ПАТРИОТСКА АВТОЦЕНЗУРА
Минатата сабота ме немаше во ДНЕВНИК. Бев во Софија на прослава на 100-годишнината од првиот современ бугарски Казнен законик. Од мојот прилог за оваа прослава (посветен на кодификацијата на македонското казнено право) со тешко срце (а од патриотски побуди!) решив да ја испуштам партијата во која го излагам општествено-политичкиот амбиент во кој настанува нашиот нов Кривичен законик! Така си играв малу Англичанец (кој наводно никогаш не зборува против својата земја во странство!). Сега сум пак дома и не можам да одолеам на искушението да му откријам на читателот што сокрив пред Бугарите!
За жал, “новата власт” во Македонија (изникната врз урнатините на “самоуправниот социјализам”, а составена од луѓе формирани според комунистичката идеолошка матрица) е наполно неподготвена да врши суштествени измени во постојниот ред на нештата. Соочена со новите проблеми, оваа “нова власт” се чини дури поисплашена од старата, која одгледуваше барем илузија дека знае што прави, а особено се крепеше со уверувањето дека социјализмот (и покрај сите промашувања) е иреверзибилен процес, дека може само да се талка во барањето пат кон конечната “светла иднина”, но никако не и да се сврти наназад “тркалото на историјата”.
Новата власт е без таа илузија, а луѓето што ја сочинуваат со многу свои (несмасни) гестови покажуваат дека се наполно дезориентирани. Тие катаден повторуваат некакви флоскули за слобода, демократија, пазарно стопанство, приватна сопственост и слободно претприемништво, а притоа прават со тоа да биде слобода и демократија само за нив, а не и за нивните политички противници (целосна контрола над медиумите, на пример), безмилосно ги трошат парите од новите задолжувања во странство за смирување на социјалните тензии, за одржување вештачка стабилност на денарот, а не за оживување на производството и создавање нови работни места.
Приватизацијата е посебна приказна во овој контекст: таа, според судот на добро информирани економски експерти, е најобичен грабеж на “општествена сопственост”: наместо реална проценка на вредноста на овој капитал и негова повеќе или помалу справедлива распределба помеѓу сите што во текот на половина столетие придонесувале за неговото создавање (преку поделба на преносливи хартии од вредност, на пример), во Македонија е замислена и се спроведува приватизација што значи “бесплатна продажба” на фирмите на нивните менаџерски тимови, составени исклучиво од претставници на некогашната комунистичка номенклатура. Имено, ним (и само ним!) им се “продава” претежниот дел од фирмите со кои раководат, за сума што треба да ја платат во текот на следните децении од профитот кој го создаваат самите тие фирми. А тоа значи само едно: купување со туѓи пари!
Што се однесува до враќање на национализираните, експроприраните, конфискуваните или просто насилно грабнатите имоти од старите сопственици, постапката е допрва во почетна фаза: пријавување на побарувањата. Во законот (донесен под притисок на меѓународните инстанции, впрочем) не е предвидена ни можност за плаќање надомест за полувековното користење на тој имот, додека, од друга страна, доколку на наследниците на старите сопственици и им се врати нешто, за да го добијат тоа, ќе мора првин уредно да н ги платат наследните такси на државата!
Инаку, за да остане неказнет грабежот на општествената сопственост, се прави со за да се обезбеди задржување на власта во рацете на второто колено на комунистичкото воено благородништво. За таа цел дојде до флагрантно кршење на изборната процедура на изборите 1994 година, што, поради тоа, беа бојкотувани од двете најмоќни опозициони партии (ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија). Така денес Македонија има квази-плуралистичко собрание, составено само од партии-деленици на стариот Сојуз на комунистите (преименувани како СДСМ, ЛП, СП), партиите на Албанците во Македонија, како и неколку ситни (“директорски”) партии.
Има полно индиции (ако не и комплетни докази) за поврзаноста на власта со криминалното подземје. Тоа прави подземјето да се “осоколкува” и за потешки криминални напади врз имотот и безбедноста на граѓаните што не се расположени да ја плаќаат нивната “заштита”. Така, едно време бевме соочени со аферата “Hard Rock”, според разбојничкиот напад врз најголемиот диско-клуб во Скопје. Беше стонастотно докажано дека извршителите на нападот, за време на изборите му служеле како обезбедување на владејачкиот СДСМ, но никој од нив не одговараше (поради недостиг на докази!).
Подоцна изби нов скандал: дојде до пожар во диско-клубот, сопственост на првиот човек на Социјалистичката партија, во кој загина едно 15-годишно девојче, а имаше и повеќе повредени лица. Се покажа дека диско-клубот е граден без дозвола, па сепак, не само што никој не одговараше за она што се случи, туку ни диско-клубот не беше затворен. Таков каков што е (небезбеден!), тој и денес е собиралиште на огромна маса тинејџери.
По извештајот на Генералниот секретар на ООН, др Бутрос Бутрос-Гали, во кој изречно изразува сомневање во регуларноста на македонските избори, двете најголеми опозициони партии што ги бојкотираа изборите, се обидоа да ја искористат уставната регулатива и пристапија кон собирање потписи во прилог на распуштање на сегашното собрание и распишување предвремени избори. Власта, од Претседателот на републиката до последниот министер, ги користи сите релевантни домашни и странски медиуми (весници, радио, телевизија) за да докаже дека таква можност не постои во највисокиот правен акт на земјата.
Ваквата “ровка” општествено-политичка состојба во Македонија воопшто не е плодоносна почва не само за некаква темелна реформа на казненото право, туку ни за примена на важечкото. Од еден службен преглед за движењето на криминалитетот јасно се забележува значителен пораст на бројот на пријавените дела (од 14.838 во 1989 на 22.817 во 1993 година), со едновремено драстично намалување на бројот на пресудените дела (од 10.878 полнолетни осудени во 1989 на 6.538 во 1993 година). Во таа светлина треба да се оценува и дострелот на предложените реформи, што ќе ги изложам на следните страници!
ДНЕВНИК (I,49,14)
No comments:
Post a Comment