Showing posts with label macedonia. Show all posts
Showing posts with label macedonia. Show all posts

КОГА ЌЕ СЕ РАСПАДНЕ ГРЦИЈА?


Пред некое време една позната грчка националистка, по име Леонидас Самарас, фати да „грача” дека наскоро ќе се распаднела Македонија. Нему од првиот момент на постоење на Македонија не му беше ујгун што постои оваа земја, па се обидуваше самиот да ја распадне. Многу е поточно да се тврди дека ќе се распадне Грција. Кога точно ќе се распадне, не е толку важно. Во секој случај, главно, се распаѓаат вештачки составените држави, кои немаат внатрешна кохезија: се распадна Советскиот сојуз, се распадна Југославија. На добар пат е да се распадне и Грција.
Грците првин не се еднороден народ. Тие се собраа во една држава настојувајќи сè што не е грчко, да стане грчко. Така, некаде во бр. 9 /1992 година во „Демократски форум,” објавивме една статија во превод од еден грчки новинар по име Елиас Петропулос под наслов „Богумилски гробови во Грција”, во која тој педантно расправа за тоа како по победата на грчките „социјалисти” на чело со Папандреу, владее крајно опасна клима на шовинизам и морализам, што се пројавува на илјада и еден начин. Така, на грчкиот ТВ канал прикажувале серии емисии насочени против Евреите; на странските нудисти се гледало како врз грозни перверзници. Елиас Петропулос испратил писмо до големата „социјалистка” Мелина Меркури предлагајќи таа да издаде марки во сеќавање на 50.000 жртви на еврејската заедница. Мелина Меркури не одговорила! „Грчките социјалисти” ги мразат Евреите (грчки поздрав до г. Саркози, големиот љубител на Грција!). Грчките социјалисти не ги сакаат ни Словените, не повеќе од Турците. Елијас Петропулос и’ напишал писмо на Мелина Меркури во врска со селото Веви (македонското име за ова село е Баница) во кое се наоѓале повеќе богумилски гробови. Работејќи врз својата книга “Graves of Greece”, (Париз, 1979), ги беше обиколил гробовите во Веви и нашол неколку стекци и надгробни плочи во некој вид порозен камен, во мошне лоша состојба, запуштени и искршени на повеќе парчиња.
Направив, вели Петропулос, повеќе скици на тие гробови и си отидов. Уште при таа прва средба сватив дека најстарите гробови во современа Грција се во Веви и фатив да наслутувам дека се тие богумилски. Во 1974 се вратив во Веви и ги снимив тие интересни гробови. Во една моја статија објавена во весникот „Солун” барав грчката влада да ги заштити тие гробови, единствени по својот вид. Потоа барав од власта да повика странски стручњаци да го дадат својот суд за нивната вредност и значење. Грците, меѓутоа, не веруваа дека во Грција може да има словенски урнатини. Во Грција не можеш да најдеш ниеден универзитетски наставник што се занимава со подрачјето на славјанската наука или туркологијата. Врз проблемите на богумилите работеа Србите, Бугарите и Чесите. Под такви услови, и Грците се начисто дека нивното сегашно потекло е малечко.
Во една нова статија во германскиот весник Frankfurter Allgemeine Sontag-zeitung од 2008 година, водачот на леринското „Виножито”, Павлос Воскопулос, навестува дека нема веќе да го крие ни својот идентитет. Тој сака, како и неговите претци, да се нарекува Филипов, што некогаш му било одземено. Сега постои Суд за човекови права во Стразбург и тој оваа ситна „поправка” може мошне лесно да ја направи.
Така Самарас може колку да сака да проповеда дека неговата националистичка Грција била побројна и помоќна и многу поразвиена од другите. Овој механички судир на народи во Грција сам од себе ќе доведе до распаѓање. А кога тоа ќе се случи не е важно. Рускиот академик Игор Панарин претполага, на пример, дека до 2010 година ќе се распадне и САД: економската и моралната криза, на пример, ќе доведе до нивно распаѓање и до нова граѓанска војна. Кога 1976 година францускиот научник Емануел Тод го предвиди распаѓањето на СССР никој со ништо не можел да му приговори, но ни сега нам. Маленкоста на земјата воопшто не е причина за распад. Лихтенштајн и Монако се малечки, но воопшто не им паѓа на памет да се распаднат! Така стојат работите и со Грција! Таа е помоќна од соседните земји, но тоа ништо не значи дека не е неуништива. Во неа има два милиони Албанци, повеќе од два милиони Македонци, над два милиони Власи. А тоа е сосема доволно за распаѓање!

Горги Марјановиќ

ЗАЛОЖНИЦИ

Од поодамна се колебам да напишам некој збор на тема “заложници” и никако тоа да го сторам. Можеби затоа што не е сосема јасно кој сè е, всушност, заложник во Македонија. На споменувањето на овој збор, меѓутоа, поголемиот дел од нас мисли на драмата со “војничињата” (според дедовскиот жаргон на г. Кљусев). И ден денес на многумина не им е јасно што навистина се случило со војнициве.
Официјалната верзија вели дека нив ги фатиле некаквиси косоварски терористи, па побарале, заради нивното пуштање на слобода, да се пушти од притвор извесен Хасани, што таму се нашол поради мошне прозаично кривично дело (обид за убиство). Нашата владата, загрижена за доброто на своите војници, најде начин ова да му го соопшти на истражниот судија и човеков, за да не си ја оптоварува совеста со четирите млади животи, брзо и ефикасно го пушти притвореникот, а војничињата веднаш потем се најдоа на слобода. После излезе дека именуваниот Хасани се појави пред судот за да си ги земе назад парите од гаранцијата и да се брани од слобода. Излезе дури дека човеков нема врска со какви и да е заложници.
Ако тој нема врска со “драмолетката” на г. Кљусев и комп., се поставува прашањето: за кого тогаш македонската држава ги менувала војничињата. И дали воопшто имало некаква трампа. Дополнителна енигма е од кај му се 200.000 ГМ на Хасани (наводно - обичен работник што чека пензија). Злите јазици трвдат дека функционерите и активистите на PPDSh се препотувале цел еден ден во настојување да ги соберат парите. Ако е тоа точно, тој “обичен работник” и не е толку обичен: тој е многу важен за PPDSh, штом таа коалициона партија со сомнителна легитимност морала да плукне во рацете и да собира пари за гаранцијата. Ако е точен наводот на приштинскиот весник KOHA DITORE, Хасани не е важен само за PPDSh, туку и за косоварите, штом Џафери лично го префрлил на Косово, каде што му бил приреден величенствен пречек и народна веселба со пукање и заедничко сликање за весници. А пак, ако сево ова е точно, тогаш (според теоријата и практиката на кривичното право) PPDSh испаѓа соучесник во грабнувањето на војниците и нивната трампа за Хасани.
Па сепак, иако во јавното обвинителство на Македонија работат луѓе што учеле и полагале кривично право, никому од нив очигледно не му паѓа на памет да фати барем да истражува има ли (и, евентуално, каква) врска помеѓу грабнувањето на војниците и нивната трампа со косоварските терористи. А ако PPDSh соработува со косоварските теористи, тогаш и таа партија е криминална структура. А ако е криминална структура тогаш последно место на кое треба да се најде е - македонската влада. Ако пак е таму, тоа значи дека сепак не е криминална структура и не е соработник со косоварските теористи. А можеби трампа воопшто и немало.
Хасани вели дека не знае ништо за некаква трампа. А во објавеното (строго доверливо) писмо на скопскиот јавен обвинител до истражниот судија стои црно на бело дека токму за тој Хасани се киднапирани тие четворица војници. Владата, од своја страна, дури се пофали со својата трампа, што спречила дополнителни трошоци за мртовечки ковчези и погребни свечености.
И така, клопчето се мрси, се мрси, што, на крајот од краиштата, никој не знае дури ни толку - имало ли воопшто киднапирање, имало ли трампа, ако имало - за кого се трампени војниците (Хасани вели не било за него, писмото на скопскиот јавен обвинител тврди - токму за него). Ви личи ли сево ова на нешто? Постарите ќе се сетат на убавиот замрсен филм чијшто наслов стана синоним за заплеткана приказна со онолку вистини колку што има субјекти во неа: “Рашомон” (оттаму - рашомонијада). Мислам дека е време некој да му сугерира на Милчо Манчевски да се зафати со размрсување на она што македонските власти очигледно не може да го сторат.
Деновиве прикаската со македонските заложници добива нов заплет: војниците, очигледно неблагодарни што владата ги спаси од ковчезите и сè што оди со тоа, бараат надомест на штета за време на киднапирањето и заложништвото.
До мене првин допре приказната за ставот на еден мој драг пријател (и поранешен претседател на Лигата за демократија), кој, наводно, на некоја телевизија не само што им го оспорил правото на надомест на штета, туку побарал и нивна дисциплинска одговорност поради тоа што дозволиле да бидат фатени. Ако точно ми пренеле, ова би било некаква јапонска војничка доктрина: за да одбегне какво и да е заробување, македонскиот војник мора да загине. А, ако загине, ковчег не му гине. Па, нели одбегнувањето на ковчезите е вистинската добродетел на владата во случајов.
Но, ако и не сум согласен со мојот пријател и сопартиец дека војниците може да бидат казнети затоа што биле фатени (не знам некоја армија во светот да ги казнува своите војници и офицери што биле заробени од непријателот), наполно сум согласен со него дека немаат никакво право на надомест на штета. Впрочем, и самиот сум бил војник и сум полагал заклетва. Во неа велевме дека сме готови, ако притреба (не дај Боже!) и животот да го положиме на олтарот на Татковината. И сега, ако ниедна држава на светот не им плаќа надомест на семејствата на загинатите војници (што ќе рече: за најголемата, непоправливата штета што може да се претрпи), по која логика да се обештетуваат оние што претрпеле далеку, далеку побеззначајна и лесно надоместлива штета. Тоа во логиката е нарекува “аргументум а маиоре ад минус”: она што важи за потежок, мора да важи и за полесен случај. Ако државата не е обврзана да плати отштета за смртта на војникот, не е должна да плаќа ни за неговото телесно повредување, заробување, киднапирање и сл. Па белки тоа можел некој да им го каже на нашите “војничиња”. Белки толку можеле да сфатат и самите, без кој и да е да им каже. А тие сепак бараат надомест.
Прво што ми паѓа на памет е: бараат можеби затоа што им ветиле надомест што се согласиле да изигруваат заложници. Ми беше сомнително што толку долго време јавноста не им ги знаеше ни имињата, ниту можеше да им ги види лицата на киднапираните. Уште тогаш си мислев дека Кљусев веројатно бара доброволци. Ако АРМ им исплати каква и да е надомест (а како да прочитав некаде дека Министерството за одбрана им ветува дека ќе ги обештети), ќе имаме доказ над доказите дека доброволци и навистина биле пронајдени.
РЅ: На г. Милчо Манчевски не му барам надомест за авторство на идејата за “Македонскиот Рашомон” (ако реши да го снима). Но, би бил почестен да ме спомне на шпицата.

МАКЕДОНСКИ ТАБИЕТИ

Се чини, во природата на луѓето е побргу да го забораваат доброто одошто лошото што некој им го сторил. Така, еден од нашите велепочитувани министри, на времето, како младо момче, со моја препорака за прв пат го виде белиот убав свет: го пратив на Семинарот за американски студии во дворецот Леополдскрон, раскошната некогашна летна резиденција на салцбуршките кнезови-надбискупи (што може да се види на банкнотата од 1000 австриски шилинзи). А кога лани ме стрефи (не сосема наивен) мозочен удар, па со недели лежев во одделот за интензивна нега на Нервната клиника, мојот некогашен миленик и штитеник не се сети дури ни по телефон да се распраша за моето јуначко здравје. Беше министер (и тоа од најважните во земјата), а на министри, изгледа, не им личи да се распрашуваат за здравјето на своите поданици. Сакам да имам разбирање за неговата заборавност, но, за чудо, не можам. Го “оправдува” само тоа што така постапија и другите мои колеги, сега министри.
Нејсе, да ги оставиме на страна министрите. Некој рекол дека власта ги расипува луѓето и тоа очигледно не е далеку од вистината. Особено ако се расипливи по природа! Да проговориме за еден поинаков вид луѓе, за оние за кои велиме дека се достојни за почит! Еден таков, Суданец по националност, а муслиман по вера, што на времето дипломираше на Економскиот факултет во Скопје, се одзва на нашата покана за свадбата на мојот првороден син и по тој повод долета, што би рекле, дури од крајот на светот, од Обединетите Арапски Емирати! Тогаш од него чув (за мене) чудна приказна за македонските табиети!
Како пријател на оваа земја (во која помина десет од најубавите години на својот живот) сакал да помогне да се отвори некаква “линија” за стопанска соработка на Македонија со богатите и пребогати Емирати. Разговарал со повеќе важни луѓе од една позната скопска фирма во која работел некое време по дипломирањето. За негово големо чудо, во фирмата на пропаѓање сите биле за, но зделка никако да направат. Најпосле, еден од поважните босови го зел на страна и му рекол: вака и вака, ти, братко, ќе ме поканиш мене таму во Емиратите, па да седнеме на мира и да видиме што може да се стори. Така и сторил мојот пријател: напишал покана, човекот седнал во авион, та одлетал во Арабија. Таму го пречекале како што дал Господ, го одвезле во престолнината, го сместиле во богата господска вила, го хранеле, го поеле и притоа, како што бидува, разговарале и за бизнис. Што здоговориле, не знам, само знам дека сопскиот директор една недела подоцна побарал од мојот пријател седмодневна сметка за престој во хотелот Шератон, во кој, инаку, воопшто не припарил. И ја добил. Оставам сами да се досетите што сторил со неа во Скопје...
За малу да заборавам: фирмата е веќе пропадната или е - да не излажам не сакајќи - пред затворање. Што (од раскажаново) не е ни чудо! На оваа епизода се сетив кога еден ден се обидов и самиот (пусти будала!) да í помагам на Македонија!
Имам еден внук по женина линија, што пред десетина години остана сирак без двата родители, па, како таков (башка одличен ученик) доби државна стипендија за Народна Република Кина. Појде и за рекордно време дипломираше на Пекиншкиот универзитет, оддел за кинески јазик и литература. Таму ретко кој знаеше за тоа како студира момчево, но сите го забележуваа како одличен играч на дипломатските тениски турнири. По природата на работите во социјализмот, на тениските терени резервирани за дипломатската и номенклатурна елита се запознал и фатил да се дружи со млади луѓе како него, што пет-шест години подоцна втасале високо на врвот од кинеската партиско-стопанска хиерархија.
Елем, нашиот внук (кој, патем речено, и се ожени во Пекинг, а денес има и убаво синче со македонско име, а кинеска фаца) едно време работеше како преведувач за кинески јазик во Извршниот Совет на Македонија, односно во Сојузниот извршен совет.Кога нí се растури заедничката татковина, виделе - не виделе, та одлетале во бел свет. Првин во Хонг Конг, кај роднините на жена му, потем во Пекинг, каде што наскоро основал просперитетна канадско-кинеска трговска компанија. Прво што помислив беше: а зошто не македонско-кинеска, по ѓаволите. Со неговите познанства во врвовите на кинескиот естаблишмент тоа секако би била барем исто толку добра и просперитетна фирма од полза за Македонија што се дави во стопански проблеми.

ТАЗИ ДУПКА НЕ Е ДУПКА!


Пред повеќе години, кога социјализмот изгледаше цврст како карпа, а Америте, се чини, одгледуваа некакви надежи (меѓу другото и) во мене и во моите способности да припомогнам во неговото уривање, учествував (по покана) на една тринеделна летна сесија за правото и правните институции од Семинарот за американски студии во преубавиот “царски и кралски град” Салцбург
Главна ѕвезда меѓу предавачите беше г. Warren Burger, поранешниот Chief Justice (ние би рекле: Претседател) на Врховниот суд на Америка, пријатен народски човек што (благодарение на својот ум) се беше искачил толку високо во американскиот естаблишмент што немаше причина да биде ни големџија, а ниту пак лажно скромен. Еден ден, меѓутоа, во едно предавање, сепак му се откачи мала пројава на суета: се пофали со американскиот устав, кој, иако неверојатно краток, во текот на двесте години бил извор на енормно голема збирка судски одлуки, објавени во неколку (четири?) стотини дебели томови.
Овој факт ми заличи на онаа анегдота за еден католички теолог, што објавил 24 големи книги коментар на една единствена реченица од Светото писмо, па запрашав што е, всушност, американскиот устав - она кратко сочиенение што ни беше поделено како фотокопија од 18 странички или тие стотици томови објавени судски одлуки. Г. Бергер се насмевна загадочно и рече кратко: “Тоа е добро прашање!”, но не одговори на него.
Кога тоа се случи не можев ни да сонувам дека слични (иако сепак малу поинакви) прашања ќе поставувам и во врска со уставот на мојата земја. Така, кога, од пред некое време (во врска со не/уставноста на иницијативата за референдум за предвремени избори!), нашите велеучени доктори-министри фатија јавно да пелтечат, обидувајќи се да не убедат дека во уставот на Република Македонија не е напишано она што го читаме во него, а што таму тие лично го напишале (како во бугарскиот виц “Тази дупка не е дупка!”), се сетив за Наполеоновиот рецепт за добар устав (и за неговото оживотворување во Америка): тој да биде краток и - нејасен.
Македонскиот устав во многу работи се доближува до овој наполеоновско-американски идеал, па сепак, во него има и чисти “промашувања”: има пасажи што никого не го оставаат во недоумица. На пример, оној во кој уставописците запишале кратко и јасно: “Притворот може да трае по одлука на суд најдолго 90 дена од денот на притворувањето.” Да го видам сега тој мајчин толкувач што ќе најде начин да каже дека во Уставот и не пишува баш онака како што читаме и дека тој (притвор) може да трае онолку колку што и треба на истрагата!
Овој (неизмислен) проблем од поодамна ги мачи нашите судови, но, се чини, уште повеќе нашите министри. Зли јазици кажуваат дека тие (а особено уставописците) пред некое време седум дена и седум ноќи му се молеле на Господа да ги просветли и подучи како да најдат чаре за кашата што самите ја беа замесиле. Велат, седмата ноќ Тој им се јавил насоне и им рекол на чист официјален јазик на нашиот источен добрососед: “Тази дупка не е дупка!” и тие веднаш ја разбрале работата, а осмиот ден рано изутрина во Законот за кривичната постапка (ЗКП) клале: “Затвор заради судење”.
И така, (со Божја помош!) се нашло фантастично законодавно чаре: сега притворот може комотно да си трае само 90 дена од денот на притворувањето, но затоа пак “Траењето на затворот заради судење (ќе) мора да биде сведено на најкратко нужно време.” Каква швапска прецизност!
Колку изнесува тоа “најкратко нужно време” веројатно сепак ќе може да насети оној скопски оџа (што на страниците на Express M и претскажува светла и простеритетна иднина на Македонија). Кажано со жаргон на правниците, тоа е questio facti (фактичко прашање, што ќе се решава од случај до случај, во зависност од потребите на нашата трома реалсоцијалистичка судска машинерија). Така, и волкот сит (Уставот негибнат) и овците на број (судијата ќе си го држи “затвореникот заради судење” колку што му треба за да ја сврши работата). Има ли ова чудо од досетливост некаква врска со уставната заложба во Република Македонија да се воспостави и изгради Reihstaat (правна држава!) како темелен систем на власта? Се разбира има! Кумановци би рекле: “Прошло покрај правну државу!”
Инаку, ако сакате да дознаете од кои причини се определува “затворот заради судење”, како изгледа постапката за неговото определување и каков е третманот за “затворениците заради судење” ќе треба да ги простудирате соодветните партии од ЗКП за притворот, каде што прецизно е речено што можеме да им правиме на притворените лица за да “пропеат”.
Некој од читателите на ДНЕВНИК (и тоа не од најлошите, најспорите во мислење) ќе праша, дали е можно, утре, кога опозицијата ќе го постави прашањето за почитување на Уставот и за уставно гарантираните права и слободи на човекот и граѓанинот, судиите да не го забележат ова законодавно чириба-чирибу? Не ми останува ништо друго освен да мислам дека уставописците пак ќе му се молат на Господа да ги замае уставните судии та да не го видат она што може да го види и просечен студент по право: дека уставописните министри си играат мајтап со Уставот и дека со нив (и ним сличните мангупи во нашите редови) Македонија правна држава не бидува!

Др Ѓорѓи Марјановиќ

И СО ЦРНИОТ ЃАВОЛ, АКО ТРЕБА!

Повеќепартизмот во Македонија се јави во вид на едно чудо минијатурни групи, што понекогаш не беа дури ни едномисленички, а себеси сепак се нарекуваа партии. Имавме и социјалдемократски, и христијанско-демократски, и народни, и работнички, и просветно-работнички, и селански (земјоделски), и републикански, и монархистички, и југословенски, и турски, и српски, и ромски, па дури и партии за човекови права. (Се чудев само, како тоа не добивме и некоја бугарска партија! Да речеме: СК - Движење за Бугарија. Или Демократска партија на Бугарите во Македонија!).
Некои од овие партии ги основаа луѓе што и во стариот режим застапуваа некакви откачени, опозициони ставови, други настанаа по директива на дотогаш единствената партија (и нејзиниот ангел чувар: државната безбедност!) за да и се парира на вистинската опозиција и да се предупреди опасноста од пропаѓање на комунизмот (слично на она во Полска, ДДР, Чехословачка, Унгарија). Трети беа плод на амбициите на некои (неостварени!) анонимуси, кои конечно добија прилика јавно да проговорат, дури и кога немаа што да кажат, да даваат изјави и соопштенија, да се сликаат за весници и телевизија. Четврти и не беа партии, зашто зад нивните наумничави, не ретко и душевно растроени основачи, не стоеше никој. Кога нивните водачи почнаа да одат голи по европските престолнини и тамошните домаќини конечно водоа со кого имаат работа.
Не многу долго по основањето, во првата вистинска опозициона партија, некогашната Лига за демократија, се дојде до сознанието за потребата од обединување на опозицијата. На еден состанок на Извршниот одбор на долго и на широко се зборуваше за потребата од коалиција (и со црниот ѓавол, ако треба, само да се соборат комунистите!). За волја на вистината, и во Лигата имаше противници на оваа идеја (ѓаволот, наводно, бил и премногу црн!).
Било како било, ден-два по тој важен состанок, Претседателот на Лигата беше почестен со покана за разговор на највисоко ниво, каде што, без многу дипломатија, му беше речено дека се знае (веќе!) за идејата за обединување на опозицијата и се изрази чудење од готовноста на една толку угледна граѓанска партија да оди во коалиција со најгрдите националисти во земјата, дека тоа за неа ќе значело загуба на имиџот, итн. итн. Поканетиот, кој никогаш не боледувал од особена скромност, се повика (ни повеќе ни помалу!) на сер Винстон Черчил, аристократот што на времето направи сојуз со Сталин. На слични негодувања и исчудувања во неговата земја ли, однадвор ли, тој одговори со убавата англиска смисла за сарказам: “За да го сотрам Хитлер, ќе одам во сојуз и со црниот ѓавол!”
На поканетиот му беше ставено на знаење дека има суштествена разлика помеѓу Хитлер и комунизмот итн. итн. Во функција на минирање на можната коалиција, на состанокот паднаа и некои други (научно-фантастични) понуди, што беа очигледно неразумни како за оној што ги правеше, така и за оној комушто му беа наменети. Било како било, беше јасно дека власта (со полно право, впрочем) се плаши од евентуалниот сојуз на опозицијата и се обидува да стори што може за да го оневозможи.
Од коалицијата (па ни со “црниот ѓавол”) не бидна ништо, а малу подоцна, во настојување да ги поддржи усилбите на основачот на Демократската партија и да им даде пример на другите македонски лилипутански опозициони партии, Лигата за демократија реши едноставно да се втопи во таа голема партија. Колку беше тоа добро, колку лошо, прашање е за дискусија. Намерите, мотивите на тоа обединување беа чисти како солза. Заминувајќи на студиски престој за Германија, три-четири месеци пред изборите 1994, авторот на овие редови му остави аманет на водството на својата (нова?) партија: ако сакате некој успех на изборите, да правите коалиција (пак, ако треба, и со црниот ѓавол)!
За жал, нешто поради лидерската суета, нешто поради гореопишаниот метод на државната кујна, која секому му ласкаше дека може и сам да победи, доста поради политички недораснатите медиумски измеќари и опозицијата излезе на изборите меѓусебно раскарана, разединета, македонскиот народ би рекол: за никаде! Со таква опозиција (и со поткрепа на високоморалниот меѓународен фактор, комушто во Македонија му требаше партија со двотретинско мнозинство за да се извршат нужните промени на македонскиот устав, на македонското знаме, а по можност, и на македонското име), и најтешките повреди на процедурата можеа да се прогласат за “слободни и фер” избори. Опозицијата конечно се обедини, но само за да ги напушти изборите!
Сега сме пред општинските избори 1996. Насекаде во светот локалните избори се проба пред парламентарните. А нашата опозиција си останува таква, каква што си беше од првиот ден на плурализмот! Разединета, самобендисана, убедена дека и таква може да направи нешто против С(К)М. Не сум многу убеден дека таа конечно ќе ја прочита власта и ќе седне разумно да разговара меѓу себе. И тоа, не да разговара за вечна љубов, вечно сојузништво, туку за една прозаична работа: како да ги тргнеме од вратот овие што половина век не водат кон - никаде! Како да ги иставиме од власта, па макар утредента се разделиле за никогаш веќе да не се видиме. Се ми се чини дека е поверојатно некој да го прифати за свој сојузник тројанскиот коњ (ѓоа-либералите!). Барем, нема да се зачудам ако биде така.
Еднаш, во предвечерјето на слободата, го предупредив македонскиот народ добро да размисли за кого ќе гласа, зашто, за прв пат во својата историја, ќе има власт каква што заслужува. Сега во предвечерјето на локалните избори им го велам истото на македонските партии: или ќе се обедините (макар и само за да не се напаѓате меѓусебно) или ќе ве нема! Ни во парламентот ни во Македонија! А и да преживеете, нема да бидете ништо повеќе од она што беше едно време Лигата за демократија: pot à fleurs!

Др Ѓорѓи Марјановиќ

КОЛКУМИНА ОД БИСТИТЕ БИЛЕ ЖРТВИ НА СВОИТЕ?

Малу-малу, па туку некаде (во Велес, што се уште е Титов, или во Куманово, што никогаш не било негово) непознати лица ќе ја превртат бистата на некој паднат борец и ќе ја фрлат во коритото на Вардар ли, Средорек ли, кај што им е најблиску. Тоа, се разбира, веднаш го бележат нашите слободни независни медиуми (со кои се гордееме во регионов и пошироко!), барајќи од органите за прогон енергична потрага по непознатите сторители. Многубројните ќелии на боречката организација наводно веднаш го свикуваат своето престарено, изнемоштено членство и издаваат соопштенија во кои енергично и со индигнација протестираат против овие “вандалски”, “профашистички” акти, а не ретко се закануваат дека се готови пак, како некогаш (кога имале дваесетина години), да се стават на браникот на татковината нападната од “неофашистите”. Ни партиските гласила на здравите леви сили не остануваат покусо. И тие креваат глас и бараат одговорност за “сторителите”.
Мојот татко, кумановскиот учител Часлав Марјановиќ, е паднат борец, запишан на една од многубројните плочи на спомен-костурницата во Куманово (заедно со вујко ми Јордан Арсовски) и јас сум, ако не последниот човек, тоа секако еден од последните луѓе во оваа земја што би ги оправдувал актите на непознатите уривачи на бисти и спомен обележја. Па сепак, кога ги читам овие протести (најчесто не на изнемоштените борци, туку на нивните претседателства, најчесто не на новинарите, туку на нивните глодури, најчесто не на членовите на одделни партии, туку на нивната платена бирократија) ми се крева утробата од тоа безмерно, невидено и нечуено лицемерие. Како не им е срамота да врескаат до небеса против “непознатите сторители”, а притоа да не кажат ни збор за “познатите”. Да не одам многу далеку!
Неодамна, благодарение на подземните шепотења, беше откриена масовната гробница на нивните жртви во велешко. Нешто не се сеќавам некој велешки или не знам чиј борец (за раководствата на нивните организации и да не зборуваме) да се јави и да каже: “Тоа го сторивме ние! Јас, моите другари, моите соборци! И се каеме! Тоа ни е ноќен кошмар! Тоа ни ја загорчува староста!” Не се јави никој и (дај Боже да грешам!) нема да се јави.
Нешто пред тоа дознавме дека нашите “прославени борци” умееле да кренат рака и да убијат трудна жена само за да и го спасат образот на Партијата (читај: на нејзините истакнати кадри). А кога еден познат сторител на ваков еден тежок злостор (за кој денес се добива затвор најмалу десет години или доживотна робија - в. чл. 123 ст.2 т.5 КЗ), инаку универзитетски професор во пензија и, се разбира, и ден-денес (ако е жив!) член на боречката организација, го прашаа преку весник дали тоа навистина било можно, тој, без око да му трепне, одговори: “Да, можно е! Такво беше времето!” Не се сеќавам некој од неговите некогашни соборци да се јави и да побара (со индигнација!) оваа индивидуа да го напушти Сојузот на борците, како морално недостојна да биде во неговите редови. Не се јави никој и (дај Боже да грешам!) нема да се јави.
Зашто, јасно е: ако се јави, макар и само во еден случај, може да почне да се одмотува клопчето од стари гревови, па да дознаеме работи што и така веќе ги насетуваме - дека и многумина од оние на бистите биле токму нивни жртви!
Да потсетам дека тие исти борци владееја со оваа земја речиси половина век, а никогаш не спроведоа истрага за околностите под кои загина Рацин. Има повеќе од гласови дека основоположникот на современата македонска литература го суредиле членовите на боречката организација, а не клетите душмани. А таа боречка организација молчи!
Еднаш, пред повеќе години, во клубот на писателите присуствував на една средба со историјата: др Блаже Ристевски (секоја чест!) успеа да организира разговор со двајца од убијците на Рацин. Едниот (оној што пукал во поетот) дури се расплака, тврдејќи дека пукал не сакајќи. Упорно повторуваше дека има многу работи (забележано? Не би можел да се заколнам дека рече така!) да каже за околностите под кои се случила таа загадочна смрт. Иако читам многу, не сум сретнал дека тој некаде објавил макар и најкус запис за она што го знае. Ниту пак нашите слободни, независни медиуми кога и да е професионално (или непрофесионално, сеедно) и пристапија на оваа тема. Не, тие за ова молчат, зашто вистината очигледно е мачна за некогашната (и сегашната) владејачка партија.
Дури и нешто повеќе! По гореспоменатата средба (во Клубот на писателите) многу пати зажалив што состанокот не беше озвучен, зашто веќе и самиот тој разговор беше (или се чинеше дека може да биде) почеток на едно истражување на таа мачна тема. Кога еден ден, некој ми кажа дека старата добра УДБА потајно го снимала целиот разговорот, а лентата била преслушувана и на седница на ЦК на некаква си Партија ли, Сојуз ли... Најчудното (или најприродното!) во таа прикаска е што, наводно, шефот на една елитна мекомакедонска татковинска партија (што некогаш имаше седиште над местото на разговорот), откако ја преслушал лентата изразил мислење (или желба?) таа да биде уништена. Продолжението на прикаската никогаш не го чув. Што стана со лентата? Што било со Рацина? Тоа е многу поважно за историјата на Македонија од некоја биста што поради немоќниот бес на некој современ гемиџија ќе заврши во коритото на Вардар или Средорек.
А пропос, се почесто слушам гласови за тоа дека уште еден страдалник со урната биста (кумановскиот композитор Панче Пешев!) загинал од раката на своите соборци. Ако некој нешто знае, а нема храброст јавно да проговори на оваа тема, нека ми пише (макар и анонимно!). Адресата ми е: (се уште комунистичка!) “Јужноморавски бригади 72-б 91000 Скопје”.

Др Ѓорѓи Марјановиќ

ДОБРОВОЉНА МОМА, МЕ′ ДО ЗУБИ!

Не би се заколнал дека актуелниот министер за надворешни работи на Македонија бил особено несреќен кога решил да отсуствува од собирот во балканската крчма, кој пред некое време (според новоизмислениот регионален евроклуч), беше свикан во престолнината на нашиот источен добрососед. Да одржувам барем некакви односи со споменатиот џентлмен, секако ќе му честитав за таа одлука: со неа Македонија ги пројави првите знаци на живот како држава достојна за почит во меѓународната заедница! Да се надеваме дека тоа не е моментен каприц, туку иреверзибилен процес од кој таа в иднина нема да отстапува.
И, кога сме веќе кај претпоставки, сакам да верувам дека, да беше по некој случај г. Данаилов-Фрчковски на сегашната позиција пред две (или можеби три?) години, кога се решаваше за нашиот прием во ООН, ние денес немаше да бидеме регистрирани во светот како “Поранешна Југословенска Република Македонија”, тој монструм од невкус на арогантната белосветска дипломатија на XX век. Туку, нејсе, се стори! Нашиот наивен претседател дозволи да го излажат и сега тука нема помош: му рекоа (наводно) дека ќе било за кратко и само за “внатрешна употреба”, а излезе бесконечно долго и ќе важи богами и надвор (дур′ до Атланта ′96!) Кој сака да види колку долго, може тоа да го прочита секој петок во еден седмичник-злопамтило. што неуморно и ги брои неделите, месеците, па еве веќе и годините на привременоста на “референцијата за внатрешна употреба”, што ја дочека (а, со Божја помош, и ќе ја испрати) и Олимпијадата ′96.
И сега, за потребите на споменатата балканска средбичка, милите ни соседи, (оној што прв, но и оној што последен не призна под нашето уставно име), без особени тешкотии се спогодија со нашиот јужен добрососед (оној што од самиот почеток се закануваше дека нашето уставно име нема да важи дури и ако целиот свет не признае под него), да не ословуваат како Пјуремеја (како што духовито има обичај да вели Миле Неделковски). Со ова, врз примерот на една (навидум) ситна работа, беше докажана исправноста на мислењето на еден умен балкански политички мислител дека, кога е Македонија во прашање, Грција, Србија и Бугарија секогаш и по секој повод лесно ќе се разберат меѓу себе на нејзина штета.
Да се надеваме дека јуношите што ја водат на Македонија го имаа ова на ум кога решија да не појдат во софиското дувло, а дека ќе го имаат на ум овој факт и кога решаваат за разноразни царински (и ини!) унии со нашите добрососеди, а особено со северниот (целосно почитувајќи го, се разбира, на принципот на еквидистанца!).
Да се надеваме дека тие младинци нема да заборават ни некои други факти, релеватни за одлуките за сојузи со браќата по оружје и идеологија! Да речеме, дека “двете очи во главата” успеаја да ги преживеат санкциите трошејќи ги, меѓу другото, и девизните резерви на новопретставената СФРЈ (што беа и македонски). Дека во бетонот, железото, стаклото и алуминиумот, од кој е изградено грдото (но мошне доходовно) дваесетикусуркатно здание на Нов Белград, е вградена и членарината на македонските членови на СКЈ. Дека во златните резерви на “поранешна Југославија”, кои денес ги троши само и единствено Србогора (илити Црна Србија, како што белградските шегобијци од милост ја викаат новата држава), се втопи и златото грабнато од “народните непријатели” на Демократска Македонија (од калибарот на Охриѓанецот Симонче, Кумановецот Манушев, но и од многу, многу други, од ист или помал калибар). Проверените кадри на Партијата (татковци, мајки, свекри и свекрви на нашата денешна владејачка елита) го одземаа ова злато (без реверс) од класниот непријател, и (пак без реверс) го испраќаа во трезорите на Народната банка во Белград.
Да не заборават нашите млади градители на (регионални) царински и други унии дека Македончето и денес кој како стигне го онадува на нашата северна граница. Пред некој ден, една момичка, што нестрпливо ја очекувавме да се врати од Белград, ни раскажа зошто толку многу задоцнила! Некој, имено, им јавил на српските цариници деке еден патник во автобусот носи со себе голема сума девизи. Патникот со девизите во нашиот деловен автобус на релацијата Белград-Скопје, некој стар македонски печалбар, што се враќал од не знам каде, а низ СР Југославија бил само на пропатување (демек: транфер, како што модерно се вели на убав македонски јазик), не знаел дека при влегувањето во таа земја треба да ги пријави парите што ги внесува, за потем на другиот крај од земјата да може легално да ги изнесе. Барале, барале, и на крај, му ги нашле, па со оглед на тоа што во социјализмот, непознавањето на правото штети, му ги одзеле до последниот долар. А тоа со нашите луѓе се прави секој Божји ден! Нашите власти не може да не знаат за ваквите случаи. И сега тие (наши сакани, “слободно и фер избрани”) решаваат до 1999 година да стапат во царинска унија со тие друмски (а не помалу и дипломатски) разбојници. Секоја чест!
Само, пред да го сторат тоа, нека го подотворат Цепенков (ако го немаат, готов сум да им го позајмам, со реверс, се разбира) и нека прочитаат по некоја басна за тоа што бидува со јагнињата кои ќе се здружат со волците, што пак со птичките кои прават договори со лисиците. Да не речат после, како Претседателот на сите Македонци (а особено на оние што се од СДСМ-овска провениенција, зашто ним им припаѓаше минатото, ним им припаѓа сегашнината, па ним ќе мора да им припадне и иднината на оваа измачена земја), дека ги измамиле. Кумановци имаат една мошне убава поговорка: “Добровољна мома, ме′ до зуби!” За оние што не го знаат кумановскиот, ќе протолкувам: момата со добра волја и му се подава секому, постојано е трудна (има мев до забите!). Тоа ли ќе е македонската судбина, Господи?

ДНЕВНИК (I,103,9)

ДДВ

Деновиве, не без причина, и не без практичен повод, се потсетив на една сосема беззначајна епизода од моите млади докторандски денови во Германија.
Во далечната учебна 1969/70 година бев стипендист на денес веќе светски познатиот Макс Планк Институт за странско и меѓународно кривично право во Фрајбург ин Брајзгау и работев врз мојата докторска теза за правната положба на осуденикот по издржаната казна. Институтот тогаш беше мал. Имаше одвај пет странски гости (во споредба со денешните педесетина). По природата на работите, ние “гастарбајтерите” (како што на шега се нарекувавме себеси), се држевме заедно и во Институтот и надвор од него. Секој ден (за 1,20 ДМ) ручавме во универзитетската Mensa Academica. Само мошне ретко можевме да си го дозволиме луксузот да јадеме в ресторан. Епизодата на која се сетив се одигра токму во текот на еден таков (ексклузивен) ручек.
Мојот шпански пријател Мигел Бахо Фернандез (денес виден професор на Универзитетот во Мадрид и богат адвокат) во еден момент, кога ни го донесоа јадењето, нервозно реагираше на тоа што не ни донеле и леб. И Шпанците, имено, како и Македонците, не може да си замислат ручек без леб. Келнерот, погоден од нервозниот тон на мојот пријател, не се предаваше, го погледна енергично арогантниот Шпанец и – како да е тоа најприродната, најразбирливата работа на светот – одврати:
“Проштавајте господине, убаво се сеќавам дека вие леб воопшто и не нарачавте.”
Шпанецот само што не го удри дамла: “Треба да порачувам леб?! Ова е нечуено, ова е наполно луда земја!” А кога веќе фати да се кара, изнакажа едно чудо работи и, меѓу другото, како крунски доказ, туку истресе и еден ваков аргумент: “Колку само да знаете - во еден југословенски ресторан во сметката никогаш не пишува ‘Mehrwertsteuer eingerechnet’, но затоа пак секогаш има леб на масата!”. Не верувам дека келнерот особено се потресе, ниту пак дека беше премногу импресиониран со престижот на малиот, беден гастарбејтерски ресторан во Annagasse. Но, тоа не е ни важно.
Она што деновиве ме потсети на оваа мала кафеанска расправија беше таа фамозна забелешка што секојдневно ја читавме на секоја сметка, за сѐ што ќе платевме: “Mehrwertsteuer eingerechnet”! Тоа, буквално преведено на македонски значи дека во цената на услугата што се плаќа или на стоката што се купува е засметан данокот на зголемена вредност (со зборовите на македонскиот закон: “данокот на додадена вредност”). Давачката, значи, што годинава ја озакони Македонија, Германците ја имаа уште пред триесетина и кусур години.
Па сепак, има една суштествена разлика меѓу Германија и Македонија: за време на онаа година што ја поминав таму, никаде не видов некој да го рекламира (во весници, на рекламни паноа, на радио или на телевизија) тој данок. Бог да чува! Во Германија работите се упростени до невозможност: ако не порачаш леб во ресторан, нема да ти го донесат, ако треба да платиш данок, ќе ти го наплатат и тоа – преку сметката - ќе ти го кажат (“Mehrwertsteuer eingerechnet”). На која умна македонска глава (и од кои причини) ѝ текна да троши силни пари на даночните обврзници за рекламирање на данокот на додадена вредност не ми е јасно.
Јас, да речеме, пред некој ден на жиро-сметката сум добил од ЗУМПРЕС цели 40.000 (и со зборови: чeтириесет илјади) денари на име хонорар за неодамна објавениот превод на Пруст. Фала им! Пруст не се преведува за пари. Меѓутоа, некој од моите пријатели инсистираше да не пропуштам да го објавам износот на овој баснословен хонорар, за да ја видат луѓето (а пратеничката Ѓулистана, посебно) хиерархијата на вредностите во Македонија. Жена ми (мојот домашен министер за финансии) вложи многу труд за да открие кој ми ги уплатил тие 40.000 денари. Во известието за уплатата, меѓутоа, никој не спомнал дека на тој износ државата ми зела некои 17% (ако не се лажам) данок на авторски хонорар. И тоа не ме буни: така прават сите држави. Она што многу ме буни, меѓутоа, е зошто го рекламираат данокот на додадена вредност, а не и данокот на авторски хонорари, данокот на имот, данокот на доход, итн. итн. Рекламирајќи го едниот, а заборавајќи ги другите, нашите рекламери прават недозволена дискриминација меѓу законите.
И сега, верувале или не, околу ова прашање за малу што не се испокаравме и ние, фините господа во Извршниот одбор на Лигата за демократија. Дека работава смрди, му е јасно секому. Дека е апсурдно да му рекламираат данок може да сфати и приглуп човек. Со реклама или без неа, државата ти го зема она што мора да го платиш. Никој не може да каже: “Мене тој данок не ме бендисува и не сакам да го плаќам”. Таков вид даночна слобода не постои никаде на светот. А некој од Владата за промени сепак упорно со месеци наназад не бомбардира слогани од типот “Тешко (било), но чекорите биле исправни”, или поврзувајќи ја љубовта кон Мајка Македонија (што на сите ни била најважното во животот) и данокот на додадена вредност (!?). Види мајката! Патем речено, според оваа логика, авторот на извонредните економски колумни на УТРИНСКИ ВЕСНИК, г-ѓа Наталија Николовска, е најосведочен душман на Македонија само затоа што има илјада и еден приговор против воведувањето на овој данок (!?).
Работата сепак не е ни глупост, ниту пак апсурд, иако така изгледа. Просто-напросто владата ги плаќа рекламите и тие им носат добивка на оние што ги објавуваат. Не е далеку од умот да се претпостави дека последниве (за да рекламираат нешто што инаку не е за рекламирање) мора да платат определен процент на нечија приватна (или партиска?) сметка. Друго не ми паѓа на памет. Туку здравје!
Можеби, некој од владата ќе ми ја објасни логиката на оваа пропаганда. Во секој случај, немајќи свој претставник во парламентот, Извршниот одбор на Лигата за демократија реши да ги замоли нашите коалициони партнери да побараат одговор од владата за тоа колку чинела досега пропагандата на ДДВ и кој е мотивот да се рекламира нешто што се касира по силата на законот.
Што се однесува пак до г-ѓа Наталија Николовска, Лигата за демократија верува во нејзината искрена љубов спрема Македонија. Сакаме да веруваме дека таа, од своја страна, не се сомнева во нашата искрена желба од Македонија да направиме пристојно место за живеење. Во најсуштественото, значи, сепак сме едномисленици.
Едномисленици (од сите 123 општини на Македонија) – обединете се!

Ѓорѓи Марјановиќ

ПОРИПРОГ

Еден читател на ДНЕВНИК пред некој ден ме предложи за амбасадор на Република Македонија во Париз (!?). Да видиш, да не веруваш! Фала му и за предлогот и за добронамерноста! Париз многу си го сакам и цел век сонувам за некој подолготраен престој во него (жена ми посебно). Па сепак, не сум сосема сигурен дека би бил особено блескав дипломат. Амбасадорите ги бие глас на луѓе што совршено владеат со умешноста да молчат, а јас пак, еве, јавно признавам, не умеам да си го држам јазикот зад забите. И кога тоа е повеќе од пожелно.
Пред многу години (сѐ уште бевме СФРЈ), бев поканет на една вечера, што во конаците на манастирот Св. Пантелејмон ја приреди тогашниот амбасадор на САД. Во еден момент, среде вечерата, амбасадорот, г. Ворен Зимерман, без каква и да е врска со контекстот, обраќајќи ми се лично мене, гласно се зачуди што во мојата земја универзитетските професори (наспроти политичарите) уживале неверојатно голем углед, додека кај нив (во Америка) практично никој не ги фермал, додека, напротив, политичарите биле на голема цена. Сите погледи се свртеа кон мене. Луѓето знаеја дека сум професор и прашањето го сфатија како некој вид отворена провокација.
- Мислам дека ставот на нашиот народ е поблизок на реалноста, одговорив. За да се стане универзитетски професор треба долг тренинг и посебна дарба. Не знам како е со Американците, но народот кај нас знае дека секој не може да стане универзитетски професор. Напротив, буквално секој будала може да стане политичар!
Некои од присутните само што не фатија да икаат. Знаев дека во Америка дипломатијата е професија, а не политика и дека г. Зимерман, иако политички претставник на својата земја, сепак е професионален дипломат и нема лошо да ме разбере. И - не ме разбра.
На ова се сетив кога го прочитав предлогот на добронамерниот читател за моето амбасадорство. Замислете ме мене на некоја дипломатска вечера со м’сје Жак Ширак. Во еден момент, пред сите присутни, ѓоа на шега му се обраќам како на претседател на ПОРИПРОГ. Можете ли да си ги замислите зачудените погледи на присутните, кои за прв пат во животот ја слушаат оваа кратенка. На прашањето од г. Ширак, што би требало да значи тоа “ПОРИПРОГ”, онаков како што ме дал Господ, одговарам со анѓелска невиност: “Настојувам само да ги следам европските дипломатски трендови, што започнаа со признавањето на мојата татковина. ПОРИПРОГ е исто толку нормален евокативен акроним како и FYROM а значи: Поранешната Римска Провинција Галија”.
Ако Франција службено протестира поради моето непримерено поведение, веројатно веднаш ќе ме викнат во Скопје за да ме испеглаат. И - кој ќе ме пегла? Шефот на дипломатијата - мојот некогашен студент, оној што се прослави со синтагмата “бурекуносачу асистентски”, а што кон својот потпис врз меѓународните документи веројатно го става бројот на својот пасош, како што прави со бројот на личната карта во своите писанија во ДНЕВНИК. Е, не бива што не бива!
Од друга страна, како човек што необично круто се држи за формата, зборувајќи за шефот на мојата држава, јас не би можел да се воздржам од она “пречесниот Отец Борис”, што веројатно би ми создало нови проблеми, овој пат со нашиот уважен протестантски свештеник. И пак назад во Скопје на пеглање. И - кој ќе ме пегла? Мојот некогашен студент и соселанец од Асанбегово или Синѓелиќ илимити Ченто, по вмровски (патем речено, отсекогаш сум сметал и сметам дека Методија Андоновски заслужуваше неговото име да го носи малу подобар кварт од Скопје од поранешната резиденцијална населба на владејачката класа во СФРЈ), а Претседател на Република Македонија по милоста на Џафери & комп. Е, не бива што не бива!
Како што гледате има многу нешта што објективно се противат на моето амбасадорување. Но има и нешта што се од субјективна природа: Лигата за демократија и Пруст, пред сѐ. И едното и другото го терам како неизлечлив оптимист: во уверување дека македонската држава и македонскиот народ ќе преживеат и тоа дека ќе ја преживеат не само оваа и ваква власт, туку воопшто.
Формирањето, развивањето и негувањето на Лигата за демократија е мој прилог кон иднината на државата македонска. Иднината им припаѓа на граѓански, а не на племенски партии. И тоа еден ден ќе се разбере и во Македонија. Но, ќе треба време. На будалите отпосле им текнува, нели (вели македонската народна изрека, не јас!).
Преведувањето на Пруст, пак, лично го доживувам како полнолетство на македонскиот литературен јазик. Да се пренесат од расипнички богатиот француски јазик на македонски извонредно сложените, перверзно рафинирани, многуслојни, километарски долги реченици на еден од најголемите писатели на Дваесеттиот век, и сето тоа да тече убаво, разбирливо и прифатливо за нашиот читател, тоа е доказ за зрелоста на нашиот јазик и за неговата животоспособност. Зошто би го правел тоа кога не би верувал дека македонскиот народ и македонскиот јазик имаат перспектива? Дотолку повеќе што, консултирајќи го (при преведувањето) постојниот болгарски превод, можев да констатирам дека клетите комунисти ептен го оддалечиле македонскиот јазик од неговите корени, така што нашиот читател одвај може пристојно да го чита Пруст на болгарски.
Ете затоа, амбасадорската работа би ми пречела и во едното и во другото. Лигата за демократија би останала без својот харизматичен лидер, а бројот на нејзините членово најверојатно за кратко време вртоглаво би паднал на мизерни 14-15.000 души (како на некои вчера испилени партиички). Тоа би било загуба за Македонија, но и за Коалицијата за промени на промените. Пруст би морал да го чека завршувањето на четиригодишниот амбасадорски мандат, а тоа (барем за мене) е тешко прифатливо. Јас (како ни Македонија, впрочем) немам време за чекање. Читателите на ДНЕВНИК секој четврток би пекале по моите ненадминливи колумни (кај се видело амбасадори да пишуваат колумни?). Итн. итн.
Поради сево ова, сметав за потребно вака јавно да се оградам од споменатите добронамерни предлози. Мојата амбасада ќе мора да причека на подобри времиња и посоодветни (македонски) државници.

Ѓорѓи Марјановиќ.

ФЕМКАЊЕ

Имам проблеми како со етимологијата така и со значењето на зборот “фемкање”, што упорно го лансира енергичната госпоѓа Велиновска. Зборов го нема ниту во тротомниот Речник на македонскиот јазик, ниту пак во Речникот на српско-хрватскиот книжевен јазик на Матица Српска, така што е доста тешко да му се определи вистинското значење. Веројатно е изведен од француското “фемме” (жена) и треба да означи поведение на субјект што се однесува мекичко, свилено, феминизирано. Само така може да се сфати и аподиктичната порака на г-ѓа Велиновска во насловот на текстот “Со фемкање Македонија не се спасува” (СТАРТ, бр. 68 од 12.05.2000), упатена пред сѐ на сметка на Лигата за демократија.
Треба ли да потсетувам дека ние, во повеќе наврати повторивме и повторуваме оти она што нѐ тера да го прифатиме сојузот со нашите довчерашни политички душмани е загрозеноста на македонскиот национален интерес (што споменатава дама го оценува како “драматика во вербалното”). Овој став не се темели врз нашата моментна аутсајдерска позиција: ние бевме и засега остануваме опозиција. Лигата за демократија немаше власт, што во меѓувреме ја загуби, па сега лелека дека по неа, сѐ пошло удолу. Она што нејзе ѝ го создаде и ѝ го одржува имиџот на јавната сцена (иако никогаш не се перчеше како македонска национална партија) е копнежот за Македонија како пристојно место за живеење, со тоа што неговата реализација ја гледа во она што се нарекува теорија и практика на модерната правна држава.
Да се разбереме, Македонија не беше особено пристојно место за живеење ни под СДСМ. Тој сојуз го сочинуваа (а во голема мера и денес го сочинуваат) медиокритети, што се затекоа на определени места во стариот СКМ. Некои несмасно алчни, други несмасно арогантни, трети неуки, припрости, итн. итн. Но, и такви какви што беа, тие во едно нешто сепак беа (и останаа) суштествено поинакви од новата власт: никогаш не дадоа ни најмал повод за сомневање во нивната македонштина. “Србокомунисти” ги нарекуваа само и единствено отворените или прикриени бугарофили или бугаромани.
Промените што фати да ги врши новата власт ја натераа Лигата за демократија сериозно да се замисли врз иднината на Македонија (а особено на Македонците). Приказната почна со заедничките корени. Никој не инсистираше врз заедничките словенски, туку врз бугарските корени, што, се разбира не е исто: Македонците имаат заеднички корени и со Русите, Полјаците, Чесите, Србите. Потоа, како израз на фамозната (еднонасочна) позитивна енергија, новата власт реши да заборави на чл. 49 од Уставот, што ја обврзува да се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и ги жртвуваше Македонците во Пиринска Македонија. Еден ден потем (или пред тоа, сеедно) забележавме дека на власта не ѝ е многу грижа ни за Македонците зад Групчин. Итн. итн. Стана јасно како бел ден дека оваа влада е петта колона на источниот и западниот сосед. Барем за нас во Лигата за демократија. И тоа ни беше основниот ориентир на политичката сцена. И како луѓе поединечно и како партија бевме против туѓите измеќари.
Ако, поради предавството на националниот интерес, лично бев готов да раскинам и по некое долготрајно пријателство (со школски другар и соборец од најтешките години на едноумието), зошто сега истиот тој принципиелен став да биде предмет на презрителни етикетирања на г-ѓа Велиновска (или на простачки исмевања во ФОКУС).
Од друга страна, ние од појавата на идејата за коалиција наваму, јасно, недвосмислено им ставивме на знаење на оние што таа соработка нѝ ја понудија дека не гледаме правни средства за предизвикување предвремени избори. Да собираме потписи заради распишување референдум, нема смисла! Тоа го правевме на времето, кога СДСМ беше власт. Одговорот од највисоко место беше дека за тоа немало уставна основа. Ако ја немаше на времето за опонентите на СДСМ, нема да ја има ни денес за него. Кој може да помисли (без ризик да го сметаат за политички дунстер) дека триглавата коалиција ќе се согласи на оние отстапки на кои на времето не се согласи СДСМ. Да одиме на митинзи? И тоа се правеше. Митинзите на опозицијата се веќе политичка традиција на Македонија. Но, на владата (тогаш) не ѝ падна ни влакно од главата поради импресивната врева на митингашите. Кој може да помисли дека нешто драматично ќе ѝ се случи на денешнава влада? Ајде, ви се молам...
Би било згодно госпоѓа Велиновска да пробуричка по старите комплети на СТАРТ и да се потсети што пишувала по повод тогашните митинзи на опозицијата. Реториката на организаторите и тогаш и денес главно се сведува на потребата од итно спасување на Македонија. Зошто сега, одненадеж, она што некогаш беше оценувано како манифестација на груба сила, како безнадежен, очајнички гест на противниците на власта, како “улична демократија”, денес би имало некаква посебна смисла и значење?
Лигата за демократија, од својата појава на македонската политичка сцена до денес, се држеше за еден принципиелен политички став од аксиоматска природа: дека демократијата (владеењето на народот) се одвива преку институциите на власта. Поинаку речено - преку избори! Што се изменило во меѓувреме та нашето неприфаќање на “уличната демократија” презрително да се оценува како “фемкање”, како поништување на драматиката во вербалното со програмската принципиелност на партиските водства. Што е тоа што на споменатата дама ѝ дава за право да нѐ етикетира како “ситни души” (со кои држава не се правела), како слаби и нерешителни политичари (со кои не можело да се изведе спасувањето на државата)?
Кога Мирка Велиновска не би била тоа што е (а знаеме што е и чија е), кога СТАРТ не би бил тоа што е (а знаеме што е и чиј е), на ова пишување не би требало ни да се обѕрнуваме (како ни на невкусните мајтапења на оној не особено бистар колумнист на “ФОКУС”).
Повеќе пати реков и повторувам: она што може да доведе до предвремени избори е само распадот на владејачката коалиција. Да не го познаваме Циле, тоа би морало да се случи најдоцна за една недела: безгрешниот отец Борис не го прифаќа ултиматумот на алтернативните демократи; Циле & ком. ја напуштаат владата; опозицијата бара гласање за нејзина доверба; мнозинството гласа против; владата паѓа; друг не може да состави нова влада (криза на владата); Собранието се распушта и се распишуваат нови избори.
Кој може да поверува во ова сценарио? Особено ако се знае дека на Циле му останаа в џеб доволно опипливи аргументи за да го убеди пречесниот.

Ѓорѓи Марјановиќ

МАГИСТЕР


Пред многу години Југославија едно време ја водеше една дама по име Милка Планинц. На таа тема (жена премиер) се јави едно чудо вицови. Некои од нив, денес ги препознавам приспособени на сметка на една друга дама (жена - министер за внатрешни работи).Што беше, како беше, како управуваше Милкица со земјата, сега веќе не е ни важно. На неа денес се сеќавам само по една работа: откако ѝ помина мандатот, во разговор со новинарите, изјави дека многу научила управувајќи со земјата. Прво што тогаш ми падна на памет беше дека оваа појава може да се сретне само кај нас. Насекаде во светот луѓето учат цел живот на угледни школи за да може потем, ако се случајно или намерно дојдат на власт, да го реализираат она што го научиле. Кај нас луѓето доаѓаа на власт за да учат (!?). А учеа главно на сопствените грешки. Тоа беше толку добра школа што шегобијците фатија да иронизираат: “Англичаните учат на Оксфорд и Кембриџ, а ние - на грешките!” Нејсе, бидна што бидна. Плодовите од ваквите методи ги знаеме: Југославија заврши онака како што заврши, веројатно и благодарение на овој авангарден начин на учење и управување со земјата.
Не верував дека и во суверена Македонија, особено не раководена од Партијата за македонското национално единство, ќе доживеам да слушнам реприза на изјавата на госпоѓа Планинц, а тоа, ете, сепак се случи. Младиот војвода, верен на своите предизборни ветувања, направи темелни промени. Откако првин неговите министри направија р’шум по министерставата, конечно и тој реши да смени неколкумина од нив. Речено-сторено! Само (и тоа е особеност на македонцките работи), наместо какво и да е објаснување зошто некои министри одлетаа, премиерот јавно вети дека ќе ги правел амбасадори. Свесен за прашањето што ќе си го постави секој граѓанин (“Како е можно еден неуспешен, а понекогаш дури национално штетен, министер одеднаш да стане амбасадор, кога се знае дека дипломатијата е сепак професија, а не политичка синекура?”), тој, во стилот на госпоѓа Планинц, побрза да одговори дека таа една година министерување била голема школа за “реконструираните” господа и дека сега тие биле кадарни да бидат амбасадори каде што ќе посакаат (!).
Веќе утредента добив е-маил, во кој еден пријател, огорчен од оваа изјава, фати на долго и на широко да ми го толкува она што мене и така ми беше јасно: дека премиерот со оваа “филозофија” го деградира значењето на образованието. Доволно било некого да го земат во владата и, по една година министерување, и од ментално говедо да направат амбасадор par excellence! Намерно претерувам!
Деновиве, сосема случајно, видов дека “филозофијата” на премиерот ја прифатиле и во други средини на јавната власт: една интелигентна млада дама, што на постдипломскиот курс по кривично право и криминологија на Правниот факултет во Скопје магистрираше со одличен успех, дојде да ме замоли да ѝ бидам рецензент на книгата (нејзината магистерска теза) што сака да ја објави. Зошто да не! Ако можев да го потпишам извештајот за оценка на мегистерскиот труд, не гледам зошто не би бил и рецензент при нејзиното објавување. Патем ја прашав дали виде некој аир од трудот што го вложи за да магистрира (дамата, инаку, работи во едно од нашите јавни обвинителства како стручен соработник) и дознав дека тоа не е случај. Спротивно на сите очекувања, таа, наводно, нема шанси ни сега (при претстојните именувања) ниту пак в иднина да стане јавен обвинител. Се обидов да дознам кои се луѓето што ја “истиснале”. Ниедно од имињата што ми ги кажа не ми значеше апсолутно ништо.
И пак ми отиде умот во одамна изминатите времиња на комунизмот (што во карикатурален вид се повторуваат денес): и таму во струката главно се напредуваше бладодарение на партиската верност, преданост и провереност, а не врз основа на стручните квалитети.
Тогаш, барем на Правниот факултет во Скопје, упорно настојував да воспоставиме, ако не начелен став, тоа барем некаква практика, лошите студенти да не смее да бидат бирани за студентски раководители. Попусто! Колку што некој беше послаб студент, толку поголеми му беа шансите да се качи повисоко по скалилата на партиската и државна хиерархија.
Зошто тогаш воопшто пишувам на оваа тема? Не оти нешто ќе изменам со овие редови во земја во која и на чистачките им бараат партиски книшки на ВМРО (и тоа е основната, но не и единствена, разлика меѓу комунистичкото и вмро-вското владеење)! Не ми паѓа на памет! Каква им е смислата тогаш? Да го кажам тоа што ми тежи и да си олеснам. А и “да не рекнев дека не сам им рекнаја”, кога еден ден нашиве млади управувачи со земјата ќе ја доживеат судбината на старите клети комунисти (а секако ќе ја доживеат).
Сепак, за да не биде пишувањево во стилот на она “рекла-кажала”, самоиницијативно решив да поразговарам со републичкиот јавен обвинител. Не станува збор за каква и да е протекција, меѓутоа, како раководител на постдипломските студии по кривично право и криминилогија, ме интересира зошто јавното обвинителство (денес!) толку ниско го вреднува фактот што некој негов соработник вложил дополнителен труд за проширување и продлабочување на своите знаења и се здобил со титулата магистер. Не интервенирам, значи, за никого, туку за принцип. Инаку, дипломите што ги даваме очигледно немаат никаква смисла. Наместо каков и да е одговор на ова начелно прашање ми беше речено дека дамата имала и друго лице (!?). Настојував врз принципот: обвинителите не се именуваат поради ваквото или онакво лице, туку врз основа на својата стручност, пред сѐ (А и кој човек има само едно лице?). Ме интересира зошто се омаловажува образовниот степен со кој се здобила на Правниот факултет како највисока правнообразовна институција во земјава. Не ги знам многу апотекарските рангирања во образованието, но еден магистер формално има (и мора да има) повисок ранг од еден вмро-вски приправник. И споменав дека тоа ме интересира пред, евентуално да седнам и да напишам нешто на таа тема. Власта реагираше во стилот што ѝ прилега на моќта: “Море, пишувај бе што сакаш!” (токму така, на “ти”, ми се обрати мојот некогашен студент, г. Ставре Џиков) и јас, еве, со негова дозвола правам така. Да се знае колку чинат дипломите што мачно (и скапо) се печалат на постдипломските студии. Притоа не е кој знае колку утешно што вака, не ретко, минуваат и докторите на науки: околу идеите на младиот д-р Игор Јанев, на пример, се крена голема врева, со нив се запознаени (и ги прифаќаат) и некои членови на владата, зад нив формално застана и Македонскиот Пен клуб, а тој сѐ уште е невработен.

Ѓорѓи Марјановиќ

ПОМЕЃУ ЗМИЈАТА И МАГАРЕТО

Едно младо, педантно докторче по меѓународно јавно право (др Игор Јанев) пред повеќе од една година беше “открило” еден преседан на Меѓународниот суд на правдата, според кој, на една држава што бара прием во членство на Обединетите нации не смеат да í се поставуваат никакви други услови, надвор од оние што таксативно се наброени во член 4 од Повелбата на ООН. На времето на ова, за големо чудо, “не се сетиле” (!?) ниту бирократите на Обединетите Нации, ниту неискусната дипломатијата на македонска држава.
Момчево (за чиешто “откритие” и јас веќе еднаш пишував на ова место) во нашиот печат објави повеќе статии, даде повеќе интервјуа. Се измори, кутрото, објаснувајќи ја едноставната постапка што мора да поведе за да се избори одлука на Меѓународниот суд на правдата дека Република Македонија, при нејзиниот прием во ООН, е онеправдана на најгрд можен начин: обезличена со тоа што наместо под уставното име е примена под референцата “FYROM” и, згора на тоа, уште задолжена за сопственото име да мора да преговара со оној што најлуто се противи таа да се нарекува Македонија - со Република Грција! За чудо, едноставната вистина на др Јанев не допира до никого во оваа земја!
Откако дознав дека Претседателот на републиката знае за “откритието” на младиот научник, воопшто не ме мрзеше да побарам прием кај него и да го прашам зошто не презема ништо. Ми одговори, но не презеде ништо. Во една пригода потоа (во “престижната Уранија”, седалото на алтернативната демократија) налетав на министерот за надворешни работи, мојот, инаку, многу фален одликаш (на времето му бев дал десетка: испитот беше усмен и јас не можев ни да сонувам дека писменоста му е онаква каква што тој самиот í го откри на македонската јавност во ДНЕВНИК (преку “писмото” против г. Данаилов-Фрчковски, ако не се лажам): не само што знаеше за идеите на др Јанев, туку наводно беше наполно согласен со нив, со тоа што рече дека тука сепак ништо не може да се стори зашто Македонија “се согласила” на тие услови. Немав време да го прашам дали би имала некакво правно дејство неговата согласност да ми биде роб или дури неговото преколнување да му го скратам животецот. Нејсе! Кога видов дека со алтернативно-демократските министри нема разумен муабет на оваа тема, решив да се обидам преку неговиот заменик и мој некогашен студент Борис Трајковски да влијаам врз премиерот, тој да го задолжи министерот да се заложи за македонската кауза пред Генерално собрание на ООН.
На свадбата на еден мој драг студент (и - за разлика од татко му - пламенен борец за малцинските права на Македонците во Бугарија!) случајно налетав на г. Трајковски и му реков дека би сакал да поразговараме, а му кажав и во врска со што. Прелогот го прифати без особено задоволство, а јас, со оглед на неговата презафатеност оставив самиот да определи кога ќе се видиме.
Дојде и помина септемвриското Генерално Собрание на ООН, г. Борис Трајковски не ме побара, а Македонија (во која тој толку цврсто верува) ќе мора да чека до не знам кое идно Генерално собрание. Деновиве (по мојот фамозен разговор на А1 Телевизијата со г-ца Оливера Трајковска) добив абер преку трето лице (!?) дека претседателскиот кандидат на благонадежната ни партија со трофејно име сакал да поразговара со мене. Ми текна во што би можело да биде работата: во тој разговор реков, меѓу другото, дека ми се чини оти владејачката партија, излегувајќи на избори со едно речиси непознато лице (без биографија!), како да сака да ги загуби. Веројатно, тоа го погодило човекот! “Третото лице” се согласи со мојата претпоставка, а, јас (тактичен, како што ме дал Господ) реков дека кога јас сакав да поразговарам со тој џентлмен (и тоа не за лична, туку за македонска работа), тој не покажа никаков интерес. Сега јас не гледам причина за разговор: што очекува г. Трајковски од него - да му се збогати биографијата? “Третото лице” само се насмеа и ништо не одговори.
Претходната власт, притисната од меѓународната заедница, го жртвуваше уставното име на земјата од незнаење: ако Европската заедница во Лисабон можеше да ја изгласа онаа глупава резолуција со која ни забранува да го користиме вековното име, како можеше да се очекува некој во Македонија и да помисли дека тие господа таму, што на цел свет му држат лекции што е тоа демократија, а што правна држава, практично немаат абер ни од едното ни од другото. Дека немаа абер од правна држава се виде кога решија да ги погазат решенијата на Бадинтеровата комисија (што самите ја создадоа за да им помогне со своето познавање на меѓународното право). Дека немаа абер од демократија се виде уште подрастично кога со бомби загадија половина од планетата Земја, настојувајќи да соборат еден човек, кој (колку и да ни е несимпатичен), сепак - мора да се признае! - легално беше избран на функцијата “претседател на републиката”.
На сегашнава власт (благонадежна, како што ја дал Господ!) името на државата и е очигледно последната грижа. Како и нејзиниот углед! Како и нејзиниот грб! Како, инаку, да се разбере нејзиното поведение во врска со сево ова?
Затоа, на последниот состанок на Извршниот одбор на Лигата за демократија, разговарајќи за тоа како да постапиме пред претседателските избори и што да им кажеме на нашите членови и симпатизери, на крајот сепак решивме да им препуштиме да гласаат според својата совест: во петте принципи на другарот Тито веруваме исто колку и во изјавите на другарот Васил! Првиот го паметиме по “намештаљката” позната како “бугарски летоци”, против вториот уште војуваме да докажеме дека го рекол она што го објави дневниот билтен на владејачката коалиција. Ако не е точно тоа што го рекол (дека парите од провизијата í ги подарил на државата да í се најдат за изградба на спортски сали, болници и филхармонии), не мора да признае дека излажал, нека каже дека било шега. Како Камбовски! Овој првин некаде (на службен состанок!) се мајтапел со хрватскиот претседател, а потем фати да се извинува и притоа заборави дека одамна веќе не е постдипломец на загрепскиот Правен факултет, туку македонски министер за правда. А се извинуваше на начин што ми ги обеспокои цревата во утробата! Поради другарот Андов политички ја расипавме калимерата со г. Гошев и излеговме од Демократската партија не сакајќи да бидеме во негово друштво: како да веруваме дека човекот што самиот призна оти учествувал во изборната кражба 1994 година, од 1999 година натаму ќе се грижи за редот во државата?).
Така остана само човекот без биографија! Него можевме да го препорачаме само на “жими мајка”, а тоа никој не го сакаше.
Некој притоа цитираше некаква духовита дама, што рекла дека на овие избори ќе се избира “помеѓу змијата и магарето”. Што ли требаше да значи ова? Американците избираат помеѓу слонот и магарето (симболи на Републиканската и Демократската партија). Зошто сега ние во Македонија “помеѓу змијата и магарето”? Не знам! Само ефектно е како наслов!

Ѓорѓи Марјановиќ

БАЛКАН БАВЧА

Еден адвокат од Охрид (мој некогашен студент) неодамна ми раскажа интересна приказна за некои туѓи и некои наши табиети. Името му го изоставам од разбирливи причини: раскажаното го дознал од некој клиент, а тоа, во принцип, е професионална тајна. Впрочем, ни во неговата приказна немаше никакви имиња. Расказот беше интересен како случај, како илустрација за тоа како функционира една вистинска правна држава, како пример за грижа чиновниците за интересите на државата, а со тоа и на заедницата (не на нашата, за жал). Еве што кажува неговата приказна!
Некој нашинец, триесетина години “на привремена работа во странство” (во Австрија), наеднаш купил или зел под закуп, сеедно, едно огромно куќиште, вистински замок, та решил со него да тера бизнис: да го претвори во хотел ли, што ли, ѓавол ќе го знае (на почетокот од приказната и не бев кој знае колку внимателен). Нашинецот викнал добра фирма да му го адаптира зданието за новите потреби и, како што може да се очекува (за добра пара!), работата сосема убаво напредувала. И туку, еден ден, види (сосема ненашинска!) беља: на инвеститорот (нашинецот) му тропнала на вратата некаква даночна инспекција. Вака и вака, велат, вие господине, според нашите информации последниве 30 години сте пријавувале данок на доход во износи што одвај можеле да ви обезбедат елементарна живеачака. Сега, меѓутоа, го купувате ова здание за толкав и толкав износ и уште во него инвестирате толкава и толкава пара. За секој елементарно писмен даночник е јасно дека помеѓу она што сте го пријавиле како заработено и она што денес го инвестирате постои огромна разлика. Вие или не сте ги пријавувале вашите реални приходи според законите на земјата (што е казнива дејност: затајување данок!) или имате приходи од странство за кои ние не знаеме. Само што ги споменале даночниците “приходите од странство”, а Итер Пејо се разбудил во нашинецот: “Во татковината имам, рекол, јаболкови плантажи, што годишно ми носат по десет илјади германски марки ли, американски долари ли” (ѓавол ќе го знае како, всушност, излажал). В ред, му рекле даночниците, според нашите закони, треба во рок од не знам колку дена да поднесете докази за тие приходи!
Нашинецот му се јавил на брата си во татковината (да не речам каде): вака и вака, брате, прави што ќе правиш, за толку и толку дена мора да имам службен документ дека таму долу имам јаболкови плантажи што ми носат по десет илјади германски марки ли, американски долари ли, годишно. Инаку, затвор не ми гине! И, како што вели народната - брат брата не рани, тешко на тој што го нема! Се стегнал братот пред нашите даночни служби та извадил уверение дека г. тој и тој, во општина таа и таа (Република Македонија), има плантажи под јаболкови насади што во периодот од таа и таа до таа и таа година му носеле просечен приход по десет илјади германски марки ли, американски долари ли. И сето тоа на службен мемурандум на општинската даночна управа, со потпис и печат на овластеното лице.
Понатаму, сé одело како подмачкано: на нашинецот не му било скапо да направи судски заверен превод на овој “документ”, да í го достави на надлежната даночна служба, а таа него да го симне од списокот на матните случаи. Притоа, Шваби како Шваби, се држеле за службениот македонски документ како пијан за плотот и воопшто не им текнало да се запрашаат: што мајка бара Македончево во Австрија кога има толку богати плантажи во татковината. А особено не им текнало: како тоа толку богат човек овдека триесет години да работи такви и такви бедно платени работи.
Нејсе! Швапска работа!
Прашањето што ми го постави мојот некогашен студент беше чисто “австриско” (а алудираше - или мене така ми се стори - на прикаската со тајванската провизија на Циле Национале): може ли нашите даночни органи, врз основа на оној фамозем “документ”, што завршил во австриските даночни архиви, да го задолжат “плантажерот” со толку и толку милиони денари неплатен данок и уште да му стегнат кривична пријава за затајување данок? Се разбира дека не може! Од простата причина што плантажите на нашинецот се исто толку вистински како и болниците, филхармонијата и спортските сали на претседателскиот кандидат! А таков е и “годишниот приход” на нашинецот во татковината: лесно проверлива лага (исто како и фамозната изјава на Циле: “Провизијата од Тајван ја подаривме на државата”, НОВА МАКЕДОНИЈА, 5 февруари 1999, стр. 4). Само, кој ќе ти проверува? Па тогаш?
Па тогаш, нашинецот и неговиот брат во Македонија се одговорни за поттикнување на кривично дело фалсификување службена исправа од чл. 361 ст. 1 КЗ (исто како и Арбен Џафери во случајот Османи-Демири, впрочем - да повторам по кој знае кој пат - зашто, кој знае, можеби на нашите јавни обвинители, по толку повторувања, конечно и ќе им текне за што ги плаќа оваа држава). Службеникот пак, што ја издал бараната “службена исправа”, може да очекува казна затвор од три месеци до пет години за стореното кривично дело! Се разбира, сево ова под услов Македонија да е правна држава, а не село без кучиња, во која не се знае кој пие, туку само - кој плаќа!
А сега, еве зошто наеднаш се сетив на оваа приказна! Пред некое време, младиот македонски премиер (со неколкумесечен работен стаж и неверојатно тенок личен доход), придружуван од најнадежниот кандидат за тронот на Охридската и Македонска архиепископија, присуствуваше на осветувањето на црквата што тој ја изградил не знам каде. Ктитор, демек (како Алексеј Комнен или Кралот Волкашин)! Гледајќи го осветувањето на МРТВ-ата, прво ми падна в очи дека младиот премиер прозаично се ракуваше со митрополитот Стефан, наместо да му баци рака, како што е ред во христијанската црква, за која толку се залага неговата благонадежна партија. И туку (чувствителен, како што ме дал Господ), ми се стегна срцето: што ќе се случи ако нашите даночни органи се запрашаат - од каде му на младиот војвода толкави пари, та да изгради цела една црква (макар колку и да е скромна по големина), па (како оние австриските) фатат да пресметуваат колкави приходи имал премиерот во првите девет месеци од својот работен век, колкави неговата сопруга и колкава е прозаичната (парична) вредност на новоосветената црква! Само, залудо се плашев: ако не им текна за Циле, има уште помалу шанси да им текне за премиерот и за неговите министри. Знам еден, на пример, даскал како мене (а десет години помлад): има и простран стан и огромна куќа во Скопје и куќа за одмор на падините од една вишна планина таму некаде на Југот и станче во Охрид и акции во ОТЕКС ли, ѓавол ќе го знае каде само не. Да му удри сега некој даночник сметка, од каде му е сето тоа со професорската плата (министерската, велат, била помала и од професорската). Само, кој да му удира сметки на човеков кога тој сам за себе тврди преку весниците (и во тоа мора да се верува: министер е!) дека е чесен човек! Ова не е ни Шведска (за премиерот Улоф Палме), ниту Австрија (за нашинецот). Ова е Балкан-бавча! И од тоа нема спас!

Ѓорѓи Марјановиќ

ДА ТИ ФАЛИ КАПА, ДА ТИ КУПУ!


Пред години (во Југославија!), по успешно завршениот испит, прашав еден кандидат што е по националност: момчето “сечеше” штипски, а имаше српско (црногорско?) презиме - Радосављевиќ. “Македонец!”, гласеше одговорот, за потем, очигледно изненаден од мојата љубопитност, и самиот да ме запраша: “Зошто ве интересира тоа?” Реков дека презимето Радосављевиќ не ми изгледа особено “македонско”. Уште се сеќавам на духовитиот одговор: “Исто колку и Марјановиќ!” Сетне сосема ретко се распрашував за националната припадност на кандидатот. Дотолку повеќе што тоа ниту има, ниту пак може да има врска со испитната материја.
Во една друга пригода (и од сосема поинакви причини!) го повторив ова прашање: кандидатот имаше мошне ретко име и презиме (турско? албанско?), а зборуваше на неверојатно чист македонски јазик, со оние прекрасни акцентски целини, за кои читаме само во граматиките, а ретко имаме прилика да ги чуеме (особено не ние во Скопје). “Турчин!”, гласеше одговорот. Тогаш се обидував да учам турски јазик и не можев да се воздржам да не се пофалам: “Ben de biraz Türkçe konušabilirim!”
Момчето зачудено ме погледна и рече дека не разбира што му велам. Како не разбира, се исчудував сега јас, зашто тоа што му го кажав беше речено на литературен турски јазик. “ Јас не знам турски!” ми одговори, небаре е најприродна работа да бидеш Турчин, а да не знаеш турски. Тоа како да ми даде право да го “пецнам” малу: “Е, убав Турчин сте ми вие?” Неколку години подоцна (веќе бевме во плурализмот) еден пријател ми пренесе дека некој мој поранешен студент се поплакувал во некаква радио емисија оти “професор Марјановиќ му ја негирал националната припадност на Турчин и го убедувал дека тој е, всушност, припадник на исламизираните Македонци”.
Тоа и беше и не беше точно: никому не сум му го негирал правото да си пише што се чувствува по националност, но веројатно не сум пропуштил да потсетам дека во Македонија отсекогаш се ставало знак на еднаквост помеѓу примањето на исламот и “потурчувањето”. За оној што од христијанска прешол во мохамеданска религија, барем кај нас, велиме “се потурчил”.
Србите дури имаат изрека што вели: “Гори потурица од турчина!” (“потурчениот е полош од Турчинот”). Ова, патем речено важи и за оние што преминале од една во друга нација. Бугарите, на пример, глава не може да кренат од “побугарчените” Македонци: “Од тех не може да се живее: те са наŸблагонадежните БÍлгари! Всички наŸважни места вÍв државата се вÍв техните рÍце. БÍлгарин од тех едноставно не може да прави кариера!”, му се поплакувал некој ас-Бугарин на еден мој колега на работа. Впрочем, ни Македонците во минатото (а ни денес) не видоа бел ден од сопствените национални изроди - ниеден роден Бугарин не бил причина за смртта на толку Македонци како, да речеме, Тодор Александров, ниеден денешен Бугарин не бил (и нема да биде) онака суров прогонител на ОМО “ИЛИНДЕН” од екс-обвинителот на Бугарија (однародениот Македонец) Татарчев. За домашните “необолгари” и да не зборуваме!
Понекогаш ќе си помислам дека и мојата тврда, нефлексибилна македонштина е потврда на српската изрека: помакедончениот е посерт од Македонецот! Само што ова на нашите тазе Болгари не можеш да им го протолкуваш: за нив, да се побугарчи Македонецот е најнормална (и најпожелна!) работа, а најперверзна - да се “помакедончи” некој Срби, Бугарин, Хрват или Чех. Тука веќе мора да ги замешала прстите Коминтерната! На ова Кумановци обично велат: “Да ти фали капа, да ти купу!” (и никогаш, апсолутно никогаш, не продолжуваат со она што им е на ум: “Да ти купу памет, не можу!”)
Приказната за мојот Турчин (што не знае турски) од Кичево ми дојде на ум деновиве, кога “најнационалната” влада на Македонија реши да им дозволи на дечињата од Дебарска жупа (што турски знаат онолку колку и секое нормално Македонче: “маса”, “џеб”, “пари”, “арно”, “ама” и уште мал милион турски зборови, кои “Речникот на македонскиот јазик” драпирано ги нарекува “архаизми”, наместо чесно да укаже на нивното турско потекло). Пред да го донесесе ова (најблаго речено) проблематично решение, владата требала да ги сослуша професорите по уставно право, а не природно-математичкиот научник што талка во лавиринтот на образованието. А во Уставот на Република Македонија јасно пишува дека “припадниците на националностите имаат право на настава на с в о ј о т ј а з и к во основното и средното образование. Во училиштата во кои образованието се одвива на јазикот на националноста, се изучува и македонскиот јазик.” (член 48 став 4)
Подвлечениот израз “својот јазик” очигледно е синоним за она што во секојдневниот јазик го нарекуваме “мајчин јазик”. Ова, од своја страна, е категорија што не е врзана за националното чувство на родителите, туку за јазикот што тие (заедно со децата) го зборуваат дома, а што е различен од македонскиот (оттаму е сосема логично и оправдано решението содржано во втората реченица од цитираниот член: за да не станат странци во сопствената држава, на малцинските деца мора да им се обезбеди и изучување на службениот јазик на земјата - македонскиот!).
Решението на владата наполно го запоставува фактот дека во оваа земја постојат луѓе што се декларираат како Турци, а чијшто мајчин јазик е македонскиот. Сите добронамерни Турци што пошле да ја посетат Дебарска Жупа се вратиле со непобитното сознание дека луѓето во тој крај зборуваат македонски, а се сметаат себеси за Турци. Емпириското утврдување на тој непобитен факт не е никаков “бирократски акт”, туку најелементарна форма на проверка на знаењата (тест!) на која се подложуваат децата за да се види каде и како ќе учат.
Не се сомневам дека и синчето на нашиот претседателски кандидат Циле Национале, при запишувањето на училиште во Америка (каде што живее и се школува) било тестирано за да се види колку го владее англискиот, но, исто така, колку владее и со другите предмети, за да се определи во кој клас да биде запишано. На нашиот претседателски кандидат ни на крај памет не му паѓа овој тест (и сите други тестови на кои се подложуваат американските ученици, ЅАТ, на пример) да ги нарече “бирократски акти” (!?). Зошто тоа го прави кога се во прашање дечињата од Дебарска Жупа, не ми е сосема јасно: ако мисли дека со тоа ќе “ќари” стотина-двесте гласови од нивните родители, нека помисли и на тоа колку истовремено ќе ги загуби среде македонското население, зашто тоа вакви “гегови” не проштева.

Ѓорѓи Марјановиќ

МАКЕДОНИЈА КАКО СЕЛО БЕЗ КУЧИЊА

Неодамнешниот митинг во Тетово, што очигледно беше предупредување до “оазата на мирот” дека Албанците од Македонија ја признаваат како своја само и единствено Република Албанија, а никако не и македонската власт, ме натера да се замислам над некои реалности од развитокот на “албанското прашање” во оваа земја и да се потсетам на некои работи.
Таму некаде, на почетокот од политичкиот плурализам, ми дојде еден пријател, колега во правото и (до неодамна) мој политички соборец. Вака и вака, вели тој, група албански интелектуалци (застапувани од еден скопски адвокат) би сакала да и се приклучи на Лигата за демократија. За почеток ветуваат 200.000 ДМ и 300.000 гласови! Го прашав мојот соговорник (кој, инаку, беше член на “подвижниот циркус”, како што ја нарекувавме групата активисти, која крстосуваше по Македонија држејќи трибини, основајќи општински јадра, а потоа и централи на Лигата) дали некаде, за тие неколку месеци, колку што политички соработувавме, ни се случи слично чудо: некој да ни понуди и стоти или илјадити дел од тие силни германски марки. “Никаде!” беше одговорот што го знаевме обајцата. Беше јасно дека анонимната “група албански интелектуалци” не сакаше членство во Лигата за демократија, туку заштитен чадор за некои свои цели и намери. (Многу подоцна, на тетовскиот митинг, се виде кои цели и какви намери!) Му одговорив на колегата дека ни требаат многу пари, а уште повеќе гласови на првите слободни избори, но не по цена на образот. Ако навистина сакаат да членуваат во Лигата, нека повелат да ни се придружат како и сите други, преку основачките трибини. Се разбира, не ни се придружија. Неколку недели подоцна се јави една нова партија, во која се беше албанско освен потпретседателот. Со време, групата интелектуалци се осоколи до непрепознатливост: од тие први плашливи политички ползења до тетовските сепаратистички оргии, одржани без срам и перде пред лицето на Македонија и целиот свет, Албанците минаа забележителен пат.
До пред некое време, тие настојуваа да се добие барем впечаток дека се граѓани на Македонија, дека друга татковина не сакаат да имаат, дека во тоа мора да им веруваме, дека немаат ништо заедничко со каков и да е сепаратизам, итн. итн. На тетовскиот митинг престанаа со тој ритуал: таму имаше само знамиња на Република Албанија, се свиреше само химната на Република Албанија, а се плукаше и се свиркаше на се што беше македонско. Македонската држава, претставена од “малубројни полициски сили”, загуби здив од дрскоста на Шиптарите. Роденденската забава (на др Данаилов-Фрчковски) се претвори во застрашувачки националистички оргии! Глупавите режимски (и “независни”) медиуми сторија се за да го багателизираат значењето на настанот, наместо, на најголемите камбани да ја рашират пред Европа грдата вистина за мезимчето на г.г. Герт Аренс, ван дер Штул & комп.
Деновиве ме посети амбасадорот на една од водечките западноевропски држави.Во еден момент го прашав дали го виде митингот во Тетово и дали такво нешто би се толерирало во која и да е правна држава во Европа. Неговата екселенција ме погледна мошне недипломатски, небаре сакаше да праша дали јас тоа му се потсмевам (не е пристојно да речам поинаку). Се разбира дека ова е можно само во единствената оаза на мирот на бреговитиот Балкан, управувана од влада во која барем четвртина од министрите се професори по право.
Кон крајот на минатата година, поттикнат од некои други вакви појави, седнав, та за БЕЗБЕДНОСТ, списание за криминалистика, криминологија и кривично право (единствената вредна работа по која сегашниот министер за надворешни работи ќе го памтиме како министер на полицијата!), напишав статија за кривичното дело Повреда на угледот на Република Македонија (чл. 90 КЗМ), што почуваше со зборовите:
»Субјективен впечаток на потписникот на овие редови е дека Република Македонија нема некое особено разбирање за поими како што е правото на државата на општо почитување, или, поинаку речено, за чест и углед на државата, па оттаму има малу или нималу службени настојувања да се обезбеди нивното важење. Доказ за ова тврдење е “незаинтересираноста” на органите на прогонот во некои драстични случаи на флагрантно непочитување на македонската држава од страна на припадниците на албанското малцинство во најразлични пригоди: неистакнување на македонското знаме за време на националните празници или, што е уште поголема дрскост, истакнување наместо него на знамето на една странска земја (Република Албанија), неинтонирање на химната на Република Македонија во определени пригоди или, што е уште подрска провокација, интонирање на химната на таа иста странска држава итн. итн. Колку што ми е познато, досега немаше ни најелементарен обид да се постави прашањето за кривична одговорност на сторителите на ваквите и слични акти.
Патем речено, се чини дека македонската држава, заради мирот во куќата, е расположена (или присилена?) да ја толерира оваа нечуена дрскост во изразувањето нелојалност спрема себе, односно во јавното изразување лојалност спрема туѓа држава од страна на нејзините граѓани, акти што ниедна друга (макар колку примитивна) земја не би ги толерирала. Тоа можеби е уште еден акт на “мудрата” политика, што од оваа земја направи прочуена “оаза на мирот”, но никако не и доказ за тврдењето на Уставот на Република Македонија (УРМ) дека владеењето на правото е една од темелните вредности на нејзиниот уставен поредок (чл. 8 ст. 1 ал. 3 УРМ). Во Европа, меѓутоа, што е цел кон која наводно програмски се стремиме, принципот на владеење на правото е највисоката од темелните вредности на уставните поредоци на нејзините држави. Тоа е и причината што решив да се зафатам со темата од насловот, надевајќи се дека нашите јавни обвинителства и судовите наскоро ќе дадат и сопствен придонес кон оваа тематика.«
Залудо беше надежта! Мојата статија се појави во бр. 4 на БЕЗБЕДНОСТ (за декември 1995), а од знаци дека македонската држава почнала да се самопочитува (за да ја почитуваат и другите) нема ни трага!

Др Ѓорѓи Марјановиќ

ПС. Освен ако за некаква трага на оваа самопочит не се смета Решението П. бр. 6686/95-И на судијата Ружа Томеска од Општинскиот суд за прекршоци од Гостивар, со која таа на некојси Ештреф Асани му изрекла казна од цели 4.369,00 денари затоа што ден 28.11.1995 година (ако ме држи сеќавањето: национален празник на западниот добрососед) пред кафеаната “Кастриоти” во с. Равен, го истакнал знамето на Република Албанија без знамето на Република Македонија.

ЗА МРТВИТЕ САМО ДОБРО!

Според верувањето на Индусите, Египтјаните, античките Орфици и Питагорејците (а и некои други до ден-денес), во моментот на смртта човековата душа се сели во ново, штотуку родено суштество (човек, животно или растение). Некои оваа појава ја викаат метемпсихоза, некои селидба на душата, некои (најмногубројните) - реинкарнација. Во поново време сме сведоци за тоа дека оваа појава не им е својствена само на луѓето, туку и на нивните политички организации (партиите!), така што може да се зборува и за политичка реинкарнација.
Еден свеж пример! Неодамна, по долготрајно и тешко боледување, ја испушти својата благородна душа СКМ, политичка партија што речиси половина век не водеше кон подобрата иднина, а македонскиот народ (сосе народностите) одненадеж се најде без водач, без ориентир, па откако некое време се вртеше на сите страни, фати да се враќа назад по светлите врвици “зацртани” од страна на компартијата (процес што денес учено се нарекува “транзиција”). Едно време слично постапуваше и неговата авангарда, со тоа што нејзе, како на војничка партија, и беше многу полесно да се “престрои”, а знаеше и за ритуалите на системот што и беше најблизок: феудалната монархија. И додека таму, по смртта на монархот, од балконот на палатата воскликнуваа: “Кралот е мртов - да живее кралот!”, кај нас стана вообичаено она народно “И по Тито - Тито!”, што со организирана спонтаност го повторувавме сите.
Инаку, смртта на СКМ ја следеа и некои формални преобразби полни со патетична симболика. Така, многу пати опеаното алово знаме без причина помодре, црвената петокрака пожолте, а непозната рака, полна со сочувство, врз неа (како врз надгробна плоча) положи цвет од трендафил. Сево ова заедно денес е симбол на една нова (да не речам: новородена) македонска политичка партија, во која се пресели духот на новопреставениот СК. Главешините на новата партија не убедуваат дека немаат никаква врска со покојникот (за мртвите само добро!). Нив не ги оптоваруваат неговите хипотеки (масакрот во Велес, да речеме). Одвај видливата нишка што (сепак) ги сврзува со него е само неговиот имот, што тие си го доделија себеси.
Меѓутоа, од фактот што новопечените социјалдемократи (а новопечените социјалисти и либерали, не помалу) толку упорно, толку енергично и толку гласно се откажуваа(т) од благопочинатиот, може да се изведе само еден логичен заклучок: дека покојникот (Бог да го прости!) сепак имал големи гревови на душата. Инаку, кој се откажува од праведник? Така младите наследници (и не сакајќи) излегоа поголеми антикомунисти од оние што се појавија на македонската политичка сцена по распадот на најдобриот од сите поредоци на светот.
И по нешто друго наследниците излегоа (невидено и нечуено) големи антикомунисти: за разлика од покојникот, кој беше крвен непријател на приватната сопственост, тој извор на сето зло на земјава, нивните самопрогласени (а откажани!) наследници, преку процесот на приватизација, успеаја за неверојатно кратко време да го стават во своите џебови сето она што работните луѓе, македонскиот народ (и народностите) го создаваа речиси половина век (општествената сопственост!). За малу време, “нашиот тутун, нашата мака, нашата солена пот”, заврши (за ситна пара) како нивна сопственост!
Ако за повеќе од половина на целокупниот имот на оваа земја македонската парадржава касираше горе-долу 30 милиони долари (колку што чини еден ГРАНД ХОТЕЛ СКОПЈЕ, да речеме), тогаш не треба посилен доказ за реалноста на она што по малу евфемистички се нарекува организиран криминал. За чудо, овој едноставен факт не го забележува нашата либерална казненоправна наука (изградена врз цврстите темели на дијалектичкиот материјализам), та фати да организира симпозиуми за правната држава и овој феномен (да не повторувам кој).
Само, за да се зачува “дрпнатото” (како што неуко вели народот), на новостарите управувачи им требаа (сопствени) судови. И, како што Претседателот на сите Македонци е само нивни, како што во Собранието на Македонија седат (и треба да седат) само нивните претставници, тие деновиве си направија свои сопствени (а независни) судови. Така, на пример, на чело на еден апелационен суд ставија свој (проверен партиски) човек, што само до пред некој ден беше секретар на владата. Во некои судови си поставија високостручни судии што во стариот режим изрекуваа и по 16 години затвор за силување (иако секој студент што сакаше да положи кривично право мораше да знае дека таква казна во нашите казнени закони немаше). Во некои други судови ги поставија оние исти креатури што судеа (и пресудуваа!) во сите политички монтирани монстр-процеси на едноумието во Македонија, а (под секакви изговори) ги прескокнаа сите оние што манисфестираа и најмала ментална резерва спрема духот на СК или неговата реинкарнација.
Едно сепак заборавија јуношите од СДСМ: во стариот режим и со најдобриот судија можеше да се манипулира преку институцијата “реизбор”, од која тој губеше сон секоја осма година од животот. Денес и најлошиот судија знае дека (по нивна милост!) е недопирлив до крајот на својот професионален живот. А јас не знам за случај на благодарност од страна на човек кому нешто сте му подариле. Од друга страна (по “заслуга на јуношите”), ние сме денес членка на Советот на Европа, па, ако некој не е задоволен со класната правда во Македонија, има право да прати абер до Судот за човечки права во Стразбур и да си побара правда. А таму се суди според тертипите што важат за гнилите буржоаски држави, а не за нашите прославени (ком)партии. Притоа, на младинците што управуваат со Македонија нема да им биде од голема помош ако таму (за судија) испратат некој ислужен “војник на партијата”, што минал низ сито и решето на стариот режим.

Др Ѓорѓи МАРЈАНОВИЌ

ПОНИЖЕНИ И НАВРЕДЕНИ


На почетокот од возбудливата перипетија на правење ДНЕВНИК тринаесетте величенствени (момчиња) ме замолија од време на време (да не речам: секоја сабота) да им пишувам по нешто “за македонцките работи” и јас тоа (за чудо!) со се поголемо задоволство го правам. Притоа ми е сосема сеедно дали тоа што го објавувам некому му се допаѓа или не.(Впрочем, за тоа се грижи глодур-от на 13-те: ако не го бендисува - или тоа станува општествено-политички неподобно - веќе ќе најде начин учтиво да ми заблагодари на соработката.) Притоа ми е сосема сеедно и дали некој протестира против моите текстови. Начелно решив да не полемизирам со моите напаѓачи (дури и кога тие во своите писанија, без каков и да е аргумент, просто ќе ме исплукаат, како неодамна еден господин од националноста што не смеам да ја именувам онака како што тоа го прави тој).
Пред две недели, меѓутоа, и не сакајќи, сум ги повредил чувствата на една (унпредепска) дама. Дамата е “многу разочарана”. Дамата протестира. Јас сум омаловажил некакваси конструктивна дискусија. Сум фрлил анатема (небаре сум црквен поглавар!) врз начелата на семинарот. А тие начела биле: толеранција, доверба, дијалог, подеднакви можности (види, Бога ти!).
Јас протестот на ex officio суперсензибилната дама го чувствувам како личен авторски неуспех: текстот за (правната) оаза на мир и сожителство требаше да проговори за некои бедни mazedonische Zustaende, а не да ги штрапацира чувствата на моите читатели. Во него јас воопшто не се обѕрнав врз светите начела на семинарот и врз конструктивните дискусии на унпредепските (и ините) дами и господа. Пишував само за она што сакав таму да го кажам, а не го кажав, зашто ми се згади среде тој наконтен, лицемерен свет, та побегнав за да не направам некој јавен резил. Затоа сега, испровоциран од солзите на навредената и понижена госпоѓа, ќе мора да се осврнам барем врз светите начела на семинарот, што треба да ја усреќат мојата татковина. Ќе одам со ред!
ТОЛЕРАНЦИЈА! И се восхитував (и, цврсто сум убеден, и в иднина ќе и се восхитувам) на убавата идеја за толеранција, онака како што во своите списи ја конципираше Monsieur de Voltaire. Само, ги молам почитуваните дами и господа од УНПРЕДЕП да не го мешаат со оваа идеја европското и белосветското толерирање на грчкиот шовинизам од најдолен тип, зашто (за чудо, во последно време) се почесто ми е мака од рамнодушноста со која Европа и Светот ги толерираа(т) грчките манири на друмски разбојник. Две цели години пронаоѓачите на демократијата со своето ембарго ни го уништуваа стопанството, ни ги затвораа фабриките, ни ги оставаат луѓето без работа, без леб, без огрев, без лекови, а притоа ниедна унпредепска дама не пушти барем притаена воздишка (ако веќе не и текна да напише енергичен протест против таа одвратна силеџиска свинштина). И сега ние не сме знаеле што е тоа толеранција, а тие знаеле, та дошле тука да не подучуваат!
ДОВЕРБА! Ние балкански страдалници без вина, ние што најевропски се одделивме од Северниот брат без да испукаме ниеден куршум (иако пред лицето на сиот свет, среде бел ден, ни ја ограбуваше земјата однесувајќи се што можеше да се однесе од нашите касарни и воени складишта), треба да имаме доверба во оние што денес преговараат со “Балканскиот касап” небаре Босна била само грд сон. Ние знаеме добро што е тоа доверба, само - довербата мора да се спечали. А ние немаме апсолутно никаква причина за доверба во белосветските протуви што седат и се дружат со тој ист “Балканскиот касап”, кој преку ноќ се претвори во најголем балкански миротворец!
ДИЈАЛОГ! Дијалог водат луѓе што меѓу себе се познаваат. Луѓе што, пред да седнат да разговараат, си ги кажуваат еден на друг имињата. На каква маса за дијалог може да седнат претставниците на една земја што не смее да си го каже ни името, а другата страна да не стане и да си оди без збор. Навредената унпредепка, во својот јавен протест, зборува за “меѓуетничките проблеми со кои се соочува з е м ј а в а”, за да заврши со некои прашања “кои се од максимална важност за мирната иднина на оваа м а л а, н о п р е к р а с н а з е м ј а”, повторно, како и сите нејзини претпоставени, “заборавајќи” да го каже името на таа земја.
Пред некое време, една дама, напуштајќи ја Македонија, и зборувала на една друга дама, што требало да дојде тука: “Најтешко од се ми паѓаше таа наметната игра во која земјата морав да ја нарекувам на сите можни начини, само не онака како што и е името!” Е па, и нам ни се смачи! И од вас и од вашите манири. А особено од вашата моралност.
Зошто вашиот свет, најдобриот од сите можни светови, е толку толерантен спрема нашиот јужен сосед, кога добро знае некои историски вистини: во далечната 1913 година тројца мали балкански империјалисти (Грција, Србија, Бугарија) ја грабнаа земјата што се викаше Македонија од турскиот завојувач и си ја поделија меѓу себе. Од една станаа три Македонии: Егејска, Вардарска и Пиринска. Во меѓувреме, едниот од трите разбојници го загуби својот дел. Другите двајца денес се во вистинска паника дека тоа би можело да им се случи и ним. И некои од нив (што до вчера во својата земја го забрануваа името Македонија, нарекувајќи ја “Северна Грција”) денес ни забрануваат нам да се викаме Македонија. За да не дознае светот како таа Македонија се нашла во три (или дури четири) балкански држави. И со оглед на тоа што ние немаме доверба во оние што ги поддржуваат балканските разбојници, УНПРЕДЕП & Комп. дојдоа да не научат што било тоа доверба (види, мајката!)
И конечно: ПОДЕДНАКВИ МОЖНОСТИ! Треба човек да биде без срам и перде (како што вели македонскиот народ) за да се дојде во оваа м а л а, н о п р е к р а с н а з е м ј а и (при ваква состојба на работите) да му соли памет на овој народ за некаквиси подеднакви можности! Да прости милостивата госпоѓа, ова за мене е поголем цинизам од оној на човекот што си ги убил родителите, а потем, пред судот, барал да му се земе за олеснителна околност фактот дека - станал сирак!

ДНЕВНИК (I,85,13)