Додека работам кабинетот постепено ми се претвора во некој вид остава за книги, речници, хартии, писма, весници (некои велат “креативен неред”, кумановци: “Фали само од попа уво”). Кога ќе ја завршам работата и треба да почнам нешто ново, задолжително пристапувам кон “суредување”. Тоа ретко кога значи само враќање на нештата на нивното вообичаено место. Ќе ми дојде под рака книга, да речеме, и туку ќе фатам да ја вртам, да ја разгледувам, да читам.
Овој пат тоа ми се случи со книгата на г. Ставре Џиков (со посвета!) “Македонија во комунистичкиот триаголник” (Скопје 1993). Ме заинтригира фактот дека рецензент на книгава бил токму мојот некогашен пријател и екс-министер за култура, др Димитар Димитров. Во 1993 година тој бил високо свесен Македонец кога можел да аминува книга во која буквално стои (стр. 12): “На политичката сцена на Македонија ќе се појави ВМРО на Тодор Александров кој ќе биде експонент на најреакционерните кругови на бугарскиот двор и воените кругови.” Некоја година подоцна, по своето “преображение”, токму сликата на истиот тој Александров Димитар ја беше обесил како икона на не сосема незабележливо место во својот дом (!?). Изгледа никогаш нема да сфатам што му стана на човеков та на стари години толку тешко, толку непоправливо си ги извалка името и честа пред Македонија и Македонците? Притоа ми паѓа на ум уште нешто: кога ја рецензирал оваа книга Димитар не можел а да не го види мотото што авторот го позајмил од Стојан Киселиновски: “Ако ја предадеш татковината и гробот те проколнува”!
И туку одненадеж, како гром од ведро небо, по формирањето на старо-новата македонска влада, низ Скопје се пронесе глас дека токму грешниот екс-министер за култура ќе бил именуван за амбасадор на Република Македонија во Софија. Беше тоа еден понеделник, ден кога од формирањето на Лигата за демократија до денес се состанува нејзиниот Извршен одбор. На него, нормално, се коментираше и оваа новост, доколку повеќе што споменатиот џентлмен се беше прославил со своите метанија пред браќата Бугари среде Софија. Некој предложи Лигата да излезе со соопштение со кое ќе ѝ укаже на владата на националната неприфатливост на оваа номинација. Повеќето сметаа дека др Димитров може да биде амбасадор на Македонија во која и да е земја (Русија, на пример), но никако не и во Бугарија. Тоа би бил прв случај во историјата на дипломатијата една земја да испраќа за амбасадор човек што го дели националното чувство на земјата домаќин. Еден духовит џентлмен инсистираше во соопштението да се каже дека др Димитров може да биде почесен конзул на Република Бугарија во Македонија, но никако не и наш амбасадор во Софија.
Со оглед на тоа што лидерот дури и во мошне либералната Лига за демократија има (непишано) овластување да одлучи по слободна оценка дали е на место или не да се излезе во јавноста со определен став, решив да не ги послушам моите партиски пријатели, да не одиме со соопштение за нешто што е сепак само глас. Моите аргументи против едно вакво соопштение беа дека нашиот премиер не е толку неинтелигентен за да не сфати дека со вакво именување и национално најнеписмениот меѓу нас ќе види оти претседателот на владата стои врз исти позиции како и неговиот бивш министер. Само глупав човек, по Пировата победа на претседателскиот кандидат (добиена со помош на оние што, според првобитниот партиски занес, требаше да завршат во гасни комори), би можел да направи ваков гест на политичко самоубиство пред важните локални избори: премиерот (при ваква одлука) ќе мора добро да размисли дали македонскиот народ ќе му прости доколку во Софија испрати човек што застапува став според кој Македонците се однародени Бугари! И, што е уште поважно, човек што (како и досега) ќе работи против интересите на македонскиот народ! Необјавувањето соопштение се должеше и на фактот дека др Димитров веќе беше “паднат борец”, а кумановци тешко иронизираат на сметка на оние што се јуначат врз паднатите (“на мртвога Германца нож извадија! “).
Деновиве, меѓутоа, во медиумите се намножија информации од неформални, неидентификувани извори (СИТЕЛ, УТРИНСКИ ВЕСНИК, ДНЕВНИК) дека проблематичната номинација на тазе печениот Болгарин е повеќе или помалу свршена работа. Ако тоа и навистина се случи г. Георгиевски јавно ќе го обзнани она што и до сега тешко успеваше да го сокрие. Досега барем, свесен за тоа дека бугарските тези “не држат вода” меѓу македонските луѓе, премиерот не се изјаснуваше по тоа болно прашање. Во неговата партија, меѓутоа, имаше и сѐ уште има луѓе што не ги мирисаат многу своите лошо престорени ѓоа-Бугари. Со ова што деновиве им се случува на младите национални неоромантичари во ДПБНЕ, кои, на времето, се обидоа јавно да проговорат против пробугарската ареа во својата партија (ЧАКАМ ТЕ ДА ДОЈДЕШ), како и со софрата што им се мести на осведочените борци за бугарската кауза (др Димитров & комп.) г. Георгиевски полека но сигурно си ги открива картите.
Негова работа! На времето (почнувајќи со г. Гошев, а завршувајќи со г. Црвенковски) се обидував - заради доброто на Македонија, а и заради доброто на Лигата за демократија, признавам - да им давам совети на екс-комунистите. Залудо! Власта отсекогаш и на секаде имала атрофирано сетило за слух. Поради неприфаќањето на најважниот од тие совети (пропорционалниот наместо мнозинскиот изборен модел) старите властодршци паднаа на ова дереџе, а лишени од пари и директорска покрепа, в иднина ќе паѓаат уште подолу! Сега се други на власт! Бетер! Илјада пати бетер од поранешните и јас навистина немам намера да им солам памет и да ги учам што да прават и како да прават. Нека си кршат глава! Како што тргнале, нема далеку да втасаат.
Сепак, не знам дали е случајно што за ова кратко време на ДПБНЕ-овско владеење се намножија политичките вицови на сметка на Љубчо & компанија, во кои постојано се повторува алузијата на некои психијатриски феномени (вицот со кошулата со копчиња, оној на тема “и лудиот бега од пијаниот”, итн. итн.). Белки работите навистина не втасале до таму. Зашто, нашиот народ вели: “Кога Господ некого сака да го казни, првин му го зема умот! “
Сме читале за сите белосветски перипетии на знамениот Бај Гањо. Сепак, неговото именување за амбасадор во Софија очигледно ја надминува творечката фантазија на бесмртниот бугарски автор. И така, ако ова сѐ уште хипотетично именување и не е подобно за партиски протести, душа си дало за колумна. Или барем мене така ми се чини. Како што ми се чини дека авторите на ЧАКАМ ТЕ ДА ДОЈДЕШ (и нивните едномисленици) еднаш секако ќе сфатат оти ДПБНЕ не е партија за одбрана на македонските работи. А тоа веќе, за жал, не е само нивна работа!
Ѓорѓи Марјановиќ
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment