
Затоа (да ми прости глодурот на ДНЕВНИК!), Чокревски никого не посрамоти, ниту пак себеси се посрамоти. Скромно мислам дека неговото јавно извинување до новинарите не е ништо поинакво од оние 10.000 (предземјотресни!) динари на тужениот од почетокот на овој напис!
Инаку, мене лично многу ме бендиса прикаската за интерпелацијата на “либералите”. Тие мора да си мислат оти свршиле убава работа: ем добро знаеја кои се тие новинари на продавање (да не речам како во насловот!), на кои мислеше министерот, ем фатија да го бранат новинарството (како такво!) од неговата агресивност. Само, многу се мамат ако се надеваат на (воз)вратка од благодарното новинарство. Либералите, без оглед на тоа колку се богата (“директорска”) партија, сепак немаат со што да ги платат куртизаните на власта.
Крајот од приказната (јавното извинување на министерот на полицијата!), меѓутоа, мене воопшто не ми замириса на хепиенд! Дека новинарството е сила знаеме сите и без министерот, а за тоа, од време на време (да речеме во предизборната кампања!), и дополнително се свестуваме. Затоа и не ме радува многу ветувањето: “Додека сум јас во МВР досијеа за новинарите нема да има!”.
Се разбира дека би сакал да нема досијеа за новинарите (ни за продадените ни за недопирливите). Би сакал да нема такви досијеа за професорите (ни за тастерите ни за морално-политички неподобните). Би сакал да нема ни прислушни уреди по кабинетите (“функционални се, но не функционираат”, ми беше речено од еден што тоа мораше да го знае еџ оффицио). И воопшто, би сакал оваа држава да нема потреба од тастери, цинкароши, доушници, клети шпиони. Како старински човек упорно мислам дека не е асолна државата што се темели врз вакви основи! Ниедна таква не опстанала долго. На крајот или пропаднала или морала да се реформира. Трето нема! Државата Македонија ова очигледно се уште не го разбрала.

ДНЕВНИК (I,109,9)

ДОБРОВОЉНА МОМА, МЕ′ ДО ЗУБИ!

Не би се заколнал дека актуелниот министер за надворешни работи на Македонија бил особено несреќен кога решил да отсуствува од собирот во балканската крчма, кој пред некое време (според новоизмислениот регионален евроклуч), беше свикан во престолнината на нашиот источен добрососед. Да одржувам барем некакви односи со споменатиот џентлмен, секако ќе му честитав за таа одлука: со неа Македонија ги пројави првите знаци на живот како држава достојна за почит во меѓународната заедница! Да се надеваме дека тоа не е моментен каприц, туку иреверзибилен процес од кој таа в иднина нема да отстапува.
И, кога сме веќе кај претпоставки, сакам да верувам дека, да беше по некој случај г. Данаилов-Фрчковски на сегашната позиција пред две (или можеби три?) години, кога се решаваше за нашиот прием во ООН, ние денес немаше да бидеме регистрирани во светот како “Поранешна Југословенска Република Македонија”, тој монструм од невкус на арогантната белосветска дипломатија на XX век. Туку, нејсе, се стори! Нашиот наивен претседател дозволи да го излажат и сега тука нема помош: му рекоа (наводно) дека ќе било за кратко и само за “внатрешна употреба”, а излезе бесконечно долго и ќе важи богами и надвор (дур′ до Атланта ′96!) Кој сака да види колку долго, може тоа да го прочита секој петок во еден седмичник-злопамтило. што неуморно и ги брои неделите, месеците, па еве веќе и годините на привременоста на “референцијата за внатрешна употреба”, што ја дочека (а, со Божја помош, и ќе ја испрати) и Олимпијадата ′96.
И сега, за потребите на споменатата балканска средбичка, милите ни соседи, (оној што прв, но и оној што последен не призна под нашето уставно име), без особени тешкотии се спогодија со нашиот јужен добрососед (оној што од самиот почеток се закануваше дека нашето уставно име нема да важи дури и ако целиот свет не признае под него), да не ословуваат како Пјуремеја (како што духовито има обичај да вели Миле Неделковски). Со ова, врз примерот на една (навидум) ситна работа, беше докажана исправноста на мислењето на еден умен балкански политички мислител дека, кога е Македонија во прашање, Грција, Србија и Бугарија секогаш и по секој повод лесно ќе се разберат меѓу себе на нејзина штета.
Да се надеваме дека јуношите што ја водат на Македонија го имаа ова на ум кога решија да не појдат во софиското дувло, а дека ќе го имаат на ум овој факт и кога решаваат за разноразни царински (и ини!) унии со нашите добрососеди, а особено со северниот (целосно почитувајќи го, се разбира, на принципот на еквидистанца!).
Да се надеваме дека тие младинци нема да заборават ни некои други факти, релеватни за одлуките за сојузи со браќата по оружје и идеологија! Да речеме, дека “двете очи во главата” успеаја да ги преживеат санкциите трошејќи ги, меѓу другото, и девизните резерви на новопретставената СФРЈ (што беа и македонски). Дека во бетонот, железото, стаклото и алуминиумот, од кој е изградено грдото (но мошне доходовно) дваесетикусуркатно здание на Нов Белград, е вградена и членарината на македонските членови на СКЈ. Дека во златните резерви на “поранешна Југославија”, кои денес ги троши само и единствено Србогора (илити Црна Србија, како што белградските шегобијци од милост ја викаат новата држава), се втопи и златото грабнато од “народните непријатели” на Демократска Македонија (од калибарот на Охриѓанецот Симонче, Кумановецот Манушев, но и од многу, многу други, од ист или помал калибар). Проверените кадри на Партијата (татковци, мајки, свекри и свекрви на нашата денешна владејачка елита) го одземаа ова злато (без реверс) од класниот непријател, и (пак без реверс) го испраќаа во трезорите на Народната банка во Белград.
Да не заборават нашите млади градители на (регионални) царински и други унии дека Македончето и денес кој како стигне го онадува на нашата северна граница. Пред некој ден, една момичка, што нестрпливо ја очекувавме да се врати од Белград, ни раскажа зошто толку многу задоцнила! Некој, имено, им јавил на српските цариници деке еден патник во автобусот носи со себе голема сума девизи. Патникот со девизите во нашиот деловен автобус на релацијата Белград-Скопје, некој стар македонски печалбар, што се враќал од не знам каде, а низ СР Југославија бил само на пропатување (демек: транфер, како што модерно се вели на убав македонски јазик), не знаел дека при влегувањето во таа земја треба да ги пријави парите што ги внесува, за потем на другиот крај од земјата да може легално да ги изнесе. Барале, барале, и на крај, му ги нашле, па со оглед на тоа што во социјализмот, непознавањето на правото штети, му ги одзеле до последниот долар. А тоа со нашите луѓе се прави секој Божји ден! Нашите власти не може да не знаат за ваквите случаи. И сега тие (наши сакани, “слободно и фер избрани”) решаваат до 1999 година да стапат во царинска унија со тие друмски (а не помалу и дипломатски) разбојници. Секоја чест!
Само, пред да го сторат тоа, нека го подотворат Цепенков (ако го немаат, готов сум да им го позајмам, со реверс, се разбира) и нека прочитаат по некоја басна за тоа што бидува со јагнињата кои ќе се здружат со волците, што пак со птичките кои прават договори со лисиците. Да не речат после, како Претседателот на сите Македонци (а особено на оние што се од СДСМ-овска провениенција, зашто ним им припаѓаше минатото, ним им припаѓа сегашнината, па ним ќе мора да им припадне и иднината на оваа измачена земја), дека ги измамиле. Кумановци имаат една мошне убава поговорка: “Добровољна мома, ме′ до зуби!” За оние што не го знаат кумановскиот, ќе протолкувам: момата со добра волја и му се подава секому, постојано е трудна (има мев до забите!). Тоа ли ќе е македонската судбина, Господи?

ДНЕВНИК (I,103,9)