Интервју за А1 Телевизија - ЦИВИЛНО ОПШТЕСТВО НА БАЛКАНСКИ

Дали Македонија има и каква е таа правна основа за развој на граѓанскиот концепт, т.е. граѓанското општество?

Без оглед на сите можни недоумици, што главно произлегуваат од дефиницијата на поимот “граѓанско општество” (societas civilis), Република Македонија, според замислата на творците на нејзиниот устав, има правна основа да се изградува според граѓанскиот концепт. Тука е пред сé, прокламираната еднаквост на луѓето пред законот. Потем, во оваа земја, без оглед на сé, мора да се толерира (и се толерира) поинаквото мислење како придобивка на цивилизацијата. Ете, кај нас веќе нема ни трага од некогашниот фамозен “деликт на мислењето”. Македонија ја надмина болеста наречена “ идеологија”: таа е колку лаичка (секуларна), толку и дезидеологизирана земја. Власта се формира преку избори и може преку нив да биде санкционирана од страна на граѓаните, ако не ги задоволува нивните очекувања.

Ова се правни основи за развој на “граѓанското општество”. Друго е прашањето дали Македонија и de facto во секој поглед се изградува како цивилно општество и како правна држава. Не е доволно војничкиот еднопартиски комунизам да се замени со партиски плурализам, а државната (ние велевме “општествената”) сопственост со приватна, па веднаш да добиеме “цивилно” општество. Војниците, уште долго по демобилизирањето, во мислите живеаат во касарните. Така е и со повеќето “војници на Партијата”, како што најревносните некогашни комунисти имаа обичај да се нарекуваат себеси.

Дали ова значи дека има и психолошки пречки за изградбата на цивилно општество?


И во нашиот пример се покажа дека поединецот, како и општеството во целина, тешко ја соблекува војничката униформа. Слободата е тешка и претешка за луѓе научени на команди во сé и сешто, па тие, според едно познато учење, по колапсот на комунизмот се дадоа во “ бегство од слободата”, фрлајќи се во прегратките на други паравојнички колективитети.

И најзгорничен поглед врз младата шума од политички партии, а особено врз оние што се најрелевантни на македонската политичка сцена, дозволува да се види дека луѓето, ослободени од идеолошката стега, пред сé се организираат врз племенска (национална), а малу или ретко врз граѓанска основа. Оттаму многубројните племенски сојузи на Македонците, на Оние чиешто име е срамота да се изговара, на Турците, Ромите, Србите.

Ги нема само Бугарите и Власите?


Отсуството на Бугарите е разбирливо ако се читаат текстовите на некои апостоли на македонското национално единство, според кои, во Македонија окупатори биле Грците и Србите, но не и Бугарите. Ова може да се разбере само и единствено како исказ што сака да каже дека ниеден народ не може самиот себеси да се окупира. Поинаку речено, браќата Бугари мора да ги третираме само и единствено како “ослободители”, без оглед на тоа што можеби нí ги убиле најдрагите членови од семејството.

Патем речено, мене не ми пречат ни Србите (што ми го убија татка ми), ни Германците (што два пати го запалија светот), ниту кој и да е друг народ, па не ми пречат ни Бугарите (што ми го убија саканиот вујко). Имав и имам многу добри односи со неколкумина Бугари. Читам и доста добро зборувам бугарски. Во мојата нова книга (Македонско кривично право, општ дел) многупати се повикувам на ставовите и мислењата на видниот бугарски теоретичар Никола Долапчиев...

Она што ми пречи кај нашите скришни Бугари е што немаат доблест јавно да се пишат како такви. Како она момче што пред некоја година ја вџаши Македонија изјавувајки на МРТВ-ата дека се чувствува Бугарин. Тоа е чесен гест што треба да се поздрави! Никогаш не сум ги сакал оние што мислат (и чувствуваат) едно, а зборуваат друго.

Впрочем, психолошки предуслов за изградба на граѓанско општество е - да имате барем ронка граѓанска храброст!

Од друга страна, отсуството на Власите меѓу политичките партии, некои малициозни набљудувачи го толкуваат со едноставниот факт што тие главно ја држат власта во Македонија, така што партија воопшто и не им треба. Таа само би им пречела: во случај на победа на некои други сили во парламентот, Власите, следејќи го својот неуништив нагон за самоодржување, полесно ќе може да му се придружат на новиот победник и во неговите организациони рамки да ја играат истата улога што денес им припаѓа во лево ориентираната владејачка коалиција.

Врз што го темелите тврдењето дека ова што го имаме сé уште не е вистинско граѓанско општество?


Тврдењето за кревките корени на граѓанскиот концепт во Македонија може да се докажува и со тоа што на политичката сцена најмалу успех имаат токму автентичните застапници на овој концепт: Лигата за демократија, на пример. Оваа партија прва се заложи за структурните предуслови на граѓанското општество: поделба на власта и заемна контрола на одделните нејзини сегменти, рамнотежа на моќта (Англосаксонците би рекле “check and balances”), слободен пазар, еднаквост на сите пред законот итн. итн.

Идеиве им беа и им се прифатливи на повеќето луѓе во земјата (што се гледа и од бројот на остварените програмски постулати на Лигата). Сите ги фалат, но, како во изреката “Фали го селото, живеј в град”, никој не гласа за неа, никому не му паѓа на памет финансиски да ја помогне или да ги афирмира нејзините ставови во медиумите. Особено изненадува фактот дека неа не ја потпомогнаа дури ни оние за чијшто интерес таа најдиректно се ангажираше. Да потсетам дека Лигата за демократија беше првата политичка партија што објави посебен “Меморандум за (ре)приватизацијата”. И не само тоа, таа го основаше Здружението за враќање на одземените имоти на поранешните сопственици. Па сепак, верувале или не, на основачкото собрание на ова здружение од 500 присутни некогашни сопственици (односно нивни наследници) само 40 формално í пристапија на Лигата (!?). Така, остана секој да гласа само и единствено за сопствениот племенски сојуз.

Социјалдемократскиот сојуз, Либерално-демократската партија, Социјалистичката партија сепак не се “племенски сојузи”?


Од ова разгледување обмислено ги исклучувам владејачките “леви партии”, во кои ја вбројувам и новата “Демократска алтернатива” на волуминозниот Титов младинец и неговата тајфа од некогашни “војници на Партијата”, а сегашни “генерали на капитализмот”, некогашни здруженотрудолози, а сегашни експерти за приватизација, “лавови”, божем-спортисти и ини. Нивното реорганизирање, преименување, пребојадисување, китење со нови ѓоа-демократски беџови е строго војнички маневар. Тоа е она што во строевата обука се нарекува “длабоко растегнат строј”, а треба да овозможи власта, што еве педесет години им беше в раце, таму и да остане.

Поинаку речено, доколку на новите избори победи преснопечената “Демократска алтернатива”, власта останува во рацете на второто колено на комунистичкото воено благородништво. Алтернативните демократи се исто што и либералите, социјалдемократите, социјалистите. Единици од истата разнебитена, но не наполно уништена армија. Тие никого не загрозуваат: чавка на чавка очи не корне! Нејзините највлијателни членови не случајно се нарекуваат “lions”: ним им припадна лавовскиот дел од приватизацијата!

Ова звучи мошне огорчено?


Признавам дека звучи. Но, дека ова не е голо незадоволство на еден политички и општествен аутсајдер може да се види и од ставот на официјалните средства за јавно информирање спрема Лигата за демократија, од една страна, и “Демократската алтернатива” (да речеме), од друга страна.

Иако малубројна, со прифатливи идеи, со кротки и главно допадливи, некорумпирани, некомпромитирани луѓе во раководството, Лигата од самиот почеток беше сатанизирана како антикомунистичка, исмевана како “елитна”, напаѓана и клеветена како опасна. Пред првите избори по независноста, една будалетинка напиша (а органот на ССРНМ објави) дека во случај на победа на Лигата за демократија Македонија немало да има доволно простор за масовни гробници (sic!) и за концентрациони логори (sic!).

За партијата на прославениот Титов младинец тоа никој не го вели, а нема да каже ни нешто слично, иако тој (не така одамна) активно учествуваше во донесувањето одлука за употреба на воена сила против народот што бараше само и единствено поголема слобода на информирањето (за излегување на тенковите на улиците на Белград).

Зарем нема ништо позитивно во поновиот политички развој?


Има! Се разбира дека има! Здравите леви сили отсекогаш си правеле себеси повеќе зло одошто им направил кој и да е нивни непријател. Така и “алтернативните демократи” значително ќе придонесат за натамошно уситнување на остатоците од некогашниот партиски монолит. А колку се поситни тие партии, толку се поголеми шансите на нашата автентична опозиција. Ова ситнење, ова дробење на почвата е добро за есенската сеидба.

Колку власта се залага за развој на граѓанското општество?


Власта што ја имаме, почнувајќи од шефот на државата, преку парламентот до судската власт, што тој (во суштината еднопартиски) парламент ја избра, се залагаше и ќе се залага за секаков привид на граѓанско општество, под услов никој да не í гиба во механизмите со кои таа управува со Македонија. Навидум ќе имаме сé што има и Запад, под услов сé да остане како што си беше: нема да нí биде тешко дури ни да се нарекуваме “господа” (впрочем, вистински “другари” никогаш и не сме биле). Според старата македонска: “Викај ме и грне само не крши ме!” Како што во комунистичкиот концепт веруваа само некакви занесени будалетинки (љубители на научната фантастика), денес во концептот на граѓанското општество веруваат истите тие или ним слични занесени типови.

Волкот пак, според народното сознание, го менува влакното, но не и природата: ѓоа-граѓанскиот СДСМ, на пример, прави сé да ги има под свое сите директори, сите бизнисмени, сите приватници. Оние што не разбираат каде им е интересот, ефикасно се учат на ред преку зачестени инспекторски посети и драконско казнување и за најситни пропусти. На “нивните” им се прогледува низ прсти и за милионски незаконити профити при јавните набавки, при увозот на жито, нафта, шеќер и што ли уште не. Впрочем, во Македонија сé се увезува (па дури и она што го произведуваме во изобилство, како шеќерот, на пример), така што буквално на сé може и да се печали. Треба само да умеете да си побарате дел за себе!

Во таква констелација нема место за механизмите на пазарната саморегулатива како суштествена претпоставка на цивилното општество. Логиката е застрашувачки неизменета: “Ако не си со нас, ти си против нас! “ Се потпомагаат само “нашите”, што ќе рече - послушните, а не инвентивните претприемачи што единствено може да í донесат прогрес и благосостојба на земјата. Пак е на дело, она што се нарекуваше “негативна” (наместо “неприродна”) селекција.

Владата, како во старите добри реал-социјалистички времиња, спроведува “акции за вработување” (иако и овие што сега се вработени нема што да работат). Владата ги поддржува “своите” чиновнички синдикати. Нејзините средства за јавно информирање ги сатанизираат дури и непослушните владици на Македонската православна црква.

Каква е иднината на граѓанското општество кај нас?


Иднината во Македонија уште долго време нема да биде во граѓанското општество, туку во она што ќе го смислат и ќе го реализираат прагматичарите на “Демократската алтернатива”, новопечените социјалдемократи, либерали и селските кнезови на социјализмот. Она што е најжално за народот, нив (како и досега!), освен режимските средства за јавно информирање, ќе ги поддржува и Ороспијата од Вавилон (како што една тажна постилинденска народна песна ја нарекува Европа), а и оние од другата страна на Големата Бара! Тие на овие простори отсекогаш сакале да видат власт што ќе им биде послушна, што ќе игра како што тие ќе свират. И тука нема спас!

За ова тврдење не ќе се најде подобар доказ од безочното фалсификување на изборите од 1994 година. Јуношите ветија менување на знамето и - го одржаа зборот. За возврат никој ништо не виде, никој ништо не чу, никој ништо не рече! Всушност, сепак рече: членовите на мониторингот бесрамно изјавија дека изборите биле “слободни и фер”. Јуношите ветија дека Оние чиешто име е срамота да се изговара ќе бидат застапени во владата и - ги зедоа за коалиционен партнер, иако инаку никој не може да разбере чуму им се: и без нив имаат двотретинско мнозинство! Коалиционен партнер се зема за да се обезбеди потребното мнозинство во парламентот. Но, ако тоа беа услови да се им се признае изборниот фалсификат, сето тоа е повеќе од разбирливо.

Колку граѓаните се упорни во остварувањето на граѓанските права?


Македонија има релативно добро образовано население, кому што не му е непозната судбината на “Слугата Ернеј и неговото право”, како поука за тоа колку вреди борбата за остварување на какво и да е право на Балканот. Впрочем, од кого да бараш правда кога и обвинителите и судиите се “вонпартиски” избраници на владејачката партија. Дури ни Стејт Департментот не можеше да истрпи и да не каже дека сепак малу претерале со “вонпартизмот” на некои новоизбрани судии (со изборот на една дама, висок партиски функционер, за претседател на еден од трите апелациони судови). Надежта е во Судот за човекови права во Стразбур. Таму Европа, пред сé заради себе, поставува и одржува определени (мошне високи!) стандарди во заштитата на човековите права.

Колку функционираат институциите битни за остварување на граѓанскиот концепт?


Функционираат со завидна ефикасност! Погледнете го списокот на минатите и сегашните властодршци и не ќе може да го превидите фактот дека тие главно се регрутираат од “Форумот за човекови права” како институција пар еџцелленце на граѓанското општество. Погледнете кој раководи со разноразните Хелсиншки и други комитети, отворени општества итн. итн.

Според некои теоретичари, граѓанското општество подразбира зрела демократија и политичка култура. Што мислите за ова и каде сме ние во однос на ваквата констатација.

Јас не сум теоретичар на “граѓанското општество” и затоа верувам во она што го тврдат теоретичарите од Вашето прашање. А за тоа каде сме ние, веројатно најинструктивен е вицот за оној нашинец што сакал да има англиска трева, па посадил таква по инструкции на некој Англичанец. Со оглед на тоа дека тревата кај него никако не била како кај Англичанецот, го прашал што да прави. Одговорот бил едноставен: треба само да продолжи и да го негува тревникот следните шестотини години и секако ќе има трева како неговата.

Можеби не по шестотини, но по двесте години и ние ќе го имаме она што денес го има Запад. Без оглед на сé, еден ден социјалдемократите и навистина ќе бидат социјалдемократи, а либералите - либерали! Тогаш никому нема да му бидат потребни некаквиси “алтернативни демократи”. Внуците на сегашните комунистички “благородници” секако ќе имаат манири на вистинско благородништво. Треба само да се причека! Qui vivra, verra! Но, сé некако ми се чини дека ни тоа нема да ги задоволи теоретичарите на “граѓанскиот концепт”. Како што не ги задоволуваат состојбите со него денес на Запад...

No comments: