КУТРИОТ ДОН ХОЗЕ

Не го познавам дон Хозе Мануел Пинто де Тешеира, немам за него ни лични симпатии ниту пак антипатии, но деновиве, кога сиот бес на нашите медиуми е насочен против него (и неговото интервју за УТРИНСКИ ВЕСНИК), чувствувам потреба да го бранам. Неговите напаѓачи очигледно постапуваат во духот на онаа македонска: “не можеш по магарето, удри по самарот”! Исчудувајќи се врз изјавите на дон Хозе (признавам: збркани, противречни, лишени од најелементарна логика), неговите критичари забораваат на работата што ја врши: тој е амбасадор на Европската унија и само ex officio се обидува да ги рационализира постапките на своите газди! Не очекува некој белки човеков да заборави на својата кариера, на своето семејство и на неговата благосостојба и јавно да признае дека политиката на Европа (која македонскиот народ од 1903 наваму на галено си ја вика “Блудница Вавилонска”) е оросписка, што ќе рече: секогаш и во секој момент раководена од нејзините интереси, а не од начелни или (Бог да чува!) морални ставови. Слушајте го катаден “оригиналниот” Љубен Пауновски и мислете на дон Хозе: она што првиот го зборува за да ни ги објасни постапките на нашата релаксирачка коалиција, дон Хозе го прави за оние што го плаќаат!
За да не ми забележи некој дека зборувам на памет, ќе потсетам на некои факти (и тоа не на сите и не заради нас - ние приказната добро ја знаеме - туку за да го потсетиме дон Хозе и неговото одбрано вавилонско друштво).
Затечена во небрано од она што се случи на просторите од поранешна Југославија, Европската заедница реши прашањето да го стави во рацете на арбитражната комисија на г. Бадентер. Таа требаше да одговори што да се прави со државичките кои настанаа од СФРЈ. (За оние што не знаат: “арбитража” е избран суд, кој треба да реши определено спорно прашање, а оној што се определува за него однапред се согласува да ја почитува неговата пресуда!) Бадентеровата комисија (чијшто член, меѓу другите, беше и г. Херцог, претседател на Уставниот суд на Германија, подоцна и нејзин претседател) пресече: само Словенија и Македонија ги исполнуваат строгите правнодржавни барања за да бидат признаени како суверени држави. Европа, меѓутоа, во духот на атрибутот што македонскиот народ í го дава од Илинден наваму (да не речам: оросписки!) реши да ги признае Словенија и Хрватска, но не и Македонија (!).”Признание” par excellence за земјичката што се добра до сувереност без да испука еден единствен куршум! И после кутриот дон Хозе мора да пелтечи за европски принципи, за морал и демократска процедура! Дрн-дрн! Европа на овие простори очигледно сместува диви, крволочни племиња (“троглодити”), кои не умеат ништо друго освен меѓусебно да се гложат и убиваат. Македонија не се вклопи во вавилонските стереотипи и тоа беше доволен изговор да биде казнета.
Потем, во македонската Одисеја по европските Сцили и Харибди, таа (пак без своја вина!) се најде на дневен ред на истото друштво во Лисабон. Оттаму произлезе едно чудо на категоричките императиви на длабокиот европски ум - знаменитата “Лисабонска декларација”: главатарите на Заедницата (и строги учители по демократија!) обзнанија дека немаме право дури ни да се викаме “Македонија”. После, откако веројатно се допрашаа кај луѓето што предаваат меѓународното јавно право на нивните универзитети, тој став го подзаборавија, а за нас го смислија евокативниот акроним FYROM (запишан и во акредитивите на дон Хозе). Да речеше некој од нас за Англија, Франција или Германија (другите да не ги редам) “Former Roman Province of Britania, Galia or Germania”, овие исти луѓе ќе го сметаа за тежок будала. Кога тие вака нe' означуваат нас, тоа е знак на голем ум, широко срце и висок морал! Најдете ми некој дон Хозе што ова може да го објасни, а да не му се чудиме на умот! Само, кој сме пак ние да го учиме на логика цветот на слободата и демократијата? Quod licet Iovi, non licet bovi!
Потоа следеше едно време, што дон Хозе не го знае (зашто не беше тука), кога сите европски службени посетители на Македонија се довиваа како што знаеја и умееја во настојувањето да í се обратат на земјава без притоа да í го спомнат името. Македонците (со ретки исклучоци на некои воспалени еврољупци како мене) стрпливо ги поднесуваа тие омисивни навреди. Европејците забораваа(т) дека Македонија е стара, прастара и неверојатно стрплива земја. Една од ретките што се држи за она “Викај ме и грне, само не крши ме!”. Земја што умее да чека! (И верно, не мина многу време, а ние дочекавме тие исти посетители, кога им затребавме на Косово, да заборават на грчката чувствителност и да фатат да нî викаат онака како што отсекогаш сме се викале.)
После ни удрија една типично балканска контра: Грција (убедена дека без неа и Солун северната “државичка” не ќе може да преживее ни две недели), нí ја затвори јужната граница. Ни пиле да прелета од кај нив накај нас! Правдољубива Европа две и пол години ја тераше Грција пред суд, молејќи Бога да не ја дотера. И не ја дотера! На крајот излезе дека ние сме си биле виновни! (Како она јагне што му ја матело водата на волкот, иако било низводно од него!)
Е, после дојдоа изборите од 1994 година. Опозицијата се отепа докажувајќи дека СДСМ ги фалсификувал. Дамата од Вавилон ни порача дека биле “слободни и фер”. (Некоја награда за тие “слободни и фер” избори не добивме, а, знаејќи со кого имаме работа, и не очекувавме). На следните, егземпларно коректни избори Македонија се реши за промени: сјава Курто, та се качи Мурто! Европјаните беа одушевени колку бргу учиме демократија. Како умееме етнички да се релаксираме. (Награда пак не добивме!) И така сî до претседателските избори од 1999 година, кога, одненадеж, излезе дека ич не чиниме! Викај до небото дека македонската (90-процентна!) европејштина ја подгазија и ја извалкаа токму галеничињата на вавилонската госпоѓа (оние ужасни 10%)! Нема кој да те чуе. Просто затоа што не сака да те чуе! Но затоа пак (преку дон Хозе!) нí порачуваат дека ние, всушност, и не сме имале консолидиран систем на демократија (како што тврдиме), дека работите не биле добро направени (сиц!), а дека тие имале право и обврска да ја коментираат процедурата во нашата земја! Изборите биле невидено лоши и ние затоа ќе бидеме казнети со магарешката клупа наречена Западен Балкан. Од друга страна, иако изборите биле за никаде, ние сепак требало да го признаеме лошо избраниот претседател (!?).Зошто? Затоа што човекот í се допаѓа на Европа. Се отепа златната честитајќи му ја валканата победа! Еда логика! Еда морал! И сега ние му се лутиме на кутриот дон Хозе! Ајде ви се молам! Човекот не е толку глупав колку што изгледа кога го вели она што му рекле да го каже. Како ни Љубен Пауновски, впрочем.

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: