ЗА КОДОШИТЕ
Дојдоа, ете, и кодошите на ред! Се знаеше за нив отсекогаш, но, да ми кажеше некој дека во “матна и крвава Македонија” (оваа на Вардаров), за време на комунизмот, ги имало рамно 23.000, никогаш немаше да поверувам, да не посведочи за тоа еден асолен човек (Љубиша Георгиевски во својата книга “Претседателски кандидат”), а потоа и сите македонски информативни гласила. За мене во врска со ова “прашање” е посебно болно што без удбашки кодоши не била ни куќата во која од 1965 година наваму си го вадам “лебот мој насушен” - Правниот факултет во Скопје. Да ми кажуваше некој дека универзитетски професори, доктори на науки, со дебели докторати и уште подебели учебници, со по стотина научни трудови зад себе, биле најобични полициски тастери на комунистичката тајна полиција, кодоши на УДБА, никогаш немаше да поверувам, да не прочитав во весници. И тоа не деновиве кога “прашањево” се актуелизира, туку многу, многу одамна. А дознав вака некако!
Ми дојде еден ден во работниот кабинет на факултетот, сиот растреперен, еден колега, со кого инаку не одржував кој знае какви односи. Ако му речеш збор повеќе од “добар ден”, туку ќе ти се залепи како таксена марка и ќе фати, збор по збор, да те вовлекува во играта на сплетки, за која беше ненадмашен мајстор. Тоа и беше причината што се држев мошне “шведски” спрема него: “добро утро”, “добар ден” и - толку. Нешто сосема исклучително се беше случило, штом дојде да ме посети во кабинетот.
Вака и вака, вели, нашиот драг колега, министерот за внатрешни работи (да не речам кој) изјавил за ПУЛС (ми се чини) дека може да ги каже имињата на сите професори на Правниот факултет што биле тастери на Државната безбедност. Со тоа, според колегата, министерот тешко го нарушил угледот на нашата куќа, па, една група колеги решила да собере потписи и прашањето за неговата изјава да ја стави на дневен ред на Наставно-научниот совет. Поводот за неговата неочекувана посета, кратко и јасно: да сум потпишал и јас. Ладно одговорив дека прашањето за изјавата на министерот не е ниту наставно ниту научно прашање, та не е за пред Наставно-научниот совет. И, со нескриена иронија (алудирајќи на постапката во случајот “Марјановиќ” од осумдесеттите години) му предложив да си ја свикаат Основната организација на Сојузот на комунистите - Движење за Југославија, па на еден посебен состанок да дебатираат за идејните основи на изјавата на министерот.
Не ме мрзеше веднаш да му се јавам на министерот. Едно јавување, му велам: “До кога бе ти (да не речам кој), ќе правиш вакви глупости. И - му раскажав за посетата и акцијата на колегата/колегите.” Министерот во првата реченица на одговорот си го призна гревот: “Имате право, професоре, призна, згрешив!” Направи мала пауза, а потем, (и тој) со нескриена иронија додаде: “Не требаше да постапам така. Требаше да ги кажам имињата!”
За жал не ги кажа кога беше министер и кога мораше да му се верува. Сега и да ги каже ќе му стегнат приватна кривична тужба за клевета. Мината Нова година нашиот декан (следејќи ги непишаните, убави традиции во куќата) приреди ручек за “вработените” на Факултетот во едно фино ресторанче со име што ми асоцира на убавите (дамнешни) војнички времиња: “Кврга” или “Чврга” (не сум сигурен како точно се викаше). Јас дојдов со мало задоцнување и единственото слободно место беше до тој поранешен министер за внатрешни работи, со кого во меѓувреме (да ме убие човек не би можел да кажам зошто) имам доста студени односи. Во еден момент не се воздржав да му проговорам: “Е, мој (да не речам кој), да ги кажеше оној пат имињата на кодошите, сега владата, а можеби и парламентот, немаше да изгледа вака како што изгледа сега!” Екс-министерот ме погледна резигнирано и кратко одврати: “Ќе изгледаше, ќе изгледаше! Мислите дека тие што ја составуваа владата не знаеја кои се бившите кодоши? Сите ги знаат!” И - толку! Разговорот не го продолживме. Впрочем, на нашите новогодишни ручеци не се водат политички разговори, туку се игра, се пее и - добро се јаде.
Сега читам по весниците - ќе правеле Закон за досијеата (summa summarum - 700.000 страници архива! Машала! Кодошите свршиле голема работа!). Ми се јави една новинарка од ДНЕВНИК да ме праша што сум мислел за тоа да се уништат тие кодошлаци. Вреснав: “Никако!” И разврзав за тоа дека така не се прави во една правна држава (пак таа “правна држава”, обрни-заврти, туку ќе налеташ на неа). Ја зедов за пример Сојузна Република Германија и нејзините “neue Länder” (“нови земји”, така таму ги викаат сојузните држави што порано ја сочинуваа комунистичката ГДР). Имаше темелна истрага за сите незастарени случаи, па некои од кодошите завршија и пред суд. Во секој случај, ниеден од оние што биле тастери на Стаси (Staatssicherheit, пандан на нашата УДБА) не можеше да очекува улога во јавниот (политичкиот), а камоли државниот живот, што е уште една разлика меѓу нив и “правната држава” Македонија.
Инаку, реков дека не верувам оти кој и да е од нашите кодоши може да се плаши од кривичен прогон, зашто нивните (не)дела во меѓувреме секако застареле. Но, од јавен резил може и треба да се плаши! Или барем треба до крајот на животот да се плаши дека еден или друг ден може да пукне резилот и да се дознае за неговиот кодошлак!
Од друга страна, како човек што, на времето и самиот беше жртва на таква една кодошка сплетка, за која постои и Информација на Градскиот комитет на СКМ, потпишана од неговиот тогашен прв човек г. Петар Карајанов, когошто на времето, кога беше трет човек во Македонија, исто така неуспешно го тужев (за клевета!) пред нашето независно судство (в. за тоа во мојата сотија СТРУЧЕН ТРУД!), многу сум заинтересиран за судбината на моето (жртвено!) досие. Од овдека му порачувам на Павле Трајанов да не дозволи да го уништат (ако веќе не го сториле некои други порано): тоа се прилози за мојата ненапишана биографија, за моите ненапишани мемоари! Полицијата е мојата вечност!
Се плашам само пак да не ми пратат абер од СТАРТ дека Македонија е далеку, не само од Шведска, туку и од Германија.
Инаку, ни кодошите не се даваат лесно. Ги имаше тастери во сите општествени (па и оние подземните) слоеви. Затоа и не е чудо ако човек во некој професорски кабинет ќе налета на некој макро. Сега професорските кодоши се служат со уличарите за да ги пласираат во јавноста “фактите” од тајната информација на Градскиот комитет со сите најдолни човечки и идеолошки дисквалификации. Само, ако преживеавме тогаш, ќе преживееме и денес! Тоа е повеќе од сигурно! А како што е Господ, никој не е!
Ѓорѓи Марјановиќ
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment