ВРЕМЕПЛОВ
Прославата на десеттата годишнина од Лигата за демократија мина убаво: не се усрамивме со својата скромност! Првин, дојде едно чудо народ, меѓу нив и доста видни луѓе од нашиот јавен живот и од медиумите. Тие што не дојдоа, европски коректно се јавија за да се извинат (претседателот Глигоров) или тоа, придружено со честитки и убави пригодни зборови, шармантно го сторија преку малиот екран (г. Павловиќ-Латас). Потем, ако Лигата и не е кој знае колку богата партија, нејзините членови не се лумпенпролетери и имаат усет за европски манири, па сосема сериозно го сфатија мојот апел да донесат од дома по некој прилог за прославата: Зафе (мојот професор по физика), за да не бидеме покусо од другите, донесе шампањско, Гоца (од Небеската телевизија) торта од КАНЕЛА (со неа ме сликале во ВЕЧЕР СПЕЦ), госпоѓа Стојчевска направи еден куп солени стапчиња, срцулиња (мајка да еде, ќерка да гледа, на ќерку да не дава!), други донесоа пити, кифлички, кикиритки, колачиња, госпоѓа Дора цело попладне месела гурабии, господин Аврамчев (сениор!) ни подари од својата прочуена гевгелиска ракија... Имаше и парични прилози! Фала им, уште еднаш на сите! На главниот спонзор, адвокатот Игнат Панчевски, посебна благодарност! Фала им и на неспомнатите!
И сега, еве, седам и се присеќавам за она што било. А било како што било и е како што е! Едно нешто сепак изгледа остана неизменето - “Македонија има власт каква што не заслужува” (ДЕМОКРАТСКИ ФОРУМ, бр. 9 од мај 1992):
Гледајќи го циркусот што се направи со “иницијативата” на здравите леви сили за предвремени избори (како и денес во 2000 година!), граѓаните на Македонија веројатно многу пати си го поставуваа прашањето: заслужува ли оваа земја вакво (неасолно) собрание и ваква (уште понеасолна) власт? Одговорот на Лигата за демократија е: “Не! Македонија има власт каква што не заслужува!” А еве и зошто!
Првин, народот во Македонија не е ни најмалку виновен што здравите леви сили, на почетокот од преминот од “едноумието” кон повеќепартиска демократија, му поставија уште една стапица на тој пат во вид на мнозински изборен модел. Како што е познато, овој модел им одговара на големите земји, на земјите со строго стратифицирана социјална структура и на големите партии со изградена партиска “инфраструктура”. А Македонија ниту е голема земја, ниту има класно строго раслоено население, ниту пак има големи партии, освен една - онаа што повеќе од четириесет години беше власт во неа, но и таа во фаза на распаѓање и самоуништување.
Да не беше “албанската изборна инвазија” (што кај Македонците го роди стравот дека во својата родна земја ќе бидат потчинети на власта на едно малцинство), здравите леви сили несомнено ќе освоеја барем два пати повеќе места и ќе можеа (...) да формираат своја мнозинска влада. Нашите национални неоромантичари ја искористија паниката што го зафати македонското население и (во моментот кога сакаа дури и да излезат од македонската трка?) “победија” освојувајќи повеќе од која и да е друга политичка партија.
Така се покажа дека Лигата за демократија беше во право кога во предвечерието на изборите (кога с$ уште се биеше битката за изборниот модел) од трибините многу пати повторуваше дека, што и да сторат комунистите тоа ќе излезе на нивна штета. За жал, излезе и на штета на македонскиот народ и на штета на демократијата во Македонија.
Подоцна дознавме (па и судски докажавме!) дека ни самите изборни резултати не биле особено чисти. Се слушнаа гласови и за “посебната улога” на Службата за државна безбедност во текот на изборите. А се знае што значи тоа. И така, благодарение на здравите леви сили, Македонија доби парламент каков што не заслужува.
Со сиот респект спрема она што упорно, трпеливо и систематично го прави врз планот на меѓународното признавање на Македонија, Претседателот на републиката, од своја страна, даде голем придонес земјата да добие и влада каква што не заслужува. Имено, наместо да ја почитува процедурата вообичаена во секоја демократија и мандатот да ѝ го довери на партијата со најмногу пратеници во парламентот, па таа да си крши глава во настојувањето да формира влада, Претседателот реши (а Собранието за жал се согласи) да експериментира со едно чудо-невидено: со некакваси “експертска влада”. И така, пак благодарение на здравите леви сили (чијшто член е и Претседателот на републиката!), Македонија доби влада каква што не заслужува.
Што се однесува до “иницијативата” на здравите леви сили за распуштање на Собранието и за предвремени избори, таа се покажа обичен (и тоа мошне лош) политички маркетинг и ништо повеќе: тие нови момци немаа ни најмалку искрена желба за нови избори. Да имаа, немаше да си играат играчки со некаквиси “иницијативи”, туку ќе го послушаа советот на Лигата за демократија и ќе го отвореа прашањето за доверба на владата (од која и така сите партии во парламентот се откажуваат). Откако ќе се урнеше владата што никој не ја сака, а не ќе можеше да се формира нова, што барем некому би му била по волја, ќе настанеше она што во вистинските парламентарни демократии се нарекува “криза” и ќе мораше да се распишат нови избори. Така се прави во светот на демократијата. “Иницијативите” се измислица на едноумието! И така, уште еднаш благодарение на здравите леви сили, Македонија останува и натаму со парламент и влада какви што не заслужува...
Ете, вака беше во Македонија во далечната 1992 година. А вие, драги читатели, проценете колку работите во меѓувреме се измениле. Верно, здравите леви сили веќе одамна не се “леви”, туку “политички центар” (!?). Нашите национални неоромантичари од поодамна ни откриваат колку малу ги засега “македонското национално единство”, а колку голото преживување како власт по цена и на жртвување на народниот интерес. Денес нема веќе “албански изборни инвазии”, но затоа пак има 10-процентни изборни стампеда во кои се промовира нов вид посредна демократија: платениците на PDSh патриотски “гласаат” во името на цели (сонароднички) семејства, а Македонија, ни крива ни должна, добива укори од Ороспијата од Вавилон. Собранието и денес е циркус (при што Лигата за демократија нема причина да се срами од далаверите што во него се случуваат: својот Далавера таа го избрка од членство уште пред првите парламентарни избори). Владата и денес е, најблаго речено, проблематична: во неа учествува една нерегистрирана (значи: нелегална) партија. Во неа седи човек што јавно ги призна своите тајвански марифетлаци. И - никому ништо!
Што ни останува да кажеме? Па, само едно: Да живеат изборите!
Ѓорѓи Марјановиќ
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment