ЛУСТРАЦИЈА

Лустрација е латински термин преземен од религијата (lustratio): “прочистување од гревови преку жртва”. Како политолошки термин лустрацијата ја презедоа, пред сî, посткомунистичките држави со значење: “отстранување на противниците на демократијата од јавните функции”. Во повеќето од нив лустрацијата спонтано се сврте против комунистичките партии: народот ги напаѓаше нивните седишта, фактички или правно (со закони) им го одземаше имотот. Најдалеку отиде поранешната Чехословачка, која ја забрани Комунистичката партија.
Во Македонија никогаш не се случи ништо слично. Стариот СКМ само се преименува во Социјалдемократски сојуз, си ги задржа имотите на стариот добар СКМ и продолжи да владее со земјата. Оттаму е сосема јасно дека идејата за озаконување на лустрацијата нема и не може да има приврзаници во Македонија. Во меѓувреме, меѓутоа, СДСМ ги загуби изборите така што на местото на криптокомунистите дојдоа декларирани антикомунисти. Што ќе рече, полоши од комунистите. И тие, во текот на своето четиригодишно владеење, í направија голема штета на Македонија. Појавата на идејата за озаконување на лустрацијата очигледно има за цел “прочистување” на политичката сцена од овие елементи.
Инаку, дури човек во принцип и да се согласи со оваа идеја, со тоа што би ја проширил врз сите што ја злоупотребиле власта не само од антидемократски, туку и од сосема прозаични, егоистични побуди (богатење, работење во интерес на некоја друга држава итн. итн.), останува отворено прашањето како тоа да се изведе.
Се разбира, за оживотворувањето на оваа идеја би било потребно донесување закон. Да се стори тоа, а таа идна практика да не трпи приговори од гледна точка на начелата на правната држава, е да се измени и дополни Кривичниот законик со проширување на регистарот на казнените санкции во сообразност со еден стар, прастар принцип запишан во Библијата: per quod quis peccat, per idem punitur (во македонскиот превод на Светото писмо: “со што некој згрешил, со тоа накажан да биде”). Идејата е кристално јасна: да речеме, ако некој ја злоупотребил својата позиција за да ги фалсификува изборите, ќе му се одземе за определено време активното и пасивното избирачко право.
Сепак, не случајно озаконувањето на оваа идеја се судира со едно чудо проблеми токму од гледна точка на постулатите на правната држава. Еве, дури и да се состави список од “гревови” што ќе паднат под удар на лустрацијата, дури и тој список да се озакони, неговата примена ќе биде можна само за в иднина. Од простата причина што законите во една правна држава немаат и не смеат да имаат ретроактивно дејство (не можат да се однесуваат на ситуации што постоеле пред нивното стапување во сила). Тоа ќе биде пречка и за примената на новите санкции што би ги предвидел законот за лустрација. Ни тие не смеат да имаат ретроактивно дејство, зашто секој од евентуално осудените на нив би можел да поднесе барање пред Уставниот суд и да каже: “Кога го правев јас тоа што го правев, а за што денес ми се суди, во законодавството на оваа земја не постоеше таква казнена санкција. Кој знае, да ја имаше јас можеби немаше да се однесувам така.” И воопшто не се сомневам дека Уставниот суд ќе мора да го прифати овој резон.
Затоа, според мене, многу подобра идеја е, наместо некаковси Закон за лустрација, што го нема ниту една земја на цивилизирана Европа (па тоа би требало да биде ориентир и за нашиот законодавец да не се впушта во експерименти што многу лесно може да паднат пред Судот за човекови права во Стразбур), да се држиме цврсто за начелата на правната држава и во кривична судска постапка да најдеме одговор за тоа дали некој властодржец со своето поведение го прекршил Кривичниот закон. Ако го прекршил, а кривичното дело сî уште не е застарено, би требало да одговара за него според законот што бил во сила во времето кога го кршел тој закон.
Од друга страна, во законите што го регулираат пристапот кон јавните функции секогаш може да се внесе “правна последица на осудата” што осудениот за определено кривично дело или на казна со определена тежина ќе го исклучи од вршењето на таа функција. Досега нашиот законодавец овие “правни последици на осудата” формално не ги сметаше ни за казни ниту пак за кривични санкции воопшто (тие настапуваат по силата на законот во кој се внесени), па против нив никој (досега!) не можеше успешно да се повикува на забраната на ретроактивно дејство.
За жал, јас не сум кој знае колку убеден дека во оваа земја има сериозно расположение за практицирање на правната држава. Еве земете го за пример новостариот мандатар, г. Бранко Црвенковски. Тој е пред сî наследник на старите добри комунисти и тоа не го крие ниту пак може да го сокрие. Залудно му е што старите комунисти со потсмешливо презрение ги нарекува “комуњари”. Сî додека газдува со нивниот имот, тој е de facto и de jure наследник на “комуњарите”. Нема, значи, да мрдне со прст за да ги повреди своите “претци”, зашто е свесен (и тој и неговите) дека тоа може да се сврти и против него.
Мене секогаш ме раководело едно важно начело (запишано и во Светото писмо, иако јас тоа многу, многу доцна го дознав): “Немој на друг да му го правиш она што не сакаш друг тебе да ти го прави!” Тоа е сосема добар почеток на правната држава односно владеењето на правото. Затоа, на сите оние што би сакале да видат во Македонија закон за лустрација, што би ги поткачил до неодамна мошне осилените вмровчиња, би им препорачал тоа да го заборават. Веќе и самата дебата околу тоа прашање е отворање на Пандорината кутија. Доволна ни е поединечна кривична одговорност. Но, новата власт треба да биде подготвена да пристапи кон неа, жртвувајќи понекогаш и некој од своите што се огрешил против кривичните закони. Само така СДСМ ќе се прочисти од гревовите, а жртвата нема да биде премногу болна. Сî друго е политички мотивиран реваншизам на победникот врз победениот.
Од друга страна, г. Црвенковски преговара околу учеството на Али Ахмети (и неговите) во владата и тоа е втората фактичка пречка за оживотворување на лустрацијата. Прво, над главата на самиот Али Ахмети мошне сериозно виси Дамокловиот меч на Хашкиот трибунал: ако на Милошевиќ му се суди за воени злосторства од војните на територијата на поранешна Југославија, Али Ахмети има исто толку шанси да се најде пред тој Трибунал за слични злосторства на територијата на Македонија, во врска со војната од 2001 година. Не гледам како би можел да се изнајде начин тој да се спаси од таа одговорност.
Понатаму, деновиве читаме изводи од швајцарски весници дека г. Ахмети прима пензија од швајцарските здравствено-осигурителни заводи со дијагноза “параноидна шизофренија”. Притоа се можни два исхода (зашто во пишувањето на швајцарските весници, кога е во прашање нивниот интерес, тешко може да не се верува): или дијагнозата е точна или не е, што ќе рече човеков ги измамил здравствено-осигурителните заводи.
И под едната и под другата хипотеза г. Црвенковски треба да се огради од учеството на овој човек во власта во каква и да е форма. Ако е здрав, а примал пензија, тој е измамник (најопшто кривично дело за ова е “измама”, чл. 148 швКз), а за измамници никако не може да има место во власта на “За Македонија заедно”. Ако пак прикаската не е лага, ако Али Ахмети навистина страда од параноидна шизофренија, тогаш тој верно не е измамник, но затоа е личност што треба да се лекува, а не да учествува во власта.
Ако е вистинита последнава хипотеза не би било чудо да се замислиме и над Охридскиот договор. За него, како што е општо познато се избори токму Али Ахмети. Ако човекот е шизофрена личност, шизофрени се и мотивите за неговата борба, па Охридскиот договор како одговор на војната водена од една болна личност во Европа не би можел да опстане. Верно, јас не се сомневам дека во Македонија ќе опстане. Како што не се сомневам дека г. Црвенковски на првиот чекор по враќањето на власт ќе си го погази предизборното ветување и ќе најде начин да се здружи со Али Ахмети.
Ако лустрација значи прочистување преку жртва, би било сосема добар почеток г. Црвенковски првин да го жртвува Али Ахмети и неговите. Ако тоа не го направи, заборавете на прикаската за лустрација. Како можете да очекувате човек што и самиот ја злоупотребува својата позиција да биде подготвен да истерува правда кај другите.

No comments: