ОБРАЗ

Пред точно единаесет години г. Александар Тортевски во ДЕМОКРАТСКИ ФОРУМ (Гласникот на Лигата за демократија), напиша еден краток, но речовит текст под наслов “Љубовен состанок” во кој си играше мајтап со еден антологиски пример за инструментализирана правда во Ѕинголенд. До настаните во Леуново можев да се заколнам дека таков вид “правда” во Македонија веќе нема ниту може да се повтори. За што, всушност, стануваше збор?
Тогашниот Општински суд во Кратово, имено, по втор пат беше донел пресуда со која обвинетата Ј.С. ја огласил за виновна за две кривични дела: лесна телесна повреда и лажно пријавување и (за двете дела во стек) ја осудил на казна затвор во траење од три месеци. Она што случајов го правеше особено интересен беше фактот дека обвинетата, наводно, на “љубовен состанок” физички нападнала некакво неименувано лудо младо со иницијалите Г.И. (и тогаш и сега се знае кој е тој, но не е пристојно да се каже) и со жилет го засекла во пределот на “онаа работа”. Поинаку речено, да била малу попрецизна љубовникот можел и да си ја загуби машкоста.
Дрскоста на оваа жена била нечуена и невидена: не # било доволно што кутриот љубовник за малу ќе го лишела од детеродната способност (како што велат Болгарите), туку во СВР Кратово и РСВР Скопје го пријавила за обид за силување. Кратовскиот суд (како што можело и да се очекува) ги прифатил сите наводи на љубовната жртва: “љубовниот состанок течел нормално с$ додека Г.И. во еден момент не почувствувал болка во пределот на пенисот и не забележал дека крвари”.
За г. Тортевски беше (и остана нејсано) само едно: мотивот на обвинетата. Тој со право претпостави дека неискусната млада дама била лошо “информирана за тоа како треба да се одвива и да заврши еден нормален љубовен состанок. Можеби некој погрешно # кажал дека по завршувањето на љубовниот состанок, трофејот треба да го понесе со себе”.
Сега, по сето она што се случи во Леуново на веќе светски фамозната полициска вежба во стрелање, на која со своите стрелачки способности особено се прослави мојот некогашен (драг!) студент г. Љубе Бошковски, а посебно по сето она што во врска со овој настан се случува отпосле, почнувам да се сомневам дали “Љубовниот состанок” на г. Тортевски не добива достоен (антологиски!) конкурент.
Го видовме со свои очи Брат Љубе како јуначки се обидува да го скроти моќното оружје, со кое очигледно никогаш во животот не ракувал. Секоја чест за усилбите, но не и за резултатот: четири жртви од неговата вештина, за кои с$ уште не знаеме колку тешко се ранети, а од тоа, нели, зависи квалификацијата на делото. Ако повредите се тешки има кривична одговорност, ако не - никому ништо (од кривично-правна гледна точка, од граѓанско-правна уште има место за тужба за надомест на штета). Не би се зачудил следниве денови ранетите да изјават дека самите себеси се повредиле на сосема друго место, а во Леуново само злонамерно ги расчачкале веќе залечените повреди за да му наштетат на Брат Љубе. Во тој случај (ако се дрзнат да покренат кривична пријава против него) би можеле, како на времето во Кратово, да бидат судени и за лажно пријавување.
Инаку, веќе чувме дека некој партиски војник во чин полковник (без емоции!) е готов да ја преземе врз себе одговорноста за немилиот настан. Тоа што самиот полковник лично тврди дека Брат Љубе фатил да удира чалами дури откако вежбата била прогласена за завршена, нема никакво значење. Целта ги оправдува средствата: ако треба да се спасува Брат Љубе, воопшто и не е важен некој ситен превид во изјавите. Моите кумановци (“да не останев покусо” во идеите за неговото спасување) веќе ја лансираа тезата за “пукање одзади”, како во убиството на Кенеди. Од официјално место беше речено дека и г. Бранко Геровски може да страда како тежок виновник: тој во Леуново испратил новинарка што не работела со полно работно време. Како можел да си дозволи таква глупост: се знае, да била на полно работно време секако немало да биде повредена. Тоа е јасно како бел ден!
Може и да грешам што се јавувам во невреме со мојава колумна. Ако причекам барем уште една недела кој знае што уште нема да прочитаме. Сепак, и ова досега е доволно. Ако сака некој да знае каде е историски Македонија со ваквата правда нека го (пре)прочита ПРИНЦОТ И ПРОСЈАКОТ. Од таа книга ќе дознае (или ќе се потсети) дека тогашниот принц од Велс (синот на Хенри VIII) имал сопствено “дете за тепање”: кога принцот ќе направел некаква белја, или не ќе си го знаел урокот што требало да го научи, неговите воспитувачи го тепале службено именуваното “дете за тепање”. Она што е посебно интересно, кутрото дете уште било задоволно кога морало да добие ќотек наместо принцот: од тоа зависела неговата плата. Отсуството на емоции, со кое “жртвениот јарец” на МВР го прима резилот што се прави со него, како да навестува сличен мотив како и кај детето за тепање. Нејсе, тоа на крајот од краиштата и не е важно.
Она што е мошне важно, меѓутоа, а што лично (и јавно) сакам да му го кажам на Брат Љубе, е значењето на образот на овие простори!
Кога пред неколку години се урна еден македонски патнички авион, оставка (без каква и да е сопствена вина за неговото паѓање) си поднесе министерот Антони Пешев. Тоа момче, што и така ми беше многу драго (син е на моја школска другарка), по тој гест ми се виде уште подостојно за почит: покажа дека држи до својот образ, како што прават министрите насекаде по светот. Резултат од с$ на с$ двочасовното бегство на еден осуден педофил во Белгија беа оставките на министрите за полиција и за правда. Резултат од искокнувањето на еден воз од шините во Јапонија беше оставката на министерот за транспорт (кој на таа функција беше дошол само три дена пред несреќата). Но, тоа е некаков друг свет, нели.
Ние имаме (и покрај с$ и натаму ќе имаме) министер за правда кој дозволи еден негов сонародник, инаку опасен наркодилер, осуден во белиот свет на 19 години робија, да не биде навремено екстрадиран, иако министерот за тоа имаше на располагање цели 40 дена. И - никому ништо! Зошто сега Брат Љубе (од кого зависи опстаникот на земјава) толку да се сакалдисува поради неколку ранети љубопитници?
Единствено нешто поради што би требало да се сакалдисува е образот: што ќе мислат оние каде што постојано се туркаме (Европа!) за неговиот образ и за образот на владата на Македонија ако сево ова заврши врз грбот на детето за тепање? Што ќе мислат гласачите во предизборието по овој спектакл на неодговорност? И, најпосле но не и најмалу важно, што ќе мислиш за себе ти самиот, брате Љубе? Тоа е најважно од с$. Барем јас така мислам.

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments:

Post a Comment