ДА СЕ ЧУДИВ БУДАЛЕ!

Моиве белешки на страниците од ДНЕВНИК полека но сигурно добиваат карактер на прилози за некакви идни мемоари што, повеќе од сигурно, никогаш нема да ги напишам: таков вид литература пишувааат важни луѓе, во кои јас не спаѓам. Згора на тоа, според некои несудени градоначалници, јас сум бил и роден губитник. Доказ: мојот последен пораз против Циле Национале (опеан во дар-мар поезијата на ДЕНЕС).
Сосема ќе личи на мене ако кажам дека отфрлањето на кривичната пријава на Лигата за демократија од страна на скопското јавно обвинителство го сметам (ева!) за целосен успех: ние уште кога ја пишувавме бевме сигурни дека таа пријава ќе биде одбиена! Некој ќе праша: “Тогаш, кој ѓавол сте ја пишувале?” Кумановци би одвратиле: “Да се чудив будале!” Но, бидејќи креатури на кои волку им сече умот има многу повеќе од оние што го разбраа нашиот наум, можеби не ќе биде излишно тој наум и да се објасни, иако тоа личи на толкување успешен виц!
Појдовна теза на нашиот кривично-правен експеримент беше дека Македонија е сто (светлосни) години далеку од правна држава. Овој поим, инаку, им е секојдневна водичка за испирање на устата и на Циле и на неговиот министер на правдата. Како да се докаже дека нашата теза држи вода? Просто, та попросто да не може да биде: во земји како нашата, дури и кога е јасно како бел ден дека е сторено кривично дело, ако сторителот е важна личност, делото останува неказнето! Законите важат за народот, не за неговите носоводители! Секој обид сторителот да се изведе пред суд војниците на партијата на поредокот го оценуваат како цуркузантство и со презрение го отфрлаат.
Последниве години Лигата за демократија и јас јавно посочивме барем два еклатантни докази за непостоење правна држава во Македонија: едниот беше “случајот Џафери”, другиот аферата со “тајванската провизија”!
Во Гостивар се случи тоа што се случи, а законот, не сакајќи по магарето, удри по самарот: гг. Османи и Демири добија строги казни затвор, иако човекот по чии директиви работеа и ги заработија тие казни (Арбен Џафери) јавно го призна давањето на директивите.
За оние што не знаат: да му дадете некому директива да ја убие својата драга тешта во кривичното право се вика “поттикнување”, а тоа (според чл. 23 ст. 1 КЗ) се казнува исто како и извршеното убиство. Неколку пати јавно, преку весници, го прозивав тогашниот Републички јавен обвинител (г. Стеван Павлески), да каже зошто не го гони поттикнувачот Џафери, кога поттикнатите веќе лежеа затвор. Приватниот (пријателски!) одговор беше: работата се истражувала! Се истражуваше, се истражуваше и (како што очекував) - никогаш не беше истражена. На крај (како што е Господ, никој не е!) г. Павлески, наместо благодарност што го спаси од затвор тетовскиот осаменик, доби клоца од местото прв обвинител на земјата. Смената на врвот од обвинителството, меѓутоа, во една правна држава нема никакво правно значење: кривичното дело на Арбен Џафери сé уште не е застарено (а не може да го спаси ни фамозната амнестија, таа се однесува само на пресудените случаи)! Но, не верувам дека г. Џиков ќе ја поправи грешката на г. Павлевски, без притоа да ја урне коалицијата (и, се разбира, себеси).
Потем дојде аферата со “тајванската провизија”: на Циле некако му се откачи, та во Кавадарци и во Штип кажа и повтори не само дека примил провизија, туку и колку (40.000.000 ДЕМ), а кажа и што сторил со тие силни пари: наводнп í ги подарил на државата. На владините средства за јавно информирање (како на електронските, така и на печатените) не им падна на памет да проверат во Министерството за финансии колку пари подарил Циле (а не подарил ништо!), но затоа побрзаа да í дадат голем публицитет на оваа изјава. Зашто, тоа мирисаше на промени: луѓето од старата власт, според Циле, примале провизија и си ја ставале в џеп, додека ние (алтернативните демократи!), “ние не ја зедовме, (туку) ја подаривме на државата”.
За голема жал на Циле & комп., старата латинска изрека “Verba volant, scripta manent” (“зборовите летаат, напишаното останува”) сé уште важи: неизбришлива трага од јавното признание на Циле остана запишана во органот на ССРНМ/ВМРО-ДПБНЕ под доста забележлив наслов “ПРОВИЗИЈАТА ОД ТАЈВАН ЈА ПОДАРИВМЕ НА ДРЖАВАТА” (НОВА МАКЕДОНИЈА, 5.02.1999, стр.4).
Овој напис и неговата содржина, верувале или не (сите освен некои дар-мар умови), не успеало да го забележи само скопското основно јавно обвинителство. Луѓето таму или не знаат да читаат македонски или имаат проблеми со видот. Во секој случај, оваа угледна установа уште само што не ја укори Лигата за демократија дека трапаво си ја врши работата: (1) требало веројатно да појдеме во Кавадарци и Штип и да откриеме кој стои зад иницијалите Н.Н. и С.Ј., со кои е потпишан текстот, па откако ќе ги откриеме новинарите, да им земеме судски заверени изјави дека Циле навистина го изјавил она што тие го напишале; (2) требало веројатно да му појдеме и на г. Слободан Чашуле (тогаш главен и одговорен уредник на НОВА МАКЕДОНИЈА), па и од него да земеме судски заверена изјава за тоа дали по објавувањето на оваа вест за дарежливоста на Алтернативата можеби дошол некаков демати со кој тврдат дека Циле верно така рекол, но не мислел така, па новинарите погрешно го разбрале; притоа Лигата за демократија секако требала да го распраша г. Чашуле и зошто не е објавен таков деманти; (3) Лигата за демократија потем веројатно требала да ги обиколи сите македонски ТВ студија (кое државни, кое приватни) за да ги пронајде лентите од кои уште еднаш ќе се види што рекол рекол претседателскиот кандидат.
Наместо тоа, Лигата за демократија сметаше дека тоа не е нејзина, туку работа на оние што државата ги плаќа да ги бркаат, фаќаат и изведуваат пред суд криминалците.
Посебно интересно (и симптоматично) е дека бесмртниот орган на ССРНМ/ВМРО-ДПБНЕ, кој со своето пишување ја замрси целава работа, не објави ниту збор за пријавата и за нејзината судбина. За овој весник немаше ни пријава, немаше ни отфрлање. За него го немаше дури ни неговото сопствено пишување.
Ова, се разбира, не е ништо ново: НОВА МАКЕДОНИЈА така се однесуваше и во далечната 1983 година, кога во Струга почна битката за слобода на говорот како предуслов за слобода на здружувањето и плуралистичката демократија. Ева! Премолчувањето не помогна (како ни научните докази на д-р Камбовски) : денес го имаме и едното и другото и третото! Идеите што узреале секако ќе се остварат. Така стојат работите и со идејата за правна држава. Пишувала за тоа НОВА МАКЕДОНИЈА или не, ако сакаме да влеземе во Европа ќе мора да станеме правна држава. Сé додека законите важат за едни, но не и за други, Европа нема да нé прими без оглед на тоа колку убави закони прави владата на хартија. Една англиска бароница (Кенеди) неодамна тоа сосема отворено ни го рече: “Не е важна буквата на законот, важно е што правите вие со тој закон!” Или така некако.

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: