БРАТ ЉУБЕ - И СЕ Е МОЖНО!

Искрено ме трогна грижата на Основниот јавен обвинител, г. Георги Настевски, за иднината на Македонија: за да ја спаси земјата тој веќе во вторник (на 9 април 2002) прекутрупа реши да ја прифати кривичната пријава од 27 март на Министерството за внатрешни работи и да поднесе барање за спроведување истрага против “обвинетите” Љубомир Данаилов-Фрчковски, Славко Саздов, Добри Величковски, Марјан Гавриловски, Ристо Карчевски и Воислав Палевски.
Зошто велам дека г. Настевски ја спаси Македонија? Па, знаете белки дека г. Љубе Бошковски се закани: “Ако до вторник не биде покрената постапка против Данаилов-Фрчковски & комп. јас си давам оставка!”. А оставката (паѓањето на брат Љубе), е крај на Македонија! Така барем тврдел премиерот ни: со паѓањето на г. Љубе Бошковски - паѓа Македонија!
Инаку, велам “прекутрупа”, зашто јас лично (како автор, но и како претседател на Лигата за демократија) уште на 7 март 2002 година му испратив кривична пријава против премиерот, г. Љубчо Георгиевски, за кривично дело повреда на авторско право од чл. 157 ст. 1 (во врска со ст. 6) КЗ, но не верувам дека на г. Настевски ќе му текне до изборите да буричка во Кривичниот законик и да види дали моето барање е основано или не. Туку, да го оставиме ова! Иако и не е неважно! Очигледно е, меѓутоа: сите граѓани во Македонија се еднакви, но - некои се поеднакви од другите!
Против г. Данаилов-Фрчковски & комп. треба да се покрене истрага поради “основано сомнение дека сториле кривични дела примање поткуп и злоупотреба на службената положба и овластување.” Пеки! Што се случило? Па, по атентатот врз Претседателот Глигоров, г. Данаилов-Фрчковски, наводно, промптно го открил атентаторот и, наместо триумфално да се прослави, од пуста алчност решил да го пушти да избега од земјата, зашто овој му подарил некаков блиндиран мерцедес. Инаку, алчноста на д-р Данаилов-Фрчковски е од посебен вид: таа е, имено, чист алтруизам - мерцедесот не го зел за себе, туку за потребите на Претседателот на републиката (!?).
Не би завлегувал во долгата и матна приказна, што се преде по нашите медиуми околу тоа дали мерцедесот бил блиндиран или не, дали Претседателот се возел во него или не, итн. итн., зашто сето тоа кривично-правно гледано е наполно ирелевантно (без какво и да е правно значење).
Мошне релевантно е, меѓутоа, зошто не е пријавен давачот на поткупот. Сликовито речено, поткупувањето ви е (да простите!) како сексуален однос: и во него има активна страна (онаа што дава) и пасивна (онаа што прима). Според законот, поведението на обете страни во тој акт е казниво (тоа во кривичното право се нарекува “нужно соизвршителство”). И сега, пасивната страна (г. Данаилов-Фрчковски & комп.) е пријавена, но не и активната страна - поткупувачот (атентаторот!).
Ако е и од брат Љубе, многу е! Особено ако се има предвид неговата фамозна софиска изјава дека мајка Болгарија може да спие мирно: таа не е замешана во атентатот, дека атентаторот е познат, дека тој е фатен во една пријателска земја и дека наскоро ќе ни биде екстрадиран (не сум сигурен дали ова го рекол, но, ако не го рекол, морал токму така да стори, зашто тој редослед на нештата се подразбира). Не минаа ни два дена, а од Прага лично и персонално проговори “атентаторот” и изјави дека е на слобода и дека í се чуди на изјавата на Бошковски оти наводно бил уапсен. Така се покажа дека веќе првата сензационална софиска благовест на брат Љубе е, авфемистички речено, скарана со висината.
Понатаму, министерот за внатрешни работи не мора да биде правник (г-ѓа Димовска беше, на пример, асистент по марксизам) за да знае дека откривањето на атентаторот во случајов е сензација од планетарни размери. Наместо сета своја енергија да ја сосредоточи врз постапката против него и врз барањето за негова екстрадиција од Чешката Република, министерот за внатрешни работи се замлатува со некакви маргинални дејности.
“Маргинални”? Еве зошто! Ако атентаторот, според чл. 309 КЗ го чека казна најмалу десет години или доживотен затвор, оној што од било кои причини, па дури и без причина, му помогнал да побегне (а тоа е д-р Данаилов-Фрчковски), според чл. 325 ст. 1 КЗ, го чека казна од една до десет години. Секој студент што сака да положи кривично право мора да знае дека дозволувајќи му на “атентаторот” да ја напушти земјата д-р Данаилов-Фрчковски извршил кривично дело Криење и помагање на сторител по извршено кривично дело. Притоа, поткупот и евентуалната злоупотреба на службената положба и овластување би можеле да бидат во стек со тоа (главно дело). Никако не обратно.
И така, доаѓаме до перверзна ситуација: имаме поткупен, а немаме поткупувач. Тоа ви е, мили мои (да го имитирам и јас малу колумнистот Данаилов-Фрчковски), како да отидете на концерт на Каролина Гочева, а неа ја нема, па ја нема (настинала, имала сообраќајка, не дај Боже, или, едноставно, од патриотски побуди, решила по никоја цена да не пее на македонски јазик), па, во нејзино отсуство, оркестарот упорно, од А до Ш, ги свири партитурите небаре солистката е со нив. Ако се согласувате дека без Каролина нема концерт на Каролина, ако без активна страна нема сексуален однос, јасно е како бел ден дека без атентатор нема ни помагач во атентатот, без поткупувач - ни поткупен. За да се сфати сево ова не е потребна ни голема памет, ниту пак голема стручност.
А сега малу ПАРТИСКА ПРОПАГАНДА: “обвинетиот” Воислав Палевски, по излегувањето од полицијата стана член на Лигата за демократија. И кога веќе г. Љубе Бошковски решил да си го крева сопствениот рејтинг и рејтингот на својата партија со кривични пријави, никој нема да може да ми замери доколку и самиот се потрудам во таа смисла. Затоа, му порачувам (за да не биде изненаден еден ден), ако неговите софиски благовести се покажат неосновани и отфрлени (а не гледам како би можеле да опстанат), еден ден или друг ќе мора да се соочи со мојата кривична пријава за лажно пријавување, исто онаква, каква што на времето поднесов против Слобо Милошевиќ. Верно, Слобо не одговараше за лажно пријавување на Азем Власи и комп., но затоа пак заврши во Хаг (скраја да е од брат Љубе!). Во оваа смисла лично ќе се заложам во Лигата за демократија да направиме тим од адвокати (а нив барем ги имаме доволно и мошне добри!) за да го бранат г. Воислав Палевски, а (ако тоа го побараат од нас) и другите “обвинети”. Се разбира, без каква и да е надомест!

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments:

Post a Comment