Стручен труд - Глава трета


ГЛАВА ТРЕТА


во која писателот, и не слутејќи дека прави така, почнува да се јуначи

Во текот на сево ова што го преживувам, а за што му е причина мојот знаменит воведен реферат, многумина добронамерни и недобронамерни сосема сериозно ми префрлаа дека, наводно, сум сакал “да се правам јунак”. Ова првин ме насмеа, како што знае да ве насмее добар виц.

По природа сум несклон кон јуначење. Плашлив сум и неотпорен на болка. Едно време, можам да речам одамна, како младич од дваесетина години, забарката, на пример, додека ми ги поправаше забите, ја држев за рака: ќе ја стиснев секогаш кога ќе ме заболеше, а понекогаш и кога не ме болеше, онака - превентивно!

Подоцна, во годините за кои обично се вели дека се зрело доба, забите ми ги поправаше (и тоа сè уште го прави) еден пријател склон кон филозофирање, што многу си го сакам. Него веќе не го држев ниту пак го стискав за рака. Не затоа што во меѓувреме бев станал поцврст, помажествен, туку просто затоа што во мојата земја се смета за недолично еден маж да држи и да стиска за рака друг маж.

И, не бев само јас тој што за својата природа мислеше дека е нежна, немажествена, накусо - нејуначка, туку во тоа ме уверуваа речиси сите околу мене.

