Според верувањето на Индусите, Египтјаните, античките Орфици и Питагорејците (а и некои други до ден-денес), во моментот на смртта човековата душа се сели во ново, штотуку родено суштество (човек, животно или растение). Некои оваа појава ја викаат метемпсихоза, некои селидба на душата, некои (најмногубројните) - реинкарнација. Во поново време сме сведоци за тоа дека оваа појава не им е својствена само на луѓето, туку и на нивните политички организации (партиите!), така што може да се зборува и за политичка реинкарнација.
Еден свеж пример! Неодамна, по долготрајно и тешко боледување, ја испушти својата благородна душа СКМ, политичка партија што речиси половина век не водеше кон подобрата иднина, а македонскиот народ (сосе народностите) одненадеж се најде без водач, без ориентир, па откако некое време се вртеше на сите страни, фати да се враќа назад по светлите врвици “зацртани” од страна на компартијата (процес што денес учено се нарекува “транзиција”). Едно време слично постапуваше и неговата авангарда, со тоа што нејзе, како на војничка партија, и беше многу полесно да се “престрои”, а знаеше и за ритуалите на системот што и беше најблизок: феудалната монархија. И додека таму, по смртта на монархот, од балконот на палатата воскликнуваа: “Кралот е мртов - да живее кралот!”, кај нас стана вообичаено она народно “И по Тито - Тито!”, што со организирана спонтаност го повторувавме сите.
Инаку, смртта на СКМ ја следеа и некои формални преобразби полни со патетична симболика. Така, многу пати опеаното алово знаме без причина помодре, црвената петокрака пожолте, а непозната рака, полна со сочувство, врз неа (како врз надгробна плоча) положи цвет од трендафил. Сево ова заедно денес е симбол на една нова (да не речам: новородена) македонска политичка партија, во која се пресели духот на новопреставениот СК. Главешините на новата партија не убедуваат дека немаат никаква врска со покојникот (за мртвите само добро!). Нив не ги оптоваруваат неговите хипотеки (масакрот во Велес, да речеме). Одвај видливата нишка што (сепак) ги сврзува со него е само неговиот имот, што тие си го доделија себеси.
Меѓутоа, од фактот што новопечените социјалдемократи (а новопечените социјалисти и либерали, не помалу) толку упорно, толку енергично и толку гласно се откажуваа(т) од благопочинатиот, може да се изведе само еден логичен заклучок: дека покојникот (Бог да го прости!) сепак имал големи гревови на душата. Инаку, кој се откажува од праведник? Така младите наследници (и не сакајќи) излегоа поголеми антикомунисти од оние што се појавија на македонската политичка сцена по распадот на најдобриот од сите поредоци на светот.
И по нешто друго наследниците излегоа (невидено и нечуено) големи антикомунисти: за разлика од покојникот, кој беше крвен непријател на приватната сопственост, тој извор на сето зло на земјава, нивните самопрогласени (а откажани!) наследници, преку процесот на приватизација, успеаја за неверојатно кратко време да го стават во своите џебови сето она што работните луѓе, македонскиот народ (и народностите) го создаваа речиси половина век (општествената сопственост!). За малу време, “нашиот тутун, нашата мака, нашата солена пот”, заврши (за ситна пара) како нивна сопственост!
Ако за повеќе од половина на целокупниот имот на оваа земја македонската парадржава касираше горе-долу 30 милиони долари (колку што чини еден ГРАНД ХОТЕЛ СКОПЈЕ, да речеме), тогаш не треба посилен доказ за реалноста на она што по малу евфемистички се нарекува организиран криминал. За чудо, овој едноставен факт не го забележува нашата либерална казненоправна наука (изградена врз цврстите темели на дијалектичкиот материјализам), та фати да организира симпозиуми за правната држава и овој феномен (да не повторувам кој).
Само, за да се зачува “дрпнатото” (како што неуко вели народот), на новостарите управувачи им требаа (сопствени) судови. И, како што Претседателот на сите Македонци е само нивни, како што во Собранието на Македонија седат (и треба да седат) само нивните претставници, тие деновиве си направија свои сопствени (а независни) судови. Така, на пример, на чело на еден апелационен суд ставија свој (проверен партиски) човек, што само до пред некој ден беше секретар на владата. Во некои судови си поставија високостручни судии што во стариот режим изрекуваа и по 16 години затвор за силување (иако секој студент што сакаше да положи кривично право мораше да знае дека таква казна во нашите казнени закони немаше). Во некои други судови ги поставија оние исти креатури што судеа (и пресудуваа!) во сите политички монтирани монстр-процеси на едноумието во Македонија, а (под секакви изговори) ги прескокнаа сите оние што манисфестираа и најмала ментална резерва спрема духот на СК или неговата реинкарнација.
Едно сепак заборавија јуношите од СДСМ: во стариот режим и со најдобриот судија можеше да се манипулира преку институцијата “реизбор”, од која тој губеше сон секоја осма година од животот. Денес и најлошиот судија знае дека (по нивна милост!) е недопирлив до крајот на својот професионален живот. А јас не знам за случај на благодарност од страна на човек кому нешто сте му подариле. Од друга страна (по “заслуга на јуношите”), ние сме денес членка на Советот на Европа, па, ако некој не е задоволен со класната правда во Македонија, има право да прати абер до Судот за човечки права во Стразбур и да си побара правда. А таму се суди според тертипите што важат за гнилите буржоаски држави, а не за нашите прославени (ком)партии. Притоа, на младинците што управуваат со Македонија нема да им биде од голема помош ако таму (за судија) испратат некој ислужен “војник на партијата”, што минал низ сито и решето на стариот режим.
Др Ѓорѓи МАРЈАНОВИЌ
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment