АВГИЕВА ШТАЛА

Изминативе месеци прочитав две дебели докторски тези, едната за перењето пари, другата за корупцијата во Македонија. Колку и да е отрпнат човек на македонцките работи, сепак неудобно се чувствува кога некој вака, продлабочено, студиозно ќе му ги претстави сите аспекти и на еднава и на другава појава. Моите кандидати заслужуваат и малу критика, се разбира: тезите се целосно свртени кон теоријата, кон меѓународната, странската и домашната регулатива, главно криминално политички ориентирани. А емпирија ни за лек!
Еве еден пример: во едната од тезите само онака, патем, е наведен случајот на еден шофер (!) што купил банкарски акции за сума од два милиони марки. Пеки! Сите го знаеме случајов. Му го знаеме и името на шоферот и на неговиот газда. Да бев докторанд, во тезата немаше да пропуштам врз овој пример (а има и други!) да го елаборирам очигледниот метод на перење пари.
Доволно е, да речеме, да се направи просек на платите на шоферите во земјава, па износот да се помножи со бројот на годините работен стаж на новопечениот акционер и да се види дека тој, макар и ништо да не трошел во текот на целиот свој работен век, не бил во состојба да заштеди два милиони марки. Што значи тоа? Тоа значи дека париве или ги наследил, или ги ќарил на комар, или ги украл или некој просто му ги дал. За човеков никој и никаде (а ни самиот тој) не кажа дека ги наследил, ниту дека ги добил на покер, а за кражба и други смрдени работи и да не зборуваме. Останува мошне веројатно дека некој му ги дал за да им ја заметне трагата (да не се види дека се работи за “валкани пари” од некаква криминална провизија ли, недозволена трговија ли, грабеж ли).
Насекаде во Европа (кон која на зборови толку желно се стремиме) во ваков случај се покренува постапка за кривично дело перење пари (што, патем речено, го има и кај нас во чл. 273 КЗ). Обвинителството едноставно ќе му рече на човеков: “Ти, пријателче, по никаков легален основ не можеш да бидеш сопственик на волкава сума пари. Ако сакаш поевтино да минеш (да добиеш помалу години затвор) ќе треба да ни кажеш од кај ти се парите!” Товарот на докажувањето, значи (кој редовно лежи врз оној што нешто тврди), овдека се префрла врз оној против кого нешто се тврди. Нормално, зашто нема шанси обвинителството и полицијата поинаку да дознаат од кај му се парите.
Во случајов знаевме кој е човекот, кој му е газдата и на која партија овој # припаѓа. За шоферот ова не го знаеме (иако претпоставуваме): од безбедносни причини е малу веројатно тој да бил од Лигата за демократија или, чувај Боже, од СДСМ. Од друга страна, знаевме и чиј човек беше Јавниот обвинител, па оттаму можевме да ги насетиме и причините зошто тој и неговата служба се правеа недоветни и не гонеа за основаното сомнение за перење пари.
Деновиве, според она што го читаме за некои ревизии во врска со работењето на старата власт, можеме само да си замислиме како се трупале пари за своја (или партиска?) сметка. Со сите резерви спрема умот на некои од тие луѓе, сепак не можам да верувам дека биле толку глупави за да не знаат дека едно кило сол никаде на светов и веков не се продавало, не се продава ниту ќе се продава по 70 денари за килограм. А, ако не се лажам, биле купени дури 150 тони! Ако се знае дека цената на солта не е поголема од десет денари, некој бил доволно будала (или доволно умен) да преплати 60 динари по килограм. Само на солта некој ставил в џеб (ако ми е сметката в ред) цели 6 милиони денари. Дури и почесниот претседател на Лигата за демократија, кој речиси никогаш не оди на пазар, знае колку чини солта, а колку сирењето. Со какво тоа француско сирење (“она што мириса на машки нозе”) ги хранат нашите болни за да се платат цели 800 денари по килограм (?!). А болничките пиџами? Да биле купени и кај Диор или Версаче, сепак немало да чинат толку колку што се гледа од сметките. Не верувам дека ни султанот од Бахреин плаќа по 70.000 денари за едно бедно комјутерско глувче итн.
И сега? Наместо партијата, чиј член и експонент во тој сегмент од државните работи бил именуваниот В.М., веднаш и со згрозување да се дистанцира од таквото негово “домаќинско” работење, ние читаме манифести дека тоа било “комунистичко-балистички” терор на новата власт спрема кутрите мали хрчки на бившата (!?).
Да не си правиме бајрам со умот: со вакви удари и контраудари нема никаде да втасаме. Ако злоупотребите на службената должност се такви какви што читаме дека биле, нема друг во земјата, освен јавното обвинителство и судовите, да ни каже што е тука вистина, а што лага. Од друга страна, ако новата власт го користи македонскиот правосуден систем за пресметка со своите политички противници, “и над попот има поп”: за секоја евентуална повреда го имаме Судот за човекови права во Стразбур.
Да сум на чело на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација јас не би бранел работи што и на неук човек му се јасни. Авгиевата штала мора да се исчисти. Тоа го очекува Европа и, што е уште поважно, тоа го очекува и народецот македонски. Да не заборавиме, замлатувањето со револуционерни методи (што нужно би водело кон македонско-македонска конфронтација) може само катастрофално да н$ ослаби пред борците за човекови права.
Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: