ДОБРОВОЉНА МОМА, МЕ′ ДО ЗУБИ!

Не би се заколнал дека актуелниот министер за надворешни работи на Македонија бил особено несреќен кога решил да отсуствува од собирот во балканската крчма, кој пред некое време (според новоизмислениот регионален евроклуч), беше свикан во престолнината на нашиот источен добрососед. Да одржувам барем некакви односи со споменатиот џентлмен, секако ќе му честитав за таа одлука: со неа Македонија ги пројави првите знаци на живот како држава достојна за почит во меѓународната заедница! Да се надеваме дека тоа не е моментен каприц, туку иреверзибилен процес од кој таа в иднина нема да отстапува.
И, кога сме веќе кај претпоставки, сакам да верувам дека, да беше по некој случај г. Данаилов-Фрчковски на сегашната позиција пред две (или можеби три?) години, кога се решаваше за нашиот прием во ООН, ние денес немаше да бидеме регистрирани во светот како “Поранешна Југословенска Република Македонија”, тој монструм од невкус на арогантната белосветска дипломатија на XX век. Туку, нејсе, се стори! Нашиот наивен претседател дозволи да го излажат и сега тука нема помош: му рекоа (наводно) дека ќе било за кратко и само за “внатрешна употреба”, а излезе бесконечно долго и ќе важи богами и надвор (дур′ до Атланта ′96!) Кој сака да види колку долго, може тоа да го прочита секој петок во еден седмичник-злопамтило. што неуморно и ги брои неделите, месеците, па еве веќе и годините на привременоста на “референцијата за внатрешна употреба”, што ја дочека (а, со Божја помош, и ќе ја испрати) и Олимпијадата ′96.
И сега, за потребите на споменатата балканска средбичка, милите ни соседи, (оној што прв, но и оној што последен не призна под нашето уставно име), без особени тешкотии се спогодија со нашиот јужен добрососед (оној што од самиот почеток се закануваше дека нашето уставно име нема да важи дури и ако целиот свет не признае под него), да не ословуваат како Пјуремеја (како што духовито има обичај да вели Миле Неделковски). Со ова, врз примерот на една (навидум) ситна работа, беше докажана исправноста на мислењето на еден умен балкански политички мислител дека, кога е Македонија во прашање, Грција, Србија и Бугарија секогаш и по секој повод лесно ќе се разберат меѓу себе на нејзина штета.
Да се надеваме дека јуношите што ја водат на Македонија го имаа ова на ум кога решија да не појдат во софиското дувло, а дека ќе го имаат на ум овој факт и кога решаваат за разноразни царински (и ини!) унии со нашите добрососеди, а особено со северниот (целосно почитувајќи го, се разбира, на принципот на еквидистанца!).
Да се надеваме дека тие младинци нема да заборават ни некои други факти, релеватни за одлуките за сојузи со браќата по оружје и идеологија! Да речеме, дека “двете очи во главата” успеаја да ги преживеат санкциите трошејќи ги, меѓу другото, и девизните резерви на новопретставената СФРЈ (што беа и македонски). Дека во бетонот, железото, стаклото и алуминиумот, од кој е изградено грдото (но мошне доходовно) дваесетикусуркатно здание на Нов Белград, е вградена и членарината на македонските членови на СКЈ. Дека во златните резерви на “поранешна Југославија”, кои денес ги троши само и единствено Србогора (илити Црна Србија, како што белградските шегобијци од милост ја викаат новата држава), се втопи и златото грабнато од “народните непријатели” на Демократска Македонија (од калибарот на Охриѓанецот Симонче, Кумановецот Манушев, но и од многу, многу други, од ист или помал калибар). Проверените кадри на Партијата (татковци, мајки, свекри и свекрви на нашата денешна владејачка елита) го одземаа ова злато (без реверс) од класниот непријател, и (пак без реверс) го испраќаа во трезорите на Народната банка во Белград.
Да не заборават нашите млади градители на (регионални) царински и други унии дека Македончето и денес кој како стигне го онадува на нашата северна граница. Пред некој ден, една момичка, што нестрпливо ја очекувавме да се врати од Белград, ни раскажа зошто толку многу задоцнила! Некој, имено, им јавил на српските цариници деке еден патник во автобусот носи со себе голема сума девизи. Патникот со девизите во нашиот деловен автобус на релацијата Белград-Скопје, некој стар македонски печалбар, што се враќал од не знам каде, а низ СР Југославија бил само на пропатување (демек: транфер, како што модерно се вели на убав македонски јазик), не знаел дека при влегувањето во таа земја треба да ги пријави парите што ги внесува, за потем на другиот крај од земјата да може легално да ги изнесе. Барале, барале, и на крај, му ги нашле, па со оглед на тоа што во социјализмот, непознавањето на правото штети, му ги одзеле до последниот долар. А тоа со нашите луѓе се прави секој Божји ден! Нашите власти не може да не знаат за ваквите случаи. И сега тие (наши сакани, “слободно и фер избрани”) решаваат до 1999 година да стапат во царинска унија со тие друмски (а не помалу и дипломатски) разбојници. Секоја чест!
Само, пред да го сторат тоа, нека го подотворат Цепенков (ако го немаат, готов сум да им го позајмам, со реверс, се разбира) и нека прочитаат по некоја басна за тоа што бидува со јагнињата кои ќе се здружат со волците, што пак со птичките кои прават договори со лисиците. Да не речат после, како Претседателот на сите Македонци (а особено на оние што се од СДСМ-овска провениенција, зашто ним им припаѓаше минатото, ним им припаѓа сегашнината, па ним ќе мора да им припадне и иднината на оваа измачена земја), дека ги измамиле. Кумановци имаат една мошне убава поговорка: “Добровољна мома, ме′ до зуби!” За оние што не го знаат кумановскиот, ќе протолкувам: момата со добра волја и му се подава секому, постојано е трудна (има мев до забите!). Тоа ли ќе е македонската судбина, Господи?

ДНЕВНИК (I,103,9)

No comments: