СРАМНИЧЕ

Некои пријатели (и добронамерни читатели) сериозно ми замерија што во моето СОЧИНЕНИЕ не сум му одговорил на несудениот македонски амбасадор во Унгарија во врска со епизодата со “ценкањето” околу сликата. И натаму мислам дека за тоа немаше (и нема) потреба: ако целата приказна е авторска фикција на кандидат-амбасадорот, јасно е како бел ден дека и таа епизода е плод од истата творечката фантазија. Па сепак, епизодата со сликата ми даде идеја (денес, еден ден пред заминувањето во Стразбур) да си ја напишам “домашната работа” за ДНЕВНИК, за да не мора редакцијата после да им се извинува на читателите.
Имам неколку добри слики од македонски автори. Некои ми се подароци од самите автори (еден прекрасен цртеж од Благоја Николовски, неколку графики што како новогодишни честитки ми ги испраќаше од Белград Илија Костов), некои се подароци по повод некои мои важни успеси (докторирањето, да речеме), ниту една единствена слика не ми е од подарок од родители или од блиски на моите студенти. За да бидам сосема искрен, еднаш (без да знам) сум бил во опасност да добијам и ваков подарок!
Еден ден еден пријател ме замоли да примам некоја дама. Сакала да поразговара со мене. Беше тоа спроти јунската сесија и се знае за што се разговара со професорите. Сепак, знаел - не знаел, не можев да одбијам да разговарам. Формата налагаше да се видиме. И, еве ти ја, дојде. Како што си мислев: вака и вака, вели, кај вас треба да полага едно момче. (“Знаете татко му е полковник на КОС!”, значајно нагласи, небаре се работеше за принцот од Велс или за грофот од Париз.) Детето вредно учи, но, знаете како е, не би било лошо малу да го окуражите. Се разбира, толку можев да сторам. Толку секогаш правам.
Момчето (Српче, со “штуцовани бркови”) кривичното право не го беше ни пипнало, така што (за да положи) требаше многу повеќе од куражење. И, се разбира, падна. Падна и следниот пат и така неколку пати. Кога најсетне се свести дека ништо не помага освен да седне и да учи, така и направи. И положи! Дури и со добра оценка.
Не мина многу време, а јас кај мојот пријател (оној што ме молеше да ја примам) видов неголема, но убава слика од сопругот на дамата. Машала, му реков, ти пораснаа акциите. Веќе купуваш слики и од познати скапџии. Пријателот театрално офна: “А, бе, професоре, ми рече, за тебе беше подготвена четири пати поголема слика од оваа, а ти го бутна детето.”
Инаку, во кабинетот на Правниот факултет имам една бизарна графика (“Мала промена”) од Илија Костов. Бизарна велам зашто на графиката фигурира некакво суштество за кое не би можел да се заколнам дали е стаорец или нилски коњ. Но, што да се прави, така слика Илија, маџирмаалец, неколку години помлад од мене, што живее и работи во Белград.
Ме беа поканиле на некаков собир на правници во Сојузното собрание и притоа добив дневници за кои не можев ни да сонувам. Една квечерина појдов да го посетам во неговото ателје мојот драг маџирмаалец, графичарот Илија Костов (на Косанчиќев венац 11). Жена му и тој очигледно се подготвуваа да вечераат: на една бела простирка на масата имаше конзерва сардели, кромитче и лепче. Се испоизнапоздравувавме, се распрашавме за јуначкото здравје, а потем замолив да видам што работи во последно време. Ме бендиса графиката што ја спомнав и прашав колку би чинела. Илија рече една сума, а јас, кога се свестив колкави дневници добив дента, воопшто не се двоумев да си ја купам. И така ми остана спомен од Илија и од советувањето во Сојузното собрание.
Поминаа години, еден ден се сретнав со една важна дама (директор на една од најзначајните државни галерии во Скопје) и збор по збор, туку фатив да # зборувам за Илија. Вака и вака, велам, човекот е одличен графичар, страда без средства во Белград, а во Македонија речиси никој и не знае за него. Како би било да му организираш изложба во твојата куќа. Дамата изненадено ме погледна и речиси навредено ми одговори дека таа е директор на... (да не речам на што), а тоа не било социјална установа. Одговорот го почувствував како шлаканица. Помина една година. Уште бевме во Југославија, а во Белград се одржуваше традиционалното графичко биенале. Еден ден, пресреќен, прочитав во ПОЛИТИКА Илија Костов (во силна меѓународна конкуренција) ја добил главната награда на биеналето. Наградата, инаку, носеше ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност покрај Сава и репрезентативна колор-монографија за творештвото на победникот.
Пак случајно налетав на важната дама и не можев да истрпам да не ја пецнам: “Прочита ли? Нашиот социјален случај го добил Златниот клуч на Белград, а ти не сакаше да му организираш ни една изложба”. “Ах, Ѓорѓи, воздивна со досада дамата, кој знае според какви критериуми се делат наградите на тоа биенале...” Овој пат нејзината реакција не ме погоди, туку ме шашардиса! Македончето во Белград немаше практично што да јаде, а оваа важна госпоѓа се сомнева дека Србите од кој знае какви причини решиле да прескокнат едно чудо свои и странски сликари и да му ја доделат наградата на Илија. Кумановци би рекле: “Да се крстиш с’с леву руку!”
И така Илија беше и остана непознат во Македонија. Го знаат во Европа, но не и дома. Југославија се распадна, а ние со Илија веќе не се видовме ниту се чувме. Можеби новото младо лудо (убаво) директорче на Музејот на современата уметост ќе ги прочита овие редови и ќе стори нешто да се исправи неправдата спрема Илија. А дека е неправда, не сакам ни да расправам. Би рекол дури: чист резил! Туку здравје, не ни е ни прв ниту пак ќе ни биде последен резил. Во резили барем не сме во оскудица!
И за другите слики што ги имам би можел да раскажам по една приказна, но ниедна не е таква што да се срамам поради неа. Само, голема фајда од тоа! Ни некои други не се срамат, иако би имале и зошто и одошто. Изгледа просто немаат орган за срам. Тоа на македонски се вика “срамниче”? Не (ѕирнав во Речникот), срамниче било нешто друго. Нејсе, има врска со срамот, а убаво е за наслов.

ЗАЛОЖНИЦИ

Од поодамна се колебам да напишам некој збор на тема “заложници” и никако тоа да го сторам. Можеби затоа што не е сосема јасно кој сè е, всушност, заложник во Македонија. На споменувањето на овој збор, меѓутоа, поголемиот дел од нас мисли на драмата со “војничињата” (според дедовскиот жаргон на г. Кљусев). И ден денес на многумина не им е јасно што навистина се случило со војнициве.
Официјалната верзија вели дека нив ги фатиле некаквиси косоварски терористи, па побарале, заради нивното пуштање на слобода, да се пушти од притвор извесен Хасани, што таму се нашол поради мошне прозаично кривично дело (обид за убиство). Нашата владата, загрижена за доброто на своите војници, најде начин ова да му го соопшти на истражниот судија и човеков, за да не си ја оптоварува совеста со четирите млади животи, брзо и ефикасно го пушти притвореникот, а војничињата веднаш потем се најдоа на слобода. После излезе дека именуваниот Хасани се појави пред судот за да си ги земе назад парите од гаранцијата и да се брани од слобода. Излезе дури дека човеков нема врска со какви и да е заложници.
Ако тој нема врска со “драмолетката” на г. Кљусев и комп., се поставува прашањето: за кого тогаш македонската држава ги менувала војничињата. И дали воопшто имало некаква трампа. Дополнителна енигма е од кај му се 200.000 ГМ на Хасани (наводно - обичен работник што чека пензија). Злите јазици трвдат дека функционерите и активистите на PPDSh се препотувале цел еден ден во настојување да ги соберат парите. Ако е тоа точно, тој “обичен работник” и не е толку обичен: тој е многу важен за PPDSh, штом таа коалициона партија со сомнителна легитимност морала да плукне во рацете и да собира пари за гаранцијата. Ако е точен наводот на приштинскиот весник KOHA DITORE, Хасани не е важен само за PPDSh, туку и за косоварите, штом Џафери лично го префрлил на Косово, каде што му бил приреден величенствен пречек и народна веселба со пукање и заедничко сликање за весници. А пак, ако сево ова е точно, тогаш (според теоријата и практиката на кривичното право) PPDSh испаѓа соучесник во грабнувањето на војниците и нивната трампа за Хасани.
Па сепак, иако во јавното обвинителство на Македонија работат луѓе што учеле и полагале кривично право, никому од нив очигледно не му паѓа на памет да фати барем да истражува има ли (и, евентуално, каква) врска помеѓу грабнувањето на војниците и нивната трампа со косоварските терористи. А ако PPDSh соработува со косоварските теористи, тогаш и таа партија е криминална структура. А ако е криминална структура тогаш последно место на кое треба да се најде е - македонската влада. Ако пак е таму, тоа значи дека сепак не е криминална структура и не е соработник со косоварските теористи. А можеби трампа воопшто и немало.
Хасани вели дека не знае ништо за некаква трампа. А во објавеното (строго доверливо) писмо на скопскиот јавен обвинител до истражниот судија стои црно на бело дека токму за тој Хасани се киднапирани тие четворица војници. Владата, од своја страна, дури се пофали со својата трампа, што спречила дополнителни трошоци за мртовечки ковчези и погребни свечености.
И така, клопчето се мрси, се мрси, што, на крајот од краиштата, никој не знае дури ни толку - имало ли воопшто киднапирање, имало ли трампа, ако имало - за кого се трампени војниците (Хасани вели не било за него, писмото на скопскиот јавен обвинител тврди - токму за него). Ви личи ли сево ова на нешто? Постарите ќе се сетат на убавиот замрсен филм чијшто наслов стана синоним за заплеткана приказна со онолку вистини колку што има субјекти во неа: “Рашомон” (оттаму - рашомонијада). Мислам дека е време некој да му сугерира на Милчо Манчевски да се зафати со размрсување на она што македонските власти очигледно не може да го сторат.
Деновиве прикаската со македонските заложници добива нов заплет: војниците, очигледно неблагодарни што владата ги спаси од ковчезите и сè што оди со тоа, бараат надомест на штета за време на киднапирањето и заложништвото.
До мене првин допре приказната за ставот на еден мој драг пријател (и поранешен претседател на Лигата за демократија), кој, наводно, на некоја телевизија не само што им го оспорил правото на надомест на штета, туку побарал и нивна дисциплинска одговорност поради тоа што дозволиле да бидат фатени. Ако точно ми пренеле, ова би било некаква јапонска војничка доктрина: за да одбегне какво и да е заробување, македонскиот војник мора да загине. А, ако загине, ковчег не му гине. Па, нели одбегнувањето на ковчезите е вистинската добродетел на владата во случајов.
Но, ако и не сум согласен со мојот пријател и сопартиец дека војниците може да бидат казнети затоа што биле фатени (не знам некоја армија во светот да ги казнува своите војници и офицери што биле заробени од непријателот), наполно сум согласен со него дека немаат никакво право на надомест на штета. Впрочем, и самиот сум бил војник и сум полагал заклетва. Во неа велевме дека сме готови, ако притреба (не дај Боже!) и животот да го положиме на олтарот на Татковината. И сега, ако ниедна држава на светот не им плаќа надомест на семејствата на загинатите војници (што ќе рече: за најголемата, непоправливата штета што може да се претрпи), по која логика да се обештетуваат оние што претрпеле далеку, далеку побеззначајна и лесно надоместлива штета. Тоа во логиката е нарекува “аргументум а маиоре ад минус”: она што важи за потежок, мора да важи и за полесен случај. Ако државата не е обврзана да плати отштета за смртта на војникот, не е должна да плаќа ни за неговото телесно повредување, заробување, киднапирање и сл. Па белки тоа можел некој да им го каже на нашите “војничиња”. Белки толку можеле да сфатат и самите, без кој и да е да им каже. А тие сепак бараат надомест.
Прво што ми паѓа на памет е: бараат можеби затоа што им ветиле надомест што се согласиле да изигруваат заложници. Ми беше сомнително што толку долго време јавноста не им ги знаеше ни имињата, ниту можеше да им ги види лицата на киднапираните. Уште тогаш си мислев дека Кљусев веројатно бара доброволци. Ако АРМ им исплати каква и да е надомест (а како да прочитав некаде дека Министерството за одбрана им ветува дека ќе ги обештети), ќе имаме доказ над доказите дека доброволци и навистина биле пронајдени.
РЅ: На г. Милчо Манчевски не му барам надомест за авторство на идејата за “Македонскиот Рашомон” (ако реши да го снима). Но, би бил почестен да ме спомне на шпицата.

СОЧИНЕНИЕ

Ја гледам фотографијата под која пишува “Паскал Гилевски” и не можам да се начудам како можеше да се случи овој благороден, продуховен лик на софистициран европски интелектуалец, со погледот вперен (некаде настрана) во светлата иднина, да помисли дека него сум го имал на ум под синтагмата “ментално говедо”. Глупаво недоразбирање! За среќа, не”зафатен со сериозни задолженија”, итам да ги разјаснам работите. За тоа нема да ми требаат 45 дена (како на Паскал), но од ова никој не треба да извлекува погрешни заклучоци: јас раскажав една банална дневна случка, а Паскал “вистинска приказна”, а за литература треба време, концентрација, творечки усилби.
Инаку, по објавувањето на Паскаловото сочинение фати да ѕвони телефонот. Првин се јави еден стар пријател (математичар) и навести дека размислува да се откаже од мене: ме знае повеќе од триесетина години, а никогаш не ме запознал во светлината во која ме претставува Паскал. А на Паскал мора да му се верува! Сетне се јави еден активист од Охрид. Неговата реакција беше чисто партиска: на текстот гледаше како на нарачан политички памфлет против првиот човек на Лигата за демократија. Одвај успеав да го разубедам дека за таква работа не би му го трошеле времето на Паскал, еден од најголемите писатели што ги изнедрила Македонија. Така излезе дека нешто мора да напишам. Барем колку да ги смирам духовите. Паскала особено. Само како да му објасниш на еден навреден човек дека го насамариле кога баш нему му обрнале внимание на мојот текст. Изгледа неговиот пријател прв дошол на идејата да го идентификува во смисла на насловот.
Инаку, дека има недоразбирања му е јасно секому што умее внимателно да чита: самиот Паскал, имено, зборува за мојот текст како за “невкусна и измислена приказна, која божем се одиграла во ателјето на нашиот сликар...” Јас раскажувам за релативно банален настан на кој сум бил присутен. Паскал вели: мојата приказна е измислена (“божем се одиграла” значи просто: не се одиграла). И туку фаќа да раскажува друга варијанта на истиот настан. Ако мојата приказна не се одиграла, како може некој да раскажува поинаква варијанта на настан што го немало? Мене мојата може да ми се прости, зашто не сум писател, на Паскал неговата може само да му служи на чест.
Случката што ја раскажав траеше 20-30 секунди (плус-минус!). Ајде да пуштам срце и да речам една или две минути. Повеќе не можело. Јас се отепав настојувајќи да го засолнам идентитетот на наградениот писател, кога, еве ти го Паскал: вака и вака, вели, јас сум тој и тој (да не речам кој!). И раскажува за настан, што, според сите подробности, не можел да трае помалу од еден час. Се восхитував на неговата творечка имагинација, иако некои работи не ме бендисаа. Се надевам дека нема да ми земе за зло ако му укажам на некои ситници што, отстранети, неговата литерарна творба би ја направиле уште повредна.
Не ми пречеше што Паскал во својот расказ го употребува моето име. Ако се знае каква големина е тој, јасно е дека, споменувајќи ме, ме спасил од заборавот. Кога в иднина ќе се препечатуваат неговите собрани дела, во нив ќе го има и моето име. За таа чест човек мора нешто и да проголта. Притоа ми е сосема сеедно колку грдо изгледа мојот лик во неговото литерарно сочинение: ако за овие шеесетина години живот никој не успеал да ми го извалка името, тоа тешко ќе му успее и на Паскал. Каков човек сум јас знаат и моите пријатели и моите душмани. Тука Паскал не може ниту да ми додаде ниту да ми одземе.
Но, непознавањето на кумановскиот говор суштествено ја намалува веродостојноста на приказната. Тоа првин го забележа математичарот (кој вели во Куманово “туека”!?). Сетне излезе дека не сум подобар ни во српскиот (“Син ти, јелда, ќе полага кај мене...”). Залудо да се колнам дека никогаш во животот не сум го изустил зборот “јелда”.
Не му забележувам ни на тоа дека не му се допаѓа мојата фаца. И самиот никогаш не сум сметал дека сум некој филмски артист.
Стручниот суд на Паскал, меѓутоа, за мојот “хулигански стил и перверзен речник, небаре земен од сомнителните булевари или од полуосветлените кабариња и блудни дувла” малу ме погоди. Не познавам сомнителни булевари, никогаш не сум трошел пари ни за осветлени ни за полуосветлени кабариња и блудни дувла. Претпочитам концерти на класична музика. Паскал, како писател, морал да прошета по сите тие места и сигурно знае што се прави таму и како се зборува. Би се впуштил во студии на префинетиот стил и јазик на Паскал, но малу ми е предоцна да се менувам.
Но, она што пред с$ и над с$ ми пречи во Паскаловата приказна е деформирањето на личноста на нашиот словачки гостин. Тој млад човек (на возраст од триесетина години) беше типичен претставник на она што го нарекуваме “средна Европа”: тенко, кревко, убаво воспитано, скромно момче. Беше толку восхитен од амбиентот во ателјето на нашиот домаќин, толку понесен од неговите препознатливи слики, што домаќинот мораше неколку пати да го понуди да се послужи со закуската (печено месо немаше, тоа очигледно е авторска досетка за да може главниот лик да се прикаже како избезумено, дивјачки лапа).
Паскал го претвора младичов во “бик со агресивно однесување”, во “самасар или дубак”(!?), што барем една недела не видел парче леб, па лапа ли лапа. Не се сеќавам дали притоа ждрига и мљаска со мрсните усни, но, тоа не е ни важно. Важно е дека има “перверзни изблици” (!?), истура еден куп гадости на сметка на Русите. За чудо, за разлика од мене, што зборувам лош српски, бикот од Словачка зборува на одличен македонски (“Ах, тие руски...Би ги печел и би ги јадел како шункава”).
Каква врска има со сето тоа снаата на домаќинот (Русинка)? И туку ми текна: нашиот словачки гостин мораше да се претстави во најгрда можна светлина за да се оправда авторот за искажаната длабока мисла за нужната благодарност на Чесите и Словаците спрема Русите.
А, значи, тоа (најважната поента од мојот расказ) Паскал сепак не го негира. Блажена едноставност! Тој само настојува со куп “творечки произволности” да го оправда кажаното.
Меѓу оние што ми се јавуваа во врска со Паскаловото сочинение еден пријател на сето тоа му пријде од сосема друг агол: во него виде неверојатно верен духовен и морален автопортрет на авторот. Не можеше човекот да си дојде на себе од радост, колку Паскал верно се насликал себеси сакајќи да ме оцрни мене. Со тоа можев и да се согласам: во судот за другите секогаш поаѓаме од претставата за себе.
А никој човека не може да го оцрни колку што тоа самиот може да го стори. Но, во тоа ниту сакам, ниту можам да му помогнам на Паскал Гилевски. За тоа би морал да се погрижи самиот. Се разбира, доколку веќе не му е доцна.

И ЃОРЃИ МАРЈАНОВИЌ ОДИ ВО АМЕРИКА

Поодамна имам еден брачен проблем: жена ми доби од својот факултет некакви средства за студиски престој во Америка и таа, како старински воспитувана дама, смета дека јас мора да ја придружувам. Јас пак навистина немав (и сѐ уште немам) некаква особено жешка желба да одам усвет, а особено не во Америка, каде што (според филмовите кои ги продуцираат во нивната Света Гора) секој ден Мафијата убива по толку луѓе колку што Скопје има жители. Што барам јас таму? Не ќе може дури ни на концерт да појдам: Американците ракоплескаат меѓу ставови (што е најголем музички резил во Европа, па и во Македонија).
Од друга страна, како што не е непознато, Македонија е во предизборието, а јас сум дал цврста беса да му помагам на единствениот кандидат на Лигата за демократија, г. Александар Тортевски, да влезе во парламентот. Органите на ССРНМ имаат хатишериф да не ја спомнуваат Лигата во своите написи, и да не е ДНЕВНИК (и моиве колумни) и платените огласи на г. Тортевски во МАКЕДОНИЈА ДЕНЕС, нашето учество на изборите би минало наполно незабележано. Оттаму, моето одење во странство (како и за време на изборите од 1994, кога бев во Германија) би можело да се разбере како некој вид партиско неверство колку спрема Лигата за демократија толку и спрема г. Тортевски.
Арно ама, жената не би била жена ако не најде начин да го убеди својот човек во она што го намислила. И ме убеди! А откако се случи тоа, не ми остануваше ништо друго, освен да ја рационализирам мојата согласност: ете, и Анте Поповски (во својата убава книга “Окото, светлините”) тврди дека постојано да се патува значело постојано да се напредува. А јас сум за напредок, нели - “секој ден, во секој поглед”! Значи, треба да патувам!
Понатаму, пред некој ден читам во весниците дека и Циле Национале и Љубчо Георгиевски ќе оделе Америка, на гости кај госпоѓа Медлин Олбрајт, да ја убедуваат, веројатно, дека ќе бидат уште попослушни спрема САД од јуношите на СДСМ (ако тоа воопшто е можно!). Па, ете, и мене добро ми дојде да појдам таму и да сторам нешто за доброто на Македонија и на нејзиниот намачен народ. Притоа, јас имам поинакви планови за контакти. Наместо со американската држава, јас имам намера да стапам во контакт со американскиот бизнис и да се обидам да реализирам една дамнешна замисла, корисна колку за нас, толку и за виталните интереси на Америка.
Имено, наместо една милијарда кредити (што, мора да признам, и како стонастотна сигурност ме застрашува: некој, еден ден, ќе мора да ги враќа тие силни пари, а бидејќи тогаш мене ќе ме нема, тоа ќе бидат моите синови, внуци и правнуци), јас сонувам да ѝ донесам на Македонија подарок вреден 62 милијарди долари! (Само што го напишав ова, а веќе ми се јави визија за гигантски написи во органот на ССРНМ, со кои овој го дочекува секое предизборно ветување на опозицијата. Небаре само СДСМ има право на лага!)
Како би се остварила мојата замисла? Мошне едноставно: би се обидел да стапам во врска со г. Бил Гејтс и да го убедам (наместо да војува со неразбраната американска администрација) да дојде во Македонија со своите 62 милијарди долари, а ние од Лигата за демократија ќе ја протуркаме идејата за монархија и ќе го направиме Третиот (по Александар и Самуил) голем цар на Македонија, по кој безуспешно и неутешно пекаше Монархистичка парија на Македонија.
За оние што евентуално не знаат кој е Големиот Бил ќе речам само толку: несвршен студен по електротехника кој за десетина години успеа да собере лично богатство од 62 милијарди долари има полно право на царско достоинство (ако не како Александар, тоа секако како Наполеон). И тоа, не само во жална Македонија!
За да не рече некој дека бладам без врска, ќе забележам дека и нашите мили источни браќа, Болгарите, обновувајќи ја својата држава минатиот век, си го позајмија Ferdinand Fürst von Sachsen-Coburg-Gotha за свој владетел. Така сторија, впрочем, и Норвежаните кога се отцепија од Шведска: тие за крал го зедоа данскиот принц Карл, когошто ние постарите го паметиме како Haakon VII.
Споменувањето на умниот норвешки крал одненадеж ми дава уште една политичка идеја во врско со Бил Гејтс: прво, ако можеше данскиот принц Карл да си го смени името во Haakon VII, зошто Американецот Бил да не биде Александар В Македонски и второ, што се однесува до власта, македонскиот цар би ја имал исто колку и кралот на Норвешка!
Во врска со дострелите на таа власт злите јазици раскажуваат ваква анегдота за Haakon VII: во една пригода (не знам каква) на кралот му паднало шамичето. Премиерот го кренал и му го подал на својот суверен, а стариот крал разнежено му заблагодарил додавајќи: “Немате претстава колку ми значи ова шамиче! Тоа е единствената работа во оваа земја во јас која можам да си го пикнам носот!” За монарх со такви овластувања (и со лично богатство два пати поголемо од тоа на англиската кралица) вреди да се помачиме околу г. Гејтс.
Се надевам дека во одлично организираната американска амбасада има некој што е задолжен да ја следи мојата колумна, па текстов ќе го преведе и ќе го проследи Таму Каде Што Треба за да се анимира г. Гејтс (за доброто на САД и нејзините витални интереси во Македонија) да ме побара на Правниот факултет во Њу Јорк во времето од 1 до 28 октомври (е-маил: ???).
Инаку, г. Александар Тортевски, јас и адвокатите од Лигата за демократија ќе сториме сѐ што треба за пререгистрација на фирмата Microsoft на македонскиот монарх, комушто никој нема да му пречи и натаму да си го врти информатичкиот бизнис. Нашиот монарх би го оданочиле со симболичен годишен данок на имот од 1%. Така од неговите 62 милијарди долари македонската држава годишно би касирала 620 милиони долари, што би било сосема достатно за нејзиниот буџет, дури и ако реши и сите други државјани - од причини на еднаквост пред законот - да плаќаат само 1% годишен данок на имот или доход).
Ете, тоа беа накратко причините што конечно ме убедија пред некој ден да појдам во американската амбасада и - практично додека да трепнеш! - да ги добијам убавите американски визи, во кои, во рубриката “Nationality” (што нема врска со комунистичкиот поим “националност” од македонскиот устав), на големо разочарување на Грците, и покрај предизборните ветувања на г. Клинтон, сепак стои “MKD”, а не “FYROM”, што мене многу ми значи.

Ѓорѓи Марјановиќ

НА БУДАЛИТЕ ОТПОСЛЕ ИМ ТЕКНУВА

Таму некаде на почетоците од плурализмот, по наговор од моите партиски пријатели (кои очигледно го преценуваа моето влијание во политичките кругови), разговарав со тогашниот претседател на владејачкиот СКМ-ПДП за изборниот модел. Став на Лигата за демократија беше дека на преминот од еднопартиски кон повеќепартиски систем на Македонија повеќе би ѝ одговарал пропорционалниот одошто мнозинскиот систем. Ставот се темелеше врз неколку ноторни поставки на политологијата: прво, мнозинскиот систем им користи пред сѐ на партиите со изградена организациона структура (а таква во она време имаше само владејачкиот СКМ-ПДП), второ, тој е добар за земји со повеќе или помалу довршена социјална стратификација (а Македонија немаше ништо слично) и трето, тоа е систем што дава добри резултати во големите земји (а Македонија е еден пајтон луѓе).
Војувајќи за пропорционалниот систем Лигата за демократија мислеше само на Македонија и на нејзиниот интерес: партиите беа во фаза на формирање, а изборите требаше да ги “пресликаат” новите групирања. За чудо, од она што во тој разговор го рече другата страна можеше да се добие впечаток дека неа ја интересира само и единствено сопствениот партиски интерес: “Професоре”, ми беше речено со призвук на досада во исказот, “нас изборниот модел не не' интересира: мнозински или пропорционален, ние ќе победиме зашто имаме најдобра програма!”
Со тоа главно и заврши разговорот околу изборниот модел. Моите партиски пријатели не беа задоволни поради наводното мое “мирење со судбината” и настојуваа да побарам уште еден разговор на таа тема. Одбив кратко и јасно (и, се чини, мошне убедливо): “Сѐ што правеше досега владејачката партија, го правеше на своја штета! Ќе биде чудо изборниот модел да го направи во своја корист! Ќе ги пуштиме да си ја скршат главата.”
И навистина си ја скршија! Тоа е денес дел од политичката историја на современа Македонија, што секој политички писмен човек ја познава: партијата со најдобрата програма доби сѐ на сѐ 27 пратенички места, а некаквиси таму политички новаци, во моментот кога (неуки во парламентарната изборна математика) сакаа дури да ги напуштат изборите, одненадеж беа прогласени за победници. Да го беше прифатил ставот на Лигата за демократија, тогашниот СКМ-ПДП, според гласовите добиени во првиот круг, ќе имаше апсолутно мнозинство во парламен¬тот и ќе можеше да формира сопствена влада без да зависи од каква и да е коалиција. Но, се стори!
Уште потешко од партијата со најдобра програма беше казнет нејзиниот лидер: стариот, веќе речиси подзаборавен џентлмен (“некогашен комунист”, како што редовно го нарекуваат во “Frankfurter Allgemeine Zeitung”), што тој го донесе од Белград, стана шеф на државата, а брадестиот политички чирак на мојот соговорник стана прв човек на СДСМ (некогашниот СКМ-ПДП)!
Сега веќе бившиот лидер на бившиот СКМ (за кој, поради неговите заложби за Македонија, и натаму ме врзуваат човечки симпатии) во меѓувреме оформи своја партија што, се разбира, пак имаше најдобра програма. Едно време (раководена пак од интересот на Македонија да има пристојна опозиција) Лигата за демократија реши да го поддржи неговите политички усилби и “несебично” (ова е негов израз) се втопи во новосоздадената Демократска партија.
За оние што тоа не го знаат ќе речам дека Лигата за демократија, всушност, и беше однована за да биде “Демократска партија”, само што во тоа време, на 21 ноември 1989 година, важечкиот закон не допушташе ни изречно ни молкум политички партии, па ние на новоформираната организација (за да не се сетат Власите) и ставивме име “Лига за демократија”. Нејзиното јадро што влезе и во раководството, и остана лојално на Демократска партија се до нејзината фузија со т.н. либерали, друштво што не го сакавме (и не го сакаме).
Сега, пред третите по ред повеќепартиски избори, пак е на дневен ред прашањето за изборниот модел. Македонските либерални демократи (што и сега, се разбира, имаат најдобра партиска програма) се за пропорционалниот систем. Само, сега е малу доцна за него. Сега се тие божем-опозиција и никој не ги сфаќа сериозно нивните барања. Сега се власт јуношите од СДСМ, а тие (иако и самите на залез), изнаоѓаат илјада и една причина да не го прифатат чистиот пропорционален модел со кој, според мојата скромна проценка, уште долго би биле најзначајната политичка сила во парламентот. Но, на ова поднебје никој очигледно не е способен да изведе какви-такви заклучоци од минатото.
Едно нешто, меѓутоа, квази-социјалдемократите би морале да знаат: откако старата “вавилонска блудница” (како што една македонска песна, настаната по Илинден 1903, ја нарекува Европа) го доби она што и требаше, а тоа е партија со двотретинско мнозинство што ѓе го задоволи барањето на Елините, Македонија да си го смени знамето (кога веќе не може да се натера да го жртвува името), па затоа “не го виде” безочниот фалсификат на изборите '94, на изборите '98 веќе го нема тој мотив, па (со Божја помош!) нема да бидат можни ни изборните чудеса од оломлани!
Така, конечно и во Македонија ќе може да има колку-толку фер избори, а на нив не е особено веројатно да победат луѓето што дури и не се трудат да го сокријат пред светот својот валкан веш! Став на Лигата за демократија по однос на изборниот пакет-закони (ако тоа некого воопшто го интересира) е неизменет: таа беше и останува за чистиот пропорционален модел. А јуношите од владејачкиот СДСМ - нека си кршат глава!
Еден ден (како и на нивните претходници од СКМ-ПДП) ќе им текне дека згрешиле, само тогаш ќе биде доцна. На будалите отпосле им текнува!

Ѓорѓи МАРЈАНОВИЌ

ЗА ТАТКОВИНАТА, СО ТИТО - НАПРЕД!

Сакав да напишам “(СЕКОГАШ) НАПРЕД!”, но, се сетив на пропуштениот состанок кај Чашуле од предминатата среда и се автоцензурирав: да не помисли некој (не дај Боже!) дека си играм мајтап со државотворните момчиња и девојчиња и нивните предизборни вилински приказни: ќе им ја врателе душата на градовите (а кои беа тие клетници што им ја убија?!), ќе ги оживееле селата (што ги запусти опозицијата, нели?!). Особено не сакам да се помисли дека си играм мајтап со нивната презрителна проценка дека со ваква опозиција каква што имаме и не им требале многу марифети за да победат! Зашто добро знам кои беа (и кои се се уште) тие политички али и аждери што направија од Македонија земја без опозиција или, поточно, земја со толку бедна опозиција што и едно вчера испилено (а веќе државотворно) момче да мора од неа да се срами!
Оставам сами да си подразмислите за тие македонцки работи. Јас лично, на народецот македонски веќе одамна немам желба да му помагам. Нему ни Господ, да сака, не може да му помогне. Ако не ми верувате, сетете се на приказната што се раскажува под наслов “Да му умре козата на комшијата!” Кој може да му помогне на народот што ја има само таа една, единствена желба во животот (“Да му умре козата на комшијата!”)? И бидејќи тој народец си е задоволен од младите државотворци, та постојано гласа за нив, зошто да му го расипуваме кеифот? Ако му е арно, нека му е како што му е! Довека (за секогаш)! Затоа, како Кандид, и јас си ја гледам работата, “си ја обработувам својата градината”.
Само, за чудо, пред и по секои избори, постојано ми се вртат во мислите зборовите што му се припишуваат на денес веќе легендарниот генерал де Гол (по загубата на референдумот од 1969 година): “Францускиот народ е стока!” Јас таква работа за македонскиот никогаш не сум рекол, ниту пак ми паѓа на памет да речам. Само, тоа не ми пречи постојано да си правам некои споредби меѓу нас и Французите. И, притоа, една мисла, мора да признам, малу ми го нарушува мирот и сонот: “Ако се тие стока, што ли сме, по ѓаволите, ние?...”
Туку, јас овој пат почнав санс риме ни раисон (би рекле оние што наводно биле стока). А сакав да започнам сосема поинаку! Вака:
Некои од ние што редовно ме читаат ќе се сетат можеби (можеби и не) дека на времето, на ова исто место, по обичај, за да проговорам за денешницата, малу “евоцирав спомени” за минатото. Со оглед на тоа дека тие спомени се веќе објавени (ДНЕВНИК, И, 27, 12: првата бројка е годината, втората бројот, третата страницата) и немаат карактер на новина (што би можела да пречи во предвечерието на новите “слободни и фер избори”) си земам слобода да се цитирам себеси. Елем:
»Година-две по првите парламентарни избори во Македонија во Собранието имаше некаков прием. Се славеше првата или втората годишнина од Уставот ли, од независноста ли, веќе не се сеќавам точно! Бев на чело на Лигата за демократија и - како таков! - се најдов меѓу канетите. Во еден момент, еве ти го пратеникот и мој колега од Универзитетот, г. Х... (СДСМ). Ми приоѓа и, со широка насмевка на “важен фактор”, не стегајќи се воопшто од присуството на пет-шестемина познати со кои разговарав (и нивното подоцнешно евентуално сведочење), ми се обрати со беневолентност на наполеоновска прицеза: “Многу нѝ недостигате во парламентот, професоре! Овој пат ја згрешивме работата. Нејсе! На следните избори ќе уредиме да се најдете меѓу нас!...”
Го погледнав попреку (народот вели: “како крава мртво теле”) и, со мојата пословична тактичност, му возвратив: “Колега Х... Вие очигледно ништо не сте разбрале од она за што се залагам, ако мислите дека би се согласил да влезам во парламентетот на наместени избори!”
Насмевката ја снема, погледот му се вкочани и оттогаш до денес не сме проговориле ни збор. Еднаш се сретнавме во кабинетот на деканот на неговиот факултет. Тогаш тој ме погледна како крава мртво теле, студено ме поздрави, без да ми се обрати...«
Во меѓувреме стана министер (и постојано лета некаде по многубројните странства!), па и поради тоа може да се гледаме само преку телевизија. И тоа еднонасочно: само јас него, тој мене никако, зашто јас на МРТВ-ата не се појавувам (додека е вакво дереџето со нејзината самостојност).
И сега, секојдневно (дури и во ДНЕВНИК) го гледам овој кроток, скромен човек (десна рака на државотворниот јуноша!), со наместена, по малу вкочанета насмевка, како ветува дека за секогаш ќе биде со нас. И постојано си мислам, па си мислам за тоа дали и денес им недостигам во парламентот? И уште си мислам: што е пак тоа толку мачно да те наместат на изборите? Деновиве (вчудоневиден!) дознав дека од хигиенски причини местат еден џентлмен достоен за почит (на времето, како член на Лигата за демократија, зборуваше за тоа дека требало да се биде опозиција макар и само од хигиенски причини): престолнината (а и земјата не помалу!) ни е за никаде! Валкана, глотна, испоганета! Небаре навистина сме решиле да фатиме усвет, па не ни е гајле кому и во каква состојба ќе ја оставиме. Верно, зошто да не дозволиш да те поднаместат? Особено ако се толку добри местачи што и меѓународните посматрачи им оддаваат почит. За Америте и да не зборуваме!

Др Ѓорѓи Марјановиќ

ЉУБОВТА Е САМО РАЈ

На 11 октомври 1996 година, во 15,05 часот, веројатно за да ни го разубави големиот (празничен) ден, МРТВ-ата емитуваше некакви ѓоа-народни песни (секоја чест на првоиспеаната, што навистина беше и народна и - убава!), од кои една ми го привлече вниманието со најневозможниот рефрен (небаре смислен од некој несвршен гимназијалец): “Љубовта е само рај”. Првата асоцијација ми беше еден другар од гимназијата што си замислуваше дека ќе стане поет со стихови од типот на : “Вардар тече / и камења влече. / Ој Вардаре, реко милна, / ти си многу силна.” И се сетив на пророштвото на Данило Киш дека “кичот ќе ги сотре Србите”. Со оглед на големината на македонскиот надодец и неговата масовна преданост на кичот, ние сме на најдобар пат таа жална судбина да ја доживееме пред нив: каде и да мрдне човек ќе налета на српскиот (поретко на македонскиот) кич.
Особено, ако се возите со автобус кон Битола или Охрид, сеедно. Веројатно не е поинаку и на другите дестинации! Со саати, без престан (и без милост!) ќе ве бомбардираат само и единствено со “новокомпонирана” музика од најодвратен тип. (Од радио или од касети, сеедно.) Сî во стилот на оној антологиски крик на очаеност: “Отишо си, сарму пробо ниси!” Ако случајно му се обратите на возачот со молба да ве поштеди макар за малу од таа тортура, не ретко тој (во најдобар квази-демократски манир) ќе им се обрати на другите патници со реторичкото прашање дали да ја исклучи музиката, а одговорот е, се знае: “Терај, мајсторе!” и баханалиите на простотијата и невкусот продолжуваат.
Еднаш, на крајот од патувањето Охрид-Скопје, по трииполчасовна масажа на ушите, душата, а особено на нервите, не можев да се воздржам да не го пецнам возачот: “И другиот возач ли е Србин?” (Прашањето подразбираше дека тој секако е тоа.) “Обајцата сме Македонци!”, зачудено ми одговори. А кога реков: “Убави Македонци сте ми вие што три и пол саати нѐ давите само со српски кафеански тралалајки!”, тој ме погледна нескриено непријателски и презрително изговори: “Жали се!”
И беше прав: ако сакаш да бидеш тоа што си, не вози се со автобус. Тоа е превозно средство на Балканот, па сѐ во него мора да биде балканско (чистотата, пристојноста, музиката).
Во некои други, добро уредени држави, има прописи и за тоа што смее, а што не смее да се пушта преку разгласните уреди на автобусите и возовите. Има прописи и за бројот на децибелите со кои смее да се бомбардира патникот. И нема никаква демократија (гласање, акламации, “Терај, мајсторе!”) за тоа дали едно јавно превозно средство ќе се претвора во балканска крчма или не. Се знае, демократијата значи нешто друго и се одвива другаде. Местото не и е во автобус.
Пред некоја година отидов во Лондон на една алтернативна конференција за Југославија (што се одржуваше паралелно со официјалната). Од аеродромот Гетвик до градот се возевме со минибус и, се погоди, јас да бидам сместен најдалеку од сите, така што на крајот останав сам со возачот. Во еден момент слатко се изнасмеав кога момчето (имаше дваесетипет-шест години!) смртно сериозно ме праша дали смее да запали цигара, а кога тој се зачуди на моето смеење, му реков дека во мојата земја е обратно: патниците не смеат да пушат, но затоа возачот, кондуктерот (понекогаш и некој трет, што им прави друштво) пушат “како Турци” за сето време на возењето. Кај нив, ми рече со најсериозен можен тон, компанијата отпуштала од работа ако некој муштерија се пожалел дека сте пушеле. Кај нас, шоферот комушто нешто ќе му забележите нешто, ќе ве погледне “како крава мртво теле” (би рекле Кумановци) и ќе ви го отсече она слободарско: “Жали се!” Да се знае кој е газда!
Некој (од тие што имаат трпение да го дочитаат овој текст) можеби ќе се запраша што ми текнало денес да пишувам за шофери и српски тралалајки кога во оазата на мирот има толку поважни проблеми. Министри се растрчале наоколу по оружје, резултатот од осамостојувањето се нови петстотини милиони долг што ќе ги враќаат внуците на оние што ќе останат да живеат во Македонија (а добро се знае кои ќе останат!), одненадеж, врз психолошка основа, масовно ни се трујат ученичиња од една национална припадност што не смеам да ја именувам како што таа самата себеси се именува... А јас: шофери, па шофери (наши и англиски), српски (и македонски) тралалајки!
Е, па, се си има причина! Минатата среда во редакцијата на весникот што го држите в раце беше одржан состанок на кој на колумнистите (а тоа сум и јас, нели!) им беше речено што смеат, а што не смеат да пишуваат пред локалните избори за да не влијаат врз гласачите. Јас по обичај не бев на тој состанок (мразам состаноци!) и не би можел да се заколнам дека токму тоа и токму така било речено. Просто: јас така разбрав. И затоа сега нема да го прашувам министерот на војската што барал во Ниш (наводно рекол: не бил по оружје, туку да преговара за границата! Види мајката! А јас се мислев дека за тоа е формирана и надлежна една посебна државна комисија!?). Нема да се р'чкам ни со партиите на она национално малцинство со (за нас!) забранетото име. Барем не во врска со постојаното труење на припадниците на нивната “народност”. Ниту министрите за финансии и генералните гувернери, чијашто единствена работа е да бркаат кредити (со грејс периоди од по десет години и поволни каматни стапки). Да не ги збркам локалните избирачи повеќе одошто самите ќе се збркаат кога ќе појдат да гласаат според избирачките списоци што се јавни само за определени овластени службеници (по можност СДСМ-овски определени). Ете, затоа решив да си ја одморам душичката со љубовта што била само рај (или авторот, можеби, сакал да каже нешто друго па направил збрка со редот на зборовите).

Др Ѓорѓи Марјановиќ

НЕПОДНОСЛИВА ЛЕСНОТИЈА НА ЗАБОРАВАЊЕТО

Пред многу години во некаков средношколски учебник по француски јазик налетав (и слатко се изнасмеав) на една анегдота за некој човек што, по долги премислувања, конечно си избрал кравата во продавница за машка конфекција. Веднаш потем, меѓутоа, се премислил и ја прашал продавачката дали може краватата да ја замени за два чифта чорапи. Цената била иста и продавачката не гледала зошто да не ја изврши замената. Му ги спакувале чорапите, господинот љубезно се заблагодарил и тргнал да си оди. Заборавивте да платите, господине, го потсетила продавачката. А што треба да платам? се чудел купувачот. Па, чорапите! Човекот се поднасмеал на глупоста на продавачката, но сеедно учтиво ја потсетил дека тој чорапите само ги заменил за краватата. Да, господине, инсистирала таа, само вие краватата и не ја плативте! А зошто да ја платам кога воопшто и не ја зедов? И си излегол цврсто убеден во исправноста на својот резон.
Деновиве во јавните медиуми следиме слична “анегдота”: СР Југославија, притисната со спогодбата од Дејтон, мора да уништи голем дел од оружјето на поранешната ЈНА за да се изедначи односот на воените потенцијали на Балканот. Но, бидејќи не може (или не сака) тоа да го стори, Миротворецот од Дедиње дошол на ингениозна идеја, наместо да го уништува (што бара време, труд и чини пари!), да и го понуди на Македонија: нејзе и треба оружје, а тој добро знае дека го нема зашто неговите генерали ја разоружаа оваа земја “до последното лавабо” (како што неодамна саркастично забележа еден умен човек на страниците од ДНЕВНИК). Што се однесува до плаќањето, Миротворецот е добронамерен сосед: неговата вредност ќе ја одбиеме од вашата квота при делбениот биланс!
И, наместо праматарот да дојде кај нас и да ни ја изложи спасоносната идеја, како што секогаш бидува во апсурдниот тек на анегдотите, на првиот миг од Миротворецот, господин др. Ханџиски веднаш отрча во СР Југославија по оружјето. Што е сигурно, сигурно е: да не се премисли случајно претседателот на небескиот народ!
Си мислам, па си мислам: ова многу мириса на атинската идеја со името и ембаргото! Свесни дека нема сила што на една земја може да и го смени името, а ние одбивавме за тоа воопшто и да разговараме, Атињаните измислија дека ги загрозуваме, па, во самоодбрана, го воведоа ембаргото, а за да го укинат поставија еден куп услови, меѓу кои и клаузулата со која не присилија да седнеме и во Њу Јорк да преговараме за името. И така (како во вицот!) купија без пари два пара чорапи (што претходно ги заменија за краватата што не ја бендисаа). Познавајќи го др. Ханџиски како кроток, скромен човек, кој освен во чистата, етерична наука одвај да се разбира во нешто друго, се плашам да не случајно го прејдат таму во Ниш превеаните сојузници на Фанариотите.
Дали ќе му текне на нашиот министер да рече: Чекајте малу, господине Милошевиќ, Вие не можете да ни продавате нешто што е наше. Тоа оружје го плаќавме за сето времетраење на поранешна Југославија со 7% од националниот доход годишно. Тоа е истото она оружје што вашите генерали го однесоа од нашите касарни. Ако сега неговата вредност ја одбиете од нашата квота при делбениот биланс, тоа ќе значи само едно: дека ние тоа старо железо го плаќаме по втор пат! Не би се изненадил ако расеаниот професор на привремена работа во владата ги заборави овие факти.
Дотолку повеќе што во Македонија од референдумот (1991) наваму како да владее вистинска епидемија на заборавност: пред еден месец кој знае колку свечено прославивме пет години од самостојноста, а притоа никој и не се сети за тоа како не измамија за да се самоопределиме за сувереност: и да е точно дека на референдумот излегоа 71,85 % од граѓаните на Македонија, сепак е уште поточно дека 95,09% од нив се изјаснија “за суверена и самостојна држава Македонија СО ПРАВО ДА СТАПИ ВО ИДЕН СОЈУЗ НА СУВЕРЕНИТЕ ДРЖАВИ НА ЈУГОСЛАВИ¬ЈА”. Да не беше тоа морковче што не подлажа ниту верував ниту верувам дека ќе гласавме онака како што гласавме.
Пред некој ден читам во ДНЕВНИК и не им верувам на очите: еден академик и екс-министер на експертската влада изјавува дека “нема информации” за содржината на Меморандумот на САНУ, а за тврдењата во врска со тоа вели дека “во најголем дел претставуваат шпекулации”. (Како што се чисти шпекулации тврдењата дека во Босна се пролеа море крв заради остварување на идеите од тој ист Меморандум, впрочем!) Најголем бисер на овој несомнен македонски ум е ставот дека “документ кој нема јавност не би смеел ниту да биде предмет на оценки!” Алал му вера на најцитираниот научник од ова поднебје! Според оваа логика, немајќи јавност, договорот од Јалта (познат како “фифти-фифти”) исто така не би смеел да биде предмет на оценки и коментари!
Најпарадигматичен е сепак ставот на еден друг академик, когошто, слушам, пријателите на галено го викале Дворски (естетичар и етичар). За него, Меморандумот “во секој случај, веќе е минато” и, како таков не можел да ни виси над главите на сите нас. Ако го прашате овој човек кого служел тој цели 45 години, што пишувал, да речеме, за Димитар Димитров (на цели две страници од гласилото на ССРНМ) и како го заработил местото во МАНУ, не се сомневам дека одговорот ќе му биде: “Тоа, во секој случај, веќе е минато”! И тоа е крај на секој разговор за она што било. Тоа, како такво, не може вечно да му виси над главата на велеучениот бесмртник!

Др Ѓорѓи Марјановиќ

ЅВЕЗДЕНИ МИГОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ПОЛИЦИЈА

Пред неколку дена, додека пешачев од Пештани накај Охрид ме втаса една темнозелена кола (со странска регистрација), чијшто возач го подзабави возењето со очигледна намера да ме земе (ако сакам). Го разбрав гестот, кренав рака, човекот запре та влегов во колата. Излезе дека е Турчин од Бурса со некаков бизнис во Тирана, што сега на ден-два се враќа дома, а за мене ретка прилика да вежбам турски. Од краткиот разговор посебно ме изненадија неговите фалби на сметка на нашата полиција: не можеше да се изначуди како тоа една земја меѓу Бугарија и Албанија да има полиција толку различна од нивните. За бугарската рече дека била “мафија”, за албанската пак “фукара”: првата од турската до македонската граница знаела без причина да го казни и по шест пати, последнава без срам и перде си барала “бакшиш”.
Фала Богу што мојот турски јазик е повеќе од скромен, па неговите фалби не можев ни да ги коментирам, а уште помалу да ги побивам. А и инаку немаше смисла тоа да го правам: она што го зборуваше и не беше невистина. Па сепак, јас лично имав (и се уште имам) дебели причини да не бидам согласен со неговото ласкаво мислење за нашата полиција. Не затоа што таа за време на комунизмот ме шпионираше, безочно дрско и неприкриено отворајќи ми ги писмата од странство, прислушкувајќи ми го телефонот, кодошејќи ме за секој критички збор кај тогаш единствената непогрешлива партија итн. итн., туку затоа што денес, во слободна, божем-демократска и ѓоа-правна држава не може (или не сака, сеедно) да ми реши еден неверојатно банален проблем: да може кога сакам да влезам, а кога сакам да излезам од сопствената гаража!
За оние што не знаат ќе напомнам дека полни триесет години живеам во една скопска населба што три пати во овој век си го менуваше името: во турско беше Асанбегово, во (српско-)југословенско Сингелиќ, а во суверена Македонија стана Ченто. Пеки! Немам ништо против Методија Андонов, напротив! Па сепак, се ми се чини дека метрополата Скопје би можела малу подостојно да му се оддолжи на првиот претседател на Собранието на Македонија одошто е именувањето со негово име на една бедна монтажна населба на поранешната владејачка (работничка) класа. Само, да не се оддалечувам од темата!
Од пред едно три години една соседка прибра во својот дом некаковси шофер и така го добив Тошке, вистински бисер од комшија, зашто мојата речиси триесетгодишна гаража, изградена со привремена дозвола и согласност на нејзините одамна покојни родители, беше и се уште е поставена на три метри од нејзиниот влез. По некое време новиот комшија почна пред гаражата да паркира едно чудовиште од шлепер, долго десетина и кусур метри. Знаев дека е тоа недопуштено, зашто во Град Скопје уште од социјалистичките времиња постоеше правен акт што определуваше само две места во градот за паркирање вакви возила, а ниедно од нив не се наоѓаше пред мојата гаража.
Со оглед на тоа што сум лојален граѓанин, а во населбата и инаку гледав полно вакви шлепери, приватни автобуси и слични грдосии паркирани кој каде втасал, а најчесто врз тротоарите (на кои претходно беа уништени тенките градски дрвореди), решив да го информирам за појавава министерот на полицијата (оној мој некогашен миленик и штитеник) и, за таа цел, го посетив дома. Не го затеков, но затоа пак си поразговарав со неговата сопруга (моја некогашна студентка) и патем и кажав за смислата на мојата посета. Не се сомневам дека министерот дознал за мојата посета и за појавата на која сакав да му обрнам внимание. Дотолку повеќе што жена му работи во неговиот ресор.
Ниеден од шлеперите, паркирани по тротоарите на Сингелиќ/Ченто, не исчезна по таа посета, а, за возврат, комшијата фати својата лека кола да ми ја паркира пред гаражата така што при секое влегување и излегување мораше првин да се повика да ја истави, а штом ќе влезев/излезев тој повторно ја паркираше на истото место, иако наоколу има простор за најмалу дваесетина автомобили. Зошто правеше така знаат само Бугарите, кои за оваа појава имаат сопствен израз: “македонски инает”!
Еден ден, поднапиен (да не речам трештен пијан) комшијата, настојувајќи да влезе со шлеперот во дворот на бараката (!), ми ја закачи гаражата и тешко ја оштети (еве веќе трета година по ред како зјае без врати и со извиткан покрив!). Повикавме полиција. Дојдоа. Комшијата го однесоа некаде за да му земат крв: подоцна (од суската пресуда по тој повод) дознав дека имал 2,8 промили алкохол во крвта. (Појаснување за оние што не се разбираат во овие мерки: според чл. 122 точка 17 од Кривичниот законик, ако имате 1,5 промили алкохол во крвта вие сте тешко пијани! Како се вика оној што има 2,8 промили, не би можел да ви кажам. Некои велат: отруен!) Следните две години (веќе тече и третата!) за секое влегување и излегување од гаражата беше потребна полициска асистенција. Мојот некогашен миленик и штитеник ги беше инструирал своите потчинети да постапуваат западноевропски софистицирано: ќе дојдеа и со англиска коректност ќе го замолеа господин Тошке да си ја мрдне колата, господин Тошке ќе си ја мрднеше колата, ние ќе влезевме или ќе излезевме, а тој веднаш ќе ја испречеше на истото место, така што при новото влегување/излегување претставата мораше да се повтори според истото сценарио. Таа иста полиција што знае да ве ребне и со две-три илјади казна ако застанете на недозволено место да си купите весник или цигари, никако не успеваше да сфати дека паркирањето пред нечија гаража е исто така прекршок. А бидејќи не можев да верувам дека се работи за глупост, мораше да биде во прашање инструкција одозгора. Затоа кренав раце и од полицијата и од гаражата. Колата ми стои на улица, а гаражата празна!
Во меѓувреме комшијата (со непознат број промили алкохол во крвта) им го уништи на децата кошот околу кој си играа баскет. Во меѓувреме (чув) бил во затвор зашто некому во Кавадарци му го отсекол носот. Постапката во врска со кривичното дело загрозување на безбедноста на сообраќајот се влечка по нашите судови веќе трета година. На ширинката пред мојата гаража постојано си играат деца, меѓу кои и неговото. Кога мислам на тоа што може да се случи ако налета на нив со своите промили пред очите ми излегува само и единствено неговата жена-инвалид, на која пред многу години еден исто таков асолен шофер и го откинал едното стапало. А полицијата (и под новиот министер) само си гледа сеир и “интервенира”, кога сме принудени да ја викнеме. Комшиите крцкаат со заби и скришно пцујат. За проблемот знаат сите, од сообраќајната полиција (што се одзива на телефон 114-522) па се до кај министерот. Едно време сакав да му пишам на новиот министер, а потем кренав раце од таа помисла.
И нека не ме убедува некој дека нема систем во тоа лудило: сценариово мора да е составено на повисоко ниво, за да знае секој во оваа земја што го чека ако се чепка со власта во вид на опозиција!

МАКЕДОНСКИ ТАБИЕТИ

Се чини, во природата на луѓето е побргу да го забораваат доброто одошто лошото што некој им го сторил. Така, еден од нашите велепочитувани министри, на времето, како младо момче, со моја препорака за прв пат го виде белиот убав свет: го пратив на Семинарот за американски студии во дворецот Леополдскрон, раскошната некогашна летна резиденција на салцбуршките кнезови-надбискупи (што може да се види на банкнотата од 1000 австриски шилинзи). А кога лани ме стрефи (не сосема наивен) мозочен удар, па со недели лежев во одделот за интензивна нега на Нервната клиника, мојот некогашен миленик и штитеник не се сети дури ни по телефон да се распраша за моето јуначко здравје. Беше министер (и тоа од најважните во земјата), а на министри, изгледа, не им личи да се распрашуваат за здравјето на своите поданици. Сакам да имам разбирање за неговата заборавност, но, за чудо, не можам. Го “оправдува” само тоа што така постапија и другите мои колеги, сега министри.
Нејсе, да ги оставиме на страна министрите. Некој рекол дека власта ги расипува луѓето и тоа очигледно не е далеку од вистината. Особено ако се расипливи по природа! Да проговориме за еден поинаков вид луѓе, за оние за кои велиме дека се достојни за почит! Еден таков, Суданец по националност, а муслиман по вера, што на времето дипломираше на Економскиот факултет во Скопје, се одзва на нашата покана за свадбата на мојот првороден син и по тој повод долета, што би рекле, дури од крајот на светот, од Обединетите Арапски Емирати! Тогаш од него чув (за мене) чудна приказна за македонските табиети!
Како пријател на оваа земја (во која помина десет од најубавите години на својот живот) сакал да помогне да се отвори некаква “линија” за стопанска соработка на Македонија со богатите и пребогати Емирати. Разговарал со повеќе важни луѓе од една позната скопска фирма во која работел некое време по дипломирањето. За негово големо чудо, во фирмата на пропаѓање сите биле за, но зделка никако да направат. Најпосле, еден од поважните босови го зел на страна и му рекол: вака и вака, ти, братко, ќе ме поканиш мене таму во Емиратите, па да седнеме на мира и да видиме што може да се стори. Така и сторил мојот пријател: напишал покана, човекот седнал во авион, та одлетал во Арабија. Таму го пречекале како што дал Господ, го одвезле во престолнината, го сместиле во богата господска вила, го хранеле, го поеле и притоа, како што бидува, разговарале и за бизнис. Што здоговориле, не знам, само знам дека сопскиот директор една недела подоцна побарал од мојот пријател седмодневна сметка за престој во хотелот Шератон, во кој, инаку, воопшто не припарил. И ја добил. Оставам сами да се досетите што сторил со неа во Скопје...
За малу да заборавам: фирмата е веќе пропадната или е - да не излажам не сакајќи - пред затворање. Што (од раскажаново) не е ни чудо! На оваа епизода се сетив кога еден ден се обидов и самиот (пусти будала!) да í помагам на Македонија!
Имам еден внук по женина линија, што пред десетина години остана сирак без двата родители, па, како таков (башка одличен ученик) доби државна стипендија за Народна Република Кина. Појде и за рекордно време дипломираше на Пекиншкиот универзитет, оддел за кинески јазик и литература. Таму ретко кој знаеше за тоа како студира момчево, но сите го забележуваа како одличен играч на дипломатските тениски турнири. По природата на работите во социјализмот, на тениските терени резервирани за дипломатската и номенклатурна елита се запознал и фатил да се дружи со млади луѓе како него, што пет-шест години подоцна втасале високо на врвот од кинеската партиско-стопанска хиерархија.
Елем, нашиот внук (кој, патем речено, и се ожени во Пекинг, а денес има и убаво синче со македонско име, а кинеска фаца) едно време работеше како преведувач за кинески јазик во Извршниот Совет на Македонија, односно во Сојузниот извршен совет.Кога нí се растури заедничката татковина, виделе - не виделе, та одлетале во бел свет. Првин во Хонг Конг, кај роднините на жена му, потем во Пекинг, каде што наскоро основал просперитетна канадско-кинеска трговска компанија. Прво што помислив беше: а зошто не македонско-кинеска, по ѓаволите. Со неговите познанства во врвовите на кинескиот естаблишмент тоа секако би била барем исто толку добра и просперитетна фирма од полза за Македонија што се дави во стопански проблеми.

ПРАВНА ДРЖАВА НА БАЛКАНСКИ НАЧИН

Во највисокиот закон на оваа земја пишува црно на бело дека една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото. Кога пред десетина години во еден текст се бев заложил за правна држава (што е исто со владеење на правото) во нашата некогашна заедничка татковина, двете Претседателства (се сеќава ли некој на нив?) дадоа заедничка изјава во која тоа и слични барања ги означија како контрареволуција. Деновиве, сосема случајно, дознав како се остварува мојот дамнешен идеал во оваа земја, нешто што би го нарекол правна држава на балкански начин.
Едно младо момче (електро-инженер, што во жална Македонија се занимава со производство ... ајде да не откривам многу, зашто луѓето се уплашенидека и ова може да им наштети) ми се обрати за совет: нивната фирма е претпријатие за професионално оспособување и вработување на инвалиди и, како таква, е ослободена од данок на добивка. Има закон, има решение. Арно ама, и државата Македонија има потреба од пари. А парите ги имаат приватниците, а тие, како што е познато, се заколнати непријатели на социјал-демократијата (читај: социјализмот) на младинците од С(К)М. И така, вели приказната, Бранко му рекол на Бошко: државната каса е празна, а Бошко (не знам кој е тој, а, искрено зборувајќи, не ме ни интересира) веднаш се фрлил во акција и остварил завидни резултати наплатувајќи данок од оние што тоа го одбегнуваат. Меѓу жртвите од неговата рација се нашла и фирмата на младиот инженер. Нема врска што се на списокот на фирми ослободени од данок на подрачјето на град Скопје, решение си е решение, плати па жали се! Ако си во право, ќе ти ги вратиме парите!
Проблемот ми изгледаше банално едноставен, но, со оглед на тоа што законот во Македонија не им дозволува на универзитетските даскали да даваат правна помош, му се јавив на едно друго момче (адвокат и мој некогашен студент) и му го раскажав по телефон случајот молејќи го да и помогне професионално на фирмата на младиот инженер.
Излезе дека проблемот (како појава) му е познат и нему. Веќе имал такви предмети. Вели: нека дојдат утре кај мене во канцеларија, па ќе најдеме некое чаре. Зошто чаре, велам јас, та нели има закон, а по законот тие што даваат работа на инвалиди се ослободени од данок. Момчето длабоко воздивна чудејќи се на мојата неукост и наивност, а потоа искрено ми рече:
- Слушајте професоре! Тие луѓе ќе мора под итно да си регистрираат нова фирма, со иста дејност, зашто ако решението биде потврдено во втора инстанција (а ќе биде, зашто за тоа бил надлежен оној Бошко што го спомнавме погоре), младинците од С(К)М, како што велите вие, веднаш ќе им ја блокираат сметката и тие парите ќе мора да ги платат. Потоа ние ќе поведеме управен спор, што ќе трае едно година и пол и, како и многу пати досега, ќе го добиеме. Тогаш управата за јавни прифоди на Скопје кога ќе има пари навистина ќе им го врати неосновано платеното, но без какви и да е камати за нивните пари што во меѓувреме ги вртела и оплодувала. Затоа велам: нека дојдат да побараме чаре.
Тогаш ми текна дека го познавам новиот министер за финансии (неодамна се сретнавме на промоцијата на една книга и срдечно си поприкажавме. Не е како неговиот претходник, што сите пријатели кои не останаа во неговата партија ги запиша за свои лични душмани. Мене, изгледа, посебно!). Би можел да му се јавам и да го запознам со појавата. Не му барам протекција, туку му укажувам на појава, за која, да го прашаат јавно на МРТВ-ата, секако ќе рече дека не му била позната. А можеби и навистина не му е!
Моите посетители се насмејаа. Па, професоре, ние имаме една сестринска фирма (многу поголема од нашата), што го имаше истиот проблем и требаше да плати стотина илјади дојчмарки данок. Му се јавиле на министерот и тој на едно книжуле (своерачно) му пратил абер на Бошко да не го задева човекот, зашто неговата фирма била ослободена од данок. И Бошко, се разбира, не го задева(л). А кога ние се повикавме на тој случај, некој во управата за приходи се насмеа и, кревајќи ги рамениците, ни рече дека покрај сувото горело и сировото. И ден-денес не знаеме што сакаше со тоа да каже.
Останав со прстот в уста (како што велеше еден неоромантичарски пратеник од првото слободно избрано Собрание на Македонија). Навистина чудни се патиштата на правната држава на брдовитиот Балкан. Се прашувам само што си го трошам времето јас учејќи ги студентите на европски принципи на правната држава.

НЕ ЈАДЕТЕ АТИНСКИ СЛАДОЛЕДИ! ГОЈАТ!


Едно време, кога Југот ни беше отворен и јас не ретко одев да се брчкам во водите на топлото (ни) море, некои тамошни жители ми раскажаа една поучна приказна за нивната нарав. Лагите, велеа тие, како нешто без што луѓето никаде на светот не можат, ги создал (како и се друго) Господ. Ги подврзал во илјада вреќи, та фатил да им ги дели на народите: некој добил една вреќа, друг - две или три, трет - дури десетина. И се така и ниеден народ не останал без таа Божја дарба. Па сепак, и покрај немерливоста на Божјата правда, на крај му останале стотици неподелени вреќи со лаги. И бидејќи нему не му требале, не знаејќи што да прави со нив, зел та ги фрлил врз една каменита ненаселена земја да не прават зијан. Арно ама, едно време и во тој камењарник се населил и се намножил некаков народец и вреќите (очигледно) не останале ненајдени. Тој народ е денес нашиот јужен сосед и ете зошто е ненадмашен во онаа дарба со која (и не сакајќи) толку богато го обдарил Господ. Така раскажуваат Атињаните за себе и за својата природа а јас само го пренесувам раскажаното. Ни додавам ниту одземам.
По сите оние работи што ни се случуваат последниве пет години со нив, многу често мислам на нивната приказна. Ако решив јавно да ја раскажам, тоа е затоа што ми се чини дека со нив не ќе може поинаку да излеземе на крај, освен да фатиме да учиме од нивната ука и наука, та да ги толчиме, што би рекле Кумановци, “с’с њини камења по њину главу”. Ова не би требало да ни биде особено тешко, зашто и ние во оваа земја имаме мошне даровити младинци, собрани во некакви сојузи за Македонија, кадри за се, па и за лаги и прелаги.
А сега, еве и што сакав со овој увод!
Оној пат кога Север ни беше затворен поради “неоправданите и со ништо незаслужени санкции” спрема горниот добрососед, а долниот реши да не затвори со сопствено ембарго, не ме мрзеше да појдам (самоиницијативно) на разговор на највисоко рамниште во земјава и да прашам зошто македонската граница функционира на принцип на полупропустлива мембрана та пред неа запира се што е наменето за Македонија, а без мака минува се што оди кај јужниот добрососед. Во вакви ситуации, велев (повторувајќи некои уроци по меѓународно јавно право), сосема е легитимно нашата земја да и го прави истото тоа на својата драга јужна сосетка. И никој жив на светот не ќе може да ни забележи дека правиме нешто недопуштено, нешто невидено и нечуено на веков. И редев примери за она што го знаев, за она што некаде, некогаш сум го прочитал та фатив пена на устата зборувајќи, иако тоа (зборувањето) ми е, да речеме, занает. Редев и примери од мојата сопствена животна практика, подвлекувајќи дека има само еден начин другите да се натераат да те почитуваат - да им ги покажеш забите, кога треба!
Ме сослушаа со пословично добронамерното внимание (на кое, чувме, не можат да му одолеат ни најзакоравените француски сенатори) и ми одговорија дека е се така како што велам, дека меѓународното право, верно, познава таков принцип, но дека Македонија, со ваква постапка, иако наполно легитимна, би ги загубила сите симпатии што во моментот ги ужива среде меѓународната заедница. Морам да признам дека останав без текст: еден силеџија од најодвратен вид ме малтретира, ме понижува на јавно место, а јас не се бранам за да не ги загубам симпатиите на сеирџиите што сето тоа го гледаат без да мрднат со прст за да ми помогнат. А на тоа се сведуваа симпатии на меѓународната заедница, ако не сте заборавиле.
По природа сум упорен човек, па го замолив мојот соговорник да ми каже во што се отелотворуваат симпатиите на таа меѓународна заедница, за чиишто симпатии сме толку животно заинтересирани. Колку милиони долари компензација на штетите ни одобрија, колку ни ги олеснија економските тешкотии, колку...
Не се сеќавам што ми беше одговорено, но секако немаше тоа да го заборавам да беше нешто што вредеше да се запамети. Видов дека мојот соговорник свири на сосема други жици. Дека едноставно не комуницираме и не можеме да комуницираме. И престанав да се надевам дека ќе ме разбере (иако обајцата несомнено зборувавме стандарден македонски јазик).
Што е посебно тажно, жално та дури бедно, ни неговиот (и мојот) народ не се однесува(ше) поинаку. Секојдневно налетувам на автомобили на кои некој ја изгребал кратенката РМ опкружена со маслинови гранчиња. Не ретко возам зад автомобили со скината (меѓународна!) налепница МК. Луѓето раскажуваат дека пограничничните службеници на долниот добрососед не дозволуваат да влезете во нивната државичка додека самите не си ги испокршите ноктите гребејќи ја налепницата. (Пусти будали! Дали навистина веруваат дека Република Македонија ќе ја снема од лицето на светот ако од неколку коли се одлепи соодветната налепница?!) Па сепак, сето тоа и мал милион други ситни понижувања не им пречат на луѓето од оваа земја масовно да јуришаат на Југ и да им ги полнат џепобите на нашите добрососеди.
И бидејќи е тоа така, и бидејќи овој народ (и неговото водство) се поголеми христијани од самиот Христос, јас решив да воведам сопствени мерки на реторзија спрема нашите добрососеди. Кога зборувам за Јужниот, на пример, секогаш велам (Република) Атина, а за неговите жители само и исклучиво - Атињани. И така ќе правам се додека тие не викаат нас онака како што не викаат. Бугарите, верно, не викаат Македонија и Македонци, но, за чудо, тврдат дека јазикот не смеел да ни се вика македонски, туку “официјален”. Некои читатели на ДНЕВНИК веќе забележаа дека јас, зборувајќи за нивниот идиом, велам “официјален јазик на нашиот источен добрососед”. За источниот сосед ќе зборувам како за “Поранешна Социјалистичка Народна Република Албанија”.
И воопшто, за секоја земја што не нарекува со “привремената референција за внатрешна употреба” ќе изнајдам начин да ја именувам со исто толку инвентивна референција. Ако речам “Поранешна Римска провинција Галија, Германија или Британија” не се сомневам дека ќе погодите на кого мислам. А на Клинтон веќе му пишав како на Претседател на “Поранешната Британска Колонија Соединетите Американски Држави”. И ми лекна на душата. Ако сакате така и самите да се чувствувате, следете ме!
И не јадете атински сладоледи! Гојат!

Др Ѓорѓи Марјановиќ

И ПО ТИТО - ТИТО!

На времето, кога и кај нас почнуваа да цутат повеќе партиски цвеќиња, со една мала, но одбрана група активисти ја крстосував Македонија обидувајќи се на луѓето да им ја претставам скандинавската филозофија на Лигата за демократија. Така, еден ден, се најдовме и во Пехчево. Првото прашање што ни го поставија (по задолжителниот дел, во кој ги прикажувавме нашите идеи) беше: ако дојдете на власт, ќе направите ли Пехчево да стане општина?
Нашиот одговор беше краток и јасен: ние се трудиме да направиме евтина држава. Држава што ќе функционира битно поинаку од досегашнава, која е, всушност, (кон)федерација од мали државички (со речиси сите нишани), што ги викаме општини. Наша замисла е да ги укинеме тие мали државички, а локалната самоуправа да се занимава со локални проблеми, со зачувување на она што е вредно, во остранување на она што е грдо во нив. Општината нема да има ни законодавно-извршни функции, ниту голема администрација како досегашната, туку неколку избрани функционери од редот на угледни, позафатени луѓе, на кои ќе им биде чест својата функција да ја вршат бесплатно. Ние сакаме да ги редуцираме, а не да ги намножиме општините.
Резултатот од нашите искажувања беше ладен туш за Пехчевчани. Тие, верно, ги разбраа (па можеби во начело и ги одобрија) нашите ставови, само не ги прифатија: нивниот интерес да имаат сопствена општина беше високо, високо над нашите начелни ставови.
И, со оглед на тоа што Лигата за демократија, насекаде го пропагираше она што замислуваше да го прави, а не она што граѓаните сакаа од нив да го чујат, некои други мангупи, што беа власт и сакаа тоа да си останат, фатија насекаде да му го говорат на народот она што тој сакаше да го чуе. Тоа е една од причините што Македонија стана чудесно место на земјината топка во која не дојде до никакви промени: единствена новосоздадена држава на просторот на поранешна Југославија што “со волја на народот” си остана тоа што си беше: ем социјалистичка ем народна ем република, со С(К)М на чело и со непроменетото мото “И ПО ТИТО - ТИТО”! (Човек треба само еднаш во денот да го спореди вториот дневник на МРТВ-ата со Sky News за да види какво чудо од реал-социјалистичка оаза сме ние!)
Елем, деновиве пак (како и во СРМ, впрочем) е мошне актуелно прашањето на локалната (социјалистичка) самоуправа. Читам во весниците и не можам да им верувам на очите. Не ме буни толку фактот дека творец на локалната самоуправа на страната на “албанскиот фактор во Македонија” е прочуениот внатрешен емигрант и автор на привремено одложениот проект на т.н. Република Илирида (која нормална држава би дозволила новопечен државјанин на една странска држава - Република Албанија! - да и ја крои територијалната поделба!?). Ме буни фактот дека јуношите од С(К)М се залетаа толку што сегашните триесетина општини ги помножија со коефициент 4, па добија ни повеќе ни помалу туку цели 120! А некои од нив се на такво ниво на стопанска развиеност што немаат со ошто да отрујат ни глушец, а камоли...
Туку нејсе! Не ме мрзеше да го кренам телефонот и да се подраспрашам во една од скопските општини за тоа колку чиновници брои. Ми рекоа: двесте, но (дрн-дрн ... со некакви префрлања на дел од нив по локалните експозитури, сега биле само 30). Добро! Да речеме дека и навистина ќе бидат само по триесет: 120 помножено со 30 = 3.600! Машала! Понатаму треба само да се замисли додатниот трошок: зданија за седиштата, кабинети за претседателите, потпретседателите сали за седници, за извршни одбори, салони за прием на гости, уметнички слики за ѕидовите, бајраци, икебани за конференции за печат, службени коли за новите функционери... (Ќе се најде ли во оваа кутра Македонија претседател на општина што ќе биде подолу од некој од скопските претседатели, па ќе си дозволи ароганција на работа да не доаѓа со службена кола, туку со сопствената или, што е уште поневеројатно, пеш! Уште не родила мајка таков. Барем не во Македонија.)
Како и многупати досега, не ми останува ништо друго освен да му се молам на Господа да (з)грешам. Се плашам, сепак, дека јуношите од С(К)М цврсто се определиле да го решат прашањето на безработицата на дипломираните правници и економисти, пред се. А тоа што со ваквата локална самоуправа ќе ја завиткаат Македонија во застрашувачки разгранет паразитски организам на чиновничка, а потем и полициско-воена организација, што потем самата ќе си измислува работа и ќе се множи, ќе се можи и ќе се множи... Тоа сега јуношите не ги интересира. Сега ги интересира само како да ја освојат земјата и на локално ниво, а потем ќе владејат барем сто години повеќе од Турците.
Мислите дека претерувам?
На времето, кога и кај нас почнуваа да цутат повеќе партиски цвеќиња, разговарав со еден умен пријател, кој уште тогаш не веруваше во каква и да е промена во Македонија. Мојата теза беше дека е лошо, лошо, та полошо не може да биде. И дека така не може да продолжи. Мојот умен пријател (стоматолог), резигнирано насмевнувајќи се, ме праша: “Полошо ли е од турското?”, а јас побрзав да му одвратам дека толку лошо сепак не е...
“Е видиш, толку лошо не е! Па ако тоа “толку лошо” турско траело 500 години, ова ќе трае барем 600!”, заклучи пријателот (дај Боже да греши!).

Др Ѓорѓи Марјановиќ

ТАЗИ ДУПКА НЕ Е ДУПКА!


Пред повеќе години, кога социјализмот изгледаше цврст како карпа, а Америте, се чини, одгледуваа некакви надежи (меѓу другото и) во мене и во моите способности да припомогнам во неговото уривање, учествував (по покана) на една тринеделна летна сесија за правото и правните институции од Семинарот за американски студии во преубавиот “царски и кралски град” Салцбург
Главна ѕвезда меѓу предавачите беше г. Warren Burger, поранешниот Chief Justice (ние би рекле: Претседател) на Врховниот суд на Америка, пријатен народски човек што (благодарение на својот ум) се беше искачил толку високо во американскиот естаблишмент што немаше причина да биде ни големџија, а ниту пак лажно скромен. Еден ден, меѓутоа, во едно предавање, сепак му се откачи мала пројава на суета: се пофали со американскиот устав, кој, иако неверојатно краток, во текот на двесте години бил извор на енормно голема збирка судски одлуки, објавени во неколку (четири?) стотини дебели томови.
Овој факт ми заличи на онаа анегдота за еден католички теолог, што објавил 24 големи книги коментар на една единствена реченица од Светото писмо, па запрашав што е, всушност, американскиот устав - она кратко сочиенение што ни беше поделено како фотокопија од 18 странички или тие стотици томови објавени судски одлуки. Г. Бергер се насмевна загадочно и рече кратко: “Тоа е добро прашање!”, но не одговори на него.
Кога тоа се случи не можев ни да сонувам дека слични (иако сепак малу поинакви) прашања ќе поставувам и во врска со уставот на мојата земја. Така, кога, од пред некое време (во врска со не/уставноста на иницијативата за референдум за предвремени избори!), нашите велеучени доктори-министри фатија јавно да пелтечат, обидувајќи се да не убедат дека во уставот на Република Македонија не е напишано она што го читаме во него, а што таму тие лично го напишале (како во бугарскиот виц “Тази дупка не е дупка!”), се сетив за Наполеоновиот рецепт за добар устав (и за неговото оживотворување во Америка): тој да биде краток и - нејасен.
Македонскиот устав во многу работи се доближува до овој наполеоновско-американски идеал, па сепак, во него има и чисти “промашувања”: има пасажи што никого не го оставаат во недоумица. На пример, оној во кој уставописците запишале кратко и јасно: “Притворот може да трае по одлука на суд најдолго 90 дена од денот на притворувањето.” Да го видам сега тој мајчин толкувач што ќе најде начин да каже дека во Уставот и не пишува баш онака како што читаме и дека тој (притвор) може да трае онолку колку што и треба на истрагата!
Овој (неизмислен) проблем од поодамна ги мачи нашите судови, но, се чини, уште повеќе нашите министри. Зли јазици кажуваат дека тие (а особено уставописците) пред некое време седум дена и седум ноќи му се молеле на Господа да ги просветли и подучи како да најдат чаре за кашата што самите ја беа замесиле. Велат, седмата ноќ Тој им се јавил насоне и им рекол на чист официјален јазик на нашиот источен добрососед: “Тази дупка не е дупка!” и тие веднаш ја разбрале работата, а осмиот ден рано изутрина во Законот за кривичната постапка (ЗКП) клале: “Затвор заради судење”.
И така, (со Божја помош!) се нашло фантастично законодавно чаре: сега притворот може комотно да си трае само 90 дена од денот на притворувањето, но затоа пак “Траењето на затворот заради судење (ќе) мора да биде сведено на најкратко нужно време.” Каква швапска прецизност!
Колку изнесува тоа “најкратко нужно време” веројатно сепак ќе може да насети оној скопски оџа (што на страниците на Express M и претскажува светла и простеритетна иднина на Македонија). Кажано со жаргон на правниците, тоа е questio facti (фактичко прашање, што ќе се решава од случај до случај, во зависност од потребите на нашата трома реалсоцијалистичка судска машинерија). Така, и волкот сит (Уставот негибнат) и овците на број (судијата ќе си го држи “затвореникот заради судење” колку што му треба за да ја сврши работата). Има ли ова чудо од досетливост некаква врска со уставната заложба во Република Македонија да се воспостави и изгради Reihstaat (правна држава!) како темелен систем на власта? Се разбира има! Кумановци би рекле: “Прошло покрај правну државу!”
Инаку, ако сакате да дознаете од кои причини се определува “затворот заради судење”, како изгледа постапката за неговото определување и каков е третманот за “затворениците заради судење” ќе треба да ги простудирате соодветните партии од ЗКП за притворот, каде што прецизно е речено што можеме да им правиме на притворените лица за да “пропеат”.
Некој од читателите на ДНЕВНИК (и тоа не од најлошите, најспорите во мислење) ќе праша, дали е можно, утре, кога опозицијата ќе го постави прашањето за почитување на Уставот и за уставно гарантираните права и слободи на човекот и граѓанинот, судиите да не го забележат ова законодавно чириба-чирибу? Не ми останува ништо друго освен да мислам дека уставописците пак ќе му се молат на Господа да ги замае уставните судии та да не го видат она што може да го види и просечен студент по право: дека уставописните министри си играат мајтап со Уставот и дека со нив (и ним сличните мангупи во нашите редови) Македонија правна држава не бидува!

Др Ѓорѓи Марјановиќ

СИРОМАЈОТ ОД УМ ЈЕТ СИРОМАВ

Имам еден умен пријател, кој еднаш духовито иронизираше на сметка на синтагмата, што често ја повторуваат нашите (неграмотни) политичари и медиуми, дека сме биле “мала, а мирољубива земја”: “Види, мајката! Мала, а сепак мирољубива!?” се мајтапеше тој, небаре можеше да биде и поинаку. Оној што знае што зборува тешко може да очекува агресивност од една Андора или Сан Марино. Само, споменатите (наши) не се од тој сој луѓе.
Јас, да речеме, со години очекувам тие да фатат (по аналогија!) да застапуваат една друга филозофија: дека сме “сиромашна и скромна земја”! Залудо! Тоа е последната работа што може да им падне на памет на нашите сo лева рака) прекрстени комунистички раководители. Како и сите новаци, тие се оперирани од скромност.
Притоа не мислам само на некои наши наполно неразбирливи апсурди: Атина (пет пати поголема и десет пати побогата од Македонија) за преговорите со “Другата Страна” го користи својот амбасадор во Обединетите нации. Ние таму имаме (скапо платен) амбасадор, а преговорите, за чудо, ги води еден друг (исто толку скапо платен) амбасадор, комушто за секоја рунда дополнително мора да му се плати патот до Њу Јорк и назад. На страна прашањето за вкусот и дипломатската деликатност, зашто гестот јасно зборува за (не)довербата што именувачот на амбасадори ја има во способноста на професор др Денко Малески достојно да не застапува во тие преговори!
Мислам на некои други попрозаични релации: некаде прочитав дека Данска ли, Холандија ли (некоја од тие арогантни скандинавски земји) имала еден единствен службен мерцедес, што се користел само кога земјата очекувала посета од странски државник на највисоко рамниште. За другите потреби служеле помали, поскромни (и поевтини!) автомобили. Се сомневам дека некој во нашата власт воопшто знае колку мерцедеси има во сиромашна Македонија. Што е мошне нескандинавски, во тие мерцедеси не ретко воопшто и не се возат министри и странски државници (без оглед на рамништето).
Така, една вечер, забележувајќи автомобил со полициски сигнални светилки на кровот, запрев да протестирам нешто кај сообраќајците.Тие се поднасмејаа и љубезно ми објаснија дека тоа што го барам е во надлежност на градската патрола, а тие биле републичка! Некоја вечер подоцна, не забележувајќи дека се работи за истата кола, ја повторив грешката. Луѓето ме препознаа, се насмеаја и (пак љубезно) повторија дека се тие од министерството, а не градска патрола. Тогаш се сетив дека и минатиот пат автомобилот беше ист - убав, голем, син мерцедес! Сум поминал повеќе од две години во богата и пребогата Германија, а не сум видел сообраќајна (Bundes- или Landes-)патрола да вози ништо друго освен Volkswagen (во превод, за оние што не знаат, тоа е “народна кола”). Мерцедесот пак се смета за статусен симбол на солидната средна класа!
На времето, македонската полиција, купувајќи ги скапите Липицанери, сакаше да остави впечаток дека и се за службени потреби (барем по нив да заличи на њујоршката!). Некои наши не многу бистри медиумски главчиња, меѓутоа, слабодобитно ја поздравија покупката со зборовите: “Конечно влегуваме во Европа!”. И, бидејќи Њу Јорк не е во Европа (башка што таа нема такви каубојски обичаи во контрола на јавниот ред и мир), се сетив на една мошне популарна и отмена забава на богатите Англичани - на коњските трки во Аскот (или Ескт, ако сакате изговорот да ви мириса на англиски).Коњите очигледно требаше да служат за натпреварувачки цели, да бидат никулец на некој македонски Аскот. Видела жабата како се кове ат, та и таа кренала крак!
Пред некое време посетив еден пријател, сликар, и, со големо жалење забележав дека ја нема “мојата слика” (така ја викав сликата со едно изгубено, исплашено бело куче, по која го запознав и го засакав сликарот). Пријателот ми објасни дека неа, и уште две-три други слики, ги купил еден министер (оној што ги нервира Атињатите со своите вратоврски со точки и кошули со риги!) и добро ги платил! Малу ме тешеше мислата дека “мојата слика” стасала во министерски кабинет, а не помалу и тоа дека мојот сиромашен пријател добил добри пари за неа (и за другире слики). Подоцна министерот имаше некакви фрки и мораше (доста неславно) да го напушти својот дотогашен ресор. За чудо, кога подоцна повторно се појави “на малиот екран” (за време на некаков телевизиски кадросан прием) ми се причини дека на ѕидот од неговиот нов кабинет ја забележав “мојата слика”. Се сомневам дека некој кај нас воопшто знае колку слики (и од кого се!) има владата на сиромашна Македонија. И што бидува со нив кога некој ќе престане да министерува.
Сега слушам (но не верувам!) дека во владата на Република Македонија се реновираат министерските кабинети. Прикаската вели оти буџетот на министрите за оваа цел не е ограничен (некој од нив потрошил цели 70.000 ДМ). Еден министер (маж!) наводно заповедал во тоалетот да му вградат, ни повеќе ни помалу, туку - биде! (Кумановци би рекле: “Да виду, да не верују!”) Си мислам, па си мислам: “А и зашто да не верују?” И пак се потсетив на Марко Цепенков, та го ставив во насловот.

Др Ѓорѓи Марјановиќ

И СО ЦРНИОТ ЃАВОЛ, АКО ТРЕБА!

Повеќепартизмот во Македонија се јави во вид на едно чудо минијатурни групи, што понекогаш не беа дури ни едномисленички, а себеси сепак се нарекуваа партии. Имавме и социјалдемократски, и христијанско-демократски, и народни, и работнички, и просветно-работнички, и селански (земјоделски), и републикански, и монархистички, и југословенски, и турски, и српски, и ромски, па дури и партии за човекови права. (Се чудев само, како тоа не добивме и некоја бугарска партија! Да речеме: СК - Движење за Бугарија. Или Демократска партија на Бугарите во Македонија!).
Некои од овие партии ги основаа луѓе што и во стариот режим застапуваа некакви откачени, опозициони ставови, други настанаа по директива на дотогаш единствената партија (и нејзиниот ангел чувар: државната безбедност!) за да и се парира на вистинската опозиција и да се предупреди опасноста од пропаѓање на комунизмот (слично на она во Полска, ДДР, Чехословачка, Унгарија). Трети беа плод на амбициите на некои (неостварени!) анонимуси, кои конечно добија прилика јавно да проговорат, дури и кога немаа што да кажат, да даваат изјави и соопштенија, да се сликаат за весници и телевизија. Четврти и не беа партии, зашто зад нивните наумничави, не ретко и душевно растроени основачи, не стоеше никој. Кога нивните водачи почнаа да одат голи по европските престолнини и тамошните домаќини конечно водоа со кого имаат работа.
Не многу долго по основањето, во првата вистинска опозициона партија, некогашната Лига за демократија, се дојде до сознанието за потребата од обединување на опозицијата. На еден состанок на Извршниот одбор на долго и на широко се зборуваше за потребата од коалиција (и со црниот ѓавол, ако треба, само да се соборат комунистите!). За волја на вистината, и во Лигата имаше противници на оваа идеја (ѓаволот, наводно, бил и премногу црн!).
Било како било, ден-два по тој важен состанок, Претседателот на Лигата беше почестен со покана за разговор на највисоко ниво, каде што, без многу дипломатија, му беше речено дека се знае (веќе!) за идејата за обединување на опозицијата и се изрази чудење од готовноста на една толку угледна граѓанска партија да оди во коалиција со најгрдите националисти во земјата, дека тоа за неа ќе значело загуба на имиџот, итн. итн. Поканетиот, кој никогаш не боледувал од особена скромност, се повика (ни повеќе ни помалу!) на сер Винстон Черчил, аристократот што на времето направи сојуз со Сталин. На слични негодувања и исчудувања во неговата земја ли, однадвор ли, тој одговори со убавата англиска смисла за сарказам: “За да го сотрам Хитлер, ќе одам во сојуз и со црниот ѓавол!”
На поканетиот му беше ставено на знаење дека има суштествена разлика помеѓу Хитлер и комунизмот итн. итн. Во функција на минирање на можната коалиција, на состанокот паднаа и некои други (научно-фантастични) понуди, што беа очигледно неразумни како за оној што ги правеше, така и за оној комушто му беа наменети. Било како било, беше јасно дека власта (со полно право, впрочем) се плаши од евентуалниот сојуз на опозицијата и се обидува да стори што може за да го оневозможи.
Од коалицијата (па ни со “црниот ѓавол”) не бидна ништо, а малу подоцна, во настојување да ги поддржи усилбите на основачот на Демократската партија и да им даде пример на другите македонски лилипутански опозициони партии, Лигата за демократија реши едноставно да се втопи во таа голема партија. Колку беше тоа добро, колку лошо, прашање е за дискусија. Намерите, мотивите на тоа обединување беа чисти како солза. Заминувајќи на студиски престој за Германија, три-четири месеци пред изборите 1994, авторот на овие редови му остави аманет на водството на својата (нова?) партија: ако сакате некој успех на изборите, да правите коалиција (пак, ако треба, и со црниот ѓавол)!
За жал, нешто поради лидерската суета, нешто поради гореопишаниот метод на државната кујна, која секому му ласкаше дека може и сам да победи, доста поради политички недораснатите медиумски измеќари и опозицијата излезе на изборите меѓусебно раскарана, разединета, македонскиот народ би рекол: за никаде! Со таква опозиција (и со поткрепа на високоморалниот меѓународен фактор, комушто во Македонија му требаше партија со двотретинско мнозинство за да се извршат нужните промени на македонскиот устав, на македонското знаме, а по можност, и на македонското име), и најтешките повреди на процедурата можеа да се прогласат за “слободни и фер” избори. Опозицијата конечно се обедини, но само за да ги напушти изборите!
Сега сме пред општинските избори 1996. Насекаде во светот локалните избори се проба пред парламентарните. А нашата опозиција си останува таква, каква што си беше од првиот ден на плурализмот! Разединета, самобендисана, убедена дека и таква може да направи нешто против С(К)М. Не сум многу убеден дека таа конечно ќе ја прочита власта и ќе седне разумно да разговара меѓу себе. И тоа, не да разговара за вечна љубов, вечно сојузништво, туку за една прозаична работа: како да ги тргнеме од вратот овие што половина век не водат кон - никаде! Како да ги иставиме од власта, па макар утредента се разделиле за никогаш веќе да не се видиме. Се ми се чини дека е поверојатно некој да го прифати за свој сојузник тројанскиот коњ (ѓоа-либералите!). Барем, нема да се зачудам ако биде така.
Еднаш, во предвечерјето на слободата, го предупредив македонскиот народ добро да размисли за кого ќе гласа, зашто, за прв пат во својата историја, ќе има власт каква што заслужува. Сега во предвечерјето на локалните избори им го велам истото на македонските партии: или ќе се обедините (макар и само за да не се напаѓате меѓусебно) или ќе ве нема! Ни во парламентот ни во Македонија! А и да преживеете, нема да бидете ништо повеќе од она што беше едно време Лигата за демократија: pot à fleurs!

Др Ѓорѓи Марјановиќ

КОЛКУМИНА ОД БИСТИТЕ БИЛЕ ЖРТВИ НА СВОИТЕ?

Малу-малу, па туку некаде (во Велес, што се уште е Титов, или во Куманово, што никогаш не било негово) непознати лица ќе ја превртат бистата на некој паднат борец и ќе ја фрлат во коритото на Вардар ли, Средорек ли, кај што им е најблиску. Тоа, се разбира, веднаш го бележат нашите слободни независни медиуми (со кои се гордееме во регионов и пошироко!), барајќи од органите за прогон енергична потрага по непознатите сторители. Многубројните ќелии на боречката организација наводно веднаш го свикуваат своето престарено, изнемоштено членство и издаваат соопштенија во кои енергично и со индигнација протестираат против овие “вандалски”, “профашистички” акти, а не ретко се закануваат дека се готови пак, како некогаш (кога имале дваесетина години), да се стават на браникот на татковината нападната од “неофашистите”. Ни партиските гласила на здравите леви сили не остануваат покусо. И тие креваат глас и бараат одговорност за “сторителите”.
Мојот татко, кумановскиот учител Часлав Марјановиќ, е паднат борец, запишан на една од многубројните плочи на спомен-костурницата во Куманово (заедно со вујко ми Јордан Арсовски) и јас сум, ако не последниот човек, тоа секако еден од последните луѓе во оваа земја што би ги оправдувал актите на непознатите уривачи на бисти и спомен обележја. Па сепак, кога ги читам овие протести (најчесто не на изнемоштените борци, туку на нивните претседателства, најчесто не на новинарите, туку на нивните глодури, најчесто не на членовите на одделни партии, туку на нивната платена бирократија) ми се крева утробата од тоа безмерно, невидено и нечуено лицемерие. Како не им е срамота да врескаат до небеса против “непознатите сторители”, а притоа да не кажат ни збор за “познатите”. Да не одам многу далеку!
Неодамна, благодарение на подземните шепотења, беше откриена масовната гробница на нивните жртви во велешко. Нешто не се сеќавам некој велешки или не знам чиј борец (за раководствата на нивните организации и да не зборуваме) да се јави и да каже: “Тоа го сторивме ние! Јас, моите другари, моите соборци! И се каеме! Тоа ни е ноќен кошмар! Тоа ни ја загорчува староста!” Не се јави никој и (дај Боже да грешам!) нема да се јави.
Нешто пред тоа дознавме дека нашите “прославени борци” умееле да кренат рака и да убијат трудна жена само за да и го спасат образот на Партијата (читај: на нејзините истакнати кадри). А кога еден познат сторител на ваков еден тежок злостор (за кој денес се добива затвор најмалу десет години или доживотна робија - в. чл. 123 ст.2 т.5 КЗ), инаку универзитетски професор во пензија и, се разбира, и ден-денес (ако е жив!) член на боречката организација, го прашаа преку весник дали тоа навистина било можно, тој, без око да му трепне, одговори: “Да, можно е! Такво беше времето!” Не се сеќавам некој од неговите некогашни соборци да се јави и да побара (со индигнација!) оваа индивидуа да го напушти Сојузот на борците, како морално недостојна да биде во неговите редови. Не се јави никој и (дај Боже да грешам!) нема да се јави.
Зашто, јасно е: ако се јави, макар и само во еден случај, може да почне да се одмотува клопчето од стари гревови, па да дознаеме работи што и така веќе ги насетуваме - дека и многумина од оние на бистите биле токму нивни жртви!
Да потсетам дека тие исти борци владееја со оваа земја речиси половина век, а никогаш не спроведоа истрага за околностите под кои загина Рацин. Има повеќе од гласови дека основоположникот на современата македонска литература го суредиле членовите на боречката организација, а не клетите душмани. А таа боречка организација молчи!
Еднаш, пред повеќе години, во клубот на писателите присуствував на една средба со историјата: др Блаже Ристевски (секоја чест!) успеа да организира разговор со двајца од убијците на Рацин. Едниот (оној што пукал во поетот) дури се расплака, тврдејќи дека пукал не сакајќи. Упорно повторуваше дека има многу работи (забележано? Не би можел да се заколнам дека рече така!) да каже за околностите под кои се случила таа загадочна смрт. Иако читам многу, не сум сретнал дека тој некаде објавил макар и најкус запис за она што го знае. Ниту пак нашите слободни, независни медиуми кога и да е професионално (или непрофесионално, сеедно) и пристапија на оваа тема. Не, тие за ова молчат, зашто вистината очигледно е мачна за некогашната (и сегашната) владејачка партија.
Дури и нешто повеќе! По гореспоменатата средба (во Клубот на писателите) многу пати зажалив што состанокот не беше озвучен, зашто веќе и самиот тој разговор беше (или се чинеше дека може да биде) почеток на едно истражување на таа мачна тема. Кога еден ден, некој ми кажа дека старата добра УДБА потајно го снимала целиот разговорот, а лентата била преслушувана и на седница на ЦК на некаква си Партија ли, Сојуз ли... Најчудното (или најприродното!) во таа прикаска е што, наводно, шефот на една елитна мекомакедонска татковинска партија (што некогаш имаше седиште над местото на разговорот), откако ја преслушал лентата изразил мислење (или желба?) таа да биде уништена. Продолжението на прикаската никогаш не го чув. Што стана со лентата? Што било со Рацина? Тоа е многу поважно за историјата на Македонија од некоја биста што поради немоќниот бес на некој современ гемиџија ќе заврши во коритото на Вардар или Средорек.
А пропос, се почесто слушам гласови за тоа дека уште еден страдалник со урната биста (кумановскиот композитор Панче Пешев!) загинал од раката на своите соборци. Ако некој нешто знае, а нема храброст јавно да проговори на оваа тема, нека ми пише (макар и анонимно!). Адресата ми е: (се уште комунистичка!) “Јужноморавски бригади 72-б 91000 Скопје”.

Др Ѓорѓи Марјановиќ

ОРОСПИЈАТА ОД ТРУБАРЕВО


Некаде пред земјотресот, едно лудо младо приправниче од Општинскиот суд Скопје II налета на ороспијата од Трубарево: беше поднела тужба за навреда против некој што и рекол дека е таква. Приправничето, штотуку испилено (уште тогаш сакаше да соли памет!), ја викна во својата канцеларија и фати да ја убедува да не се резили млада, влечкајќи се по судови, а таа пак да лелека како животот и бил тежок, како не само што ја навредувале, туку не ретко кревале и рака врз неа. И (неочекувано за младото учено приправниче) го крена здолништето та фати да му ги покажува модринките од тепање. Во тој момент влезе судијата и - “ги фати на дело”!
Фала Богу, беше разбран човек, та воопшто не се посомнева во одбраната на приправничето: “Залудо си го губите времето, колега! Таа жена има по четири-пет вакви тужби месечно и добро заработува со нив.” Лудото, младо наскоро разбра и како: ќе и рече ли некој во селото дека е ороспија, таа него веднаш на суд! Кога судијата ќе го прашаше тужениот, точно ли е тоа, овој, неук во правото, наивно ќе речеше: “Да бе, господин судија! Тоа сите го знаат. Нам, на селаните, ни бара пет илјади. Вам, господин човек, ќе ви даде и за илјада...” Потоа, држ натаму - држ наваму, и дамата, по десетина минути натегање со тужениот, “со тешко срце” ќе се согласеше да ја повлече тужбата, ако и плати “чест навреда”. (Така велеше!) И ќе си излезеше од судот со 10.000 кеш (за споредба: една приправничка месечна плата тогаш беше 35.000 динари!), а ни тужениот не си одеше без ништо: сега знаеше еден важен урок од правото: ороспија не ороспија, немаш право така да и кажеш. Инаку, ќе ти страда џебот!
Не знам зошто, туку ороспијата од Трубарево беше првата работа што ми падна на памет кога прочитав во ДНЕВНИК дека нашиот министер за внатрешни работи им се извинил на новинарите. Не оти некој не знае дека има еден куп новинари што работат за полицијата. Само, никој нема право тоа јавно да го каже (а најмалу министерот!). Тоа е работата! Дотолку повеќе што живее(в)ме во систем кој се темели врз соработка на “свесните граѓани” со сините ангели-чувари. Затоа, министерот, народски речено, беше плукнал во изворот од кој пиеше.
Патем речено, на времето слична работа му се беше “откачила” и на неговиот претходник, кој беше рекол дека знае кои професори од неговата куќа биле тастери на полицијата за време на комунизмот. Кога при една средба со него му кажав дека на факултетот се крена голема врева околу оваа изјава, тој, со својата фамозна (медицинарите би рекле: конгенитална!) смисла за цинизам рече: “Да, да, згрешив! Требаше да ги кажам имињата!” Но, не ги кажа, и не мораше ни да им се извинува. А тие знаеја дека тој знае, па си молчеа. Сега тоа е заборавена работа, па од нив државата (како од “свесни граѓани”) и натаму ќе може да ги регрутира своите врвни експерти за внатрешна и надворешна употреба.
Затоа (да ми прости глодурот на ДНЕВНИК!), Чокревски никого не посрамоти, ниту пак себеси се посрамоти. Скромно мислам дека неговото јавно извинување до новинарите не е ништо поинакво од оние 10.000 (предземјотресни!) динари на тужениот од почетокот на овој напис!
Инаку, мене лично многу ме бендиса прикаската за интерпелацијата на “либералите”. Тие мора да си мислат оти свршиле убава работа: ем добро знаеја кои се тие новинари на продавање (да не речам како во насловот!), на кои мислеше министерот, ем фатија да го бранат новинарството (како такво!) од неговата агресивност. Само, многу се мамат ако се надеваат на (воз)вратка од благодарното новинарство. Либералите, без оглед на тоа колку се богата (“директорска”) партија, сепак немаат со што да ги платат куртизаните на власта.
Крајот од приказната (јавното извинување на министерот на полицијата!), меѓутоа, мене воопшто не ми замириса на хепиенд! Дека новинарството е сила знаеме сите и без министерот, а за тоа, од време на време (да речеме во предизборната кампања!), и дополнително се свестуваме. Затоа и не ме радува многу ветувањето: “Додека сум јас во МВР досијеа за новинарите нема да има!”.
Се разбира дека би сакал да нема досијеа за новинарите (ни за продадените ни за недопирливите). Би сакал да нема такви досијеа за професорите (ни за тастерите ни за морално-политички неподобните). Би сакал да нема ни прислушни уреди по кабинетите (“функционални се, но не функционираат”, ми беше речено од еден што тоа мораше да го знае еџ оффицио). И воопшто, би сакал оваа држава да нема потреба од тастери, цинкароши, доушници, клети шпиони. Како старински човек упорно мислам дека не е асолна државата што се темели врз вакви основи! Ниедна таква не опстанала долго. На крајот или пропаднала или морала да се реформира. Трето нема! Државата Македонија ова очигледно се уште не го разбрала.

ДНЕВНИК (I,109,9)