ДЕН КОГА УМРЕ СРАМОТ



Се чувствувам ужасно понижен од неделните избори. Оние што ме читаат веројатно ќе се сетат дека ние, од Лигата за демократија, немавме свој фаворит. Лично, многу ме интересираше изборите да успеат и да минат в ред. Воден од тоа љубопитство релативно рано (околу 14 часот) отидов да гласам. За оние што не знаат, живеам во Ченто, а гласаме во Основното училиште “Крсте Мисирков”. Атмосферата, најскромно речено, шведска! Населбата е доста пространа, па многумина доаѓаат со коли. Паркирањето, одењето до избирачките места (уште на самиот влез означени со бројки и стрелки), легитимирањето, добивањето печати врз избирачките легитимации + гласачко ливче, сето тоа се одвива речиси безшумно, со нагласена свест за значењето на изборот. Ми беше убаво околу срцето: ете, во една скромна, претежно работничка населба, европска атмосфера на култура и цивилизација. На излегување само прашав како е со одзивот. Љубезно ми одговорија. Ги поздравив контролорите. Тие отпоздравија.
И дома првин гледавме вакви слики од сите страни на македонската земја. Набргу, меѓутоа, фатија да се редат и други глетки: не знам која скопска ТВ куќа првин покажа гласачко место (снимено во 9 часот!) во едно село на најбројната малцинска група - во проѕирната кутија можеа да се избројат пет ливчиња. Во исто време, во едно друго (етнички слично) село изборите веќе завршиле (!?). Подоцна, од разни страни, населени со истиов етнос, доаѓаа сî понемили сцени: прикажуваа огорчени луѓе буквално поништени како гласачи - кога дошле да гласаат, некој пред нив, веќе им ја свршил работата (!?).
Во доцните вечерни часови од изборниот ден ги видовме резултатите од демократијата à la PDSh! Да не разбирав за што се работи срцето ќе ми препукнеше од милина: најправоверни муслимани (уште пред да го наранат добитокот) избезумено трчаат на избирачките места за да гласаат за стаситиот христијански проповедник. Да виду, да не верују! Уште малу да помислам дека PDSh ќе успее и да ги врати Албанците во нивната стара (христијанска) вера! Шегата на страна, фактот што сета наша изборна европштина беше поништена на ваков (да не речам каков) начин до коски ме понижи. Изборни измами има на сите страни од светот. Ги имаше и кај нас. Но, кога владејачката партија на мнозинскиот народ ќе дозволи една екстремна сепаратистичка групација да í ги реди работите во куќата, тоа веќе не мириса добро. Дури и нешто повеќе: почнува да смрди на пцовисано! Тоа во куќата на ВМРО умре срамот!
На вечерната прес-конференција во штабот на СДСМ не знам колку пати огорчено го повторија фактот дека на PDSh í успеало да му собере на безгрешниот отец Борис повеќе гласачки ливчиња одошто нејзините (и противничките) гласачи им го дале на своите соплеменици, гг. Неџипи и Халили заедно. Аферим, бре Арбене! СДСМ-овците беа страшно револтирани. Не верувам дека притоа некому од нив му се врати филмот и се сети што правеа и самите пред работите да дојдат на ова дереџе. Да потсетам со ред (пред десет години, на Свети Рангел, на 21 ноември 1989, беше напишана политичката платформа на Лигата за демократија и почна нејзиното основање, па ова редење намерно го правам од нејзина гледна точка)!
Пред првите парламентарни избори, како лидер на Лигата за демократија, сторив сî што можев за да го убедам тогашното нивно водство дека на Македонија повеќе í одговара пропорционалниот одошто мнозинскиот модел. Само, кој ќе ти слуша некаковси професор и ѓоа-лидер на една минијатурна, штотуку испилена партија, каква што беше Лигата за демократија. Се определија за мнозинскиот и резултатот е познат: СКМ/ПДП доживеа катастрофален пораз! Истава песна (само сега не лично, туку преку една колумна во ДНЕВНИК) му ја “отпеав” и на новиот лидер на СДСМ. Пак истиот игнорантски однос спрема мислењето на Лигата (што во меѓувреме стана уште поминијатурна од порано). Новиот лидер подоцна јавно призна дека направил “погрешна проценка”, а резултатот е познат: неговата партија се најде во магарешките клупи на опозицијата.
Сега нешто за “албанското прашање”! Како лидер на малечката (но елитна, нели?) Лига за демократија фатив пена на устата потсетувајќи, првин, на тоа дека PDSh никогаш не постапи според барањето на Уставниот суд на Македонија за измена на своите програмски заложби и затоа е практично полулегална организација. СДСМ, што ја имаше власта во свои раце, во ниеден момент не најде за потребно барем да се обѕрне врз ова мошне релевантно укажување на малечката (та затоа и беззначајна, нели?) Лига за демократија. Во исто време (и пак во истото својство) фатив пена на устата повторувајќи дека Арбен Џафери треба да се стави зад решетки по многу основи од Кривичниот законик: не еднаш, на пример, си играше дрн-дупка со земјата со чиј пасош патува наоколу подбивајќи се со нејзиното име и нарекувајќи ја “Поранешната југословенска република” (кривично дело повреда на угледот на Република Македонија од чл. 178 КЗ), а нејзиниот мнозински народ “Славомакедонци”, со што на овие им ја креваше утробата (предизвикување национална омраза од чл. 319 ст.1 КЗ), додека на една прес-конференција по гостиварските настани самиот, без некој да го тера, изјави дека гг. Османи и Демири работеле по негови директиви (поттикнување на кривичните дела за кои беа осудени градоначалниците на Гостивар и Тетово). СДСМ ја имаше власта во свои раце, а со прст не мрдна да се почитува кривичниот закон. Кој да ја слуша малечката, свилена Лига за демократија? И зошто, кога ним им беше добро? Сега, кога Џафери им го спакува претседателскиот подарок, во СДСМ врескаат до небеса. Еден болгарски виц вели: “К’сно е вече синко, рајбер’т е турен!”
Збор-два за избирачките списоци и легитимации! Со години повторувам (пак во својство на член или лидер на малечката, зборлеста Лига за демократија) дека избирачките списици не се ажурираат како што треба, дека во нив има умрени, отселени лица, дека во текот на изборите одненадеж исчезнуваат, а потем волшебно одново се појавуваат списоците за цели улици итн. итн. Никој, ама баш никој во СДСМ не ги чу нашите апели. Истото го зборувавме и за изборните легитимации: тие не би биле валидно средство за идентификација ни во Феријалниот сојуз. Документ за идентификација без фотографија постоел - но во 19 век! Во овој век и на овој простор таква легитимација е само инструмент за фалсификување на изборите. Но, тие избирачки списоци и тие легитимации (исто како и сега!) свршија работа: со нив СДСМ стана практично единствената владејачка партија 1994 година.
Само, оние “ем мангупчиња , ем ВМРО-вчиња” многу бргу учеа (и научија сî што треба!) од СДСМ-овците. И?
Па (како што велат на ЕПП), дојдете во Лигата за демократија да ви кажеме што да се прави и да се договориме за акција! Трето нема! И, да не речете после, дека не сум ви рекол! Притоа, без оглед на шегобијниот тон, ова најсериозно го мислам!

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: