ТВ-ДУЕЛ

Има еден стар виц за некој човек што не верувал во среќа. Некој се обидувал да го разубеди: “Ами, што е ако не среќа кога некој ќе падне од десетти кат и ќе остане жив?” “Случај! “, вели другиот. “Добро, а ако падне и по втор пат и остане жив? Што е тоа?”. “Коинциденција!”, вели другиот. “А по трет пат? Паѓа и пак е жив и здрав?” “Е, тоа е веќе навика”, рамнодушно одговара другиот.
Лани, за време на парцијалните избори во Скопје, натпреварувајќи се под боите на Лигата за демократија за пратеничко место со еден СДСМ-овец, се изнамачив убедувајќи го господин Кабранов од бојкотираната телевизија да се сретнам со мојот противник на ТВ дуел. Нашите недоквакани медиуми, наместо на тие избори, како генерална проба за сегашниве, да им посветат посебно внимание, за да се види кој е кој, а што е што, буквално ги уништија. Збор не проговорија за нив. Имаше полно луѓе што никогаш и не дознаа дека имало избори. Во Лигата мислевме дека нешто може да се стори против таа летаргија со еден ТВ дуел.
Еден колега од Правниот факултет, наводно влијателен човек во антимакедонската телевизија, самиот се нафати да ја среди таа работа и - во мое присуство! - разговараше по телефон со гореспомнатиот џентлмен. Овој се опираше, се опираше, а потоа како да се согласи со идејата. Остана да разговара со другата страна и да ми јави. Денес-утре, денес-утре, Кабранов никаде го нема. Конечно му се јавив јас. “Нема ништо од дуелот, професоре”, гласеше неговиот одговор. СДСМ-овците порачале дека нема да дојдат. “Добро”, му велам јас. “Ние ги предизвикуваме, вие го организирате дуелот. Кој дојде, дојде. Ќе разговарате со тој што ќе дојде. А гледачите сами нека оценат зошто другата страна не дошла.” Е не! Тоа не можело, зашто ќе било навивање за нас. “А бе, какво навивање? Ги викате, како што дал Господ, а тие не идат. За кого навивате тоа?”
Дури отпосле ми текна дека ваков “пропаднат дуел” секако ќе имаше да беа ставовите обратни: да бараше СДСМ-то дуел, а ние, од Лигата за демократија, да одбиевме. Е, тогаш Кабранов ќе направеше циркус исмевајќи н$ како кукавици. Вака, кога ние бараме - не може. Не сака А1 да му го крши атерот на СДСМ. (“Сад се види, сад се зна, ко се коме допада”, пеат малите Српчиња во ваква пригода.)
Деновиве, со малу поголем публицитет од оној што ми беше посветен мене и на Лигата за демократија за време на ланските избори, во медиумите се врти приказната за сличен (втор пропаднат) дуел: премиерот го предизвикал г. Црвенковски, а овој не сакал.
Некој ќе рече: “Ама вицот зборува за три пати?” За да изведеме заклучок дека на СДСМ му стана навика да одбегнува ТВ дуели, треба да има и трет пример. Па и има! Јас би рекол: тој третиот е, всушност, прв! Се сеќавате, нели? Еден откачен режисер (инаку, член на Лигата за демократија што конечно заврши како воспален ВМРО-вец!), денешен амбасадор, а тогашен претседателски кандидат, ја предизвика на ТВ дуел “најголемата инвестиција” на јуношите од СДСМ. И - осведочениот СДСМ-овец не го прифати дуелот.
Така имаме три случаи и може да заклучиме СДСМ си сака митинзи, си се разбира во нивната организација, секогаш има доволно доброволци што ќе дојдат на нив, а, за секој случај, без проблеми ќе донесе во Скопје (или каде што сакаш) уште стотина автобуси со симпатизери, готови до изнемоштеност да свиркаат кога ќе се спомене името Љубчо, а френетично да викаат “Бране, Бране!”, секогаш кога овој ќе земе здив меѓу двете реченици.
Добро, ќе речете, па ни ВМРО-то ни не е поинакво. И неговите митинзи се прават така. “Па тоа и јас постојано го повторувам: Се тркалало грнчето, си го нашло капачето! Антикомунистите се опачина на комунистите. А и не оти имаат од кој друг да учат. Гледаат што прават овие, па го повторуваат истото!”
Така, збор по збор сеќавања за тоа што било, како било и туку, ми дојде уште една од моите “оригинални идеи”: јас, Ѓорѓи Марјановиќ, од името на Лигата за демократија (а во името на ГАМ - Граѓанската алијанса на Македонија) ги повикувам моите политички противници и од лево и од десно да ми излезат на ТВ мегдан. ТВ-дуел на МРТВ-ата: Љубчо не би требало да има ништо против, а Бране можеби ќе сака да вежба “кам бек” во својата матична телевизија. Немојте да мислите дека и ова е виц: јас сум сериозен човек, а и збиднувањата на политичката сцена ги сфаќам сериозно. Утре луѓето ќе гласаат и за ГАМ, нели. Зошто тогаш ГАМ да не може никого да предизвика на ТВ-дуел. Ако може Љубчо, можам и јас. Не сум белки подолу од него?
Но, знаејќи им ги заемните чувства на Љубчо и Бранко, ако не сакаат заедно да излезат против мене, готов сум да се сретнам првин со едниот, сетне со другиот. И нема мрдање! Или ќе излезат или ќе се резилат! Трето нема! Јас лично ги поттикнувам да прифатат. Нема теорија едночасовно или двочасовно шоу да им го упропасти трудот и парите што обајцата ги вложија во кампањата.
А не оти нешто ќе решиме за време на дуелот. Туку, дај да се порадува народот. Сигурен сум дека ќе му приредиме убава забава, поинаква од овие неподносливи платени програми со пцуење и колнење. Ќе седиме како фини европски џентлмени и ќе муабетиме за македонцките работи. Па луѓето после нека одлучат дали ќе гласаат за ВМРО-то ни, за државотворниот СДСМ или за ГАМ (Македонија во мало!).
Зашто, не речете два пати! Не еднаш на изборите во Европа се случило (а за спортските натпревари и да не зборуваме) некој аутсајдер да им ги побрка сметките на големите фаворити. И, не занесувајте со својата големина: повеќе би ви советувал да мислите на злата судбина на КП СССР (што се распадна во моментот кога имаше 20 милиони членови) или, ако тоа ви е поблиску, на СКЈ, што се распадна кога 10% од жителите на Југославија му беа членови (имаше рамно 2.400.000 членови). Времето на политичките диносауруси одамна помина. Доаѓа време за оние политички партии што имаат малу членови, а многу симпатизери (тоа е политолошки аксиом, а ние Лигата за демократија ја градиме врз таа научна основа).
Толку од мене, иако с$ ми се чини дека ниту на Љубчо ниту на Бране не му е до забава во мигови кога се решава Хамлетовската дилема - да се биде ил’ не. Можеби сепак би било подобро, наместо на ТВ-дуел, да ги поканам на една вечера. Само, сега ми е доцна да се повлекувам. Предизвикот е тука! А за вечерата ќе размислувам по изборите.
Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: