Чудо невидено! Кога излезе г. Столе Попов од “тајфата пингвини” (негов израз за ДА!), кога побргу доживеа толкав морален препород за да може да му чита лекции на “титовиот голем скоевец”, алиас барон фон Минхаузен (негови епитети за лидерот на ДА).
Право говорејќи, Циле е меѓу последните луѓе од македонската политичка сцена когошто би имал желба да го бранам. Ова мое јавување има сосема друга смисла. Дури не ни таа да му ја преповторам на г. Попов народната “Со кого си таков си!” Влегувањето на овој џентлмен во ДА беше негов слободен избор: да беше поинаков од својот довчерашен водач, немаше ни да се најде во “тајфата пингвини”. Нема, понатаму, да го анализирам ни огромниот број плуканки што тој му ги упати на довчерашниот пријател. И тоа зборува за него.
Мојот интерес, како и секогаш, е свртен кон функционирањето на правната држава во Македонија. А г. Столе Попов, очигледно и не сакајќи, призна дека може да стори нешто во насоката што ја посакуваме јас и мојата партија.
Многумина читатели ќе се потсетат дека на времето Извршниот одбор на Лигата за демократија беше донел одлука да поднесе кривична пријава против д-р Васил Тупурковски за кривично дело даночно затајување (чл. 279 ст. 2 КЗ). Да потсетам! Во врска со признавањето на Република Кина (Тајван) д-р Тупурковски, претседател на Демократската алтернатива и (тогашен) Директор на агенцијата за развој, изјави за средствата за јавно информирање дека има добиено провизија од споменатата држава, дека тој тоа не го крие, но дека, наводно, тие средства ќе ги употребел за изградба на зграда на Македонската филхармонија и спортска сала.
Тогаш во јавноста се уште не беше објавено колкава е сумата на провизијата. Фактот дека се работело за средатва со кои може да се изградат споменатите објекти зборуваше за нивната големина. Подоцна во јавноста фати да се врти износот од 40.000.000 долари (или марки, сеедно, иако воопшто не е сеедно!). Уште помалу се знаеше дали д-р Тупурковски добиениот подарок (провизијата правно не може поинаку да се оквалификува освен како личен имотен подарок добиен поради некаква добро свршена работа) го пријавил пред даночните органи и дали за него í платил данок на државата Македонија. Подоцна се покажа дека ни тоа не било случај.
Поради сево ова, заколната да војува за принципите на правната (што ќе рече: за чесна) држава во Македонија, Лигата за демократија го повика Јавниот обвинител да наложи извиди за утврдување на овие факти, па, доколку се покаже дека д-р Васил Тупурковски “заборавил” на своите даночни обврски, да покрене против него обвинение во смисла на чл. 279 ст. 2 КЗ. Евентуалното непознавање на законската обврска за пријавување на провизијата пред даночните органи никако не може да го ослободи д-р Тупурковски, кој не е лаик во правото, туку номинално - професор на Правниот факултет во Скопје.
Јавниот обвинител до ден-денес (како и секогаш, впрочем, кога се работело за “крупни ѕверки”) не си ја сврши работата. Тоа тој се уште може да го стори, зашто делото не е застарено, а еве, веќе и од редовите на разнебитената ДА почнаа да се јавуваат луѓе што знаат за таа фамозна провизија. За неа (ева!) единствениот што ништо не знае е Јавниот обвинител (понекогаш добивам впечаток дека овој функционер како токму да го плаќаат за да не знае или - да се прави дека не знае ништо). Доколку, за чудо или со помош на чудото, се поведе нормална кривична постапка, сите тие што знаат нешто ќе мора и да сведочат за она што го знаат (зашто сведочењето е граѓанска должност).
Еден од тие што знаат подробности за овој резил очигледно е и г. Столе Попов. И во тоа знаење тој за релативно кусо време доживеал неверојатен морален препород. Имено, кога Лигата за демократија му ја упати на Јавниот обвинител (и преку средствата за јавно информирање!) својата кривична пријава, г. Столе Попов, на прашање од репортерот на ТВ А1 што мисли за аферата со провизијата, без око да му трепне, одговори (го видов тоа со свои очи, па би можел да се заколнам и врз Библијата!): “Провизијата е проблем на професор Марјановиќ!” Аферим бе Столе ефенди! Се чудев и (по кумановски) се крстев “с’с леву руку” како можат тие валкани пари земени од друг да бидат мој проблем. Нејсе, “пингвинската тајфа” (ДА + Столе Попов) - и се е можно!
Сега, откако од “длабоко принципелни причини” се испокара со Циле (и се изпоизнапцу на сметка на својот довчерашен пријател), г. Столе Попов, за аферата со провизијата (своерачно) вели: “Публиката, поточно народот (...) никако да ги слушне звуците на концертот во новото здание на Македонската филхармонија што така несебично им го вети од тајванската провизија.” Аферим бе Столе ефенди!
Што дознаваме од оваа една единствена реченица? Првин, дознаваме дека г. Попов знаел за Цилевата изјава од Штип и Кавадарци (за кое пишуваше и тогаш Цилевата НОВА МАКЕДОНИЈА, уредувана од сегашниот министер за надворешни работи г. Слободан Чашуле). А, ако знаел тој, за неа требало за знае или да дознае и Јавниот обвинител. Од реченицава излегува натаму дека г. Попов знаел и за провизијата на Циле, па оттаму аферата со провизијата никако не можела да биде “проблем на професор Марјановиќ”. Таа провизија беше (и останува!) тежок камен околу вратот на Циле и ДА. Сегашнава евтина иронија на г. Попов не може да ја смали неговата морална одговорност. Што не седнал тогаш (мајчин син) да му напише “затворено писмо” на Јавниот обвинител и да каже што знае за аферата “Тајванска провизија”, наместо што сега преку УТРИНСКИ ВЕСНИК се резили пишувајќи му вакви “отворени писма” на својот некогашен пријател?
Реков и повторувам: аферата “Тајванска провизија” правно се уште не е затворена. Делото, според македонскиот Кривичен законик, се уште не е застарено. Циле не е веќе власт. Зошто Јавниот обвинител и натаму молчи и се прави недоветен за она што го знаат и врапчињата на гранките? Веројатно затоа што добро знае кој од оние што се уште се власт се “офајдил” од таа провизија, па, поради нив, не смее да го задева ни Цилета.
И сега, ајде што молчи јавниот обвинител некако уште може и да се разбере: него го именува владата и тој мора да молчи, ако не сака “доброволно” да му го препушти својот бизнис на некој друг. Но, зошто молчат нашите средства за јавно информирање никако не ми е јасно. Та, нели тие воопшто виреат од буричкање по валканиот веш (главно) на политичарите. Да се потсетиме, германските новинари си направија фантастичен имиџ буричкајќи во валканите сметки на ЦДУ/ЦСУ за некаквиси таму два милиони марки. А, без срам и перде, го чепнаа и човекот што ја обедини Германија - бундесканцеларот Хелмут Кол. И ја натераа и партијата и г. Кол да платат дебели пари за тоа што го погазиле законот. Нашиве “дични” новинари не ги интересира ни сума од (велат) 40 милиони долари, добиена и потрошена под мошне матни околности. Неверојатно! Дали е тоа затоа што на аферата “Тајванска провизија” укажа токму Лигата за демократија? Глупаво е да се помисли, а камоли да се каже вакво нешто, па сепак, верувале или не - не мислам дека ова е предалеку од вистината! Од својата појава на македонската политичка сцена Лигата за демократија главно се судира со одбојноста на масовните медиуми. Ако и не не плукаат, мудро си молчат кога е Лигата во прашање. А и кој да ја слуша таа мала партија (без пари)? А парите се најважни, нели? Или (да не верува човек) и на новинарите, како и на Јавниот обвинител, им е страв од оние што се власт, а за кои може да се претпостави дека се омрсиле од провизијата? Како и да е - молчењето не им служи на честа.
Ѓорѓи Марјановиќ
No comments:
Post a Comment