Еден адвокат од Охрид (мој некогашен студент) неодамна ми раскажа интересна приказна за некои туѓи и некои наши табиети. Името му го изоставам од разбирливи причини: раскажаното го дознал од некој клиент, а тоа, во принцип, е професионална тајна. Впрочем, ни во неговата приказна немаше никакви имиња. Расказот беше интересен како случај, како илустрација за тоа како функционира една вистинска правна држава, како пример за грижа чиновниците за интересите на државата, а со тоа и на заедницата (не на нашата, за жал). Еве што кажува неговата приказна!
Некој нашинец, триесетина години “на привремена работа во странство” (во Австрија), наеднаш купил или зел под закуп, сеедно, едно огромно куќиште, вистински замок, та решил со него да тера бизнис: да го претвори во хотел ли, што ли, ѓавол ќе го знае (на почетокот од приказната и не бев кој знае колку внимателен). Нашинецот викнал добра фирма да му го адаптира зданието за новите потреби и, како што може да се очекува (за добра пара!), работата сосема убаво напредувала. И туку, еден ден, види (сосема ненашинска!) беља: на инвеститорот (нашинецот) му тропнала на вратата некаква даночна инспекција. Вака и вака, велат, вие господине, според нашите информации последниве 30 години сте пријавувале данок на доход во износи што одвај можеле да ви обезбедат елементарна живеачака. Сега, меѓутоа, го купувате ова здание за толкав и толкав износ и уште во него инвестирате толкава и толкава пара. За секој елементарно писмен даночник е јасно дека помеѓу она што сте го пријавиле како заработено и она што денес го инвестирате постои огромна разлика. Вие или не сте ги пријавувале вашите реални приходи според законите на земјата (што е казнива дејност: затајување данок!) или имате приходи од странство за кои ние не знаеме. Само што ги споменале даночниците “приходите од странство”, а Итер Пејо се разбудил во нашинецот: “Во татковината имам, рекол, јаболкови плантажи, што годишно ми носат по десет илјади германски марки ли, американски долари ли” (ѓавол ќе го знае како, всушност, излажал). В ред, му рекле даночниците, според нашите закони, треба во рок од не знам колку дена да поднесете докази за тие приходи!
Нашинецот му се јавил на брата си во татковината (да не речам каде): вака и вака, брате, прави што ќе правиш, за толку и толку дена мора да имам службен документ дека таму долу имам јаболкови плантажи што ми носат по десет илјади германски марки ли, американски долари ли, годишно. Инаку, затвор не ми гине! И, како што вели народната - брат брата не рани, тешко на тој што го нема! Се стегнал братот пред нашите даночни служби та извадил уверение дека г. тој и тој, во општина таа и таа (Република Македонија), има плантажи под јаболкови насади што во периодот од таа и таа до таа и таа година му носеле просечен приход по десет илјади германски марки ли, американски долари ли. И сето тоа на службен мемурандум на општинската даночна управа, со потпис и печат на овластеното лице.
Понатаму, сé одело како подмачкано: на нашинецот не му било скапо да направи судски заверен превод на овој “документ”, да í го достави на надлежната даночна служба, а таа него да го симне од списокот на матните случаи. Притоа, Шваби како Шваби, се држеле за службениот македонски документ како пијан за плотот и воопшто не им текнало да се запрашаат: што мајка бара Македончево во Австрија кога има толку богати плантажи во татковината. А особено не им текнало: како тоа толку богат човек овдека триесет години да работи такви и такви бедно платени работи.
Нејсе! Швапска работа!
Прашањето што ми го постави мојот некогашен студент беше чисто “австриско” (а алудираше - или мене така ми се стори - на прикаската со тајванската провизија на Циле Национале): може ли нашите даночни органи, врз основа на оној фамозем “документ”, што завршил во австриските даночни архиви, да го задолжат “плантажерот” со толку и толку милиони денари неплатен данок и уште да му стегнат кривична пријава за затајување данок? Се разбира дека не може! Од простата причина што плантажите на нашинецот се исто толку вистински како и болниците, филхармонијата и спортските сали на претседателскиот кандидат! А таков е и “годишниот приход” на нашинецот во татковината: лесно проверлива лага (исто како и фамозната изјава на Циле: “Провизијата од Тајван ја подаривме на државата”, НОВА МАКЕДОНИЈА, 5 февруари 1999, стр. 4). Само, кој ќе ти проверува? Па тогаш?
Па тогаш, нашинецот и неговиот брат во Македонија се одговорни за поттикнување на кривично дело фалсификување службена исправа од чл. 361 ст. 1 КЗ (исто како и Арбен Џафери во случајот Османи-Демири, впрочем - да повторам по кој знае кој пат - зашто, кој знае, можеби на нашите јавни обвинители, по толку повторувања, конечно и ќе им текне за што ги плаќа оваа држава). Службеникот пак, што ја издал бараната “службена исправа”, може да очекува казна затвор од три месеци до пет години за стореното кривично дело! Се разбира, сево ова под услов Македонија да е правна држава, а не село без кучиња, во која не се знае кој пие, туку само - кој плаќа!
А сега, еве зошто наеднаш се сетив на оваа приказна! Пред некое време, младиот македонски премиер (со неколкумесечен работен стаж и неверојатно тенок личен доход), придружуван од најнадежниот кандидат за тронот на Охридската и Македонска архиепископија, присуствуваше на осветувањето на црквата што тој ја изградил не знам каде. Ктитор, демек (како Алексеј Комнен или Кралот Волкашин)! Гледајќи го осветувањето на МРТВ-ата, прво ми падна в очи дека младиот премиер прозаично се ракуваше со митрополитот Стефан, наместо да му баци рака, како што е ред во христијанската црква, за која толку се залага неговата благонадежна партија. И туку (чувствителен, како што ме дал Господ), ми се стегна срцето: што ќе се случи ако нашите даночни органи се запрашаат - од каде му на младиот војвода толкави пари, та да изгради цела една црква (макар колку и да е скромна по големина), па (како оние австриските) фатат да пресметуваат колкави приходи имал премиерот во првите девет месеци од својот работен век, колкави неговата сопруга и колкава е прозаичната (парична) вредност на новоосветената црква! Само, залудо се плашев: ако не им текна за Циле, има уште помалу шанси да им текне за премиерот и за неговите министри. Знам еден, на пример, даскал како мене (а десет години помлад): има и простран стан и огромна куќа во Скопје и куќа за одмор на падините од една вишна планина таму некаде на Југот и станче во Охрид и акции во ОТЕКС ли, ѓавол ќе го знае каде само не. Да му удри сега некој даночник сметка, од каде му е сето тоа со професорската плата (министерската, велат, била помала и од професорската). Само, кој да му удира сметки на човеков кога тој сам за себе тврди преку весниците (и во тоа мора да се верува: министер е!) дека е чесен човек! Ова не е ни Шведска (за премиерот Улоф Палме), ниту Австрија (за нашинецот). Ова е Балкан-бавча! И од тоа нема спас!
Ѓорѓи Марјановиќ
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment