АПЕЛ

Не би рекол дека како земја сме “откачени” (во смислата што на овој збор денес му ја придаваат младите), но дека сме откачен народ е повеќе од сигурно. Особено ни се откачени новинарите.
Зошто го велам ова? Па, може ли некој денес и овдека да се сети колку оставки имало по Европа (кое државни кое партиски), па таму никој жив ниту не помислил, а камоли да кажал, дека таа земја или таа партија, чијшто претседател поднел оставка, дефинитивно се распаѓа.
Бароницата Тачер, на пример (уште пред да стане бароница, кога сите ја викаа “Железната леди”), си поднесе оставка само затоа што процени дека е добро партијата на следните избори да оди со нов човек. И така, најобичниот од сите обични луѓе на светот (г. Мејџер) доби шанса да стане лидер на ториевците и премиер на Обединетото кралство.
Со Норвешка доживеавме уште побизарна оставка. Таму владата на власт, соочена со далеку далеку поситни проблеми од нашава, на едно седум-осум месеци пред истекот на мандатот, си поднесе оставка и # ја отстапи власта на опозицијата. Зошто? Нормално, за да ги добие следните избори. Па така и се случи!
Има значи, многу мотиви поради кои шефот на една држава или на една партија ќе реши да си даде оставка. Новинарите тогаш ги вагаат мотивите и контрамотивите и повеќе или помалу успешно проценуваат какви ќе бидат ефектите од оставката. Освен во жална Македонија, кај што ни со пиштол в рака некого не можете да го натерате да си поднесе оставка!
Му пораснал “октоподот” на премиерот, направил фундаментално погрешни проценки (се пофалил дека противникот ќе го згази како шлепер жаба, а се случило обратното), катастрофално ги загубил изборите, или - друг пример - премиерот секојдневно открива по некој арамија во својата сопствена влада, или јавно признава дека си ги прислушкувал политичките противници, а понекогаш дури и своите соработници (што е рамно на “македонски Вотергејт”) или ја доведува земјата на работ од пропаст, распад, војна, катастрофа - тоа во жална Македонија никогаш не е причина за оставка. Бог да чува и да брани!
А пак “жална Македонија” велам, и доста често повторувам, зашто врие од проблеми, од апаши, од несреќи, а нашето слободно, независно новинарство, наместо да го следи тоа (и - што е поважно - да се труди да го поправи) упорно се обидува да изнаоѓа проблеми таму каде што ги нема. Замислете - во Лигата за демократија.
Мојата оставка им даде повод на некои новинарски политички некрофили (желни да му пцовиса козата на комшијата) веднаш да фатат да плетат приказна за тоа дека партијата се распаѓала, дека се појавиле фракции итн. итн. И, наместо тие исти (вистинољубиви!?) новинари да појдат до Алаѓозовски и да го распрашаат како стојат работите, тие повеќе ги сакаат вестите на “Радио Милева” (колку да не речам: рекла-кажала).
Еве, затоа, ќе пренесам овдека еден текст, пишуван за последниот број на “Демократски форум”, гласилото на Лигата за демократија, што од некои (се надевам, технички) причини не се појави во јули. Колку да видат некрофилите дека нема ништо од распадот на Лигата! Во сево ова има само една мала разлика: таму текстот требаше да биде објавен под наслов “Апел на екс-претседателот”, овдека е сосема доволно и само “Апел”:
Има некои работи што се случуваат по мојата оставка што воопшто не ми се допаѓаат. Поточно речено - сериозно ме загрижуваат. Некои луѓе (особено во мое Куманово) моето откажување од лидерството како да го сфатија и премногу трагично. Небаре, со заминувањето на Марјановиќ нема што веќе да бараат во Лигата. Слушам овие ќе пошле кај овега, оние кај онега. Некои и отидоа. Ни први ни последни. Тоа е многу жална работа. Не затоа што губиме некои вредни луѓе, туку затоа што тие, со тој чин, покажуваат колку малу # биле приврзани на Лигата и на нејзините идеи, а колку многу (или: единствено) на поранешниот лидер.
Се разбира, лојалноста спрема човекот што ја формирал партијата е убава работа. Но, белки тоа не е лојалност спрема тој ист човек само додека бил (и само затоа што бил) лидер. Ако се знае дека јас и натаму останувам во Лигата, луѓето што ми се навистина лојални ќе треба да бидат лојални и откако не сум веќе на нејзино чело.
Ми се чини дури дека сега е време уште поревносно да ја искажат својата лојалност. Зашто, ако овие неколку осамени бегства од Лигата станат правило, постои опасност неа и сосема да ја снема. А тоа ќе им даде право на сите оние зли јазици што зборуваа (и што с$ уште зборуваат) дека Лигата за демократија - тоа е Марјановиќ. Што е уште полошо тоа ќе биде тажно сведоштво дека јас, всушност, ништо асолно и не сум направил на македонската политичка сцена.
Тоа главно беа мотивите што ме натераа на сите членови и симпатизери да им порачам да останат во Лигата. Да им порачам да се растрчаат токму во ова предизборие и да го зголемат бројот на членовите. Сега му е мајката да ги видиме младите и нивната способност да се самоорганизираат. Да видиме кој колку членови, кој колку симпатизери, кој колку гласови ќе ни донесе.
И уште нешто! На последната страница од нашиот “Демократски форум” упорно ја објавуваме нашата жиро-сметка. Ѓоа на барање од членството! За жал ја објавувавме (и ја објавуваме) за дискретно да ве поттикнеме да уплатите некој прилог на сметка на партијата. Зашто една партија без пари не може да вирее.
Треба ли вака јавно да се поплачеме дека Лигата има долгови (а ние сме луѓе што си ги плаќаат сметките!). Дека телефоните ни се пред исклучување. Дека ВЕБ-сајтот с$ уште не ни е приклучен на ИНТЕРНЕТ и покрај сиот труд што беше вложен тој да се изгради. Што ќе биде, патем речено, фантастична можност да досегнеме и до нашинците во дијаспората, зашто преку веб-сајтот ќе може да се следи и “Демократски форум”.
Елем, од с$ срце апелирам (друго не ми останува!): не напуштајте ја Лигата. Напротив, проширете ја! Помогнете ја материјално! Да не ни се смее народот дека сме биле “партија на циции”. Помогнете му на младиот в.д. лидер да го направи чудото што не ми успеа мене: да ја направи Лигата за демократија парламентарна партија.
Интуицијата ми вели дека Алаѓозовски има добри шанси тоа успешно да го изведе. Не заборавете дека е “магистер по теорија на литературата”, а дека државичкава ни ја води еден само дипломиран студент по споредбена литература). Дека Македонија е земја на млади, а не на стари лидери.

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: