Не знам како е во другите партии, но во мојата е за никаде: поради
минатонеделната колумна (во врска со "откачувањето" на ОБСЕ) бев подложен на
жестока критика. Демек, моите лични ставови биле едно, а интересот на Лигата за
демократија да комуницира со оние што јас лично не ги трпам - нешто сосема
друго. Па што требало да сторам? Требало да им ја дадам адресата на Лигата и да
им кажам поканата таму да ја пратат. А таму веќе ќе се најдел некој да појде на
трибината. Пеки! Така ќе правиме в иднина! Притоа не сум сосема сигурен во кое
својство сакаше да ме покани ОБСЕ: како партиски лидер или како професор. Тоа
џентлменот со кого разговарав не го кажа, а мене ме мрзеше да го
прашам.
Инаку, "меѓународната" како да фати да ни се меша и во мошне
суптилни партиски работи. Во програмските определби! Во Европа, да речеме, не ќе
може да се влезе додека не ги озакониме браковите меѓу гејовците, од една
страна, и меѓу гејовките, од друга. Прашањево, верно, не го актуализираше
"меѓународната" директно, туку СДСМ-то ни: прочитале некаде (или чуле, сеедно!)
дека 30 на сто од популацијата на една земја е хомосексуална, па побрзаа по
сопствени канали да протурат дека ги примаат во АРМ, во МВР (во членство?), а
богами не се стегаа да им го признаат ни правото на брак! Притоа веројатно
веруваа дека вака со сигурност ќе сметаат на тие 30 насто гласови.
Тука
малу се "прејдоа", зашто го заборавија фамозниот етнички критериум, со кој
бесконечно се забавуваме, меѓу другото, и во Советот на Град Скопје. Советот, да
речеме, треба да избере два члена на управниот ли, на надзорниот ли одбор на
некое јавно претпријатие, а браќата запнале, според тој етнички клуч, едниот да
биде од нив; нашиве се заинатиле: "Не може! Еден ваш, еден наш од двајца, тоа ти
е по педесет на сто. А вие сте само 25,17!" Логика и пол! Само, тие веќе свикнаа
на вакви "заокружувања": сетете се и пред Охрид беа 25,17, а сепак преговараа
фифти-фифти. Две наши и две нивни партии.
Туку, да се вратам на
геј-популацијата! Според етничкиот критериум браќата се, да претпоставиме, 25,17
на сто во вкупната маса на населението на Македонија, а тоа изнесува толку и
толку илјади жители, па од нив 30 на сто се гејовски настроени, така што таа
цифра (повикувам некој математичар на помош!) треба да се одбие од цифрата на
која смета СДСМ. Едно е јасно: гејовци/негејцови браќата нема да гласаат за
СДСМ, туку за своите соплеменици.
Е сега, како го решивме тоа ние во
Програмата на Лигата за демократија? Не сакајќи да се спуштиме на сдсм-овското
рамниште и бедно да и се додворуваме на геј-популацијата, ние во програмата
вметнавме само толку дека сме против секаква, па и полова дискриминација. А ако
сме против дискриминирање на послабиот (а поубав) пол, во однос на посилниот, се
разбира дека сме и против дискриминирање на оние што се формално припадници на
посилниот пол, а суштествено имаат изразени склоности на послабиот
(поубавиот).
Се подразбира, значи, дека немаме ништо против браковите
помеѓу нив, зашто држи вода аргументот дека и на ваквите партнери треба да им се
обезбеди подеднакво социјално и пензиско осигурување, право на делба на
заеднички спечалениот имот во случај на распад на заедницата и, се разбира,
подеднакво право на меѓусебно наследување. Притоа, сосема е сеедно колкав е
нивниот број. За разлика од "социјалистите од Ѕинголенд", ние овие или оние
права на геј-популацијата не ги врзуваме за олкавиот или онолкав нивни број,
туку прашањето го решаваме принципиелно. Тоа значи: ако оваа заедница се
изедначи со брачната, тие двојки би морале да имаат и право на посвојување деца.
Се разбира, сево ова не е експлицитно содржано во новоприфатената Програма на
Лигата за демократија, туку се подразбира, односно - може логички да се извлече
од принципот на недискриминирање.
Деновиве за една телевизија, чијшто
газда инаку не ме трпи особено (слушам, бил љубител на ганц-нови "женски
партии"), морав да одговарам на уште едно "незгодно" прашање. Кога велам
"незгодно", мислам: политички скокотливо! Мојот став е одамна познат, а да го
кажам вака (и овдека) може пак да ми земат за зло во партијата, зашто повеќе од
сигурно е дека на мнозинството и во партијата и надвор од неа нема да им се
допадне. Што било работата? Каков ми бил ставот за легализацијата на
марихуаната?
Се направив "на три и пол" и не праша во кое својство ме
анкетираат: како професор по право или како партиски лидер. Ако во Лигата за
демократија ми се лутат поради одговорите секогаш ќе можам да кажам дека тоа е
мој став како на професор по право и дека тој не е од вчера, туку најмалу
дваесетина години стар.
А ставот ми е дека нема никаква разумна причина
марихуаната да не се легализира. Најмалу од две причини: марихуаната се пуши во
вид на цигара, како и тутунот, со тоа што не е штетна за здравјето (така барем
засега тврди медицината!) и не создава зависност. Тутунот е докажано штетен и
докажано создава зависност, а сепак наполно дозволено се произведува, се продава
и се консумира. Argumeto a majore ad mius (заклучувајќи од полошото кон помалу
лошото), ако дозволуваме нешто што е полошо - тутунот! - дотолку повеќе мора да
дозволиме и нешто што е многу помалу лошо - марихуаната.
Ако јавно се
фалиме дека имаме потенцијал да остваруваме девизен прилив од сто милиони евра
со извоз на тутун (и уште не знам колку милиони од неговата продажба дома),
бидете сигурни дека ќе може да оствариме три пати повеќе средства од
марихуаната: сите нејзини љубители од обединета Европа ќе ни доаѓаат на гости
како туристи, меѓу другото, и поради добрата македонска "тревка". Притоа никој
нема да може да не прекори: марихуаната е поодамна легализирана во Холандија,
ако не се лажам. А тоа е европска држава par excellece! Што сме ние подолу од
Холандија?
Однапред го знам најтешкиот приговор: сите нарко-зависнички
биографии започнуваат со марихуаната. Ова е точно, но точно е и тоа дека сите
нарко-зависници започнале и како пушачи на тутун, па никому не му паѓа на памет
поради тоа да го забрани тутунот. Од друга страна, Македонија со векови
произведувала опиум (засечени се дури и афионските чушки на нашиот државен грб),
но никогаш не го злоупотребувала. Наркоманијата е бегство од реалноста. А никој
не бега од арно! Кај нас наркоманијата е во подем главно по осамостојувањето (и
владеењето на СДСМ). Размислете и околу ова!
Дневник Број 2929
понеделник, 05 декември 2005
Subscribe to:
Posts (Atom)