РОЗОВА ГРАДИНА

Немам обичај да одговарам на писмата што, од време на време, се објавуваат по повод она што го зборувам или пишувам. Има едно чудо луѓе на кои моиве писанија изгледа навистина им се допаѓаат. Мора, значи, да има и такви на кои тие исти текстови не им се допаѓаат. Ако во колумните не се обѕрнувам на пофалбите од “обожавателите”, така би морал да постапувам и спрема реакциите на моите читателски душмани. Па сепак, пофалбите и пцостите не се (и не може да бидат) исто, па ни нашиот однос спрема нив. Особено кога во последниве има примеси на пакост, злонамера и клевета.
Така, пред една или две недели, ДНЕВНИК објави писмо на некој читател (името не му го запамтив) кој фати да им го трие носот на универзитетските професори дека, со барањето да бидат изземени од административното пензионирање, се покажале во вистинската светлина: дека биле себични, не знам духовно стерилни, дека не оставиле зад себе научно-наставен подмладок и дека сега, кога треба да бидат пензионирани, лелекаат оти се незаменливи. Дека човеков мислеше токму на мене беше јасно од истото тоа писмо, што за секој случај го беше испратил и објавил и во УТРИНСКИ ВЕСНИК, со тоа што таму со име и презиме се повикуваше на мене и на моите ставови.
Едно време се двоумев да седнам и да му одговорам. Само, што да му кажам? Има ли смисла да му објаснувам дека ја утнал адресата, дека попусто ми го трие носот со своите придики. Зад мене, во Институтот за кривичноправни науки на Правниот факултет во Скопје, имам релативно богат научен “подмладок”: еден редовен професор (мој некогашен докторанд), еден доцент (мој некогашен докторанд), еден асистент (магистер на кривичноправни науки) и еден демонстратор (млада дама чијашто докторска дисертација деновиве чека на одбрана). Мојот учебник од 1978 година наваму доживеа пет изданија. Имам впечаток дека објавив и повеќе научни и стручни статии одошто може да поднесат нашите ретки шуми. Итн. итн. Дури и злонамерен човек, што сево го знае, тешко може да ме нарече себичен, или духовно стерилен, а уште помалу незаменлив. (Впрочем, “гробиштата се полни со оние што себеси се сметале за незаменливи”!) Значи, да не се фалам премногу, сѐ што напишал читателов може да се однесува на кого и да е, само не на мене (иако сум поименично спомнат во врска со неговото писмо). Зошто би му одговарал? Можеби човеков е од таборот на моите политички душмани, па сака да ми одземе некој поен.
Ако денес на некој начин сепак одговарам на росното цвеќе од Розовата Градина на д-р Марковска (Марјановиќ падна на испитот за еднаквост на граѓаните, ДНЕВНИК, 6 мај, стр. 5), тоа го правам под силен притисок на некои членови од моето семејство, што сметаат дека, доколку не сторам така, во јавноста може да се добие впечаток дека зборлестата принципиелна дама имала право и дека јас просто се согласувам со нејзините ѓоа-критики.
Она што во филозофијата се нарекува “замена на тези”, д-р Ѓулистана го прави во стилот на оној стар советски виц за московското метро и американските црнци.
Елем, на забелешката од Американците дека метрото и не им е особено точно, Русите, свесни дека е така, одговориле: “А што им правите вие на црнците?” И - им ја затвориле устата? Се сомневам. Вака некако постапува и мојата критичарка.
Јас тврдам (а повеќе написи во дневниот печат ме уверуваат дека не грешам) дека поради потписот на мадам Ѓулистана Медицинскиот факултет во Скопје не добил ништо, туку само ја загуби можноста да фигурира (покрај името на авторот) во најпрестижните светски списанија по психијатрија, а таа мене: “знам дека Вие сте учествувале во подготовките на голем број закони и дека тоа дебело сте го наплатувале без оглед на тоа која политичка гарнитура владеела”.
“Дискусии” во овој стил не се ретки при караниците на жените од Средорек, но јас сѐ некако се надевав дека докторкава го совладала средоречкиот комплекс. Затоа, нема да се трудам пред читателите на ДНЕВНИК да се претставувам ниту како голема душа (мадам Ѓулистана ме именува како “ситна душа”), ниту пак да ги демантирам нејзините тврдења за моето “дебелото наплатување” на професионалните услуги. Впрочем, принципиелноста и некористољубивоста на Ѓулистана е повеќе или помалу општопозната. Затоа, со тешко срце си ја злоупотребам колумнава, преку нејзините редови да ѝ понудам на потписничката од Управниот одбор една вредна награда!
Еве, како прво, готов сум да ѝ го отстапам мојот едомесечен личен доход на Правниот факултет во Скопје доколку наведе барем еден закон (надвор од кривичните закони на земјава) во чија што работа сум учествувал. Не ми е тешко ова да ѝ го понудам, зашто јас, како старински човек, прифаќав и прифаќам да работам само во работни групи што ја засегаат материјата во која поседувам определени познавања, а тоа е кривичното право и извршувањето на кривичните санкции. А тоа е материја стара илјадници години, материја во која законите споро и ретко се менуваат. Тоа и мојот стручен ангажман го прави повеќе или помалу инцидентен.
Уште еден едномесечен личен доход ќе ѝ подарам на споменатава дама доколку докаже дека сум зел повеќе од 1.000 (и со зборови илјада) ГМ за својот ангажман во оваа работа. (Првин, за секоја евентуалност, сакав да напишам 3.000 ГМ, но во тоа веднаш се замеша мојата сопруга, која педантно ми ги води финансиите, прекорувајќи ме дека сакам да се правам важен: “Само еднаш си добил рамно 1.000 ГМ, па и тогаш, поради навредливоста на износот на наградата за повеќемесечна работа, сакаше да ги одбиеш!” Така тврди жена ми, а таа знае што зборува.)
Свесен сум дека мојата награда не е особено инспиративна. Но јас не можам да понудам повеќе и притоа да бидам сериозно сфатен. Госпоѓа Ѓулистана е во институциите на власта, па нема да ѝ биде тешко да ги провери моите наводи. А кога ќе ги провери, ќе остане без ветената награда. Затоа, не верувам дека воопшто и ќе се обиде.
РЅ: За оние што не знаат, а такви секако нема малу, “Гüлистан” на турски значи розова градина! И само уште овој бисер за СТАРТ-овиот “УПС! ... Се збунив!”: некој што се потпишува со доктор, што ќе рече учен човек, би требало да прави разлика помеѓу зборовите плебс (народ, раја) и плебисцит (изјаснување на народот преку општо гласање).

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: