Showing posts with label ВМРО-ДПМНЕ. Show all posts
Showing posts with label ВМРО-ДПМНЕ. Show all posts

ЗАБОРАВЕНИ


Во архивата на Лигата за демократија чуваме еден документ што, всушност, никогаш и не стана тоа: предизборна спогодба меѓу неа и ВМРО - ДПМНЕ. Зошто не стана, не знам. Знам само толку дека тогашниот лидер на најзначајната опозициона партија, г. Љубчо Георгиевски, во едно интервју (токму за ДНЕВНИК) ја посочи Лигата за демократија како можен коалиционен партнер на изборите од 1998 година. Нешно подоцна ги започнавме и разговорите за таа предизборна соработка. Г. Александар Тортевски беше тогаш претседател на Лигата, а јас разговорите ги водев со г. Димитар Димитров, тогашен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Решивме што решивме. Договорот беше: ние во Лигата (како партија богата со правници) да го изготвиме текстот на спогодбата. И тоа го сторивме, а документот (на последно читање пред потпишувањето) му го испративме на г. Љубчо Георгиевски. И толку! Имам впечаток дека документот воопшто и не втаса до него. Нешто подоцна од мојот школски другар и преговарач дознав дека од предизборната соработка меѓу двете партии нема ништо. Како, зошто? Не ми беше (и не ни беше) јасно. Тогаш кај нас се роди чувството дека ВМРО-ДПМНЕ, и покрај сета своја бројност, сепак не е сериозна партија.
Во нацрт-спогодбата беше ставено сето она за што усмено се бевме договориле. Било како било, за спомен и долго сеќавање на тој настан (а и од некои други причини), овдека ќе го пренесам текстот на таа несудена спогодба:
“ВМРО- Демократска партија за македонско национално единство и Лигата за демократија, во настојување за што поуспешен настап на есенските парламентарни избори, на ден 2 август 1998 година ја постигнаа, а на ден 25 август ја потпишаа и свечено ја објавуваат, следнава

ПРЕДИЗБОРНА СПОГОДБА

1. ВМРО - Демократска партија за македонско национално единство и Лигата за демократија на изборите во октомври 1998 година ќе учествуваат заеднички, како коалиција што, според денот на постигнувањето на спогодбата, ќе се вика ИЛИНДЕН.
2. Заради остварување на начелниот став од точка 1 од оваа предизборна спогодба ќе биде сочинета заедничка листа за 35 пратенички места според пропорционалниот систем.
3. Во заедничката листа, од страна на Лигата за демократија, а веднаш по претседателот и потпретседателите на ВМРО - Демократска партија за македонско национално единство, ќе фигурираат Почесниот претседател и Претседателот, гг. д-р Ѓорѓи Марјановиќ и Александар Тортевски.
4. Остатокот од листата ќе го сочини ВМРО - Демократска партија за македонско национално единство, според одлуките на нејзиниот Централен комитет.
5. Во делот од изборите што ќе се одвиваат според мнозинскиот модел од страна на Лигата за демократија ќе учествуваат тројца кандидати: г. Тодор Черепналковски во една изборна единица во центарот на Скопје, г. инг. Среќко Арсовски во една изборна единица во Куманово и г. д-р Благоја Дамески во една изборна единица во Прилеп.
6. Изборниот позив на коалицијата ќе биде “ГЛАСАЈТЕ ЗА ИЛИНДЕН!”, а изборното мото: “МАКЕДОНИЈА - ПРИСТОЈНО МЕСТО ЗА ЖИВЕЕЊЕ!”

Коалицијата ИЛИНДЕН е отворена и за други партии со кои, евентуално, ВМРО - Демократска партија за македонско национално единство ќе постигне ваква предизборна спогодба.
(Во Скопје, на ден 25 август 1998 година.)”

Ете, така сврши нашата соработка со сега владејачката партија. Ним, изгледа, им беше поважен Циле Национале одошто Лигата за демократија. Што да се прави – ц’ест ла вие!
Помина доста време. Пред неколку месеци приказната се повтори на мошне сличен (иако не на идентичен) начин. Портпаролот на СДСМ во едно интервју (претпоставувам во согласност со својот лидер) навести дека ќе # понуди предизборна соработка на Лигата за демократија. За мотивите на нашето прифаќање на оваа понуда зборувавме (и пишувавме) повеќе пати. Нешто подоцна ги започнавме и разговорите. Сега јас, како претседател на Лигата за демократија и г. Бранко Црвенковски како претседател на СДСМ. Решивме што решивме. Веќе по обичај ние во Лигата изготвиме еден текст на предизборната спогодба и го испративме на читање (и усогласување) во СДСМ. Многу бргу оттаму добивме сигнал дека не би било згодно СДСМ да има еден документ за соработка потпишан со ЛДП, а поинаков со Лигата. Затоа предложија да потпишеме идентичен текст. Така и сторивме: во “бараките на Градското собрание”, како што малициозно информираше СИТЕЛ, забележувајќи не помалу злобно дека наместо со шампањско сме си наздравиле со виски. Нејсе. Се сликавме и за телевизија, за весници. Нешто подоцна (ева! како животот умее да се повторува!), не од мојот факултетски колега (д-р Бучковски), туку од вечерникот ВЕСТ (11 јули 2000, стр. 3) дознав дека и од предизборната соработка со СДСМ изгледа не бидува ништо. Според весников, имено, лидерите на здружената опозиција, Ристо Пенов, Љубисав Иванов - Ѕинго и Драгиша Милетиќ (?!) биле кај лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски “на последни консултации околу нивниот заеднички настап на локалните избори”. Неофицијално: се пеглале недоразбирањата околу кандидационите листи.
Искрено зборувајќи, од фактот што “н$ заборавиле” ми лекна. Веќе ми стана заморно да им одговарам на новинарите дали навистина верувам оти СДСМ (и г. Црвенковски лично) се способни за какво и да е себепреиспитување и автокорекција. Во секој случај, во понеделник (17 јули) Извршниот одбор на Лигата за демократија ќе реши како ќе постапиме со нашите несудени коалициони партнери. Дотогаш: општинските централи (за секој случај!) ќе изготват сопствени листи на кандидати. Очигледно, не ни останува друго освен - на локалните избори во септември да одиме самостојно.
Ете, така изгледа сврши нашата соработка и со СДСМ. Ним пак, изгледа, Ѕинго и Драгиша Милетиќ им се поважен одошто Лигата за демократија. Што да се прави – ц’ест ла вие!
Ми се повтори чувството дека ни СДСМ, и покрај сета своја бројност, пари и луѓе, сепак не е посериозна партија од ВМРО-ДПМНЕ.

ДЕН КОГА УМРЕ СРАМОТ



Се чувствувам ужасно понижен од неделните избори. Оние што ме читаат веројатно ќе се сетат дека ние, од Лигата за демократија, немавме свој фаворит. Лично, многу ме интересираше изборите да успеат и да минат в ред. Воден од тоа љубопитство релативно рано (околу 14 часот) отидов да гласам. За оние што не знаат, живеам во Ченто, а гласаме во Основното училиште “Крсте Мисирков”. Атмосферата, најскромно речено, шведска! Населбата е доста пространа, па многумина доаѓаат со коли. Паркирањето, одењето до избирачките места (уште на самиот влез означени со бројки и стрелки), легитимирањето, добивањето печати врз избирачките легитимации + гласачко ливче, сето тоа се одвива речиси безшумно, со нагласена свест за значењето на изборот. Ми беше убаво околу срцето: ете, во една скромна, претежно работничка населба, европска атмосфера на култура и цивилизација. На излегување само прашав како е со одзивот. Љубезно ми одговорија. Ги поздравив контролорите. Тие отпоздравија.
И дома првин гледавме вакви слики од сите страни на македонската земја. Набргу, меѓутоа, фатија да се редат и други глетки: не знам која скопска ТВ куќа првин покажа гласачко место (снимено во 9 часот!) во едно село на најбројната малцинска група - во проѕирната кутија можеа да се избројат пет ливчиња. Во исто време, во едно друго (етнички слично) село изборите веќе завршиле (!?). Подоцна, од разни страни, населени со истиов етнос, доаѓаа сî понемили сцени: прикажуваа огорчени луѓе буквално поништени како гласачи - кога дошле да гласаат, некој пред нив, веќе им ја свршил работата (!?).
Во доцните вечерни часови од изборниот ден ги видовме резултатите од демократијата à la PDSh! Да не разбирав за што се работи срцето ќе ми препукнеше од милина: најправоверни муслимани (уште пред да го наранат добитокот) избезумено трчаат на избирачките места за да гласаат за стаситиот христијански проповедник. Да виду, да не верују! Уште малу да помислам дека PDSh ќе успее и да ги врати Албанците во нивната стара (христијанска) вера! Шегата на страна, фактот што сета наша изборна европштина беше поништена на ваков (да не речам каков) начин до коски ме понижи. Изборни измами има на сите страни од светот. Ги имаше и кај нас. Но, кога владејачката партија на мнозинскиот народ ќе дозволи една екстремна сепаратистичка групација да í ги реди работите во куќата, тоа веќе не мириса добро. Дури и нешто повеќе: почнува да смрди на пцовисано! Тоа во куќата на ВМРО умре срамот!
На вечерната прес-конференција во штабот на СДСМ не знам колку пати огорчено го повторија фактот дека на PDSh í успеало да му собере на безгрешниот отец Борис повеќе гласачки ливчиња одошто нејзините (и противничките) гласачи им го дале на своите соплеменици, гг. Неџипи и Халили заедно. Аферим, бре Арбене! СДСМ-овците беа страшно револтирани. Не верувам дека притоа некому од нив му се врати филмот и се сети што правеа и самите пред работите да дојдат на ова дереџе. Да потсетам со ред (пред десет години, на Свети Рангел, на 21 ноември 1989, беше напишана политичката платформа на Лигата за демократија и почна нејзиното основање, па ова редење намерно го правам од нејзина гледна точка)!
