ПРЕЗЕРВАТИВИ

Го знаете она “Их! бате Митре! Ка’ ме кандиса!” Или можеби случајно не го знаете: едно лудо младо шоферче возело некоја млада невеста (на која, патем, тоа многу í се допаѓало) од Битола до Ресен, по стариот пат, се разбира. Кај Ѓавато застанале да здивнат, да поседат во дебелите сенки, да се напијат ладна вода. Невестата за сето време си мислела само на едно: ќе му текне ли на ова убаво, та преубаво момче да í се џитне в прегратка. А нему никако да му текне: невестата му била сосетка, а нејзиниот маж - прв другар. Седеле што седеле, а кога заустил да предложи да продолжат со патот, само што изговорил: “Ајде, невесте...”, туку оваа му скокнала во прегратка, “прекорувајќи го”: “Их, да не пукнеш, бате Митре, ка’ ме кандиса!”
Така некако излезе и со моето враќање на страниците од ДНЕВНИК: ми се јави по телефон “бате Митре” (г. Геровски) и уште не го доврши предлогот, а јас веќе прифатив. Од сосема други побуди, се разбира! (Без оглед на гг. Андов и Георгиевски, избори, изгледа ќе мора да има, а колумните се мошне добар начин да се досегне до оние 60% од македонското гласачако тело што сериозно се мисли дали воопшто да излезе на тие избори.)
И така, еве ме назад, мили мои (што би рекол “обвинетиот” Данаилов-Фрчкоски!). Со тоа што јас нема веднаш да почнам да ви го мијам мозокот од љубовта спрема СДСМ или ВМРО-то ни. Барем не директно! Зашто, за што и да се фати човек во жална Македонија сî на крај се сведува на “заслугите” на споменативе субјекти.
Земете го, да речеме, ОКТОПОДОТ на Бране односно КОРУПЦИЈАТА на ЉуБчо. Првиот í беше кум (а неговата партија творец), вториот (УЧЕНИКОТ НА ЃАВОЛОТ!) далеку, далеку си го надмина учителот. И сега, како и првиот, на времето, и вториов “се обидува” да војува против злото што инаку феноменално го практицира! Де носи закони против перењето пари, де антикорупциски закони! Мижи Асан да ти баам!
Пред некое време ме посети еден фин џентлмен од Меѓународната кризна група (МКГ). Си правевме муабет, како што дал Господ и туку, во еден момент, човекот ме прашува што сум мислел јас за идејата на МКГ (од времето на донаторската конференција), Европската Унија да í определела антикорупциски советник на македонската влада. “Не ме бендисува таа идеја”, одговорив како од пушка, а гостинот, изненаден, за малу ќе се засркнеше од кафето.
Антикорупцискиот советник на владата може да помогне исто колку чајот од камилица против тумор на мозокот. На Македонија не í треба “советник” туку тутор, старател. Македонската влада, како крајно неодговорно суштество, конечно треба да се стави под старателство.
Нема друго чаре за борба против корупцијата! “Пара врти где бургија не¢е”, велат Србите. Со оваа влада на чудесни промени европскиот “антикорупциски советник” за еден месец ќе фати да дава мошне прифатливи совети и ќе испраќа сосема пристојни извештаи во Брисел. А што ќе прими за возврат, тоа може само да се претпостави. Исто како што некои џентлмени од таа иста Европска Унија, кои до вчера качаците на Ахмети & комп. ги нарекуваа “убијци и разбојници”, еден месец подоцна ги прогласија за “вооружени групи” од типот на англиските ловци на лисици. Со таа разлика што Обединетото Кралство сериозно се тресе од протестите на јавното мнение против ловците на лисици, додека Неговото Господство, Генералниот секретар на НАТО (новопечениот лорд Робертсон), стори сî што беше во негова моќ да нî натера да преговараме со нашите “ловци на лисици”. Како дојде до тој пресврт, погодете сами! И мислете на (цитираната) српска изрека. Друго не ми паѓа на памет.
И сега, читам, симпатичниот џентлмен од МКГ се замлатува со некаковси научно-фантастичен проект “Македонија без корупција”. Се замлатува? Па, што да речам знаејќи дека целта на проектот била “подобрување и хармонизирање на антикорупциското законодавство во земјава со она во Европската Унија”! Чудо невидено!
Луѓе Божји! Па ние така правиме со речиси сите закони на земјава. Еве, пред да биде изгласан, и нацртот на Кривичниот законик отиде на “рецензија” пред Советот на Европа. И не му најдоа никаква фалинка! Работната група што го изготвуваше во секој момент ги имаше на ум решенијата во кривичните кодекси на државите од континентална Европа. И? И - никому ништо! Кривичниот законик ни е во божествена хармонија со европското казнено законодавство, само што во практиката никој жив не го “шајкари”. Барем кога се во прашање крупните риби. За ситните педантно се применува.
А така некако ќе биде и со “антикорупциското законодавство” на Македонија: тоа може да биде суперевропско, а практиката да си остане - колумбиска. Под негов удар секако ќе падне некој опслужувач на јавни тоалети што ќе го “почести” својот братучед со едно бесплатно ... (да не речам што). А, ако некој гради вила од 1000 квадрати во резиденцијалната населба на Водно, ниедна даночна служба во земјава нема да смета за потребно да истражува: од кај му се толку пари некому во жална и бедна Македонија. Дури и нешто повеќе - никогаш нема да му го дознае ни името на градителот (што е логички приус за да пристапи кон испитување на чистотата на парите со кои се гради тоа чудо).
Затоа, сî повеќе (со тага во срцето) мислам на Ингрид Бетанкур, една убава и умна жена, што беше сенатор на Колумбија и еден од тамошните претседателски кандидати, сî додека не ја киднапираа “револуционерните сили на Колумбија” (читај: колумбиската мафија). Оваа умна жена беше напишала книга во која, меѓу другото, рекла: “Ако сакате да ги измиете скалите, треба да почнете одозгора. А за да можете тоа да го сторите, треба да се качите горе!” Поинаку речено: на претседателската функција!
Елем, Ингрид Бетакур, во текот на својата предизборна кампања одела наоколу, меѓу избирачите, и им делела презервативи (!?). Да, токму презервативи! Зашто (така објаснувала, додека не ја средија “револуционерите”) корупцијата е како СИДА и секој граѓанин треба да знае да се заштити од неа. Затоа, му советувам на г. Едвард Џозеф да не се расфрла со пари наоколу за некакви илузорни проекти. Со тие пари нека набави презервативи и нека ги дели по болна Македонија. Ако не стори така, јас сериозно се носам со мислата Лигата за демократија да го продолжи делото на умната Ингрид Бетанкур во Македонија (што, инаку, вртоглаво се ближи кон реалностите на Колумбија): да се качиме на врвот од скалите за да може да ги измиеме. Трето нема! Само, некој (заинтересиран за чистотата на македонските скали) ќе треба и да ни помогне. Ние стрпливо го чекаме...

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments:

Post a Comment