КОЛКУМИНА ОД БИСТИТЕ БИЛЕ ЖРТВИ НА СВОИТЕ?

Малу-малу, па туку некаде (во Велес, што се уште е Титов, или во Куманово, што никогаш не било негово) непознати лица ќе ја превртат бистата на некој паднат борец и ќе ја фрлат во коритото на Вардар ли, Средорек ли, кај што им е најблиску. Тоа, се разбира, веднаш го бележат нашите слободни независни медиуми (со кои се гордееме во регионов и пошироко!), барајќи од органите за прогон енергична потрага по непознатите сторители. Многубројните ќелии на боречката организација наводно веднаш го свикуваат своето престарено, изнемоштено членство и издаваат соопштенија во кои енергично и со индигнација протестираат против овие “вандалски”, “профашистички” акти, а не ретко се закануваат дека се готови пак, како некогаш (кога имале дваесетина години), да се стават на браникот на татковината нападната од “неофашистите”. Ни партиските гласила на здравите леви сили не остануваат покусо. И тие креваат глас и бараат одговорност за “сторителите”.
Мојот татко, кумановскиот учител Часлав Марјановиќ, е паднат борец, запишан на една од многубројните плочи на спомен-костурницата во Куманово (заедно со вујко ми Јордан Арсовски) и јас сум, ако не последниот човек, тоа секако еден од последните луѓе во оваа земја што би ги оправдувал актите на непознатите уривачи на бисти и спомен обележја. Па сепак, кога ги читам овие протести (најчесто не на изнемоштените борци, туку на нивните претседателства, најчесто не на новинарите, туку на нивните глодури, најчесто не на членовите на одделни партии, туку на нивната платена бирократија) ми се крева утробата од тоа безмерно, невидено и нечуено лицемерие. Како не им е срамота да врескаат до небеса против “непознатите сторители”, а притоа да не кажат ни збор за “познатите”. Да не одам многу далеку!
Неодамна, благодарение на подземните шепотења, беше откриена масовната гробница на нивните жртви во велешко. Нешто не се сеќавам некој велешки или не знам чиј борец (за раководствата на нивните организации и да не зборуваме) да се јави и да каже: “Тоа го сторивме ние! Јас, моите другари, моите соборци! И се каеме! Тоа ни е ноќен кошмар! Тоа ни ја загорчува староста!” Не се јави никој и (дај Боже да грешам!) нема да се јави.
Нешто пред тоа дознавме дека нашите “прославени борци” умееле да кренат рака и да убијат трудна жена само за да и го спасат образот на Партијата (читај: на нејзините истакнати кадри). А кога еден познат сторител на ваков еден тежок злостор (за кој денес се добива затвор најмалу десет години или доживотна робија - в. чл. 123 ст.2 т.5 КЗ), инаку универзитетски професор во пензија и, се разбира, и ден-денес (ако е жив!) член на боречката организација, го прашаа преку весник дали тоа навистина било можно, тој, без око да му трепне, одговори: “Да, можно е! Такво беше времето!” Не се сеќавам некој од неговите некогашни соборци да се јави и да побара (со индигнација!) оваа индивидуа да го напушти Сојузот на борците, како морално недостојна да биде во неговите редови. Не се јави никој и (дај Боже да грешам!) нема да се јави.
Зашто, јасно е: ако се јави, макар и само во еден случај, може да почне да се одмотува клопчето од стари гревови, па да дознаеме работи што и така веќе ги насетуваме - дека и многумина од оние на бистите биле токму нивни жртви!
Да потсетам дека тие исти борци владееја со оваа земја речиси половина век, а никогаш не спроведоа истрага за околностите под кои загина Рацин. Има повеќе од гласови дека основоположникот на современата македонска литература го суредиле членовите на боречката организација, а не клетите душмани. А таа боречка организација молчи!
Еднаш, пред повеќе години, во клубот на писателите присуствував на една средба со историјата: др Блаже Ристевски (секоја чест!) успеа да организира разговор со двајца од убијците на Рацин. Едниот (оној што пукал во поетот) дури се расплака, тврдејќи дека пукал не сакајќи. Упорно повторуваше дека има многу работи (забележано? Не би можел да се заколнам дека рече така!) да каже за околностите под кои се случила таа загадочна смрт. Иако читам многу, не сум сретнал дека тој некаде објавил макар и најкус запис за она што го знае. Ниту пак нашите слободни, независни медиуми кога и да е професионално (или непрофесионално, сеедно) и пристапија на оваа тема. Не, тие за ова молчат, зашто вистината очигледно е мачна за некогашната (и сегашната) владејачка партија.
Дури и нешто повеќе! По гореспоменатата средба (во Клубот на писателите) многу пати зажалив што состанокот не беше озвучен, зашто веќе и самиот тој разговор беше (или се чинеше дека може да биде) почеток на едно истражување на таа мачна тема. Кога еден ден, некој ми кажа дека старата добра УДБА потајно го снимала целиот разговорот, а лентата била преслушувана и на седница на ЦК на некаква си Партија ли, Сојуз ли... Најчудното (или најприродното!) во таа прикаска е што, наводно, шефот на една елитна мекомакедонска татковинска партија (што некогаш имаше седиште над местото на разговорот), откако ја преслушал лентата изразил мислење (или желба?) таа да биде уништена. Продолжението на прикаската никогаш не го чув. Што стана со лентата? Што било со Рацина? Тоа е многу поважно за историјата на Македонија од некоја биста што поради немоќниот бес на некој современ гемиџија ќе заврши во коритото на Вардар или Средорек.
А пропос, се почесто слушам гласови за тоа дека уште еден страдалник со урната биста (кумановскиот композитор Панче Пешев!) загинал од раката на своите соборци. Ако некој нешто знае, а нема храброст јавно да проговори на оваа тема, нека ми пише (макар и анонимно!). Адресата ми е: (се уште комунистичка!) “Јужноморавски бригади 72-б 91000 Скопје”.

Др Ѓорѓи Марјановиќ

1 comment:

Ајван Доктор® said...

Историјата,никогаш не се пишува без документи и покрај вообичаената пракса,кај нас,неа „да ја пишува Исклучиво победникот“!Во недостаток на докази (документи)поаѓаме од претпоставки кои најчесто се темелат на лажни изјави и пристрасни сведочења!Токму така наликува обидот,преку сведоци (единствено преку нив)да се означат поединци како патеници,или виновници!Проблемот е многу поширок,па дури и сами знаете дека без документи,како докази,пресудата кон одредени луѓе е нерелевантна,ништовна!Кај нас некако се повторува!Токму од она од што бегаме-заглавуваме во истата „комунистичка“кал!Однапред ги прогласуваме за виновни,им лепиме етикети за да ги оцрниме...Како поинаку да се оцени текст,во кој има многу сомнежи и претпоставки,па земајќи ги нив како основа,извлекуваме заклучок,како да сме осознале некои значајни случувања!Што,ако ви кажам за сомнежите дека Х.Тодоровски-Карпуш е ликвидиран од зад грб!?Што,ако ви кажам за тврдењата дека сукобот на „патриотскиот“Ченто со Темпо е единствено во неговото одбивање,на Заседанието на АСНОМ,да присуствуваат делегати кои тој, по Своја лична процена, ги оценил и ги етикетирал како „Србомани“?!Што,ако ви изнесам кажување кое укажува дека истиот герој (Ченто)инсистирал за делегати да се прифатат Истакнати Дейци на Българските акционни комитети (ВМРО) – Йордан Чкатров и Трайче Чундев?!Дури и денес е вообичаено зад маската на патриотизмот да се кријат туѓи ветришта!Искрено,токму тие-Българомакедонците,затскривајќи се зад Најголемата македонска Лага и Заблуда (ВМРО) ја прават најголемата Каша превземајќи го за себе Ексклузивитетот да се нарекуваат Македонски Патриоти!Историјата има документи,Јасни и Недвосмислени и покрај обидот на „нашите“квазиисторичари за нивно субјективно-пристрасно толкување,или,нивното толкување според потребите на дневната политика!