Пред првите парламентарни избори, како лидер на Лигата за демократија, сторив сî што можев за да го убедам тогашното нивно водство дека на Македонија повеќе í одговара пропорционалниот одошто мнозинскиот модел. Само, кој ќе ти слуша некаковси професор и ѓоа-лидер на една минијатурна, штотуку испилена партија, каква што беше Лигата за демократија. Се определија за мнозинскиот и резултатот е познат: СКМ/ПДП доживеа катастрофален пораз! Истава песна (само сега не лично, туку преку една колумна во ДНЕВНИК) му ја “отпеав” и на новиот лидер на СДСМ. Пак истиот игнорантски однос спрема мислењето на Лигата (што во меѓувреме стана уште поминијатурна од порано). Новиот лидер подоцна јавно призна дека направил “погрешна проценка”, а резултатот е познат: неговата партија се најде во магарешките клупи на опозицијата.
Сега нешто за “албанското прашање”! Како лидер на малечката (но елитна, нели?) Лига за демократија фатив пена на устата потсетувајќи, првин, на тоа дека PDSh никогаш не постапи според барањето на Уставниот суд на Македонија за измена на своите програмски заложби и затоа е практично полулегална организација. СДСМ, што ја имаше власта во свои раце, во ниеден момент не најде за потребно барем да се обѕрне врз ова мошне релевантно укажување на малечката (та затоа и беззначајна, нели?) Лига за демократија. Во исто време (и пак во истото својство) фатив пена на устата повторувајќи дека Арбен Џафери треба да се стави зад решетки по многу основи од Кривичниот законик: не еднаш, на пример, си играше дрн-дупка со земјата со чиј пасош патува наоколу подбивајќи се со нејзиното име и нарекувајќи ја “Поранешната југословенска република” (кривично дело повреда на угледот на Република Македонија од чл. 178 КЗ), а нејзиниот мнозински народ “Славомакедонци”, со што на овие им ја креваше утробата (предизвикување национална омраза од чл. 319 ст.1 КЗ), додека на една прес-конференција по гостиварските настани самиот, без некој да го тера, изјави дека гг. Османи и Демири работеле по негови директиви (поттикнување на кривичните дела за кои беа осудени градоначалниците на Гостивар и Тетово). СДСМ ја имаше власта во свои раце, а со прст не мрдна да се почитува кривичниот закон. Кој да ја слуша малечката, свилена Лига за демократија? И зошто, кога ним им беше добро? Сега, кога Џафери им го спакува претседателскиот подарок, во СДСМ врескаат до небеса. Еден болгарски виц вели: “К’сно е вече синко, рајбер’т е турен!”
Збор-два за избирачките списоци и легитимации! Со години повторувам (пак во својство на член или лидер на малечката, зборлеста Лига за демократија) дека избирачките списици не се ажурираат како што треба, дека во нив има умрени, отселени лица, дека во текот на изборите одненадеж исчезнуваат, а потем волшебно одново се појавуваат списоците за цели улици итн. итн. Никој, ама баш никој во СДСМ не ги чу нашите апели. Истото го зборувавме и за изборните легитимации: тие не би биле валидно средство за идентификација ни во Феријалниот сојуз. Документ за идентификација без фотографија постоел - но во 19 век! Во овој век и на овој простор таква легитимација е само инструмент за фалсификување на изборите. Но, тие избирачки списоци и тие легитимации (исто како и сега!) свршија работа: со нив СДСМ стана практично единствената владејачка партија 1994 година.
Само, оние “ем мангупчиња , ем ВМРО-вчиња” многу бргу учеа (и научија сî што треба!) од СДСМ-овците. И?
Па (како што велат на ЕПП), дојдете во Лигата за демократија да ви кажеме што да се прави и да се договориме за акција! Трето нема! И, да не речете после, дека не сум ви рекол! Притоа, без оглед на шегобијниот тон, ова најсериозно го мислам!

Ѓорѓи Марјановиќ

ПАТРИОТСКА АВТОЦЕНЗУРА


Минатата сабота ме немаше во ДНЕВНИК. Бев во Софија на прослава на 100-годишнината од првиот современ бугарски Казнен законик. Од мојот прилог за оваа прослава (посветен на кодификацијата на македонското казнено право) со тешко срце (а од патриотски побуди!) решив да ја испуштам партијата во која го излагам општествено-политичкиот амбиент во кој настанува нашиот нов Кривичен законик! Така си играв малу Англичанец (кој наводно никогаш не зборува против својата земја во странство!). Сега сум пак дома и не можам да одолеам на искушението да му откријам на читателот што сокрив пред Бугарите!

За жал, “новата власт” во Македонија (изникната врз урнатините на “самоуправниот социјализам”, а составена од луѓе формирани според комунистичката идеолошка матрица) е наполно неподготвена да врши суштествени измени во постојниот ред на нештата. Соочена со новите проблеми, оваа “нова власт” се чини дури поисплашена од старата, која одгледуваше барем илузија дека знае што прави, а особено се крепеше со уверувањето дека социјализмот (и покрај сите промашувања) е иреверзибилен процес, дека може само да се талка во барањето пат кон конечната “светла иднина”, но никако не и да се сврти наназад “тркалото на историјата”.
Новата власт е без таа илузија, а луѓето што ја сочинуваат со многу свои (несмасни) гестови покажуваат дека се наполно дезориентирани. Тие катаден повторуваат некакви флоскули за слобода, демократија, пазарно стопанство, приватна сопственост и слободно претприемништво, а притоа прават со тоа да биде слобода и демократија само за нив, а не и за нивните политички противници (целосна контрола над медиумите, на пример), безмилосно ги трошат парите од новите задолжувања во странство за смирување на социјалните тензии, за одржување вештачка стабилност на денарот, а не за оживување на производството и создавање нови работни места.
Приватизацијата е посебна приказна во овој контекст: таа, според судот на добро информирани економски експерти, е најобичен грабеж на “општествена сопственост”: наместо реална проценка на вредноста на овој капитал и негова повеќе или помалу справедлива распределба помеѓу сите што во текот на половина столетие придонесувале за неговото создавање (преку поделба на преносливи хартии од вредност, на пример), во Македонија е замислена и се спроведува приватизација што значи “бесплатна продажба” на фирмите на нивните менаџерски тимови, составени исклучиво од претставници на некогашната комунистичка номенклатура. Имено, ним (и само ним!) им се “продава” претежниот дел од фирмите со кои раководат, за сума што треба да ја платат во текот на следните децении од профитот кој го создаваат самите тие фирми. А тоа значи само едно: купување со туѓи пари!
Што се однесува до враќање на национализираните, експроприраните, конфискуваните или просто насилно грабнатите имоти од старите сопственици, постапката е допрва во почетна фаза: пријавување на побарувањата. Во законот (донесен под притисок на меѓународните инстанции, впрочем) не е предвидена ни можност за плаќање надомест за полувековното користење на тој имот, додека, од друга страна, доколку на наследниците на старите сопственици и им се врати нешто, за да го добијат тоа, ќе мора првин уредно да н ги платат наследните такси на државата!
Инаку, за да остане неказнет грабежот на општествената сопственост, се прави со за да се обезбеди задржување на власта во рацете на второто колено на комунистичкото воено благородништво. За таа цел дојде до флагрантно кршење на изборната процедура на изборите 1994 година, што, поради тоа, беа бојкотувани од двете најмоќни опозициони партии (ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија). Така денес Македонија има квази-плуралистичко собрание, составено само од партии-деленици на стариот Сојуз на комунистите (преименувани како СДСМ, ЛП, СП), партиите на Албанците во Македонија, како и неколку ситни (“директорски”) партии.
Има полно индиции (ако не и комплетни докази) за поврзаноста на власта со криминалното подземје. Тоа прави подземјето да се “осоколкува” и за потешки криминални напади врз имотот и безбедноста на граѓаните што не се расположени да ја плаќаат нивната “заштита”. Така, едно време бевме соочени со аферата “Hard Rock”, според разбојничкиот напад врз најголемиот диско-клуб во Скопје. Беше стонастотно докажано дека извршителите на нападот, за време на изборите му служеле како обезбедување на владејачкиот СДСМ, но никој од нив не одговараше (поради недостиг на докази!).
Подоцна изби нов скандал: дојде до пожар во диско-клубот, сопственост на првиот човек на Социјалистичката партија, во кој загина едно 15-годишно девојче, а имаше и повеќе повредени лица. Се покажа дека диско-клубот е граден без дозвола, па сепак, не само што никој не одговараше за она што се случи, туку ни диско-клубот не беше затворен. Таков каков што е (небезбеден!), тој и денес е собиралиште на огромна маса тинејџери.
По извештајот на Генералниот секретар на ООН, др Бутрос Бутрос-Гали, во кој изречно изразува сомневање во регуларноста на македонските избори, двете најголеми опозициони партии што ги бојкотираа изборите, се обидоа да ја искористат уставната регулатива и пристапија кон собирање потписи во прилог на распуштање на сегашното собрание и распишување предвремени избори. Власта, од Претседателот на републиката до последниот министер, ги користи сите релевантни домашни и странски медиуми (весници, радио, телевизија) за да докаже дека таква можност не постои во највисокиот правен акт на земјата.
Ваквата “ровка” општествено-политичка состојба во Македонија воопшто не е плодоносна почва не само за некаква темелна реформа на казненото право, туку ни за примена на важечкото. Од еден службен преглед за движењето на криминалитетот јасно се забележува значителен пораст на бројот на пријавените дела (од 14.838 во 1989 на 22.817 во 1993 година), со едновремено драстично намалување на бројот на пресудените дела (од 10.878 полнолетни осудени во 1989 на 6.538 во 1993 година). Во таа светлина треба да се оценува и дострелот на предложените реформи, што ќе ги изложам на следните страници!

ДНЕВНИК (I,49,14)