ПИСМО ОД РИМ - ВТОР ПАТ!
Во далечната 1987 година белградска КЊИЖЕВНА РЕЧ (а сетне и ДУГА) го објави моето ПИСМО ОД РИМ. Беше тоа горчливо иронична “колумна”, во која пишував за штетата што Тицко Беличанец, ѝ ја направи на Македонија со својот пензиски закон: со една единствена цифричка му успеа да истреби рамно 276 универзитетски професори! Подвиг рамен на оној од Херострат, човекот што го запалил прочуениот Артемидин храм во Ефес за да остане запаметен од историјата.
Писмово го бев испратил до повеќе редакции во Скопје и Белград, иако ми беше наполно јасно дека немаше теорија тоа да види бел ден во Македонија: со неа во тој момент, покрај споменатиот здруженотрудолог, владееја уште и докторите Камбовски и Климовски, сите со ред прославени првоборци од загубената (ева!) историска битка на Партијата и Државната безбедност против осведочениот непријател на социјализмот по име Ѓорѓи Марјановиќ. Нејсе!
Во тие, сега веќе одамнаминати времиња, нашето критички настроено, вистинољубиво новинарство беше постигнало вистински ѕвездени дострели: универзитетските професори, што беа покренале постапка за испитување на уставноста на законот за предвремено пензионирање, еден новинар со богата имагинација ги нарече “мали Нерони”: Рим гори, извикуваше весникарчево со индигнација, а малите Нерони свират на своите лири и (мазохистички) плачат што државата веќе не дозволува нивниот бедно платен труд да биде експлоатиран барем уште онолку колку што е ред на универзитетите во другите (тогаш: братски) републики и покраини на студениот север (!?). Така, со здружени сили на политиката и журнализмот, падна курбан една четвртина од сите универзитетски професори во Македонија.
По пропаста на комунизмот, моите студенти, еден ден, најбезобразно ме прашаа дали ќе се преземе нешто на нашите здруженотрудолози да им се одземат докторските титули. Аргументација за ова “барање” се темелеше врз буквата на законот: таму стоеше (и сѐ уште стои) дека докторската теза мора да биде придонес кон научната вистина, а пропаста на самоуправувањето покажа дека тезите на нашите здруженотрудолози не претставувале никаков научен придонес. Нездрав либерал, како што ме дал Господ, јас дури ги бранев Тицко и компанија: ако и не се придонес кон науката, нивните тези секако се придонес кон историјата на правото на овие простори и пошироко! Да беа случајно во Албанија, денес немаше да се перчат со титулите и да млатат пари како велестручњаци за приватизација и за уште низа други специјалности. I am sorry, but - се стори!
Политиката во времето на здруженотрудолозите воопшто и не се обиде да сокрие дека мотивот за овој лоботомски зафат врз умот на Македонија е, всушност, пресметка со постарата политичка гарда, која и ја беше довела земјата во состојбата во која тогаш се наоѓаше.
Деновиве има сериозни навестувања дека умот на Македонија ќе биде подложен на втор неврохируршки зафат: топ тема во медиумите е т.н. административно пензионирање (и) на универзитските професори. Наводно, тоа го барале некои белосветски институции (јали ММФ, јали Светската банка), оние исти што еден ден (со милоста на Алах!) ќе нѐ натераат да го признаеме The Little River University, иако таму, изгледа, може да предаваат и луѓе без каква и да е научна титула. Некој ќе рече: Ама вчера нѐ теравте да отпуштаме доктори на науки, само затоа што биле прекубројни, како може овие овдешниве да бидат токму? (А можеби токму тука и лежи зајакот - ќе нѐ избркаат нас за да се направат места за нив! Тоа сосема се вклопува во европската и светската моралност, кога е Македонија во прашање.)
Ако има предвид дека во меѓувреме Македонија незапирливо паѓаше сѐ подолу и подолу, читателот може со леснина да ги сфати размерите на денешниов пожар во Рим: втората лоботомија врз мозокот на Македонија има изгледи да биде уште покатастрофална по своите ефекти од онаа од пред десетина и кусур години.
Од разни страни пак, добронамерни, загрижени пријатели, ми дошепнуваат дека ни овој зафат не бил без определена доза на политичка злонамера: коалицијата (за промени) сакала да се ослободи од бандоглавите критички настроени граѓански интелектуалци на сите рамништа, за да си направи место за своите (по друг критериум проверени) кадри. Кога сум јас лично во прашање, велат злите јазици, посебно демократските алтернативци не можеле да ми простат (мене и на мојата Лига за демократија) за дебаклот на претседателските избори! Доказ: некој од нив (што има увид во моето работно досиеј) со астрономска прецизност пресметал дека имам ни повеќе ни помалу туку рамно 34 години работен стаж, па тоа било пресудното што за пензионирањето се определиле токму на оваа цифра, а не за некоја друга!
Енергично протестирав против логиката на оваа шпекулација: та, не сум само јас во прашање, се пензионира едно чудо луѓе! Луѓето ми се смеат в лице и ми велат: небаре сега, како и оној пат, пред години, на политичарите им е гајле за луѓето, или за умот на Македонија, или за самата Македонија. Другите ги пензионираат за да не се сетат Власите дека тоа се прави за да се елиминира токму Марјановиќ!
Не ми паѓа на памет да поверувам во оваа приказна. Таа, од една страна, и премногу ми ги крева акциите, а, од друга страна, не држи вода, нема логика: ако ме тргнат од моите студенти, ќе ме направат професионален политичар - Лигата за демократија ќе добие лидер што ќе работи со полно работно време, а тогаш штетата за алтернативците (и за ините!) секако ќе биде поголема.
Па сепак, колку подолго и потрезвено размислувам за навестениот гест на власта, толку повеќе ми се врти во умот мислата дека во овие зборувања може да има и некаква вистина. Работата едноставно мириса на ујдурма: работната верзија на новиот закон за високото образование, што треба да биде донесен на есен, ја прифаќа европската регулатива и практика, универзитетските професори да може да останат на своите места до седумдесеттата година од животот. Каква логика може да има во брзаницата со административното пензионирање, освен, некои непожелни, да се истават оттаму, за да не може на есен да се засолнат зад привилегијата што ја спомнав.
Од друга страна, некако не ме бендисува ни идејата, факултетите сами да решат без кои професори не се може: ваквата солуција ги казнува токму оние без кои се може, оние што обезбедиле наставно-научен подмладок за своите катедри!
Иако не верувам во теоријата на заговор, тој мотив сепак не може ни целосно да се запостави. Еве, затоа, една јавна понуда до министерот Галев (тој не бил и не е војник на Партијата): нека ме пензионира само и единствено мене, а нека ги поштеди другите на Универзитетот. Ем волкот сит, ем овците на број!
Притоа, срам да му е кој ќе помисли дека ми е ова маркетиншки потег за да ги привлечам просветарите на своја страна. Тие не влегуваат во партии што не им гарантираат ништо друго освен морална чистота и почитување на редот и законот. Така било и така ќе остане. Барем во Македонија!
Ѓорѓи Марјановиќ
No comments:
Post a Comment