ДИОН


Минатата недела, како и со години на ред, појдов со жената во Солун на роденденот на нашиот венчан кум. Годинава прославата беше значително поинаква: понеделникот во Грција бил верски празник, па кумовите решиле да ни приредат тридневен викенд на море. Два дена (не можевме да останеме и понеделникот, зашто кај нас се работи) мака мачевме настојувајќи да не ги повредиме чувствата на нашите гостољубиви домаќини што нѐ водеа од таверна до таверна и богато нѐ гостеа со разнородни плодови од морето. Добивме впечаток дека Грците се осудени на изумирање: нормално живо суштество не може долго да ја преживее онаа нивна крвнички богата исхрана. Сполај му на Господа што нашиот Чист понеделник е ден на строг пост, така што еден цел ден во Скопје консумиравме помалу калории од оние што ги содржи само едно единствено грчко предјадење.
Поводот за овие редови, меѓутоа, не е самоубиствено богатата грчка исхрана, туку нашата посета на археолошкиот парк Дион, под Олимп. Локалитет далеку, далеку поскромен (по обем) од нашето Стоби, да речеме. Не верувам дури дека ископувањата таму се конечни. Градот (барем според мапите) бил значително поголем од ископините што денес може да се видат: мал амфитеатар, добро зачувана улица поплочена со камени плочи, една базилика, една голема господска вила, неколку помали светилишта. И сето тоа во еден огромен, неодамна насаден парк, испресечен со патеки за посетителите и заграден од сите страни со дискретна ограда од тел. На влезот паркиралиште, зградичка (со билетарница, мала книжарница, санитарии). Тука може да се купат книги за Дион, за неговото минато, за досегашните откопувања (на грчки и англиски), разгледници од локалитетот, копии од најдените предмети (оригиналите се во месниот музеј). Паркот, значи, носи приходи и никогаш не е без луѓе. Не може да се случи некој див археолог (како кај нас) да фати тука да прекопува во потрага по богатство. Ни околу паркот, ниту во него, не видовме ниедна куќа, а за вили од типот на оние што се уриваат во Злокуќани и да не зборуваме.
Долго шетав по Дион и за сето време мислев на Скупи! Господи! За него се знае повеќе од еден век, а отворете некоја енциклопедија - најмногу што ќе дознаете е дека древниот град бил разурнат во земјотресот од 518 година, а се наоѓал помеѓу селата Злокуќани и Бардовци. И ништо повеќе! Притоа, никому никогаш не му паднало на ум барем да го означи и загради овој локалитет. Така, денес одвај некој да знае каде точно било Стоби, а најмалу, изгледа, нашите урбанисти. Да знаеја немаше да ги има проблемите што со години на ред се врзуваат за него. Едно време таму се одржуваа мототрки, а, за да се обезбедат патеките, не ретко се оштетуваа остатоците од градот. Потем, откако моторите ги преселија не знам каде, започнаа масовните дивоградби на тој простор. Притоа никој не знае кои од нив се во археолошкиот локалитет, а кои надвор од него. Да не беше вандализмот на носителите на промени во Македонија и пустошењата во Злокуќани никој немаше да знае што се прави на просторот во и околу Скупи. Ни сега, за жал, не знаеме премногу: едни тврдат дека резиденцијалната населба е надвор, други дека е во археолошкиот локалитет. Некои раскажуваат (лично не сум видел) дека во многу господски дворови на тој простор може да се видат остатоци од ѕидишта на некогашните зданија. На фотографии, објавени во весниците, видовме надгробни споменици употребени како материјал за оградување на скромни селски куќи. Она што во секоја нормална земја завршува во националниот музеј, кај нас служи како градежен материјал. И колку што се позаплеткани нашите македонцки работи, толку повеќе ми се врти во главата примерот со убаво обезбедениот Дион и грчката грижа (односно македонската негрижа) за минатото.
Па сепак, секое зло за добро! Врз примерот на Злокуќани го видовме можеби најјасно лицето (а особено наличјето) на носителите на промените: во земја во која барем една третина од изграденото е дивоградба, власта реши да покаже сила врз објекти од најрепрезентативен карактер. А зошто? Злите јазици тврдат дека во една пригода обезбедувањето на сопственикот не му дозволило на ресорниот министер да влезе во населбата. Ако се има на ум етимологијата на презимето на нашиот министер, гегот на обезбедувањето на г. Николовски е смртен грев, што мора да се плати со срамнување со земја на три прекрасни вили (за секоја од нив еден универзитетски професор би морал да ‘рмба цел работен век!).
Пеки! Дивоградбата си е дивоградба! Ако е таква, мора да се урива! Не ми е сосема јасно, меѓутоа, зошто онака крвнички ги корнеа убавите украсни дрвца, зошто онака вандалски ги затрупуваа вештачките езерца. Зошто ги убиваа птиците и рибите. Не се, белки, и тие “дивоградби”. Или бесот на министерот е толкав што мора да се уништи и нешто што нема никаква врска ни со градба, ни со дозволи ниту пак со археолошки локалитети (ако се воопшто тоа).
Патем би прашал што му текна на г. Кадиевски да почне со промените таму некаде кај Бардовци и Злокуќани. Зарем човеков никогаш не прошетал по (или околу) нашиот универзитетски камп, за да види дека во најстриот центар на градот, на просторот урбанистички наменет за ширење на универзитетот како печурки никнуваат вили, од кои некои по убавина и архитектура не заостануваат зад оние што тој нареди да се урнат. Или, на пример, зошто не се обиде промените да ги започне со уривање на Little River University во Тетово, та и тој бил дивоградба (!?). Или му е страв да не ги упропасти “релаксираните меѓуетнички односи”?
Еднаш, пред многу години ме посети германскиот амбасадор во тогашна СФРЈ и, меѓу другото, ме праша што мислам за “суровото” постапување на власта спрема етничките Албанци: го имаше на ум случајот во Арачиново, кога, при уривањето на некаква дивоградба загина еден човек. “Ах, тоа, реков за да го провоцирам, ако дојде на власт мојата партија, таа ‘суровост’ значително ќе се зголеми.” Амбасадорот само што не фати да ика: “Aber Herr Professor, ми рекоа дека Лигата за демократија е либерална граѓанска партија?” Уривањето дивоградби нема никаква врска ни со национализам ниту со либерализам, реков и - тргнав во контранапад: што би сториле вие во Германија, кога некој врз падините на Шварцвалд би изградил куќа без дозвола? Амбасадорот се насмевна и рече дека тоа не е можно, никој не можел тоа да го стори. Му раскажав како тоа се прави кај нас: од петок до недела навечер и - во понеделник куќата е полна со луѓе. Што би правеле вие? Се разбира дека би ја урнале, призна амбасадорот. Па, гледате дека Лигата за демократија само би го следела германскиот пример. Инаку, проблемот е помалу во уривањето, а повеќе во спречувањето диво да се гради.
Е па, тој германски амбасадор денес е изгледа пак во Скопје и повторно ја гледа суровоста на власта. Овој пат си молчи и си трае: страдалници не се неговите (и европски) галеничиња.

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: