ЗАКРПА


Пред повеќе години светската јавност со напнато внимание следеше една семејна драма: непознати криминалци го беа грабнале внучето на американскиот милијардер Пол Гети и бараа за него неколку милиони долари откуп. Човекот излезе во јавноста цврсто решен да не се пазари со злосторниците: јас, вели, имам шеснаесет внуци и немам намера да ги загрозувам попуштајќи им на киднаперите. Ако платам за ова, ќе мора да плаќам и за сите други што утре евентуално ќе ми ги грабнат. Грабнувачите мора да знаат дека тоа кај мене не минува. Подоцна и грабнувачите ја посведочија својата решителност: Гети го доби по пошта увцето на своето внуче, но не попушти. На крај, видоа - не видоа, го ослободија детето. И, што се случи сетне? Сетне никој и никогаш веќе не се обиде да ги задева внуците на Пол Гети (Бог да го прости!).
Не е тешко да разбере зошто деновиве се сетив на оваа дамнешна епизода. Прикаскава се повтори кај нас, само лишена од секаква драматика: лошите момци од Косово ѓоа грабнале македонски војници, сетне барале нивна размена за човек два пати притворуван (а ниеднаш суден) за обид за убиство, на што македонските власти промптно покажале завидно ниво нежна грижа за војската, та решиле (за евтина пара!) да го пуштат осомничениот од притвор, а ангелот на мирот и велемајстор за меѓуетничка релаксација Арбен Џафери (оној со две точки) го однел во Приштина, каде што насобраното друштво спонтано организирало фешта во негова чест. За да не се сакалдисува, македонската јавност беше известена за прикаскава откако таа заврши: три дена подоцна.
Чуму ми е она “ѓоа” во прикажувањето на случкава? Напросто затоа што ние го знаеме само она што ни го кажаа, а, се разбира, може да има голема разлика помеѓу “знаеме” и “сакаа да нѐ убедат”. Јас лично не верувам ни збор во официјалната верзија. Таа ми изгледа аматерска инсценација на киднапирање за да се најде покритие за ослободување на осомничениот. Сторијава, од почеток до крај, мириса на кујната на Џафери. Уште една судска фарса, планирана и изведена од неговиот (ОВК!) штаб. Нејзина единствена цел беше: борецот за албанската кауза да се врати (на правно прифатлив начин) во битката за независно Косово, додека резилот на македонските власти е само нужна споредна последица. И во тоа, како и секогаш досега, се успеа!
Како, инаку, да се разбере фактот дека на министерот за правда одненадеж му текна да го посети притворениот. Дали пиеле кафе или не, не знам, но дека ја договарале стратегијата и тактиката на “правните чекори” што треба да се (и ќе се) преземат во врска со случајот е повеќе од веројатно. Министерот за правда, впрочем, никогаш не ја криел својата лојалност спрема ОВК. Сите што биле во неговиот кабинет раскажуваат за некаковси календар, што, од првиот ден на неговото министерување, виси таму и ја велича косоварската ослободителна армија. А ако министерот не ги крие своите симпатии за ОВК, јасно е како бел ден дека ќе биде готов да стори сѐ што е во негова моќ за да извади од притвор еден нејзин истакнат борец.
Правната закрпа во случајов е кауцијата. Ја, сега, малу да си играме Америка! Притворениот наводно ќе плати, а сумата е толку значителна што ќе биде ефикасно обезбедување за да не побегне. Миц! Фарсата станува уште поочигледна ако се знае дека кауцијата во македонската судска практика не се користеше ни за сосема банални кривични дела. Еден член на Лигата за демократија од Струмица го држеа цели дваесет дена во притвор само затоа што, наводно, се спротиставил на некој полицаец во вршењето на неговата службена функција. Тоа дело (ако воопшто било извршено, зашто некои сведоци тврдеа дека полицаецот фатил да го турка нашиот човек, а не обратно) е мачешка кашлица во споредба со делото за кое се обвинува Асани. Па сепак, никој никогаш и не се обиде да помисли дека струмичанецот може да се ослободи со кауција. Таа во случајот Асани е гола форма за да се пушти на слобода. Сѐ друго е аматерски театар: со неговото ослободување во секунда се совпаѓа “киднапирањето” на војниците, барањето за нивна трампа со осомничениот, извршувањето на трампата и - happy end анд од американските телевизиски лимонади: војниците на сигурно, министерот за одбрана (по обичај) не знае ништо, министерот за правда (по обичај) не сака да каже ништо. Македонската јавност пак ја разнежуваат со прикаски за благородноста на народната ни власт: благодарение на нејзината мудрост војничињата се живи и здрави. Да не било така, можеле да ни се вратат и како покојници. Нели? Тоа секако би било мошне тажно, се разбира. Само сега е уште потажно - нема граѓанин на Македонија што може да биде сигурен дека еден ден нема да стане заложник и да биде разменуван и за најдолен криминалец.
И така, ем скандал, ем честитки! Да видиш, да не веруваш! Паметам само еден случај на скандал, по кој авторот доби едно чудо заслужени честитки: пред многу години, младиот убавец Ив Сен Лоран, за да рекламира некој свој парфем, се беше сликал гол и таа своја слика (со името на парфемот) ја беше објавил како реклама во еден француски весник. Следеше лавина од написи, илустрирани со рекламата. Нема весник на земјината топка што не ја објави фотографијата со долги и широки написи за или против машката голотија во маркетингот. Честитките дојдоа отпосле кога луѓето се свестија за ингениозноста на гестот на г. Сен Лоран: човекот (за релативно евтини пари) плати само еден единствен оглас, а тој (бесплатно) доби планетарен публицитет. Тоа ти се вика памет (и бизнис)!
Денес (по скандалот Асани) кај нас се испособлече практично целата македонска влада, а сепак никој жив (освен опозицијата) не се скандализира. Печатот секојдневно изнесува нови докази за “намештаљката”: УНМИК знае каде е Асани, но не го апси, зашто македонските власти не го бараат (!?). А и зошто пак да го бараат кога претходно сторија сѐ за да го ослободат? Подобро да си ги задржат паричките (ако воопшто се платени).
Кога би биле правна држава (што не сме и уште долго нема да бидеме) г. Џиков пак би имал многу мака да нѐ објасни зошто не презема ништо против лицето Арбен Џафери, кога, ете, најинформираниот косовски весник KOHA DITORE тврди дека токму овој лично го однел осомничениот во Приштина. Еден обвинител би морал да знае дека било каква помош на сторител на кривично дело (а неговиот трансфер за да се скрие во странство е укажување помош) претставува кривично дело “криење и помагање на сторител по извршено кривично дело” (чл. 365 ст. 2 КЗ).
Туку, јас веќе фатив пена на устата залудо објаснувајќи му на г. Џиков што пишува во Кривичниот законик.

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: