МУНДИАЛ

Не сум од оние родени “to switch the light” (впрочем, да не си арчам зборови: ги видовме на дело и оние што си мислат дека се од тој сој). И затоа не сакам никому да му солам памет, а најмалу тоа да го правам преку колумниве, што се лектира за неколку минути. Ако сепак ги пишувам тоа го правам зашто ми изгледаат згоден начин да се присетам на она што било, да го поврзам (понекогаш и сосема “откачено”) за она што ни се случува денес, просто - да оставам некаква трага зад себе. А, инаку, кој знае што сî може да излезе од тоа! А излегувало! Во тоа мора да ми верувате. Излегувало и од најпрозаични работи.
Така, на пример, знам за една благородна дама, маркизата де Севиње, што во времето на Луј XIV везден шетала по салоните на Версај, гледала и слушала сî што можело да се види и да се чуе на дворот, а потем, во вид на писма í го раскажувала тоа на својата ќерка во внатрешноста. Така, и без да знае, и без да сака, не пишувајќи ништо друго освен писма, си направила споменик до небото: нејзините писма денес се сметаат за класично литературно дело на 17 век, а таа - еден од најголемите стилисти на Франција. Ајде де!
Слична судбина (на сосема поинаков начин) го стрефила и еден нејзин современик - кутриот војвода де Сен-Симон, кој (како мене) страдал од несоница, па, за да си го пополни некако времето, за луѓето и настаните во Версај запишувал во својот дневник сî што ќе видел лично или ќе чуел од други. И - види чудо! - несоницата се исплатила повеќе од длабок, освежувачки сон: во Франција го сметаат за голем писател, претходник на Балзак и Пруст.
Кој знае дали нема да се случи некој од денешниве колумнисти нашите внуци да го сметаат за значаен сведок на ова прозаично време. Прозаично, та попрозаично да не може да биде. Да го земеме, на пример, Мундиалов!
Кога на него играа Турците, во Турција не се работеше (иако беше делник). Не би се изненадил, деновиве, поради Мундиалот да се одложи почетокот на некоја војна, терористите да одложат за попригодни времиња некој спектакуларен напад од типот на оној од 11 септември. Што ли уште нема да се случи? На пример, вашиот колумнист да го батали Пруст и да седне да гледа фудбал?
“Да види човек, да не веруе”! А сепак се случува токму така: фатив да гледам фудбал. Она што е најчудно - не оти го сакам и не оти ме интересира. Господ ми е сведок дека никогаш не успеав да се “запалам” за втората најважна работа на светот. Пред многу многу години, уште кога бев гимназијалец, еден добар другар (Пецо Калајџиев) ми рече: “Во недела те водам на Вардар! Картата овој пат ја купувам јас, а ти после ќе си ја купуваш цел век и ќе ме пцуеш што сум те заразил!”
И така за прв (и досега) единствен пат во животот појдов да гледам фудбал. И - лудо се забавував! Но, не со играта, туку гледајќи ги луѓето околу мене. Пристојни, би рекол кротки домаќини, туку наеднаш ќе збеснеа, ќе скокнеа и ќе фатеа да врескаат, да корнат коси, да пцујат со глаголи и именки. Ми се чинеше - да им ја запалил некој куќата немаше толку жолчно да реагираат. Од она што се случуваше на теренот ниту видов нешто, ниту ме интересираше.
И сега, речиси редовно седам пред телевизорот и го гледам Мундиалот во еден “микс” што за нас го измисли Филип, мојот второроден син: гледаме слика на МРТВ-ата и го слушаме Јанко од “стотројка” и “се цепиме коа шифонски гаќи” (така се велеше во мое време за смеење на големо). Се смееме до солзи. Не оти пак гледам нешто од она што се случува на теренот. Гледам само за да имам “точка на врзување” со она што го меле ли, меле Јанко.
Каква папазијанија од пренос, мила моја мајко! На моменти, ѓоа ќе се изнервира човекот и туку ќе фати да ги “чести” играчите де со “сељаци” (па ќе удри едно извинување на селаните), де со “педери” (па ред извинувања до гејовите - сака да каже: ништо лично, ве молам, вие само терајте по свое), де со “говеда” (со задолжително извинување до говедата: “Знаете, драги говеда, така просто се вели за да се изрази негодување спрема некого”). Сетне, изморен од тие силни извинувања, а веројатно за да не мора и натаму да се извинува, ќе фати играчите да ги “дарува” со имиња на животни што ги нема во жална Македонија: де “муфлони едни!”, де “бизони едни!”, де со нешто што никого не може да го навреди: “море, жив труп еден!”, “види, види - жив камен!”, “жива тапа, жими мајка”, па ќе се заборави и ќе им се врати на говедата (овој пат без извинување, зашто веќе им се беше извинил, нели). А кога ќе почувствува дека сето тоа не е доволно навредливо за кутрите мали хрчки што безуспешно се мотаат по теренот, резигнирано ќе вресне: “Свињетина една!”
Што с$ нема да измеша тој пусти Јанко за деведесет минути “пренос”. Море бурек (што Ескимите го изговарале, замислете: “боурек”, кај ли го најде тоа, жити с$), море пица (телефон не му кревал на оној негов пријател за кого ќе дознаел дека јаде пица), море тавче гравче со лаана (утре било петок, па тој постел, рисјанинот), море Ле Пен бил крив за бедната игра на Французите: да победел немало половина тим да им бидат “ќумбиња” (згора на с$ вештачки русокоси!)...
Дури и мене, што, инаку, ужасно ме нервира секое погрешно кажано “така да” (наместо “така што”), не ми пречи неговиот јазички кач-булумач (“постмодернистички сленг” би било претерано, иако човеков е жив постмодернист без тоа воопшто да го знае). Не ми пречат,впрочем, ни неговите сочни глаголи и именки. Ако е бал, да е бал!
И си мислам, па си мислам, овој Јанко (да ми прости, презимето не му го знам) треба да фати да ни ги пренесува дебатите во Собранието. Ако од едно прозаично, најчесто безуспешно, трчање натаму-наваму по топката може да направи ваква комедија (да рипа човек од место, да се држи за стомак од смеење, па и солзи да му потпотечат), што с$ би можел човеков да ни изнакаже за овие нашите политичари и народни претставници. Ете оваа идеја (бидејќи, и покрај оставката во Лигата за демократија, с$ уште мислам и политички) ми дојде така на памет. Ако и најбаналните нешта со Јанко стануваат забава, нашето сиво економско, политичко и безбедносно дереџе секако полесно би го поднесувале претставено во Јанковото откачено руво: би му се смееле на она што сега само н$ лути.
За сега, толку од мене! Мое беше да сугерирам. А “стотројка” нека размисли: начин за брилјантен come back. Зашто ние постарите ова радио на времето (пред Јанко, пред Коки Шурбе, а во последно време и Андреј, Штап и Сако) го доживувавме малу поинаку одошто ваква незадолжителна зае... (жена ми нема да ми дозволи да го довршам зборов, а жена мора да се слуша).

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: