СТАРИ ЧЕВЛИ

Одвај што ја чувме веста за венчавката меѓу двегодишниот Демократски сојуз и четиричлениот Демократски центар, а некои весници веќе објавија дека “Марјановиќ им се приклучува на Трајанов и Карангелески”. Сакав да се јавам со демант, но од текстот на написот се гледаше дека јас практично во таа вест и не фигурирам. Насловот пак беше редовна заблуда на 99% од (политички полуписменото) македонско новинарство, според која, постои знак на равенство меѓу “Марјановиќ” и “Лигата за демократија”.
Прво што ми паѓа на памет кога ќе помислам на оваа заблуда е една анегдота за норвешкиот крал Хакон VII, дедото на сегашниот крал: по изборите и победата на некоја партија и формирањето на владата, Неговото Величество имало обврска да ја отвори седницата на новата влада. Елем, на една таква седница на Кралот му паднало наземи шамичето. Претседателот на владата се наведнал, го кренал и му го подал. Кралот се заблагодарил: “Немате претстава колку ми значи тоа шамиче”, предизвикувајќи ја љубопитноста на претседателот. “Тоа Ви е некаков драг спомен?”, прашал човекот. “Не, господине! Тоа е сосема обично фабричко шамиче, единствената работа во Норвешка во која јас имам право да си го пикнам носот!”
Така некако стојат работите и кога е во прашање моето лидерство во Лигата за демократија. Да сакаат да пробуричкаат во она што е реалност позната под ова име на нашите аналитички настроени новинари нема да им треба многу време да сфатат: Лигата за демократија е единствената македонска партија што својот лидер го избира помеѓу двајца кандидати (статутарна обврска!); единствената партија во која нејзиниот лидер барем четири пати досега (и тоа за суштествени прашања) бил надгласан по демократска размена на мислења; во документацијата на Лигата за демократија постои антологиски запис од претпоследниот состанок на Извршниот одбор со кој (пак демократски) е решено во партискиот весник да не се објави текстот на лидерот под наслов “Брат Љубе и с$ е можно”; наскоро, во демократска процедура (откако беа донесени Деловникот за работа на Конгресот, Деловникот за работа на Централниот одбор и Деловникот за работа на Извршниот одбор) можеби ќе биде донесен и Деловник за работата на претседателот на Лигата за демократија. Што ќе стои таму не знам, но не би се зачудил ако стане збор за тоа во која пригода, под кои услови и на кој начин лидерот смее да го употреби своето (кралско!) шамивче.
Но шегата на страна! Факт е дека Лигата за демократија определено време кокетираше со Демократскиот сојуз и - со објавувањето на “Коалицијата на центарот” - имаше причина да се чувствува малу измамена. Се сеќавате, нели, единствениот партиски лидер на II Конгрес на Лигата за демократија (декември 2001) беше токму претседателот на ДС! Тој, верно, не го поздрави Конгресот, како што е ред, но, ние минавме преку тоа уважувајќи го неговиот изговор дека не бил подготвен (!?). Подоцна, предложивме да се видиме и да поразговараме за идејата наречена ДОМ (за оние што не знаат, тоа требаше да биде Демократската опозиција на Македонија). И поразговаравме. Разговаравме речиси два часа, за с$ и сешто додека, на пет минути пред крајот, домаќинот не дојде до главното: дали на Лигата би # пречело ДС да биде водач на предизборната коалиција. Му беше одговорено дека за Македонија во моментов е важно да се создаде една широка коалиција што на народот ќе му понуди нешто трето, нешто меѓу двата досега водечки (и наполно дискредитирани) политички субјекти.
За жал, едно се зборовите, а сосема друго делата. Ние делата ги насетувавме, но се однесувавме небаре ништо не забележуваме. Се одѕвавме на поканата да присуствуваме на втората годишнина од ДС и отидовме. Со напишан поздравен говор во џебот. Но, тоа беше посета на некоја друга планета. Присустните толку пати стануваа за да го поздрават својот харизматски лидер, потем седнуваа, па пак стануваа скандирајќи “Бранко! Бранко” (пардон: “Павле! Павле!”), што во тој метеж никој жив и не се сети да н$ покани да кажеме некој пригоден збор.
Утредента во истиот состав делегацијата на Лигата за демократија се одѕва на поканата и појде на основачката конвенција на Демократската муслиманска партија на Тефик Кадри. Но, поучени од претходното искуство, овој пат не ни падна на памет да подготвуваме поздравен говор. И туку, види чудо, таму првин нас н$ поканија да ги поздравиме. Подготвени-неподготвени, ги поздравивме со импровизиран говор, што, патем речено, ги содржеше истите пораки како и оној пишаниот, непрочитаниот од претходниот ден. Поинаку речено, ги поздравивме како можен сојузник во ДОМ.
Подоцна, кога сметавме дека е време да почнеме и малу поотворено да разговараме за ДОМ, ги поканивме и едниве и другиве, а и некои трети на дискусионата трибина ИДНИНАТА НА МАКЕДОНИЈА во Охрид. И за време на овие разговори имавме прилика да ја насетиме истата мачна атмосфера: врти-сучи, и покрај сите убави говоранции, се виде дека нашите потенцијални пријатели не се расположени да излеземе пред јавноста ни со најбенигно соопштение во врска со нешто што никој жив од присутните гласно не го негираше: потребата од еден сојуз на демократската опозиција на Македонија.
Не мина многу време, а ние чувме и прочитавме дека амбициите на претседателот на ДС биле на изборите да оди со својот интимус од т.н. Демократска алтернатива. (Нам, во Лигата, имено, ни насоне не ни паѓаше идејата да правиме каков и да е сојуз со Циле и Цилеанците, па оттаму ни со нивните отпадници.) Алтернативните демократи, меѓутоа, уште утредента го откачија Демократскиот сојуз јасно ставајќи на знаење дека немаат намера да прават коалиција со ниту една партија, туку (ни повеќе ни помалу!) ќе коалицирале со македонскиот народ (!?).
Искрено зборувајќи, ние, во Лигата, малу здивнаме со олеснување. Сепак, идејата за ДОМ можеби и не е сосема безнадежна. Наскоро, меѓутоа, ја дознавме и големата вест: Павле Трајанов решил да си купи стари чевли - да прави коалиција со “криминалните елементи” на Демократската алтернатива (зборови на Циле). Сега дури не знаеме на што сме! Тефик, верно, како и секој нормален човек, сака да купува нови чевли. Но, дали тоа ќе биде елитниот модел “ЛД-01/89” останува да се види.
Ете, така некако стојат работите. Тажно е, се разбира, една идеја што проверено успеа првин во Словенија, па во Хрватска и конечно (сензационално!) во Србија, да не може да се реализира и во Македонија, но, за жал, тоа е Македонија. А и не е нешто ново или од вчера на овие простори. Така, пак ќе си го добиеме она што го заслужуваме и ќе можеме да си се пцуеме уште (најмалу) четири години!

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: