Деновиве пак многу се зборува за т.н. “трет пат”, иако не сум сигурен дека на учесниците во оваа расправа им е сосема јасно за што, всушност, станува збор. Велам “пак”, зашто, на времето, и самиот објавив напис под наслов “Македонија оди по третиот пат” (ДЕМОКРАТСКИ ФОРУМ, од 15 јануари 1991). Денес има посебна причина да потсетам на него (никој не може да ми замери за ова - тоа е мој текст исто колку и колумнава!). Во него со едноставни зборови се објаснува што е тоа трет пат во посткомунизмот. Еве, значи, се цитирам самиот себеси:
Една недела пред окончувањето на нашите (историско долготрајни) и почетокот на српско-црногорските избори еден умен Србин јавно изнесе претпоставка дека, всушност, “ќе се избира меѓу два пата: словенечко-хрватскиот или романско-бугарскиот. Победуваат, значи, националистите или криптокомунистите, никако демократите и либералите. Третиот пат ќе стане видлив дури откако на крајот од обата наведени ќе се попадне во ќорсокак со урнисани стопанства и заострени проблеми, можеби по пучеви, диктатури и сѐ што оди со тоа.”
Гледано низ призмата на оваа невесела оптика не можеме а да не бидеме задоволни од мудроста на македонскиот народ. Тој, верно, не гласаше (или поточно речено: мошне срамежливо и плашливо гласаше) за Лигата за демократија, која го нуди токму тој трет, среден пат, но затоа пак не тргна ни по патот на она што во странство се опишува како “бран на мрачен национализам (олицетворен во владеењето на Туѓмановата ХДЗ), ниту пак по патот на лошо сокриените, на брзина префарбаните комунисти (од типот на “социјалистот” Слободан Милошевиќ)
Нашето задоволство не е само од теоретска природа и не се темели само врз заклучокот извлечен од логиката на цитираната претпоставка (“Ако не тргнавме ни по едниот, ни по другиот, нужно ќе мора да одиме по третиот пат!”). Нашето задоволство, и покрај катастрофалните изборни резултати, се темели врз фактот што во Македонија и демократски преобразените комунисти и националните неоромантичари за сето време на изборната кампања (а и пред тоа) покажуваа и докажуваа дека имаат слух за идеите на Лигата за демократија и не еднаш ги прифатија, застапуваа, па и ги реализираа како свои. Така, политичките партии покажаа повеќе усет за определбите на Лигата за демократија одошто избирачите.
Толку со цитирањето! Денес, десет години подоцна, кога е јасно како бел ден дека и нашите криптокомунисти заакаа во гореспоменатиот ќорсок (со урнисано стопанство и социјално-економски проблеми заострени до усвитеност), а националистите (сардисани од сите страни со затечените проблеми) секојдневно демонстрираат оти умеат само едно: работите да ги направат полоши одошто беа, третиот пат (оној на вистинските демократи) е единственото што ѝ останува на земјава. Притоа, наполно се согласувам со критичарите на оние што претендираат дека се автентични заговорници на третиот пат: луѓе што до вчера беа доушници на комунистичката Државна безбедност, а што сега се претставуваат како алтернативни демократи, не може никого во оваа земја да го излажат (барем не на долго) дека се демократска алтернатива, толку нужна за Македонија. Луѓе што до вчера се фалеа со своите интимни (амбасадорски) односи со Садам Хусеин тешко ќе минат како либерали дури и за политички неписмените граѓани, а такви во оваа земја има немалу. Луѓето пак што до вчера се биеја в гради и се колнеа во својот македонизам, а, како на Шукара басмата (што велат Охриѓани) “отпосле отворија” дека се Петтата колона на Мајка Болгарија, не ќе може уште долго да го вапсуваат народот како застапници на македонскиот национален интерес.
Останува, значи, да им се поверува на оние што никогаш и не се обидоа да го излажат народот, оние што никогаш не се обидоа од македонизмот да направат професија.
Но, во меѓувреме работите очигледно суштествено се измениле. Сега Лигата за демократија (“пешачка патека” покрај постојните автопати, според терминологијата на еден СДСМ-овски колумнист) одненадеж срамежливо добива понуди за коалиција со еден од двата автопати. Објаснувањето може да оди во две насоки: или значењето на Лигата пораснало во нивните очи или тие се подложиле себеси на пореалистичко преиспитување и превреднување. Како и да е, понудата (засега од околу, преку новинарски канали) ни е упатена и за неа ќе мора да се изјасниме. Само една работа треба да се знае: ова не е прв пат да добиваме вакви понуди.
Пред повеќе години, еден моќен парламентарен спикер (кој од проверен комунист стана столб на реформските сили, за потем еден ден да се свести дека, всушност, бил либерал, од чија ларва нешто подоцна се испили вистински либерален демократ, за, последниве денови да заврши не знам каде) го беше викнал на пријателско убедување г. Александар Тортевски, та фатил великодушно да го наговара Лигата за демократија да ѝ се придружи на неговата партија. Откако понудата била решително одбиена, спикерот се налутил и му се испоизразвикал на нашиот човек: не знам, што си замислувате пак вие, вие сте еден пајтон луѓе, вие сте наполно беззначајни, вие сте самобендисани, вие сте вакви, вие сте онакви... Г. Тортевски стрпливо слушал, а потем само прашал: “Абе човек, кој кого овдека убедува: јас тебе или ти мене? Ако сме толку беззначајни, зошто ми потроши цел еден час наговарајќи ме да ви се приклучиме?”
Не паметам што одговорил парламентарниот спикер. Тоа, впрочем, не е ни важно.
Зошто се потсетив на оваа вистинита случка? Па, и денес, врвот на едниот македонски “автопат” (велат!) нѐ кани на соработка, а неговиот колумнист, едновремено нѐ предупредува дека сме биле мали и беззначајни и дека само со нив сме можеле да преживееме. Во оваа (сѐ уште непримена) покана, од една страна, и пишувањето на овластениот колумнист, од друга страна, има елементи од логиката на некогашниот парламентарен спикер. Ем нѐ канат, ем нѝ кажуваат дека сме биле за никаде (!?). Па, ако сме такви, зошто тогаш воопшто нѐ канат?
Ние, во Лигата за демократија, се држиме за онаа старинска изрека дека за љубов треба двајца. Но, за љубовта да биде вистинска, партнерите мора меѓусебно да се почитуваат. Тоа заемно почитување во демократијата се нарекува еднаквост. Тоа е проста логика, што мора да важи и во политиката. Сѐ друго, што евентуално би нѝ било понудено, би го сметале за љубов од сметка или, просто речено, политичка проституција
Ѓорѓи Марјановиќ
No comments:
Post a Comment