ОД ЛОШО ПОЛОШО

За време на владеењето на СДСМ чув еден згоден виц на кој од с$ срце му се насмеав без воопшто да помислам дека тоа не е само каламбур, туку порака со мошне горчлива содржина. Вицот е, всушност, разговор помеѓу песимистот и оптимистот за “општествено-политичките, економските и социјалните” состојби во Македонија од тоа време. Песимистот не би бил тоа што името му кажува дека е кога не би гледал црно на с$ околу себе. Тој му вели на оптимистот:
- Лошо е, та полошо не може да биде!
А овој пак, сообразно со својата природа, му одговара:
- Може, може!
За жал, никој не помисли на пораката од оваа кратка прикаска кога пред четири години колективно решивме да го казниме тој СДСМ за лошото владеење. Сега само гледаме колку “оптимистот” бил во право: дека можело да биде и полошо, дека бидна далеку, далеку полошо.
Деновиве се сетив на вицов и, наедно, на една моја колумна од времето на СДСМ, во која (со полно право, впрочем) се поплакував на една доста раширена, а законски забранета појава: возачите што си ги загубиле регистарските таблички или некој им ги украл или тие на кој знае каков начин им исчезнале, самите, врз бело картонче или врз што и да е, да си направат таблички и, што е уште пострашно, да возат со нив пред лицето на власта (сообраќајните и други полицајци).
Зошто велам дека “со полно право” протестирав против оваа појава. Па, според една одлука на Врховниот суд на Македонија, регистарските таблички се јавна исправа (исправа што ја издава со закон определен орган и никој друг) и служат за идентификација на возилото во сообраќајот. Во еден пресуден случај Врховниот суд нашол дека едикојси, употребувајќи регистарски таблички од друго возило врз возилото на кое тие не му припаѓале, сторил кривично дело фалсификување исправа (чл. 378 ст. 3 КЗ). Казната за ова дело не е нималу беззначителна: затвор од три месеци до пет години.
Пеки! ќе речете. Ако си пишал така, така секако и е. И ти го знаеш законот и Врховниот суд го знае. Што има тука да те буни? И добро е што си пишал дека тоа е лошо. Лошо е! Арно ама, нели од лошото имало полошо: се изборивме “за промени” и добивме гарнитура на власт што толерира на сите страни возење без регистарски таблички. Загледајте се во возилата што ве пресретнуваат или возат покрај вас, пред вас или зад вас, ќе видите (иако можеби малу претерувам): на секои десет едно е без таблички. Видов дури такси возило без регистарски таблички. Она што е уште полошо, не еднаш чув како возилата без таблички ги спомнуваат и на вестите: возилото без таблички било од обезбедувањето на тој и тој министер; за време на последните избори биле забележани дури повеќе возила без таблички на “најпатриотската” од сите патриотски партии. Итн. итн.
Полошото (од вицот!) е дека дојде време кога воопшто не ви требаат таблички. А бидејќи токму возилата без таблички се сметаат за возила на власта (или на партијата на власт), ако сакате да ги импресионирате своите комшии, симнете ги табличките и полицајците војнички ќе ве поздравуваат (а комшиите ќе ви се плашат). Ако решите да извршите грабеж на банка, немојте никако да заборавите да ги симнете табличките. Ем никој нема да може да ви го идентификува возилото, а преку него, евентуално, ни вас, туку, што е уште поубаво: утре во сите весници и на сите радио и телевизиски станици ќе биде објавено дека грабежот го извршил некој од власта или близок со неа (што, патем речено, денес и не кој знае колку неверојатна вест во жална Македонија). Така вината ќе падне далеку, далеку од вас. Ова, се разбира, е стилистичко претерување. За жал, не премногу далеку од вистината.
Еве прочитавме, конечно PDSh била регистрирана. Пеки! Некој ќе рече: Е, браво бе Марјановиќу, ти успеа! Душата му ја изеде на пусти Џафери, здравјето му го наруши со тоа повторување дека партијата не му била регистрирана, па, виде не виде човекот, ја регистрира, за да се куртули од тебе.
Да, се разбира, лошо беше тоа што таа партија вирееше (и вршеше власт!) толку долго без да биде регистрирана. Но, ако не ме лаже умов, нејзината регистрација беше оспорена пред Уставниот суд на Македонија. И тој најде дека Засипнатиот, доколку сака да биде лидер на една легитимна партија, што ќе биде регистрирана, м о р а да изврши определени измени во статутот ли, програмата ли, во симболите на партијата ли.
Е, сега полошото од мојата прикаска за песимистот и оптимистот е во тоа што PDSh (која никогаш не ја признаваше, а и натаму не ја признава македонската држава, освен како згоден инструмент за остварување на великоалбанската идеја) беше регистрирана без да ги изврши измените што ги бараше Уставниот суд на земјава.
Што значи тоа? Па тоа значи дека сега ни судот за регистрација на партиите не го шајкари Уставниот суд на Македонија. Како инаку да се разбере тоа дека можел да ја проголта регистрацијата без бараните измени? А пак, и зошто да го шајкари? Уставниот суд на Македонија е творба на “комуњарите” (на Бране & комп.), а ова е време на “промени”, нели. Тоа што промените се состојат во промена на книшките и не е многу важно.
Знам една госпоѓа судија, што, на времето, како “комуњарски” кадар, без око да # трепне ослободи од обвинение за клевета еден Србин (што, патем речено, се правеше Болгарин) затоа што за еден чесен човек (од Лигата за демократија!) напиша дека бил “македонски Менгеле”. Денес истата таа дама (откако си ја смени партиската книшка) е нешто повисоко од судија. Погодете што е! Ете тоа ви е, мили мои, полошото од вицот.
А зошто го пишувам сево ова кога сум убеден дека од тоа нема фајда? Зборувал не зборувал, пишувал не пишувал, работите си одат од лошо на полошо. А да ви кажам: “Е, па, гласајте барем еднаш за Лигата за демократија, односно за кандидатската листа со ознака ГАМ (Граѓанска алијанса на Македонија)!” немам срце. Та, зарем еднаш сум ви го кажал тоа, и вам и на ТВ гледателите и на радио слушателите. Големата фајда ќе ми биде тоа што, кога ќе ме сретнете, полуусрамено, полупокајнички ќе речете: “Арно зборувавте вие, професоре, само кој да слуша!” Не грижете се! Има кој да слуша! Само, како што вели народот: “На будалите отпосле им текнува!” А и предметот што го предава Марјановиќ е тежок: кривично право ли е, демократија ли е, сеедно. Но, може да се научи. Бидете сигурни! Без оглед на тоа колку пати ќе се паѓа на испитот. Имам впечаток (или, подобро речено, се надевам) дека во септември македонскиот народ ќе го положи тој тешок испит. Доста учеше овие дванаесет години.
Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: