ОДГЛАСИ

Во последен момент, пред да ја однесам во редакцијата дискетата со мојот “Сомнеж” од минатиот понеделник, допишав еден краток пасус, нешто како резиме на текстот, што гласеше вака: “Сомнежот е, значи, основан и - разумен. А во англосаксонската кривична процедура разумно сомнение мора да се расветли од страна на независен суд. За доброто на сите тоа треба да се стори и кај нас. За да може без остаток да му се радуваме на резултатот од нашите “скандинавски” избори.”
Арно ама, допишаното остана во компјутерот, зашто расеаниот професор заборави тоа да го досними врз дискетата со колумната. И така таа излезе без таа значајна поента. Дента кога колумната беше објавена се уверивме во тоа колку е мала сличноста на нашиот Врховен суд со оние во англосаксонскиот свет и колку малу еволуирал тој во новоосвоената слобода. И така, сомнежот остана.
Инаку, сомнежот го “збогатуваа” и некои други, дополнителни сознанија. На пример, насекаде на светов прифаќањето на пропорционалниот систем (за кој, патем речено, Лигата за демократија се залага од своето основање во далечната 1990 година, додека на изборните победници им требаа 12 години за да се свестат дека токму тој најдобро им го обезбедува секој глас од сопствениот табор) доведува до големо партиско шаренило во парламентот. Нели е симптоматично што во новиот парламент се застапени само и единствено партиите кои (непосредно или посредно) учествуваа во потпишувањето на Охридскиот договор?
Се сеќавате ли на оној портпарол од победничката страна кога во нејзино име изјави: “За Ѕинго нема место во парламентот!” Иако г. Иванов не е ни меѓу последните луѓе што би сакал да ги видам во нашиот парламент, на човекот што го изрече овој аподиктичен суд изгледа јазикот му работеше побрзо од умот. И не помисли дека тоа може да се разбере како некој однапред да решил за кого има, а за кого нема место во новиот парламент. Таму има место само за оние што треба да го оживотворат Охридскиот договор?
Го слушам сношти на ТВ г. Ле Роа: меѓународната заедница никако не би си го ризикувала својот кредибилитет за да “помогне” во ваква една изборна измама. Во тоа главно верувам. Само, не знам зошто (или сосема добро знам зошто) постојано ми се врти во мислите сознанието (до кое дојдовме со педесетина години задоцнение) дека првите повоени избори во Италија биле наместени за да се оневозможи комунистите (како најголеми и најзаслужни борци против Мусолини) да дојдат на власт. Е, па сега, ако можеле да се наместат избори во многумилионска Италија, не верувам дека за меѓународните изборни “махери” би било особено тешко да направат нешто слично во земја што нема толку многу милиони гласачи.
Притоа, да се разбереме, пак не велам дека така сигурно било, велев и велам само дека постои сомнеж оти така можело да биде и тоа ми го расипува задоволството што куртуливме од “Хероите на улицата” . И сега, само затоа што јавно изразив сомнеж во полно неверојатни коинциденции во врска со изборите, почнаа критики од сите страни. Во комунизмот немавме право на сопствено мислење, различно од тоа на единствената, непогрешлива партија, во демократијата изгледа немаме право ни на сомнеж во сакросанктноста, безгрешноста на меѓународната заедница, иако од некои нејзини гестови (мудрото решение познато како FYROM, на пример) човек може да изведе мошне неповолен заклучок за паметта на нејзините водачи..
Во една пригода, за време на еден дипломатски ручек во Холидеј Ин, го запрашав г. Ле Роа што мисли за оваа паралела: и неговата земја за време на Втората Светска Војна беше принудена да потпише свој “Охридски договор” со Хитлер. На маршалот Петен по војната му се судеше како на предавник и ниеден правен акт што произлезе од неговото владеење не го преживеа ослободувањето. Г. Ле Роа “се извади” со едно општо место дека “не гледа никаква сличност” помеѓу понижена и осрамотена Франција и понижена и осрамотена Македонија. Па да, сличност нема зашто Македонија беше понижувана и срамотена не само од воскреснатите балисти туку и од меѓународната заедница, чијшто претставник е г. Ле Роа. Раководена од сопствените интереси.
Па ни оние што јавно се огласија против мојот сомнеж не се потрудија да дадат некакво разумно објаснување за фактите на кои укажував: како е можно 5-6 тони посебно скапа хартија да се претворат во макулатура (колумнистот Платнар би можел да си го напише овој збор на едно ливче и да си го повторува додека не го научи, зашто за него е јазички резил да каже и да напише “маклатура”. И нека не се обидува да се вади на тоа дека било печатна грешка: го има и во текстот и во насловот!) и притоа никој за тоа да не одговара. И зошто има различни приказни што биле тие 5-6 тона уништена хартија: пробни листови или печатна грешка по туѓа вина.
Некои провинцијални полуинтелигенти мотивот за мојот сомнеж веднаш го открија во изборниот неуспех на Лигата за демократија. Тие забораваат (а можеби и не знаат) дека таа мала, свилена партија, како што тие презрително ја нарекуваат, беше третиот потписник при создавањето на коалицијата “За Македонија заедно”. Да бевме заинтересирани за победа на изборите по секоја цена требаше само да си молчиме и да си гледаме сеир. Седејќи си таму каде што бевме од почетокот, сега секако ќе имавме барем 2-3 пратеници. Ние сме сепак малу поинакви. Држиме до нешто што се нарекува “принцип”. Не можевме да им бидеме (макар и посредно, преку СДСМ) сојузници на Џафери и Имери, кои пак беа соучесници во валканата работа на Ахмети (што Кривичниот законик на земјава ја квалифицира како велепредавство). И излеговме од тоа друштво.
Но, кому пак јас се трудам да му објаснам нешто? Иди објасни му на слепиот како изгледа белото! Иди објасни му на некој повторувач дека придавката “бесмртен” не се степенува (нема бесмртен, побесмртен, најбесмртен како што има глупав, поглупав, најглупав)!
Инаку, јас сум последниот човек на земјинава топка што било кое, па дури и најнесмасно, најнеписмено, најбезразборно пелтечење преку весници, потпишано со име и презиме, би го фрлил на ѓубриштето на заборавот. Напротив, ќе го прочитам и ќе си го зачувам раководен од една мошне утешна мисла, од едно мошне утешно чувство: “Фала ти Господи што и јас не сум ваков!”

No comments: