ДАЛГА

Испробан метод да ја преживеам лете скопската микроклима (“изгор лето, кочан зима”) е - да не мрдам од дома. И кога надвор се ближи кон 40-тиот сепен над нулата, дома и без ер-кондишн ми студи. Душа си дало за исполнување и натфрлање на моите норми при преведувањето на Пруст! Затоа, без голема мака не мрдам од дома.
Е, минатиот вторник мрднав без каква и да е мака. По најголемите горештини, и преку новоослободените територии на заедницата од над 20%, појдовме на еден ден до Охрид само за да го чуеме завршниот концерт на учесниците на Десеттиот семинар за пијано на професор Борис Романов.
Охрид нî дочека суштествено изменет, непрепознатлив. Првиот впечаток од погледот врз тврдината веќе навестува дека тука ќе може (“во автентичен амбиент”) да се игра Хамлет: наместо на Самуиловата крепост налетавме на данскиот дворец во Хелсингер. Сетне шетавме по тврдината и - ништо не препознававме. Тоа не е веќе онаа ороната, запустена урнатина каде што човек може да шета во тишина и да си води дијалог со вековите што ја довеле на ова дереџе. Да бевме во некое друго време, десетина векови порано, ќе помислев дека цар Самуил решил дефинитивно да се пресмета со Василиј II: тврдината забрзано се гради за решавачката битка.
И човек не знае што да мисли. Од една страна, свесен е дека ако продолжеше туристичката забава што ја знаеме (секој посетител да искорне еден камен од тврдината и да го фрли што може подалеку), за некоја деценија на ридот во Охрид ќе останеа само траги од тврдина. Од друга страна, човек сепак има аверзија спрема новото што се обидува да се прави древно. Се тешам само дека во ова што го правиме воопшто не сме осамени: да не ги обновуваше Европа своите градови и тврдини, разурнати во војните, сега таму ќе имаше само куп облакодери како оние на Менхетн. Само, ако се има предвид колку многу остатоци од старото имаме, не знам каде ќе запреме.
Обновата на тврдината (и на храмот на св. Климент) беше следена со невидено обемни архелошки ископувања што исфрлија на површина едно чудо вредни наоди. Ја се фати Македончето за копач, ја од под земјата се појавуваат културно-историски чуда. Затоа, додека сме сиромашни, подобро е да не гибаме ништо: нашето богатство е сепак подобро заштитено под земјата одошто над неа (освен ако не се вмешаат “дивите археолози”).
Инаку, вмровската власт навистина прави сî што правеа порано “комуњарите” (според Бране, за да не рече некој дека и јас така ги викам): во полна сезона се прошируваат улици, се градат тротоари, се копа, “се штури, се пусти”. Градат дури и таму каде што никој жив не би помислил дека треба нешто да се ѕида, таму каде што би требало само уште да се урива: она грдо здание, да речеме, со простории на некои изумрени политички партии, на самиот брег од езерото до пристаништето. Откако охриѓани (секоја чест!) имаа доблест да ја урнат старата, грда “Летница” и онаа ужасна друмска меана на местото од сегашниот Хотел Десарет во Пештани, си реков: ќе им честитам кога ќе соберат храброст да го отстранат и тој задружен дом од времето на реал-социјализмот. А сега гледам вмровските реал-капиталисти нацуцулиле новоградба токму до ова грдо куќиште (!?). Нејсе! Секое време мора да си остави свои траги.
Што се однесува до концертот, искрено го жалам секој што не дојде да ги чуе питомците на Романов. Човек на него имаше прилика да се почувствува голем господин во раскошно богата земја. Богата во најсуштественото - во духовноста! Беше тоа невиден огномет на убавина, божја дарба, труд, а по малу и на естетски фанатизам. Во текот на концерот, туку една дама до нас ќе ни шепнеше: “И овој е ученик на средното музичко!” Така излезе дека повеќе од половината пијанисти се средношколци. Ако свират вака во средното, како ли ќе свират како студенти? А како само како дипломци?
Имаше, да речеме, една Ана Петрова за која, по концертот, гласно им порачав на нашите музички швалери да ја украдат. Таа ме чу, се сврте и ме праша зошто. “Греота е една Ана што свири вака убаво да замине за Бугарија” (од каде што и дошла). Имаше и една Нина Костова (златна на мајка! штета што таа не изродила повеќе деца како неа). Имаше и еден Шкељзен Бафтијари, кому му ракоплескаа како да не е од заедницата од над 20%. “Па и не е!”, ме поправија, “дојден е од Албанија!” Не знам зошто, наместо само да слушам, се загледав во пртите на Иво Настевски: и тој начисто ме уништи, почувствував замор гледајќи го. Единствено Симон Трпчевски не спаѓаше тука: тој веќе спаѓа во Европа, во светот. Марија Ѓошевска не знаеше како да ми заблагодари за трите книги на Пруст, што í ги подарив. А, всушност, јас бев тој што í должеше благодарност првин за чудесниот скопски дипломски концерт (што ќе се памети), сетне - за ова вечерва! Даниел Чурковски доби сериозна конкуренција и како музичар и како убавец: засега Кристијан Каровски сепак “го шие” само во елеганција. Во музиката и убавината ќе треба да причекаме и да видиме (односно да чуеме): обајцата свират прекрасно.
Како не се најде едно од тие момчиња и девојчиња за кое ќе речевме: “Е, овој заталкал среде овие!” Не, ни Теодора Аџарова, ни Ана Арангелова ни Симона Ѓорчева ни Круме Андреевски не беа ни за влакно подолу од другите. Бојан Маротов отприн ни го одвлекуваше вниманието со своите “сценски ефекти” додека неговото свирење не нî натера да се сосредоточиме врз суштественото. После веќе ни се допаѓаше и неговото вродено афектирање.
Ова ме натера на професор Романов (по концертот) да му кажам: “Знаете, професоре, јас имам 63 години, но, сî ми се чини, да решите да ме учите, секако ќе свирам како овие момци и девојки. Сî е до професорот...” Го реков тоа иако не верувам премногу, не во Романов, туку во мојата музичка дарба, а особено во мојата музичка трудољубивост: во Куманово учев девет години виолина и - ништо не научив. Секако не ми беше виновен мојот учител Тодор Балкански (Бог да го прости!). Ај да речеме, не ја сакав виолината. Сакав пијано, а моите беа сиромашни и ми рекоа: “Една виолина уште би можеле да ти купиме, пијано никогаш!” И ме натераа да учам виолина. Тие долги години сепак не беа загуба: научив да ја сакам музиката, а тоа и не е мала добивка.
Ми е криво што не го чув пак Марко (оној во ганц нова црна УЧК униформа), но, наоѓам оправдување - него сепак вчера го примија на факултет. Сепак, срце ме боли што отпаднал Божи Дар (дотолку повеќе што не можев да го чујам на неговиот последен концерт: морав да бидам на промоцијата на една книга во Струга)! Здравје, ќе има уште многу концерти!
РЅ: Некој ќе праша зошто колумнава носи наслов без врска со текстот. Има, има: така ме советуваше еден келнер од измислениот охридски ресторан ДАЛГА, каде што по концерот отидовме за да се соземеме од чудесата од Св. Софија.
Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: