Интервју за А1 Телевизија - ЦИВИЛНО ОПШТЕСТВО НА БАЛКАНСКИ

Дали Македонија има и каква е таа правна основа за развој на граѓанскиот концепт, т.е. граѓанското општество?

Без оглед на сите можни недоумици, што главно произлегуваат од дефиницијата на поимот “граѓанско општество” (societas civilis), Република Македонија, според замислата на творците на нејзиниот устав, има правна основа да се изградува според граѓанскиот концепт. Тука е пред сé, прокламираната еднаквост на луѓето пред законот. Потем, во оваа земја, без оглед на сé, мора да се толерира (и се толерира) поинаквото мислење како придобивка на цивилизацијата. Ете, кај нас веќе нема ни трага од некогашниот фамозен “деликт на мислењето”. Македонија ја надмина болеста наречена “ идеологија”: таа е колку лаичка (секуларна), толку и дезидеологизирана земја. Власта се формира преку избори и може преку нив да биде санкционирана од страна на граѓаните, ако не ги задоволува нивните очекувања.

Ова се правни основи за развој на “граѓанското општество”. Друго е прашањето дали Македонија и de facto во секој поглед се изградува како цивилно општество и како правна држава. Не е доволно војничкиот еднопартиски комунизам да се замени со партиски плурализам, а државната (ние велевме “општествената”) сопственост со приватна, па веднаш да добиеме “цивилно” општество. Војниците, уште долго по демобилизирањето, во мислите живеаат во касарните. Така е и со повеќето “војници на Партијата”, како што најревносните некогашни комунисти имаа обичај да се нарекуваат себеси.

Дали ова значи дека има и психолошки пречки за изградбата на цивилно општество?


И во нашиот пример се покажа дека поединецот, како и општеството во целина, тешко ја соблекува војничката униформа. Слободата е тешка и претешка за луѓе научени на команди во сé и сешто, па тие, според едно познато учење, по колапсот на комунизмот се дадоа во “ бегство од слободата”, фрлајќи се во прегратките на други паравојнички колективитети.

И најзгорничен поглед врз младата шума од политички партии, а особено врз оние што се најрелевантни на македонската политичка сцена, дозволува да се види дека луѓето, ослободени од идеолошката стега, пред сé се организираат врз племенска (национална), а малу или ретко врз граѓанска основа. Оттаму многубројните племенски сојузи на Македонците, на Оние чиешто име е срамота да се изговара, на Турците, Ромите, Србите.

Ги нема само Бугарите и Власите?


Отсуството на Бугарите е разбирливо ако се читаат текстовите на некои апостоли на македонското национално единство, според кои, во Македонија окупатори биле Грците и Србите, но не и Бугарите. Ова може да се разбере само и единствено како исказ што сака да каже дека ниеден народ не може самиот себеси да се окупира. Поинаку речено, браќата Бугари мора да ги третираме само и единствено како “ослободители”, без оглед на тоа што можеби нí ги убиле најдрагите членови од семејството.

Патем речено, мене не ми пречат ни Србите (што ми го убија татка ми), ни Германците (што два пати го запалија светот), ниту кој и да е друг народ, па не ми пречат ни Бугарите (што ми го убија саканиот вујко). Имав и имам многу добри односи со неколкумина Бугари. Читам и доста добро зборувам бугарски. Во мојата нова книга (Македонско кривично право, општ дел) многупати се повикувам на ставовите и мислењата на видниот бугарски теоретичар Никола Долапчиев...

Она што ми пречи кај нашите скришни Бугари е што немаат доблест јавно да се пишат како такви. Како она момче што пред некоја година ја вџаши Македонија изјавувајки на МРТВ-ата дека се чувствува Бугарин. Тоа е чесен гест што треба да се поздрави! Никогаш не сум ги сакал оние што мислат (и чувствуваат) едно, а зборуваат друго.

Впрочем, психолошки предуслов за изградба на граѓанско општество е - да имате барем ронка граѓанска храброст!

Од друга страна, отсуството на Власите меѓу политичките партии, некои малициозни набљудувачи го толкуваат со едноставниот факт што тие главно ја држат власта во Македонија, така што партија воопшто и не им треба. Таа само би им пречела: во случај на победа на некои други сили во парламентот, Власите, следејќи го својот неуништив нагон за самоодржување, полесно ќе може да му се придружат на новиот победник и во неговите организациони рамки да ја играат истата улога што денес им припаѓа во лево ориентираната владејачка коалиција.

Врз што го темелите тврдењето дека ова што го имаме сé уште не е вистинско граѓанско општество?


Тврдењето за кревките корени на граѓанскиот концепт во Македонија може да се докажува и со тоа што на политичката сцена најмалу успех имаат токму автентичните застапници на овој концепт: Лигата за демократија, на пример. Оваа партија прва се заложи за структурните предуслови на граѓанското општество: поделба на власта и заемна контрола на одделните нејзини сегменти, рамнотежа на моќта (Англосаксонците би рекле “check and balances”), слободен пазар, еднаквост на сите пред законот итн. итн.

Идеиве им беа и им се прифатливи на повеќето луѓе во земјата (што се гледа и од бројот на остварените програмски постулати на Лигата). Сите ги фалат, но, како во изреката “Фали го селото, живеј в град”, никој не гласа за неа, никому не му паѓа на памет финансиски да ја помогне или да ги афирмира нејзините ставови во медиумите. Особено изненадува фактот дека неа не ја потпомогнаа дури ни оние за чијшто интерес таа најдиректно се ангажираше. Да потсетам дека Лигата за демократија беше првата политичка партија што објави посебен “Меморандум за (ре)приватизацијата”. И не само тоа, таа го основаше Здружението за враќање на одземените имоти на поранешните сопственици. Па сепак, верувале или не, на основачкото собрание на ова здружение од 500 присутни некогашни сопственици (односно нивни наследници) само 40 формално í пристапија на Лигата (!?). Така, остана секој да гласа само и единствено за сопствениот племенски сојуз.

Социјалдемократскиот сојуз, Либерално-демократската партија, Социјалистичката партија сепак не се “племенски сојузи”?


Од ова разгледување обмислено ги исклучувам владејачките “леви партии”, во кои ја вбројувам и новата “Демократска алтернатива” на волуминозниот Титов младинец и неговата тајфа од некогашни “војници на Партијата”, а сегашни “генерали на капитализмот”, некогашни здруженотрудолози, а сегашни експерти за приватизација, “лавови”, божем-спортисти и ини. Нивното реорганизирање, преименување, пребојадисување, китење со нови ѓоа-демократски беџови е строго војнички маневар. Тоа е она што во строевата обука се нарекува “длабоко растегнат строј”, а треба да овозможи власта, што еве педесет години им беше в раце, таму и да остане.

Поинаку речено, доколку на новите избори победи преснопечената “Демократска алтернатива”, власта останува во рацете на второто колено на комунистичкото воено благородништво. Алтернативните демократи се исто што и либералите, социјалдемократите, социјалистите. Единици од истата разнебитена, но не наполно уништена армија. Тие никого не загрозуваат: чавка на чавка очи не корне! Нејзините највлијателни членови не случајно се нарекуваат “lions”: ним им припадна лавовскиот дел од приватизацијата!

Ова звучи мошне огорчено?


Признавам дека звучи. Но, дека ова не е голо незадоволство на еден политички и општествен аутсајдер може да се види и од ставот на официјалните средства за јавно информирање спрема Лигата за демократија, од една страна, и “Демократската алтернатива” (да речеме), од друга страна.

Иако малубројна, со прифатливи идеи, со кротки и главно допадливи, некорумпирани, некомпромитирани луѓе во раководството, Лигата од самиот почеток беше сатанизирана како антикомунистичка, исмевана како “елитна”, напаѓана и клеветена како опасна. Пред првите избори по независноста, една будалетинка напиша (а органот на ССРНМ објави) дека во случај на победа на Лигата за демократија Македонија немало да има доволно простор за масовни гробници (sic!) и за концентрациони логори (sic!).

За партијата на прославениот Титов младинец тоа никој не го вели, а нема да каже ни нешто слично, иако тој (не така одамна) активно учествуваше во донесувањето одлука за употреба на воена сила против народот што бараше само и единствено поголема слобода на информирањето (за излегување на тенковите на улиците на Белград).

Зарем нема ништо позитивно во поновиот политички развој?


Има! Се разбира дека има! Здравите леви сили отсекогаш си правеле себеси повеќе зло одошто им направил кој и да е нивни непријател. Така и “алтернативните демократи” значително ќе придонесат за натамошно уситнување на остатоците од некогашниот партиски монолит. А колку се поситни тие партии, толку се поголеми шансите на нашата автентична опозиција. Ова ситнење, ова дробење на почвата е добро за есенската сеидба.

Колку власта се залага за развој на граѓанското општество?


Власта што ја имаме, почнувајќи од шефот на државата, преку парламентот до судската власт, што тој (во суштината еднопартиски) парламент ја избра, се залагаше и ќе се залага за секаков привид на граѓанско општество, под услов никој да не í гиба во механизмите со кои таа управува со Македонија. Навидум ќе имаме сé што има и Запад, под услов сé да остане како што си беше: нема да нí биде тешко дури ни да се нарекуваме “господа” (впрочем, вистински “другари” никогаш и не сме биле). Според старата македонска: “Викај ме и грне само не крши ме!” Како што во комунистичкиот концепт веруваа само некакви занесени будалетинки (љубители на научната фантастика), денес во концептот на граѓанското општество веруваат истите тие или ним слични занесени типови.

Волкот пак, според народното сознание, го менува влакното, но не и природата: ѓоа-граѓанскиот СДСМ, на пример, прави сé да ги има под свое сите директори, сите бизнисмени, сите приватници. Оние што не разбираат каде им е интересот, ефикасно се учат на ред преку зачестени инспекторски посети и драконско казнување и за најситни пропусти. На “нивните” им се прогледува низ прсти и за милионски незаконити профити при јавните набавки, при увозот на жито, нафта, шеќер и што ли уште не. Впрочем, во Македонија сé се увезува (па дури и она што го произведуваме во изобилство, како шеќерот, на пример), така што буквално на сé може и да се печали. Треба само да умеете да си побарате дел за себе!

Во таква констелација нема место за механизмите на пазарната саморегулатива како суштествена претпоставка на цивилното општество. Логиката е застрашувачки неизменета: “Ако не си со нас, ти си против нас! “ Се потпомагаат само “нашите”, што ќе рече - послушните, а не инвентивните претприемачи што единствено може да í донесат прогрес и благосостојба на земјата. Пак е на дело, она што се нарекуваше “негативна” (наместо “неприродна”) селекција.

Владата, како во старите добри реал-социјалистички времиња, спроведува “акции за вработување” (иако и овие што сега се вработени нема што да работат). Владата ги поддржува “своите” чиновнички синдикати. Нејзините средства за јавно информирање ги сатанизираат дури и непослушните владици на Македонската православна црква.

Каква е иднината на граѓанското општество кај нас?


Иднината во Македонија уште долго време нема да биде во граѓанското општество, туку во она што ќе го смислат и ќе го реализираат прагматичарите на “Демократската алтернатива”, новопечените социјалдемократи, либерали и селските кнезови на социјализмот. Она што е најжално за народот, нив (како и досега!), освен режимските средства за јавно информирање, ќе ги поддржува и Ороспијата од Вавилон (како што една тажна постилинденска народна песна ја нарекува Европа), а и оние од другата страна на Големата Бара! Тие на овие простори отсекогаш сакале да видат власт што ќе им биде послушна, што ќе игра како што тие ќе свират. И тука нема спас!

За ова тврдење не ќе се најде подобар доказ од безочното фалсификување на изборите од 1994 година. Јуношите ветија менување на знамето и - го одржаа зборот. За возврат никој ништо не виде, никој ништо не чу, никој ништо не рече! Всушност, сепак рече: членовите на мониторингот бесрамно изјавија дека изборите биле “слободни и фер”. Јуношите ветија дека Оние чиешто име е срамота да се изговара ќе бидат застапени во владата и - ги зедоа за коалиционен партнер, иако инаку никој не може да разбере чуму им се: и без нив имаат двотретинско мнозинство! Коалиционен партнер се зема за да се обезбеди потребното мнозинство во парламентот. Но, ако тоа беа услови да се им се признае изборниот фалсификат, сето тоа е повеќе од разбирливо.

Колку граѓаните се упорни во остварувањето на граѓанските права?


Македонија има релативно добро образовано население, кому што не му е непозната судбината на “Слугата Ернеј и неговото право”, како поука за тоа колку вреди борбата за остварување на какво и да е право на Балканот. Впрочем, од кого да бараш правда кога и обвинителите и судиите се “вонпартиски” избраници на владејачката партија. Дури ни Стејт Департментот не можеше да истрпи и да не каже дека сепак малу претерале со “вонпартизмот” на некои новоизбрани судии (со изборот на една дама, висок партиски функционер, за претседател на еден од трите апелациони судови). Надежта е во Судот за човекови права во Стразбур. Таму Европа, пред сé заради себе, поставува и одржува определени (мошне високи!) стандарди во заштитата на човековите права.

Колку функционираат институциите битни за остварување на граѓанскиот концепт?


Функционираат со завидна ефикасност! Погледнете го списокот на минатите и сегашните властодршци и не ќе може да го превидите фактот дека тие главно се регрутираат од “Форумот за човекови права” како институција пар еџцелленце на граѓанското општество. Погледнете кој раководи со разноразните Хелсиншки и други комитети, отворени општества итн. итн.

Според некои теоретичари, граѓанското општество подразбира зрела демократија и политичка култура. Што мислите за ова и каде сме ние во однос на ваквата констатација.

Јас не сум теоретичар на “граѓанското општество” и затоа верувам во она што го тврдат теоретичарите од Вашето прашање. А за тоа каде сме ние, веројатно најинструктивен е вицот за оној нашинец што сакал да има англиска трева, па посадил таква по инструкции на некој Англичанец. Со оглед на тоа дека тревата кај него никако не била како кај Англичанецот, го прашал што да прави. Одговорот бил едноставен: треба само да продолжи и да го негува тревникот следните шестотини години и секако ќе има трева како неговата.

Можеби не по шестотини, но по двесте години и ние ќе го имаме она што денес го има Запад. Без оглед на сé, еден ден социјалдемократите и навистина ќе бидат социјалдемократи, а либералите - либерали! Тогаш никому нема да му бидат потребни некаквиси “алтернативни демократи”. Внуците на сегашните комунистички “благородници” секако ќе имаат манири на вистинско благородништво. Треба само да се причека! Qui vivra, verra! Но, сé некако ми се чини дека ни тоа нема да ги задоволи теоретичарите на “граѓанскиот концепт”. Како што не ги задоволуваат состојбите со него денес на Запад...

МАКЕДОНИЈА КАКО СЕЛО БЕЗ КУЧИЊА

Неодамнешниот митинг во Тетово, што очигледно беше предупредување до “оазата на мирот” дека Албанците од Македонија ја признаваат како своја само и единствено Република Албанија, а никако не и македонската власт, ме натера да се замислам над некои реалности од развитокот на “албанското прашање” во оваа земја и да се потсетам на некои работи.
Таму некаде, на почетокот од политичкиот плурализам, ми дојде еден пријател, колега во правото и (до неодамна) мој политички соборец. Вака и вака, вели тој, група албански интелектуалци (застапувани од еден скопски адвокат) би сакала да и се приклучи на Лигата за демократија. За почеток ветуваат 200.000 ДМ и 300.000 гласови! Го прашав мојот соговорник (кој, инаку, беше член на “подвижниот циркус”, како што ја нарекувавме групата активисти, која крстосуваше по Македонија држејќи трибини, основајќи општински јадра, а потоа и централи на Лигата) дали некаде, за тие неколку месеци, колку што политички соработувавме, ни се случи слично чудо: некој да ни понуди и стоти или илјадити дел од тие силни германски марки. “Никаде!” беше одговорот што го знаевме обајцата. Беше јасно дека анонимната “група албански интелектуалци” не сакаше членство во Лигата за демократија, туку заштитен чадор за некои свои цели и намери. (Многу подоцна, на тетовскиот митинг, се виде кои цели и какви намери!) Му одговорив на колегата дека ни требаат многу пари, а уште повеќе гласови на првите слободни избори, но не по цена на образот. Ако навистина сакаат да членуваат во Лигата, нека повелат да ни се придружат како и сите други, преку основачките трибини. Се разбира, не ни се придружија. Неколку недели подоцна се јави една нова партија, во која се беше албанско освен потпретседателот. Со време, групата интелектуалци се осоколи до непрепознатливост: од тие први плашливи политички ползења до тетовските сепаратистички оргии, одржани без срам и перде пред лицето на Македонија и целиот свет, Албанците минаа забележителен пат.
До пред некое време, тие настојуваа да се добие барем впечаток дека се граѓани на Македонија, дека друга татковина не сакаат да имаат, дека во тоа мора да им веруваме, дека немаат ништо заедничко со каков и да е сепаратизам, итн. итн. На тетовскиот митинг престанаа со тој ритуал: таму имаше само знамиња на Република Албанија, се свиреше само химната на Република Албанија, а се плукаше и се свиркаше на се што беше македонско. Македонската држава, претставена од “малубројни полициски сили”, загуби здив од дрскоста на Шиптарите. Роденденската забава (на др Данаилов-Фрчковски) се претвори во застрашувачки националистички оргии! Глупавите режимски (и “независни”) медиуми сторија се за да го багателизираат значењето на настанот, наместо, на најголемите камбани да ја рашират пред Европа грдата вистина за мезимчето на г.г. Герт Аренс, ван дер Штул & комп.
Деновиве ме посети амбасадорот на една од водечките западноевропски држави.Во еден момент го прашав дали го виде митингот во Тетово и дали такво нешто би се толерирало во која и да е правна држава во Европа. Неговата екселенција ме погледна мошне недипломатски, небаре сакаше да праша дали јас тоа му се потсмевам (не е пристојно да речам поинаку). Се разбира дека ова е можно само во единствената оаза на мирот на бреговитиот Балкан, управувана од влада во која барем четвртина од министрите се професори по право.
Кон крајот на минатата година, поттикнат од некои други вакви појави, седнав, та за БЕЗБЕДНОСТ, списание за криминалистика, криминологија и кривично право (единствената вредна работа по која сегашниот министер за надворешни работи ќе го памтиме како министер на полицијата!), напишав статија за кривичното дело Повреда на угледот на Република Македонија (чл. 90 КЗМ), што почуваше со зборовите:
»Субјективен впечаток на потписникот на овие редови е дека Република Македонија нема некое особено разбирање за поими како што е правото на државата на општо почитување, или, поинаку речено, за чест и углед на државата, па оттаму има малу или нималу службени настојувања да се обезбеди нивното важење. Доказ за ова тврдење е “незаинтересираноста” на органите на прогонот во некои драстични случаи на флагрантно непочитување на македонската држава од страна на припадниците на албанското малцинство во најразлични пригоди: неистакнување на македонското знаме за време на националните празници или, што е уште поголема дрскост, истакнување наместо него на знамето на една странска земја (Република Албанија), неинтонирање на химната на Република Македонија во определени пригоди или, што е уште подрска провокација, интонирање на химната на таа иста странска држава итн. итн. Колку што ми е познато, досега немаше ни најелементарен обид да се постави прашањето за кривична одговорност на сторителите на ваквите и слични акти.
Патем речено, се чини дека македонската држава, заради мирот во куќата, е расположена (или присилена?) да ја толерира оваа нечуена дрскост во изразувањето нелојалност спрема себе, односно во јавното изразување лојалност спрема туѓа држава од страна на нејзините граѓани, акти што ниедна друга (макар колку примитивна) земја не би ги толерирала. Тоа можеби е уште еден акт на “мудрата” политика, што од оваа земја направи прочуена “оаза на мирот”, но никако не и доказ за тврдењето на Уставот на Република Македонија (УРМ) дека владеењето на правото е една од темелните вредности на нејзиниот уставен поредок (чл. 8 ст. 1 ал. 3 УРМ). Во Европа, меѓутоа, што е цел кон која наводно програмски се стремиме, принципот на владеење на правото е највисоката од темелните вредности на уставните поредоци на нејзините држави. Тоа е и причината што решив да се зафатам со темата од насловот, надевајќи се дека нашите јавни обвинителства и судовите наскоро ќе дадат и сопствен придонес кон оваа тематика.«
Залудо беше надежта! Мојата статија се појави во бр. 4 на БЕЗБЕДНОСТ (за декември 1995), а од знаци дека македонската држава почнала да се самопочитува (за да ја почитуваат и другите) нема ни трага!

Др Ѓорѓи Марјановиќ

ПС. Освен ако за некаква трага на оваа самопочит не се смета Решението П. бр. 6686/95-И на судијата Ружа Томеска од Општинскиот суд за прекршоци од Гостивар, со која таа на некојси Ештреф Асани му изрекла казна од цели 4.369,00 денари затоа што ден 28.11.1995 година (ако ме држи сеќавањето: национален празник на западниот добрососед) пред кафеаната “Кастриоти” во с. Равен, го истакнал знамето на Република Албанија без знамето на Република Македонија.

ЗА МРТВИТЕ САМО ДОБРО!

