Има денови кога на човека сѐ ќe му тргне наопаку. Минатата недела, претпладне, на пример, долго и безнадежно се вртев по кругот на Медицинскиот факултет барајќи некој да ми каже каде е амфитеатар 2, во кој требаше да се одржи тажна свеченост по повод смртта на еден заслужен Македонец. Дури откако најпосле го пронајдов празниот амфитеатар (во кој, патем речено, во далечната 1958 годин, како бруцош по медицина, слушав предавања по физичка хемија), сфатив дека сум ги побркал деновите: комеморацијата требаше да се одржи во понеделник, а не во недела! Нејсе! Кога веќе бев тука, решив да посетам еден пријател, па заедно да појдеме кај еден сликар (инаку, сопруг на мојата најдрага душманка од СДСМ), чии слики многу ги сакам. Но, кога нешто ќе тргне наопаку (според Марфиевите закони), наопаку и продолжува: мојот пријател не беше дома, па мораше да отпадне и посетата кај Илија и Илинка. Потоа отидов на факултет за да си ја проверам електронската пошта. Излезе дека немам приклучок кон ИНТЕРНЕТ. Е, тогаш веќе кренав раце од сѐ и се вратив дома. Ручекот не чинеше (пилешкото ми се виде сирово, речиси непечено).
Се обидов да читам СТАРТ. Ги прегледав насловите и поднасловите: кој од кого посив, помрачен: “Џафери го плаќаат за уништување на Македонија” Добро утро! Арно ви текна конечно! “Хеленик петролеум ја продава ОКТА”! Па што дека, нивна е, ќе прават што сакаат.
“Далаверизација” на македонската економија! Мугбил Бејзат (во своето интервју) се поплакува дека позицијата на Републичкиот судски совет била девалвирана. Кога ова тело на времето го составуваше СДСМ, тоа беше crème de la crème на нашата струка, сега (кога го дополнува ДПБНЕ + PDSh) одненадеж се чини. Види мајката! Измамените наивци од Битола ќе формираат А-ТМРО (Антритерористичка македонска револуционерна организација)! Оф, мила моја мајко! Има ли крај на македонските будалштини? Малолетнички криминал. Женска верзија на приказната за македонскиот слуга Јернеј и неговото право (Олгица Трајковска версус Димитар Димитров & комп.). Сѐ на сѐ: “Темни облаци над Македонија”!
Го фрлив луксузниот македонски разбудувач на самоубиствени нагони велејќи си дека веќе никогаш нема да го читам (небаре СТАРТ е виновен за црнилата на Македонија “и пошироко”).
Тогаш зацвони телефонот: Лиле Крстева си стои на ветувањето да нѐ известува (нас селаните од Сингелиќ Вилиџ) за концертите од нејзиното училиште: младите пак ќе свират во фоајето на МНТ.
И туку, без каква и да е разумна причина, сивилото на тој (инаку прекрасен) зимски ден фати да се повлекува. А имаше и зошто: Младинскиот камерен оркестар на Музичката младина на Македонија славеше 15 години од своето постоење. Какво славје, Господи!
Првин едно 17-годишно сатирче од Штип (Марјан Јаневски) засвире на својата волшебна флејта и дефинитивно ги растера “Темните облаци над Македонија”. Над “матна и крвава Македонија” толку се разведри, времето се отвори, се разубави што младите музичари (привршувајќи ја Хајдновата Проштална симфонија) фатија еден по еден да стануваат, да си одат, гаснејќи ги свеќите од двата црковни попилеи. Потем се појави една малечка, малечка Ана (Арангелова, 1986!) и, со еден убав Бах, ни ги разгали потресените македонски душички.
За крај ја беа оставиле Моцартовата музичка шега, во која Влатко Крстев настапи со “бомбе”то на дедо му, двајца гудачи свиреа во бањарки, а диригентот (Вања Николовски - Ѓумар) строго внимаваше да се одржува пристојно растојание помеѓу коленцата на младите музичари и музичарки. Едно време, кога си ја симна “престилката” од градите и си ја раскопча кошулата, сериозно се исплашив да не продолжи со тој стриптиз. Но, сѐ добро се сврши.
И додека аплаузот полека замираше, еден џентлмен покрај мене се исправи меѓу редовите, погледна накај таванот (Небото?) и, веројатно и не мислејќи дека некој ќе го чуе, изусти: “Има надеж!”.
Да, да, мили мои, има надеж! Она што ќе остане зад нас, она што ќе сведочи за нас, е она што го правиме во доменот на вистинските вредности: културата, пред сѐ! Ова што го прават младите музичари, сликари, вајари, писатели.
Благонадежните ни министри за култура може колку сакаат да се расфрлаат со десетиците илјади марки за нео-болгарски рецитали на своите партиски пулени. Овие никогаш не ќе може да го доживеат она што му се случи на пијанистот Симон Трпчевски во Пловдив (на пробата да станат сите членови на оркестарот и за своја душа да му ракоплескаат на младиот волшебник од Македонија). Тоа со пари не се купува!
Потем, веќе не ми беше ни тешко (ниту безнадежно!) да се зафатам со организирање на нашиот скромен коктел по повод десеттата годишнина од основањето на Лигата за демократија (11 февруари 1990 година, во Драмскиот театар, со благослов на неговиот тогашен директор г. Благоја Чоревски!). Верно, немаме пари за кавијар и шампањ, ниту за полжави, сипи и други морски плодови (како богатите партии во Александар Палас). Ќе има само по една пијачка и муабет за македонцките работи!
Си мислам, па си мислам, можеби сега би можел да го повикам и г. Глигоров да ни се придружи. На времето, како Претседател на републиката, во една пригода ме праша како би гледал на неговата желба да # пристапи на Лигата за демократија. Јас само се насмеав и реков: “Со Вашата популарност и ПЦЕР би победил на изборите!” (Приказнава има и продолжение, само не за во овој контекст.) Сега, кога човеков е само екс-президент (а не претседател на сите граѓани на Македонија), не би имал ништо против да ни се приклучи.
Во секој случај, може да сврати (со госпоѓа Нада) на нашиот коктел: утре (петок), 20 часот, Клубот на пратениците! Смокинг не е задолжителен, ниту пеперутка!
Кого да викнеме од новинарите? Пред сѐ г. Никола Младенов (во чијшто МЛАД БОРЕЦ, пред десет години, бесплатно ја објавија политичката платформа и Програмата на Лигата за демократија), г.г. Бранко Геровски и Александар Дамовски, што стрпливо ги објавуваат моиве (пролигашки!) колумни, г. Горан Михајловски во знак на политичка поддршка за она што го прави во ВЕЧЕР, госпоѓица Оливера Трајковска од А1 и госпоѓа Гоца Стошиќ од небеската телевизија. Друг? Да не претеруваме, Лигата за демократија е мала партија, не ќе има средства да плати за повеќе гости.
А да ставам: секој да донесе по некој мал прилог за забавата? Та нели направи така принцот од Велс за Нова година? Ако можеше тој, зошто да не можеме и ние? Не се сомневам дека душманите и нашата сиромаштија ќе ја протолкуваат како ароганција на елитата? Само, кому му е грижа за мислењето на нашите душмани?
Ѓорѓи Марјановиќ
No comments:
Post a Comment