ТИКВА БЕЗ КОРЕН


Пред некоја недела на кејот на Вардар љубезно ме поздрави непознат човек и, како што е веќе ред на овие простори, веднаш фати да се распрашува каде одела оваа власт. “Кај што тргнала!”, одговорив лаконски, а човекот, очигледно незадоволен од неа, решително ме дополни: “Ако претходно не акне во некоја карпа и не си го скрши вратот!”. На ова, убеден во неговото опозиционерство, го прашав на која партија ѝ припаѓа. Ликот на остриот критичар на македонцките власти за миг се измени и тој со анѓелска насмевка ми рече дека е во партијата во која му е местото на секој чесен Македонец - во ВМРО! “Шутрак!”, си реков и без збор му го свртев грбот. Потем долго им се исчудував на многумина мои сограѓани кои, иако наполно свесни за несмасноста, за предавничкото сметкаџиство, за лошото друштво со чија помош се држи на власт партијата со трофејното име, сепак безрезервно ѝ припаѓаат токму на таа партија.
Истата вечер можев да се уверам дека од оваа болест страдаат и луѓе од кремот на македонската памет. Беше четврток, а тоа е ден за концертите на Македонската филхармонија. До мене седна еден мој верен читател, драг познаник, универзитетски професор и веднаш фати да го фали мојот “БАЈ ГАЊО” од ДНЕВНИК. Беше јасно како бел ден дека е наполно согласен со основната порака на текстот - оти е далеку од умот во Болгарија да се испраќа за амбасадор човек што себеси се чувствува Болгарин. Во еден момент, меѓутоа, за време на концертот, се свестив дека мојот познаник еднаш го видов на некаква трофејна партиска прослава. За време на паузата (ѓоа патем) прашав: “Вие, инаку, сте член на ВМРО?” и го добив најмакедонскиот од сите можни одговори: “Се разбира!”. На ум ми дојде човекот што дента го сретнав на кејот! И загубив секаква желба за разговор.
Не мина ни ден-два, а преку е-маил добив порака од драг човек, што високо го ценам, а што дефинитивно ме убеди дека болеста што ја спомнав добила планетарни размери. Во пораката од другата страна на Атлантикот, меѓу другото, стоеше: “Со Лигата за демократија во мислите, со ВМРО во срцето!” Другото не го паметам, другото не сакав ни да го читам! Толку ме погоди ирационалноста на исказов. И се сетив на еден стар џентлмен, долгогодишен маченик за Македонија, кој, на времето, пред првите парламентарни избори, ја одбил понудата да влезе во партијата на младиот војвода. На зачуденото прашање како може тоа да го одбие човек што толку години поминал на робија за идеите на ВМРО, стариот џентлмен кратко одговорил: “ За идеите на ВМРО, не на ДПМНЕ!” На некои луѓе ќе им треба можеби и цела вечност за да го сфатат она што стариот џентлмен го сфатил во еден единствен миг: дека четирите букви се македонски мит, а другите пет -само политичка конјунктура. Но, тука, претпоставувам нема фајде ни од зборување ниту од убедување.
Кога еден понеделник го коментирав сево ова пред моите партиски пријатели, еден духовит господин иронично предложи на нашиот втор конгрес да си го смениме името. Да се викаме: “ВМРО - Лига за демократија”. Само така ќе може да ги излечиме оние што боледуваат од расцеп на личноста: “Со Лигата за демократија во мислите, со ВМРО во срцето!”
На почетоците од плурализмот имаше сериозни размислувања за тоа законски да се забрани злоупотребата на четирите букви заради политичка добивка, како и на земскиот грб на Македонија, впрочем...
А пропос грбот: како се случи тоа нашите “национални неоромантичари” преку ноќ да се претворат во голи натуралисти и да го заборават сето она за што се изјаснуваа пред да станат власт: едно време не можеа да им простат на владејачките СДСМ-овци што не донесуваат закон за грбот.
За оние што не знаат, според чл. 8 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, “законот за грбот (...) на Република Македонија ќе се донесе во рок од шест месеци од денот на прогласувањето на Уставот”. Не шест месеци, туку полни шест години и кусур поминаа под владеењето на СДСМ-овските уставобранители, но закон за грбот не беше донесен. Чудно и пречудно, меѓутоа, дека ова прашање не ѝ паѓа на памет ни на денешната владејачка партија. Можеби затоа што се плаши дека Оној што самиот себеси се проценува на повеќе од милион дојчмарки ќе ѝ побара композитен грб на кој ќе фигурираат и македонскиот лав и албанскиот двоглав орел. Само тоа може да биде вистинската причина што и натаму патуваме со уникатни патни исправи - пасоши без грб!
Шегата на страна! Прашањето на грбот е сериозна работа и треба да се најде на дневен ред и на јавноста и на парламентот. Си земам слобода да потсетам на ставот на Лигата за демократија за ова прашање! Цитирам: “За симболите на Република Македонија” (ДЕМОКРАТСКИ ФОРУМ, бр. 8, декември 1991, стр. 5).
“Социјалистичкиот” грб на Македонија, сочинет по војната на брзина и на куп заедно со грбот на Југославија и на другите (тогаш “народни”) републики, а според образецот на болшевичкиот советски грб, може да послужи како доказ над доказите само за едно нешто: за тврдењето на некои наши мили добрососеди дека Македонија е географски поим! На него е прикажана една планина и една река, опкружени со малу класје и уште некои билки што виреат на оваа почва, подврзани со некаква фолклорна панделка и закитени со задолжителната црвена петокрака како знак за распознавање на автентичните комунисти. Ништо, апсолутно ништо друго не може да се прочита од хералдичките симболи на тој грб! Тоа би можел да биде и грб на “социјалистички” Авганистан или Пакистан или на која и да е друга земја што може да се пофали барем со една планина и со една река. Сонцето од грбот и така нѐ грее сите!
Но, затоа пак, заслужувал или не, лавот е најмалу 400 години на грбот на Македонија, патем речено: со хералдички белези дијаметрално спротивни од тие на бугарскиот грб, само што тоа творецот на “социјалистичкиот” грб (сликарот Ѓорѓе Андрејевиќ - Кун) очигледно воопшто не го знаел.
Лигата за демократија се солидаризира со предлогот на академикот д-р Александар Матковски, на Македонија да ѝ се врати стариот, традиционален грб, како еден од доказите, впрочем, дека ние не сме тиква без корен, при што на Македонија никако не може да ѝ наштети тоа што, според грбот, пак ќе се најде среде лавовските племиња на Европа (...).
И само уште нешто: државните симболи (...) не смеат да се употребуваат како симболи на која и да е посебна политичка партија. Тоа се симболи за препознавање на државата и како такви - строго натпартиски!
Ете, така предлагавме во далечната 1991 година! Според идеологијата на оние што денес ја водат Македонија, ние сме изгледа сепак тиква без корен (или, поточно, заедно со мајка Болгарија!) - две тикви на еден корен!

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: