СИТНОТО, ДРОБНОТО…


Минатата недела на почетокот од испитот по кривично право, додека првите кандидати размислуваа за поставените прашања, јас прошетав меѓу “публиката” и во еден момент го забележав мојот учебник, во “фотокопирана верзија” и - веднаш го конфискував! Фотокопирањето туѓа книга е кривично дело повреда на авторското право и јас секогаш му оставам на фалсификаторот “да избира” помеѓу мојата конфискација и пријавата до јавниот обвинител (казната за реченото кривично дело е парична или затвор до една година). Сите, за чудо, ја жртвуваат фотокопијата и се определуваат за мојата “приватна конфискација”. Ова го правам со чиста совест зашто при објавувањето на учебникот не ме мрзеше посебно да укажам на овој факт: во лесно забележливо “антрфиле” јасно и гласно стои дека фотокопирањето или друг вид репродуцирање се казнува според чл.157 ст.1 КЗ!
Инцидентов ми даде идеја да ги прашам присутните кое е најчесто извршуваното кривично дело фалсификување кај нас. Кандидатите не знаеја или не можеа да се сетат, но затоа пак сопственикот на конфискуваната книга рече: “Фалсификувањето регистарски таблички!” Сите погледнаа изненадено кон него, јас не помалу. Не можев да се воздржам да не претпоставам (јавно) дека тој мора да е полицаец. И навистина беше!
Овој ситен настан ме потсети на писмото (објавено дури во две различни публикации) на некој читател од Битола, со кое, загрижен за едно секојдневно беззаконие на великодостојниците на благонадежната ни партија на власт, со сиот респект спрема мене и мојата партија (сполај му!), јавно ме повикува да реагирам на гафот со лавчето залепено на нивните автомобилски таблички. Секој ден, имено, среќаваме возила на воспалени ВМРО-вци, кои залепиле посебна налепница на местото каде што, по налог на Уставниот суд на Македонија, тогашниот министер за внатрешни работи, г. Данаилов-Фрчковски, генијално се досети да се повторат на кирилица (?!) латиничните букви од регистрацијата.
Ова “генијално” звучи (и треба да звучи) по малу саркастично, зашто уште пред да се дизајнираат новите таблички, еден читател од Берово ли, од Пехчево ли, предлагаше да се користат само буквите што ги има и во латиничното и во кириличното писмо (како што тоа денес го прави Болгарија, на пример), а квадратчето “за кириличните букви” можеше да биде резервирано за грбот на Македонија (па и за лавчето, доколку конечно решиме да си го вратиме како службен стариот земски грб на Македонија). Само, кај се видело еден министер за внатрешни работи да послуша совет на некојси таму Беровчанец или Пехчевчанец (чувај Боже!). И така добивме регистарски таблички од кои се поглупави само уште италијанските (во кои крупните букви на градовите уште еднаш, со истото писмо, се повторуваат како ситни!?).
Ова со лавчето, патем речено, не е единствената интервенција што се прави во регистарските таблички. Еден ден во мојата населба налетав на луксузна црвена кола (оние од над 100.000 марки) со прекрасно дизајнирана табличка: беше како оригинална, но барем два пати помала по обем. Го прашав момчето што ја возеше колата што треба да значи таа табличка, а тој најискрено одговори дека оригиналната била преголема и грдо стоела врз колата, па нарачал да му направат ваква.
Од време на време во Скопје може да се налета на коли на кои напред или назад, наместо нормална, стои табличка со името или прекарот на сопственикот (Шишко, Лисец, ако добро се сеќавам). Најчест случај е, меѓутоа, украдените, загубените или одземените таблички да се заменат со таблички од своерачно производство: на некакво тенекивче или на парче картон сопственикот (повеќе или помалу вешто) ќе си го напише регистарскиот број и - еве ти регистарска табличка!
Да не зборувам посебно за регистарските таблички врз кои сопствениците не ги залепиле кириличните букви, туку и натаму возат со првобитниот симбол (ловоров венец со кратенката “РМ” во средината).
Како што може да види и мојот битолски симпатизер, појавата е буквално масовна, а спротивна на Кривичниот законик, само тоа не е моја грижа, ниту грижа на Лигата за демократија, туку на власта. Од примерот на почетокот од овој текст, е јасно како бел ден дека полицијата знае за тоа неброено често фалсификување и - не презема ништо. Претпоставувам дека резонира вака: ако некој јавно се пофали дека добил провизија од четириесет милиони марки, а подарокот не го пријавил и на него не платил данок (што е кривично дело, да повторам!), кој има образ да казнува за вакви багателни фалсификати (уште инспирирани од патриотизам!). И така, ако органите за прогон мора да ги толерираат престапите на крупните риби, нормално е да се прават недоветни кога се работи за масовните престапи на ситните. Во тоа можеби уште и има некаква правда, но никако не и она што е амбиција на Уставот на Република Македонија: земјата да биде правна држава, како Германија, Франција, Швајцарија…
Секогаш ме изненадувало, зошто вака се однесуваме во ситни нешта. Во сите други, значајни (понекогаш повеќе или помалу драматични) ситуации умееме да го изненадиме светот со својата прибраност: ете, никој не заборава дека Македонија е единствената република што се отцепи од матицата без капка крв, без еден единствен истрел. После дојде атентатот врз Претседателот на републиката: државата ни за момент не престана да функционира, небаре ништо драматично не се случило. На изборите од 1994 година превапсаните комунисти победија само благодарение на тоа што ороспијата од Вавилон реши да им ја признае кражбата. На минатите избори беше поинаку (иако не знам зошто) и македонскиот народ, небаре најмалу двесте години живеел во демократија, им даде отказ на дотогашните властодршци. Ним, од своја страна, не им падна на памет да го следат светлиот пример на северниот сосед и да се обидат да í ја одземат победата на опозицијата. Напротив, небаре сме Шведска, Данска или Норвешка, тие му честитаа противникот уште пред да се објават официјалните резултати.
На последниве (претседателски) избори се повтори Англија: фино, тивко, мирно (и по малу крволочно!) народот реши да ги казни новите ВМРО-вски властодршци за лошото управување со земјата во првите десет месеци од мандатот: докажаниот автор на “бугарските летоци” води со изненадувачки висока предност!
По сî што се случи минатата недела уште и би се согласил со др Цуцуловски дека македонскиот народ заслужува подобра власт од оваа што ја има: ете, истиот тој народ свесно реши да го жртвува својот национален интерес (економскиот прогрес!) за доброто на интернационалниот - кога од предизборниот проспект на др Васил Тупурковски дозна дека тој предавал на 60 универзитети, народот без двоумење (иако со тешко срце!) реши да не го избира за шеф на државата за да може и натаму да ја сее македонската наука по белосветските универзитети.

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments: