АНГЕЛ НА МИРОТ


На прашањето од репортерите на ДНЕВНИК дали добиените 225.000 гласа од неговиот електорат ги чувствува како сатисфакција или како хипотека, лидерот на PDSh (и голем познавач на македонските кафеани и на јазикот што се користи во нив) ќе одговори оти “некој ќе рече дека Македонија е заложник на PDSh или, конкретно, на еден ѓаволски феномен што носи презиме Џафери”, додека овој софистициран џентлмен го мисли спротивното: Македонија е под закрилата на еден ангелски феномен што носи име Св. Арбен Мироносецот. Така, безочно крадените гласови (па, според тоа, и не сосема неважни, зашто се доказ за криминална дејност, предвидена и казнива според КЗ), со неговата позната алхемија на создавање виртуелна реалност, со еден единствен одговор во саботното интервју, се претвораат во “гарант на мирот”. Притоа, лидерот на PDSh овие гласови ги означува како”гласови на PDSh”, што е фројдовски мотивирано признание дека нив не ги дале избирачите, туку ги продуцирал Ангелот Мироносец односно неговата полулегална партија. Притоа, Мироносецот веднаш се повикува на “меѓународната демократска јавност”, што, инаку, е осведочен “гарант на мирот” на овие простори. Така, и без да сака, и без да забележи, Св. Арбен го затвора кругот: “меѓународната демократска јавност” - рамно на “гарант на мирот”; крадените гласови на PDSh - рамно на “гарант на мирот”. Според еден математички аксиом: две големини еднакви на трета, еднакви се и меѓу себе. Поинаку речено: “меѓународната демократска јавност” - рамно на изборна кражба. Така беше во 1994 (“меѓународната демократска јавност” тогашните избори го оквалификува како слободни и фер, иако сите знаеја дека се крадени), така е и во 1999 година. Зошто тогаш арбитрираше во полза на оние, а сега - на овие? Не знам! Можеби затоа што “овие” се попослушни од оние. Ѓавол ќе го знае! И не знам зошто, деновиве, кога Мироносецот Џафери, поради судски докажаниот изборен фалсификат, е везден медиумска ѕвезда, се сетив на една епизода што за овој човек ми ја раскажа г. Глигоров, поранешниот Претседател на Република Македонија.
Беше тоа во деновите по изгласувањето на фамозниот закон за амнестија на не знам колку затвореници, што нашата (тогаш сложна) владејачка коалиција го донесе за да ги извади од Идризово гг. Османи и Демири, а Претседателот одолговлекуваше со неговото потпишување. Еден ден (по телефон) ме покани да поразговараме. Сакаше да чуе што мисли еден професор по кривично право за настанатиот проблем. Мислев дека ме кани само мене, а тоа ти било цел еден мал колегиум. Втасав, се разбира, последен: додека ми испратија кола, додека дојде до мене, додека ме однесе до Собранието (до населбата Ченто и назад има добри дваесетина километри)! Едно влегување, го забележав г. Стефан Павлески, поранешниот Републички јавен обвинител (кој, инаку, без некоја посебна причина ми е многу драг) и фатив, уште од вратата, поздравувајќи се со Претседателот, да се шегувам на негова сметка посочувајќи го како виновник за донесувањето на законот: требаше да го затвори главниот виновник (Џафери) и да му овозможи на Претседателот со мирна совест да ги помилува гг. Османи и Демири, како повеќе или помалу послушни извршители на неговата злосторничка волја. Така, збор по збор, се разврза разговор во кој г. Глигоров ни ја раскажа споменатата епизода: по затворањето на двајцата градоначалници кај него дошол на разговор именуваниот Џафери и три часа го убедувал во потребата затворениците да ги помилува. Ако го занемариме тоа дека разговорот траел “три часа”, што е стилистичко претерување на раскажувачот, кому разговорот очигледно му се видел предолг, од расказот посебно ми се врежаа во сеќавање аргументите на убедувачот: накусо, додека Османи и Демири се в затвор, тие се маченици, а јас (Џафери) предавник; прво што ќе сторат кога ќе излезат оттаму е да ме уништат, да ме исфрлат од партијата итн. итн. И, поради сето тоа (за да го спаси него!?) Претседателот морал да ги помилува. Оваа подробност толку ми го окупираше вниманието, што одвај го слушнав крајот од прикаската. И туку фати да ми мота по главата она што, на времето, го бев напишал (или рекол, не се сеќавам добро) за тој Џафери: дека не би се изненадил премногу ако еден ден се дознае оти бил на платниот список на нашата неуништива УДБА. И навистина, што му е гајле на Претседателот на републиката кој ќе биде на чело на PDSh (Џафери, Османи, Демири или некој четврт), ако тој човек нема некакви посебни задолженија, ако не им прави некакви посебни услуги на оние Таму, Кај Што Треба? Ваквото “тричасовно” давење можел да си го дозволи само човек што со нешто (со што?) го задолжил Претседателот на републиката (кој, пак, ако се сеќавате, јуношите од СДСМ го есапеа за своја најголема инвестиција). Така, должник на Џафери не беше само најголемата инвестиција, туку очигледно и инвеститорот (сосе својата Државна безбедност)!
Сега, по неинтелигентниот изборен фалсификат, работите започнуваат додатно да се усложнуваат. Јас немам симпатии за Св. Арбен Мироносецот, но тоа не значи дека не ја ценам неговата памет. Таа е несомнена, како што е несомнена и неговата штетност за “македонцките работи”. И сега, се поставува прашањето: како можеше еден интелигентен човек да инспирира еден волку неинтелигентен фалсификат? Како можеше еден интелигентен човек да не помисли дека фалсификатот (што го проѕира и човек кој учел само најелементарна математика) нема да им биде јасен како бел ден на судиите на Врховниот суд на Македонија. Како можеше еден интелигентен човек да не помисли на тоа дека судиите што ќе решаваат по тужбите, беа, сите по ред, избрани од страна на СДСМ, па можеби - токму затоа, и потсвесно - ќе имаат мотив посебно ригорозно да се држат за законот?!
И тогаш, на човека и не сакајќи му идат на ум зборовите на Полониј (од Хамлет): има некаков систем во тоа лудило! Интелигентен човек може да направи вакви “ превиди” ако знае дека резултатот од неговата “помош” ќе биде токму обратен од она што навидум го прави: ако сака да му наштети на кандидатот што ѓоамити го помага (а со тоа, се разбира, и на кандидатовата партија)! Гледајќи колку наивно, колку игнорантски владејат вчерашните победници, јасно е дека PDSh можеше да биде (и мене ми се чини дека е!) Тројанскиот коњ што ќе им овозможи на Данајците (СДСМ) повторно да ја освојат власта.
Ако има некаква можност ова што го велам да биде вистина, време е г. Џафери да му се приклучи на своето семејство во странство. Зашто, ако неговите соплеменици му ги фатат врчките, подобро е да им се истави од дофатот: нивната казна ќе биде многу, многу понемилосрдна од онаа што јас упорно ја барам за него и за неговите дела. А ќе ја барам и по изборниот фалсификат, и тоа пак по логиката на теоријата за соучесништво: ако избирачките одбори во сите места контролирани од PDSh постапиле така како што постапиле, тогаш секако постапувале по нечии директиви. А нам не ни треба нова прес-конференција за да дознаеме кој дава директиви во PDSh.

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: