ОСТАВКА

Вие веќе чувте, прочитавте, а, и од мене лично дознавте, дека си дадов оставка и не сум веќе лидер на Лигата за демократија. Ако се има предвид значењето и влијанието на Лигата на македонската политичка сцена, ова и не е кој знае каква сензација, па ни јас не би требало да ве “давам” со оваа тема. За чудо, нашите неписмени новинари, што никогаш не пројавија ни најмал интерес за суштествените работи на Лигата (за нејзините идеи и заложби), одеднаш страшно се заинтригираа околу причините за оставката. Ова нездраво интересирање за пикантерии би го нарекол “некрофилија”: како однапред да очекуваат Лигата, по оставката на нејзиниот лидер, да се распадне. Некаков интерес за оваа банална оставка сепак постои: луѓе се јавуваат, ме запираат на улица или на концертите (според кои Македонија воопшто не е жална како на економски, политички и безбедносен план, туку напротив - раскошно богата земја) за да ми честитаат на гестот или за да ме укорат за него. Сметав, затоа, дека на јавноста сепак # должам одговор на прашањето зошто се случи тоа што се случи.
А за с$ што се случува има причина (што е од длабока, трајна природа) и повод (настан кој непосредно го предизвикува). Во мојот случај причината постои од првиот ден на формирањето на Лигата за демократија: не сум роден, ниту ми е желба, ниту пак ме бива за политика. Дури и на почетоците, Лигата не ја создавав за да # бидам лидер. Под рака ми е еден мој напис (објавен во “Демократски форум” бр. 12 од јуни 1993 година, стр. 6), каде што буквално стои:
“Архивата на ЛД започнува со една копија на ‘Политичката платформа’ (датирана на 21 ноември 1989) врз која, под бр. 2, е потпишан авторот на овие редови. На местото бр. 1, резервирано за лидерот на партијата, требаше да стои потписот на еден македонски филозоф, естетичар и општественик, чиишто идеи многу пати беа инспирација за нашата партија, но кој формално никогаш не ни пристапи.”
Така, на еден чуден начин, тој првобитен партиски документ сведочи за моето несакање да стојам на чело на партијата што самиот ја создадов. Притоа имаше уште една “ситница”: бев наполно свесен за тоа дека партија што во Македонија ќе ја води човек со српско презиме нема големи перспективи. Тоа дека сум добар Македонец не е важно, “етнобелегот” (што јавно ми го префрли еден стар - лош! - поет и ѓоа-политичар) ќе # удри печат на партијата. Дека ова не беше само моја параноична опсесија зборува една незаборавна случка од пред многу години.
Некаде пред првите парламентарни избори зборував на некаква трибина во Домот на културата во Прилеп. Тогаш немаше волку големи партии како денес, па трибините на Лигата, како нова, прва граѓанска партија, привлекуваа голем број луѓе: кое членови и симпатизери, кое љубопитни сеирџии, кое оние што доаѓаат по службена должност. По трибината (на плоштадот пред Домот) ми пристапи едно човече и фати да ми “удира четки” за тоа колку ме ценел, колку ме сакале во неговото семејство, како си фаќале место пред телевизорот кога јас ќе сум зборувал итн. итн. Да му се смачи на човека. И сето тоа изговорено во еден здив, без да можам да го запрам. Кога конечно ми се виде дека е моментот за тоа (човеков како да се беше подизморил од таа тирада), заустив да кажам и јас нешто, а тој, не дозволувајќи ми дури ни устата да ја отворам, го кажа и ова: “Само уште едно да ви кажам, професоре - без оглед на тоа колку јас и моите ве сакаме, со Марјановиќи Македонија држава не бидува!” и едноставно побегна без поздрав. Го снема.
Многу пати сум ја раскажувал оваа случка, особено кога се обидував да ги убедам моите партиски пријатели дека на Лигата за демократија í треба лидер со македонски “етнобелег”. И сите со презрение одмавнуваа со рака сметајќи дека раскажаната случка денес е без какво и да е значење (сите знаеле кој е и што е Марјановиќ). Јас не мислев така и тоа упорно го повторував во разговорите, интервјуите, а, кој знае, можеби сум го напишал и во некоја колумна, па сум заборавил.
Во мојот случај најдобро се покажа исправноста на народната “Со сила убавина не бидува”: резултатите од мојот “присилен” политички ангажман во текот на овие 12 години од основањето на Лигата за демократија до денес беа катастрофални. Секоја будалетинка со “идеи” што воопшто не го заслужуваат тоа име можеше (и може) да смета на многу поширок круг членови и гласачи одошто “Лигата на Марјановиќ”. Секој патолошки лажго (ми рекоа дека тоа се викало “pseudologia phantastica”) може да поведе зад себе цели одреди лековерни граѓани. И да ги води барем четири години. На неуспех во Македонија однапред е осуден само и единствено оној што не кажува “бабини деветини”, што застапува идеи кои добро функционираат во Европа, што... Нема смисла да набројувам. Голема лична сатисфакција ми е само фактот што од министерскиот расадник - Правниот факултет во Скопје - никогаш никој не # пристапи на Лигата за демократија. Тоа би требало да им биде ориентациона точка на оние што с$ уште не решиле по кој пат да тргнат. Верувам дека разбираат што сакам да кажам.
Ако, значи, никогаш не го сакав друштвото што насекаде се нарекува “политика” (а се дефинира како “ороспија”) јасно е дека на првиот свијок, кога ќе ми се укаже прилика ќе кренам раце од тоа грдо друштво. И - ми се укажа. Од човечка гледна точка не ми е мило што ја добив, но - се стори. И добро е што се стори: се надевам дека мојата партија сепак не е ветер и магла. Дека ќе опстане и без мене. Од членството сепак не се откажувам: с$ додека во неа ќе се држат за нејзините принципи и цели.
Новинарите, што никаде ги немаше лани (на изборите во септември) кога ми требаа како лек на лута рана, сега, кога сум приватна личност и воопшто не ми требаат, фатија “масовно” да ми се јавуваат: море за изјави, море за интервјуи. За три дена успеав да одбијам три телевизии и два неделника. А така ќе биде и в иднина. На професорите (и преведувачите на Пруст) не им треба публицитет.
Една позната ТВ дама (веројатно во настојување да ме премисли) сосема искрено ми призна: “Знаете, професоре, вие не ме интересирате како политички лидер, туку просто како човек. Вие сте мошне благодарен соговорник.” И ми удри едно чудо четки!
Е па, драга госпоѓо (драги господа) од пресот, токму тоа и е големата “фалинка” на македонската седма сила: треба да ве интересираат идеите, а не мотивите на луѓето. На Македонија само тоа може да # помогне, а новинарите се тие што треба да го формираат јавното мислење. Кога ќе го сфатите тоа и Македонија ќе тргне на арно. Вака не оди.

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: