Веќе со “пингвинцките работи” на некој начин фатив да им се враќам на колумните (макар и во друг весник*), одговарајќи им на убедувањата од многумина дека “многу сум им недостигал”. Не верувам премногу во ова, но, како и да е, вистина или не, убаво звучи.
Сепак, вистинската причина пак да се зафатам со колумниве се изборите.
Првин Љубчо (со брат Љубе) фати да крстосува по жална Македонија, за да ја подготви за “пролетната офанзива”. Откаде пак сега ова? Знае човекот! Му го кажале оние што ја подготвуваа и ланската. Се сеќавате, нели, на оние со кои имавме мошне “релаксирани односи”, а со кои сетне фативме, исто толку релаксирано, да се тепаме. Видена работа! Така, се раскажуваше и во FYROSLO: “Тие (ЈНА!) божем нî напаѓаат, ние божем се браниме...” А работата беше (велат “злите јазици”) “наместена” на врвот: да се добие впечаток дека Србите и Словенците не можеле да живеат заедно, па требало да се раздружат.
Она што ме загрижува во македонската варијанта на словенечката приказна е дека во неа улогата на Словенците ја играат “браќата” (како што, на галено, ги викаме во Куманово). Дали ова значи дека и кај нас “врвовите” се договориле: “Вие ѓоа ќе напаѓате (врз нашите човечки права!), ние ѓоа ќе се браниме (со мобилни телефони и сî друго што ќе ни се најде под рака)”, за, на крај, да се раздружиме (може и со помош на олеснувачи, ако треба, за приказната да биде поуверлива).
Има само една “фалинка” во обидот за повторување на “словенечката приказна”: сите Словенци, речиси без исклучок, беа зад својот “врв” и сакаа да се раздружат од Југовина. И нашиве “Словенци”, речиси без исклучок, се зад својот “врв”. Вицот е во тоа што Словенците го бараа она што од памтивек било нивно (да бидат свои на своето - на словенечката земја), додека “Словенците” во Македонија го бараат она што од памтивек било наше: македонската земја на која тие (од причини во кои тука не мора да навлегуваме) само физички се намножија.
Така, ако Љубчо и “Засипнатиот” решиле на пролет да прават реприза на борбата за човекови права од 2001, нека знаат добро: Кој ќе умре, Бог да го прости! Кој ќе преживее ќе мора да појде да му прави друштво на Слобо во Хаг! Ова му е стручно мислење (“злу не требало”, велат Србите) на брат Љубе: за она што досега го правеше во земјава и пошироко ич нека не му ја мисли. Тука дури ни Најче не наоѓа воени злосторства, а камоли пребирливата Карла откај Мостот. Од друга страна, ако се има предвид последното интервју на (новопечениот) лорд Робертсон за скопски ВЕСТ, според која тој и Љубчо биле ептен големи пријатели (оттаму веројатно него и го крстиле според презимето на нашиот премиер, со што посебно се гордеел!), тогаш Хаг за брат Љубе никако не доаѓа предвид: пријателот на лордовиот пријател е и негов пријател. Со тоа што јас не би бил премногу сигурен во неговиот чесен збор. Асолен маж не си стои на зборот, нели? А со него веќе имаме доста искуство: кога рече дека оние што пукале во нашите војничиња (и полицајчиња) биле убијци и крадци, кога си го погази зборот и ги прогласи за “вооружени групи” (!?). Сепак, да се вратам на “македонцките работи”, ова дразнење на народот, од Крушево преку Битола па наваму (со кое брат Љубе се пофали и од говорницата на Собранието), доколку ја добие својата “завршница” на пролет, никако нема да биде заборавено кога ќе се пишуваат (а секако ќе се пишуваат!) новите обвиненија за Хаг.
Сетне, да не остане покусо и Бране фати да шпарта по жална Македонија (не оти некогаш престанал) и да бара предвремени избори, макар и во октомври (наместо редовните во ноември 2002). Само патем, додека бевме партиски сојузници, тој секој митинг го завршуваше со уверување дека предвремени избори ќе има, а јас секогаш, без исклучок, ќе му речев: “Чул ве Господ! Само, не ми се верува...”. И така би.
Сетне и “обвинетиот” Жерновски (личен на мајка!), агилниот в.д. лидер на ЛДП (Ристаки му, зафатен де со расчистување на снегот во Скопје и пошироко, де со крпењето на дупките по улиците на жалната ни престолнина, нема премногу време, а откако е во победоносната коалиција од лани, нема ни желба за партиски дејности) фати да кажува гачки за тоа што ќе направеле тие за искоренување на безработицата ли, корупцијата ли, незаконитоста ли... Ем сојузници на СДСМ, ем застапници (како и Ѕинго!) на третиот пат (!?). Да се крсти човек с’с леву руку!
Е па, да не останеме подолу ни ние (од Лигата за демократија), јас добив партиска задача да им се вратам на колумните и да го правам преку нив она што застапниците на Првиот и Вториот (авто)пат го прават преку митинзи и трибини. Речено - сторено! Само, ние (од Лигата за демократија) не би биле тоа што сме кога би го правеле она што го прават другите, а особено не кога тоа би го правеле како другите. Тие сите запнале: “Гласајте, та гласајте за нас!” Ние (од Лигата за демократија) сериозно расмислуваме да запнеме и да викнеме на сиот глас: “Не гласајте за нас!”. Од најмалу две разумни причини: прво, ако нî изгласаат, во земјичкава нема да има достатно затворски простор за сите досегашни (зло)управувачи на жална Македонија; и второ (со оглед на основниот етнички белег на Македонецот), може да се случи народот за инает да гласа спротивно од нашата предизборна порака и да нî избере токму нас.
Ова, патем речено, не ни е пуста желба. За неа има и емпириска подлога. Ако сме единствениот народ на светов и веков што до независност се добрал несакајќи, без да испука еден единствен куршум, зошто ние (од Лигата за демократија) да не бидеме единствената партија на светов и веков што на власт дошла повикувајќи го народот да не гласа за неа.
Впрочем, ако станаа власт овие што сега изигруваат управувачи, зошто да не може власт да бидеме и ние. По нив, власт во оваа земја може да биде апсолутно секој. А ние, барем како што, од почетокот на нашата појава на политичката сцена до ден-денес тврдеа и тврдат македонските левичарски настроени медиуми (а други, за жал, не гледам) сме далеку “поелитни” од нив, иако нî нема (и нема да нî има) на нивните балови. Во духот на слоганот: МАКЕДОНИЈА - И СЕ Е МОЖНО! Или тоа беше за пивото? Нејсе, “Скопско” и така е најдоброто од Македонија!
Ѓорѓи Марјановиќ
No comments:
Post a Comment