Во далечната 1965 година ја служев втората половина од мојот војнички рок во Дебар (првата ја бев отслужил во Смедеревска Паланка) кога добивме нов четен старешина. Името не е важно (иако му го паметам). Важно беше дека дојде од Белград, од Гардата. Многу се гордеевме со него гледајќи како гази супергардиски строев чекор предавајќи му рапорт на командантот. Небаре беше на парада пред Маршалот. Тоа сепак не ни пречеше да не го сакаме премногу како старешина: во баталјонот со “распашана команда” туку наеднаш почна да продира железната гардиска дисциплина. И најздодевните, најлесните војнички занимања (строевата обука, на пример) под негова команда беа, најблаго речено, тешка работа со многу потење.
Еден ден така вежбавме некаков чуден строј (“дубоко смакнути строј” = длабоко растегнат строј) и добро се испоизнапотивме трчајќи по полигонот на касарната. Некој само офна: “Мила моја мајко! Ако му е ваква строевата обука, каква ли ќе му биде тактичката!” Сакаше да каже - ако најлесната обука изгледа вака, како ли само ќе изгледа онаа што се изведуваше под полна боева опрема по доловите и ридиштата околу Дебар (кои сега ги покрива Дебарското езеро). Нејсе! Никогаш и не помислив дека еден ден ќе се сетам на тој “длабоко растегнат строј” да не беше македонската “камбек транзиција” - преминот од социјализам во капитализам!
Веќе кон крајот на 1989 и почетокот на 1990 година на комунистите (СКМ) им стана јасно дека не ќе можат да опстанат сами на политичката сцена. Никола Младенов, уредникот на “Млад борец”, ја објави првин “Политичката платформа”, а сетне и “Политичката програма” на Лигата за демократија. Веднаш потоа следеше поплава од пристапници. Наскоро одржавме конференција за печатот и баравме измена на законската изборна регулатива. (Г. Петар Гошев, првиот човек на СКМ - секоја чест! - имаше доблест да се согласи со нашето барање и да ги одложи изборите.).
На конференцијата за печат, меѓутоа, се случи еден (од новинарите практично незабележан) инцидент. Кон крајот од конференцијата еден член на Иницијативниот одбор за формирање на Лигата (инаку познат македонски книжевник) замоли и самиот да им каже нешто на новинарите. Се разбира дека немавме ништо против. Кога, наместо да каже нешто за Лигата (како што очекувавме) , тој посегна во џебот и извади едно напишано пусулче со кое најави дека “на четврти сечко 1990 година” ќе се формира уште една нова партија. Се погледнавме зачудено: зошто нашиов човек ја користи нашата конференција за печат да промовира друга партија. Нејсе! Не му зедовме за зло! А и човекот беше таков што не можевме да му земеме за зло: атерџија. Луѓето од неговиот цех го замолиле така да постапи и тој не можел да одбие.
После ни стана јасно дека почнува “длабоко растегнатото престројување” на комунистите: за да не продолжи трендот на окрупнување на Лигата, што беше мошне актрактивна за македонската интелигенција, државната безбедност на комунистите смисли како тоа да го спречи: направи партија што ние во Лигата популарно си ја викавме политичка “мека порнографија” (благо националистички обоен ешалон на кремот на македонската комунистичка интелигенција). Ем ќе бидат ѓоа-национална партија, ем под нивна контрола!
Не мина многу време, а “длабоко растегнатото престројување” продолжи со истиов метод на алхемија на власта: за да си го зачува имотот, беше решено ССРНМ (за помладите што не знаат што чудо е ова: Социјалистички сојуз на работниот народ на Македонија - една фантомска организација што практично немаше членство, зашто, по дефиниција, негово членство беа сите работни луѓе на земјата) да се конституира како Социјалистичка партија, а младината на Македонија пак - во Либерална партија. Потем се јави Анте Марковиќ и од “реформски настроените” комунисти го создаде Сојузот на реформските сили.
Така, на политичката сцена на Македонија (барем на почетокот) имавме чисто еднопартиски систем војнички дисциплинирано престроен во “длабоко растегнат строј”. Кога гледам кој с$ беше и кој с$ уште членува во политичката “тврда порнографија” (националистите што во 1990 година без срам и перде бараа “концентрациони логори за Шиптарите” и со таа евтина демагогија си обезбедија многу места уште во првиот македонски парламент) с$ некако ми иде да се прашам да не можеби и тие беа дел од стратегискиот план за “длабоко растегнатото престројување”. Нека се потсети некој кој и под кои услови им го подари седиштето во центарот на Скопје, па можеби и самиот ќе се посемнева.
Но, на крајот од краиштата сето тоа и не е премногу важно. Важно е дека Македонија (освен Лигата за демократија) и натаму практично нема самоникнат политички субјект од граѓанска провениенција. На политичката сцена ни се нудат само и единствено комунистите (префарбани во многу различно бои) и антикомунистите (од кои претежниот дел се стари комунистички кадри). Едно време се натпреваруваа кој кого повеќе ќе го оцрни. Кој бил полош - тие или ние? Заборавајќи дека еден умен Чех (Вацлав Хавел, претседателот на Чешката република), врз основа на емпириски добиени сознанија, маестрално го реши ова прашање: “Од комунистите се полоши само антикомунистите!” Така и ние во Македонија имаме критериум кој е каков и кој е полош од другиот. Во оној момент кога решивме да им ја подариме довербата на антикомунистите требаше да знаеме дека гласаме - за полошите.
За граѓанска опција кај нас како да е уште рано. Има луѓе што Лигата за демократија ја нарекуваат “петел што прерано пее”, сакајќи да го потцртаат она - уште не ви е време! Денес, сојузена во ГАМ - Граѓанската алијанса на Македонија, Лигата и преку ова сојузништво симболично покажува каква иднина # треба на земјава: сојуз со Муслиманите, Србите, Власите, Египќаните. Требаше да бидат тука и Туците, Ромите и - Албанците. Но, тие или им се придружија на поголемите (подобро врапче в рака одошто славеј на гранка!) или с$ уште немаат храброст да се одделат од племето.
И додека оние поради кои паднавме на колена ни порачуваат “Главата горе!”, а другите - небаре сме основачиња што с$ уште не знаат каде е местото за љубов спрема татковината, Граѓанската алијанса порачува нешто што им е исто толку потребно и на едните и на другите - Доверба и разбирање! Си мислев дека на јавноста треба тоа да # го спомнам. Па сега гледајте како гласате и за кого гласате. Мое беше да ви кажам! А дека ќе имаме власт каква што заслужуваме е железен аксиом на демократијата. Каков народ, таква власт! И само уште нешто! Немојте да се правите премногу умни и да не излезете на избори. Ако веќе ги препознавте лошите и полошите, дајте им шанса на оние што не се како нив
Ѓорѓи Марјановиќ
No comments:
Post a Comment