Според верувањето на Индусите, Египтјаните, античките Орфици и Питагорејците (а и некои други до ден-денес), во моментот на смртта човековата душа се сели во ново, штотуку родено суштество (човек, животно или растение). Некои оваа појава ја викаат метемпсихоза, некои селидба на душата, некои (најмногубројните) - реинкарнација. Во поново време сме сведоци за тоа дека оваа појава не им е својствена само на луѓето, туку и на нивните политички организации (партиите!), така што може да се зборува и за политичка реинкарнација.
Еден свеж пример! Неодамна, по долготрајно и тешко боледување, ја испушти својата благородна душа СКМ, политичка партија што речиси половина век не водеше кон подобрата иднина, а македонскиот народ (сосе народностите) одненадеж се најде без водач, без ориентир, па откако некое време се вртеше на сите страни, фати да се враќа назад по светлите врвици “зацртани” од страна на компартијата (процес што денес учено се нарекува “транзиција”). Едно време слично постапуваше и неговата авангарда, со тоа што нејзе, како на војничка партија, и беше многу полесно да се “престрои”, а знаеше и за ритуалите на системот што и беше најблизок: феудалната монархија. И додека таму, по смртта на монархот, од балконот на палатата воскликнуваа: “Кралот е мртов - да живее кралот!”, кај нас стана вообичаено она народно “И по Тито - Тито!”, што со организирана спонтаност го повторувавме сите.
Инаку, смртта на СКМ ја следеа и некои формални преобразби полни со патетична симболика. Така, многу пати опеаното алово знаме без причина помодре, црвената петокрака пожолте, а непозната рака, полна со сочувство, врз неа (како врз надгробна плоча) положи цвет од трендафил. Сево ова заедно денес е симбол на една нова (да не речам: новородена) македонска политичка партија, во која се пресели духот на новопреставениот СК. Главешините на новата партија не убедуваат дека немаат никаква врска со покојникот (за мртвите само добро!). Нив не ги оптоваруваат неговите хипотеки (масакрот во Велес, да речеме). Одвај видливата нишка што (сепак) ги сврзува со него е само неговиот имот, што тие си го доделија себеси.
Меѓутоа, од фактот што новопечените социјалдемократи (а новопечените социјалисти и либерали, не помалу) толку упорно, толку енергично и толку гласно се откажуваа(т) од благопочинатиот, може да се изведе само еден логичен заклучок: дека покојникот (Бог да го прости!) сепак имал големи гревови на душата. Инаку, кој се откажува од праведник? Така младите наследници (и не сакајќи) излегоа поголеми антикомунисти од оние што се појавија на македонската политичка сцена по распадот на најдобриот од сите поредоци на светот.
И по нешто друго наследниците излегоа (невидено и нечуено) големи антикомунисти: за разлика од покојникот, кој беше крвен непријател на приватната сопственост, тој извор на сето зло на земјава, нивните самопрогласени (а откажани!) наследници, преку процесот на приватизација, успеаја за неверојатно кратко време да го стават во своите џебови сето она што работните луѓе, македонскиот народ (и народностите) го создаваа речиси половина век (општествената сопственост!). За малу време, “нашиот тутун, нашата мака, нашата солена пот”, заврши (за ситна пара) како нивна сопственост!
Ако за повеќе од половина на целокупниот имот на оваа земја македонската парадржава касираше горе-долу 30 милиони долари (колку што чини еден ГРАНД ХОТЕЛ СКОПЈЕ, да речеме), тогаш не треба посилен доказ за реалноста на она што по малу евфемистички се нарекува организиран криминал. За чудо, овој едноставен факт не го забележува нашата либерална казненоправна наука (изградена врз цврстите темели на дијалектичкиот материјализам), та фати да организира симпозиуми за правната држава и овој феномен (да не повторувам кој).
Само, за да се зачува “дрпнатото” (како што неуко вели народот), на новостарите управувачи им требаа (сопствени) судови. И, како што Претседателот на сите Македонци е само нивни, како што во Собранието на Македонија седат (и треба да седат) само нивните претставници, тие деновиве си направија свои сопствени (а независни) судови. Така, на пример, на чело на еден апелационен суд ставија свој (проверен партиски) човек, што само до пред некој ден беше секретар на владата. Во некои судови си поставија високостручни судии што во стариот режим изрекуваа и по 16 години затвор за силување (иако секој студент што сакаше да положи кривично право мораше да знае дека таква казна во нашите казнени закони немаше). Во некои други судови ги поставија оние исти креатури што судеа (и пресудуваа!) во сите политички монтирани монстр-процеси на едноумието во Македонија, а (под секакви изговори) ги прескокнаа сите оние што манисфестираа и најмала ментална резерва спрема духот на СК или неговата реинкарнација.
Едно сепак заборавија јуношите од СДСМ: во стариот режим и со најдобриот судија можеше да се манипулира преку институцијата “реизбор”, од која тој губеше сон секоја осма година од животот. Денес и најлошиот судија знае дека (по нивна милост!) е недопирлив до крајот на својот професионален живот. А јас не знам за случај на благодарност од страна на човек кому нешто сте му подариле. Од друга страна (по “заслуга на јуношите”), ние сме денес членка на Советот на Европа, па, ако некој не е задоволен со класната правда во Македонија, има право да прати абер до Судот за човечки права во Стразбур и да си побара правда. А таму се суди според тертипите што важат за гнилите буржоаски држави, а не за нашите прославени (ком)партии. Притоа, на младинците што управуваат со Македонија нема да им биде од голема помош ако таму (за судија) испратат некој ислужен “војник на партијата”, што минал низ сито и решето на стариот режим.

Др Ѓорѓи МАРЈАНОВИЌ

ПОНИЖЕНИ И НАВРЕДЕНИ


На почетокот од возбудливата перипетија на правење ДНЕВНИК тринаесетте величенствени (момчиња) ме замолија од време на време (да не речам: секоја сабота) да им пишувам по нешто “за македонцките работи” и јас тоа (за чудо!) со се поголемо задоволство го правам. Притоа ми е сосема сеедно дали тоа што го објавувам некому му се допаѓа или не.(Впрочем, за тоа се грижи глодур-от на 13-те: ако не го бендисува - или тоа станува општествено-политички неподобно - веќе ќе најде начин учтиво да ми заблагодари на соработката.) Притоа ми е сосема сеедно и дали некој протестира против моите текстови. Начелно решив да не полемизирам со моите напаѓачи (дури и кога тие во своите писанија, без каков и да е аргумент, просто ќе ме исплукаат, како неодамна еден господин од националноста што не смеам да ја именувам онака како што тоа го прави тој).
Пред две недели, меѓутоа, и не сакајќи, сум ги повредил чувствата на една (унпредепска) дама. Дамата е “многу разочарана”. Дамата протестира. Јас сум омаловажил некакваси конструктивна дискусија. Сум фрлил анатема (небаре сум црквен поглавар!) врз начелата на семинарот. А тие начела биле: толеранција, доверба, дијалог, подеднакви можности (види, Бога ти!).
Јас протестот на ex officio суперсензибилната дама го чувствувам како личен авторски неуспех: текстот за (правната) оаза на мир и сожителство требаше да проговори за некои бедни mazedonische Zustaende, а не да ги штрапацира чувствата на моите читатели. Во него јас воопшто не се обѕрнав врз светите начела на семинарот и врз конструктивните дискусии на унпредепските (и ините) дами и господа. Пишував само за она што сакав таму да го кажам, а не го кажав, зашто ми се згади среде тој наконтен, лицемерен свет, та побегнав за да не направам некој јавен резил. Затоа сега, испровоциран од солзите на навредената и понижена госпоѓа, ќе мора да се осврнам барем врз светите начела на семинарот, што треба да ја усреќат мојата татковина. Ќе одам со ред!
ТОЛЕРАНЦИЈА! И се восхитував (и, цврсто сум убеден, и в иднина ќе и се восхитувам) на убавата идеја за толеранција, онака како што во своите списи ја конципираше Monsieur de Voltaire. Само, ги молам почитуваните дами и господа од УНПРЕДЕП да не го мешаат со оваа идеја европското и белосветското толерирање на грчкиот шовинизам од најдолен тип, зашто (за чудо, во последно време) се почесто ми е мака од рамнодушноста со која Европа и Светот ги толерираа(т) грчките манири на друмски разбојник. Две цели години пронаоѓачите на демократијата со своето ембарго ни го уништуваа стопанството, ни ги затвораа фабриките, ни ги оставаат луѓето без работа, без леб, без огрев, без лекови, а притоа ниедна унпредепска дама не пушти барем притаена воздишка (ако веќе не и текна да напише енергичен протест против таа одвратна силеџиска свинштина). И сега ние не сме знаеле што е тоа толеранција, а тие знаеле, та дошле тука да не подучуваат!
ДОВЕРБА! Ние балкански страдалници без вина, ние што најевропски се одделивме од Северниот брат без да испукаме ниеден куршум (иако пред лицето на сиот свет, среде бел ден, ни ја ограбуваше земјата однесувајќи се што можеше да се однесе од нашите касарни и воени складишта), треба да имаме доверба во оние што денес преговараат со “Балканскиот касап” небаре Босна била само грд сон. Ние знаеме добро што е тоа доверба, само - довербата мора да се спечали. А ние немаме апсолутно никаква причина за доверба во белосветските протуви што седат и се дружат со тој ист “Балканскиот касап”, кој преку ноќ се претвори во најголем балкански миротворец!
ДИЈАЛОГ! Дијалог водат луѓе што меѓу себе се познаваат. Луѓе што, пред да седнат да разговараат, си ги кажуваат еден на друг имињата. На каква маса за дијалог може да седнат претставниците на една земја што не смее да си го каже ни името, а другата страна да не стане и да си оди без збор. Навредената унпредепка, во својот јавен протест, зборува за “меѓуетничките проблеми со кои се соочува з е м ј а в а”, за да заврши со некои прашања “кои се од максимална важност за мирната иднина на оваа м а л а, н о п р е к р а с н а з е м ј а”, повторно, како и сите нејзини претпоставени, “заборавајќи” да го каже името на таа земја.
Пред некое време, една дама, напуштајќи ја Македонија, и зборувала на една друга дама, што требало да дојде тука: “Најтешко од се ми паѓаше таа наметната игра во која земјата морав да ја нарекувам на сите можни начини, само не онака како што и е името!” Е па, и нам ни се смачи! И од вас и од вашите манири. А особено од вашата моралност.
Зошто вашиот свет, најдобриот од сите можни светови, е толку толерантен спрема нашиот јужен сосед, кога добро знае некои историски вистини: во далечната 1913 година тројца мали балкански империјалисти (Грција, Србија, Бугарија) ја грабнаа земјата што се викаше Македонија од турскиот завојувач и си ја поделија меѓу себе. Од една станаа три Македонии: Егејска, Вардарска и Пиринска. Во меѓувреме, едниот од трите разбојници го загуби својот дел. Другите двајца денес се во вистинска паника дека тоа би можело да им се случи и ним. И некои од нив (што до вчера во својата земја го забрануваа името Македонија, нарекувајќи ја “Северна Грција”) денес ни забрануваат нам да се викаме Македонија. За да не дознае светот како таа Македонија се нашла во три (или дури четири) балкански држави. И со оглед на тоа што ние немаме доверба во оние што ги поддржуваат балканските разбојници, УНПРЕДЕП & Комп. дојдоа да не научат што било тоа доверба (види, мајката!)
И конечно: ПОДЕДНАКВИ МОЖНОСТИ! Треба човек да биде без срам и перде (како што вели македонскиот народ) за да се дојде во оваа м а л а, н о п р е к р а с н а з е м ј а и (при ваква состојба на работите) да му соли памет на овој народ за некаквиси подеднакви можности! Да прости милостивата госпоѓа, ова за мене е поголем цинизам од оној на човекот што си ги убил родителите, а потем, пред судот, барал да му се земе за олеснителна околност фактот дека - станал сирак!

ДНЕВНИК (I,85,13)

ГАЗДИТЕ ГИ САКААТ ПОСЛУШНИТЕ!


Пред неколку дена еден млад деловен човек растреперено ме прашуваше дали, правно гледано (по евентуалното доаѓање на власт) опозицијата би можела да направи ревизија на сите досега склучувани договори и да побара одговорност од луѓето што за евтини пари ја распродаваа(т) оваа земја. За да биде појасен, ми раскажа една ваква случка:
Требало да се опреми некакваси лабораторија (не сакав да распрашувам каква, зашто тоа, на крајот од краиштата, е сосема ирелевантно). Цената на опремата што морало да се купи во странство била 25.000 долари. Со оглед на тоа што нарачувачот на зделката ги немал тие пари, склучил договор за заем на 150.000 долари, од кои 25.000 биле наменети за купување на опремата, а 125.000 за едукација на кадри, сервисирање на опремата итн. итн. Односот помеѓу она што треба да се даде како цена за опремата и “рестото” е толку несразмерен што и на дунстер во економијата му е јасно дека некој ставил во сопствениот џеб пет или десет илјади долари, а за возврат, странецот ќе касира пет пати повеќе од она што би го добил на “нормалниот пазар”. Ќе речете: приказна што во разни договори се повторува кој знае колку пати годишно во кутра Македонија.
Еден убав ден, доаѓајќи на власт (со Божја помош), опозицијата може, се разбира, да направи листа на договори склучени под сомнителни услови, да најде и докази за направените злоупотреби и да ги казни домашните махери, но тоа сепак нема да ја ослободи државата (и македонскиот народ) од обврската да си ги врати долговите.
Во (западното!) странство, дознавањето за овие ујдурми, зависно од тежината на дадениот поткуп, би можело да доведе: (поретко!) до паѓање на некоја влада, односно (почесто!) до изнаоѓање некој жртвен јарец, што би морал да се прости од својата важна функција (како што, пред некое време, од местото Генерален секретар на НАТО мораше да си отиде белгискиот “социјалист” Вили Клас, на пример). И толку! Скапо купените лаборатории ќе продолжат да си работат во Македонија, со поткуп купените белгиски хеликоптери ќе си ја надлетуваат Италија, а нивната (не)заслужена цена купувачот ќе мора да си ја плаќа “како попче”.
Вицот, меѓутоа, е во тоа што во држави каква што е Македонија нема шанса (кога и да е!) на власт да дојде колку-толку чесна партија. Ова парче земја, што мошне несмасно настојуваме да продолжи да се вика Македонија, е интересно за Светскиот полицаец само од стратешки причини, а за богатите Европјани, евентуално, за нивните валкани индустрии и, уште повеќе, за нивните штетни отпадоци. Оттаму, првите ќе нн ја чуваат земјата, ќе ни ја опремуваат војската (и ќе ни ја јенкизираат, давајќи им на наши воени центри за обука имиња на - за нас апсолутно беззначајни - воени бирократи, Бог да ги прости!), а другите ќе нн даваат “мошне поволни кредити (со пристоен грејс период)” за изградба на депонии за атомски отпад, што во Македонија, инаку, го има во неверојатни количества (!?).
Бранителите на слободата и демократијата во светот, ако треба, и највалканите избори во оваа земја ќе ги прогласат за “слободни и фер”, само за да имаат сојузник врз којшто ќе може да се потпрат. Нив не само што не ги интересира моралноста на партнерот, туку, би рекол, тоа е последното негово пожелно својство, ако не и сосема непожелно. Како и комунистичките господари, нив ги интересираат само луѓе што од кој знае какви причини се расположени да служат. Ако не сте таков, простете се од нивната милост!
Си земам слобода ова тврдење да го илустрирам со еден речовит личен пример! Долго време (веројатно како извикан “дисидент” од времето на комунизмот) уживав големи симпатии во американските кругови во Скопје: барем три пати имав чест да ручам со г. Ворен Цимерман (ни повеќе ни помалу туку последниот велепратеник на САД во поранешна Југославија), во библиотеката и денес чувам десетици книги добиени на подарок од Американскиот информативен центар, а за списанија и копии од статии и да не зборувам! Арно ама, кога Били Клинтон ја призна Македонија под грдото име FYROM, не можев да одолеам да не му заблагодарам на големиот господин за тој убав гест, седнав, та му го напишав и испратив (со авионска пошта!) следново пусулче:
“Драги господин Претседателе, / Како граѓанин на Македонија високо го ценам Вашиот гест на признавање на мојата татковина. Како професор по право може само да се исчудувам, какви ли тоа школи свршиле Вашите советници по меѓународно јавно право. Сепак, се надевам дека непристојноста во формата нема да биде пречка за добрите односи помеѓу народите на Бившата Британска Колонија САД и Бившата Југословенска Република Македонија. / Искрено Ваш...”
Резултатот беше брз (и очекуван!): драгиот гостин на амбасадорските ручеци беше прецртан од сите можни списоци на Америте во Скопје. Нема веќе коктели, нема книги, нема списанија, а ако сака да појде на некој концерт, што тие го организираат, мора да си купи карта како и секој друг. И - да се знае! - вака ќе мине секој (поединец или партија, сеедно) што ќе се обиде да им продава принципи и слични пуфки на претставниците на најслободната, најдемократската земја на светот.
Впрочем, зарем нашите драги изборни монитори не знаат кој ги пушташе бугарските летоци? Знаат, знаат! Само, ним им се потребни токму такви мајстори за магла и тие ќе ги поддржуваат со додека овие им служат. Затоа, опозицијата, наместо да се замајува со парламентарната и уставноправната судска процедура за предвремени избори (и со “цинкарење” на владејачката гарнитура како комунистичка, што странците исто така не го знаат, нели), треба да стори со за да ги убеди нашите нови (прекуморски) газди во својата лојалност и да ги увери дека ќе биде уште попослушна од сегашната македонска позиција (ако тоа воопшто е можно)!

ДНЕВНИК (I,79,10)

(ПРАВНА!) ОАЗА НА МИР И СОЖИТЕЛСТВО


Од време на време, некои европски или светски институции на она што го нарекуваме меѓународна заедница ќе нн испратат експерти за определено подрачје, коишто, заедно со нашиве домородни, ќе фатат да нн солат памет за нешто. Некогаш е тоа правната држава, друг пат демократијата, трет пат трговијата со дроги. Последниот пат (во Амфитеатар I на Правниот факултет во Скопје) тоа беше “Имплементацијата на стандардите на Обединетите нации и правата на националните или етничките, религиозните и јазичките малцинства”.
Љубезно поканет, се одзвав и отидов на собиров, во надеж дека и самиот ќе може да кажам нешто од она што ми лежи на срцето. Собирот, меѓутоа, беше замислен како збир од излагања на определени експерти (“говорници”), а имаше и “панел дискусија, водена од д-р Тој и тој, во која учествуваат говорниците”. До мој настап можеше да дојде, евентуално, само по милоста на д-р Тој и тој, а јас ваков вид привилегии не сакам, па си отидов не чекајќи на неговата милост.
А сакав овој пат да проговорам за Адолф Хитлер и за некои негови идеи. На пример, за неговите славни зборови: “Ние не можеме да ја делиме историјата на Германците во Германија, Австрија, Чехословачка, Швајцарија, Унгарија, Русија, Југославија. Ние зборуваме за германска историја...”
И за тоа како се обиде (со мило или со сила!) да го обедини тој единствен и неделлив народ од наброените држави. Со тоа историјата на Германците доби уште една светска војна (а и ние со нив!), беа сотрени стотина милиони (кое германски кое негермански) души, разурнати неброени градови и села, уништени безбројни и непроценливи културни добра. За, на крај, да дојде до распарчување (првин на четири, а потем на два дела) и на она парче земја што до него се нарекуваше Германија.
Се разбира Хитлер е негативна историска личност, а неговите идеи се чист нацизам, нешто најдолно, што успеала да го изнедри човековата мисла. И тоа е, се разбира, за осуда. Има држави во кои дури и кривично се одговара за пропагирање на вакви идеи, за вакви и слични нацистички испади. Освен во Македонија, таа чудесна “оаза на мир и сожителство”!
Ете, пред некој ден, во независен ДНЕВНИК (а веројатно и во некој зависен државен весник) можеше да се прочита изјавата на Хитлер, во интерпретација на г. Ениз Беџети (ни повеќе ни помалу туку советник во Педагошкиот завод на кутра Македонија!), приспособена на нашиве прилики:
“Ние не можеме да ја делиме историјата на Албанците во Република Албанија и во Република Македонија. Ние зборуваме за албанска историја!”
Тоа што г. Беџети никогаш не ги почувствувал благодетите на владеењето на Енвер Хоџа, неговите цакани бункерчиња, неговата мошне опиплива хуманост, нема никакво значење. Г. Беџети сака неговите синови и ќерки, неговите внуци и правнуци да ја учат таа историја, а не историјата на земјата во која се родиле и во која, ако даде Господ (или Алах, сеедно), еден ден и ќе умрат. Велам “ако даде Господ”, зашто поради настојувања да се реализираат вакви и слични наумничави идеи (во Босна, да речеме) луѓето не само што не може да умрат таму каде што се родиле, туку не смеат да појдат и да си ги видат гробовите на своите блиски, дури и кога тие се наоѓаат на територијата на нивните сојузници (Хрватите!). За оние на српска територија и да не зборуваме!
Ете, за ова сакав да проговорам пред учените претставници на меѓународната заедница и да ги прашам: зошто имаат двојни аршини за едни исти појави. Зошто ваквите бладања на Хитлер и на нему слични се интелектуални блујавици, недостојни за човекот на цивилизирана Европа, а истиве идеи, застапувани од албански советници, се - борба за национални права?
И уште нешто сакав да прашам: во чл. 65 ст. 4 од Уставот на (правната држава!) Република Македонија пишува дека “на пратеникот може да му биде одземен мандатот (...) за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци”, но не и ако е, случајно, Албанец! Г. Арбен Џафери, да речеме, веќе 11 месеци си игра мајтап со тоа исто Собрание, а ова, од причини разбирливи само во “оазата на мирот и на сожителството” со уште го држи на списокот на пратеници. Веројатно го водат - на породилно отсуство! Можно ли е ова кај вас, велеучени господа?
Еден друг господин од истава “националност” неодамна de facto и de jure доби и друга националност (стана државјанин на Република Албанија, со што правно гледано емигрираше од Македонија!). Ова, сепак, не н пречеше на владата на “оазата на мирот и на сожителството” да го направи министерски заменик на оваа, а не на онаа негова, единствена, неделлива држава со единствена историја!
Можно ли е тоа кај вас, господа од меѓународната заедница, сакав да ги прашам. Или, да речеме, може ли кај вас некој да не н плаќа даноци на државата, а да бара таа да му ги почитува колективните права (какви што не почитува една Франција, на пример). Можно ли е некој да ви го бојкотира пописот (заснован врз закон и санкциониран со закон), а да ги бара сите права во земјата и уште некои други, згора на тоа? Може ли една партија да го повикува своето племе на кршење на законите на земјата, а вие да не ја третирате како отпадник од законот? Или дури да куе оружени заговори против вашата држава, а вие сепак да ја земате за коалиционен партнер во владата? Може ли кај вас некој да си игра мајтап со вашето знаме, со вашата химна, да истакнува знаме на друга држава, да интонира (и да стои мирно под звуците на) химна на една друга држава, и притоа, катаден, да плаче дека за него и за кутрите негови нема правда во оваа земја, е нема правда...
Но, во еден момент ми се згади од со и си отидов. Та зарем овие (и сите други) господа не го знаат ова, зарем не го гледаат сево ова? И што фајда, ако ги прашам? Сега му е мајката да нн ги трупнат сите Албанци избегани во Германија, Шведска, Норвешка и во мајчина им... Независно од тоа дали биле наши или српски граѓани (впрочем, од нивна гледна точка, тоа и нема никакво значење: Албанецот си е Албанец, па не смее да се ситничави околу тоа дали е од тука или од таму). А ние, ние после нека си кршиме глава со нив. Тие господа и така нема да живеат тука, а во секое време ќе повелат да дојдат и да нн одржат по некој семинар за заеднички живот во етнички нехомогени држави! Ете пат да станеме Швајцарија!

ДНЕВНИК (I,73,12)

СМРДЕА ОД БУГАРСКИ ЛЕТОЦИ


Пред првите слободни избори во Македонија се беа појавиле некаквиси “бугарски летоци”, што веднаш им беа припишани на нашите национални неоромантичари. Нив нашиот независен печат, на чело со весникот, чиешто име може (не дај Боже!) да стане и име на целата оваа земја, и така веќе одамна ги беше прогласил за пробугарски елементи, не забележувајќи дека со тоа за пробугарски прогласува голем дел од Македонија. После им текна (според онаа народната дека на будалите им текнува отпосле!), само - доцна! Штетата беше сторена. Сега и врапците знаат дека “бугарските летоци” биле титоистички производ, но тоа веќе не е важно. Кој што му може на Тито?
Пред некој ден гледам на една од нашите (слободни и независни) телевизии: пробугарски елементи протестираат пред Собранието, снабдени со (фабрички изработени) ластегарки и транспаренти со натписи против комунизмот и арамиите. Застрашувачки сурово се нафрлаат врз кротките македонски “Бобиевци”, кои со англиска трпеливост (небаре министерот им е претседател на Форумот за човекови права, а не најдивиот непријател на македонското непоткупливо новинарство), учтиво им повторуваат: “Ве молам!”, “Ве молам!”...
Очигледно требаше да се добие претстава за тоа како изгледаат оние што се местат да ги симнат комунистичките арамии и да се инсталираат во нивните (можеби и не толку удобни, колку доходовни) фотелји! Чист жган! Уличари од најдолен тип! Апашаана! Тоа ми било замена за европски култивираните СДСМ-овци, кои учтиво но упатуваат на Уставниот суд (кој, наводно, веќе се подготвувал како да се огласи за ненадлежен за несудениот референдум баран од 150.000 и кусур граѓани!) Не знам зошто, но одненадеж ми засмрде на “бугарските летоци”.
Инаку, прво што ми паѓа на памет кога ќе го видам скромниот (Черчил би рекол: со полно право!) СДСМ-овски идеолог, кој ја испраќа опозицијата пред Уставниот суд, е тоа исто мирно, тивко, незабележливо суштество со мустаќи а ла Јосип Висарионович, само, десетина години помладо и - тогаш (како и сега!) - претставник на вечно владејачката Партијата во Македонија (Општински комитет “Центар”): седи и ex officio го следи полициско-партискиот процес против потписникот на овие редови, инаку, опасно експониран од позициите на граѓанската десница. Читателот може да прочита трогателни сведоштва за неговите белешки од судењето против мене во мојата сотија (Забелешка за лекторката на “ДНЕВНИК”: сотија, а не статија!) СТРУЧЕН ТРУД! Е сега, тој комунистички апаратчик не е веќе комунист, туку чиста есенција на најдоброто во социјал-демократијата, како што оној пријател на Садам Хусеин денес глуми опозиција и бара референдум за предвремени избори, а не кажува (иако добро знае!) како беа изведени изборите од 1994, на кои тој, заедно со другите здрави леви сили, однесе триумфална победа! Кога ќе нн ја открие тајната како со 27% од гласовите се освојуваат 100% од власта во Македонија, можеби ќе бидам готов да поверувам во неговото опозиционерство. Вака, и од помислата на него (и нему сличните) ми замирисува на “бугарски летоци”.
Изгледа станувам по малу параноичен! Полека но сигурно со во оваа замја почнува да ми мириса (или смрди, како кога) на “бугарски летоци”. Кога, на времето, за прв пат јавно ја претставивме Лигата за демократија, на крајот од пресс-конференцијата еден од членовите на иницијативниот одбор ме замоли да каже и самиот неколку зборови. Со задоволство му допуштив, а тој извади од џебот некакво пусулче и прочита дека на тој и тој сечко 1990 година неговите пријатели (и тој самиот!) ќе правеле партија ли, движење ли, (божем не се сеќавам веќе!). Недолго после, почесниот претседател на оваа партија доби амбасадорско место во земја со чиј народ дели една пословична страст. Понудив еден друг пријател (за кого исто така сведочам во СТРУЧЕН ТРУД) да ми се приклучи во Лигата за демократија: ме одби и веднаш потем формираше своја партија. Пред некој ден прочитав: оди за амбасадор во една земја со која Македонија е на еквидистанца пар еџцелленце (преку царинска унија!). И кој знае колку други македонски партии мирисаа(т) на “бугарски летоци”.
Конечно, една група од два-тринаесет величенствени момчиња зедоа дебели кредити (откако наводно си ги ставија становите под хипотека) и, со помош на некои странски добротвори, фатија да издаваат независен весник. Мене, како познат опозиционер и интелектуалец (цриме де ла цриме!), ме замолија да им пишувам од време на време по педесетина-шеесет редови! За некои од нив би можел дури и да се заколнам дека се чесни момчиња. Во последно време, меѓутоа, почнаа на страниците од овој дневник, барабар со мене, да се појавуваат некои опскурни фигури (од најзаслужните за триумфот на здравите леви сили на Изборите ‘94) и да ми толкуваат за силата на слободното изјаснување (илити демократија!). И мене (пак!) нешто ми засмрде на “бугарски летоци”, та фатив да се распрашувам чиј е тој весник во кој секоја сабота (можеби) се резилам во лошо друштво. Првин еден пријател (чудејќи се на моето незнаење) ми кажа кој е газдата. Потем друг (неврзано со првиот) ми го повтори истото (двојно) презиме. За конечно, денес, да добијам писмо од др Наде Проева (да, да, онаа професорка по класична историја, за која ДНЕВНИК, на моја иницијатива, пишуваше дека др Трајан Гоцевски од катедрата по предвојничка обука сака да ја избрка од Филозофскиот факултет, зашто била строг даскал!), во кое, меѓу другото, ми пишува:
“Морам да Ви кажам дека сум бескрајно разочарана од Вашиот новинар и од нашето ‘независно’ и ‘истражувачко’ новинарство. Имено, иако имав(ме) закажано разговор за 3 јуни 96 (понеделник) во 13 часот, написот беше објавен истиот ден без да разговараат со главниот актер на, како што го нарекоа, ‘случајот’. Така направија свадба без тапани (во случајов - без невеста)... Се заинтересирав за весникот и разбрав, бидејќи тоа било јавна тајна, дека бил на ...”
И пак ме удри една непријатна ареа од “бугарски летоци”.

ДНЕВНИК (I,67,12)

НЕОДОЛЛИВА ЛЕСНИНА НА ВЛАДЕЕЊЕТО

Здружението за заштита на интересите на сопствениците на одземените имоти деновиве се огласи преку својата претседателка за јавно да се зачуди над фактот дека ниеден законски проект во оваа држава не бил толку мистериозен како законот за денационализација. Случајно (или намерно!) сеедно, потписникот на овие редови го брка истиот тој фантом од август 1990 година, кога Лигата за демократија за прв пат го постави прашањето за поништување на комунистичката класна правда.
За оние што не се сеќаваат ќе потсетам дека во тие жешки денови наста изборната програма на првата македонска опозициона партија под мотото: МАКЕДОНИЈА - ПРИСТОЈНО МЕСТО ЗА ЖИВЕЕЊЕ! Во оваа програма, на прво место беа запишани следниве големи (до денес неостварени!) цели:
“1. ПОПРАВАЊЕ НА НАЈБОЛНИТЕ ЗЛА НАПРАВЕНИ ОД КОМУНИСТИТЕ!
Обидувајќи се да го усреќат народот според некои стари, книшки рецепти на т.н. “класици на марксизмот” и според замислите на еден голем домашен социјален експериментатор, комунистите, кога намерно кога ненамерно, сторија многу зла во оваа земја за 45-те години на своето владеење. Лигата за демократија е свесна за тоа дека никогаш не ќе може да се поправат сите нивни грешки и неправди, а особено не на тој начин што секоја поединечна жртва би добила обештетување за претрпените страдања. Едно нешто, меѓутоа, може и мора да се стори:
да се донесе закон за поништување на сите осуди донесени врз основа на високо идеологизираните комунистички кривични закони (за дела на контрареволуционерно загрозување на општественото уредување, непријателска пропаганда, здружување заради непријателска дејност, како и цела низа кривични дела во врска со противењето на влегувањето во селските работни задруги, задолжителниот откуп на селско-стопански производи, недозволеното производство и трговија и слични дела). Осудите врз основа на овие одредби ќе се сметаат за непостоечки, а осудените ќе имаат право да се сметаат и да се декларираат за неосудувани граѓани, за лица што никогаш не дошле во судир со законите на земјата.
2. ДЕНАЦИОНАЛИЗАЦИЈА
На линијата на исправање на комунистичките неправди е и определбата за донесување закони со кои на сопствениците на национализираните земјишни поседи или индустриски, трговски и слични претпријатија (или на нивните наследници) ќе им се врати земјата, индустриските погони, дуќаните, аптеките и сл..
Доколку не е можно физичко враќање, на сопствениците на национализираните добра да им се исплати справедлив надоместок според нивната тогашна пазарна вредност и тоа во пари или акции.”
Толку за неостварените цели на Лигата за демократија! Што беше резултат од овие заложби, на која ни денес никој не може да им најде мана?
Прво но дофатија в раце нашите слободни и независни новинари и, по вообичаената рутина за дискредитирање на непријателот, но направија “антикомунисти”, што на овие простори беше рамно на ставање вон закон! Потоа сторија со што беше можно за да се накоти едно чудо лилипутански партии што ќе го забавуваат народот со (меки и тврди) национални митови, со некаква апстрактна правда, со југословенство, со земјоделство итн. итн. И сето тоа со една единствена цел: да се расцепкаат народните гласови, за да може владејачката партија да продолжи непречено со своето божем-класно владеење (Револутиае гратиа!)!
Тоа и се случи. Тоа и ден-денес се случува! Има едно чудо ситни организации и организациички, што бркаат некои свои (оправдани, се разбира) цели. Едните ги врзува голооточката Голгота, другите комунистичкиот кривичен прогон, трети си ги бараат национализираните, четврти само конфискуваните, петти само експроприраните имоти. Има пет-шест партии наследнички на ВМРО, има барем исто толку демократски партии (само такви или на Македонија, на Турците, на Србите, на Ромите, на Власите! Фали само на Бугарите!), а наспроти нив, монолитниот С(К)М, што уште најмалу педесетина години ќе триумфира на изборите со право да не реши ниеден витален проблем на Македонија, а камоли да исправа неправди што тој самиот (под друго име, под друга боја, под други симболи!) ги направил.
А и не е луд да ги исправа кога секоја таква исправка би значела слабеење на неговата моќ. Меѓу екс-комунистите нема будала подготвена систематски да работи во полза на својата штета, се разбира!
Претседателката на гореспоменатото здружение (залудо!) се надева дека премиерот ќе нашол време за нив, кога такво време нема и не може да го има ни последниот негов министер. Лигата за демократија, на времето, појде директно до шефот на државата. Му го врачи Меморандумот за (ре)приватизација, му ја изложи неговата содржина и го замолие да ја поддржи.Тој ја ислуша делегацијата со неповторлив шарм, се согласи со секој нејзин збор, вети дека ќе стори со што може за тие цели и - ја испрати (веројатно потсмевнувајќи се во себе на нејзината политичка наивност).
Не можам да одолеам, а да не пренесам тука една вистинска анегдота, што Претседателот на сите Македонци нн ја раскажа во пригодата за која сведочам: таму некаде четириесет и некоја година, на излегување од Собранието, видел како толпа партиски активисти влечка по улиците и понижува една група угледни граѓани извикувајќи ги за воени богаташи и предавници. Веднаш се вратил назад и отишол кај првиот човек на Македонија. Вака и вака, му раскажал, ги влечкаат по улици тие и тие, (“а тоа беа луѓе што но помагаа за време на војната”). Првиот човек на Македонија слатко се насмеал на неговата интервенција: “Од секогаш велев дека од тебе комунист не бидува! Па што ако но помагаа? Тие нн се класен непријател, а за него милост нема!”
Тоа беше и остана алфа и омега на комунистичката правда, а на споменатата претседателка и на нејзиното здружение им советувам да не се залажуваат ни со Бранко ни со Бранкоица. Има само еден пат за враќање на имотите: победа над преправените комунисти на изборите! А за тоа треба сила! Треба обединување на силите! И на “заинтересираните граѓани”, и на голооточани, и на вмровците и на демократите! И на Турците и на каурите! А не антишамбрирање по министерски и премиерски кабинети!

ДНЕВНИК (I,55,14)

ПАТРИОТСКА АВТОЦЕНЗУРА


Минатата сабота ме немаше во ДНЕВНИК. Бев во Софија на прослава на 100-годишнината од првиот современ бугарски Казнен законик. Од мојот прилог за оваа прослава (посветен на кодификацијата на македонското казнено право) со тешко срце (а од патриотски побуди!) решив да ја испуштам партијата во која го излагам општествено-политичкиот амбиент во кој настанува нашиот нов Кривичен законик! Така си играв малу Англичанец (кој наводно никогаш не зборува против својата земја во странство!). Сега сум пак дома и не можам да одолеам на искушението да му откријам на читателот што сокрив пред Бугарите!

За жал, “новата власт” во Македонија (изникната врз урнатините на “самоуправниот социјализам”, а составена од луѓе формирани според комунистичката идеолошка матрица) е наполно неподготвена да врши суштествени измени во постојниот ред на нештата. Соочена со новите проблеми, оваа “нова власт” се чини дури поисплашена од старата, која одгледуваше барем илузија дека знае што прави, а особено се крепеше со уверувањето дека социјализмот (и покрај сите промашувања) е иреверзибилен процес, дека може само да се талка во барањето пат кон конечната “светла иднина”, но никако не и да се сврти наназад “тркалото на историјата”.
Новата власт е без таа илузија, а луѓето што ја сочинуваат со многу свои (несмасни) гестови покажуваат дека се наполно дезориентирани. Тие катаден повторуваат некакви флоскули за слобода, демократија, пазарно стопанство, приватна сопственост и слободно претприемништво, а притоа прават со тоа да биде слобода и демократија само за нив, а не и за нивните политички противници (целосна контрола над медиумите, на пример), безмилосно ги трошат парите од новите задолжувања во странство за смирување на социјалните тензии, за одржување вештачка стабилност на денарот, а не за оживување на производството и создавање нови работни места.
Приватизацијата е посебна приказна во овој контекст: таа, според судот на добро информирани економски експерти, е најобичен грабеж на “општествена сопственост”: наместо реална проценка на вредноста на овој капитал и негова повеќе или помалу справедлива распределба помеѓу сите што во текот на половина столетие придонесувале за неговото создавање (преку поделба на преносливи хартии од вредност, на пример), во Македонија е замислена и се спроведува приватизација што значи “бесплатна продажба” на фирмите на нивните менаџерски тимови, составени исклучиво од претставници на некогашната комунистичка номенклатура. Имено, ним (и само ним!) им се “продава” претежниот дел од фирмите со кои раководат, за сума што треба да ја платат во текот на следните децении од профитот кој го создаваат самите тие фирми. А тоа значи само едно: купување со туѓи пари!
Што се однесува до враќање на национализираните, експроприраните, конфискуваните или просто насилно грабнатите имоти од старите сопственици, постапката е допрва во почетна фаза: пријавување на побарувањата. Во законот (донесен под притисок на меѓународните инстанции, впрочем) не е предвидена ни можност за плаќање надомест за полувековното користење на тој имот, додека, од друга страна, доколку на наследниците на старите сопственици и им се врати нешто, за да го добијат тоа, ќе мора првин уредно да н ги платат наследните такси на државата!
Инаку, за да остане неказнет грабежот на општествената сопственост, се прави со за да се обезбеди задржување на власта во рацете на второто колено на комунистичкото воено благородништво. За таа цел дојде до флагрантно кршење на изборната процедура на изборите 1994 година, што, поради тоа, беа бојкотувани од двете најмоќни опозициони партии (ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија). Така денес Македонија има квази-плуралистичко собрание, составено само од партии-деленици на стариот Сојуз на комунистите (преименувани како СДСМ, ЛП, СП), партиите на Албанците во Македонија, како и неколку ситни (“директорски”) партии.
Има полно индиции (ако не и комплетни докази) за поврзаноста на власта со криминалното подземје. Тоа прави подземјето да се “осоколкува” и за потешки криминални напади врз имотот и безбедноста на граѓаните што не се расположени да ја плаќаат нивната “заштита”. Така, едно време бевме соочени со аферата “Hard Rock”, според разбојничкиот напад врз најголемиот диско-клуб во Скопје. Беше стонастотно докажано дека извршителите на нападот, за време на изборите му служеле како обезбедување на владејачкиот СДСМ, но никој од нив не одговараше (поради недостиг на докази!).
Подоцна изби нов скандал: дојде до пожар во диско-клубот, сопственост на првиот човек на Социјалистичката партија, во кој загина едно 15-годишно девојче, а имаше и повеќе повредени лица. Се покажа дека диско-клубот е граден без дозвола, па сепак, не само што никој не одговараше за она што се случи, туку ни диско-клубот не беше затворен. Таков каков што е (небезбеден!), тој и денес е собиралиште на огромна маса тинејџери.
По извештајот на Генералниот секретар на ООН, др Бутрос Бутрос-Гали, во кој изречно изразува сомневање во регуларноста на македонските избори, двете најголеми опозициони партии што ги бојкотираа изборите, се обидоа да ја искористат уставната регулатива и пристапија кон собирање потписи во прилог на распуштање на сегашното собрание и распишување предвремени избори. Власта, од Претседателот на републиката до последниот министер, ги користи сите релевантни домашни и странски медиуми (весници, радио, телевизија) за да докаже дека таква можност не постои во највисокиот правен акт на земјата.
Ваквата “ровка” општествено-политичка состојба во Македонија воопшто не е плодоносна почва не само за некаква темелна реформа на казненото право, туку ни за примена на важечкото. Од еден службен преглед за движењето на криминалитетот јасно се забележува значителен пораст на бројот на пријавените дела (од 14.838 во 1989 на 22.817 во 1993 година), со едновремено драстично намалување на бројот на пресудените дела (од 10.878 полнолетни осудени во 1989 на 6.538 во 1993 година). Во таа светлина треба да се оценува и дострелот на предложените реформи, што ќе ги изложам на следните страници!

ДНЕВНИК (I,49,14)

ТИ ЗБОРУВАМ ЌЕРКО - СЕТИ СЕ СНАО!


Имам лошо мислење за способноста на екс-самоуправно-социјалистичките професори по право да прочитаат нешто и тоа да го разберат. Таму некаде во далечната 1983 година бев напишал еден состав за политичката делинквенција во Југославија. Тој што, евентуално, сака да види како читаа некогаш тие професори (од кои редовно се регрутираа/т министри во македонските влади) нека ја прочита мојата сотија СТРУЧЕН ТРУД, што повеќе од една година собира прашина по скопските (и не само скопските) книжарници. Таму (на стр. 79) вака се опишува тоа нивно читање (и разбирање):
“... десет доктори на науки (и една магистерка) полни четири часа без прекин се чудеа и исчудуваа над тоа што би требало да значи оваа реченица, а што онаа. Со што ќе изговореа беше толку исколчено, толку далеку од смислата на моите зборови, што, во еден миг, физички се стресов од страв за мојата земја и за мојот народ: не е можно сите овие луѓе (столбови на нашето самоуправно социјалистичко општество!) да се толку глупави та навистина ништо да не разбрале?”
Во меѓувреме бидна што бидна: какви столбови - таква држава! Нашето самоуправно социјалистичко општество се урна како кула од карти, но, за чудо, не и неговите носечки столбови: и покрај со, врз професорите и денес се потпира “младата македонска демократија”. (По со што се случи, секој нормален народ ќе изразеше барем малу сомнение во интелектуалната, а особено во моралната, сила на тие негови носечки “столбови”, но не и македонскиот: за него, изгледа, познатото зло е помало од непознатото. И така, професорите останаа во сите влади од Независноста наваму).
Поводот за овие редови, меѓутоа, е еден сосема поинаков феномен: ќе се обидам на читателот да му предочам како еден универзално употреблив столб на власта (професор по историја на државата и правото, уставотворец, министер за одбрана, па министер за правда, а за малу и министер на полицијата) го чита и го разбира своето сопствено писание: Уставот на Република Македонија (УРМ)!
За да нема ни можност од недоразбирање ќе цитирам од збор до збор што напишал таму почититуваниот џентлмен: “Собранието одлучува за распишување на референдум за одделни прашања од својата надлежност со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.” (чл. 73 ст.1 УРМ) Изразот “за одделни прашања” значи само едно: за сите прашања што му се ставени во надлежност, а едно од тие прашања е и самораспуштањето (чл. 63 ст.6 УРМ).
Со оглед на тоа што “мнозинството од вкупниот број пратеници” треба да бидат пијани (или дрогирани) за да гласаат против себе и својот интерес (за своето самораспуштање!), во недостиг на друг механизам да се изнуди ваква една одлука, истиов господин во Уставот предвидел можност тоа да го побара кој и да е граѓанин на Македонија (quivis ex populo!): “Собранието е должно да распише референдум кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи” (чл. 73 ст. 3 УРМ).
А бидејќи во оваа земја е дозволено со што не е експлицитно забрането, граѓаните имаат право преку референдум да побараат и самораспуштање на парламентот! Ова го побара импресивен број граѓани (повеќе од 200.000!), што и само за себе зборува за омиленоста на нашите СДСМ-овци среде гласачкото тело, па сепак нашиот уставотворец е категоричен: “За предвремени избори референдумот не важи!” Потем, чириба-чирибу! и нашиот научник во поткрепа на толкувањето на сопствениот состав посегна по уставите на САД, Канада (!?).
Инаку, Советот на Европа знае за барањето што треба да се решава кај нас, а беше запознат и со нашата регулатива, така што мислењето на СДСМ-партиски овластениот толкувач (дека тој “не би можел да го чита поинаку Уставот на РМ”) е произволно. Свесен за ова, творецот-толкувач вели “Под претпоставка и да го чита поинаку и да заклучи дека Уставот дава шанса за распишување референдум за предвремени избори, мислењето на оваа институција има само карактер на мислење и не е облигатно за Македонија.” (Јас би рекол “облигаторно”, зашто зборот “облигатно” има поинакво значење, но, нејсе!) И ова е единствената точна работа во искажувањата на нашиот министер-толкувач.
Само, во Советот на Европа велат и нешто друго: на Македонија н беше мошне важно да стане и таа стана членка. За разлика од Европската унија, која што нема одредби за исклучување од членство, Советот на Европа ги има и ги практикува (да потсетиме дека еднаш, и тоа не така одамна, од Советот на Европа беше исклучена Грција!). Ова, за чудо (или не?), нн го рекоа на прашањето “А што ако нашата власт се обиде да го изигра сопствениот устав?”, притоа ветувајќи дека добро ќе внимаваат тоа да не се случи (“Имаме доволно експерти за уставни прашања, а и за мониторинг!”, рекоа, иако ние во тоа воопшто не се сомневавме). . Притоа, онака патем, потспомнаа дека се непријатно изненадени од фактот што Македонија не го исполни условот кој н беше поставен при приемот во Советот на Европа и со уште не ја ратификувала Конвенцијата за човекови права и Протоколот бр. 1 кон оваа конвенција. Не ми е јасно што сакаа со ова потспомнување, освен ако не постапуваа според онаа народната: “Ти зборувам ќерко - сети се снао!”
Јас, еве, го реков тоа што нн го кажаа, а “снаата” може да постапува како што сака. Само да знае: и држави посилни од FYROM ги почитуваат мислењата на Советот на Европа и нејзиниот Суд за човекови права.

ДНЕВНИК (I,37,12)

ЗБОР-ДВА ЗА АЛБАНСКОТО ПРАШАЊЕ


Едно време, кога бев политички ангажиран (во својство на Претседател на Лигата за демократија), ме посети еден швајцарски новинар. Со педантноста по која е познат неговиот народ, не само што ми ја даде својата визит-карта, туку, згора на тоа (за да нема никакво сомневање во врска со неговиот идентитет!), ми го даде на увид и пасошот. Разговаравме за со и сешто, за конечно да дојдеме до главниот предмет на неговото (и на европското) интересирање: положбата на Албанците во Македонија. Прашањето го започна мошне дипломатски - првин му удри неколку четки на мојот општо познат профил на либерален интелектуалец, за потем да премине врз идејата што го беше довела кај мене: “Зошто вие во Македонија во оваа материја не би го следеле примерот на Швајцарија?”
Се направив на три и пол, небаре не сум го разбрал. И, како да го вртам разговортот на друга тема, “наивно” го запрашав: “Проштевајте, господине XY. Вие сте Германец?” Човекот ме погледна зачудено и ме потсети на својот швајцарски пасош. “Не станува збор за пасошот, туку за Вашата национална припадност”, реков. Разговорот го водевме на германски, та затоа продолжував да изигрувам “неинформиран човек”: “Вашиот мајчин јазик е германскиот, па оттаму и Вашата национална припадност!”, “заклучив” аподиктички. Човекот енергично протестираше, уверувајќи ме дека не е никаков Германец, туку само Швајцарец, по сто пати Швајцарец.
Јас продолжив со мојата омилена (сократовска!) метода: “Добро! Да Ве прашам! А како се чувствуваат оние граѓани на Вашата земја, чијшто јазик е француски?” На одговорот не морав многу да чекам: “Како Швајцарци, се разбира!” Распрашувајќи го во ист стил, понатаму, “дознав” дека и жителите што зборуваат италијански се чувствувале Швајцарци, а така било и со оние педесетина илјади души чијшто јазик е ретророманскиот.
Уште кај Швајцарците што зборуваат италијански мојот гостин сфати што сакам со моите пипави, професорски прашања, но јас сепак продолжив. Му советував своето европско прашање за решавање на албанскиот проблем во Македонија според швајцарската формула да им го постави на Албанците, а не нам. Зашто, македонските Албанци се алергични дури и на помислата на каков и да е начин да бидат одделени од матицата Албанија.
Во таа смисла тие успејаа во нешто што на прв (а и на сто и прв!) поглед е нонсенс: јазички да нѐ силуваат како народ, забранувајќи нѝ да ги викаме онака како што тие самите себеси се викаат. И додека тие себеси се нарекуваат Shqiptar (што се изговара “Шќиптар”), ние мора да ги викаме Албанци, без оглед на тоа што Албанци може да бидат само жителите на државата што се вика Албанија.
(Кога сме веќе тука: тргнувајќи од бедниот број Македонци што останаа во Дебар, јас уште можам да изговорам дека Дебар е шиптарски град, но никогаш нема да речам дека Дебар е албански град. Зашто тоа значи нешто сосема друго! Тоа значи дека Дебар ѝ припаѓа, односно: треба да ѝ припадне, на Албанија. А тоа ниту било, ниту ќе биде! А ако некој сака така да биде треба да ризикува многу крв! Можеби и повеќе одошто беше пролеана во Босна!)
Македонските Албанци постојано зборуваат за некакваси голема историска неправда што, наводно, му била направена на албанскиот народ, та останал поделен помеѓу три-четири држави. Притоа, “забораваат” на фактот дека нивниот огромен број надвор од Албанија не е (и никогаш не бил) никаква историска неправда, туку само резултат од нивниот азијатски наталитет. Кога се создаваше државата Албанија, надвор од нејзините граници остана релативно мал број Албанци!
И уште нешто: нашите албански политичари воопшто не се стегаат да признаат дека нивната политика се крои на Косово, а не во Тетово, и дека тукашните централи само го извршуваат она што било “зацртано” таму. (Вака изречно лидерот на албанскиот коалиционен партнер на СДСМ за белградско ВРЕМЕ!). Притоа е добро да имаат на ум еден факт: дека Македонија е единственото место под сонцето каде што Албанците живеат пристоен живот. А сето тоа поради неколку усвитени глави може многу лесно да отиде во прав и пепел. За жал, и не само тоа! Затоа, подобро да размислат за европскиот предлог: за интеграција во земјата во која живеат! А албанското прашање (како и македонското, впрочем) ќе се реши само од себе кога за десетина-дваесет години ќе се најдеме заедно во Обединетите Европски Држави. Имам впечаток дека ова е посреќен пат од оној ш то го избраа Караџиќ и Младиќ во Босна.

ДНЕВНИК (I,33,13)

АЛХЕМИЧАРИ НА МОЌТА


Година-две по првите парламентарни избори во Македонија во Собранието имаше некаков прием. Се славеше првата или втората годишнина од Уставот ли, од независноста ли, веќе не се сеќавам точно! Бев на чело на Лигата за демократија и - како таков! - се најдов меѓу канетите. Во еден момент, еве ти го пратеникот и мој колега од Универзитетот, г. Х... (СДСМ). Ми приоѓа и, со широка насмевка на “важен фактор”, не стегајќи се воопшто од присуството на пет-шестемина познати со кои разговарав (и нивното подоцнешно евентуално сведочење), ми се обрати со беневолентност на наполеоновска прицеза: “Многу нн недостигате во парламентот, професоре! Овој пат ја згрешивме работата. Нејсе! На следните избори ќе уредиме да се најдете меѓу нас!...”
Го погледнав попреку (народот вели: “како крава мртво теле”) и, со мојата пословична тактичност, му возвратив: “Колега Х... Вие очигледно ништо не сте разбрале од она за што се залагам, ако мислите дека би се согласил да влезам во парламентетот на наместени избори!”
Насмевката ја снема, погледот му се вкочани и оттогаш до денес не сме проговориле ни збор. Еднаш се сретнавме во кабинетот на деканот на неговиот факултет. Тогаш тој ме погледна како крава мртво теле, студено ме поздрави, без да ми се обрати.
По некое време Лигата за демократија “се влеа” во Демократската партија, а јас лично на вторите избори не се појавив, па СДСМ не можеше (и да сакаше!) да го намести моето присуство во парламентот. Но, тоа не значи дека немаше полни раце работа со местење.
И овој пат, меѓутоа, местачите на избори постапија мошне немакедонски, што ќе рече: неумерено (еден скопски графит речовито зборува за духот на нашиот народ: “И кога јадеш ..., јади со мера!”) и уште еднаш ја утнаа работата: Собранието се наполни само и исклучиво со здрави леви сили! Во него немаше веќе расправи ни за вампири, ниту за врапчиња. Во него никој на Претседателот на републиката не му велеше веќе “Чичко Киро!” Со беше (и со уште е) пристојно, цивилизирано и - до немајкаде здодевно!
(Впрочем, затоа и никој веќе не ги гледа ТВ-преносите од седниците! Народот можеш да го измамиш со комплицираната изборна процедура, но не и да го излажеш со квази-парламентаризам: дебатите непријатно мирисаа, да не речам смрдеа, на нешто гнило, на нешто пцовисано. На мртов поредок! На нешто што денес во Европа го има само уште кај нашиот северен сосед: на едноумие!)
Но нашите алхемичари на моќта, не ќе беа тоа што се, ако не се досетеа како македонскиот парламент (во чијшто легитимитет на големо се сомнева и Генералниот секретар на ОН, впрочем) да го направат “класична демократска институција”. Некогашниот интимус на Садам Хусеин одненадеж реши не само да фингира либерал, туку и да игра улога на огорчена опозиција. Што му е ветено на в.д. Претседателот на републиката за да ја одигра оваа улога, не ми е познато (можеби - за четири години да му го бришат она “в.д.”, кој знае), важно лагата не успева.
Нема будала што во Македонија ќе поверува дека партијата што во првиот парламент влезе само благодарение на харизмата на Анте Марковиќ, а во вториот благодарение на С(К)М, може да биде некакваси опозиција. Да се потсетиме: на оние дополнителни избори за едно пратеничко место во општината центар во вториот круг влегоа само три кандидати: Никола Поповски од СДСМ, Александар Тортевски од Лигата за демократија и уште кандидатот на нашите национални неоромантичари. Кандидатот на ѓоа-либералите во првиот круг не успеа да собере ни стотина гласови!
Ова само по себе е доказ дека “либералите” не се ништо друго освен комунистички деленици, без членство и без гласачко тело. Тие, без јуношите од СДСМ, се никој и ништо (како ни наследниците на имотот на ССРНМ, впрочем). Ним комсомолците од Водно им доверија улога на опозиција, до следните избори. Тогаш, пак ќе се најдат заедно во некаков сојуз за Македонија и ќе се обидат да нн останат господари барем уште 600 години.
Логиката е проста: ако македонскиот народ можеше да ги истрпи Турците 500 години, зошто второто колено на комунистичкото воено благородништво да не остане барем 600. Турците сепак беа малу полоши господари!
ДНЕВНИК (I,27,12)

НИ ВО ТУРСКО, НУТУ ВО КАУРСКО!


На враќање од Германија (ноември 1994), поттикнат од повеќе страни со прикаските за големата изборна измама, сакав да дознам, според кои правно-државни параметри европските посматрачи ги прогласија македонските Избори ‘94 за “слободни и фер”. За таа цел разговарав со еден дипломат од германската амбасада, што ги следеше изборите како посматрач:
“Господине докторе!”, почнав да распрашувам сократовски, “како се формираат изборните единици во СР Германија?” Одговорот го знаев однапред, се разбира: “Како и кај вас во Македонија: со закон!” “А како се менуваат?”, прашував понатаму со лажна љубопитност. Одговорот (пак) го знаев однапред: “Се разбира, со закон!”, одговори младиот дипломат. “Да не можеби може и административно?”, прашував со невидена наивност. Младиот секретар се исчудуваше на мојата упорност: “Ausgeschlossen!” (За оние што не знаат, ова на германски значи “исклучено”, што ќе рече: невозможно!) “Добро!”, велам потаму, “кога тоа (административно менување на избирачките единици!), да речеме, сепак би се случило кај вас, дали изборите би биле законити (или реков: легитимни, не се сеќавам точно)?” Младиот дипломат ме гледаше строго, небаре сум човек кој не знае што зборува, и решително одговори: “Тоа во Германија не може да се случи!” Инсистирав врз своето: “Господине XY! Јас сосема добро знам дека тоа во Германија не може да се случи. Ве прашувам, кога тоа би се случило, дали според законите на вашата земја тие избори би биле законити, што ќе рече: обврзувачки?” “Не сакам да одговарам на хипотетички прашања!”, гласеше енергичниот дипломатски одговор. “Но, господине прв секретару,” офнав немоќно, “Такво нешто нехипотетички се случи на изборите во Македонија, а вие сепак напишавте и објавивте дека изборите биле слободни и фер?...” “Тоа беше став на мнозинството посматрачи!”, гласеше неумолливиот одговор на Европа!
Ми идеше да го испратам...(да не речам каде), но морав да се воздржам: разговарав со официјална Европа. Така, и без да ми кажат нешто, го дознав она што веќе го знаев: Европа (и светот!) имаа интерес триумфално да победат јуношите од С(К)М и тие мораа да победат! Тоа што изборите беа од сомнителен квалитет немаше никакво значење. Се случи она што веќе беше видено на овие простори по крајот од Големата војна: кога Fitzroy MacLean растреперено му реферирал на премиерот, г. Винстон Черчил, дека изборите во тогашна Југославија не се нималу “чисти”, овој, наводно, му одговорил со телеграма: “Не грижете се, Вие нема да живеете таму!” Тоа е логиката на европската постапка и денес.
Европа отсекогаш се грижела и се грижи само за сопствениот интерес, а него во Македонија може да го застапува единствено партија со апсолутно (овој пат двотретинско!) мнозинство во пармалентот! Само таква партија (според Уставот) може да реши да го мени знамето (и, евентуално, името!), само таква партија може да влезе во (политички сосема непотребна) коалиција со албански партнер и како награда за неговите десет пратенички да му отстапи пет министерски места! На “Старата дама” н беше јасно дека со “слободни и фер” избори таков состав на парламентот не можеше да се постигне! А таа беше (и е!) богата и моќна. Доволно богата и моќна да појде во машка јавна куќа и да си порача две згодни (голи!) момчиња пред неа да водат љубов (лично искуство на Рајан О’ Нил!). И си порача! А Македонија го доби она, што на времето Лигата за демократија го означи како “противприродна коалиција”: сојуз на комунистите и Албанците!
Лично сметам дека двете големи опозициони партии постапија високо морално одбивајќи да водат неприродна љубов пред Старата дама, но не мислам дека нешто ќе изменат укажувајќи без престан на изборниот фалсификат и барајќи вонредни избори. (Впрочем, можеби ни на момчињата во јавната куќа не им е особено пријатно, но што да прават: сиромаштијата е мачна, а од нешто мора да се живее!) Шефот на државата апла порача дека тоа (вонредни избори на барање од народот!) во Европа не е видено последниве сто години! Го немало, значи, ни во турско ниту во каурско, па нема да го има ни кај нас! А стариот господин добро знае што зборува!

ДНЕВНИК (I,22,14)

ПЕНИЛ СЕ, НЕ ПЕНИЛ СЕ...


Независно од тоа каква судбина ја чека акцијата на опозицијата во прилог на референдум за предвремени избори (што во еден здив, само за четири дена, собра над 160 000 потписи!), таа недвосмислено покажа колкав е бројот на незадоволните од изборите ‘94 и колку е на стаклени нозе легитимитетот на денешната македонска власт. Затоа, опозицијата може да биде задоволна, но јас не би ја советувал да се радува премногу, а уште помалу - поради тоа - да очекува некаква правда во земјата или од странство. А еве и зошто!
Паничната реакција на позицијата (која за уште порекордно време успеа да донесе цел еден закон што го немаше во земјава од прогласувањето на нејзината независност до денес) недвосмислено сведочи пред со за димензиите на ужасот што ги опфаќа јуношите од СДСМ при самата помисла на вонредни избори. Толку се изнамачија, кутрите, да ги добијат редовните (а знаеме и како ги добија!), па сега да оделе на вонредни! Малу морген! Затоа, тие (по углед на своите северни едномисленици!), ќе ги употребат сите институционални и вонинституционални средства за опозиционата акција да не види бел дел, иако е јасно дека закон за референдум би морал да се донесе: според законодавството што важеше до моментот на предавањето на потписите во Собранието, акцијата беше законита та презаконита. Тоа што таа не ги исполнува супербирократските услови од новиот закон нема никакво правно значење: Уставот на Република Македонија (чл. 52 ст. 4) изречно пропишува дека “законите не можат да имаат повратно дејство” (освен кога се поповолни за граѓаните, а овој СДСМ-овски бисер тоа секако не е!).
Патем речено ни повикувањето на швајцарските искуства (од страна на министерот на правдата) не држи вода: за ваква иницијатива Швајцарија (со шест и пол милиони жители) бара 20.000 потписи, на Македонија (со одвај два милиони жители) н се потребни рамно 150 000 потписи (!?). Од друга страна (за разлика од несмасните Швајцарци), кај нас спроведената акција не доведе до ниедна сообраќајна незгода, ниту пак до тепачка помеѓу приврзаниците и противниците на иницијативата, што зборува дека стравот на законодавното тело во таа смисла беше неоснован. Само една работа во целата оваа законодавна ујдурма навистина “држи”: повеќе од сигурно е дека, според буквата на сегашниот закон, ниедна граѓанска иницијатива в иднина нема да види бел ден (што, впрочем, и беше главниот мотив за донесување на законов).
Наведениот правдољубив министер не посочи никаков (па ни швајцарски) пример за времето на собирање на потписите: тоа да било само и исклучително работното време! Нашиот уникатен закон би можел да се напаѓа пред Уставниот суд веќе и само по овој основ: тој, имено, едно општограѓанско право го претвора во привилегија на пензионерите и домаќинките, кои единствено може да се сообразат со тајмингот за собирање потписи! За другите тој е скапа (и ризична!) работа: човек треба да појде и да го замоли својот СДСМ директор да му дозволи да оди да го даде својот глас против политиката што ја води директоровата омилена партија, за таа цел неплатено да отсуствува час-два од работата, да потроши сопствени пари за автобуски превоз до собирниот центар и назад (или за такси, ако е од некоја господска партија, како Лигата за демократија, да речеме)...
Уште не се родил будалиот што ќе поверува дека ова бисер-дело на нашиот квази плуралистички парламент е лост за ставање во движење на демократските процеси во земјата! Инаку, каква и да е постапка пред нашите правосудни органи (против овој закон) однапред е осудена на пропаст: во тие органи седат токму оние судии што им беа по волја на СДСМ-овските младинци!
Оние пак, од редовите на опозицијата, што се занесуваат со идејата случајов да го изнесат пред правдољубивата Европа, како да забораваат на фактот дека Сојузот за Македонија и можеше да победи (на оние божем-изборите ‘94) само со милоста на таа иста Европа, што македонскиот народ уште 1903 година ја опеа како “вавилонска блудница”, а што нашата млада генерација, преку графити по сидовите од градските пасажи, од милост си ја вика “курва”. Оние што заборавиле ќе ги потсетам дека токму европските посматрачи еднодушно изјавија оти изборите во Република Македонија (1994!) биле слободни и фер...
Верно, Европа има и асолни правосудни институции. Само, од примерот со спорот против Грција научивме колку време ќе треба за пред нив некој да се избори (ако воопшто се избори!) за правда. Додека да се случи тоа, ќе дојде време за нови (редовни!) избори...
ДНЕВНИК (I,16,13)

КАДЕ МУ Е МЕСТОТО НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ?


Едно време, по изгласувањето на Уставот што важи и денес, Швеѓаните имаа тежок уставно-протоколарен проблем: што да прават со Неговото величество Кралот, кога понекогаш, во некоја прилика, по некаков повод ќе дојдеше во Парламентот. Каде да го стават да седне? Да седи во “претседателството” - не можеше: таму седеа само оние што од своите редови ги беше избрал парламентот! Да седи во пратеничките клупи - не можеше: таму седеа оние што ги беше избрал народот! Да седи во ложата за публика - не можеше: тој беше шеф на државата, а не гостин или публика! На крајот, се најде соломонско решение: кога Кралот ќе дојдеше во Парламентот, донесуваа некакво (пристојно, се разбира) столче и го поставуваа на едно забележливо место, но малу понастрана и од претседателството и од пратениците. Така се знаеше дека Кралот не е пратеник, ниту можеше да се помисли оти претседава со парламентот, ниту пак дека е гостин или љубопитна публика. Беше (и со уште е!) Крал и шеф на државата, а во домот на претставниците, кога ќе дојдеше, му се знаеше местото!
Македонија е далеку од идеалот на добро уредена држава и кај нас никој не знае каде му е местото на Претседателот на републиката, а (се чини) не си го знае ни тој самиот. Како што е познато, неговиот office се наоѓа во Собранието на Република Македонија (иако не е народен пратеник). До неодамна живееше на Водно во својата приватна куќа, а не во резиденција (како што би било нормално за еден шеф на држава). Кога се случи она што се случи, некому да му текна дека Претседателот (од безбедносни причини) треба да има резиденција. И добро е што му текна! За жал, никому од власта со уште не му текнало дека Претседателот (и тоа не само од безбедносни причини!) треба да има office надвор од Собранието на Република Македонија.
Велам “никому од власта”, зашто на оваа идеја пред неколку години дојде Лигата за демократија. Таа предложи да се реконструира скопското Кале (онакво какво што беше во моментот на земјотресот) и тоа да стане Претседателска палата. Добивката ќе беше многукратна: на (сега) слепиот рид пак ќе се појавеше убавата бела зграда со двата барокно отмени низа прозорци, а Скопје ќе си повратеше дел од она што е симбол на неговиот грб. Со оглед на големината на зградата, Претседателот ќе добиеше и резиденција и office и немаше да мора (најмалу) два пати дневно да си пробива пат низ скопскиот хаотичен сообраќај и да се излага на ризици од типот на оној од 3 октомври 1995 година. Со оглед на позицијата на тврдината, ништо полесно од обезбедувањето на овој простор и така ограден со вистински киклопски ѕидишта. Но, кој да ја слуша елитната Лига за демократија? Комунистите, што (превапцани, преименувани и подмладени) беа и останаа власт во Македонија, отсекогаш беа мошне алергични на елитизам. И предлогот мина незабележано, без каква и да е реакција во нашите “слободни” медиуми и стручната јавност.
Деновиве уште еднаш го видовме Претседателот на републиката кај што не му е местото: на седница на владата (!?). Во добро уредените држави, кога шефот на државата сака да н порача нешто важно на својата влада, тој обично го повикува премиерот или нејзините членови и им го кажува тоа што смета дека треба да им го каже. Наместо тоа (ева, според изреката за Мохамед и брегот!), Претседателот им појде на нога на јуношите што неодамна јавно ги молеше да не го растураат Сојузот за Македонија, а коишто не се обидоа ни да се преправаат дека се двоумат дали да го послушаат. Појде, наводно, за да им ги изложи своите сугестии во врска со стратегијата на земјата за настап на преговорите со Европската унија (на кои, патем речено, навистина немам никакви замерки!).
Овој гест “на добра волја” тешко ќе ги смири шпекулациите за неговите заладени односи со владата, а ќе им даде право на оние што оценуваат дека Претседателот е “со расклатен углед и збунета политичка и партиска база”. Или, просто речено, дека не знае каде му е местото во оваа земја! А местото му е во Претседателската палата! Ако е навистина Претседател на сите граѓани на Македонија, како што од време на време неубедливо тврди (а треба да биде: тоа за прв пат стана со гласовите на 114 пратеници од сите партии во Парламентот, а по втор пат со гласовите на народот, а не на “татковите синчиња”8 од СДСМ!), таму нема да биде осамен и не ќе има потреба јавно да но преколнува да не го оставаме сам.

* Изразот “татковите синчиња” Геровски (веројатно како “навредлив”) го заменил со “оние”.
ДНЕВНИК (I,10,13)

ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР - МРТВА БУКВА НА ХАРТИЈА

Може слободно да претпоставам дека има и моја вина што во оваа земја на времето беше укината смртната казна: Лигата за демократијата оваа цел си ја беше поставила уште во својата партиска програма од 1989 година. Оттаму, сега пак ќе има и моја “вина” што со Предлогот за донесување на Кривичниот законик во македонското казнено право се внесува проблематичниот “доживотен затвор”: на истото место во споменатата партиска програма се предлагаше доживотен затвор како замена за смртната казна!
Човек комушто вака “промптно” му се исполнуваат криминално-политичките замисли, би морал да биде задоволен од ваков еден развиток. Јас сепак не сум. Денес ми се чини дека е подобро решението од важечкиот кривичен закон: нема смртна казна, но ни доживотна робија! Максимумот на казната затвор (повеќе би сакал оваа казна да се вика “лишување од слобода”, по примерот на некои европски законодавства што редовно нн служат како образец: германското, на пример) е петнаесет години, а сосема исклучително, за дела што паѓаат в очи по својата тежина (како атентатот врз шефот на државата), останува казната од рамно дваесет години затвор.
Има многу луѓе што лаички мислат дека ова не е в ред, дека укинувањето на смртната казна е избрзано решение, несоодветно на нашите примитивни mazedonische Zustande. Во печатот, на радиото и другите електронски медиуми, полека но сигурно (и не сосема дискретно), се промовира идејата за враќање на старата добра смртна казна како единствено соодветен одговор на приливот од тежок криминал што во овие тешки времиња ја заплискува нашата беспомошна држава. Ништо подалеку од вистината и од потребите на земјата!
Луѓето што професионално се занимаваат со криминалот и со неговата контрола сосема добро знаат дека строгоста на казната нема никаква врска со масовноста на една криминална појава. Само еден пример: пред 1961 оној што некого ќе го загрозел со смртоносно оружје во САД можел да добие 1-10 години робија. 1966 законодавецот ја поостри казната за напади врз полицајци и таа сега изнесува од 5 години до доживотна робија. Резултат: само во Лос Анѓелес, бројот на нападите врз полицајци се зголемил од 8,4 на 15,8 на 100 души (пораст од 90%). Испаѓа дека најдобар начин за заштита на животите на чуварите на редот е - ублажување, а не поострување на предвидените казни (!?).
Она што потенцијалните криминалци ги одвраќа од извршувањето казниви дела не е строгоста на казните предвидени во законите, туку веројатноста дека сигурно ќе бидат откриени и казнети. Оттаму и зачудувачката појава, во некои добро уредени правни држави (како скандинавските, на пример), и за најтешки кривични дела да се изрекуваат парични казни, а не лишувања од слобода или (не дај Боже!) смртни казни. Проблемот е во тоа што Македонија е далеку од идеалот на добро уредена држава, а власта не ретко повеќе е заинтересирана за прикривање на извршителите и инспираторите на криминалните дела одошто за нивното казнување (славниот Хард Роцк цасе, на пример).

Затоа, може да напишам и да се потпишам под тоа, дека планираниот доживотен затвор ќе остане “мртва буква на хартија” во нашето идно кривично право. Просто-напросто затоа што денес не постои цивилизирана земја во која осудените на доживотна робија остануваат до крајот на животот во затворот: преку помилување, условен отпуст и сл. казненоправни инструменти таа редовно се “скратува” и се претвора во временска казна. Обратното не е ни пожелно! По десетина години поминати в затвор, човек престанува да биде човек во полната смисла на зборот и се претвора во затворско суштество што на слобода се чувствува мошне неудобно. Толку неудобно што во екстремни случаи или прави ново дело за да се врати во затворот (како Тото во оној надреалистички филм на де Сика, ако не ме лаже сеќавањето) или се самоубива (како во “Бегството од Шошенк”). А ни едното ни другото не може да нн биде ниту идеал ниту пак цел. Затоа, да учиме од подобрите од нас. Од Скандинавците, на пример, наместо од Америте...

ДНЕВНИК (I,1,11)