Секогаш кога сакав нешто (физички) да ú помогнам на мајка ми одбиваше велејќи дека не можам или дека не умеам, а татко ми толку пати повтори на шега (на моја сметка) “Неспособно за живот!” што слободно може да се земе дека барем еднаш тоа и навистина го мислеше.
И воопшто, сите околу мене толку искрено, од сè срце, би се рекло дури пожртвувано, се трудеа да ми помагаат, што речиси и не можев да се сомневам во нивната оценка за мојата неупотребливост за вистинскиот живот.
Кога за прв пат одев на една младинска работна акција, татко ми, лут што тоа го правам против неговата волја, не сакаше да дојде на станицата за да ме испрати. Беше убеден дека од акцијата ќе се вратам со каверни на белите дробови. А кога морав да појдам војска, тогаш веќе и самиот бев уверен дека (“Најмногу за два месеци!”) ќе ме вратат дома како неспособен.
Затоа, човек и не треба многу да се чуди дека овој надворешен image на немажественост беше природно придружуван од мојата неспособност за донесување одлуки. Бев крајно нерешителен. Да морав самиот да решам за својата женачка, на пример, веројатно и ден- денес ќе бев беќар. Фала му на Бога што не морав...
Кога жена ми (во тоа време само моја другарка) почна да се интересира за мене, јас, познавајќи ја како мошне реалистична личност, којашто во животот секогаш донесува правилни одлуки, си реков со умот: “Ако решила да се мажи за мене, тогаш тоа секако е мошне исправна и добра одлука - и за мене!” Верно, таа мошне разбрано, внимавајќи да не ми ја повреди машката суета то, патем речено, никогаш честито и не сум ја имал), ме водеше до одлуката што мораше да биде моја.
Ни во бракот не се покажав големо јуначиште. Никогаш не се срамев да признам дека на жена ми, мошне рано, и ги отстапив сите мои машки права во куќата. На први, на пример, ќе и ја дадев платата до последен динар и таа со неа (економист по образование) располагаше како што знаеше и умееше. Не го правеше тоа ни подобро ни полошо од луѓето што управуваа со оваа земја, впрочем. Живеевме задоволно, би се рекло дури богато, приредувавме вечери, прославувавме секакви поводи, патувавме по земјата и во странство. Немав никаква разумна причина да се жалам што жена ми ми ги узурпира сите права во бракот.
Верно, таа и самата гледаше тоа да не добие премногу навредлив вид, а понекогаш си играше самоуправно договарање и одлучување. Од време на време ќе ме прашаше за мислење за некој покрупен издаток али да купи комора за длабоко замрзнување, на пример), иако јас добро знаев дека работата е веќе решена и дека со тоа прашање само се обидува да ми ја спаси машката чест. Впрочем, не еднаш се случи, по вакво едно прашање (и мојот одговор на согласување) веднаш да ги извади од чанта веќе подготвените, пополнети формулари и меници за кредит, што јас требаше само да ги потпишам.
Фантазер каков што си бев (и каков што сè уште сум), јас во секојдневниот живот имав мали потреби. Ова веќе во првата недела на нашиот брак доведе до формулирање на една максима што до ден-денес управува со нашиот живот: “Кому што му треба, тој нека си набави!”
И така, додека се сврте околу себе, жена ми ги освои сите можни и неможни права во бракот, но си ги натовари и сите обврски што тие права ги следат. Јас пак, обесправен, но и ослободен од прозаичните обврски, можев, како и порано, во беќарските години, да бидам со моите книги, со мојата музика, со моите бесконечни, бескорисни фантазирања.
Затоа и не се сеќавам дека кога и да е во животот сум донел самиот, автономно, некоја важна одлука. Секогаш некој ќе ме турнеше во ситуација во која тогаш, всушност, и немаше место за вистинско одлучување, туку просто морав да постапам онака како што постапував.
Епизодата со понудата да го напишам тој реферат не се разликува по ништо од сето она за што во животот морав да “одлучувам”. Затоа и квалификацијата “јунак” првин ме насмеа, а потем и огорчи.
Уште некако и можев да го разберам оној Швабо што во својот франкфуртски весник напиша (на насловната страница!) дека она што сум го сторил во Струга на прв поглед изгледало како луда храброст. Кога некој сака да ја докаже тезата дека мојата земја е типична тоталитарна диктатура, зандана на Европа, тогаш не е тешко да се сфати зошто му е неопходно еден кроток провинциски даскал да го произведе во лудо храбар јунак. Тоа ниту ме изненади, ниту пак ме налути.
Непријатно ме изненади, меѓутоа. и сè уште ме изненадува, збунува и огорчува кога наши луѓе, искрено или подбивајќи се, ми го доделуваат квалификативот на јунак или барем на човек што сака да се прави јунак. Тој прекар првин ми го дадоа пријателите, а ни на луѓето од власта не морав долго да чекам.
Што се однесува до мене, јас не му припаѓам на оној човечки сој што на зборовите им го менува значењето како што, без голема тешкотија, се менува валкана кошула (под услов да имате чиста). Зборовите, според мене, имаат строго дефинирани значења и вие едноставно не можете нечие индивидуално или колективно самоволие, на пример, да го наречете демократија, а луѓето, кои знаат што значи тој поим, и натаму да ве сметаат за чесен човек. Демократијата во една земја или ја има или ја нема. Како што на една девојка не може да кажете дека е “речиси чесна”, ни за една земја не може да се рече дека е тукуречи демократска”. Јас ниеден момент не се сомневав дека сме ние демократија односно дека чесно настојуваме тоа да бидеме. Со оглед на тоа што демократијата не е Божји дар, кој на народите им го носат на подавало, сметав дека секој човек, каде и да се затекне, што и да работи, мора да има на ум оти и од него во голема мера зависи дали поскоро или поспоро ќе го оствариме она што сме наумиле да го оствариме. Затоа длабоко ме погаѓаше кога некои луѓе ми зборуваа дека од мојот текст им се кревала коса на главата (патем речено, ова ми го зборуваше еден кроток човек, татко на три ќерки, когошто косата, ако добро се сеќавам, го напушти уште како асистент) или ме потсетуваа дека имам три деца и големи кредити.
Кога сме веќе кај зборовите и нивното значење, да го земеме уште само поимот на слободата. Ќе прочитате или (ако не умеете да читате, што во оваа земја и ден-денес не е редок случај) ќе ви прочитаат дека со уставот ви е гарантирана слобода на мислата. И вие се прашувате што ли значи тоа сега. Дека може по ручек да лежите на кауч. да гледате во плафонот и да си мислите што сакате? Вртите одречно со главата, се разбира: та јас тоа без престан го правам секој буден момент откако знам за себе и во тоа никаков устав на светот не може ништо ни да одземе ниту пак да додаде. Тогаш, очигледно мора да значи нешто друго: дека врз основа на уставот смеам неказнето да ги изразувам своите мисли за што и да е.
Ќе ви понудат, на пример, (како мене!) да напишете воведен реферат на тема “Кривичноправната заштита на самоуправното општествено уредување и безбедноста на земјата” за едно стручно советување на правниците. Не ви го нуди тоа некоја емигрантска организација, туку еден мошне угледен, почитуван и влијателен професионален сојуз. И, вие седнувате и го пишувате тоа како што знаете и умеете, без притоа ни на крај памет да ви паѓа мислата дека со тоа сте почнале да се јуначите и дека од сето тоа ќе излезе цел еден напнат роман.
А види, мајката! Излезе роман и пол! И сè уште трае! (Впрочем, затоа и запишувам.) Толку работи се сплетоа сè уште се плетат) околу сево ова што почувствував потреба секојдневно да го бележам тоа, за нешто да не пропуштам или побркам, кога веќе сѐ само по себе толку збркано, исколчено, заплеткано. Чисто се сомневам дека во денешна Европа ќе се најде некој што воопшто ќе поверува во целата оваа приказна. Ни тие на Исток ниту пак тие на Запад нема да ми веруваат (од сосема различни причини, се разбира). Но, јас и не пишувам за нив. Пишувам за луѓето на брдовитиот Балкан, каде што сево ова и се случува. Пишувам за едноставно да се преиспитам себеси (заедно со оние што ќе имаат трпение да го читаат ова писание): како и по кој редослед се случуваше сево ова, каде запнаа работите. Кој е тој абдал што прв ги замрси работите та сега толкумина мудреци не можат да ги размрсат? Па белки од сево ова ќе излезе и некоја полза, без оглед на штетата.
Понекогаш си мислам дека тој несмасен абдал сум, всушност, јас. До сево ова немаше ни да дојде да умеев да измислам некаква објективна спреченост, да можев без срам пред самиот себе да смислам некаква ситна лага, да можеше воопшто тоа да биде ситна лага. И така, по кој знае кој пат, одлучив како што одлучив. а избор, всушност, и немаше.
Потем сè се случуваше небаре некој ме урочил. Што и да сторев во врска со тоа писание, сè стануваше предмет на извртени толкувања, критики, сомничења од секаков вид.

Така, на пример. мислев дека ќе биде мошне коректен академски гест спрема
колегите ако првата верзија на текстот им ја дам на читање на оние до чиешто мислење и инаку мошне држам. Нивните забелешки би ми биле добредојдени при пишувањето на конечниот текст. Така и сторив: направив пет-шест копии (не повеќе) и ги поделив.
Господи Боже, што сѐ не се изнаслушав една година подоцна на сметка на овој гест. Постапката беше оценета како сомнителна, да не речам како илегална дејност. (“Тоа нездраво ширење на рефератот во ракопис!”, зборуваше еден надежен здруженотрудолог.) Оние што не го критикуваа ова и ваквото “ширење”, имаа не помалу причини да ме прекоруваат и самите. Но, од сосема други причини: ме караа што не сум ги послушал советите на оние кои го читаа првобитниот текст и на кои, притоа, им се креваше она малу коса на главата, оние на кои со сигурност им се кажувало дека, ако истрајам и рефератот навистина го прочитам на тој собир, затворот не ми гине, оние што ми ги споменуваа
дечињата и кредитите.
Морам, сепак, да признам дека во еден момент бев мошне збунет: “Ако вака жестоко ме критикуваат пријателите, кои ме познаваат и сакаат, па, да речеме, и ме ценат, што ќе биде со оние на кои ништо не им значам. кои ќе се обидат преку критиките да заработат некој (политички) поен? Треба ли да очекувам жив да ме одерат?”
- Глупости! Секој чесен човек од текстот може јасно да види на чија страна сум. А страните, барем во оваа земја, се јасно означени. 
Сепак, за да не му препуштам ништо (ич ништо!) на случајот, составот им го дадов и на некои чесни луѓе, нестручни во правото. Нивниот став во голема мера ме смири, уверувајќи ме дека сум на добар пат.
Верно, едниот од нив ми направи забелешка за стилот (му се чинело дека е и премногу читлив, премногу лесен за еден научен труд). Колку што знам, меѓутоа, за ваква или онаква стилистика уште никој во оваа земја не пошол в затвор, та си мислев дека од таа страна не ми се заканува никаква опасност.
Еден друг чесен човек, за кој ме врзуваат мошне цврсти пријателски чувства, ми рече дека не гледа никаков ризик: штом не сум го спомнал прашањето за повеќепаргискиот систем (од тоа се плашел!), опасност нема!
Подоцна ќе видиме, меѓутоа, дека мојот реферат излезе такво четиво во кое секој може да го пронајде она за што му се чинеше дека најлесно може да ме осомничи. И додека јас бев толку горд на чистотата на мојот стил, јазик и израз, та си мислев дека рефератот може да го прочита и без тешкотии да го разбере и полуписмен припадник на нашата владејачка класа, излезе небаре јас, всушност, наместо разбирлив текст, на хартијата сум истурил шише мастило и сум направил една голема дамка што психијатрите (или психолозите?) им ја покажуваат на своите пациенти, а тие, толкувајќи ги заплетканите, бессмислени шарки, повеќе сведочат за својата психопатологија, за сите оние стравови. напнатости, фрустрации, што ги тиштааат, одошто за она што тука навистина би било содржано.
Конечно, како и толку пати во животот, успешно го минав и најзначајниот тест: мојот домашен цензор, жена ми (која, повторувам!, во животот никогаш не згрешила), без двоумење ми даде виза за рефератот:
- Навистина не гледам што би можело да те загрози во овој текст!, ми рече и приказната можеше да почне.
И почна!
Првин преку весниците!


(Документарен прилог кон Глава трета) ВЕЧЕРЊЕ НОВОСТИ
(Дневен весник со највисок тираж во СФРЈ)
20 октомври 1983, страна 6:

Идната недела во Струга нашите најпознати кривичари и криминолози ќе ја оценуваат досегашната практика и натамошниот развиток на кривнчно-правниот систем

КАЗНАТА НЕ Е ВИСТИНСКА ЗАШТИТА


Кривичното право треба да казнува за отворено поттикнување на насилна и противуставна активност против Југославија, а оние што без зла намера поинаку мислат и зборуваат ќе ги побиваме само со силата на своите аргументи - вели во својот реферат д-р Горѓи Марјановиќ, професор на Правниот факултет во Скопје.

Ниедна одредба од нашите кривични закони не смее да биде конципирана така што човека да го застрашува да го изнесува она што го мисли за проблемите со кои се соочува.
Доколку постапуваме обратно, може да нú се случи да станеме општество на Јануси, на луѓе што ќе мислат едно, ќе зборуваат друго, а ќе работат нешто сосема трето. Со оваа теза, но својот реферат “Кривично-правната заштита на самоуправното општествено уредување и безбедноста”, професорот на Правниот факултет но Скопје др Горѓи Марјановиќ ќе се заложи, на претстојното советување на југославенските кривичари и криминолози за казненоправниот систем на нишата земји, идната недела во Струга, за некои измени но кривичното законодавство.
- Кривичното право треба да казнува за отворено поттикнување на насилна и противуставна активност против Југославија - вели др Мирјинониќ. - Тоа се казнува насекаде во цивилизираниот свет. За оние, меѓутоа, што нашето општество како жив организам ќе ги оцени како недобронамерни или дури како злонамерни, ќе бидат, според моето длабоко уверување, сосема доволни санкциите од морална природа на нашето самоуправно социјалистичко општество. Оние што поинаку мислат и зборуваат без зла намера, ќе ги побиваме само со силата на своите аргументи.


Грешки во мислењето


Вистината, според др Марјановиќ, никако не е апсолутна, туку мошне релативна, и никој не би смеел да претендира на монопол врз неа:
-Човекот, особено во едно социјалистичко самоуправно општество, мора да го пуштиме да мисли со своја глава, а тоа значи и усно и писмено да ги изразува своите мислења. Не е исклучено притоа и да згреши. Најчесто ќе биде доволно на неговата вистина да му ја спротивставиме нашата, та со сили ни аргументите, а не со закана со казна, ди докажеме кој е во право. Затворот и не е некое особено фер средство за убедување.
Авторот посебно истакнува дека дури и она сфаќање на некој човек, што не го дели мнозинството, што не е владејачко,  не е никаков аргумент за осуди:
- Да ги почитувавме во минатото општопризнатите, владејачки вистини, денес сè уште ќе верувавме дека сонцето се врти околу земјата. Да не се осмелевме и самите да бидеме комунистички еретици, денес не ќе го имавме ова што го имаме, не ќе бевме она што сме, не ќе значевме ова што значиме.
Изнесувајќи ги своите сфаќања во полемички тон, скопскиот професор им се спротивставува на аргументите дека кривичното дело непријателска пропаганда  е, всушност клевета на државата, која, токму како и поединецот има прано да се брани од клеветата:
- Моите критичари би ги прашал нешто за хиерархијата на вредностите во едно самоуправно социјалистичко општество. Кај нас секогаш, на секое место и во секоја пригода се истакнуваше и се истакнува дека работниот човек е најголемата вредност на нашето општество. За државата такво нешто никогаш не е речено. Ќе го наклевети   ли некој чесниот работен човек, значи, нашата најголема вредност, казната што може да го снајде не е поголема од три месеци затвор! Казната за оној што ќе ја наклевети државата досега цели десет Години.

• Претерана строгост

Др Марјановиќ посебно се противи на натамошниот опстанок на кривичното дело “злонамерно и невистинито прикажување на општествено-политичките прилики во земјата“:
- Токму оваа одредба од нашиот кривичен закон во светот создава за нас слика на некаква тоталитаристичка држава што казнува и за човековите убедувања, за неговите ставови, мислења и слично. Овој законски параграф дваесетина години ни носи многу штета, а малу или ни толку полза. Токму затоа е и момент за сево ова да се проговори јавно, критички.
Др Марјановиќ гледа најефикасен пат и средство за борба пропив социјалните зла од секој вид, вклучувајќи го тука и политичкиот криминалитет, во стриктно почитување на начелото на законитоста:
- Колку што е поригорозно, подоследно и покатегорично нашето инсистирање врз законитоста, толку повеќе простор има за вистински демократски односи засновани врз правото, а помалку за индивидуално или колективно самоволие на носителите на власта, самоволие што се обидува да се престори во законитост.
Нагласувајќи дека “почитувањето на начелото на законитост е аршин на демократијата , др Марјановиќ се залага за тоа никому, што ќе стори кривично дело, да не смее “да му се прогледа низ прсти“:
- Мора да знаеме дека оној, што од какви и да е причини попушта пред нашите притисоци денес, утре истото тоа секако ќе го стори под притисоци од друг вид и од друга личност. Ако некој денес ве “задолжил“ со ваков исклучок од законот, повеќе од сигурно е дека утре ќе побара од вас некаков исклучок од законот за себе. И така - исклучоците стануваат правило, а идеалот на законитоста, правдата, еднаквоста на луѓето пред законот - украс во учебниците по право.
Мирослав Зариќ


ВРЕМЕ НА НЕОДГОВОРНОСТ

Како мото на својот реферат др Ѓорѓи Марјановиќ ги цитира  зборовите на Митја Рибичич: “Ние сме си главните непријатели на самите себе, зашто не ги гледаме причините за некои појави и одговорите на некои прашања.”
Др Марјановиќ истакнува дека не може да се каже оти нашите политички противници се виновни што ние, со своето незнаење,  некомпетентност,  што  најчесто е еуфемизам за “глупост”, заѕидавме во бетон и челик милијарди и милијарди долари во погони што никогаш нема да произведуваат ништо друго освен загуби:
Не може да кажеме дека нашите политички противници се виновни што настана едно време на масовна неодговорност. Некој ќе украде 500 динари од една непретпазлива домаќинка, на пример, и ние, ако го фатиме, свечено, “во името на народот”, донесуваме пресуда со полно име и презиме на крадецот, а друг ќе упропасти милијарди “во името на народот”, а ние не се обидуваме на тој ист народ да му го кажеме дури ни името на тој “некој”.









No comments: