ПРЕРАНИ ПЕТЛИ
Пред некое време убаво ме насмеа веста за тоа каде Министерството за урбанизам решило да го смести офисот на г. Борис Трајковски: ни повеќе ни помалу туку на просторот помеѓу едни гробишта и едно прочуено скопско циган-маало. Бог да чува и да брани! Верно, на времето претседателскиот кандидат се прослави со еден гег, кога вети дека од Охрид ќе направел светска културна некропола, но сите добронамерни сфатија оти се работи за лапсус (човекот очигледно сакал да каже “метропола”, но тажните македонски реалности потсвесно го извртеле саканото во “некропола”). Да не е Претседателот на републиката од нивната партија, човек би помислил дека Министерството намерно сака да ја омаловажи оваа институција лоцирајќи ја до една субстандардна градска населба и до едни спомен гробишта (!?). Меѓутоа, се стори! Предлогот отиде во јавноста и, како што ги дал Господ вмровците, не е чудо, кога тие ќе нешто ќе намислат, тоа и да го претворат во дело, па - нека чини колку сака! Како ова чудо од намисла практично да се уништи Универзитетот преку административното пензионирање на професорите! Само, градбата на Претседателската палата сепак не е исто што и уништувањето на универзитетот (и уривањата во Злокуќани).
Со едно бројче во законот, повеќе генерации научници (создавани со децении) ќе бидат префрлени во категоријата пензионери, за потем на МРТВ-ата да чекаат вести за тоа од кога до кога ќе може да се надеваат на својата тенка пензија. Ништо полесно од тоа! Но, дали некому некогаш му паднало на памет од кога тоа образованието станало државна администрација. Тоа е можно само “у једној земљи сељака, на брдовитом Балкану”. Дали некој се запрашал што ќе стане со специјализантите на Медицинскиот факултет, што ќе биде со магистрандите и докторандите на овој и на сите други факултети, ако пензионираните професори решат едногласно да не учествуваат во ниедна од тие активности што значат создавање научен подмладок. Од разумни причини, верно, тоа нема да го сторат. Но, така може да постапат од чист инает (а тоа ни е доминантно национално својство, толку наше што дури и Болгарите, кога сакаат некого да го означат како тежок инаетчија, велат “ах този македонски инат”!). Кој, значи, ќе ги пишува рецензиите на книгите, кој ќе ги оценува ракописите на магистерските и докторските тези? Кога ова прашање му го поставив на еден колега од факултетот, човекот кисело се насмевна и процеди низ забите: ќе донесат луѓе од Софија!
Така, малу по малу фаќа да ми бива јасна филозофијата на младиот војвода: првин да разурне сѐ што досега се правело во земјата македонска, а потем сѐ да гради од ново (во сообразност со нашите докажани болгарски корени, нели). Господ нека ни е на помош! Но: ДПБНЕ - и сѐ е можно!
Патем, на факултетот владее општо, неподелено и силно разочарување дека токму еден Гале Галев учествува во сето тоа. Никој не може да го препознае овој човек во упорноста со која станува соучесник во уривањето на нашата Алма Матер. Кога одеше за министер ми рече дека имал желба да се обиде нешто да стори. Тогаш мислев дека оди за да гради, а не - за да урива! Во секој случај, како што изгледа, полека но сигурно фатил да чекори по врвиците на својот фамозен претходник, веќе спомнуваниот експерт по здруженотрудологија, Тицко Беличанец. Ако последниов го паметиме по првиот тежок удар врз Универзитетот, Гале има добри шанси да го запаметиме по неговото конечно разнебитување.
Туку, јас забегав! Фатив да пишувам за Претседателската палата, а запливав во сосема други води! Се надевам дека читателот ќе има разбирање за оваа дигресија: кога и да појдам на Факултет, со кого и да се сретнам, сите вознемирено (би рекол дури уплашено) зборуваат само и единствено за Галевиот закон за предвременото пензионирање. Така, можеби и потсвесно, човек не може да размислува за ништо, а мислата да не му заталка во она што најмногу го мачи: неговата загрозена егзистенција!
Но, да се вратам на Палатата! Ако се запостави старата (комунистичка) замисла Претседателската палата да се гради во близина на одамна проектираното ново Народно собрание, на просторот од изгорената црква Св. Богородица (ако не се лажам), што токму поради тоа и нема изгледи да се изгради, останува само уште алтернативата, што на времето ја понуди Лигата за демократија. За да не ми префрли некој дека правам партиски маркетинг, еве, идејата ја пренесувам од ДЕМОКРАТСКИ ФОРУМ (бр. 9 од мај 1992 година):
Скопјани од постарата и средната генерација со носталгија се сеќаваат на убавата едноставна градба што го красеше Калето. Градба што е “забележана” и врз грбот на град Скопје. Неа (за оние што ова не го знаат) не ја урна земјотресот, туку вандалски настроените “градски татковци”, опседнати со манијата да изградат едно “Ново Скопје”. Тие го довршија она што земјотресот одвај го беше начнал. И така сега средишното место на старото градско јадро е празен, недефиниран простор без содржина и намена.
Многубројните предлози за ревитализација на Калето, се чини, забораваат едно нешто: дека Горни град во Тврдината (арапско-турски: кале) отсекогаш и насекаде во светот бил центар на власта, било градска или државна. На таа “ситница” ќе мора да се мисли и при ревитализацијата на Скопската тврдина: на Калето треба да му се врати функцијата на средиште и седиште на македонската држава. Собрание имаме, седиште на владата денес или утре ќе стане стариот добар ЦК СКМ. Калето, онакво какво што го паметиме (и какво што го прикажуваме на илустрациите во овој број на “Демократски форум”) е идеално место за Претседателската палата: службена резиденција на Претседателот на републиката, место каде што ќе се предаваат акредитивите на амбасадорите, каде што ќе се пречекуваат странски државници, каде што ќе се предаваат одликувања на заслужните, каде што ќе се одржуваат приеми по повод националните празници. Во неработните денови може да биде отворена и за посетители. На нејзините ѕидови може да се прикаже целокупното македонско сликарство (од иконите и фреските до денес!).
Ете, така предлагаше (и предлага) Лигата за демократија. А така и ќе биде, со Божја помош, како што се случи и со “футуристичкото здание крај Вардарот”. Го забележавте, се разбира веќе оствареното (Настрадамусовско!) предвидување: “седиште на владата денес или утре ќе стане стариот добар ЦК СКМ”. Еден ден или друг, Претседателот на Република Македонија ќе столува во барокно едноставното здание на Тврдината (и тоа ќе биде најубавата претседателска палата на Балканот!). А нам, од Лигата, ќе ни припадне задоволството да потсетуваме дека тоа одамна, одамна било наша идеја! Наша несреќа е само тоа што сме петли што прерано пеат!
Ѓорѓи Марјановиќ
No comments:
Post a Comment