ЛЕК?

Едно време, кога Југославија се распаѓаше, Србите и Хрватите војуваа, а нивните држави тонеа с$ подолу и подолу, се појави еден мошне тажен виц во кој ние, Македонците, сме неговата поента. Преку демаркационата линија, кажува вицот, се пцујат, се караат и заемно се навредуваат браќата Србин и Хрват. Хрватот со дрвја и камења се нафрла врз Србинот, а главната навреда што за него умее да ја смисли е дека бил нецивилизиран балкански варвар. Ни Србинот не е понежен: за Хрватите вели море усташи, море австро-унгарски коњушари, за на крај, не мерејќи ги многу зборовите, да му изнакаже и - ја ли фукара, ја ли голтари, ја ли последни сиромаси. “Ние сиромаси, се кикоти Хрватот, човеку, ние за вас Србите сме Македонци!” Ете, на тоа дереџе паднаа развиените од поранешна Југославија. Да се мерат со нас, што секогаш бевме меѓу последните.
Деновиве читам една книга од професор Хорват. Кој знае која му е по ред? Ги броев некаде до 38-та, потоа кренав раце. Понекогаш, во оние ретки прилики кога имам чест да бидам со него,во пријателска шега му велам дека е еколошки штетник - кој знае колку шума е исечено за да се отпечатат сите негови книги! Човекот едноставно не знае да запре. А, и зошто би запирал, кога толку многу знае, кога има толку многу да каже? Но, бидејќи во неговото родно село многу не го мирисаат, кога некоја книга не може да ја објави во Загреб, туку, еве ви, Хорват ќе ја напише на англиски, а сетне неговата родна Хрватска мора да плаќа за да се преведе на хрватски.
Во времето на Туѓмановиот режим беше и присилно пензиониран (!?). Верно, во Македонија и без таков режим, по силата на нашиот велеумен закон, тој одамна ќе беше во пензија: човекот е роден 1928 година и денес има 74 години. Така и се случи, Македонија, со оглед на тоа што Хрватска тоа не сакаше да го направи, да се здобие со посебната чест да го објави првото издание на неговото големо дело “Економска анализа” (Магор, Скопје 2000).
Книгата што сега ја читам е неголема збирка од негови новински текстови објавувани во дневниот печат, а носи наслов: “Каква држава имаме, а каква ни треба?” Зошто ја напишал оваа популарна книга? Хорват во предговорот самиот одговара на ова прашање:
“Големо назадување ги зафати сите делови на општеството, вклучувајќи го и Универзитетот. Големи делови од моите теоретски книги веќе ни професорите не ги разбираат, па тогаш, се разбира, нема кој да им ги пренесува на студентите. Ова не е песничка фигура, туку емпириски факт. Хрватска е сведена на мала, заостаната, корумпирана балканска провинција, од која бега кој може. Очајните поединци се оддаваат на дрога, криминал или се убиваат. Европската унија ја помести Хрватска во Западен Балкан - заедно со Албанија, но без Словенија. Тоа е и мотивацијата зошто е подготвена оваа популарно пишувана книга. Можеби с$ уште нешто може да се измени?”
Овој навод не е случаен, а читањето на книгата боли исто како и овој кус извод од предговорот. И, колку повеќе човек чита за состојбите во Хрватска, толку повеќе ги препознава оние во Македонија. Притоа за нас воопшто не е утешно сознанието за големиот пад на некогаш цветната (една од најразвиените!) југословенска република, која, според многу параметри практично се изедначила со некогашната неразвиена југословенска република Македонија. Секоја планина - своја тежина!
С$ на с$, намерата не ми е колумнава да ја злоупотребам за да напишам приказ на Хорватовата книга, ниту пак да # правам реклама. Намерата ми е сосема поинаква: да го повикам МАГОР (или кој и да е друг заинтересиран) да го објави нејзиниот превод на македонски, што ние во Сингелич Вилиџ, веќе го започнавме. Идниот читател, читајќи, само ќе треба во мислите да го замени зборот “Хрватска” со “Македонија” и она што го чита ќе биде тажно сведоштво и за нашиве денови, за нашево дереџе. А тоа нужно ни е исто или барем во голема мера слично: и со нас, како и со Хрватска, се командува од страна, според постулатите на т.н. пазарен фундаментализам.
Но, Хорват (фала Богу!) не е Марјановиќ, кој главно си игра мајтап и иронизира со “македонцките работи”. Што да се прави: иронијата е последното орудие на немоќните! Борецот Хорват (кој во младоста на 16-годишна возраст отишол во партизани, 1945 година бил фатен од усташите, осуден на смрт со бесење, а се спасил само со чудо Божје) не се дава. За разлика од хрватските (и нашите) политичари, Хорват добро знае што е тоа економија и како таа функционира. И кога тоа го кажува не се служи со велеучености што ги разбираат само фах-идиотите. Неговата книга е полна со разбирливи, едноставни предлози како да се унапредат нештата, како да се извлечеме од живиот песок во кој полека, полека тонеме.
А ако состојбите во Хрватска и во Македонија се во толкава мера слични, да не претерам велејќи дека се идентични, најелементарна логика налага да се помисли дека и лекот мора да биде сличен или - ист. Но, со оглед на тоа што никој не може да биде пророк во своето село, кога Хорват зборува, пишува и војува, во Хрватска никој жив не го слуша. Имам впечаток дека таму никој жив и не го сфаќа сериозно. И тој, имено, како и јас (до неодамна), води една мала партија за која практично никој не гласа (!?). А човеков уште 1982 година беше номиниран (nota bene: од американските економисти!) за Нобелова награда за економија. Бог да чува и да брани! Арно вели македонскиот гениј: “Сиромајот од ум јет сиромај!”
Мотивот да ја преведеме и да ја објавиме на македонски оваа книга лежи токму во надежта дека таа кај нас можеби и би можела да биде сфатена, прифатена и применета. Хорват не е од нашево село, па може да ни биде, ако не пророк тоа секако добар учител, советник, што ли! Верно, не ми се непознати анимозитетите на некои наши луѓе (што наскоро ќе треба да ја водат економијата на Македонија во новата влада) спрема идеите на Хорват. Но, кој знае, по сите зла што н$ снајдоа, по сите премрежиња низ кои минаа и тие самите, можеби во меѓувреме нешто научиле или барем се расположени нешто да научат. А никој не се сомнева дека од Хорват може да се научи многу.
Од друга страна, нашиве момци не се престарени, ситуацијата ни е врвка, а давеникот и за сламка се фаќа, нели.

АЛИСА ВО ЗЕМЈА НА ЧУДАТА

Има една поучна балканска приказна за некаковси ориентален деспот што потрошил едно чудо пари да ги школува децата на своите паши и бегови во странство за да му помогнат во управувањето со земјата. Кога ги свршиле високите школи и се вратиле дома султанот им дал работни задачи: тој што завршил медицина да биде министер за правда, тој што завршил право да биде министер за земјоделство, тој што завршил агрономија да биде министер за внатрешни работи... Кога останале насамо Великиот везир го прашал зошто направил така. “Е, мој везире, одговорил султанот, да ги оставев децава да го работат она за што учеле, ни јас ќе бев цар, ни ти велики везир!”
Се сетив на оваа приказна во врска со судбината на една дама што на Факултетот за астробиологија на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје предаваше квантна физика. Нејзиниот факултет (за време на “темниот период” на самоуправниот социјализам) потроши едно чудо пари за нејзиното стручно доквалификување, зашто дотогаш на таа високообразовна институција ретко кој знаеше што е тоа квантна физика и чуму таа може да служи.
Во западниот свет на гнилиот капитализам квантната физика беше последен “крик на вресоците”, па нашите “комуњари” (според терминологијата на Бране), за да не останат подолу и за да не се рече дека кај нас не се води сметка за напредокот на науката, потрошија, како што реков, едно чудо пари и дамата не само што научи што е тоа квантна физика, не само што на сосема разбирлив начин со години им ја предаваше на своите студенти, туку (чудо невидено!) напиша и прв учебник по тој предмет на македонски јазик и за него доби неверојатно ласкави рецензии токму од своите довчерашни учители од странство. За волја на вистината, нејзините учители (барем во времето на нејзиното образование по квантна физика) и не беа во странство, само во меѓувреме се беа случиле некакви случки и тие ненадејно, без никој да ги праша, се најдоа во странство.
Минаа години, дамата (треба ли да кажам: од Лигата за демократија?) настојуваше да си обезбеди академско наследство. За жал, кога образованието е во прашање, пари по обичај немаше. Но, дамата беше упорна и (конечно, пред некоја година) успеа да си обезбеди асистент (верно, од женски пол, но ни тоа не е кој знае колку важно).
Асистентот се погоди асолно чупе, засука ракави, ги читаше сите странски конкурси со кои смрдените капиталистички универзитети им доделуваат стипендии на младите академци од земјите во развој (па дури и на оние земји што од поодамна не знаат што е тоа развој) и искористи с$ што можеше да искористи за и таа да се специјализира во доменот на квантната физика.
Како илустрација на нејзината упорност нека послужи фактот дека магистрираше на некој универзитет речиси на самиот Северен пол. Во моментов младата дама е на некој од универзитетите на БИРИПРОБ (земјата, верно, не се вика така; ова е само референција искористена при нејзиниот прием во ООН: “Бивша Римска Провинција Британија”). И на добар пат е за година, годинаиипол и таа да се здобие со диплома на доктор по квантна физика. Го знам чупето. Не се сомневам дека ќе ја добие.
Само, чуму? Во меѓувреме, онаа прва дама (од Лигата за демократија, да нема недоразбирања), што на својот матичен факултет предаваше квантна физика, ги исполни условите (40 години стаж) и доби решение за пензија. Не се бунеше, зашто c’est la vie! (велат Французите, а и таа донекаде е франкофон). Закон е закон и секој човек пред него мора да наведне глава.
Арно, ама, во Законот за високото школство на земјава пишува: во ситуација кога еден универзитетски даскал си оди во пензија, а нема адекватна замена, неговиот факултет може да распише конкурс за тоа наставничко место, па ако нема човек со соодветно образование (а нема!), да направи договор за дело со наставникот и тој да продолжи да предава уште година, годинаипол, додека неговиот академски наследник не се дооквалификува за да може работата да си ја преземе во свои раце.
Единствената квантна физичарка во земјава (и пошироко) и не бараше друго. За неа беше важно предметот да остане во раце на квалификуван научник, предмет за кој во меѓувреме се покажа дека и не е “наука заради наука”, туку мошне применлива дисциплина, особено значајна токму за една земја во развој (дури и ако оваа наполно заборавила што е тоа развој).
За жал, “у једној земљи сељака, на брдовитом Балкану” секогаш има и други (ориентални) начини и методи за решавање на проблемите: на пример, предметот квантна физика да # го доверите (пак!) на една дама што во меѓувреме докторирала на астроихтиологија. Се разбира, ако знаете за што станува збор, вие ќе се насмеете: каква врска имаат вселенските риби (ако воопшто ги има) со квантната физика. Тоа се два различни света!
Да, претпоставувам дека вака би размислувале академските кругови на Запад. Но, не и наставниците на Факултетот за астробиологија во Скопје. Тука е можно апсолутно с$: ако може утре министер за одбрана да ни биде човек што од швајцарските фондови за здравствено осигурување примал дебела пензија (велат дури 3.000 швајцарски франци!) поради “параноична шизофренија”, зошто пак човек што докторирал оркестрација на Музичката академија во Прага да не може да предава биотехнологија на Факултетот за кулинарство?!
Токму вака и решил Наставно-научниот совет на Факултетот за астробиологија во Скопје. Образложение: нема никакво значење што женава нема блага претстава што е тоа квантната физика. Ќе седне со своите студенти (што треба да ги учи) и - ќе научи! А дамата што специјализира во БИРИПРОБ? Здравје! Само нека докторира. И за неа ќе се најде чаре: таа ќе може да предава основи на класичниот балет на Факултетот за драмски уметости во Скопје.
Треба ли да кажам дека прикаскава е вистинита, само (од разбирливи причини) се извршени мали “стилистички” измени. Впрочем, колумните и немаат за цел да изменат нешто на балканскиве простори. Тие се просто “уметност заради уметност”, а во неа вакви работи се допуштени. Ако пак некој сфати за кого и за што станува збор, го молам да си молчи. За свое, не за мое добро!

ЛУСТРАЦИЈА

Лустрација е латински термин преземен од религијата (lustratio): “прочистување од гревови преку жртва”. Како политолошки термин лустрацијата ја презедоа, пред сî, посткомунистичките држави со значење: “отстранување на противниците на демократијата од јавните функции”. Во повеќето од нив лустрацијата спонтано се сврте против комунистичките партии: народот ги напаѓаше нивните седишта, фактички или правно (со закони) им го одземаше имотот. Најдалеку отиде поранешната Чехословачка, која ја забрани Комунистичката партија.
Во Македонија никогаш не се случи ништо слично. Стариот СКМ само се преименува во Социјалдемократски сојуз, си ги задржа имотите на стариот добар СКМ и продолжи да владее со земјата. Оттаму е сосема јасно дека идејата за озаконување на лустрацијата нема и не може да има приврзаници во Македонија. Во меѓувреме, меѓутоа, СДСМ ги загуби изборите така што на местото на криптокомунистите дојдоа декларирани антикомунисти. Што ќе рече, полоши од комунистите. И тие, во текот на своето четиригодишно владеење, í направија голема штета на Македонија. Појавата на идејата за озаконување на лустрацијата очигледно има за цел “прочистување” на политичката сцена од овие елементи.
Инаку, дури човек во принцип и да се согласи со оваа идеја, со тоа што би ја проширил врз сите што ја злоупотребиле власта не само од антидемократски, туку и од сосема прозаични, егоистични побуди (богатење, работење во интерес на некоја друга држава итн. итн.), останува отворено прашањето како тоа да се изведе.
Се разбира, за оживотворувањето на оваа идеја би било потребно донесување закон. Да се стори тоа, а таа идна практика да не трпи приговори од гледна точка на начелата на правната држава, е да се измени и дополни Кривичниот законик со проширување на регистарот на казнените санкции во сообразност со еден стар, прастар принцип запишан во Библијата: per quod quis peccat, per idem punitur (во македонскиот превод на Светото писмо: “со што некој згрешил, со тоа накажан да биде”). Идејата е кристално јасна: да речеме, ако некој ја злоупотребил својата позиција за да ги фалсификува изборите, ќе му се одземе за определено време активното и пасивното избирачко право.
Сепак, не случајно озаконувањето на оваа идеја се судира со едно чудо проблеми токму од гледна точка на постулатите на правната држава. Еве, дури и да се состави список од “гревови” што ќе паднат под удар на лустрацијата, дури и тој список да се озакони, неговата примена ќе биде можна само за в иднина. Од простата причина што законите во една правна држава немаат и не смеат да имаат ретроактивно дејство (не можат да се однесуваат на ситуации што постоеле пред нивното стапување во сила). Тоа ќе биде пречка и за примената на новите санкции што би ги предвидел законот за лустрација. Ни тие не смеат да имаат ретроактивно дејство, зашто секој од евентуално осудените на нив би можел да поднесе барање пред Уставниот суд и да каже: “Кога го правев јас тоа што го правев, а за што денес ми се суди, во законодавството на оваа земја не постоеше таква казнена санкција. Кој знае, да ја имаше јас можеби немаше да се однесувам така.” И воопшто не се сомневам дека Уставниот суд ќе мора да го прифати овој резон.
Затоа, според мене, многу подобра идеја е, наместо некаковси Закон за лустрација, што го нема ниту една земја на цивилизирана Европа (па тоа би требало да биде ориентир и за нашиот законодавец да не се впушта во експерименти што многу лесно може да паднат пред Судот за човекови права во Стразбур), да се држиме цврсто за начелата на правната држава и во кривична судска постапка да најдеме одговор за тоа дали некој властодржец со своето поведение го прекршил Кривичниот закон. Ако го прекршил, а кривичното дело сî уште не е застарено, би требало да одговара за него според законот што бил во сила во времето кога го кршел тој закон.
Од друга страна, во законите што го регулираат пристапот кон јавните функции секогаш може да се внесе “правна последица на осудата” што осудениот за определено кривично дело или на казна со определена тежина ќе го исклучи од вршењето на таа функција. Досега нашиот законодавец овие “правни последици на осудата” формално не ги сметаше ни за казни ниту пак за кривични санкции воопшто (тие настапуваат по силата на законот во кој се внесени), па против нив никој (досега!) не можеше успешно да се повикува на забраната на ретроактивно дејство.
За жал, јас не сум кој знае колку убеден дека во оваа земја има сериозно расположение за практицирање на правната држава. Еве земете го за пример новостариот мандатар, г. Бранко Црвенковски. Тој е пред сî наследник на старите добри комунисти и тоа не го крие ниту пак може да го сокрие. Залудно му е што старите комунисти со потсмешливо презрение ги нарекува “комуњари”. Сî додека газдува со нивниот имот, тој е de facto и de jure наследник на “комуњарите”. Нема, значи, да мрдне со прст за да ги повреди своите “претци”, зашто е свесен (и тој и неговите) дека тоа може да се сврти и против него.
Мене секогаш ме раководело едно важно начело (запишано и во Светото писмо, иако јас тоа многу, многу доцна го дознав): “Немој на друг да му го правиш она што не сакаш друг тебе да ти го прави!” Тоа е сосема добар почеток на правната држава односно владеењето на правото. Затоа, на сите оние што би сакале да видат во Македонија закон за лустрација, што би ги поткачил до неодамна мошне осилените вмровчиња, би им препорачал тоа да го заборават. Веќе и самата дебата околу тоа прашање е отворање на Пандорината кутија. Доволна ни е поединечна кривична одговорност. Но, новата власт треба да биде подготвена да пристапи кон неа, жртвувајќи понекогаш и некој од своите што се огрешил против кривичните закони. Само така СДСМ ќе се прочисти од гревовите, а жртвата нема да биде премногу болна. Сî друго е политички мотивиран реваншизам на победникот врз победениот.
Од друга страна, г. Црвенковски преговара околу учеството на Али Ахмети (и неговите) во владата и тоа е втората фактичка пречка за оживотворување на лустрацијата. Прво, над главата на самиот Али Ахмети мошне сериозно виси Дамокловиот меч на Хашкиот трибунал: ако на Милошевиќ му се суди за воени злосторства од војните на територијата на поранешна Југославија, Али Ахмети има исто толку шанси да се најде пред тој Трибунал за слични злосторства на територијата на Македонија, во врска со војната од 2001 година. Не гледам како би можел да се изнајде начин тој да се спаси од таа одговорност.
Понатаму, деновиве читаме изводи од швајцарски весници дека г. Ахмети прима пензија од швајцарските здравствено-осигурителни заводи со дијагноза “параноидна шизофренија”. Притоа се можни два исхода (зашто во пишувањето на швајцарските весници, кога е во прашање нивниот интерес, тешко може да не се верува): или дијагнозата е точна или не е, што ќе рече човеков ги измамил здравствено-осигурителните заводи.
И под едната и под другата хипотеза г. Црвенковски треба да се огради од учеството на овој човек во власта во каква и да е форма. Ако е здрав, а примал пензија, тој е измамник (најопшто кривично дело за ова е “измама”, чл. 148 швКз), а за измамници никако не може да има место во власта на “За Македонија заедно”. Ако пак прикаската не е лага, ако Али Ахмети навистина страда од параноидна шизофренија, тогаш тој верно не е измамник, но затоа е личност што треба да се лекува, а не да учествува во власта.
Ако е вистинита последнава хипотеза не би било чудо да се замислиме и над Охридскиот договор. За него, како што е општо познато се избори токму Али Ахмети. Ако човекот е шизофрена личност, шизофрени се и мотивите за неговата борба, па Охридскиот договор како одговор на војната водена од една болна личност во Европа не би можел да опстане. Верно, јас не се сомневам дека во Македонија ќе опстане. Како што не се сомневам дека г. Црвенковски на првиот чекор по враќањето на власт ќе си го погази предизборното ветување и ќе најде начин да се здружи со Али Ахмети.
Ако лустрација значи прочистување преку жртва, би било сосема добар почеток г. Црвенковски првин да го жртвува Али Ахмети и неговите. Ако тоа не го направи, заборавете на прикаската за лустрација. Како можете да очекувате човек што и самиот ја злоупотребува својата позиција да биде подготвен да истерува правда кај другите.

СОМНЕЖ

Само што го разубедивме Роберт Алаѓозовски да не пребрзува со оставката на претседателската функција во Лигата за демократија (поради изборниот дебакл 2002), зашто во тој пораз нема никаква негова вина, а весниците фатија да се полнат со написи за некакви чудни “дејанија” на Брат Љубе. Велам “чудни” ако се има предвид џентлменскиот начин на кој премиерот го призна поразот и им ја честита победата на противниците.
Веќе знаете за драматичните постапки на Брат Љубе: за неговото настојување по секоја цена да влезе во прилепската печатница за да види (и да документира) што се случувало во таа институција со некаквиси неважечки гласачки ливчиња. Верно, луѓето од печатницата не сокрија дека имало палени ливчиња, но објаснија и зошто: тоа била т.н. макулатура - лошо отпечатени, извалкани пробни листови што се нормална работа во печатницата. Оној што имал работа со печатарството знае дека такавата извалкана хартија е нормален нуспродукт пред да се добијат убави, беспрекорно отпечатени листови.
Она што сериозно почнува да ги буни луѓето во приказната на Брат Љубе е големината на “макулатурата”: само полуидиот може да поверува во несмасноста од толкави размери на прилепските печатари. Тие, имено, наводно запалиле повеќе од 480.000 (речиси половина милион) ливчиња!? Дури и луѓе што никогаш не работеле во печатница, на коишто им е прв ден во таа струка, не би можеле да направат ваков неславен светски рекорд. Нешто очигледно смрди! Таа сметка (под услов да е точна) зборува за она што во жаргонот се нарекува “муќка” (сматок, расипано јајце што непријатно мириса).
И туку, наеднаш, на прв поглед без логична врска со претходново, се сетив на една грешка во ливчињата (во изборната единица 2, каде што и самиот гласав), која на победничката коалиција # донесе три незаслужени гласа. Барем јас знам за толку. Имено, еден член од моето семејство и двајца членови на Лигата за демократија, ми се пожалија дека морале да гласаат за “ЗА” само затоа што на листата не фигурирала коалицијата ГАМ, во која беше и Лигата. Поплаката беше в ред. Гласајќи, и самиот забележав дека неа ја нема, но бидејќи го познавав по име и презиме носителот на листата (од Демократската партија на Србите во Македонија), гласав за него. После дознав дека во другите единици гласачкото ливче изгледало поинаку: знакот на партијата + нејзиното име + носителот на листата, а потем, под него с и т е членки на коалицијата со партиските симолби и имиња.
Ваков превид направен од составувачот на гласачките ливчиња не ми изгледаше можен. И туку ми се уврте мислата дека ливчињата се правени на две различни места (и од двајца различни мајстори), а со тоа се засили сомнежот дека во целава работа има нешто мошне симптоматично. Веќе и само тоа ќе беше основана причина за приговор од страна на Лигата за демократија, зашто поради неисправноста на ливчето многумина лојални членови и симпатизери на ГАМ во двојката не успеале да си го дадат гласот за оној што го избрале, туку за оној што им се чинел помало зло.
Не знам зошто, но не верувам дека тоа е “масло” на вмровците. Во ова треба да ми се верува зашто искрено сакав да паднат: распаѓањето на правната држава за време на овие “нивни” четири години беше забележливо со голо око (стотици возила без таблички по улиците, шверц на цигари на Бит Пазар во присуство на полицијата, јавното, неказнето кршење на законот за авторските права, а со тоа и на Кривичниот законик, а за нефермањето на тој ист закон од страна на Ставре Џиков и комп. и да не зборуваме). Сакав да паднат, ама на демократски и фер избори, а не со муќки. А од лично искуство знаев дека нивните политички душмани се мајстори за муќки.
На првите избори, имено, Лигата за демократија се избори за едно пратеничко место: сега веќе покојниот инг. Среќко Арсовски го беше победил својот комунистички противник со цели 8 (осум) гласа разлика. Утредента СКМ/ПДП (така се викаа пред да станат СДСМ) успеал да додаде точно 700 ливчиња за својот кандидат. Албанците н$ известија за оваа ујдурма и ни дадоа список на 100 луѓе од нивната заедница што биле заокружени во избирачките списоци (иако никако не можеле да гласаат: биле во странство!). Се растрчавме, за седум дена успеавме да обезбедиме 25 изјави од нивните семејства, со кои потврдуваат дека тој и тој граѓанин, што наводно гласал за СКМ/ПДП, во времето на изборите бил надвор од земјата.
Правевме и тужба до Врховниот суд и тој ги прифати сите наши наводи: Лигата за демократија докажа дека во таа и таа изборна единица имало 25 фалсификати. Правда и пол! Но, наместо да тргне од поставката дека таму каде што биле можни тие 25 докажани, можело да има уште 2500 недокажани фалсификати (бидејќи чесноста на една партија не може да се мери ни на кило ниту пак на метар), врховниот делител на правдата во жална Македонија пресуди дека тие 25 фалсификати не можеле да влијаат врз резултатот. Така махерите од СКМ/ПДП, што и денес се махери на СДСМ, # ги скршија нозете на Лигата за демократија веќе на првиот чекор од парламентаризмот.
Има само една работа што збунува во прикаската на Брат Љубе: како можеле махерите на СДСМ да направат ваква муќка кога сите лостови на изборната процедура беа во рацете на ДПМНЕ. Но, има и други матни работи во врска со таа прикаска. Амбасадорите, на пример: со какво право и врз основа на кои закони некаквиси амбасадори ја чуваат претседателката на ДИК од Брат Љубе (!?). Прво што му паѓа на памет на човека е дека тие можеби се плашат да не се открие некоја муќка (не дај Боже!), слична на онаа со Арачиново. Од друга страна, сега “меѓународната заедница” (со кое право?) притиска врз Бране да го земе Ахмети од Бушовата “црна листа” во коалицијата, кога нему никако нема да му биде тешко парламентарното мнозинство да го направи и со помош на единствениот социјалист во земјата + некои “чесни” Албанци од ПДП.
Ова “безобразие” може да се разбере само вака: ако навистина му помогнале да победи, имаат право и да му диктираат кого да земе, кого да не земе во владата. С$ друго би било безочно мешање во внатрешните работи на една суверена земја. А тоа е недопуштено според аршините на таа иста меѓународна заедница. Барем кога се тие во прашање. Ние сме нешто десето!
Сомнежот е, значи, основан и - разумен. А во англосаксонската кривична процедура разумно сомнение мора да се расветли од страна на независен суд. За доброто на сите тоа и кај нас треба да се стори. За да може без остаток да му се радуваме на резултатот од нашите “скандинавски” избори.
Ѓорѓи Марјановиќ.

ОДГЛАСИ

Во последен момент, пред да ја однесам во редакцијата дискетата со мојот “Сомнеж” од минатиот понеделник, допишав еден краток пасус, нешто како резиме на текстот, што гласеше вака: “Сомнежот е, значи, основан и - разумен. А во англосаксонската кривична процедура разумно сомнение мора да се расветли од страна на независен суд. За доброто на сите тоа треба да се стори и кај нас. За да може без остаток да му се радуваме на резултатот од нашите “скандинавски” избори.”
Арно ама, допишаното остана во компјутерот, зашто расеаниот професор заборави тоа да го досними врз дискетата со колумната. И така таа излезе без таа значајна поента. Дента кога колумната беше објавена се уверивме во тоа колку е мала сличноста на нашиот Врховен суд со оние во англосаксонскиот свет и колку малу еволуирал тој во новоосвоената слобода. И така, сомнежот остана.
Инаку, сомнежот го “збогатуваа” и некои други, дополнителни сознанија. На пример, насекаде на светов прифаќањето на пропорционалниот систем (за кој, патем речено, Лигата за демократија се залага од своето основање во далечната 1990 година, додека на изборните победници им требаа 12 години за да се свестат дека токму тој најдобро им го обезбедува секој глас од сопствениот табор) доведува до големо партиско шаренило во парламентот. Нели е симптоматично што во новиот парламент се застапени само и единствено партиите кои (непосредно или посредно) учествуваа во потпишувањето на Охридскиот договор?
Се сеќавате ли на оној портпарол од победничката страна кога во нејзино име изјави: “За Ѕинго нема место во парламентот!” Иако г. Иванов не е ни меѓу последните луѓе што би сакал да ги видам во нашиот парламент, на човекот што го изрече овој аподиктичен суд изгледа јазикот му работеше побрзо од умот. И не помисли дека тоа може да се разбере како некој однапред да решил за кого има, а за кого нема место во новиот парламент. Таму има место само за оние што треба да го оживотворат Охридскиот договор?
Го слушам сношти на ТВ г. Ле Роа: меѓународната заедница никако не би си го ризикувала својот кредибилитет за да “помогне” во ваква една изборна измама. Во тоа главно верувам. Само, не знам зошто (или сосема добро знам зошто) постојано ми се врти во мислите сознанието (до кое дојдовме со педесетина години задоцнение) дека првите повоени избори во Италија биле наместени за да се оневозможи комунистите (како најголеми и најзаслужни борци против Мусолини) да дојдат на власт. Е, па сега, ако можеле да се наместат избори во многумилионска Италија, не верувам дека за меѓународните изборни “махери” би било особено тешко да направат нешто слично во земја што нема толку многу милиони гласачи.
Притоа, да се разбереме, пак не велам дека така сигурно било, велев и велам само дека постои сомнеж оти така можело да биде и тоа ми го расипува задоволството што куртуливме од “Хероите на улицата” . И сега, само затоа што јавно изразив сомнеж во полно неверојатни коинциденции во врска со изборите, почнаа критики од сите страни. Во комунизмот немавме право на сопствено мислење, различно од тоа на единствената, непогрешлива партија, во демократијата изгледа немаме право ни на сомнеж во сакросанктноста, безгрешноста на меѓународната заедница, иако од некои нејзини гестови (мудрото решение познато како FYROM, на пример) човек може да изведе мошне неповолен заклучок за паметта на нејзините водачи..
Во една пригода, за време на еден дипломатски ручек во Холидеј Ин, го запрашав г. Ле Роа што мисли за оваа паралела: и неговата земја за време на Втората Светска Војна беше принудена да потпише свој “Охридски договор” со Хитлер. На маршалот Петен по војната му се судеше како на предавник и ниеден правен акт што произлезе од неговото владеење не го преживеа ослободувањето. Г. Ле Роа “се извади” со едно општо место дека “не гледа никаква сличност” помеѓу понижена и осрамотена Франција и понижена и осрамотена Македонија. Па да, сличност нема зашто Македонија беше понижувана и срамотена не само од воскреснатите балисти туку и од меѓународната заедница, чијшто претставник е г. Ле Роа. Раководена од сопствените интереси.
Па ни оние што јавно се огласија против мојот сомнеж не се потрудија да дадат некакво разумно објаснување за фактите на кои укажував: како е можно 5-6 тони посебно скапа хартија да се претворат во макулатура (колумнистот Платнар би можел да си го напише овој збор на едно ливче и да си го повторува додека не го научи, зашто за него е јазички резил да каже и да напише “маклатура”. И нека не се обидува да се вади на тоа дека било печатна грешка: го има и во текстот и во насловот!) и притоа никој за тоа да не одговара. И зошто има различни приказни што биле тие 5-6 тона уништена хартија: пробни листови или печатна грешка по туѓа вина.
Некои провинцијални полуинтелигенти мотивот за мојот сомнеж веднаш го открија во изборниот неуспех на Лигата за демократија. Тие забораваат (а можеби и не знаат) дека таа мала, свилена партија, како што тие презрително ја нарекуваат, беше третиот потписник при создавањето на коалицијата “За Македонија заедно”. Да бевме заинтересирани за победа на изборите по секоја цена требаше само да си молчиме и да си гледаме сеир. Седејќи си таму каде што бевме од почетокот, сега секако ќе имавме барем 2-3 пратеници. Ние сме сепак малу поинакви. Држиме до нешто што се нарекува “принцип”. Не можевме да им бидеме (макар и посредно, преку СДСМ) сојузници на Џафери и Имери, кои пак беа соучесници во валканата работа на Ахмети (што Кривичниот законик на земјава ја квалифицира како велепредавство). И излеговме од тоа друштво.
Но, кому пак јас се трудам да му објаснам нешто? Иди објасни му на слепиот како изгледа белото! Иди објасни му на некој повторувач дека придавката “бесмртен” не се степенува (нема бесмртен, побесмртен, најбесмртен како што има глупав, поглупав, најглупав)!
Инаку, јас сум последниот човек на земјинава топка што било кое, па дури и најнесмасно, најнеписмено, најбезразборно пелтечење преку весници, потпишано со име и презиме, би го фрлил на ѓубриштето на заборавот. Напротив, ќе го прочитам и ќе си го зачувам раководен од една мошне утешна мисла, од едно мошне утешно чувство: “Фала ти Господи што и јас не сум ваков!”

ТВ-ДУЕЛ

Има еден стар виц за некој човек што не верувал во среќа. Некој се обидувал да го разубеди: “Ами, што е ако не среќа кога некој ќе падне од десетти кат и ќе остане жив?” “Случај! “, вели другиот. “Добро, а ако падне и по втор пат и остане жив? Што е тоа?”. “Коинциденција!”, вели другиот. “А по трет пат? Паѓа и пак е жив и здрав?” “Е, тоа е веќе навика”, рамнодушно одговара другиот.
Лани, за време на парцијалните избори во Скопје, натпреварувајќи се под боите на Лигата за демократија за пратеничко место со еден СДСМ-овец, се изнамачив убедувајќи го господин Кабранов од бојкотираната телевизија да се сретнам со мојот противник на ТВ дуел. Нашите недоквакани медиуми, наместо на тие избори, како генерална проба за сегашниве, да им посветат посебно внимание, за да се види кој е кој, а што е што, буквално ги уништија. Збор не проговорија за нив. Имаше полно луѓе што никогаш и не дознаа дека имало избори. Во Лигата мислевме дека нешто може да се стори против таа летаргија со еден ТВ дуел.
Еден колега од Правниот факултет, наводно влијателен човек во антимакедонската телевизија, самиот се нафати да ја среди таа работа и - во мое присуство! - разговараше по телефон со гореспомнатиот џентлмен. Овој се опираше, се опираше, а потоа како да се согласи со идејата. Остана да разговара со другата страна и да ми јави. Денес-утре, денес-утре, Кабранов никаде го нема. Конечно му се јавив јас. “Нема ништо од дуелот, професоре”, гласеше неговиот одговор. СДСМ-овците порачале дека нема да дојдат. “Добро”, му велам јас. “Ние ги предизвикуваме, вие го организирате дуелот. Кој дојде, дојде. Ќе разговарате со тој што ќе дојде. А гледачите сами нека оценат зошто другата страна не дошла.” Е не! Тоа не можело, зашто ќе било навивање за нас. “А бе, какво навивање? Ги викате, како што дал Господ, а тие не идат. За кого навивате тоа?”
Дури отпосле ми текна дека ваков “пропаднат дуел” секако ќе имаше да беа ставовите обратни: да бараше СДСМ-то дуел, а ние, од Лигата за демократија, да одбиевме. Е, тогаш Кабранов ќе направеше циркус исмевајќи н$ како кукавици. Вака, кога ние бараме - не може. Не сака А1 да му го крши атерот на СДСМ. (“Сад се види, сад се зна, ко се коме допада”, пеат малите Српчиња во ваква пригода.)
Деновиве, со малу поголем публицитет од оној што ми беше посветен мене и на Лигата за демократија за време на ланските избори, во медиумите се врти приказната за сличен (втор пропаднат) дуел: премиерот го предизвикал г. Црвенковски, а овој не сакал.
Некој ќе рече: “Ама вицот зборува за три пати?” За да изведеме заклучок дека на СДСМ му стана навика да одбегнува ТВ дуели, треба да има и трет пример. Па и има! Јас би рекол: тој третиот е, всушност, прв! Се сеќавате, нели? Еден откачен режисер (инаку, член на Лигата за демократија што конечно заврши како воспален ВМРО-вец!), денешен амбасадор, а тогашен претседателски кандидат, ја предизвика на ТВ дуел “најголемата инвестиција” на јуношите од СДСМ. И - осведочениот СДСМ-овец не го прифати дуелот.
Така имаме три случаи и може да заклучиме СДСМ си сака митинзи, си се разбира во нивната организација, секогаш има доволно доброволци што ќе дојдат на нив, а, за секој случај, без проблеми ќе донесе во Скопје (или каде што сакаш) уште стотина автобуси со симпатизери, готови до изнемоштеност да свиркаат кога ќе се спомене името Љубчо, а френетично да викаат “Бране, Бране!”, секогаш кога овој ќе земе здив меѓу двете реченици.
Добро, ќе речете, па ни ВМРО-то ни не е поинакво. И неговите митинзи се прават така. “Па тоа и јас постојано го повторувам: Се тркалало грнчето, си го нашло капачето! Антикомунистите се опачина на комунистите. А и не оти имаат од кој друг да учат. Гледаат што прават овие, па го повторуваат истото!”
Така, збор по збор сеќавања за тоа што било, како било и туку, ми дојде уште една од моите “оригинални идеи”: јас, Ѓорѓи Марјановиќ, од името на Лигата за демократија (а во името на ГАМ - Граѓанската алијанса на Македонија) ги повикувам моите политички противници и од лево и од десно да ми излезат на ТВ мегдан. ТВ-дуел на МРТВ-ата: Љубчо не би требало да има ништо против, а Бране можеби ќе сака да вежба “кам бек” во својата матична телевизија. Немојте да мислите дека и ова е виц: јас сум сериозен човек, а и збиднувањата на политичката сцена ги сфаќам сериозно. Утре луѓето ќе гласаат и за ГАМ, нели. Зошто тогаш ГАМ да не може никого да предизвика на ТВ-дуел. Ако може Љубчо, можам и јас. Не сум белки подолу од него?
Но, знаејќи им ги заемните чувства на Љубчо и Бранко, ако не сакаат заедно да излезат против мене, готов сум да се сретнам првин со едниот, сетне со другиот. И нема мрдање! Или ќе излезат или ќе се резилат! Трето нема! Јас лично ги поттикнувам да прифатат. Нема теорија едночасовно или двочасовно шоу да им го упропасти трудот и парите што обајцата ги вложија во кампањата.
А не оти нешто ќе решиме за време на дуелот. Туку, дај да се порадува народот. Сигурен сум дека ќе му приредиме убава забава, поинаква од овие неподносливи платени програми со пцуење и колнење. Ќе седиме како фини европски џентлмени и ќе муабетиме за македонцките работи. Па луѓето после нека одлучат дали ќе гласаат за ВМРО-то ни, за државотворниот СДСМ или за ГАМ (Македонија во мало!).
Зашто, не речете два пати! Не еднаш на изборите во Европа се случило (а за спортските натпревари и да не зборуваме) некој аутсајдер да им ги побрка сметките на големите фаворити. И, не занесувајте со својата големина: повеќе би ви советувал да мислите на злата судбина на КП СССР (што се распадна во моментот кога имаше 20 милиони членови) или, ако тоа ви е поблиску, на СКЈ, што се распадна кога 10% од жителите на Југославија му беа членови (имаше рамно 2.400.000 членови). Времето на политичките диносауруси одамна помина. Доаѓа време за оние политички партии што имаат малу членови, а многу симпатизери (тоа е политолошки аксиом, а ние Лигата за демократија ја градиме врз таа научна основа).
Толку од мене, иако с$ ми се чини дека ниту на Љубчо ниту на Бране не му е до забава во мигови кога се решава Хамлетовската дилема - да се биде ил’ не. Можеби сепак би било подобро, наместо на ТВ-дуел, да ги поканам на една вечера. Само, сега ми е доцна да се повлекувам. Предизвикот е тука! А за вечерата ќе размислувам по изборите.
Ѓорѓи Марјановиќ

ГАБРОВО

До пред две години и не знаев каде е точно Габрово. Никогаш и не бев чул за него. С$ до оној ден кога еден габровец (од Швајцарија), поттикнат од прикаските на еден свој пријател (мој некогашен студент), не дојде да ме посети за да поразговара со мене “за македонцките работи”. Јас, изгледа, испитот успешно го положив и Тони стана првиот член на Лигата за демократија од Габрово. Некој месец подоцна бројот на членовите на Лигата се зголеми за 100%: ни се придружи и жена му. Веќе годинава членството во Габрово панично нарасна за нови 100%: и мојот некогашен студент со жена си се зачлени во Лигата. Еве, тоа “панично” зголемување на нашето членство беше причината да прифатам в сабота, пред изборите, да појдам во Габрово со м-р Роберт Алаѓозовски, новиот претседател на Лигата за демократија, за да поразговарам со неговите жители “за македонцките работи”.
И така, за прв пат во животот, заради Габрово, ја видов и величествената Беласица, неверојатната, боговска арена за македонската трагедија од времето на Самоил. Не ми оди в глава, која била логиката славната битка да се води во тие високи и денес тешко пристапни планини. Само, човек би рекол дека тоа нема никакво значење за мојава приказна. А има!
Некоја попретприемчива власт од досегашниве секако би фрлила некоја паричка за истражување на локалитетот каде што била водена битката. Би фрлила некоја паричка достојно да ја обележи месноста (ако случајно тој дел од жална Македонија не # се паднал во дел на мајка Болгарија), би ја направила достапна за посетители, а јас воопшто не се сомневам дека таа многу скоро би станала цел на многубројни македонски аџии. Дотолку повеќе што до целта на аџилакот би се одело преку величенствено убави предели.
За жал, кога човек ќе стапне во Габрово како да го напушта европскиот дел од Македонија: по селските улици, на кои посетителот ќе се сретне и со ретко убави куќи (градени веројатно од месните гастарбајтери), нема ниту еден единствен метар асфалтна подлога, ниту една единствена улична светилка. Фала Богу што некој се сетил барем по куќите да им воведе електрика.
Инаку, селото е поделено на два лути душмански политички табора: вмро-вски и сдсм-овски. Велам “душмански” само од гледна точка на поведението во предизборната кампања: плакатите што ќе ги залепеле вмро-вците ги снемувало за неполни два часа. Сетне истото им се случувало и на сдсм-овските. Некој од вмро-вците се досетил да го испише името на својата партија на единствениот јавен клозет во селото од каде што никој не може да го избрише. Другите злобно коментираат: “Таму им е местото, затоа и не го чепкаме!” Ние, преку Тони, испративе во Габрово неколку постери на ГАМ со сликата на Роберт. Нивната судбина не беше поинаква од судбината на постерите на “душманите”. За два часа беа искинати до еден. Да не бидеме ние од Лигата за демократија подолу од нив.
“А бе, луѓе, им велам на почетокот од мојот воведен збор, па вие не сте крстени! Комунистите владееја 45 години, нивните наследници, сдсм-овците, уште шест и не ви направија ни еден метар пат. ВМРО-вците за четири години ништо, и вие сега се мислите за кого да гласате. Да сум јас габровец не би гласал ниту за едните ниту пак за другите. Да видиш некаква фајда од некого, уште и да го гласаш. Вака...”
И така, збор по збор, почна нашата “трибина” пред селската продавница. Ако претходниот ден во Гевгелија, на сличен настан, немаше повеќе од триесет луѓе, во Габрово очекував три-четворица. А богами ги имаше повеќе одошто во Гевгелија. Некои седеа на пластични столчиња, други на гајби со пиво, најголемиот дел (меѓу нив и доста стари луѓе) го отстојаа на нога целиот разговор. И во ниеден момент не почувствував дека некој е непријателски настроен, дека некому му е здодевно. Никој не ни контрираше, никој не ни дофрлуваше. Освен едно симпатично младо момче, што изгледа беше испило некое пиво повеќе. Само и тој беше грижа на неговите соселани, а не наша: главно тие ги смируваа неговите неконтролирани “интервенции”, што, патем речено, и не беа од политичка природа.
Отпосле ми кажаа кои од присутните биле вмро-вци, а кои сдсм-овци. Никој, ни од едните ни од другите, не ни го прекина излагањето, ни мене ниту пак на Роберт. А кроткиот, би рекол дури пријателски, блесок во очите како да говореше дека со многу нешта и се согласни. Можеби и со с$. Можеби им беше криво само тоа што не сме од нивната боја.
Си помуабетивме добар час и половина, а после уште половина час од нога. Цивилизирано, без груб збор, како вистински европски луѓе заинтересирани за јавните работи. На крајот испушиве уште по една цигара, се ракувавме со сите (и со вмро-вците и со сдсм-овците) и би рекол, ако не е претерано, пријателски се разделивме. Дури црниот мрак по сокакот на враќање кон домот на Пецеви н$ потсети на тоа колку сме далеку од Европа.
Ако и имаше некој што подвикна, што го подигна тонот во таа компанија, тоа бев, за жал, јас. Во еден момент симпатичниот љубител на пивото по кој знае кој пат ми упадна во збор, прашувајќи ме (небаре јас сум таа сила што ги определува платите во светот) колку била платата во Шведска, а колку во Македонија. На професорот, научен да не го прекинуваат додека зборува, очигледно малу му дојадија тие негови потпрашувања, па му подвикна: “Кажи фала, Благојче, што си во Македонија! Да беше во Шведска досега ќе те уапсеа за пијанство на јавно место! Таму тоа е кривично дело.” Ова како да го успокои. Само зачудено ме праша: “Што ти текна да зборуваш за Шведска?” Заборавајќи веројатно дека тој прв ја спомна.
Сетне во домот на швајцарскиот член на Лигата за демократија н$ нагостија на класично македонски начин: со Џек Даниелс и богато мезе, сетне со слатка вечера и кафе. Ова нема да им го заборавиме. За три-четири дена ќе им одиме пак. Овој пат не на политичка трибина, туку на повојница: моите млади членови пред еден месец конечно го исполнија последниот и најважен услов за прием во Лигата: им се роди третото детенце (а втора ќеркичка).
После некој ќе ми рече Лигата за демократија била мала партија. Па мора да биде мала штом условот за прием во членство е - три деца! Тоа е, впрочем, и нејзина програмска определба: “На Македонија # одговара семејство со три деца!”
Во моментот кога ги читате овие редови веќе ќе се знае дали Алаѓозовски успеал да влезе во Парламентот. Ако влегол за тоа секако се најзаслужни габровци: нивните гласови последни ги собравме. Ако не, никому ништо! Да сме живи и здрави! За тоа никако нема да бидат виновни габровци. Ќе се обидеме по четири години!
Ѓорѓи Марјановиќ

ДЛАБОКО РАСТЕГНАТ СТРОЈ

Во далечната 1965 година ја служев втората половина од мојот војнички рок во Дебар (првата ја бев отслужил во Смедеревска Паланка) кога добивме нов четен старешина. Името не е важно (иако му го паметам). Важно беше дека дојде од Белград, од Гардата. Многу се гордеевме со него гледајќи како гази супергардиски строев чекор предавајќи му рапорт на командантот. Небаре беше на парада пред Маршалот. Тоа сепак не ни пречеше да не го сакаме премногу како старешина: во баталјонот со “распашана команда” туку наеднаш почна да продира железната гардиска дисциплина. И најздодевните, најлесните војнички занимања (строевата обука, на пример) под негова команда беа, најблаго речено, тешка работа со многу потење.
Еден ден така вежбавме некаков чуден строј (“дубоко смакнути строј” = длабоко растегнат строј) и добро се испоизнапотивме трчајќи по полигонот на касарната. Некој само офна: “Мила моја мајко! Ако му е ваква строевата обука, каква ли ќе му биде тактичката!” Сакаше да каже - ако најлесната обука изгледа вака, како ли само ќе изгледа онаа што се изведуваше под полна боева опрема по доловите и ридиштата околу Дебар (кои сега ги покрива Дебарското езеро). Нејсе! Никогаш и не помислив дека еден ден ќе се сетам на тој “длабоко растегнат строј” да не беше македонската “камбек транзиција” - преминот од социјализам во капитализам!
Веќе кон крајот на 1989 и почетокот на 1990 година на комунистите (СКМ) им стана јасно дека не ќе можат да опстанат сами на политичката сцена. Никола Младенов, уредникот на “Млад борец”, ја објави првин “Политичката платформа”, а сетне и “Политичката програма” на Лигата за демократија. Веднаш потоа следеше поплава од пристапници. Наскоро одржавме конференција за печатот и баравме измена на законската изборна регулатива. (Г. Петар Гошев, првиот човек на СКМ - секоја чест! - имаше доблест да се согласи со нашето барање и да ги одложи изборите.).
На конференцијата за печат, меѓутоа, се случи еден (од новинарите практично незабележан) инцидент. Кон крајот од конференцијата еден член на Иницијативниот одбор за формирање на Лигата (инаку познат македонски книжевник) замоли и самиот да им каже нешто на новинарите. Се разбира дека немавме ништо против. Кога, наместо да каже нешто за Лигата (како што очекувавме) , тој посегна во џебот и извади едно напишано пусулче со кое најави дека “на четврти сечко 1990 година” ќе се формира уште една нова партија. Се погледнавме зачудено: зошто нашиов човек ја користи нашата конференција за печат да промовира друга партија. Нејсе! Не му зедовме за зло! А и човекот беше таков што не можевме да му земеме за зло: атерџија. Луѓето од неговиот цех го замолиле така да постапи и тој не можел да одбие.
После ни стана јасно дека почнува “длабоко растегнатото престројување” на комунистите: за да не продолжи трендот на окрупнување на Лигата, што беше мошне актрактивна за македонската интелигенција, државната безбедност на комунистите смисли како тоа да го спречи: направи партија што ние во Лигата популарно си ја викавме политичка “мека порнографија” (благо националистички обоен ешалон на кремот на македонската комунистичка интелигенција). Ем ќе бидат ѓоа-национална партија, ем под нивна контрола!
Не мина многу време, а “длабоко растегнатото престројување” продолжи со истиов метод на алхемија на власта: за да си го зачува имотот, беше решено ССРНМ (за помладите што не знаат што чудо е ова: Социјалистички сојуз на работниот народ на Македонија - една фантомска организација што практично немаше членство, зашто, по дефиниција, негово членство беа сите работни луѓе на земјата) да се конституира како Социјалистичка партија, а младината на Македонија пак - во Либерална партија. Потем се јави Анте Марковиќ и од “реформски настроените” комунисти го создаде Сојузот на реформските сили.
Така, на политичката сцена на Македонија (барем на почетокот) имавме чисто еднопартиски систем војнички дисциплинирано престроен во “длабоко растегнат строј”. Кога гледам кој с$ беше и кој с$ уште членува во политичката “тврда порнографија” (националистите што во 1990 година без срам и перде бараа “концентрациони логори за Шиптарите” и со таа евтина демагогија си обезбедија многу места уште во првиот македонски парламент) с$ некако ми иде да се прашам да не можеби и тие беа дел од стратегискиот план за “длабоко растегнатото престројување”. Нека се потсети некој кој и под кои услови им го подари седиштето во центарот на Скопје, па можеби и самиот ќе се посемнева.
Но, на крајот од краиштата сето тоа и не е премногу важно. Важно е дека Македонија (освен Лигата за демократија) и натаму практично нема самоникнат политички субјект од граѓанска провениенција. На политичката сцена ни се нудат само и единствено комунистите (префарбани во многу различно бои) и антикомунистите (од кои претежниот дел се стари комунистички кадри). Едно време се натпреваруваа кој кого повеќе ќе го оцрни. Кој бил полош - тие или ние? Заборавајќи дека еден умен Чех (Вацлав Хавел, претседателот на Чешката република), врз основа на емпириски добиени сознанија, маестрално го реши ова прашање: “Од комунистите се полоши само антикомунистите!” Така и ние во Македонија имаме критериум кој е каков и кој е полош од другиот. Во оној момент кога решивме да им ја подариме довербата на антикомунистите требаше да знаеме дека гласаме - за полошите.
За граѓанска опција кај нас како да е уште рано. Има луѓе што Лигата за демократија ја нарекуваат “петел што прерано пее”, сакајќи да го потцртаат она - уште не ви е време! Денес, сојузена во ГАМ - Граѓанската алијанса на Македонија, Лигата и преку ова сојузништво симболично покажува каква иднина # треба на земјава: сојуз со Муслиманите, Србите, Власите, Египќаните. Требаше да бидат тука и Туците, Ромите и - Албанците. Но, тие или им се придружија на поголемите (подобро врапче в рака одошто славеј на гранка!) или с$ уште немаат храброст да се одделат од племето.
И додека оние поради кои паднавме на колена ни порачуваат “Главата горе!”, а другите - небаре сме основачиња што с$ уште не знаат каде е местото за љубов спрема татковината, Граѓанската алијанса порачува нешто што им е исто толку потребно и на едните и на другите - Доверба и разбирање! Си мислев дека на јавноста треба тоа да # го спомнам. Па сега гледајте како гласате и за кого гласате. Мое беше да ви кажам! А дека ќе имаме власт каква што заслужуваме е железен аксиом на демократијата. Каков народ, таква власт! И само уште нешто! Немојте да се правите премногу умни и да не излезете на избори. Ако веќе ги препознавте лошите и полошите, дајте им шанса на оние што не се како нив
Ѓорѓи Марјановиќ

ОД ЛОШО ПОЛОШО

За време на владеењето на СДСМ чув еден згоден виц на кој од с$ срце му се насмеав без воопшто да помислам дека тоа не е само каламбур, туку порака со мошне горчлива содржина. Вицот е, всушност, разговор помеѓу песимистот и оптимистот за “општествено-политичките, економските и социјалните” состојби во Македонија од тоа време. Песимистот не би бил тоа што името му кажува дека е кога не би гледал црно на с$ околу себе. Тој му вели на оптимистот:
- Лошо е, та полошо не може да биде!
А овој пак, сообразно со својата природа, му одговара:
- Може, може!
За жал, никој не помисли на пораката од оваа кратка прикаска кога пред четири години колективно решивме да го казниме тој СДСМ за лошото владеење. Сега само гледаме колку “оптимистот” бил во право: дека можело да биде и полошо, дека бидна далеку, далеку полошо.
Деновиве се сетив на вицов и, наедно, на една моја колумна од времето на СДСМ, во која (со полно право, впрочем) се поплакував на една доста раширена, а законски забранета појава: возачите што си ги загубиле регистарските таблички или некој им ги украл или тие на кој знае каков начин им исчезнале, самите, врз бело картонче или врз што и да е, да си направат таблички и, што е уште пострашно, да возат со нив пред лицето на власта (сообраќајните и други полицајци).
Зошто велам дека “со полно право” протестирав против оваа појава. Па, според една одлука на Врховниот суд на Македонија, регистарските таблички се јавна исправа (исправа што ја издава со закон определен орган и никој друг) и служат за идентификација на возилото во сообраќајот. Во еден пресуден случај Врховниот суд нашол дека едикојси, употребувајќи регистарски таблички од друго возило врз возилото на кое тие не му припаѓале, сторил кривично дело фалсификување исправа (чл. 378 ст. 3 КЗ). Казната за ова дело не е нималу беззначителна: затвор од три месеци до пет години.
Пеки! ќе речете. Ако си пишал така, така секако и е. И ти го знаеш законот и Врховниот суд го знае. Што има тука да те буни? И добро е што си пишал дека тоа е лошо. Лошо е! Арно ама, нели од лошото имало полошо: се изборивме “за промени” и добивме гарнитура на власт што толерира на сите страни возење без регистарски таблички. Загледајте се во возилата што ве пресретнуваат или возат покрај вас, пред вас или зад вас, ќе видите (иако можеби малу претерувам): на секои десет едно е без таблички. Видов дури такси возило без регистарски таблички. Она што е уште полошо, не еднаш чув како возилата без таблички ги спомнуваат и на вестите: возилото без таблички било од обезбедувањето на тој и тој министер; за време на последните избори биле забележани дури повеќе возила без таблички на “најпатриотската” од сите патриотски партии. Итн. итн.
Полошото (од вицот!) е дека дојде време кога воопшто не ви требаат таблички. А бидејќи токму возилата без таблички се сметаат за возила на власта (или на партијата на власт), ако сакате да ги импресионирате своите комшии, симнете ги табличките и полицајците војнички ќе ве поздравуваат (а комшиите ќе ви се плашат). Ако решите да извршите грабеж на банка, немојте никако да заборавите да ги симнете табличките. Ем никој нема да може да ви го идентификува возилото, а преку него, евентуално, ни вас, туку, што е уште поубаво: утре во сите весници и на сите радио и телевизиски станици ќе биде објавено дека грабежот го извршил некој од власта или близок со неа (што, патем речено, денес и не кој знае колку неверојатна вест во жална Македонија). Така вината ќе падне далеку, далеку од вас. Ова, се разбира, е стилистичко претерување. За жал, не премногу далеку од вистината.
Еве прочитавме, конечно PDSh била регистрирана. Пеки! Некој ќе рече: Е, браво бе Марјановиќу, ти успеа! Душата му ја изеде на пусти Џафери, здравјето му го наруши со тоа повторување дека партијата не му била регистрирана, па, виде не виде човекот, ја регистрира, за да се куртули од тебе.
Да, се разбира, лошо беше тоа што таа партија вирееше (и вршеше власт!) толку долго без да биде регистрирана. Но, ако не ме лаже умов, нејзината регистрација беше оспорена пред Уставниот суд на Македонија. И тој најде дека Засипнатиот, доколку сака да биде лидер на една легитимна партија, што ќе биде регистрирана, м о р а да изврши определени измени во статутот ли, програмата ли, во симболите на партијата ли.
Е, сега полошото од мојата прикаска за песимистот и оптимистот е во тоа што PDSh (која никогаш не ја признаваше, а и натаму не ја признава македонската држава, освен како згоден инструмент за остварување на великоалбанската идеја) беше регистрирана без да ги изврши измените што ги бараше Уставниот суд на земјава.
Што значи тоа? Па тоа значи дека сега ни судот за регистрација на партиите не го шајкари Уставниот суд на Македонија. Како инаку да се разбере тоа дека можел да ја проголта регистрацијата без бараните измени? А пак, и зошто да го шајкари? Уставниот суд на Македонија е творба на “комуњарите” (на Бране & комп.), а ова е време на “промени”, нели. Тоа што промените се состојат во промена на книшките и не е многу важно.
Знам една госпоѓа судија, што, на времето, како “комуњарски” кадар, без око да # трепне ослободи од обвинение за клевета еден Србин (што, патем речено, се правеше Болгарин) затоа што за еден чесен човек (од Лигата за демократија!) напиша дека бил “македонски Менгеле”. Денес истата таа дама (откако си ја смени партиската книшка) е нешто повисоко од судија. Погодете што е! Ете тоа ви е, мили мои, полошото од вицот.
А зошто го пишувам сево ова кога сум убеден дека од тоа нема фајда? Зборувал не зборувал, пишувал не пишувал, работите си одат од лошо на полошо. А да ви кажам: “Е, па, гласајте барем еднаш за Лигата за демократија, односно за кандидатската листа со ознака ГАМ (Граѓанска алијанса на Македонија)!” немам срце. Та, зарем еднаш сум ви го кажал тоа, и вам и на ТВ гледателите и на радио слушателите. Големата фајда ќе ми биде тоа што, кога ќе ме сретнете, полуусрамено, полупокајнички ќе речете: “Арно зборувавте вие, професоре, само кој да слуша!” Не грижете се! Има кој да слуша! Само, како што вели народот: “На будалите отпосле им текнува!” А и предметот што го предава Марјановиќ е тежок: кривично право ли е, демократија ли е, сеедно. Но, може да се научи. Бидете сигурни! Без оглед на тоа колку пати ќе се паѓа на испитот. Имам впечаток (или, подобро речено, се надевам) дека во септември македонскиот народ ќе го положи тој тешок испит. Доста учеше овие дванаесет години.
Ѓорѓи Марјановиќ

БАРАВТЕ - ГЛЕДАЈТЕ!

Постојано ми се врти мислата дека причините за с$ што денес ни се случува треба да ги бараме наназад, во некое друго време, иако луѓето може да бидат исти. Се сеќавам, така, на првата конвенција на Лигата за демократија во сега веќе далечната 1990 година во хотелот “Континентал”. Ü кажавме на управата што сакаме, тие ни ја кажаа цената. Ја поделивме со бројот на очекуваните гости и добивме некаква сума што секој мораше да си ја плати (1.500 ли беше, 1.500.000.000 ли динари од човек, не се сеќавам веќе; имаше ужасна инфлација и с$ се сметаше во милијарди.) Нејсе!
“Континентал”, секоја чест, се претстави во најубава светлина: шведската маса беше неповторлива - да му е жал на човека да се послужи и да ја расипе таа прекрасно сервирана француска градина. Имаше и музика и некакви “комедијанти” (тезгароши кои оставија ужасен впечаток со простотијата на својот “хумор”, што никако не одговараше на еден собир на пристојни луѓе). Имаше и аукција на слики.
Имавме и телевизиска екипа од МРТВ-ата (друга телевизија тогаш и немаше). ТВ-екипата ја предводеше една моја студентка. Дојдоа пред почетокот на конвенцијата. На предводничката, со гордост покажувајќи # ја раскошната шведска маса, посебно # нагласив: “Вакви богати гозби, се разбира, имаше и во комунизмот. Разликата меѓу нашава и комунистичките не е во квалитетот или квантитетот на јадењата, туку во системот - комунистичките гозби беа гага, секогаш плаќаше некој друг, нашава си ја плаќаат учесниците на конвенцијата. Би било добро тоа да го истакнете. Инаку, сите вие од телевизијата сте наши гости, можете да се служите како и сите други.”
Така и бидна. ТВ-луѓето се служеа (просто нека им е), снимаа, гледаа сеир и - си заминаа. Веќе истиот ден или утредента, сеедно, го видовме резултатот од нивната информативна дејност: богатата шведска маса ја прикажаа (со бројки и со букви) рамно три пати. Снимена од крај на крај. Да не се посрами од неа ни англиската кралица. Ниту еден единствен збор не кажаа за тоа дека овој пристоен народ со свои пари ја плати таа убава гозба. Од машките учесници на конвенцијата беа снимани само оние што носеа “пеперутки”, од дамите само оние со посебно елегантни фустани. Сликите на малиот екран ги следеа зборови, а меѓу нив доминираше “елита” (што, да им објаснам на помладите, беше рамно на пцост: најстрашна работа во комунизмот беше да ве обвинат за “елитизам” или “лидерство”).
Така МРТВ-ата на самиот почеток # ја запечати судбината на Лигата за демократија: “Таа шведска маса, тие пеперутки, тие елегантни тоалети, тоа ве упропасти!”, ми велеа подоцна луѓето. А квалификативот “елита” веќе никако не пропуштаа да го повторат сите оние што ќе фатеа да зборуваат за Лигата. Имаше и злонамерни будалетинки што тврдеа дека во членство на “елитната” Лига за демократија не примале никој што не е барем “магистер на науки”(!?).
Така, МРТВ-ата го даде својот придонес во борбата против омразениот елитизам и, секоја чест, брилјантно успеа. Сега можам колку што сакам да зборувам, да пишувам, да објаснувам дека Лигата за демократија ниту била замислена, ниту реализирана како некаква елита, не помага. Кога ќе ти го турат прекарот, оди после ослободи се од него.
За ВМРО-то ни никој никогаш и не помисли дека би можело да биде елита: тоа беше опачината на стариот добар СКМ, па веќе и само затоа имаше големи шанси да се пробие и наметне. Без оглед на тоа што и идеите му беа само опачина на комунистичките. И така го добивме она што си го заслужувавме и с$ уште си го заслужуваме.
Деновиве, за жал, без сопствена желба (ни вина) повторно сум во ситуација да се нервирам за “македонцките (политички) работи”, иако бев решил да кренам раце од тој залуден труд: просто чувствувам личен долг да ја помогнам Граѓанската алијанса на Македонија како нешто што # треба на земјава: граѓанска опција без идеолошки предзнаци, без омраза спрема никого, сочинета речиси од сите етноси кои живеат во неа, луѓе што сакаат од Македонија да направат пристојно место за живеење. А гледам: не ја бива работата! Никој жив во оваа земја не се интересира за идеи (што може да н$ извадат од калта во која полека се давиме).
Сега има многу телевизии, многу весници, многу списанија (како и многу партии, впрочем), но ситуацијата и во нив е “длабоко растегнат (комунистичко/антикомунистички) строј”. За граѓанските опции едноставно нема место. Што, патем речено, и не е кој знае какво чудо: како да правиш граѓанска опција со главно рурална популација (да не речам “сељаци”, како што понекогаш вели Данаилов-Фрчковски).
Елем, пред некој ден, за да го разбиеме молкот на медиумите спрема ГАМ, Лигата за демократија реши да проговори “за македонцките работи” на една прес-конференција. Во елитниот “Холидеј ин” имаше една камера и четири (со бројки и со букви) новинари. Сетне чув дека од тоа што го зборувавме спомнале нешто на радиото, а на пет минути пред полноќ н$ имало и на бојкотирана (“антимакедонска”) телевизија и - толку. Оди после, натпреварувај се со црвените и со црните. А бе, не можеш да се мериш ни со пајташите на баронот фон Минхаузен, што денес ќе ви се колнат во вистината (!?).
Пред првите парламентарни избори американската амбасада во Белград за новите и стари опозиционери од Југославија организираше разговор со американски стручњаци за избори: ние седиме во некаков информативен центар на амбасадата (до мене во клупата беше, за прв и веројатно последен пат во животот, д-р Војислав Коштуница), а експертите таму некаде во Вашингтон, па, преку сателит, си правиме муабет. И некој (д-р Зоран Ѓинѓиќ, ми се чини) праша што е најважно за да се победат комунистите. Одговорот на Вашингтон с$ уште ми ѕуни во ушите: “За победа на изборите се решавачки три нешта: 1. пари; 2. пари и 3. пари.”
После се виде дека сепак не е с$ само во парите. Но, пресвртот го направија пред с$ оние што најдоа начин да си ги побараат, дали од дијаспората, дали од МПО-то ни, дали од мајка Болгарија, не е важно. И така излезе дека во политиката ти е како и во “швалерајот”: големи швалери се оние што умеат да си побарат. А после им се лутат што си барале и што - толку многу добиле! Се сеќавате ли на онаа американска серија “Баравте - гледајте?” Тоа е принципот: така беше и така ќе биде! Сиромајот од ум јет сиромав!
Ѓорѓи Марјановиќ

АПЕЛ

Не би рекол дека како земја сме “откачени” (во смислата што на овој збор денес му ја придаваат младите), но дека сме откачен народ е повеќе од сигурно. Особено ни се откачени новинарите.
Зошто го велам ова? Па, може ли некој денес и овдека да се сети колку оставки имало по Европа (кое државни кое партиски), па таму никој жив ниту не помислил, а камоли да кажал, дека таа земја или таа партија, чијшто претседател поднел оставка, дефинитивно се распаѓа.
Бароницата Тачер, на пример (уште пред да стане бароница, кога сите ја викаа “Железната леди”), си поднесе оставка само затоа што процени дека е добро партијата на следните избори да оди со нов човек. И така, најобичниот од сите обични луѓе на светот (г. Мејџер) доби шанса да стане лидер на ториевците и премиер на Обединетото кралство.
Со Норвешка доживеавме уште побизарна оставка. Таму владата на власт, соочена со далеку далеку поситни проблеми од нашава, на едно седум-осум месеци пред истекот на мандатот, си поднесе оставка и # ја отстапи власта на опозицијата. Зошто? Нормално, за да ги добие следните избори. Па така и се случи!
Има значи, многу мотиви поради кои шефот на една држава или на една партија ќе реши да си даде оставка. Новинарите тогаш ги вагаат мотивите и контрамотивите и повеќе или помалу успешно проценуваат какви ќе бидат ефектите од оставката. Освен во жална Македонија, кај што ни со пиштол в рака некого не можете да го натерате да си поднесе оставка!
Му пораснал “октоподот” на премиерот, направил фундаментално погрешни проценки (се пофалил дека противникот ќе го згази како шлепер жаба, а се случило обратното), катастрофално ги загубил изборите, или - друг пример - премиерот секојдневно открива по некој арамија во својата сопствена влада, или јавно признава дека си ги прислушкувал политичките противници, а понекогаш дури и своите соработници (што е рамно на “македонски Вотергејт”) или ја доведува земјата на работ од пропаст, распад, војна, катастрофа - тоа во жална Македонија никогаш не е причина за оставка. Бог да чува и да брани!
А пак “жална Македонија” велам, и доста често повторувам, зашто врие од проблеми, од апаши, од несреќи, а нашето слободно, независно новинарство, наместо да го следи тоа (и - што е поважно - да се труди да го поправи) упорно се обидува да изнаоѓа проблеми таму каде што ги нема. Замислете - во Лигата за демократија.
Мојата оставка им даде повод на некои новинарски политички некрофили (желни да му пцовиса козата на комшијата) веднаш да фатат да плетат приказна за тоа дека партијата се распаѓала, дека се појавиле фракции итн. итн. И, наместо тие исти (вистинољубиви!?) новинари да појдат до Алаѓозовски и да го распрашаат како стојат работите, тие повеќе ги сакаат вестите на “Радио Милева” (колку да не речам: рекла-кажала).
Еве, затоа, ќе пренесам овдека еден текст, пишуван за последниот број на “Демократски форум”, гласилото на Лигата за демократија, што од некои (се надевам, технички) причини не се појави во јули. Колку да видат некрофилите дека нема ништо од распадот на Лигата! Во сево ова има само една мала разлика: таму текстот требаше да биде објавен под наслов “Апел на екс-претседателот”, овдека е сосема доволно и само “Апел”:
Има некои работи што се случуваат по мојата оставка што воопшто не ми се допаѓаат. Поточно речено - сериозно ме загрижуваат. Некои луѓе (особено во мое Куманово) моето откажување од лидерството како да го сфатија и премногу трагично. Небаре, со заминувањето на Марјановиќ нема што веќе да бараат во Лигата. Слушам овие ќе пошле кај овега, оние кај онега. Некои и отидоа. Ни први ни последни. Тоа е многу жална работа. Не затоа што губиме некои вредни луѓе, туку затоа што тие, со тој чин, покажуваат колку малу # биле приврзани на Лигата и на нејзините идеи, а колку многу (или: единствено) на поранешниот лидер.
Се разбира, лојалноста спрема човекот што ја формирал партијата е убава работа. Но, белки тоа не е лојалност спрема тој ист човек само додека бил (и само затоа што бил) лидер. Ако се знае дека јас и натаму останувам во Лигата, луѓето што ми се навистина лојални ќе треба да бидат лојални и откако не сум веќе на нејзино чело.
Ми се чини дури дека сега е време уште поревносно да ја искажат својата лојалност. Зашто, ако овие неколку осамени бегства од Лигата станат правило, постои опасност неа и сосема да ја снема. А тоа ќе им даде право на сите оние зли јазици што зборуваа (и што с$ уште зборуваат) дека Лигата за демократија - тоа е Марјановиќ. Што е уште полошо тоа ќе биде тажно сведоштво дека јас, всушност, ништо асолно и не сум направил на македонската политичка сцена.
Тоа главно беа мотивите што ме натераа на сите членови и симпатизери да им порачам да останат во Лигата. Да им порачам да се растрчаат токму во ова предизборие и да го зголемат бројот на членовите. Сега му е мајката да ги видиме младите и нивната способност да се самоорганизираат. Да видиме кој колку членови, кој колку симпатизери, кој колку гласови ќе ни донесе.
И уште нешто! На последната страница од нашиот “Демократски форум” упорно ја објавуваме нашата жиро-сметка. Ѓоа на барање од членството! За жал ја објавувавме (и ја објавуваме) за дискретно да ве поттикнеме да уплатите некој прилог на сметка на партијата. Зашто една партија без пари не може да вирее.
Треба ли вака јавно да се поплачеме дека Лигата има долгови (а ние сме луѓе што си ги плаќаат сметките!). Дека телефоните ни се пред исклучување. Дека ВЕБ-сајтот с$ уште не ни е приклучен на ИНТЕРНЕТ и покрај сиот труд што беше вложен тој да се изгради. Што ќе биде, патем речено, фантастична можност да досегнеме и до нашинците во дијаспората, зашто преку веб-сајтот ќе може да се следи и “Демократски форум”.
Елем, од с$ срце апелирам (друго не ми останува!): не напуштајте ја Лигата. Напротив, проширете ја! Помогнете ја материјално! Да не ни се смее народот дека сме биле “партија на циции”. Помогнете му на младиот в.д. лидер да го направи чудото што не ми успеа мене: да ја направи Лигата за демократија парламентарна партија.
Интуицијата ми вели дека Алаѓозовски има добри шанси тоа успешно да го изведе. Не заборавете дека е “магистер по теорија на литературата”, а дека државичкава ни ја води еден само дипломиран студент по споредбена литература). Дека Македонија е земја на млади, а не на стари лидери.

Ѓорѓи Марјановиќ

ЖИВ ЗИЈАН

Не знам кој беше тоа што рече: “Лигата за демократија на политичката сцена на Македонија правеше грешки, но не и гревови!” и јас сум готов да се согласам со него. Една од првите, најголеми грешки таа ја направи на својот почеток: штом беше објавено дека Анте Марковиќ, тогашниот сојузен премиер, во кого тогаш сите се колневме како во спасител на земјата, решил да формира партија - Сојуз на реформските сили - Извршниот одбор на Лигата за демократија (со еден глас против - на Богомил Ѓузел) одлучи да í се приклучи на неговата партија. Речено, сторено! Издадовме и соопштение во таа смисла, а на сите членови што ни се јавуваа да прашаат што да прават, им велевме - “Одиме во Реформските сили!”
Не мина многу време и туку еве ти го во Македонија Столе Андов, тогашен југословеснки амбасадор во Ирак и (по свое кажување) интимус на Садам Хусеин (инаку познат како голем либерал, нели) во улаога на “координатор на реформските сили”. Што правеше, правеше, важно - се направи себеси шеф на новата партија во Македонија, а нас, од Лигата и не н$ покани да земеме учество во неа. Нејсе! Ние и така интуитивно се бевме оладиле кога видовме кој ќе биде шефот на Реформските сили во Македонија. Иако штетата беше сторена: загубивме неколку општински централи и уште многу, многу поединци, на кои самите им советувавме да влезат “кај Анте”.
Не мина многу време, а мене ми беше пренесена една ваква приказна: еден важен човек од Лигата се нашол во кабинетот на глодурот (така новинарите од милост си го викаат својот “главен и одговорен уредник”) на “Нова Македонија” и овој му пренел дека Столе Андов лично, пред него, се исчудувал како тоа новинарите го прогласиле за “координатор на реформските сили”, кога тој бил пратен од Анте Лигата за демократија да ја направи столб на реформските сили. Нашиот човек се изненадил. Ова му се видело некој вид политичка фантастика со оглед на тоа што во текот на целото свое “координаторствување” Андов ниту лично ниту посредно не се обиде да стапи во контакт со Лигата. Глодурот кревал раменици: така, буквално така зборувал самиот “координатор”.
И туку, види чудо: во тој момент на вратата од кабинетот на глодурот се појавил лично и персонално бај Столе Андов. Нашиов човек секогаш сакаше да ги истерува работите на чисто: “Абе, бате Столе (дали му рекол вака, не знам, јас така го прераскажувам тој разговор), вака и вака, нашиот домаќин ми раскажа една неверојатна прикаска - ти лично си му кажувал дека Лигата за демократија требало да биде столбот на реформските сили во Македонија?!” Прашаниот очигледно немал каде и потврдил. Нашиот човек продолжил да се исчудува: “Не можам да разберам, ти никогаш не направи никаков контакт со професор Марјановиќ?” Што било работата? Чоекот се обидувал, но не можел да ме најде (!). Види, мајката! Нејсе! Резултат од ова сознание беше никогаш и во ништо да не веруваме ако доаѓаше од г. Стојан Андов. Тоа беше и останува прагматична определба на Лигата.
По кој знае колку време во “Александар Палас” се сретнав (за прв пат) со Анте Марковиќ. Беше платен советник на владата (чија, веќе не знам, а не е ни важно). Ме интересираше автентичноста на горераскажаната приказна и не пропуштив да го прашам. Човекот ме погледна непријатно изненаден и, наместо да одговори дека било така или не, само по малу театрално ми рече: “Ви се молам, не спомнувајте ми го Столе Андов. Тој ми е најголемата грешка во животот!” И тој жртва! Веќе немав срце да го чачкам, а и тој брзаше некаде.
Втор, по нас, што изгоре од бај Столе беше човекот што # го подари името на партијата. Во тоа време сите многу се угледавме на братска Словенија, а таму младината формираше “Либерална партија”, па таква формираа и младите на Македонија. Убаво звучи, а им обезбедува можност да си го присвојот имотот на Сојузот на младината на Македонија. Што прави сега Ристо Иванов не знам, но повеќе од веројатно би можел да раскаже интересна приказна за тоа како се “офајдил” од друштвото на Столе.
Нова жртва беше г. Петар Гошев. Еден ден ме викна и ме прашува што мислам јас за обедунувањето на “либералите” со Демократската партија (во која тогаш беше влегла и Лигата за демократија, што беше нејзина втора катастрофална грешка). Тоа беше пријателско прашање, никаква консултација, зашто пазарот, изгледа, веќе беше направен. “Вие како ве учи паметта, реков, но ние од Лигата со бај Столе нема да седиме под еден кров. Ако се обедините, ние не само што нема да останеме во раководството, туку ни во членството на Демократската партија. Ја обновуваме Лигата!”. И така би!
Многу скоро се покажа дека обединувањето било грешка не само во политичката сметка: 1 + 1 = 2 (75.000 гласови за едната и 75.000 гласови за другата ќе # донесат 150.000 гласови на обединетата партија), туку и секакво садење крастајци со бај Столе.
Кој беше следната жртва на бај Столе не се сеќавам. Можеби некого и ќе пропуштам. Еднаш на еден прием (по повод еден важен јубилеј на Технолошкиот факултет) на врв јазик ми беше да му кажам на г. Ристо Гуштеров (покровител на јубилејот): “Знаете, малу ми е страв за вашите пари и за вашата политичка иднина. Никој што се здружил со Столе Андов, не поминал без штета!” Арно ама, јас тогаш не го познава г. Гуштеров, а немаше кој да н$ запознае, па така ова што сакав да му го кажам, му го кажав многу, многу подоцна, кога и самиот се запиша во списокот на жртвите на бај Столе.
И сега гледам на ТВ, читам по весниците, премиерот се колне во својот стратешки партнер - г. Столе Андов лично (!?). Јак стратешки партнер, нема што. Како никој ништо не научи од она што се случуваше на јавната сцена со овој човек и околу овој човек?
Инаку, јас длабоко се сомневам дека актуелната власт на младиот војвода ќе ги преживее изборите на есен: ни Љубчо не ме послуша (зашто имам впечаток дека ме чита), па, не водејќи сметка за емпириски проверениот факт дека бај Столе е жив зијан за секој свој партнер, го избра токму него за предизборна коалиција. Во секој случај, човекот барем ќе има повеќе од уверливо оправдување зошто ги загубил изборите: Андов и ништо не е можно!
Ѓорѓи Марјановиќ

ДАЛГА

Испробан метод да ја преживеам лете скопската микроклима (“изгор лето, кочан зима”) е - да не мрдам од дома. И кога надвор се ближи кон 40-тиот сепен над нулата, дома и без ер-кондишн ми студи. Душа си дало за исполнување и натфрлање на моите норми при преведувањето на Пруст! Затоа, без голема мака не мрдам од дома.
Е, минатиот вторник мрднав без каква и да е мака. По најголемите горештини, и преку новоослободените територии на заедницата од над 20%, појдовме на еден ден до Охрид само за да го чуеме завршниот концерт на учесниците на Десеттиот семинар за пијано на професор Борис Романов.
Охрид нî дочека суштествено изменет, непрепознатлив. Првиот впечаток од погледот врз тврдината веќе навестува дека тука ќе може (“во автентичен амбиент”) да се игра Хамлет: наместо на Самуиловата крепост налетавме на данскиот дворец во Хелсингер. Сетне шетавме по тврдината и - ништо не препознававме. Тоа не е веќе онаа ороната, запустена урнатина каде што човек може да шета во тишина и да си води дијалог со вековите што ја довеле на ова дереџе. Да бевме во некое друго време, десетина векови порано, ќе помислев дека цар Самуил решил дефинитивно да се пресмета со Василиј II: тврдината забрзано се гради за решавачката битка.
И човек не знае што да мисли. Од една страна, свесен е дека ако продолжеше туристичката забава што ја знаеме (секој посетител да искорне еден камен од тврдината и да го фрли што може подалеку), за некоја деценија на ридот во Охрид ќе останеа само траги од тврдина. Од друга страна, човек сепак има аверзија спрема новото што се обидува да се прави древно. Се тешам само дека во ова што го правиме воопшто не сме осамени: да не ги обновуваше Европа своите градови и тврдини, разурнати во војните, сега таму ќе имаше само куп облакодери како оние на Менхетн. Само, ако се има предвид колку многу остатоци од старото имаме, не знам каде ќе запреме.
Обновата на тврдината (и на храмот на св. Климент) беше следена со невидено обемни архелошки ископувања што исфрлија на површина едно чудо вредни наоди. Ја се фати Македончето за копач, ја од под земјата се појавуваат културно-историски чуда. Затоа, додека сме сиромашни, подобро е да не гибаме ништо: нашето богатство е сепак подобро заштитено под земјата одошто над неа (освен ако не се вмешаат “дивите археолози”).
Инаку, вмровската власт навистина прави сî што правеа порано “комуњарите” (според Бране, за да не рече некој дека и јас така ги викам): во полна сезона се прошируваат улици, се градат тротоари, се копа, “се штури, се пусти”. Градат дури и таму каде што никој жив не би помислил дека треба нешто да се ѕида, таму каде што би требало само уште да се урива: она грдо здание, да речеме, со простории на некои изумрени политички партии, на самиот брег од езерото до пристаништето. Откако охриѓани (секоја чест!) имаа доблест да ја урнат старата, грда “Летница” и онаа ужасна друмска меана на местото од сегашниот Хотел Десарет во Пештани, си реков: ќе им честитам кога ќе соберат храброст да го отстранат и тој задружен дом од времето на реал-социјализмот. А сега гледам вмровските реал-капиталисти нацуцулиле новоградба токму до ова грдо куќиште (!?). Нејсе! Секое време мора да си остави свои траги.
Што се однесува до концертот, искрено го жалам секој што не дојде да ги чуе питомците на Романов. Човек на него имаше прилика да се почувствува голем господин во раскошно богата земја. Богата во најсуштественото - во духовноста! Беше тоа невиден огномет на убавина, божја дарба, труд, а по малу и на естетски фанатизам. Во текот на концерот, туку една дама до нас ќе ни шепнеше: “И овој е ученик на средното музичко!” Така излезе дека повеќе од половината пијанисти се средношколци. Ако свират вака во средното, како ли ќе свират како студенти? А како само како дипломци?
Имаше, да речеме, една Ана Петрова за која, по концертот, гласно им порачав на нашите музички швалери да ја украдат. Таа ме чу, се сврте и ме праша зошто. “Греота е една Ана што свири вака убаво да замине за Бугарија” (од каде што и дошла). Имаше и една Нина Костова (златна на мајка! штета што таа не изродила повеќе деца како неа). Имаше и еден Шкељзен Бафтијари, кому му ракоплескаа како да не е од заедницата од над 20%. “Па и не е!”, ме поправија, “дојден е од Албанија!” Не знам зошто, наместо само да слушам, се загледав во пртите на Иво Настевски: и тој начисто ме уништи, почувствував замор гледајќи го. Единствено Симон Трпчевски не спаѓаше тука: тој веќе спаѓа во Европа, во светот. Марија Ѓошевска не знаеше како да ми заблагодари за трите книги на Пруст, што í ги подарив. А, всушност, јас бев тој што í должеше благодарност првин за чудесниот скопски дипломски концерт (што ќе се памети), сетне - за ова вечерва! Даниел Чурковски доби сериозна конкуренција и како музичар и како убавец: засега Кристијан Каровски сепак “го шие” само во елеганција. Во музиката и убавината ќе треба да причекаме и да видиме (односно да чуеме): обајцата свират прекрасно.
Како не се најде едно од тие момчиња и девојчиња за кое ќе речевме: “Е, овој заталкал среде овие!” Не, ни Теодора Аџарова, ни Ана Арангелова ни Симона Ѓорчева ни Круме Андреевски не беа ни за влакно подолу од другите. Бојан Маротов отприн ни го одвлекуваше вниманието со своите “сценски ефекти” додека неговото свирење не нî натера да се сосредоточиме врз суштественото. После веќе ни се допаѓаше и неговото вродено афектирање.
Ова ме натера на професор Романов (по концертот) да му кажам: “Знаете, професоре, јас имам 63 години, но, сî ми се чини, да решите да ме учите, секако ќе свирам како овие момци и девојки. Сî е до професорот...” Го реков тоа иако не верувам премногу, не во Романов, туку во мојата музичка дарба, а особено во мојата музичка трудољубивост: во Куманово учев девет години виолина и - ништо не научив. Секако не ми беше виновен мојот учител Тодор Балкански (Бог да го прости!). Ај да речеме, не ја сакав виолината. Сакав пијано, а моите беа сиромашни и ми рекоа: “Една виолина уште би можеле да ти купиме, пијано никогаш!” И ме натераа да учам виолина. Тие долги години сепак не беа загуба: научив да ја сакам музиката, а тоа и не е мала добивка.
Ми е криво што не го чув пак Марко (оној во ганц нова црна УЧК униформа), но, наоѓам оправдување - него сепак вчера го примија на факултет. Сепак, срце ме боли што отпаднал Божи Дар (дотолку повеќе што не можев да го чујам на неговиот последен концерт: морав да бидам на промоцијата на една книга во Струга)! Здравје, ќе има уште многу концерти!
РЅ: Некој ќе праша зошто колумнава носи наслов без врска со текстот. Има, има: така ме советуваше еден келнер од измислениот охридски ресторан ДАЛГА, каде што по концерот отидовме за да се соземеме од чудесата од Св. Софија.
Ѓорѓи Марјановиќ

ДВОРСКИ

Колумниве се начин човек да посведочи со збор за луѓе што ги познава, со кои се дружел, што оставиле некаква трага во неговиот живот. Но, јас не би бил јас ако постапувам онака како што главно прават другите. Денес, еве, се сетив да посведочам за еден човек што не го познавам. Буквално никогаш не сум се запознал со него, не сме се ракувале, не сме си рекле лично два збора. Еден на друг не сме си пишувале. На него се сетив затоа што во архивата имам еден необјавен превод на “Германската селанска војна” од Енгелс, а сетне, слика по слика, ми се врати во мислите филмот за тоа како дојде до тој превод и - како остана необјавен (што патем речено, воопшто не беше по негова вина).
Еден постар колега од Филозофскиот факултет (кого пријателите “од милост”, поради неговите силни антршамбрирања по кабинетите на нашите некогашни партиски раководители, си го викале “Дворски”), преку еден свој пријател од Правниот, ме замоли за не знам кој зборник ли, годишник ли, списание ли, да преведам една германска статија за естетиката. Излезе дека се работело за некакваси “структуралистичка естетика”, за која јас, инаку, знам исто толку колку и за квантната физика. Што ќе рече - апсолутно ништо! Но, јас главно строго се држам за максимата “noblesse oblige”, па, откако дадов збор, морав и да го одржам.
Читателот може само да си замисли колку напорно морав да пливам по еден типично германски замрсен текст. И - бидна, испливав! Го дадов текстот. Човекот што ме замоли (преку друг) да го преведам ова чудо, по истиот канал ми ги испорача и своите честитки: бил восхитен од тоа како сум го “помакедончил” германскиот напис. Мене ме мрзеше по истиот канал да протестирам кај него зошто не е објавено името на преведувачот. Како што е домаќински ред на нештата. Дали ми платиле за преводот не се сеќавам. Веројатно да. Да не, ќе им го памтев до ден денес. Нејсе!
Мојот успешен преведувачки деби имаше еден чуден резултат. Еден ден ме викнаа во издавачката куќа “Култура” и ми соопштија дека имаат намера да издадат 20 тома одбрани дела на Маркс и Енгелс и јас сум бил предложен да го преведам седмиот. Кој ли тоа се сетил на мене? Го изговорија името на “Дворски”. Дадов збор и се фатив за работа. Морам да признам - со големо задоволство. Секогаш е убав предизвик од еден сложен, разгазен, богат та пребогат светски јазик да направите превод, а тој да биде исто толку читлив исто толку убав колку и оригиналот. И, згора на тоа, доказ за прекрасните изразни можности на нашиот вчера скроен литературен јазик.
Првин го преведов “Осумнаесеттиот бример на Луј Бонапарта” (од Маркс), па, со оглед на тоа што објавувањето на дваесетте томови уште не беше ни на повидок, # го понудив на истата таа “Култура” да го објави како посебна книга. Речено, сторено. Маркс од оваа книга ми се виде во сосема поинаква светлина: не знаев дека бил страшен озборувач. Книгата врие од пикантни алузии. На едно место, на пример, зборувајќи за главната личност на својот трактат, ќе рече:
“Низ историската традиција настана верувањето во чудо на француските селани дека еден човек по име Наполеон ќе им ја врати сета некогашна слава. И се најде индивидуа што се издава за тој човек, затоа што го носи името на Наполеон врз основа на Code Napoléon, кој пропишува: “La recherche de la paternité est interdite” (“Истражувањето на татковството е забрането”)”, што е неприкриена алузија на сомненијата дека Луј Бонапарта не е син на Наполеоновиот брат, туку на еден холандски адмирал. Кој би рекол дека Маркс знаел и такви скокотливи пикантерии!
Во меѓувреме го започнав и го завршив и преводот на Марксовите “Откритија за процесот на комунистите во Келн”. Него веќе го објави денес непостојната издавачка куќа “Комунист”. Воопшто не ми е криво што “си го губев времето” со Маркс. Моите студенти, што сакаат да бидат добри адвокати треба секако да ја простудираат оваа книга, во која тој, иако филозоф, манифестира неверојатен талент на авокат: од Лондон го следи процесот во Келн и укажува на сите можни и невозможни противречности во исказите на сведоците и обвинителите.
Третата книга беше “Германската селанска војна” од Енгелс. Тоа е преводот што остана необјавен. Во меѓувреме се случи тоа што се случи (Струга 1983) и мене мојата родена партија ме прогласи за непријател на социјализмот (Дворски, по веќе споменатиот, а неименуван канал, изнесе аподиктичен суд за мене, виден од мојот струшки реферат: “Типичен граѓански интелектуалец!”, што јас искрено зборувајќи го доживеав како комплимент. Да не бев таков ќе мораше да личам на него.). Мојата дисквалификација имаше за последица никој ништо да не ми објавува во Македонија (освен во “Годишникот на Правниот факултет во Скопје”, а таму, се разбира, се објавуваат само строго научни/стручни трудови). Да не бевме тогаш Југославија, да не беа Белград, Загреб и Љубљана, јас практично не ќе имав што да понудам за моите избори и реизбори на факултетот.
Во моментов, пишувајќи ги овие редови, се свестувам зошто, всушност, зборувам за сево ова. Па, на едно место Енгелс, во предговорот или поговорот на”Германската селанска војна”, сеедно, размислува за тоа кој би можел да му биде сојузник на пролетаријатот во класната борба (што ја планираше заедно со Маркс) и, меѓу другите, се осврнува на ситната буржоазија. Таа, вели Енгелс, е неверојатно превртлива. Во текот на класните борби си ја варди кожичката, а кога ќе се види победникот, му се фрла во прегратки и тогаш посилно вреска по крчмите од него. Тоа му се случи на победникот од 1945 година: малограѓанштината не само што им се фрли во прегратки на комунистите, туку практично ги задуши со своите изливи на лојалност. Тоа му се случи и на победникот од 1998 година: малограѓанштината му се приклучи на новиот победник (антикомунистите) и на добар пат е да го задуши и него како и оние пред него. Искрено се надевам дека за тоа нема да # бидат потребни 45 години.
Ова пак го кажувам за да ги утешам оние што Лигата за демократија ја сметаат за губитник: сега е с$ уште време на борба меѓу комунистите и антикомунистите. Времето на вистинските граѓански партии ќе дојде дури откако овие заемно ќе се исцрпат во битката што ја водат од осамостојувањето до денес.
Инаку (да се вратам на темата), еве како и човек што не го познавате може делотворно да влијае врз вашиот живот. Срам да ми е, но без оглед на неговата позитивна улога во мојот случај, не чувствувам потреба да го запознам.

Ѓорѓи Марјановиќ

ГАЧКИ

Колумниве, барем за мене, се чист зијан. Што и да напишам, што и да речам, туку ќе се најде некој погоден, навреден, налутен. Туку ќе фатат да фрчат телефони, пријателите во чијашто приврзаност се колнев ќе фатат да ми се закануваат дека веќе нема да ми зборуваат (“до крајот на животот”). А зошто? Затоа што за некого сум напишал дека бил и с$ уште е “асолен домаќин со меко срце и широка рака”. Дали овој човек ќе ми се јавеше да се заблагодари, да ми честита, да ме пофали ако напишев дека е “неасолен домаќин со тврдо срце и стисната рака”? И бидејќи тоа е неверојатно, решив да не се обѕрнувам на ваквите протести: асолен домаќин си е добар домаќин. Човек со меко срце е добар човек. Човек со широка рака е дарежлив човек, а не циција, стипса. И бидејќи човеков за кого станува збор не е глупав, не ми останува друго освен да мислам дека мојот текст воопшто не го прочитал, туку некој друг (за кого не пишував со кој знае какви симпатии) се препознал и му го раскажал онака како што нему му се чинело згодно. Нејсе, еве, јас јавно давам збор дека веќе никогаш никого нема да го пофалам во жална (и болна!) Македонија. Болна? Па, да се лутиш што ти оддаваат признание не е ништо друго освен патологија!
А можеби човеков и има право. Во нормални земји, во нормални народи луѓето се гордеат кога некој ќе рече убав збор за нив. Но, не и во Македонија. Ми доаѓа на ум една книга што на времето ја издаде “Студентски збор”, а ми ја подари мојот добар (за жал, сега веќе одамна покоен) пријател Насте Стојкоски, директорот на таа куќа. Не би можел да се заколнам за тоа како му беше името на авторот (мислам дека е Симјановски и дека живеее во Кичево), но знам дека книгата му се викаше “Фаќачи на вампири” (за жал не успеав да ја најдам дома за да проверам, зашто на толку многу луѓе сум им ја позајмил на читање што сега воопшто не се сеќавам кој е последниот). Тоа е книга раскази за настани и луѓе од родниот крај на авторот. Имам впечаток дека се работи за автентични настани и луѓе. Или барем повеќето се такви. Она што е потресно во оваа книга (и во жална и болна Македонија) е дека ниеден расказ нема хепиенд: доброто, чеснотото, доблесното, убавото, кроткото, питомото, секогаш е понижено, навредено, испцуено, исплукано, извалкано, претепано, оттурнато од другите, поинаквите.
И минатата година и годинава мислата многу често ми се враќаше на ова автентично сведоштво за нашата типично македонска човечка природа. И си велам: па и не е чудо што с$ ни се случува во последно време. Ако сме и приближно таков народ, каков што н$ прикажува авторот на “Фаќачите на вампири”, и ред е да н$ стрефи Божја казна затоа што сме такви. Впрочем, казната и е излезена од Рајот!
Дигресија: според едно (кај нашиот источен сосед) доста раширено толкување, Ева била Болгарка, па терајќи го Адам да касне од јаболкото го навлекла гневот Божји врз Болгарите и Бог ги казнил со изгон од Рајот, но и со многу други, споредни казни: да не бидат на победничката страна во ниедна значајна војна, туку секогаш онаа друга, да не речам каква, “странка”, да сонуваат и дење и ноќе дека Македонија е болгарска, а таа никогаш да не биде нивна итн. итн. И, само уште да не заборавам откаде им е аргументот дека Ева била Болгарка: “Ами, каде, освен в’в Б’лгарија, ште намерите жена којато се подава за едно јаболко?” А сега, да се вратам сега на Божјата казна за нас Македонците!
Кога Господ сака некого да го казни, обично првин му го зема умот. Нашата Божја казна е Арбен Џафери и неговата Partia demokratike Shiptare. Деновиве читам: господинот Чист (интегралецот со мила фаца од Зајас) од прво успеал да ја регистрира својата партија. На Засипнатиот судот по четврти пат (!) му ја одбил регистрацијата! Го слушам Џафери како мрмори: “Проклета бирократија! Една Лига за демократија регистрираа без да им трепне окото, а јас со мојата моќна партија направив цела една војна, ја претворив во прав и пепел омразената Оаза на мирот, ги родив Ахмети и Теута Арифи, го клонирав Хаџиреџа (од црната листа), а тие си играат мајтап со мене и не ја регистрираат најголемата и најмоќна партија на просторите на Голема Албанија окупирани од клетите Славомакедонци!”
Изнервираниот Ангел на мирот им се заканува на Славомакедонците (и на другите): “Ако не се изгласа пасошот и Деловникот, Partia demokratike Shiptare ќе ги бојкотира изборите”, а нивното повлекување од политичкиот процес тешко ќе им паднело на другите! Мене особено: Partia demokratike Shiptare не излегува на изборите и, се разбира, ја нема веќе ниту во парламентот ниту пак во владата. И што ќе правиме без нив? Што ќе правам јас лично, мила моја мајко?
Веќе нема да можам да ја толкувам ни азбуката на демократијата: ако една група луѓе не е регистрирана од страна на надлжениот суд таа не постои како партија, таа не е актер на политичката сцена, таа не може да биде во парламентот, во владата, па ни во коалиција со некоја ас партија. Ја нема Partia demokratike Shiptare и мене ми пропаѓа основата врз која се темели мојот став дека Македонија е ѓоа-држава.
Затоа, ќе се сети ли некој од Уставниот суд на Македонија, додека Partia demokratike Shiptare е сî уште во власта, да ја прогласи и целата влада за нелегитимна? Ако дел од владата (врз кој се заснова нејзиниот опстанок) е нелегитимен, нелегитимна е и владата како целина. За илустрација: за склучување брак (барем засега) во Македонија е потребно едниот од партнерите да биде машко, другиот женско. Ако едниот партнер не е машко (или не е женско, сеедно) бракот правно не постои. Услов за склучување политички брак (тоа на убав македонски јазик се вика: коалиција) е идните брачни партнери да бидат регистрирани како политички субјекти пред надлежниот суд. Ако не се - коалиција нема, па ни политички брак!
- Ама, професоре, ќе рече некој, па не гледате ли дека ВМРО-то ни и Partia demokratike Shiptare опстануваат во брак веќе четири години.
- Не, не гледам, одговарам јас. За мене тие не се во брак, туку во конкубинат, во вонбрачна заедница. Како кривичар би бил во искушение да речам: тие вршат политички “противприроден блуд”.
И не е дека во оваа земја нема дете што ќе извикне: “Царот е гол!” И не дека е тоа тајна во оваа земја. Само, Македонија не е земја на приказни, туку на исколчена реалност и нема кој да слуша. А да има ќе се најдеше веќе основа за поништување и на Охридскиот договор! Имено, ако Partia demokratike Shiptare е нелегитимна структура, таа, како таква, не смеела да биде учесник во разговорите во Охрид. С$ што потпишале нашиве со еден нелегитимен (правно непостоечки) субјект исто така е нелегитимно. Секоја измена на Уставот врз основа на некаков си нелегитимен “Рамковен договор” е ништовна.
Само, ова се веќе приказни за големи деца. Мојот сват Бандо презрително би рекол: “Гачки!”

Ѓорѓи Марјановиќ

ВИСОЧЕСТВО

Во далечната 1970 година живеев на Lugostrasse 13, во убавиот Фрајбург ин Брајзгау на Шварцвалд. Еден ден се изненадив кога ја чув мојата газдарица како на една постара (мошне скромна) жена # се обраќа со зворовите “Ihre Hochheit” (Ваше Височество). Старава дама често ја среќавав со пластична торба в раце како се враќа од супермаркетот GOTTLIEB (што денес исто така веќе го нема), па не им верував на ушите дека таа може да биде некакво “височество”. Ја прашав госпоѓа Хунгарланд (газдарицата), дали добро сум чул како # се обраќа на нашата прва сосетка. “Ах, да, вие, се разбира, не ја знаете. Таа е бисер на нашето соседство: Принцезата Феодора, наследна Голема Војвотка фон Саксен-Вајмар и Ајзенах, грофица Ветин...”
Се разбира, наследната Голема Војвотка (избркана однекаде од Источна Германија) се ословува со “Ваше Височество”, исто како и шармантниот принц Вилијам, внукот на англиската кралица. Тоа што го знае горе-долу секоја домаќинка на запад не го знаат многу луѓе во Македонија, па така и може да се случи, во сите филмови англо-саксонското “Your Honour” речиси редовно да се преведува со “Ваше Височество”.
Случајно (подобро речено намерно) налетав на едно писмо, што на 10 февруари 1983 година сум му го испратил на Благоја Корубин за неговото “Јазичко катче” во “Нова Македонија”:
Би ми било мило ако во ЈАЗИЧКОТО КАТЧЕ најдеш место за следниве редови, што одамна имам намера да ти ги упатам, зашто несмасноста на нашите преведувачи во работите на формата мошне често пречи (земи го, на пример, ословувањето со “ти” меѓу припадниците на највисоките општествени слоеви од англо-саксонскиот свет, за кој нашите преведувачи наоѓаат оправдување во непостоењето разлика меѓу “ти” и “вие” во англискиот јазик!).
Начинот на ословување во едно општество е, повеќе или помалу, прашање на конвенција, без поголемо значење за суштината на меѓучовечките односи во него. Така, иако човек може да има право (а понекогаш дури и обврска) некого да го ословува со “другар”, за односи на некаквоси вистинско, суштинско другарство никако не ќе може да се зборува доколку тој без приговор мора да ги исполнува сите заповеди на својот “другар”, па и оние што најинтимно ги смета за нецелесообразни, штетни, а некогаш дури и за глупави. Од друга страна, човек со ништо не му ја поправа општествената положба на бедниот ако формално му се обраќа со “господине”.
Има, меѓутоа, форми на ословување мошне строго специфицирани со оглед на личноста, а врзани или за нејзиниот личен (односно - општествен) статус или за функцијата што ја извршува. Бркањето на различните начини на ословување не претставува само показател на нечија, најблаго речено, лоша информираност за определени статусни или функционални прашања, туку мошне често ќе се јави и како извртување на смислата, искривоколчување на една уметничка творба.
Поводот за овие редови е една таква бркотија, за жал, мошне честа, особено на нашите мали екрани. Се работи за преведувањето на англо-саксонската формула “your hono/u/r”, со која сите учесници во еден судски процес му се обраќаат на судијата, само нему и на никој друг.
Од сите можни преводи нашите ТВ-преведувачи се определија за најневозможниот (така велам зашто е најдалеку од смислата, или, уште поточно речено, наполно лишен од смисла). Имено, насекаде каде што ќе се сретнат со формулата “your hono/u/r”, нашите преведувачи ставаат, верувале или не, ни повеќе ни помалу туку “Ваше височество”.
Зошто е ова така катастрофална грешка? Напросто затоа што формулата “Ваше височество” е рудимент од феудализмот, на кој службено или неслужбено имаат право само членовите на едно царско, кралско, односно суверено кнежевско или војводско семејство. Повеќе од јасно е дека еден судија, било да е англиски или американски, нема и не може да има ништо заедничко со едно “височество”, било да е тоа Принцот од Велс, Грофот од Париз, Великиот војвода од Луксембург или Принцот од Монако.
Како да се преведе формулата “your hono/u/r”, што и самата е рудимент од некои стари времиња? Мортон Бенсон во својот “Енглеско-српскохрватски речник” (издание на “Просвета” од Белград, стр. 293, под honor; 3) ја предлага едноставната, осовременета и демократизирана формула “господине судијо!” Сосема прифатливо, но и мошне прозаично решение, наполно употребливо кога се работи за еден современ суд. Меѓутоа, кога се работи за литерарно, драмско или филмско дело што се занимава со Средниот век, тогаш овој демократизиран, буржоазиран превод може да звучи и неумесно. Ми се чини, затоа, дека би било сосема во сообразност со карактерот и суштината на оваа формула, карактер на рудимент од старите времиња, кога преведувачот би посегнал по една наша стара формула, што и ден-денес може да се чуе во нашите судници во некои по малу старински, по малу патетично конципирани завршни зборови, а тоа е формулата “Честит суде!” Оваа формула, не само што е врсник на англо-саксонската, не само што ја има потребната “патина” и нужната патетика, туку ја носи и основната семантичка содржина: зборот “honour” (во англиската варијанта), односно “honor” (во американската), имено, значи “чест”, што е основната поента на овој начин на обраќање.
Стариот добар Корубин, кој имаше рафиниран усет за убавината, точноста и функционалноста на јазикот, се согласи со моето писмо и речиси во целост го објави (“Нова Македонија” од 27.02. 1983, стр. 12) под наслов “Честити суде!”, употребувајќи ја намерно (за да ја истакне архаичноста на формулава) старата форма на вокативот.
За жал нашите преведувачи не само што не го научија урокот (еден ден го сретнав моево писмо и во една од книгите на Корубин во кои ги објави своите “јазички катчиња” за да им ги направи достапни на сите што совесно работат со јазикот), туку првобитната грешка со “височеството” ја проширија и продлабочија.
Така, денес и во “Дневник” (за жал!) за англиската кралица може да прочитате “Нејзиното височество”, иако таа е и може да биде само “Величество”, а ознаката за позицијата на нејзиниот син (престолонаследникот - crown prince) ја предаваат како “крунисаниот принц” (!?). Луѓе, принц што е крунисан, станува крал! Трето нема! Туку, чуму овие гачки?
Можеби ќе биде најдобро да воведеме монархија во Македонија и да го научиме протоколот на ословувањето на дворот (нашите новинари и преведувачи исто така не прават разлика помеѓу “двор” како државна институција и “дворец” како зграда). Овој предлог, што, инаку, не го давам за прв пат, има и една друга убава страна: шефот на државата нема да ни зависи од гласовите на припадниците на заедницата со над 20%.

Ѓорѓи Марјановиќ