ДДВ

Деновиве, не без причина, и не без практичен повод, се потсетив на една сосема беззначајна епизода од моите млади докторандски денови во Германија.
Во далечната учебна 1969/70 година бев стипендист на денес веќе светски познатиот Макс Планк Институт за странско и меѓународно кривично право во Фрајбург ин Брајзгау и работев врз мојата докторска теза за правната положба на осуденикот по издржаната казна. Институтот тогаш беше мал. Имаше одвај пет странски гости (во споредба со денешните педесетина). По природата на работите, ние “гастарбајтерите” (како што на шега се нарекувавме себеси), се држевме заедно и во Институтот и надвор од него. Секој ден (за 1,20 ДМ) ручавме во универзитетската Mensa Academica. Само мошне ретко можевме да си го дозволиме луксузот да јадеме в ресторан. Епизодата на која се сетив се одигра токму во текот на еден таков (ексклузивен) ручек.
Мојот шпански пријател Мигел Бахо Фернандез (денес виден професор на Универзитетот во Мадрид и богат адвокат) во еден момент, кога ни го донесоа јадењето, нервозно реагираше на тоа што не ни донеле и леб. И Шпанците, имено, како и Македонците, не може да си замислат ручек без леб. Келнерот, погоден од нервозниот тон на мојот пријател, не се предаваше, го погледна енергично арогантниот Шпанец и – како да е тоа најприродната, најразбирливата работа на светот – одврати:
“Проштавајте господине, убаво се сеќавам дека вие леб воопшто и не нарачавте.”
Шпанецот само што не го удри дамла: “Треба да порачувам леб?! Ова е нечуено, ова е наполно луда земја!” А кога веќе фати да се кара, изнакажа едно чудо работи и, меѓу другото, како крунски доказ, туку истресе и еден ваков аргумент: “Колку само да знаете - во еден југословенски ресторан во сметката никогаш не пишува ‘Mehrwertsteuer eingerechnet’, но затоа пак секогаш има леб на масата!”. Не верувам дека келнерот особено се потресе, ниту пак дека беше премногу импресиониран со престижот на малиот, беден гастарбејтерски ресторан во Annagasse. Но, тоа не е ни важно.
Она што деновиве ме потсети на оваа мала кафеанска расправија беше таа фамозна забелешка што секојдневно ја читавме на секоја сметка, за сѐ што ќе платевме: “Mehrwertsteuer eingerechnet”! Тоа, буквално преведено на македонски значи дека во цената на услугата што се плаќа или на стоката што се купува е засметан данокот на зголемена вредност (со зборовите на македонскиот закон: “данокот на додадена вредност”). Давачката, значи, што годинава ја озакони Македонија, Германците ја имаа уште пред триесетина и кусур години.
Па сепак, има една суштествена разлика меѓу Германија и Македонија: за време на онаа година што ја поминав таму, никаде не видов некој да го рекламира (во весници, на рекламни паноа, на радио или на телевизија) тој данок. Бог да чува! Во Германија работите се упростени до невозможност: ако не порачаш леб во ресторан, нема да ти го донесат, ако треба да платиш данок, ќе ти го наплатат и тоа – преку сметката - ќе ти го кажат (“Mehrwertsteuer eingerechnet”). На која умна македонска глава (и од кои причини) ѝ текна да троши силни пари на даночните обврзници за рекламирање на данокот на додадена вредност не ми е јасно.
Јас, да речеме, пред некој ден на жиро-сметката сум добил од ЗУМПРЕС цели 40.000 (и со зборови: чeтириесет илјади) денари на име хонорар за неодамна објавениот превод на Пруст. Фала им! Пруст не се преведува за пари. Меѓутоа, некој од моите пријатели инсистираше да не пропуштам да го објавам износот на овој баснословен хонорар, за да ја видат луѓето (а пратеничката Ѓулистана, посебно) хиерархијата на вредностите во Македонија. Жена ми (мојот домашен министер за финансии) вложи многу труд за да открие кој ми ги уплатил тие 40.000 денари. Во известието за уплатата, меѓутоа, никој не спомнал дека на тој износ државата ми зела некои 17% (ако не се лажам) данок на авторски хонорар. И тоа не ме буни: така прават сите држави. Она што многу ме буни, меѓутоа, е зошто го рекламираат данокот на додадена вредност, а не и данокот на авторски хонорари, данокот на имот, данокот на доход, итн. итн. Рекламирајќи го едниот, а заборавајќи ги другите, нашите рекламери прават недозволена дискриминација меѓу законите.
И сега, верувале или не, околу ова прашање за малу што не се испокаравме и ние, фините господа во Извршниот одбор на Лигата за демократија. Дека работава смрди, му е јасно секому. Дека е апсурдно да му рекламираат данок може да сфати и приглуп човек. Со реклама или без неа, државата ти го зема она што мора да го платиш. Никој не може да каже: “Мене тој данок не ме бендисува и не сакам да го плаќам”. Таков вид даночна слобода не постои никаде на светот. А некој од Владата за промени сепак упорно со месеци наназад не бомбардира слогани од типот “Тешко (било), но чекорите биле исправни”, или поврзувајќи ја љубовта кон Мајка Македонија (што на сите ни била најважното во животот) и данокот на додадена вредност (!?). Види мајката! Патем речено, според оваа логика, авторот на извонредните економски колумни на УТРИНСКИ ВЕСНИК, г-ѓа Наталија Николовска, е најосведочен душман на Македонија само затоа што има илјада и еден приговор против воведувањето на овој данок (!?).
Работата сепак не е ни глупост, ниту пак апсурд, иако така изгледа. Просто-напросто владата ги плаќа рекламите и тие им носат добивка на оние што ги објавуваат. Не е далеку од умот да се претпостави дека последниве (за да рекламираат нешто што инаку не е за рекламирање) мора да платат определен процент на нечија приватна (или партиска?) сметка. Друго не ми паѓа на памет. Туку здравје!
Можеби, некој од владата ќе ми ја објасни логиката на оваа пропаганда. Во секој случај, немајќи свој претставник во парламентот, Извршниот одбор на Лигата за демократија реши да ги замоли нашите коалициони партнери да побараат одговор од владата за тоа колку чинела досега пропагандата на ДДВ и кој е мотивот да се рекламира нешто што се касира по силата на законот.
Што се однесува пак до г-ѓа Наталија Николовска, Лигата за демократија верува во нејзината искрена љубов спрема Македонија. Сакаме да веруваме дека таа, од своја страна, не се сомнева во нашата искрена желба од Македонија да направиме пристојно место за живеење. Во најсуштественото, значи, сепак сме едномисленици.
Едномисленици (од сите 123 општини на Македонија) – обединете се!

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: