Showing posts with label Лига за демократија. Show all posts
Showing posts with label Лига за демократија. Show all posts

ЗАБОРАВЕНИ


Во архивата на Лигата за демократија чуваме еден документ што, всушност, никогаш и не стана тоа: предизборна спогодба меѓу неа и ВМРО - ДПМНЕ. Зошто не стана, не знам. Знам само толку дека тогашниот лидер на најзначајната опозициона партија, г. Љубчо Георгиевски, во едно интервју (токму за ДНЕВНИК) ја посочи Лигата за демократија како можен коалиционен партнер на изборите од 1998 година. Нешно подоцна ги започнавме и разговорите за таа предизборна соработка. Г. Александар Тортевски беше тогаш претседател на Лигата, а јас разговорите ги водев со г. Димитар Димитров, тогашен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Решивме што решивме. Договорот беше: ние во Лигата (како партија богата со правници) да го изготвиме текстот на спогодбата. И тоа го сторивме, а документот (на последно читање пред потпишувањето) му го испративме на г. Љубчо Георгиевски. И толку! Имам впечаток дека документот воопшто и не втаса до него. Нешто подоцна од мојот школски другар и преговарач дознав дека од предизборната соработка меѓу двете партии нема ништо. Како, зошто? Не ми беше (и не ни беше) јасно. Тогаш кај нас се роди чувството дека ВМРО-ДПМНЕ, и покрај сета своја бројност, сепак не е сериозна партија.
Во нацрт-спогодбата беше ставено сето она за што усмено се бевме договориле. Било како било, за спомен и долго сеќавање на тој настан (а и од некои други причини), овдека ќе го пренесам текстот на таа несудена спогодба:
“ВМРО- Демократска партија за македонско национално единство и Лигата за демократија, во настојување за што поуспешен настап на есенските парламентарни избори, на ден 2 август 1998 година ја постигнаа, а на ден 25 август ја потпишаа и свечено ја објавуваат, следнава

ПРЕДИЗБОРНА СПОГОДБА

1. ВМРО - Демократска партија за македонско национално единство и Лигата за демократија на изборите во октомври 1998 година ќе учествуваат заеднички, како коалиција што, според денот на постигнувањето на спогодбата, ќе се вика ИЛИНДЕН.
2. Заради остварување на начелниот став од точка 1 од оваа предизборна спогодба ќе биде сочинета заедничка листа за 35 пратенички места според пропорционалниот систем.
3. Во заедничката листа, од страна на Лигата за демократија, а веднаш по претседателот и потпретседателите на ВМРО - Демократска партија за македонско национално единство, ќе фигурираат Почесниот претседател и Претседателот, гг. д-р Ѓорѓи Марјановиќ и Александар Тортевски.
4. Остатокот од листата ќе го сочини ВМРО - Демократска партија за македонско национално единство, според одлуките на нејзиниот Централен комитет.
5. Во делот од изборите што ќе се одвиваат според мнозинскиот модел од страна на Лигата за демократија ќе учествуваат тројца кандидати: г. Тодор Черепналковски во една изборна единица во центарот на Скопје, г. инг. Среќко Арсовски во една изборна единица во Куманово и г. д-р Благоја Дамески во една изборна единица во Прилеп.
6. Изборниот позив на коалицијата ќе биде “ГЛАСАЈТЕ ЗА ИЛИНДЕН!”, а изборното мото: “МАКЕДОНИЈА - ПРИСТОЈНО МЕСТО ЗА ЖИВЕЕЊЕ!”

Коалицијата ИЛИНДЕН е отворена и за други партии со кои, евентуално, ВМРО - Демократска партија за македонско национално единство ќе постигне ваква предизборна спогодба.
(Во Скопје, на ден 25 август 1998 година.)”

Ете, така сврши нашата соработка со сега владејачката партија. Ним, изгледа, им беше поважен Циле Национале одошто Лигата за демократија. Што да се прави – ц’ест ла вие!
Помина доста време. Пред неколку месеци приказната се повтори на мошне сличен (иако не на идентичен) начин. Портпаролот на СДСМ во едно интервју (претпоставувам во согласност со својот лидер) навести дека ќе # понуди предизборна соработка на Лигата за демократија. За мотивите на нашето прифаќање на оваа понуда зборувавме (и пишувавме) повеќе пати. Нешто подоцна ги започнавме и разговорите. Сега јас, како претседател на Лигата за демократија и г. Бранко Црвенковски како претседател на СДСМ. Решивме што решивме. Веќе по обичај ние во Лигата изготвиме еден текст на предизборната спогодба и го испративме на читање (и усогласување) во СДСМ. Многу бргу оттаму добивме сигнал дека не би било згодно СДСМ да има еден документ за соработка потпишан со ЛДП, а поинаков со Лигата. Затоа предложија да потпишеме идентичен текст. Така и сторивме: во “бараките на Градското собрание”, како што малициозно информираше СИТЕЛ, забележувајќи не помалу злобно дека наместо со шампањско сме си наздравиле со виски. Нејсе. Се сликавме и за телевизија, за весници. Нешто подоцна (ева! како животот умее да се повторува!), не од мојот факултетски колега (д-р Бучковски), туку од вечерникот ВЕСТ (11 јули 2000, стр. 3) дознав дека и од предизборната соработка со СДСМ изгледа не бидува ништо. Според весников, имено, лидерите на здружената опозиција, Ристо Пенов, Љубисав Иванов - Ѕинго и Драгиша Милетиќ (?!) биле кај лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски “на последни консултации околу нивниот заеднички настап на локалните избори”. Неофицијално: се пеглале недоразбирањата околу кандидационите листи.
Искрено зборувајќи, од фактот што “н$ заборавиле” ми лекна. Веќе ми стана заморно да им одговарам на новинарите дали навистина верувам оти СДСМ (и г. Црвенковски лично) се способни за какво и да е себепреиспитување и автокорекција. Во секој случај, во понеделник (17 јули) Извршниот одбор на Лигата за демократија ќе реши како ќе постапиме со нашите несудени коалициони партнери. Дотогаш: општинските централи (за секој случај!) ќе изготват сопствени листи на кандидати. Очигледно, не ни останува друго освен - на локалните избори во септември да одиме самостојно.
Ете, така изгледа сврши нашата соработка и со СДСМ. Ним пак, изгледа, Ѕинго и Драгиша Милетиќ им се поважен одошто Лигата за демократија. Што да се прави – ц’ест ла вие!
Ми се повтори чувството дека ни СДСМ, и покрај сета своја бројност, пари и луѓе, сепак не е посериозна партија од ВМРО-ДПМНЕ.

ЗА ТАТКОВИНАТА, СО ТИТО - НАПРЕД!

Сакав да напишам “(СЕКОГАШ) НАПРЕД!”, но, се сетив на пропуштениот состанок кај Чашуле од предминатата среда и се автоцензурирав: да не помисли некој (не дај Боже!) дека си играм мајтап со државотворните момчиња и девојчиња и нивните предизборни вилински приказни: ќе им ја врателе душата на градовите (а кои беа тие клетници што им ја убија?!), ќе ги оживееле селата (што ги запусти опозицијата, нели?!). Особено не сакам да се помисли дека си играм мајтап со нивната презрителна проценка дека со ваква опозиција каква што имаме и не им требале многу марифети за да победат! Зашто добро знам кои беа (и кои се се уште) тие политички али и аждери што направија од Македонија земја без опозиција или, поточно, земја со толку бедна опозиција што и едно вчера испилено (а веќе државотворно) момче да мора од неа да се срами!
Оставам сами да си подразмислите за тие македонцки работи. Јас лично, на народецот македонски веќе одамна немам желба да му помагам. Нему ни Господ, да сака, не може да му помогне. Ако не ми верувате, сетете се на приказната што се раскажува под наслов “Да му умре козата на комшијата!” Кој може да му помогне на народот што ја има само таа една, единствена желба во животот (“Да му умре козата на комшијата!”)? И бидејќи тој народец си е задоволен од младите државотворци, та постојано гласа за нив, зошто да му го расипуваме кеифот? Ако му е арно, нека му е како што му е! Довека (за секогаш)! Затоа, како Кандид, и јас си ја гледам работата, “си ја обработувам својата градината”.
Само, за чудо, пред и по секои избори, постојано ми се вртат во мислите зборовите што му се припишуваат на денес веќе легендарниот генерал де Гол (по загубата на референдумот од 1969 година): “Францускиот народ е стока!” Јас таква работа за македонскиот никогаш не сум рекол, ниту пак ми паѓа на памет да речам. Само, тоа не ми пречи постојано да си правам некои споредби меѓу нас и Французите. И, притоа, една мисла, мора да признам, малу ми го нарушува мирот и сонот: “Ако се тие стока, што ли сме, по ѓаволите, ние?...”
Туку, јас овој пат почнав санс риме ни раисон (би рекле оние што наводно биле стока). А сакав да започнам сосема поинаку! Вака:
Некои од ние што редовно ме читаат ќе се сетат можеби (можеби и не) дека на времето, на ова исто место, по обичај, за да проговорам за денешницата, малу “евоцирав спомени” за минатото. Со оглед на тоа дека тие спомени се веќе објавени (ДНЕВНИК, И, 27, 12: првата бројка е годината, втората бројот, третата страницата) и немаат карактер на новина (што би можела да пречи во предвечерието на новите “слободни и фер избори”) си земам слобода да се цитирам себеси. Елем:
»Година-две по првите парламентарни избори во Македонија во Собранието имаше некаков прием. Се славеше првата или втората годишнина од Уставот ли, од независноста ли, веќе не се сеќавам точно! Бев на чело на Лигата за демократија и - како таков! - се најдов меѓу канетите. Во еден момент, еве ти го пратеникот и мој колега од Универзитетот, г. Х... (СДСМ). Ми приоѓа и, со широка насмевка на “важен фактор”, не стегајќи се воопшто од присуството на пет-шестемина познати со кои разговарав (и нивното подоцнешно евентуално сведочење), ми се обрати со беневолентност на наполеоновска прицеза: “Многу нѝ недостигате во парламентот, професоре! Овој пат ја згрешивме работата. Нејсе! На следните избори ќе уредиме да се најдете меѓу нас!...”
Го погледнав попреку (народот вели: “како крава мртво теле”) и, со мојата пословична тактичност, му возвратив: “Колега Х... Вие очигледно ништо не сте разбрале од она за што се залагам, ако мислите дека би се согласил да влезам во парламентетот на наместени избори!”
Насмевката ја снема, погледот му се вкочани и оттогаш до денес не сме проговориле ни збор. Еднаш се сретнавме во кабинетот на деканот на неговиот факултет. Тогаш тој ме погледна како крава мртво теле, студено ме поздрави, без да ми се обрати...«
Во меѓувреме стана министер (и постојано лета некаде по многубројните странства!), па и поради тоа може да се гледаме само преку телевизија. И тоа еднонасочно: само јас него, тој мене никако, зашто јас на МРТВ-ата не се појавувам (додека е вакво дереџето со нејзината самостојност).
И сега, секојдневно (дури и во ДНЕВНИК) го гледам овој кроток, скромен човек (десна рака на државотворниот јуноша!), со наместена, по малу вкочанета насмевка, како ветува дека за секогаш ќе биде со нас. И постојано си мислам, па си мислам за тоа дали и денес им недостигам во парламентот? И уште си мислам: што е пак тоа толку мачно да те наместат на изборите? Деновиве (вчудоневиден!) дознав дека од хигиенски причини местат еден џентлмен достоен за почит (на времето, како член на Лигата за демократија, зборуваше за тоа дека требало да се биде опозиција макар и само од хигиенски причини): престолнината (а и земјата не помалу!) ни е за никаде! Валкана, глотна, испоганета! Небаре навистина сме решиле да фатиме усвет, па не ни е гајле кому и во каква состојба ќе ја оставиме. Верно, зошто да не дозволиш да те поднаместат? Особено ако се толку добри местачи што и меѓународните посматрачи им оддаваат почит. За Америте и да не зборуваме!

Др Ѓорѓи Марјановиќ

И СО ЦРНИОТ ЃАВОЛ, АКО ТРЕБА!

Повеќепартизмот во Македонија се јави во вид на едно чудо минијатурни групи, што понекогаш не беа дури ни едномисленички, а себеси сепак се нарекуваа партии. Имавме и социјалдемократски, и христијанско-демократски, и народни, и работнички, и просветно-работнички, и селански (земјоделски), и републикански, и монархистички, и југословенски, и турски, и српски, и ромски, па дури и партии за човекови права. (Се чудев само, како тоа не добивме и некоја бугарска партија! Да речеме: СК - Движење за Бугарија. Или Демократска партија на Бугарите во Македонија!).
Некои од овие партии ги основаа луѓе што и во стариот режим застапуваа некакви откачени, опозициони ставови, други настанаа по директива на дотогаш единствената партија (и нејзиниот ангел чувар: државната безбедност!) за да и се парира на вистинската опозиција и да се предупреди опасноста од пропаѓање на комунизмот (слично на она во Полска, ДДР, Чехословачка, Унгарија). Трети беа плод на амбициите на некои (неостварени!) анонимуси, кои конечно добија прилика јавно да проговорат, дури и кога немаа што да кажат, да даваат изјави и соопштенија, да се сликаат за весници и телевизија. Четврти и не беа партии, зашто зад нивните наумничави, не ретко и душевно растроени основачи, не стоеше никој. Кога нивните водачи почнаа да одат голи по европските престолнини и тамошните домаќини конечно водоа со кого имаат работа.
Не многу долго по основањето, во првата вистинска опозициона партија, некогашната Лига за демократија, се дојде до сознанието за потребата од обединување на опозицијата. На еден состанок на Извршниот одбор на долго и на широко се зборуваше за потребата од коалиција (и со црниот ѓавол, ако треба, само да се соборат комунистите!). За волја на вистината, и во Лигата имаше противници на оваа идеја (ѓаволот, наводно, бил и премногу црн!).
Било како било, ден-два по тој важен состанок, Претседателот на Лигата беше почестен со покана за разговор на највисоко ниво, каде што, без многу дипломатија, му беше речено дека се знае (веќе!) за идејата за обединување на опозицијата и се изрази чудење од готовноста на една толку угледна граѓанска партија да оди во коалиција со најгрдите националисти во земјата, дека тоа за неа ќе значело загуба на имиџот, итн. итн. Поканетиот, кој никогаш не боледувал од особена скромност, се повика (ни повеќе ни помалу!) на сер Винстон Черчил, аристократот што на времето направи сојуз со Сталин. На слични негодувања и исчудувања во неговата земја ли, однадвор ли, тој одговори со убавата англиска смисла за сарказам: “За да го сотрам Хитлер, ќе одам во сојуз и со црниот ѓавол!”
На поканетиот му беше ставено на знаење дека има суштествена разлика помеѓу Хитлер и комунизмот итн. итн. Во функција на минирање на можната коалиција, на состанокот паднаа и некои други (научно-фантастични) понуди, што беа очигледно неразумни како за оној што ги правеше, така и за оној комушто му беа наменети. Било како било, беше јасно дека власта (со полно право, впрочем) се плаши од евентуалниот сојуз на опозицијата и се обидува да стори што може за да го оневозможи.
Од коалицијата (па ни со “црниот ѓавол”) не бидна ништо, а малу подоцна, во настојување да ги поддржи усилбите на основачот на Демократската партија и да им даде пример на другите македонски лилипутански опозициони партии, Лигата за демократија реши едноставно да се втопи во таа голема партија. Колку беше тоа добро, колку лошо, прашање е за дискусија. Намерите, мотивите на тоа обединување беа чисти како солза. Заминувајќи на студиски престој за Германија, три-четири месеци пред изборите 1994, авторот на овие редови му остави аманет на водството на својата (нова?) партија: ако сакате некој успех на изборите, да правите коалиција (пак, ако треба, и со црниот ѓавол)!
За жал, нешто поради лидерската суета, нешто поради гореопишаниот метод на државната кујна, која секому му ласкаше дека може и сам да победи, доста поради политички недораснатите медиумски измеќари и опозицијата излезе на изборите меѓусебно раскарана, разединета, македонскиот народ би рекол: за никаде! Со таква опозиција (и со поткрепа на високоморалниот меѓународен фактор, комушто во Македонија му требаше партија со двотретинско мнозинство за да се извршат нужните промени на македонскиот устав, на македонското знаме, а по можност, и на македонското име), и најтешките повреди на процедурата можеа да се прогласат за “слободни и фер” избори. Опозицијата конечно се обедини, но само за да ги напушти изборите!
Сега сме пред општинските избори 1996. Насекаде во светот локалните избори се проба пред парламентарните. А нашата опозиција си останува таква, каква што си беше од првиот ден на плурализмот! Разединета, самобендисана, убедена дека и таква може да направи нешто против С(К)М. Не сум многу убеден дека таа конечно ќе ја прочита власта и ќе седне разумно да разговара меѓу себе. И тоа, не да разговара за вечна љубов, вечно сојузништво, туку за една прозаична работа: како да ги тргнеме од вратот овие што половина век не водат кон - никаде! Како да ги иставиме од власта, па макар утредента се разделиле за никогаш веќе да не се видиме. Се ми се чини дека е поверојатно некој да го прифати за свој сојузник тројанскиот коњ (ѓоа-либералите!). Барем, нема да се зачудам ако биде така.
Еднаш, во предвечерјето на слободата, го предупредив македонскиот народ добро да размисли за кого ќе гласа, зашто, за прв пат во својата историја, ќе има власт каква што заслужува. Сега во предвечерјето на локалните избори им го велам истото на македонските партии: или ќе се обедините (макар и само за да не се напаѓате меѓусебно) или ќе ве нема! Ни во парламентот ни во Македонија! А и да преживеете, нема да бидете ништо повеќе од она што беше едно време Лигата за демократија: pot à fleurs!

Др Ѓорѓи Марјановиќ

ДДВ

Деновиве, не без причина, и не без практичен повод, се потсетив на една сосема беззначајна епизода од моите млади докторандски денови во Германија.
Во далечната учебна 1969/70 година бев стипендист на денес веќе светски познатиот Макс Планк Институт за странско и меѓународно кривично право во Фрајбург ин Брајзгау и работев врз мојата докторска теза за правната положба на осуденикот по издржаната казна. Институтот тогаш беше мал. Имаше одвај пет странски гости (во споредба со денешните педесетина). По природата на работите, ние “гастарбајтерите” (како што на шега се нарекувавме себеси), се држевме заедно и во Институтот и надвор од него. Секој ден (за 1,20 ДМ) ручавме во универзитетската Mensa Academica. Само мошне ретко можевме да си го дозволиме луксузот да јадеме в ресторан. Епизодата на која се сетив се одигра токму во текот на еден таков (ексклузивен) ручек.
Мојот шпански пријател Мигел Бахо Фернандез (денес виден професор на Универзитетот во Мадрид и богат адвокат) во еден момент, кога ни го донесоа јадењето, нервозно реагираше на тоа што не ни донеле и леб. И Шпанците, имено, како и Македонците, не може да си замислат ручек без леб. Келнерот, погоден од нервозниот тон на мојот пријател, не се предаваше, го погледна енергично арогантниот Шпанец и – како да е тоа најприродната, најразбирливата работа на светот – одврати:
“Проштавајте господине, убаво се сеќавам дека вие леб воопшто и не нарачавте.”
Шпанецот само што не го удри дамла: “Треба да порачувам леб?! Ова е нечуено, ова е наполно луда земја!” А кога веќе фати да се кара, изнакажа едно чудо работи и, меѓу другото, како крунски доказ, туку истресе и еден ваков аргумент: “Колку само да знаете - во еден југословенски ресторан во сметката никогаш не пишува ‘Mehrwertsteuer eingerechnet’, но затоа пак секогаш има леб на масата!”. Не верувам дека келнерот особено се потресе, ниту пак дека беше премногу импресиониран со престижот на малиот, беден гастарбејтерски ресторан во Annagasse. Но, тоа не е ни важно.
Она што деновиве ме потсети на оваа мала кафеанска расправија беше таа фамозна забелешка што секојдневно ја читавме на секоја сметка, за сѐ што ќе платевме: “Mehrwertsteuer eingerechnet”! Тоа, буквално преведено на македонски значи дека во цената на услугата што се плаќа или на стоката што се купува е засметан данокот на зголемена вредност (со зборовите на македонскиот закон: “данокот на додадена вредност”). Давачката, значи, што годинава ја озакони Македонија, Германците ја имаа уште пред триесетина и кусур години.
Па сепак, има една суштествена разлика меѓу Германија и Македонија: за време на онаа година што ја поминав таму, никаде не видов некој да го рекламира (во весници, на рекламни паноа, на радио или на телевизија) тој данок. Бог да чува! Во Германија работите се упростени до невозможност: ако не порачаш леб во ресторан, нема да ти го донесат, ако треба да платиш данок, ќе ти го наплатат и тоа – преку сметката - ќе ти го кажат (“Mehrwertsteuer eingerechnet”). На која умна македонска глава (и од кои причини) ѝ текна да троши силни пари на даночните обврзници за рекламирање на данокот на додадена вредност не ми е јасно.
Јас, да речеме, пред некој ден на жиро-сметката сум добил од ЗУМПРЕС цели 40.000 (и со зборови: чeтириесет илјади) денари на име хонорар за неодамна објавениот превод на Пруст. Фала им! Пруст не се преведува за пари. Меѓутоа, некој од моите пријатели инсистираше да не пропуштам да го објавам износот на овој баснословен хонорар, за да ја видат луѓето (а пратеничката Ѓулистана, посебно) хиерархијата на вредностите во Македонија. Жена ми (мојот домашен министер за финансии) вложи многу труд за да открие кој ми ги уплатил тие 40.000 денари. Во известието за уплатата, меѓутоа, никој не спомнал дека на тој износ државата ми зела некои 17% (ако не се лажам) данок на авторски хонорар. И тоа не ме буни: така прават сите држави. Она што многу ме буни, меѓутоа, е зошто го рекламираат данокот на додадена вредност, а не и данокот на авторски хонорари, данокот на имот, данокот на доход, итн. итн. Рекламирајќи го едниот, а заборавајќи ги другите, нашите рекламери прават недозволена дискриминација меѓу законите.
И сега, верувале или не, околу ова прашање за малу што не се испокаравме и ние, фините господа во Извршниот одбор на Лигата за демократија. Дека работава смрди, му е јасно секому. Дека е апсурдно да му рекламираат данок може да сфати и приглуп човек. Со реклама или без неа, државата ти го зема она што мора да го платиш. Никој не може да каже: “Мене тој данок не ме бендисува и не сакам да го плаќам”. Таков вид даночна слобода не постои никаде на светот. А некој од Владата за промени сепак упорно со месеци наназад не бомбардира слогани од типот “Тешко (било), но чекорите биле исправни”, или поврзувајќи ја љубовта кон Мајка Македонија (што на сите ни била најважното во животот) и данокот на додадена вредност (!?). Види мајката! Патем речено, според оваа логика, авторот на извонредните економски колумни на УТРИНСКИ ВЕСНИК, г-ѓа Наталија Николовска, е најосведочен душман на Македонија само затоа што има илјада и еден приговор против воведувањето на овој данок (!?).
Работата сепак не е ни глупост, ниту пак апсурд, иако така изгледа. Просто-напросто владата ги плаќа рекламите и тие им носат добивка на оние што ги објавуваат. Не е далеку од умот да се претпостави дека последниве (за да рекламираат нешто што инаку не е за рекламирање) мора да платат определен процент на нечија приватна (или партиска?) сметка. Друго не ми паѓа на памет. Туку здравје!
Можеби, некој од владата ќе ми ја објасни логиката на оваа пропаганда. Во секој случај, немајќи свој претставник во парламентот, Извршниот одбор на Лигата за демократија реши да ги замоли нашите коалициони партнери да побараат одговор од владата за тоа колку чинела досега пропагандата на ДДВ и кој е мотивот да се рекламира нешто што се касира по силата на законот.
Што се однесува пак до г-ѓа Наталија Николовска, Лигата за демократија верува во нејзината искрена љубов спрема Македонија. Сакаме да веруваме дека таа, од своја страна, не се сомнева во нашата искрена желба од Македонија да направиме пристојно место за живеење. Во најсуштественото, значи, сепак сме едномисленици.
Едномисленици (од сите 123 општини на Македонија) – обединете се!

Ѓорѓи Марјановиќ

ПОРИПРОГ

Еден читател на ДНЕВНИК пред некој ден ме предложи за амбасадор на Република Македонија во Париз (!?). Да видиш, да не веруваш! Фала му и за предлогот и за добронамерноста! Париз многу си го сакам и цел век сонувам за некој подолготраен престој во него (жена ми посебно). Па сепак, не сум сосема сигурен дека би бил особено блескав дипломат. Амбасадорите ги бие глас на луѓе што совршено владеат со умешноста да молчат, а јас пак, еве, јавно признавам, не умеам да си го држам јазикот зад забите. И кога тоа е повеќе од пожелно.
Пред многу години (сѐ уште бевме СФРЈ), бев поканет на една вечера, што во конаците на манастирот Св. Пантелејмон ја приреди тогашниот амбасадор на САД. Во еден момент, среде вечерата, амбасадорот, г. Ворен Зимерман, без каква и да е врска со контекстот, обраќајќи ми се лично мене, гласно се зачуди што во мојата земја универзитетските професори (наспроти политичарите) уживале неверојатно голем углед, додека кај нив (во Америка) практично никој не ги фермал, додека, напротив, политичарите биле на голема цена. Сите погледи се свртеа кон мене. Луѓето знаеја дека сум професор и прашањето го сфатија како некој вид отворена провокација.
- Мислам дека ставот на нашиот народ е поблизок на реалноста, одговорив. За да се стане универзитетски професор треба долг тренинг и посебна дарба. Не знам како е со Американците, но народот кај нас знае дека секој не може да стане универзитетски професор. Напротив, буквално секој будала може да стане политичар!
Некои од присутните само што не фатија да икаат. Знаев дека во Америка дипломатијата е професија, а не политика и дека г. Зимерман, иако политички претставник на својата земја, сепак е професионален дипломат и нема лошо да ме разбере. И - не ме разбра.
На ова се сетив кога го прочитав предлогот на добронамерниот читател за моето амбасадорство. Замислете ме мене на некоја дипломатска вечера со м’сје Жак Ширак. Во еден момент, пред сите присутни, ѓоа на шега му се обраќам како на претседател на ПОРИПРОГ. Можете ли да си ги замислите зачудените погледи на присутните, кои за прв пат во животот ја слушаат оваа кратенка. На прашањето од г. Ширак, што би требало да значи тоа “ПОРИПРОГ”, онаков како што ме дал Господ, одговарам со анѓелска невиност: “Настојувам само да ги следам европските дипломатски трендови, што започнаа со признавањето на мојата татковина. ПОРИПРОГ е исто толку нормален евокативен акроним како и FYROM а значи: Поранешната Римска Провинција Галија”.
Ако Франција службено протестира поради моето непримерено поведение, веројатно веднаш ќе ме викнат во Скопје за да ме испеглаат. И - кој ќе ме пегла? Шефот на дипломатијата - мојот некогашен студент, оној што се прослави со синтагмата “бурекуносачу асистентски”, а што кон својот потпис врз меѓународните документи веројатно го става бројот на својот пасош, како што прави со бројот на личната карта во своите писанија во ДНЕВНИК. Е, не бива што не бива!
Од друга страна, како човек што необично круто се држи за формата, зборувајќи за шефот на мојата држава, јас не би можел да се воздржам од она “пречесниот Отец Борис”, што веројатно би ми создало нови проблеми, овој пат со нашиот уважен протестантски свештеник. И пак назад во Скопје на пеглање. И - кој ќе ме пегла? Мојот некогашен студент и соселанец од Асанбегово или Синѓелиќ илимити Ченто, по вмровски (патем речено, отсекогаш сум сметал и сметам дека Методија Андоновски заслужуваше неговото име да го носи малу подобар кварт од Скопје од поранешната резиденцијална населба на владејачката класа во СФРЈ), а Претседател на Република Македонија по милоста на Џафери & комп. Е, не бива што не бива!
Како што гледате има многу нешта што објективно се противат на моето амбасадорување. Но има и нешта што се од субјективна природа: Лигата за демократија и Пруст, пред сѐ. И едното и другото го терам како неизлечлив оптимист: во уверување дека македонската држава и македонскиот народ ќе преживеат и тоа дека ќе ја преживеат не само оваа и ваква власт, туку воопшто.
Формирањето, развивањето и негувањето на Лигата за демократија е мој прилог кон иднината на државата македонска. Иднината им припаѓа на граѓански, а не на племенски партии. И тоа еден ден ќе се разбере и во Македонија. Но, ќе треба време. На будалите отпосле им текнува, нели (вели македонската народна изрека, не јас!).
Преведувањето на Пруст, пак, лично го доживувам како полнолетство на македонскиот литературен јазик. Да се пренесат од расипнички богатиот француски јазик на македонски извонредно сложените, перверзно рафинирани, многуслојни, километарски долги реченици на еден од најголемите писатели на Дваесеттиот век, и сето тоа да тече убаво, разбирливо и прифатливо за нашиот читател, тоа е доказ за зрелоста на нашиот јазик и за неговата животоспособност. Зошто би го правел тоа кога не би верувал дека македонскиот народ и македонскиот јазик имаат перспектива? Дотолку повеќе што, консултирајќи го (при преведувањето) постојниот болгарски превод, можев да констатирам дека клетите комунисти ептен го оддалечиле македонскиот јазик од неговите корени, така што нашиот читател одвај може пристојно да го чита Пруст на болгарски.
Ете затоа, амбасадорската работа би ми пречела и во едното и во другото. Лигата за демократија би останала без својот харизматичен лидер, а бројот на нејзините членово најверојатно за кратко време вртоглаво би паднал на мизерни 14-15.000 души (како на некои вчера испилени партиички). Тоа би било загуба за Македонија, но и за Коалицијата за промени на промените. Пруст би морал да го чека завршувањето на четиригодишниот амбасадорски мандат, а тоа (барем за мене) е тешко прифатливо. Јас (како ни Македонија, впрочем) немам време за чекање. Читателите на ДНЕВНИК секој четврток би пекале по моите ненадминливи колумни (кај се видело амбасадори да пишуваат колумни?). Итн. итн.
Поради сево ова, сметав за потребно вака јавно да се оградам од споменатите добронамерни предлози. Мојата амбасада ќе мора да причека на подобри времиња и посоодветни (македонски) државници.

Ѓорѓи Марјановиќ.

ФЕМКАЊЕ

Имам проблеми како со етимологијата така и со значењето на зборот “фемкање”, што упорно го лансира енергичната госпоѓа Велиновска. Зборов го нема ниту во тротомниот Речник на македонскиот јазик, ниту пак во Речникот на српско-хрватскиот книжевен јазик на Матица Српска, така што е доста тешко да му се определи вистинското значење. Веројатно е изведен од француското “фемме” (жена) и треба да означи поведение на субјект што се однесува мекичко, свилено, феминизирано. Само така може да се сфати и аподиктичната порака на г-ѓа Велиновска во насловот на текстот “Со фемкање Македонија не се спасува” (СТАРТ, бр. 68 од 12.05.2000), упатена пред сѐ на сметка на Лигата за демократија.
Треба ли да потсетувам дека ние, во повеќе наврати повторивме и повторуваме оти она што нѐ тера да го прифатиме сојузот со нашите довчерашни политички душмани е загрозеноста на македонскиот национален интерес (што споменатава дама го оценува како “драматика во вербалното”). Овој став не се темели врз нашата моментна аутсајдерска позиција: ние бевме и засега остануваме опозиција. Лигата за демократија немаше власт, што во меѓувреме ја загуби, па сега лелека дека по неа, сѐ пошло удолу. Она што нејзе ѝ го создаде и ѝ го одржува имиџот на јавната сцена (иако никогаш не се перчеше како македонска национална партија) е копнежот за Македонија како пристојно место за живеење, со тоа што неговата реализација ја гледа во она што се нарекува теорија и практика на модерната правна држава.
Да се разбереме, Македонија не беше особено пристојно место за живеење ни под СДСМ. Тој сојуз го сочинуваа (а во голема мера и денес го сочинуваат) медиокритети, што се затекоа на определени места во стариот СКМ. Некои несмасно алчни, други несмасно арогантни, трети неуки, припрости, итн. итн. Но, и такви какви што беа, тие во едно нешто сепак беа (и останаа) суштествено поинакви од новата власт: никогаш не дадоа ни најмал повод за сомневање во нивната македонштина. “Србокомунисти” ги нарекуваа само и единствено отворените или прикриени бугарофили или бугаромани.
Промените што фати да ги врши новата власт ја натераа Лигата за демократија сериозно да се замисли врз иднината на Македонија (а особено на Македонците). Приказната почна со заедничките корени. Никој не инсистираше врз заедничките словенски, туку врз бугарските корени, што, се разбира не е исто: Македонците имаат заеднички корени и со Русите, Полјаците, Чесите, Србите. Потоа, како израз на фамозната (еднонасочна) позитивна енергија, новата власт реши да заборави на чл. 49 од Уставот, што ја обврзува да се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и ги жртвуваше Македонците во Пиринска Македонија. Еден ден потем (или пред тоа, сеедно) забележавме дека на власта не ѝ е многу грижа ни за Македонците зад Групчин. Итн. итн. Стана јасно како бел ден дека оваа влада е петта колона на источниот и западниот сосед. Барем за нас во Лигата за демократија. И тоа ни беше основниот ориентир на политичката сцена. И како луѓе поединечно и како партија бевме против туѓите измеќари.
Ако, поради предавството на националниот интерес, лично бев готов да раскинам и по некое долготрајно пријателство (со школски другар и соборец од најтешките години на едноумието), зошто сега истиот тој принципиелен став да биде предмет на презрителни етикетирања на г-ѓа Велиновска (или на простачки исмевања во ФОКУС).
Од друга страна, ние од појавата на идејата за коалиција наваму, јасно, недвосмислено им ставивме на знаење на оние што таа соработка нѝ ја понудија дека не гледаме правни средства за предизвикување предвремени избори. Да собираме потписи заради распишување референдум, нема смисла! Тоа го правевме на времето, кога СДСМ беше власт. Одговорот од највисоко место беше дека за тоа немало уставна основа. Ако ја немаше на времето за опонентите на СДСМ, нема да ја има ни денес за него. Кој може да помисли (без ризик да го сметаат за политички дунстер) дека триглавата коалиција ќе се согласи на оние отстапки на кои на времето не се согласи СДСМ. Да одиме на митинзи? И тоа се правеше. Митинзите на опозицијата се веќе политичка традиција на Македонија. Но, на владата (тогаш) не ѝ падна ни влакно од главата поради импресивната врева на митингашите. Кој може да помисли дека нешто драматично ќе ѝ се случи на денешнава влада? Ајде, ви се молам...
Би било згодно госпоѓа Велиновска да пробуричка по старите комплети на СТАРТ и да се потсети што пишувала по повод тогашните митинзи на опозицијата. Реториката на организаторите и тогаш и денес главно се сведува на потребата од итно спасување на Македонија. Зошто сега, одненадеж, она што некогаш беше оценувано како манифестација на груба сила, како безнадежен, очајнички гест на противниците на власта, како “улична демократија”, денес би имало некаква посебна смисла и значење?
Лигата за демократија, од својата појава на македонската политичка сцена до денес, се држеше за еден принципиелен политички став од аксиоматска природа: дека демократијата (владеењето на народот) се одвива преку институциите на власта. Поинаку речено - преку избори! Што се изменило во меѓувреме та нашето неприфаќање на “уличната демократија” презрително да се оценува како “фемкање”, како поништување на драматиката во вербалното со програмската принципиелност на партиските водства. Што е тоа што на споменатата дама ѝ дава за право да нѐ етикетира како “ситни души” (со кои држава не се правела), како слаби и нерешителни политичари (со кои не можело да се изведе спасувањето на државата)?
Кога Мирка Велиновска не би била тоа што е (а знаеме што е и чија е), кога СТАРТ не би бил тоа што е (а знаеме што е и чиј е), на ова пишување не би требало ни да се обѕрнуваме (како ни на невкусните мајтапења на оној не особено бистар колумнист на “ФОКУС”).
Повеќе пати реков и повторувам: она што може да доведе до предвремени избори е само распадот на владејачката коалиција. Да не го познаваме Циле, тоа би морало да се случи најдоцна за една недела: безгрешниот отец Борис не го прифаќа ултиматумот на алтернативните демократи; Циле & ком. ја напуштаат владата; опозицијата бара гласање за нејзина доверба; мнозинството гласа против; владата паѓа; друг не може да состави нова влада (криза на владата); Собранието се распушта и се распишуваат нови избори.
Кој може да поверува во ова сценарио? Особено ако се знае дека на Циле му останаа в џеб доволно опипливи аргументи за да го убеди пречесниот.

Ѓорѓи Марјановиќ

РОЗОВА ГРАДИНА

Немам обичај да одговарам на писмата што, од време на време, се објавуваат по повод она што го зборувам или пишувам. Има едно чудо луѓе на кои моиве писанија изгледа навистина им се допаѓаат. Мора, значи, да има и такви на кои тие исти текстови не им се допаѓаат. Ако во колумните не се обѕрнувам на пофалбите од “обожавателите”, така би морал да постапувам и спрема реакциите на моите читателски душмани. Па сепак, пофалбите и пцостите не се (и не може да бидат) исто, па ни нашиот однос спрема нив. Особено кога во последниве има примеси на пакост, злонамера и клевета.
Така, пред една или две недели, ДНЕВНИК објави писмо на некој читател (името не му го запамтив) кој фати да им го трие носот на универзитетските професори дека, со барањето да бидат изземени од административното пензионирање, се покажале во вистинската светлина: дека биле себични, не знам духовно стерилни, дека не оставиле зад себе научно-наставен подмладок и дека сега, кога треба да бидат пензионирани, лелекаат оти се незаменливи. Дека човеков мислеше токму на мене беше јасно од истото тоа писмо, што за секој случај го беше испратил и објавил и во УТРИНСКИ ВЕСНИК, со тоа што таму со име и презиме се повикуваше на мене и на моите ставови.
Едно време се двоумев да седнам и да му одговорам. Само, што да му кажам? Има ли смисла да му објаснувам дека ја утнал адресата, дека попусто ми го трие носот со своите придики. Зад мене, во Институтот за кривичноправни науки на Правниот факултет во Скопје, имам релативно богат научен “подмладок”: еден редовен професор (мој некогашен докторанд), еден доцент (мој некогашен докторанд), еден асистент (магистер на кривичноправни науки) и еден демонстратор (млада дама чијашто докторска дисертација деновиве чека на одбрана). Мојот учебник од 1978 година наваму доживеа пет изданија. Имам впечаток дека објавив и повеќе научни и стручни статии одошто може да поднесат нашите ретки шуми. Итн. итн. Дури и злонамерен човек, што сево го знае, тешко може да ме нарече себичен, или духовно стерилен, а уште помалу незаменлив. (Впрочем, “гробиштата се полни со оние што себеси се сметале за незаменливи”!) Значи, да не се фалам премногу, сѐ што напишал читателов може да се однесува на кого и да е, само не на мене (иако сум поименично спомнат во врска со неговото писмо). Зошто би му одговарал? Можеби човеков е од таборот на моите политички душмани, па сака да ми одземе некој поен.
Ако денес на некој начин сепак одговарам на росното цвеќе од Розовата Градина на д-р Марковска (Марјановиќ падна на испитот за еднаквост на граѓаните, ДНЕВНИК, 6 мај, стр. 5), тоа го правам под силен притисок на некои членови од моето семејство, што сметаат дека, доколку не сторам така, во јавноста може да се добие впечаток дека зборлестата принципиелна дама имала право и дека јас просто се согласувам со нејзините ѓоа-критики.
Она што во филозофијата се нарекува “замена на тези”, д-р Ѓулистана го прави во стилот на оној стар советски виц за московското метро и американските црнци.
Елем, на забелешката од Американците дека метрото и не им е особено точно, Русите, свесни дека е така, одговориле: “А што им правите вие на црнците?” И - им ја затвориле устата? Се сомневам. Вака некако постапува и мојата критичарка.
Јас тврдам (а повеќе написи во дневниот печат ме уверуваат дека не грешам) дека поради потписот на мадам Ѓулистана Медицинскиот факултет во Скопје не добил ништо, туку само ја загуби можноста да фигурира (покрај името на авторот) во најпрестижните светски списанија по психијатрија, а таа мене: “знам дека Вие сте учествувале во подготовките на голем број закони и дека тоа дебело сте го наплатувале без оглед на тоа која политичка гарнитура владеела”.
“Дискусии” во овој стил не се ретки при караниците на жените од Средорек, но јас сѐ некако се надевав дека докторкава го совладала средоречкиот комплекс. Затоа, нема да се трудам пред читателите на ДНЕВНИК да се претставувам ниту како голема душа (мадам Ѓулистана ме именува како “ситна душа”), ниту пак да ги демантирам нејзините тврдења за моето “дебелото наплатување” на професионалните услуги. Впрочем, принципиелноста и некористољубивоста на Ѓулистана е повеќе или помалу општопозната. Затоа, со тешко срце си ја злоупотребам колумнава, преку нејзините редови да ѝ понудам на потписничката од Управниот одбор една вредна награда!
Еве, како прво, готов сум да ѝ го отстапам мојот едомесечен личен доход на Правниот факултет во Скопје доколку наведе барем еден закон (надвор од кривичните закони на земјава) во чија што работа сум учествувал. Не ми е тешко ова да ѝ го понудам, зашто јас, како старински човек, прифаќав и прифаќам да работам само во работни групи што ја засегаат материјата во која поседувам определени познавања, а тоа е кривичното право и извршувањето на кривичните санкции. А тоа е материја стара илјадници години, материја во која законите споро и ретко се менуваат. Тоа и мојот стручен ангажман го прави повеќе или помалу инцидентен.
Уште еден едномесечен личен доход ќе ѝ подарам на споменатава дама доколку докаже дека сум зел повеќе од 1.000 (и со зборови илјада) ГМ за својот ангажман во оваа работа. (Првин, за секоја евентуалност, сакав да напишам 3.000 ГМ, но во тоа веднаш се замеша мојата сопруга, која педантно ми ги води финансиите, прекорувајќи ме дека сакам да се правам важен: “Само еднаш си добил рамно 1.000 ГМ, па и тогаш, поради навредливоста на износот на наградата за повеќемесечна работа, сакаше да ги одбиеш!” Така тврди жена ми, а таа знае што зборува.)
Свесен сум дека мојата награда не е особено инспиративна. Но јас не можам да понудам повеќе и притоа да бидам сериозно сфатен. Госпоѓа Ѓулистана е во институциите на власта, па нема да ѝ биде тешко да ги провери моите наводи. А кога ќе ги провери, ќе остане без ветената награда. Затоа, не верувам дека воопшто и ќе се обиде.
РЅ: За оние што не знаат, а такви секако нема малу, “Гüлистан” на турски значи розова градина! И само уште овој бисер за СТАРТ-овиот “УПС! ... Се збунив!”: некој што се потпишува со доктор, што ќе рече учен човек, би требало да прави разлика помеѓу зборовите плебс (народ, раја) и плебисцит (изјаснување на народот преку општо гласање).

Ѓорѓи Марјановиќ

ЗАКРПА


Пред повеќе години светската јавност со напнато внимание следеше една семејна драма: непознати криминалци го беа грабнале внучето на американскиот милијардер Пол Гети и бараа за него неколку милиони долари откуп. Човекот излезе во јавноста цврсто решен да не се пазари со злосторниците: јас, вели, имам шеснаесет внуци и немам намера да ги загрозувам попуштајќи им на киднаперите. Ако платам за ова, ќе мора да плаќам и за сите други што утре евентуално ќе ми ги грабнат. Грабнувачите мора да знаат дека тоа кај мене не минува. Подоцна и грабнувачите ја посведочија својата решителност: Гети го доби по пошта увцето на своето внуче, но не попушти. На крај, видоа - не видоа, го ослободија детето. И, што се случи сетне? Сетне никој и никогаш веќе не се обиде да ги задева внуците на Пол Гети (Бог да го прости!).
Не е тешко да разбере зошто деновиве се сетив на оваа дамнешна епизода. Прикаскава се повтори кај нас, само лишена од секаква драматика: лошите момци од Косово ѓоа грабнале македонски војници, сетне барале нивна размена за човек два пати притворуван (а ниеднаш суден) за обид за убиство, на што македонските власти промптно покажале завидно ниво нежна грижа за војската, та решиле (за евтина пара!) да го пуштат осомничениот од притвор, а ангелот на мирот и велемајстор за меѓуетничка релаксација Арбен Џафери (оној со две точки) го однел во Приштина, каде што насобраното друштво спонтано организирало фешта во негова чест. За да не се сакалдисува, македонската јавност беше известена за прикаскава откако таа заврши: три дена подоцна.
Чуму ми е она “ѓоа” во прикажувањето на случкава? Напросто затоа што ние го знаеме само она што ни го кажаа, а, се разбира, може да има голема разлика помеѓу “знаеме” и “сакаа да нѐ убедат”. Јас лично не верувам ни збор во официјалната верзија. Таа ми изгледа аматерска инсценација на киднапирање за да се најде покритие за ослободување на осомничениот. Сторијава, од почеток до крај, мириса на кујната на Џафери. Уште една судска фарса, планирана и изведена од неговиот (ОВК!) штаб. Нејзина единствена цел беше: борецот за албанската кауза да се врати (на правно прифатлив начин) во битката за независно Косово, додека резилот на македонските власти е само нужна споредна последица. И во тоа, како и секогаш досега, се успеа!
Како, инаку, да се разбере фактот дека на министерот за правда одненадеж му текна да го посети притворениот. Дали пиеле кафе или не, не знам, но дека ја договарале стратегијата и тактиката на “правните чекори” што треба да се (и ќе се) преземат во врска со случајот е повеќе од веројатно. Министерот за правда, впрочем, никогаш не ја криел својата лојалност спрема ОВК. Сите што биле во неговиот кабинет раскажуваат за некаковси календар, што, од првиот ден на неговото министерување, виси таму и ја велича косоварската ослободителна армија. А ако министерот не ги крие своите симпатии за ОВК, јасно е како бел ден дека ќе биде готов да стори сѐ што е во негова моќ за да извади од притвор еден нејзин истакнат борец.
Правната закрпа во случајов е кауцијата. Ја, сега, малу да си играме Америка! Притворениот наводно ќе плати, а сумата е толку значителна што ќе биде ефикасно обезбедување за да не побегне. Миц! Фарсата станува уште поочигледна ако се знае дека кауцијата во македонската судска практика не се користеше ни за сосема банални кривични дела. Еден член на Лигата за демократија од Струмица го држеа цели дваесет дена во притвор само затоа што, наводно, се спротиставил на некој полицаец во вршењето на неговата службена функција. Тоа дело (ако воопшто било извршено, зашто некои сведоци тврдеа дека полицаецот фатил да го турка нашиот човек, а не обратно) е мачешка кашлица во споредба со делото за кое се обвинува Асани. Па сепак, никој никогаш и не се обиде да помисли дека струмичанецот може да се ослободи со кауција. Таа во случајот Асани е гола форма за да се пушти на слобода. Сѐ друго е аматерски театар: со неговото ослободување во секунда се совпаѓа “киднапирањето” на војниците, барањето за нивна трампа со осомничениот, извршувањето на трампата и - happy end анд од американските телевизиски лимонади: војниците на сигурно, министерот за одбрана (по обичај) не знае ништо, министерот за правда (по обичај) не сака да каже ништо. Македонската јавност пак ја разнежуваат со прикаски за благородноста на народната ни власт: благодарение на нејзината мудрост војничињата се живи и здрави. Да не било така, можеле да ни се вратат и како покојници. Нели? Тоа секако би било мошне тажно, се разбира. Само сега е уште потажно - нема граѓанин на Македонија што може да биде сигурен дека еден ден нема да стане заложник и да биде разменуван и за најдолен криминалец.
И така, ем скандал, ем честитки! Да видиш, да не веруваш! Паметам само еден случај на скандал, по кој авторот доби едно чудо заслужени честитки: пред многу години, младиот убавец Ив Сен Лоран, за да рекламира некој свој парфем, се беше сликал гол и таа своја слика (со името на парфемот) ја беше објавил како реклама во еден француски весник. Следеше лавина од написи, илустрирани со рекламата. Нема весник на земјината топка што не ја објави фотографијата со долги и широки написи за или против машката голотија во маркетингот. Честитките дојдоа отпосле кога луѓето се свестија за ингениозноста на гестот на г. Сен Лоран: човекот (за релативно евтини пари) плати само еден единствен оглас, а тој (бесплатно) доби планетарен публицитет. Тоа ти се вика памет (и бизнис)!
Денес (по скандалот Асани) кај нас се испособлече практично целата македонска влада, а сепак никој жив (освен опозицијата) не се скандализира. Печатот секојдневно изнесува нови докази за “намештаљката”: УНМИК знае каде е Асани, но не го апси, зашто македонските власти не го бараат (!?). А и зошто пак да го бараат кога претходно сторија сѐ за да го ослободат? Подобро да си ги задржат паричките (ако воопшто се платени).
Кога би биле правна држава (што не сме и уште долго нема да бидеме) г. Џиков пак би имал многу мака да нѐ објасни зошто не презема ништо против лицето Арбен Џафери, кога, ете, најинформираниот косовски весник KOHA DITORE тврди дека токму овој лично го однел осомничениот во Приштина. Еден обвинител би морал да знае дека било каква помош на сторител на кривично дело (а неговиот трансфер за да се скрие во странство е укажување помош) претставува кривично дело “криење и помагање на сторител по извршено кривично дело” (чл. 365 ст. 2 КЗ).
Туку, јас веќе фатив пена на устата залудо објаснувајќи му на г. Џиков што пишува во Кривичниот законик.

Ѓорѓи Марјановиќ

ТРЕТИОТ ПАТ

Деновиве пак многу се зборува за т.н. “трет пат”, иако не сум сигурен дека на учесниците во оваа расправа им е сосема јасно за што, всушност, станува збор. Велам “пак”, зашто, на времето, и самиот објавив напис под наслов “Македонија оди по третиот пат” (ДЕМОКРАТСКИ ФОРУМ, од 15 јануари 1991). Денес има посебна причина да потсетам на него (никој не може да ми замери за ова - тоа е мој текст исто колку и колумнава!). Во него со едноставни зборови се објаснува што е тоа трет пат во посткомунизмот. Еве, значи, се цитирам самиот себеси:
Една недела пред окончувањето на нашите (историско долготрајни) и почетокот на српско-црногорските избори еден умен Србин јавно изнесе претпоставка дека, всушност, “ќе се избира меѓу два пата: словенечко-хрватскиот или романско-бугарскиот. Победуваат, значи, националистите или криптокомунистите, никако демократите и либералите. Третиот пат ќе стане видлив дури откако на крајот од обата наведени ќе се попадне во ќорсокак со урнисани стопанства и заострени проблеми, можеби по пучеви, диктатури и сѐ што оди со тоа.”
Гледано низ призмата на оваа невесела оптика не можеме а да не бидеме задоволни од мудроста на македонскиот народ. Тој, верно, не гласаше (или поточно речено: мошне срамежливо и плашливо гласаше) за Лигата за демократија, која го нуди токму тој трет, среден пат, но затоа пак не тргна ни по патот на она што во странство се опишува како “бран на мрачен национализам (олицетворен во владеењето на Туѓмановата ХДЗ), ниту пак по патот на лошо сокриените, на брзина префарбаните комунисти (од типот на “социјалистот” Слободан Милошевиќ)
Нашето задоволство не е само од теоретска природа и не се темели само врз заклучокот извлечен од логиката на цитираната претпоставка (“Ако не тргнавме ни по едниот, ни по другиот, нужно ќе мора да одиме по третиот пат!”). Нашето задоволство, и покрај катастрофалните изборни резултати, се темели врз фактот што во Македонија и демократски преобразените комунисти и националните неоромантичари за сето време на изборната кампања (а и пред тоа) покажуваа и докажуваа дека имаат слух за идеите на Лигата за демократија и не еднаш ги прифатија, застапуваа, па и ги реализираа како свои. Така, политичките партии покажаа повеќе усет за определбите на Лигата за демократија одошто избирачите.
Толку со цитирањето! Денес, десет години подоцна, кога е јасно како бел ден дека и нашите криптокомунисти заакаа во гореспоменатиот ќорсок (со урнисано стопанство и социјално-економски проблеми заострени до усвитеност), а националистите (сардисани од сите страни со затечените проблеми) секојдневно демонстрираат оти умеат само едно: работите да ги направат полоши одошто беа, третиот пат (оној на вистинските демократи) е единственото што ѝ останува на земјава. Притоа, наполно се согласувам со критичарите на оние што претендираат дека се автентични заговорници на третиот пат: луѓе што до вчера беа доушници на комунистичката Државна безбедност, а што сега се претставуваат како алтернативни демократи, не може никого во оваа земја да го излажат (барем не на долго) дека се демократска алтернатива, толку нужна за Македонија. Луѓе што до вчера се фалеа со своите интимни (амбасадорски) односи со Садам Хусеин тешко ќе минат како либерали дури и за политички неписмените граѓани, а такви во оваа земја има немалу. Луѓето пак што до вчера се биеја в гради и се колнеа во својот македонизам, а, како на Шукара басмата (што велат Охриѓани) “отпосле отворија” дека се Петтата колона на Мајка Болгарија, не ќе може уште долго да го вапсуваат народот како застапници на македонскиот национален интерес.
Останува, значи, да им се поверува на оние што никогаш и не се обидоа да го излажат народот, оние што никогаш не се обидоа од македонизмот да направат професија.
Но, во меѓувреме работите очигледно суштествено се измениле. Сега Лигата за демократија (“пешачка патека” покрај постојните автопати, според терминологијата на еден СДСМ-овски колумнист) одненадеж срамежливо добива понуди за коалиција со еден од двата автопати. Објаснувањето може да оди во две насоки: или значењето на Лигата пораснало во нивните очи или тие се подложиле себеси на пореалистичко преиспитување и превреднување. Како и да е, понудата (засега од околу, преку новинарски канали) ни е упатена и за неа ќе мора да се изјасниме. Само една работа треба да се знае: ова не е прв пат да добиваме вакви понуди.
Пред повеќе години, еден моќен парламентарен спикер (кој од проверен комунист стана столб на реформските сили, за потем еден ден да се свести дека, всушност, бил либерал, од чија ларва нешто подоцна се испили вистински либерален демократ, за, последниве денови да заврши не знам каде) го беше викнал на пријателско убедување г. Александар Тортевски, та фатил великодушно да го наговара Лигата за демократија да ѝ се придружи на неговата партија. Откако понудата била решително одбиена, спикерот се налутил и му се испоизразвикал на нашиот човек: не знам, што си замислувате пак вие, вие сте еден пајтон луѓе, вие сте наполно беззначајни, вие сте самобендисани, вие сте вакви, вие сте онакви... Г. Тортевски стрпливо слушал, а потем само прашал: “Абе човек, кој кого овдека убедува: јас тебе или ти мене? Ако сме толку беззначајни, зошто ми потроши цел еден час наговарајќи ме да ви се приклучиме?”
Не паметам што одговорил парламентарниот спикер. Тоа, впрочем, не е ни важно.
Зошто се потсетив на оваа вистинита случка? Па, и денес, врвот на едниот македонски “автопат” (велат!) нѐ кани на соработка, а неговиот колумнист, едновремено нѐ предупредува дека сме биле мали и беззначајни и дека само со нив сме можеле да преживееме. Во оваа (сѐ уште непримена) покана, од една страна, и пишувањето на овластениот колумнист, од друга страна, има елементи од логиката на некогашниот парламентарен спикер. Ем нѐ канат, ем нѝ кажуваат дека сме биле за никаде (!?). Па, ако сме такви, зошто тогаш воопшто нѐ канат?
Ние, во Лигата за демократија, се држиме за онаа старинска изрека дека за љубов треба двајца. Но, за љубовта да биде вистинска, партнерите мора меѓусебно да се почитуваат. Тоа заемно почитување во демократијата се нарекува еднаквост. Тоа е проста логика, што мора да важи и во политиката. Сѐ друго, што евентуално би нѝ било понудено, би го сметале за љубов од сметка или, просто речено, политичка проституција

Ѓорѓи Марјановиќ

ПРЕРАНИ ПЕТЛИ


Пред некое време убаво ме насмеа веста за тоа каде Министерството за урбанизам решило да го смести офисот на г. Борис Трајковски: ни повеќе ни помалу туку на просторот помеѓу едни гробишта и едно прочуено скопско циган-маало. Бог да чува и да брани! Верно, на времето претседателскиот кандидат се прослави со еден гег, кога вети дека од Охрид ќе направел светска културна некропола, но сите добронамерни сфатија оти се работи за лапсус (човекот очигледно сакал да каже “метропола”, но тажните македонски реалности потсвесно го извртеле саканото во “некропола”). Да не е Претседателот на републиката од нивната партија, човек би помислил дека Министерството намерно сака да ја омаловажи оваа институција лоцирајќи ја до една субстандардна градска населба и до едни спомен гробишта (!?). Меѓутоа, се стори! Предлогот отиде во јавноста и, како што ги дал Господ вмровците, не е чудо, кога тие ќе нешто ќе намислат, тоа и да го претворат во дело, па - нека чини колку сака! Како ова чудо од намисла практично да се уништи Универзитетот преку административното пензионирање на професорите! Само, градбата на Претседателската палата сепак не е исто што и уништувањето на универзитетот (и уривањата во Злокуќани).
Со едно бројче во законот, повеќе генерации научници (создавани со децении) ќе бидат префрлени во категоријата пензионери, за потем на МРТВ-ата да чекаат вести за тоа од кога до кога ќе може да се надеваат на својата тенка пензија. Ништо полесно од тоа! Но, дали некому некогаш му паднало на памет од кога тоа образованието станало државна администрација. Тоа е можно само “у једној земљи сељака, на брдовитом Балкану”. Дали некој се запрашал што ќе стане со специјализантите на Медицинскиот факултет, што ќе биде со магистрандите и докторандите на овој и на сите други факултети, ако пензионираните професори решат едногласно да не учествуваат во ниедна од тие активности што значат создавање научен подмладок. Од разумни причини, верно, тоа нема да го сторат. Но, така може да постапат од чист инает (а тоа ни е доминантно национално својство, толку наше што дури и Болгарите, кога сакаат некого да го означат како тежок инаетчија, велат “ах този македонски инат”!). Кој, значи, ќе ги пишува рецензиите на книгите, кој ќе ги оценува ракописите на магистерските и докторските тези? Кога ова прашање му го поставив на еден колега од факултетот, човекот кисело се насмевна и процеди низ забите: ќе донесат луѓе од Софија!
Така, малу по малу фаќа да ми бива јасна филозофијата на младиот војвода: првин да разурне сѐ што досега се правело во земјата македонска, а потем сѐ да гради од ново (во сообразност со нашите докажани болгарски корени, нели). Господ нека ни е на помош! Но: ДПБНЕ - и сѐ е можно!
Патем, на факултетот владее општо, неподелено и силно разочарување дека токму еден Гале Галев учествува во сето тоа. Никој не може да го препознае овој човек во упорноста со која станува соучесник во уривањето на нашата Алма Матер. Кога одеше за министер ми рече дека имал желба да се обиде нешто да стори. Тогаш мислев дека оди за да гради, а не - за да урива! Во секој случај, како што изгледа, полека но сигурно фатил да чекори по врвиците на својот фамозен претходник, веќе спомнуваниот експерт по здруженотрудологија, Тицко Беличанец. Ако последниов го паметиме по првиот тежок удар врз Универзитетот, Гале има добри шанси да го запаметиме по неговото конечно разнебитување.
Туку, јас забегав! Фатив да пишувам за Претседателската палата, а запливав во сосема други води! Се надевам дека читателот ќе има разбирање за оваа дигресија: кога и да појдам на Факултет, со кого и да се сретнам, сите вознемирено (би рекол дури уплашено) зборуваат само и единствено за Галевиот закон за предвременото пензионирање. Така, можеби и потсвесно, човек не може да размислува за ништо, а мислата да не му заталка во она што најмногу го мачи: неговата загрозена егзистенција!
Но, да се вратам на Палатата! Ако се запостави старата (комунистичка) замисла Претседателската палата да се гради во близина на одамна проектираното ново Народно собрание, на просторот од изгорената црква Св. Богородица (ако не се лажам), што токму поради тоа и нема изгледи да се изгради, останува само уште алтернативата, што на времето ја понуди Лигата за демократија. За да не ми префрли некој дека правам партиски маркетинг, еве, идејата ја пренесувам од ДЕМОКРАТСКИ ФОРУМ (бр. 9 од мај 1992 година):
Скопјани од постарата и средната генерација со носталгија се сеќаваат на убавата едноставна градба што го красеше Калето. Градба што е “забележана” и врз грбот на град Скопје. Неа (за оние што ова не го знаат) не ја урна земјотресот, туку вандалски настроените “градски татковци”, опседнати со манијата да изградат едно “Ново Скопје”. Тие го довршија она што земјотресот одвај го беше начнал. И така сега средишното место на старото градско јадро е празен, недефиниран простор без содржина и намена.
Многубројните предлози за ревитализација на Калето, се чини, забораваат едно нешто: дека Горни град во Тврдината (арапско-турски: кале) отсекогаш и насекаде во светот бил центар на власта, било градска или државна. На таа “ситница” ќе мора да се мисли и при ревитализацијата на Скопската тврдина: на Калето треба да му се врати функцијата на средиште и седиште на македонската држава. Собрание имаме, седиште на владата денес или утре ќе стане стариот добар ЦК СКМ. Калето, онакво какво што го паметиме (и какво што го прикажуваме на илустрациите во овој број на “Демократски форум”) е идеално место за Претседателската палата: службена резиденција на Претседателот на републиката, место каде што ќе се предаваат акредитивите на амбасадорите, каде што ќе се пречекуваат странски државници, каде што ќе се предаваат одликувања на заслужните, каде што ќе се одржуваат приеми по повод националните празници. Во неработните денови може да биде отворена и за посетители. На нејзините ѕидови може да се прикаже целокупното македонско сликарство (од иконите и фреските до денес!).
Ете, така предлагаше (и предлага) Лигата за демократија. А така и ќе биде, со Божја помош, како што се случи и со “футуристичкото здание крај Вардарот”. Го забележавте, се разбира веќе оствареното (Настрадамусовско!) предвидување: “седиште на владата денес или утре ќе стане стариот добар ЦК СКМ”. Еден ден или друг, Претседателот на Република Македонија ќе столува во барокно едноставното здание на Тврдината (и тоа ќе биде најубавата претседателска палата на Балканот!). А нам, од Лигата, ќе ни припадне задоволството да потсетуваме дека тоа одамна, одамна било наша идеја! Наша несреќа е само тоа што сме петли што прерано пеат!

Ѓорѓи Марјановиќ

ПИСМО ОД РИМ - ВТОР ПАТ!


Во далечната 1987 година белградска КЊИЖЕВНА РЕЧ (а сетне и ДУГА) го објави моето ПИСМО ОД РИМ. Беше тоа горчливо иронична “колумна”, во која пишував за штетата што Тицко Беличанец, ѝ ја направи на Македонија со својот пензиски закон: со една единствена цифричка му успеа да истреби рамно 276 универзитетски професори! Подвиг рамен на оној од Херострат, човекот што го запалил прочуениот Артемидин храм во Ефес за да остане запаметен од историјата.
Писмово го бев испратил до повеќе редакции во Скопје и Белград, иако ми беше наполно јасно дека немаше теорија тоа да види бел ден во Македонија: со неа во тој момент, покрај споменатиот здруженотрудолог, владееја уште и докторите Камбовски и Климовски, сите со ред прославени првоборци од загубената (ева!) историска битка на Партијата и Државната безбедност против осведочениот непријател на социјализмот по име Ѓорѓи Марјановиќ. Нејсе!
Во тие, сега веќе одамнаминати времиња, нашето критички настроено, вистинољубиво новинарство беше постигнало вистински ѕвездени дострели: универзитетските професори, што беа покренале постапка за испитување на уставноста на законот за предвремено пензионирање, еден новинар со богата имагинација ги нарече “мали Нерони”: Рим гори, извикуваше весникарчево со индигнација, а малите Нерони свират на своите лири и (мазохистички) плачат што државата веќе не дозволува нивниот бедно платен труд да биде експлоатиран барем уште онолку колку што е ред на универзитетите во другите (тогаш: братски) републики и покраини на студениот север (!?). Така, со здружени сили на политиката и журнализмот, падна курбан една четвртина од сите универзитетски професори во Македонија.
По пропаста на комунизмот, моите студенти, еден ден, најбезобразно ме прашаа дали ќе се преземе нешто на нашите здруженотрудолози да им се одземат докторските титули. Аргументација за ова “барање” се темелеше врз буквата на законот: таму стоеше (и сѐ уште стои) дека докторската теза мора да биде придонес кон научната вистина, а пропаста на самоуправувањето покажа дека тезите на нашите здруженотрудолози не претставувале никаков научен придонес. Нездрав либерал, како што ме дал Господ, јас дури ги бранев Тицко и компанија: ако и не се придонес кон науката, нивните тези секако се придонес кон историјата на правото на овие простори и пошироко! Да беа случајно во Албанија, денес немаше да се перчат со титулите и да млатат пари како велестручњаци за приватизација и за уште низа други специјалности. I am sorry, but - се стори!
Политиката во времето на здруженотрудолозите воопшто и не се обиде да сокрие дека мотивот за овој лоботомски зафат врз умот на Македонија е, всушност, пресметка со постарата политичка гарда, која и ја беше довела земјата во состојбата во која тогаш се наоѓаше.
Деновиве има сериозни навестувања дека умот на Македонија ќе биде подложен на втор неврохируршки зафат: топ тема во медиумите е т.н. административно пензионирање (и) на универзитските професори. Наводно, тоа го барале некои белосветски институции (јали ММФ, јали Светската банка), оние исти што еден ден (со милоста на Алах!) ќе нѐ натераат да го признаеме The Little River University, иако таму, изгледа, може да предаваат и луѓе без каква и да е научна титула. Некој ќе рече: Ама вчера нѐ теравте да отпуштаме доктори на науки, само затоа што биле прекубројни, како може овие овдешниве да бидат токму? (А можеби токму тука и лежи зајакот - ќе нѐ избркаат нас за да се направат места за нив! Тоа сосема се вклопува во европската и светската моралност, кога е Македонија во прашање.)
Ако има предвид дека во меѓувреме Македонија незапирливо паѓаше сѐ подолу и подолу, читателот може со леснина да ги сфати размерите на денешниов пожар во Рим: втората лоботомија врз мозокот на Македонија има изгледи да биде уште покатастрофална по своите ефекти од онаа од пред десетина и кусур години.
Од разни страни пак, добронамерни, загрижени пријатели, ми дошепнуваат дека ни овој зафат не бил без определена доза на политичка злонамера: коалицијата (за промени) сакала да се ослободи од бандоглавите критички настроени граѓански интелектуалци на сите рамништа, за да си направи место за своите (по друг критериум проверени) кадри. Кога сум јас лично во прашање, велат злите јазици, посебно демократските алтернативци не можеле да ми простат (мене и на мојата Лига за демократија) за дебаклот на претседателските избори! Доказ: некој од нив (што има увид во моето работно досиеј) со астрономска прецизност пресметал дека имам ни повеќе ни помалу туку рамно 34 години работен стаж, па тоа било пресудното што за пензионирањето се определиле токму на оваа цифра, а не за некоја друга!
Енергично протестирав против логиката на оваа шпекулација: та, не сум само јас во прашање, се пензионира едно чудо луѓе! Луѓето ми се смеат в лице и ми велат: небаре сега, како и оној пат, пред години, на политичарите им е гајле за луѓето, или за умот на Македонија, или за самата Македонија. Другите ги пензионираат за да не се сетат Власите дека тоа се прави за да се елиминира токму Марјановиќ!
Не ми паѓа на памет да поверувам во оваа приказна. Таа, од една страна, и премногу ми ги крева акциите, а, од друга страна, не држи вода, нема логика: ако ме тргнат од моите студенти, ќе ме направат професионален политичар - Лигата за демократија ќе добие лидер што ќе работи со полно работно време, а тогаш штетата за алтернативците (и за ините!) секако ќе биде поголема.
Па сепак, колку подолго и потрезвено размислувам за навестениот гест на власта, толку повеќе ми се врти во умот мислата дека во овие зборувања може да има и некаква вистина. Работата едноставно мириса на ујдурма: работната верзија на новиот закон за високото образование, што треба да биде донесен на есен, ја прифаќа европската регулатива и практика, универзитетските професори да може да останат на своите места до седумдесеттата година од животот. Каква логика може да има во брзаницата со административното пензионирање, освен, некои непожелни, да се истават оттаму, за да не може на есен да се засолнат зад привилегијата што ја спомнав.
Од друга страна, некако не ме бендисува ни идејата, факултетите сами да решат без кои професори не се може: ваквата солуција ги казнува токму оние без кои се може, оние што обезбедиле наставно-научен подмладок за своите катедри!
Иако не верувам во теоријата на заговор, тој мотив сепак не може ни целосно да се запостави. Еве, затоа, една јавна понуда до министерот Галев (тој не бил и не е војник на Партијата): нека ме пензионира само и единствено мене, а нека ги поштеди другите на Универзитетот. Ем волкот сит, ем овците на број!
Притоа, срам да му е кој ќе помисли дека ми е ова маркетиншки потег за да ги привлечам просветарите на своја страна. Тие не влегуваат во партии што не им гарантираат ништо друго освен морална чистота и почитување на редот и законот. Така било и така ќе остане. Барем во Македонија!

Ѓорѓи Марјановиќ

ДИОН


Минатата недела, како и со години на ред, појдов со жената во Солун на роденденот на нашиот венчан кум. Годинава прославата беше значително поинаква: понеделникот во Грција бил верски празник, па кумовите решиле да ни приредат тридневен викенд на море. Два дена (не можевме да останеме и понеделникот, зашто кај нас се работи) мака мачевме настојувајќи да не ги повредиме чувствата на нашите гостољубиви домаќини што нѐ водеа од таверна до таверна и богато нѐ гостеа со разнородни плодови од морето. Добивме впечаток дека Грците се осудени на изумирање: нормално живо суштество не може долго да ја преживее онаа нивна крвнички богата исхрана. Сполај му на Господа што нашиот Чист понеделник е ден на строг пост, така што еден цел ден во Скопје консумиравме помалу калории од оние што ги содржи само едно единствено грчко предјадење.
Поводот за овие редови, меѓутоа, не е самоубиствено богатата грчка исхрана, туку нашата посета на археолошкиот парк Дион, под Олимп. Локалитет далеку, далеку поскромен (по обем) од нашето Стоби, да речеме. Не верувам дури дека ископувањата таму се конечни. Градот (барем според мапите) бил значително поголем од ископините што денес може да се видат: мал амфитеатар, добро зачувана улица поплочена со камени плочи, една базилика, една голема господска вила, неколку помали светилишта. И сето тоа во еден огромен, неодамна насаден парк, испресечен со патеки за посетителите и заграден од сите страни со дискретна ограда од тел. На влезот паркиралиште, зградичка (со билетарница, мала книжарница, санитарии). Тука може да се купат книги за Дион, за неговото минато, за досегашните откопувања (на грчки и англиски), разгледници од локалитетот, копии од најдените предмети (оригиналите се во месниот музеј). Паркот, значи, носи приходи и никогаш не е без луѓе. Не може да се случи некој див археолог (како кај нас) да фати тука да прекопува во потрага по богатство. Ни околу паркот, ниту во него, не видовме ниедна куќа, а за вили од типот на оние што се уриваат во Злокуќани и да не зборуваме.
Долго шетав по Дион и за сето време мислев на Скупи! Господи! За него се знае повеќе од еден век, а отворете некоја енциклопедија - најмногу што ќе дознаете е дека древниот град бил разурнат во земјотресот од 518 година, а се наоѓал помеѓу селата Злокуќани и Бардовци. И ништо повеќе! Притоа, никому никогаш не му паднало на ум барем да го означи и загради овој локалитет. Така, денес одвај некој да знае каде точно било Стоби, а најмалу, изгледа, нашите урбанисти. Да знаеја немаше да ги има проблемите што со години на ред се врзуваат за него. Едно време таму се одржуваа мототрки, а, за да се обезбедат патеките, не ретко се оштетуваа остатоците од градот. Потем, откако моторите ги преселија не знам каде, започнаа масовните дивоградби на тој простор. Притоа никој не знае кои од нив се во археолошкиот локалитет, а кои надвор од него. Да не беше вандализмот на носителите на промени во Македонија и пустошењата во Злокуќани никој немаше да знае што се прави на просторот во и околу Скупи. Ни сега, за жал, не знаеме премногу: едни тврдат дека резиденцијалната населба е надвор, други дека е во археолошкиот локалитет. Некои раскажуваат (лично не сум видел) дека во многу господски дворови на тој простор може да се видат остатоци од ѕидишта на некогашните зданија. На фотографии, објавени во весниците, видовме надгробни споменици употребени како материјал за оградување на скромни селски куќи. Она што во секоја нормална земја завршува во националниот музеј, кај нас служи како градежен материјал. И колку што се позаплеткани нашите македонцки работи, толку повеќе ми се врти во главата примерот со убаво обезбедениот Дион и грчката грижа (односно македонската негрижа) за минатото.
Па сепак, секое зло за добро! Врз примерот на Злокуќани го видовме можеби најјасно лицето (а особено наличјето) на носителите на промените: во земја во која барем една третина од изграденото е дивоградба, власта реши да покаже сила врз објекти од најрепрезентативен карактер. А зошто? Злите јазици тврдат дека во една пригода обезбедувањето на сопственикот не му дозволило на ресорниот министер да влезе во населбата. Ако се има на ум етимологијата на презимето на нашиот министер, гегот на обезбедувањето на г. Николовски е смртен грев, што мора да се плати со срамнување со земја на три прекрасни вили (за секоја од нив еден универзитетски професор би морал да ‘рмба цел работен век!).
Пеки! Дивоградбата си е дивоградба! Ако е таква, мора да се урива! Не ми е сосема јасно, меѓутоа, зошто онака крвнички ги корнеа убавите украсни дрвца, зошто онака вандалски ги затрупуваа вештачките езерца. Зошто ги убиваа птиците и рибите. Не се, белки, и тие “дивоградби”. Или бесот на министерот е толкав што мора да се уништи и нешто што нема никаква врска ни со градба, ни со дозволи ниту пак со археолошки локалитети (ако се воопшто тоа).
Патем би прашал што му текна на г. Кадиевски да почне со промените таму некаде кај Бардовци и Злокуќани. Зарем човеков никогаш не прошетал по (или околу) нашиот универзитетски камп, за да види дека во најстриот центар на градот, на просторот урбанистички наменет за ширење на универзитетот како печурки никнуваат вили, од кои некои по убавина и архитектура не заостануваат зад оние што тој нареди да се урнат. Или, на пример, зошто не се обиде промените да ги започне со уривање на Little River University во Тетово, та и тој бил дивоградба (!?). Или му е страв да не ги упропасти “релаксираните меѓуетнички односи”?
Еднаш, пред многу години ме посети германскиот амбасадор во тогашна СФРЈ и, меѓу другото, ме праша што мислам за “суровото” постапување на власта спрема етничките Албанци: го имаше на ум случајот во Арачиново, кога, при уривањето на некаква дивоградба загина еден човек. “Ах, тоа, реков за да го провоцирам, ако дојде на власт мојата партија, таа ‘суровост’ значително ќе се зголеми.” Амбасадорот само што не фати да ика: “Aber Herr Professor, ми рекоа дека Лигата за демократија е либерална граѓанска партија?” Уривањето дивоградби нема никаква врска ни со национализам ниту со либерализам, реков и - тргнав во контранапад: што би сториле вие во Германија, кога некој врз падините на Шварцвалд би изградил куќа без дозвола? Амбасадорот се насмевна и рече дека тоа не е можно, никој не можел тоа да го стори. Му раскажав како тоа се прави кај нас: од петок до недела навечер и - во понеделник куќата е полна со луѓе. Што би правеле вие? Се разбира дека би ја урнале, призна амбасадорот. Па, гледате дека Лигата за демократија само би го следела германскиот пример. Инаку, проблемот е помалу во уривањето, а повеќе во спречувањето диво да се гради.
Е па, тој германски амбасадор денес е изгледа пак во Скопје и повторно ја гледа суровоста на власта. Овој пат си молчи и си трае: страдалници не се неговите (и европски) галеничиња.

Ѓорѓи Марјановиќ

ИМА НАДЕЖ!

Има денови кога на човека сѐ ќe му тргне наопаку. Минатата недела, претпладне, на пример, долго и безнадежно се вртев по кругот на Медицинскиот факултет барајќи некој да ми каже каде е амфитеатар 2, во кој требаше да се одржи тажна свеченост по повод смртта на еден заслужен Македонец. Дури откако најпосле го пронајдов празниот амфитеатар (во кој, патем речено, во далечната 1958 годин, како бруцош по медицина, слушав предавања по физичка хемија), сфатив дека сум ги побркал деновите: комеморацијата требаше да се одржи во понеделник, а не во недела! Нејсе! Кога веќе бев тука, решив да посетам еден пријател, па заедно да појдеме кај еден сликар (инаку, сопруг на мојата најдрага душманка од СДСМ), чии слики многу ги сакам. Но, кога нешто ќе тргне наопаку (според Марфиевите закони), наопаку и продолжува: мојот пријател не беше дома, па мораше да отпадне и посетата кај Илија и Илинка. Потоа отидов на факултет за да си ја проверам електронската пошта. Излезе дека немам приклучок кон ИНТЕРНЕТ. Е, тогаш веќе кренав раце од сѐ и се вратив дома. Ручекот не чинеше (пилешкото ми се виде сирово, речиси непечено).
Се обидов да читам СТАРТ. Ги прегледав насловите и поднасловите: кој од кого посив, помрачен: “Џафери го плаќаат за уништување на Македонија” Добро утро! Арно ви текна конечно! “Хеленик петролеум ја продава ОКТА”! Па што дека, нивна е, ќе прават што сакаат.
“Далаверизација” на македонската економија! Мугбил Бејзат (во своето интервју) се поплакува дека позицијата на Републичкиот судски совет била девалвирана. Кога ова тело на времето го составуваше СДСМ, тоа беше crème de la crème на нашата струка, сега (кога го дополнува ДПБНЕ + PDSh) одненадеж се чини. Види мајката! Измамените наивци од Битола ќе формираат А-ТМРО (Антритерористичка македонска револуционерна организација)! Оф, мила моја мајко! Има ли крај на македонските будалштини? Малолетнички криминал. Женска верзија на приказната за македонскиот слуга Јернеј и неговото право (Олгица Трајковска версус Димитар Димитров & комп.). Сѐ на сѐ: “Темни облаци над Македонија”!
Го фрлив луксузниот македонски разбудувач на самоубиствени нагони велејќи си дека веќе никогаш нема да го читам (небаре СТАРТ е виновен за црнилата на Македонија “и пошироко”).
Тогаш зацвони телефонот: Лиле Крстева си стои на ветувањето да нѐ известува (нас селаните од Сингелиќ Вилиџ) за концертите од нејзиното училиште: младите пак ќе свират во фоајето на МНТ.
И туку, без каква и да е разумна причина, сивилото на тој (инаку прекрасен) зимски ден фати да се повлекува. А имаше и зошто: Младинскиот камерен оркестар на Музичката младина на Македонија славеше 15 години од своето постоење. Какво славје, Господи!
Првин едно 17-годишно сатирче од Штип (Марјан Јаневски) засвире на својата волшебна флејта и дефинитивно ги растера “Темните облаци над Македонија”. Над “матна и крвава Македонија” толку се разведри, времето се отвори, се разубави што младите музичари (привршувајќи ја Хајдновата Проштална симфонија) фатија еден по еден да стануваат, да си одат, гаснејќи ги свеќите од двата црковни попилеи. Потем се појави една малечка, малечка Ана (Арангелова, 1986!) и, со еден убав Бах, ни ги разгали потресените македонски душички.
За крај ја беа оставиле Моцартовата музичка шега, во која Влатко Крстев настапи со “бомбе”то на дедо му, двајца гудачи свиреа во бањарки, а диригентот (Вања Николовски - Ѓумар) строго внимаваше да се одржува пристојно растојание помеѓу коленцата на младите музичари и музичарки. Едно време, кога си ја симна “престилката” од градите и си ја раскопча кошулата, сериозно се исплашив да не продолжи со тој стриптиз. Но, сѐ добро се сврши.
И додека аплаузот полека замираше, еден џентлмен покрај мене се исправи меѓу редовите, погледна накај таванот (Небото?) и, веројатно и не мислејќи дека некој ќе го чуе, изусти: “Има надеж!”.
Да, да, мили мои, има надеж! Она што ќе остане зад нас, она што ќе сведочи за нас, е она што го правиме во доменот на вистинските вредности: културата, пред сѐ! Ова што го прават младите музичари, сликари, вајари, писатели.
Благонадежните ни министри за култура може колку сакаат да се расфрлаат со десетиците илјади марки за нео-болгарски рецитали на своите партиски пулени. Овие никогаш не ќе може да го доживеат она што му се случи на пијанистот Симон Трпчевски во Пловдив (на пробата да станат сите членови на оркестарот и за своја душа да му ракоплескаат на младиот волшебник од Македонија). Тоа со пари не се купува!
Потем, веќе не ми беше ни тешко (ниту безнадежно!) да се зафатам со организирање на нашиот скромен коктел по повод десеттата годишнина од основањето на Лигата за демократија (11 февруари 1990 година, во Драмскиот театар, со благослов на неговиот тогашен директор г. Благоја Чоревски!). Верно, немаме пари за кавијар и шампањ, ниту за полжави, сипи и други морски плодови (како богатите партии во Александар Палас). Ќе има само по една пијачка и муабет за македонцките работи!
Си мислам, па си мислам, можеби сега би можел да го повикам и г. Глигоров да ни се придружи. На времето, како Претседател на републиката, во една пригода ме праша како би гледал на неговата желба да # пристапи на Лигата за демократија. Јас само се насмеав и реков: “Со Вашата популарност и ПЦЕР би победил на изборите!” (Приказнава има и продолжение, само не за во овој контекст.) Сега, кога човеков е само екс-президент (а не претседател на сите граѓани на Македонија), не би имал ништо против да ни се приклучи.
Во секој случај, може да сврати (со госпоѓа Нада) на нашиот коктел: утре (петок), 20 часот, Клубот на пратениците! Смокинг не е задолжителен, ниту пеперутка!
Кого да викнеме од новинарите? Пред сѐ г. Никола Младенов (во чијшто МЛАД БОРЕЦ, пред десет години, бесплатно ја објавија политичката платформа и Програмата на Лигата за демократија), г.г. Бранко Геровски и Александар Дамовски, што стрпливо ги објавуваат моиве (пролигашки!) колумни, г. Горан Михајловски во знак на политичка поддршка за она што го прави во ВЕЧЕР, госпоѓица Оливера Трајковска од А1 и госпоѓа Гоца Стошиќ од небеската телевизија. Друг? Да не претеруваме, Лигата за демократија е мала партија, не ќе има средства да плати за повеќе гости.
А да ставам: секој да донесе по некој мал прилог за забавата? Та нели направи така принцот од Велс за Нова година? Ако можеше тој, зошто да не можеме и ние? Не се сомневам дека душманите и нашата сиромаштија ќе ја протолкуваат како ароганција на елитата? Само, кому му е грижа за мислењето на нашите душмани?

Ѓорѓи Марјановиќ

GOD BLESS MACEDONIA!


Македонија го доби она што го заслужува (или поточно: она што го сакаше Ороспијата од Вавилон и Стејт департментот)! Habeamus papam! Господ нека ни е на помош!
Таборот на благонадежната ни партија на власт (односно нејзиниот врв) добро знае колку гласови добиле легално, а колку во стилот што СДСМ го практикуваше пред да ја загуби власта, па затоа и нема голема причина за радост. Затоа и јас (како лидер на моќната Лига за демократија) се воздржувам од честитки! Разочарувањето на гласачите е големо (и евидентно!). Особено кај многумина од оние што ДПМНЕ ги привлече со својата нагласена национална реторика. Сега, кога претседателот им е избран само и единствено со заслуга на војниците на PDSh нивното разочарување е уште поголемо. Тие добро ја знаат онаа “мудрост” на скопските улици: ако некому му седнеш в скут, ќе мора малу и да се движиш лево-десно, напред-назад со задниот дел од телото (да не речам: “да мешаш”, како што вели оригиналот на изреката). Тоа допрва ја чека благонадежната ни партија на власт! Тоа понижувачко “мешање” додатно ќе го зголемува нерасположението на македонските гласачи и ќе го редуцира нејзиното гласачко тело на идните избори.
Туку, тоа не е ниту мој проблем, ниту проблем на Лигата за демократија. Старите властодршци никогаш не послушаа барем нешто од она што им го кажувавме или што го пишувавме (за нивно и наше добро). Па, еве до кај дотераа! На новите властодршци не ни паѓа на памет да им даваме совети! Тие на последните избори покажаа дека не се луѓе од збор, а ние од Лигата за демократија не забораваме лесно. Пример, нашето излегување од Демократската партија во моментот кога таа се реши за брак со квази-либералите на Стојан Андов. Некој можеби ќе рече дека сме претенциозни, но - такви сме! Мошне избирливи, кога е во прашање друштвото!
Веселбата во таборот на PDSh секако е голема. Па сепак, не чувствувам потреба да им честитам: се покажа дека Македонецот бргу се учи на арно (на демократија), но не и нашите “(со)животни” сопатници (чиешто име не смеам да го напишам без да ги навредам). Тие кутри луѓе, уште пред да се доберат до слободата, дефинитивно ја загубија. И тоа не од нас, туку од своите! Имено, кога се знае дека предноста на г. Петковски беше шеесетина илјади гласови, дека ќе беше невиден успех таа предност во “третиот” круг да се зголеми на осумдесет илјади, и за полуписмен човек е јасно дека на PDSh немаше да му биде тешко и на нај”шведски” избори да обезбеди деведесетина илјади гласови, нужни за победата на нивниот сојузник. Зошто тогаш онаква манифестација на груба сила, каква што не видовме ни во вториот круг? Од две причини: прво, за да покаже PDSh кој е газда во Западна Македонија и второ (не помалу важно) со бројот на добиените гласови да “докаже” дека во вториот (поништен) круг немало фалсификат. Значи, за да си го измие образот!
PDSh, меѓутоа, страшно се мами ако мисли дека е газда во Западна Македонија. Како што, на времето, и Сали Бериша, гадно се измами кога поверува дека тој е газда во Република Албанија. Во моментот кога им го порача тоа на Американците, со предупредување да не се мешаат во внатрешните работи на неговата земја, одненадеж (речиси без причина?!) против него нарасна исто толкаво незадоволство, колку што пред тоа беше големо задоволството од него, и тој мораше да си замине од власта со подвиткана опашка. Тоа го чека и Џафери ако се обиде да стори нешто на своја рака, спротивно на виталните интереси на Америка.
А, знаете ли, што е витален интерес на САД на Балканот? Никогаш нема да ви текне, ако не сте го чуле предупредувањето на Стејт Департментот до Слободан Милошевиќ: да не си игра со главата и да ја задева Македонија, зашто “секој напад врз Македонија ќе се смета за напад врз виталните интереси на САД”! Така рекоа на почетокот од косовската криза и Милошевиќ тоа очигледно никогаш не го заборави! Македонија е од витален интерес за САД! Да ме убие човек не знам зошто е тоа така! Впрочем, зошто САД денес í “советуваат” на Црна Гора да не излегува од југословенската федерација, а утредента по фамозниот македонски референдум (уште беше Џорџ Буш претседател) поитаа да му стават на знаење на Милошевиќ дека северната граница на Македонија ја сметаат за неповредлива или недопирлива (не се сеќавам како точно беше кажано). За секој што умее политички да размислува е јасно како бел ден дека ним (од некои научно-фантастични причини?) им требаме. Ете, затоа велам дека вистинскиот газда на Западна Македонија, а уште помалу на цела Македонија, сепак не е г. Џафери (Господ нека му е нека му е на помош и нему во сето она низ што наскоро ќе мора да мине!).
Газда е Новиот светски поредок! Ороспијата од Вавилон и Стејт Департментот! Не мислеше некој, белки, дека може да биде поинаку?
Но, по обичај: во секое зло и добро! Иако лично гласав за г. Тито Петковски, сепак, кога добро ќе размислам, и добро е што Америте му удриле мерак на безгрешниот отец Борис! Откако сî мина како што мина, фати да ме фаќа страв од помислата уште еднаш шеф на државата да ми биде - Тито! Тие Титовци се многу долговечни! Кога ќе ти стане еднаш претседател, сметај дека кон крајот на вториот мандат ќе донесат уставен закон со кој ќе го прогласат за доживотен претседател. А и стар сум веќе не само да трчам, туку и само да пречекувам и испраќам - штафети!
Башка, што ми се допаѓаат новите (американски!) манири: химна со рака на срце, говор со благослов на крајот (“Господ нека ја благослови Македонија!”) и - национален доход од дваесетина илјади долари per capita!

Ѓорѓи Марјановиќ

РЅ (за Стејт департментот!): ако видите, случајно, дека спрегата Георгиевски-Џафери (Циле, претпоставувам, отпаѓа) не ви ги носи очекуваните плодови, обрнете внимание на Лигата за демократија! Ние сме исто толку Македонци (што ќе рече: кроток народ!), релативно подобро образовани од другите и знаеме да ги вршиме работите! Ќе треба само да научиме да не јадеме многу трици! Јас пак, како претседател на Лигата за демократија, свечено ви ветувам дека нема веќе да го користам евокативниот акроним FOBRICUSA (Former British Colony United States of America: Поранешна Британска Колонија САД), доколку вие ми ветите дека ќе запре срамотната практика нас да нî означуваат како FYROM.

ДЕН КОГА УМРЕ СРАМОТ



Се чувствувам ужасно понижен од неделните избори. Оние што ме читаат веројатно ќе се сетат дека ние, од Лигата за демократија, немавме свој фаворит. Лично, многу ме интересираше изборите да успеат и да минат в ред. Воден од тоа љубопитство релативно рано (околу 14 часот) отидов да гласам. За оние што не знаат, живеам во Ченто, а гласаме во Основното училиште “Крсте Мисирков”. Атмосферата, најскромно речено, шведска! Населбата е доста пространа, па многумина доаѓаат со коли. Паркирањето, одењето до избирачките места (уште на самиот влез означени со бројки и стрелки), легитимирањето, добивањето печати врз избирачките легитимации + гласачко ливче, сето тоа се одвива речиси безшумно, со нагласена свест за значењето на изборот. Ми беше убаво околу срцето: ете, во една скромна, претежно работничка населба, европска атмосфера на култура и цивилизација. На излегување само прашав како е со одзивот. Љубезно ми одговорија. Ги поздравив контролорите. Тие отпоздравија.
И дома првин гледавме вакви слики од сите страни на македонската земја. Набргу, меѓутоа, фатија да се редат и други глетки: не знам која скопска ТВ куќа првин покажа гласачко место (снимено во 9 часот!) во едно село на најбројната малцинска група - во проѕирната кутија можеа да се избројат пет ливчиња. Во исто време, во едно друго (етнички слично) село изборите веќе завршиле (!?). Подоцна, од разни страни, населени со истиов етнос, доаѓаа сî понемили сцени: прикажуваа огорчени луѓе буквално поништени како гласачи - кога дошле да гласаат, некој пред нив, веќе им ја свршил работата (!?).
Во доцните вечерни часови од изборниот ден ги видовме резултатите од демократијата à la PDSh! Да не разбирав за што се работи срцето ќе ми препукнеше од милина: најправоверни муслимани (уште пред да го наранат добитокот) избезумено трчаат на избирачките места за да гласаат за стаситиот христијански проповедник. Да виду, да не верују! Уште малу да помислам дека PDSh ќе успее и да ги врати Албанците во нивната стара (христијанска) вера! Шегата на страна, фактот што сета наша изборна европштина беше поништена на ваков (да не речам каков) начин до коски ме понижи. Изборни измами има на сите страни од светот. Ги имаше и кај нас. Но, кога владејачката партија на мнозинскиот народ ќе дозволи една екстремна сепаратистичка групација да í ги реди работите во куќата, тоа веќе не мириса добро. Дури и нешто повеќе: почнува да смрди на пцовисано! Тоа во куќата на ВМРО умре срамот!
На вечерната прес-конференција во штабот на СДСМ не знам колку пати огорчено го повторија фактот дека на PDSh í успеало да му собере на безгрешниот отец Борис повеќе гласачки ливчиња одошто нејзините (и противничките) гласачи им го дале на своите соплеменици, гг. Неџипи и Халили заедно. Аферим, бре Арбене! СДСМ-овците беа страшно револтирани. Не верувам дека притоа некому од нив му се врати филмот и се сети што правеа и самите пред работите да дојдат на ова дереџе. Да потсетам со ред (пред десет години, на Свети Рангел, на 21 ноември 1989, беше напишана политичката платформа на Лигата за демократија и почна нејзиното основање, па ова редење намерно го правам од нејзина гледна точка)!
Пред првите парламентарни избори, како лидер на Лигата за демократија, сторив сî што можев за да го убедам тогашното нивно водство дека на Македонија повеќе í одговара пропорционалниот одошто мнозинскиот модел. Само, кој ќе ти слуша некаковси професор и ѓоа-лидер на една минијатурна, штотуку испилена партија, каква што беше Лигата за демократија. Се определија за мнозинскиот и резултатот е познат: СКМ/ПДП доживеа катастрофален пораз! Истава песна (само сега не лично, туку преку една колумна во ДНЕВНИК) му ја “отпеав” и на новиот лидер на СДСМ. Пак истиот игнорантски однос спрема мислењето на Лигата (што во меѓувреме стана уште поминијатурна од порано). Новиот лидер подоцна јавно призна дека направил “погрешна проценка”, а резултатот е познат: неговата партија се најде во магарешките клупи на опозицијата.
Сега нешто за “албанското прашање”! Како лидер на малечката (но елитна, нели?) Лига за демократија фатив пена на устата потсетувајќи, првин, на тоа дека PDSh никогаш не постапи според барањето на Уставниот суд на Македонија за измена на своите програмски заложби и затоа е практично полулегална организација. СДСМ, што ја имаше власта во свои раце, во ниеден момент не најде за потребно барем да се обѕрне врз ова мошне релевантно укажување на малечката (та затоа и беззначајна, нели?) Лига за демократија. Во исто време (и пак во истото својство) фатив пена на устата повторувајќи дека Арбен Џафери треба да се стави зад решетки по многу основи од Кривичниот законик: не еднаш, на пример, си играше дрн-дупка со земјата со чиј пасош патува наоколу подбивајќи се со нејзиното име и нарекувајќи ја “Поранешната југословенска република” (кривично дело повреда на угледот на Република Македонија од чл. 178 КЗ), а нејзиниот мнозински народ “Славомакедонци”, со што на овие им ја креваше утробата (предизвикување национална омраза од чл. 319 ст.1 КЗ), додека на една прес-конференција по гостиварските настани самиот, без некој да го тера, изјави дека гг. Османи и Демири работеле по негови директиви (поттикнување на кривичните дела за кои беа осудени градоначалниците на Гостивар и Тетово). СДСМ ја имаше власта во свои раце, а со прст не мрдна да се почитува кривичниот закон. Кој да ја слуша малечката, свилена Лига за демократија? И зошто, кога ним им беше добро? Сега, кога Џафери им го спакува претседателскиот подарок, во СДСМ врескаат до небеса. Еден болгарски виц вели: “К’сно е вече синко, рајбер’т е турен!”
Збор-два за избирачките списоци и легитимации! Со години повторувам (пак во својство на член или лидер на малечката, зборлеста Лига за демократија) дека избирачките списици не се ажурираат како што треба, дека во нив има умрени, отселени лица, дека во текот на изборите одненадеж исчезнуваат, а потем волшебно одново се појавуваат списоците за цели улици итн. итн. Никој, ама баш никој во СДСМ не ги чу нашите апели. Истото го зборувавме и за изборните легитимации: тие не би биле валидно средство за идентификација ни во Феријалниот сојуз. Документ за идентификација без фотографија постоел - но во 19 век! Во овој век и на овој простор таква легитимација е само инструмент за фалсификување на изборите. Но, тие избирачки списоци и тие легитимации (исто како и сега!) свршија работа: со нив СДСМ стана практично единствената владејачка партија 1994 година.
Само, оние “ем мангупчиња , ем ВМРО-вчиња” многу бргу учеа (и научија сî што треба!) од СДСМ-овците. И?
Па (како што велат на ЕПП), дојдете во Лигата за демократија да ви кажеме што да се прави и да се договориме за акција! Трето нема! И, да не речете после, дека не сум ви рекол! Притоа, без оглед на шегобијниот тон, ова најсериозно го мислам!

Ѓорѓи Марјановиќ